Христо Узунов

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
HristoUzunov.png
Роден 22 октомври 1878
Охрид, Македонија, Отоманска империја)
Починал 24 април 1905(1905-04-24) (воз. 27 г.)
с. Цер, Кичево
Спомен-плоча на Христо Узунов

Христо Димитров Узунов или познат како Арсениј, Арсо, Дуле, Маглата, Ристо, Самуил[1] или Дуле Узунов (Охрид, 22 октомври 1878Цер, 24 април 1905) — македонски револуционер, учител, војвода и реонски началник на четите на Македонската револуционерна организација во Охридскиот револуционерен округ. Се школувал во Солун и учествувал во солунските училишни бунтови (1896). Лежел во битолскиот Централен затвор Катилане (1898 и 1902–1903). Од 1903 година бил поставен за главен војвода на охридските револуционерни чети. Учествувал на Смилевскиот конгрес. Во Илинденското востание бил член на Горското началство (Штабот) за Охридскиот револуционерен реон. Учествувал во спасувањето на збегот од Рашанец на ок. 200 семејства. На Прилепскиот конгрес бил избран за секретар и за окружен ревизор на четите на МРО за Охридско, Струшко и Кичевско. Загинал со четата опколен од турска војска.

Потекло[уреди | уреди извор]

Потеклото и семејната средина се фундаментален елемент во биографијата на една личност. Тие го обусловуваат неговиот живот во неговата најрана фаза, а оставаат траги во целокупната негова натамошна дејност...

— Христо Андонов-Полјански, Гоце Делчев и неговото време [2]
Охрид

Охрид[уреди | уреди извор]

Градската архитектура на Охрид зазема посебно место во културното наследство поради тоа што овде, повеќе отколку во другите македонски градови, е зачуван изразитиот тип на ориенталната градска куќа ѕидана во текот на XVIII, XIX и почетокот на XX век. Народните мајстори ги ѕидале овие куќи под влијание на ориенталната и византиската градежна традиција.

По укинувањето и присоединувањето на Охридската архиепископија кон Цариградската патријаршија во 1767 година, се засилило влијанието на елинизмот. Отпорот против грчкото духовно ропство, особено се заострил по 1860 година, по назначувањето на злогласниот владика Мелетиј за охридски митрополит. Не само во Охрид туку и во Македонија, борбата против грцизмот прв ја повел македонскиот просветител Димитрија Миладинов, роден во Струга, учител на поетите Григор Прличев и Рајко Жинзифов. Тој бил затворен во Цариград, каде што заедно со својот брат, поетот Константин Миладинов биле отруени. Отпорот на напредните слоеви на македонското население против грчкото духовно ропство во Охрид продолжил на чело со поетот Григор Прличев, автор на поемите Сердарот и Скендербег. Во 1869 година со султанов хатишериф биле укинати грчките училишта во Охрид.

По одржаниот плебисцит од 1874 година во Охрид е назначен митрополитот од Бугарската егзархија, откако 9387 души христијани гласаат позитивно, а само 139 лица христијани гласаат против и сакаат да останат под владеењето на Цариградската Патријаршија. Во „Les Grecs de l’Empire Ottoman. Etude Statistique et Ethnographique“ од 1878 година на А. Синве, кој се базира врз грчки податоци, пишува дека во Охрид (Lychnidos Ochrida) живеат 4000 Грци [3]. Според „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ издадена во Цариград во 1878 година, во Охрид живеат 2 700 домаќинства, од кои 2 000 жители муслимани, 4 450 Бугари (македонци-егзархисти) [белешка 1][белешка 2][белешка 3], 450 Власи и 200 цигани [4].

Во 1880 година се создава Охридскиот заговор, потикнат од митрополит Натанаил Охридски. Во тоа време тој престојува во Бугарија и раководи со Охридската епархија со митрополитскиот протосингел архимандрит Дионисиј. Целта на заговор е кревање на востание на Македонците во Западна Македонија. Заговор е откриено во пролетта 1881 година и властите уапсиле многу заговорници од Охрид и околните села.

Семејство[уреди | уреди извор]

Христо Узунов е роден на 22 октомври 1878 година во Охрид. Татко му Димитар Узунов бил долгогодишен учител и борец за независна црква, близок и роднина на Григор Прличев, а неговата мајка Анастасија Узунов потекнува од стариот струшки просветистелски род Чакарови, таа е ќерка на Георги Чакаров, и е прва братучетка на Христо Матов и Милан Матов [5]. Христо Узунов, заедно со двајцата свој помали браќа Андон и Ангел (исто така дејци на Македонската револуционерна организација) бил воспитуван од мајка си во патриотиски дух [6].

Кон македонскиот пантеон[уреди | уреди извор]

Мила ми мајко, Јас сум прв твој син и мој долг е да бидам околу тебе, за да не чувствуваш потреба од ништо. За твојата беспределна љубов, за илјадите неволи и сраданија, за безбројните бессони и машителни ноќи, поминати некогаш над леглото над твојот мал, слабичок Луле, јас должам најголеми грижи и неизмерна синовска љубов. Но, можам ли, кога ги чувствуам болките на нашата измачена Татковина, да не се оддадам со љубов на најверен син на нејзиното свето дело? - Маките на татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас - без ни најмалку да те навредувам - се чувствувам повеќе син на втората моја мајка - Македонија, отколку на тебе, која си ме родила. Те молам - во името пак на моите свети чувства кон тебе - да не жалиш, ни да плачеш за мене. Најдоволен ќе се чувствувам, ако ти со своето држење бидеш за пример на другите мајки и сопруги

— Христо Узунов, Писмо до неговата мајка

Први револуционерни чекори[уреди | уреди извор]

По завршувањето на основното училиште во Охрид, учи во Солунската машка гимназија „Св. Кирил и Методиј“ во 1894-1895. Таму бил привлечен кон идеите на Македонската револуционерна организација од страна на Даме Груев и раководел со училишниот бунт од 1896 година.

Потоа е учител во Охрид. На 5 август 1898 година Методи Патчев, со помош на Христо Узунов и Кирил Прличев, синот на Григор Прличев, во центарот на Охрид го ликвидирал србоманот Димитар Грданов. Христо Узунов, заедно со истомислениците бил уапсен и лежи 9 месеци во затвор. Во периодот помеѓу јануари 1902 година - март 1903 година е повторно затворен во Битолскиот затвор. По излегувањето од затвор го зазема местото на штотуку убиениот охридски војвода Тома Давидов.

Смилевски конгрес[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Смилевски конгрес.

На конгресот ја прикажав положбата онаква каква што е: сметав за безумно да се премолчува дека некои реони воопшто не се подготвени, и дека нема да земат учество. Со Сарафов се сретнав за првпат во Смилево дома кај мене. На конгресот Сарафов беше категорички за акции. Имаше мислење порано да се започне со востанието. Не верувавме дека Турците ќе се решат да прибегнат до толкава жестокост, сосем да го сотираат населението. Сарафов во доверба кажуваше дека некој министер рекол оти ако бидеме во состојба да задржиме 60.000 турска војска, Бугарија ќе се смешала. И јас најпосле допуштив дека може да дојде до тоа. Конгресот ме избра за член на Генералштабот на битолскиот вилает, заедно со Сарафов и Лозанчев.

— Даме Груев, Спомени [7]
Меморијалниот музеј во с. Смилево, посветен на Смилевскиот конгрес

Најголемиот број од делегатите веќе на 18 април 1903 година се собрале во селото Смилево. Соселаните на Даме ја сфатиле честа како и одговорноста од престојот на такво мноштво на револуционерни првенци во нивното село. Дел од месната вооружена сила, деноноќно ја вардела целата околина на час, час и половина растојание, а стотина души вооружени смилевци биле на нозе внатре во селото.

По предлог на Сарафов, за претседател бил избран Даме. За секретари биле посочени и прифатени Георги Поп Христов и Парашкев Цветков. Смилевскиот конгрес, како конгрес на Битолскиот округ, според решенијата донесени во Солун, требало дефинитивно да ја потврди одлуката за кревање востание. Во таа насока се развила остра дискусија, во која се јавила струја која сметала дека условите за сенароден бунт, се уште, не се созреани. На првиот ден од конгресот од излагањето на делегатите било утврдено дека Прилепскиот, Битолскиот, Кичевскиот и некои делови на други реони не се достатно подготвени. Меѓу делегатите се јавиле лица кои биле против востание во текот на таа година како што биле: Ѓорѓи Сугарев, Петар Ацев, Тале Христов, Никола Карев, Никола Петров Русински и други. Во една крајно напната атмосфера по повод острите расправии околу решението за востание. Несогласувањата ги прекинал Даме Груев, кој како еден од основачите на Организацијата и претставник на неговиот Централен комитет, уживал огромен авторитет. Според сеќавањата на Пандо Кљашев, тој рекол:

А бре луѓе, не губете си го времето да го решавате прашањето - ќе, има ли востание или не, зашто тоа е решено - битти даваси! Говорете сега за востание, како да го направиме и кога, но не по ден и по време [8].

Бил избран Главен штаб за II Битолски револуционерен округ со тројца членови: Даме, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев [9]. Конгресот го задолжил Главниот штаб да го одреди и датумот на востание. Бил изработен Востанички дисциплински устав, со кој се определувале правата и должностите на востаниците, на реонските горски начелства и на ГШ.

Илинденско востание[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Илинденско востание .

I востанички округ - Битолски[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „I востанички округ - Битолски.
Борби[уреди | уреди извор]
Четата на војводата Смиле Војданов

На Илинден, Охридско имал веќе подробно разработе план за првите дејствја и со добра интендантска служба — складови со храна и други намирници, тајни фурни, леарници за патрони, но без ниедна бомба и без ниедна манлихера [11]. Била организирана и санитетска служба со еден вид на болница во Чемерскиот дол, над селото Брждани, а како доктор фигурирал Хр. Ангелов. Реонски началници биле: Христо Узунов, Антон Кецкаров, Наум Анастасов, Александар Чакаров и Наум Златарев.

На 20 јули биле исечени сите телеграфски линии меѓу Охрид и Битола, Кичево, Дебар, Елбасан и Корча. Многу од мостовите на патиштата од Охрид кон овие градови биле разрушени. Голем дел од стражарските кули биле опожарени, беговите, кехаите и други турски официјални лица биле убиени [11]. Според планот за дејствувањето воружените сили од Дримкола требало своето делување да го ограничат, да го минат Дрим и заедно со селските чети од Малесијата да се префрлат во Горна Дебарца во тамошните пунктови. Но акцијата се разврзала спротивно од планот.

Малесијскиот војвода Тасе Христов намерил да го плени статдото на еден аранутин чие бачило се наоѓало во селото Локово. Меѓутоа овчарите биле воружени и ги разбиле. Потоа пристигнал башибозлук и аскер, по што дошло до судир со четите во селата Лаково и Селце. Другите селски чети го нападнале гарнизонот во Вевчани но биле пресретнати од силен оган и се повлекле. Потоа дошло до судири кој траеле до вечерта на 23 јули. На 24 јули сите дримколски и малесијки чети се собрале кај Караорман во Горна Дебарца. Таму се собрале голем број на бегалци на грбот на револуционерното раководство. Четите повторно се упатиле кон Дрим, но веќе сите села биле опустошени.

Во Горна Дебарца слатинската чета, водена од свештеникот Георги, ја нападнала стражарската кулата во Сошани, а оздоленската чета — кулата в Оздолени. Началниците Кецкаров и Цветинов со четата од с. Брждани го нападнале аскерот во кулата при селото Старо Велмеј, кулата била опколена но следниот ден се обиделе да се повлечат но паднале во заседа на велмејската и бржданската чета, при што загинале 10 турци [11]. Во Долна Дебарца куратишката чета го нападнала собирачот на данок во Куратица, биле убиени 15 души.

Најмногу сили биле ангажирани за двете најважни акциии. Против гарнизоните во нахискиот центар Издеглавје и на Сирулскиот рид. По Смилевскиот конгрес османлиите ги поставиле гарнизоните затоа што тие имале стратегиско значење и од нив можеле да се следаат Дебарца и Ортакол.

Револуционерното знаме извезено во Струга

Со нападот на Издеглавје раководел реонскиот војвода на Горна Дебарца Смиле Војданов. Вечерта на 20 јули (стар календар), четите од селата Сливово, Слатина, Оздолнени, Мраморец и други, се концентрирале кај месноста Гојдороец, а четите од Лактиње и Годивје во месноста Васкорчиште, вкупно 250 востаници [11].

Нападите започнале утрото на 21 јули но аскерот од 100 души се утврдил во една непристапна кула, борбата траела два дена. Неколку војници успеале да го пробијат востаничкиот кордон и да отидат за помош во рабојничкото село Песочани. По неколку часа башибузлукот од тоа село ги нападнал востанците. Следниот ден едена дружина од редовната турска војска од заднина го нападнала одредот на војводата Смиле Војданов, востаниците морале да се повлечаат без да дадат жртви.

Нападот на Сирулскиот рид бил раководен од реонскиот началник Христо Узунов и Дејан Димитров со околу 150 души. Грмежите од Брждани и Старо Велмеј го предупредиле гранизонот од околу 200 души и тој се утврдил. Турците започнале да стрелаат врз востаниците, а ним им стигнала помош од Копарница кој го загрозувале тилот на Дејан Димитров кој командувал со својата реонска чета и со четите од Лешани и Злести. Очекуваните востанучки чети од Куратица, Вапила и другите села не пристигнале. Гарнизонот бил на пат да капитулира но од градот пристигнал аскер. Турскиот аскер веднаш го подпалил Сирула и отворил оган на самите селани. Затоа војводата Деан отстапил, а како потреба се наматенала заштитата на населението и тоа било префрлено на Куратишката планина. Востаниците на Рида имале еден загинаат и петмина ранети.

Овие две битки се покажале како пресудни за понатамошниот тек на востанието во Охридско. Издеглавје и Сирулскиот рид станале потпорни точки на турските засилувања. Од овои пункта се напаѓале селата и се прземале поголемите акции протов востаниците, а пунктовите служеле и како врска со градот Охрид. Во периодот меѓу 25 и 30 јули имало судири кај Лешани, Слатина, Лактиње, Врбјани и Ботун. Само на 30 јули имало имало шест битки и тоа кај Брждани, Лешани, Белчишта, Црвена вода, а во Орта-кол, кај селата Куратица и Плаќе. Во борбата кај Брждани учествувал и Борис Сарафов со 80 души и тој дошол од Демирхисарско на помош [11].

Турците и покрај тоа што ги држеле Издеглавје и Сирулскиот рид и постојано добивале засилувања не се решиле да дејствуваат. Господари на планините останале востаниците. Првите денови на асвгуст поминале мирни, а тоа им дало можност на востаниците да се прегрупираат.

Задушување[уреди | уреди извор]

Охридското горско началство на 9 август се поделило на две групи. Првата група во состав: Христо Узунов, Н. Цветинов и Н. Златарев останале да раководат со четите во Долна Дебарца и Езерско, а втората група А. Кецкаров, А. Чакров и Л. Димитров заминале за Горна Дебарца. Меѓутоа, во втората фаза на востанието Турците добиле бројно засилување, со тоа се засилил и башибозукот, па започнало одмаздувањето, палежите, грабежите и уништувањето на имотот. На сето тоа востаниците се спротивставувале со партизанска тактика: поставувале заседи, ги штителе збеговите и селата, напаѓале ненадејно, се извлекувале по планинските реони, но потенцијалите во однос на турските им биле мали, па постепено акциите почнале да згаснуваат. Цели три месеци востаниците и населението живееле во партизански услови. За тоа време турската војска и башибозукот ги опожариле селата Слатино, Лактиње, Годивје, Врбјани и други.

На 30 и на 31 август 1903 година турска редовна војска од околу 3.000 души и башибозукот извршиле погром врз бегалскиот логор кај селото Куратица во близина на Вишеслоец во месноста Рашанец. Тие го опкружиле логорот во кој имало околу 2.000 бегалци од 18 села од Долнодебарскиот и од Езерскиот реон. Обезбедувањето имало само 117 четници. Борбата кај Рашанец започнала во 11 часот и траела до половина коќ. Слабо вооружени, со малку резерва, востаниците не успеале да го спречат противникот кој користел и артилериски орудија. Турците за кратко време го претвориле бојот во жесток колеж. Околу 190 жени, мажи и деца биле убиени, речиси секоја жена и девојка била обесчестена, храната и другиот имот во складовите биле уништени. Во тој крвав бој Турците имале околу 200 загинати, а востаниците имале 41 загинат. Меѓу другите загинале војводите Аргир Маринов, Андон Узунов, брат на Христо Узунов, Наум Златарев и други. Најмногу настрадало населението во логорот.

Демобилизација[уреди | уреди извор]

По таа катастрофа започнала третата фаза, односно последната фаза на Илинденското востание што траела до почетокот на октомври 1903 година Во тој период населението се враќало во селата, организирано се прекинувале партизанските дејства и се демобилизирале востаничките сили. На 17 септември Христо Узунов заминал за Демирхисарско за да воспостави врска со Главниот штаб, а останатите членови на Горскиот штаб ги демобилизирале четите. Меѓутоа, во Горна Дебарца војската преземала нови акции, па Горското началство било принудено да избега во Албанија, а оттаму да се префрли во Црна Гора. Потоа на разни начини се префрлило во Бугарија.

Во Охридско останал само раководителот на околијата и претседателот на Горското началство - Христо Узунов. Тој ги споделил сите трагедии со македонското население. За време на востанието од почетокот на август до октомври 1903 година во Охридско биле запалени 42 села, изгореле околу 2.064 куќи, 24 цркви и 18 училишта. Според списокот на Христо Узунов убиени биле 483 души од кои 17 постојани четници, 116 селски четници, останатите биле жени, деца и невооружани мажи. По страдањата само Костурската околија можела да се споредува со Охридската. Со голема заслуга на Х. Узунов, Охридската организација брзо се опоравила и повторно се вклучила во националноослободителното движење [12].

Белешки[уреди | уреди извор]

Благодарејќи токму на него, за Битолскиот востанички реон во текот на Илинденското востание се знае многу повеќе отколку за другите востанички области. Тој запишувал сѐ, го бележел името на секој загинат востаник, на секој убиен селанец, на секој предавник кого организацијата го осудувала на смрт. Денес се познати имињата на сите 478 лица од охридско-струшки крај кои загинале во востанието. За големата посветеност на македонското дело на Христо Узунов зборува и неговата средба со селаните од село Куратица, веднаш по трагичниот крај на востанието:

Браќа, сонце сакавме, а ни искра не добивме. Нашата земја се натопи со пепел и крв, и за сѐ знаете, јас сум виновен. Еве ви се предавам, убијте ме, предајте ме, што сакате правете со мене..

А потоа востаниците ќе му одговорат: Не, ти не си виновен. Ако раководството даде решение ние повторно ќе се кренеме.Христо Узунов за неуспехот на востанието чувствува голема грижа на совеста. Неговиот сограѓанин Огненов во едно писмо ќе му напише: Брату Арсение (прекар на Христо), тие за тебе имаат повеќе од добро мислење (се смета за сограѓаните), те сметаат за идеален, особено по заминувањето на твоите другари за Бугарија. Сите со гордост го споменуваат твоето име и се чувствуваат особено привилегирани ако некој од нив зборувал со тебе....

Постилинденски период[уреди | уреди извор]

Прилепски конгрес[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „ Прилепски конгрес .

Тој (Ѓорче Петров б.н) наоѓаше дека строго осудувачки било за нас патриотите - револуционери да стануваме агенти на Егзархијата и на бугарската влада, кои никогаш не го сакале нашето ослободување, туку просто се стремеле за постигање на државни цели... тој отиде до таму, што напомна како многу пати бугарските митрополити, Егзархијата, министрите во Софија и самиот кнез биле многу поопасни за нашето дело, отколку самите Турци. Во заклучокот тој предложи еднакво да ги истребуваме бугарските, српските и грчките конзули и митрополити како дирекни предавници и вистински виновници за националните расправи

— Јордан Тренков, Писмо [13]
Пере Тошев

Во почетокот на пролета 1904 година било донесено решение за конгрес на Битолскиот револуционерен округ. Во првите денови на мај се собрале во прилепско, следните револуционери: од битолскиот округ: Даме, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Христо Узунов, Ѓорѓи Сугарев, Георги Поп Христов, Никола Каранџулов, Петар Ацев, Георги Пешков, Јордан Тренков [14].

На Конгресот дошло до спротиставување на две гледишта за поредокот на Организацијата. Имено, Даме се залагал за централистичкиот поредок но не наишол на подршка. Наспроти него била концепцијата на Пере Тошев за децентрализација на Организацијата и тој бил подржан од сите повидни револуционери [15]. Пере Тошев изработил предлог-статут наречен (Образец I) со кој се отфрлала мистериозната централизација. Ѓорче Петров за првиот предлог истакува дека: И покрај силната мотивација на Пере Тошев, кој меѓу другото се потпираше на расположението и желбата на самото македонско население, неговиот предлог-статут, како крајно децентралистички и кој што не одговараше на една револуционерна организација, не беше прифатен во неговата целост [15].

Даме знаел дека неговиот став за централизација нема да пројде предложил нов проект-правилник познат како (Образец II) кој бил копија на првиот меѓутоа во поумерена форма [15]. Двата проекти од страна на Ѓорче Петров му биле испратени во Софија на Борис Сарафов кој требало да ги испечати [15] [14]. На овој конгрес преовладало влијанието на Реформска струја, а влијанието на Даме во Битолскиот револуционерен округ, а и воопшто во Организацијата, опаднало, времето на големите авторитети минало.

Грабнување на Даме Груев[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „ Грабнување на Даме Груев .

Паѓањето на Даме во рацете на Мицко беше голем морален удар за Организацијата. Тоа најмногу го почуствував јас во Кичевско кога српскиот свештеник ренегат Михаил... надмено се шеташе по чаршијата во Кичево и се фалеше нагоре-надоле пред граѓаните, дека Даме ранет се наоѓа во нивни раце и тој испратл медикаменти од Кичево за негово лекување

— Тома Николов, Ослободителните борби на Македонија, том два [16]
Мицко Крстевски
Ѓорѓи Сугарев

Во пролетта 1904 година со помош на српскиот конзул од Битола била формирана првата српска чета на чело со просрпскиот војвода Мицко Крстевски. Оваа чета била составена од шестмина четници сите од Порече, а посебна помош при создавањето на оваа чета добиле од Саватие Милошевиќ. Мицко со својата чета го привлекол вниманието на самата Организација која протестирала во Белград за таквата активност. Георги Герџиковиќ, автономист од Белград, бил задолжен заедно со Христо Узунов да го поканат Мицко да се покори на Организацијата, меѓутоа наспроти тоа војводата Мицко ја засилил својата активност и неговата чета се зголемила на 30 души.

Поради ваквото држење на Мицко Крстевски, војводата Ѓорѓи Сугарев почнал да ја проследува неговата чета. Организацијата подготвила план за опколување на српската чета во Порече. Во меѓувреме дошло до судир во Црешнево, Мицко му поставил заседа на Ѓорѓи Сугарев меѓу тоа тој успеал да се извлече. По заседата, Мицко се префрлил на левата страна на Треска и се спуштил на југ. Организациските чети следејќи го Мицко се собрале во селото Слатино. Во исто време таму дошол и Даме со неколку селски милиционери.

Мицко од локалните србомани дознал за четите и решил да ги предаде на турската власт. Во селото набргу пристигала турската восјка која го блокирала селото, а следното утро организациските стражари биле нападнати од аскерот и сите четници се кренале. Тие се обиделе да се пробијат и дошле во судир со војската, а притоа загинал Ѓурчин Наумов - Пљакот заедно со 4 четници. Најголемиот дел од четниците и преостанатите војводи успеале да се засолнат, но во текот на борбата Даме бил ранет и затоа тој со четникот Божин се засолнил во блиската шума. Од друга страна пак Мицко со својата чета се наоѓал во близината на селото и го набљудувал судирот. Во текот на ноќта Даме и Божин се вратиле во селото, а следниот ден во селото влегол Мицко со својата чета и ја опколил куќата во која бил сместен Даме. Следниот ден Мицко ги повел со себе Даме и четникот Божин низ Порече. По пат Мицко постепено ги разоружал и Даме разбрал дека тие се грабнати од просрпскиот војвода Мицко и затоа му укажал на Божин ако му се укаже прилика да избега, веднаш да го стори тоа и да ја извести Организацијата. Божин успеал да побегне, а во меѓувреме Ѓорѓи Сугарев и Петар Ацев започнале потрага по Груев и поминале низ селата Крапа, Локвица, Црешево и др.

По едномесечното заложништво, Белград му наредил на Мицко да го однесе Груев во Скопје и да го ослободи. Мицко го предал на главниот инспектор за српските училишта во Македонија - Јован Ќирковиќ, а тој го предал на истакнатиот член на Организацијата во Скопје - Георги Николов. Потоа Даме се упатил кон Куманово, а од таму за Бугарија. Пошироката јавност не била запознаена со подробностите на целото случување но се оставило печаток дека еден од најголемите раководители се нашол во рацете на некој српски војвода, а тоа влијаело врз моралот на организациските луѓе.

Смрт[уреди | уреди извор]

Последна битка[уреди | уреди извор]

Портрет на Христо Узунов

На 24 април 1905 година, од Крушево заминал за Кичевско, придружуван од страна на 14 соработници и револуционери, добро вооружени четници и двајца војводи, Ванчо Србаков и Пецето сѐ со цел да го исполнат решението за егзекуција на петнаесетмината ренегати во една ноќ. Но во кичевското село Цер биле опколени од многуброен турски аскер со артилерија. Тие не примиле никаква помош па биле принудени или да се предадат или да се самоубијат. Војводата Ванчо Србаков решил на свој ризик, со фрлање на бомби да се обиде да се пробие низ огнот, во кој сепак не успеал. За да не им паднат на Турците живи во раце, тој и неговите 13 соборци извршиле саможртва [17].

Борбата во село Цер меѓу Узуновата чета и одредите од Крушево и Прибилци започнала утрината на 11/24 април. Четата направила обид да го пробие обрачот, но откако во битката загинале Ванчо Србакот и Узуновиот четник - Наумче, четата се вратила во куќата на Костадиница Стојанова Паунова, која куќа била солидна и погодна за престојната борба. Борејќи се до претпоследниот куршум, Христо Узунов со своите другари последните куршуми ги истрелале во себе си, несакајќи живи да се предадат на османски власти. Сведок на сликата на простреланите четници бил Италијанецот Еторе Лодди кој запишал:

"На другиот ден после бојот ја видов во Цер страшната слика што никогаш нема да ја заборавам. - Труповите на единаесет млади јунаци сите со отворени рани по градите и по челото. Се самоубија, за да не паднат живи во рацете на непријателот. Ми го покажаа војводата. Узунов лежеше прострен на подот со раширени раце, а погледот на неговите мртви и отворени очи гледаше горе, во бескрајот. Од челото уште течеше крв... Ја видов Македонија во тој момент - маченица, велика, непобедива! " [18]


Предавство[уреди | уреди извор]

Село Цер, 1903 година

Во последната битка, опкружен од сите страни со непријателскиот оган, меѓу другото, кај Узунов се јавил сомнежот дека се предадени, па затоа во своето претсмртно писмо наведува: "Допуштам да сме предадени, но верувам дека е случајно". Сепак, кога детално ќе се реконструираат последните денови на движењето на Узунов, станува јасно дека неговата смрт е дело на предавство. Сето се случувало во периодот од 4 април до 11 април 1905 година и било поврзано со Иван Алабак од Велешко кој дошол од Бугарија со 18 души чета, но како сарафист никаде не му давале реон. Во истиот период во Крушевско се наоѓал османскиот жандармериски полк со заменикот командант, поручникот Изрет. Самиот Изрет известува дека од османскиот информатор добил податоци за четата "која се појавила во селата Журче и Белино и се префрлила во Годивје, а оттаму заминала за Селце. Макар и да имав намера од почетокот, известува Изрет, да заминал лично за Селце и да се информирам на самото место, нашиот посматрач ме разубеди во тоа, кога ми рече дека, востаниците демнат и дека нивното уништување е тешка работа... Во недела утрина, рано, посматрачот пак дојде кај мене и ми соопшти со најголема сигурност дека истата чета минала низ Арилово, а приквечер оттаму за Цер... [19]

Османскиот доушник, чие име не е познато, до крај успешно ја извршил својата задача. Следејќи ја четата на Узунов, тој го известил Изрета за нејзиниот број и местото каде се наоѓа. Затоа Изрет можел да се подготви за нејзино обиколување и уништување. Така, Изрет тргнал "на чело со еден одред од редовна војска и жандармерија од 47 души" за Цер. Истовремено, друг одред тргнал од Прибилци за Цер. Акцијата била така организрана, што било "неопходно и едниот и другиот одред да се приближат едновремено (во еден ист час) до селото" и до 10 часот да го блокираат.

Движењето на османските сили кон Цер, според сеќавањата на војводата Ташко Арсов, го здогледал и Иван Алабакот заседнат во с. Зашле. Тој веднаш со четата се сокрил нагоре во шумата, наместо "да прати абер ваму-таму да се собере милиција и да удри на аскерот одозгора уште кај ручек сигурно ќе беа спасени сите што беа во Цер...Но пусто партизанство, омраза" [20]

Војводата Ташко Арсов смета дека предавството на Узуновата чета го направил Иван Алабакот, за разлика од Анастас Митрев кој за предавник го посочува Лигушев. Меѓутоа и Алабак и Лигушев можат да се подведат под еден заеднички именител - врховизмот изразен низ сарафистите во Битолскиот револуционерен округ. За Алабакот немало место во револуционерниот реон каде дејствувал Христо Узунов. Од друга страна, пак постоела изразена нетрпеливост помеѓу Иван Алабак и Пецо Грнчаров [21] кој му се придружил на Узунов и кој со него нашол заедничка смрт во Цер. Сакањето на Алабакот да најде слободен реон за себе и омразата кон Грнчаров биле меѓу одлучувачките фактори за судбината на четата во с. Цер.

Алабакот го видел аскерот кога одел кон Цер. Само малку подоцна спокојно во шумата ги слушал грмежите на оружјето. А според законите и традицијата на Организацијата, штом една чета се наоѓала во опасност, друга чета и се јавувала на помош, сама или со милиција, според околностите. Неисполнувањето на тие закони повлекувало строга казна. Сепак, Алабакот не бил казнет единствено затоа што на чело на Окружниот комитет во Битола стоел, како наведува А. Митрев "оформениот и докажан предавник и шпион Петар Лигушев. По наша увереност, вели Митрев, ако тој шпион и предавник немал никакви врски со Алабакот, последниот не би смеел да гледа сеир кога аскерот одел во Цер, и кога ја опкружуваше четата на Узунов, зашто како стар војвода, тој знаеше што го очекува за таков сеирџилук"'. Бидејќи Алабакот не претрпел никаква казна за кршењето на еден од основните принципи во организациониот живот, тоа може да значи дека стореното или било наредено од Лигушев или одобрено од него. Истиот за жал ќе биде предавникот и на Узуновиот другар - Ѓорѓи Сугарев. Кон ова би го кажале и додатниот аргумент, дека, Лигушев во својство на претседател на Окружниот комитет имал можност да го определува движењето и маршрутите на четите, така што можеби тој (или преку свој човек, османски шпион) можел точно да го предаде движењето на четата на Узунов за таа да биде сосема уништена.

Претсмртно писмо[уреди | уреди извор]

Оригинал на писмото на Христо Узунов: (превод на македонски:)“ ...За последен пат ќе Ви повторам: бидете искрени и чувајте ги основните закони на организ. устав. Останувам со Братски бакнеж, Хр. Д. Узунов

Останало неговото познато и потресно претсмртно писмо како сведоштво за македонските херои и маченици.

Браќа,

Допуштам да сме предадени, но верувам и дека е тоа случајно. Ванчо излезе и беше убиен уште во 10 и три четврти раното, а исто така и четникот Јонче од Дворци (Кичееско), кој беше со Пецо.

Мојата архива е распрсната низ целото село. Им ја доверив на три жени, кои не ги познавам. Ванчо исто така ја оставил архивата кај една жена, но не ја знам. Побарајте ја, ќе ја најдете.

Причината зошто не ризикуваме да удриме утринава беше во тоа што од 7 - 8 страни ни отворија оган, па мислејќи дека се мнозина, решивме да се бориме, макар и против поголеми сили, кои што ги очекуваме да дојдат.

Уверен дека не ќе бидеме спасени, за последен пат Ви испраќам братски поздрави на сите другари и пријатели.

Спроти карпата каде што сме сега, го оставив во една дупка на ѕидот моето кесе со четири и пол наполеони, една лира и околу 40 гроша. Тоа се Охридски пари.

Мојот последен совет до сите другари е да бидат искрени кон делото сите оние коишто му служат, зашто само искреноста и често срдечноста ја издигнале внатрешната организација и пак тие ќе ја спасат од аномалноста во која е поставена од недобросовесни наши другари.

Да гледате колку што е можно побрзо да ги уништите оние досега раководни сили во Организацијата, кои му нанесле штета на делото, како што е Сарафов, а не да се накажуваат само прости работници.

Нашата идеја ќе биде постигната, ете зошто ќе умрам спокоен, со чиста совест пред законите на нашата св. Организација.

Досега намерно со ништо не сум му напакостил на Делото, а ако сте забележале во мене некои грешки, бидете уверени дека тие станале против мојата волја. Молам извинување.

Молам особено да ја поздравите мојата љубезна мајка, којашто никогаш не сум ја заборавил, бидејќи таа ме направи ваков. Нека ме извини и таа дека со ништо не се зарадувала од мене. Особено го поздравувам брат ми Ангеле. Го добив неговото последно писмо и останав задоволен. Да оди во истиот пат што ми го соопшти во писмото. Го советувам да не се одделува од мајка ми. Поздравете ги и роднините.

За последен пат ќе ви повторам. Бидете искрени и пазете основните закони на Орган.устав.

Останувам со братски бакнежи.

Х.Д.У...


Давајќи и го писмото на Спировица (која при земањето бил ранета) и подвикнал:

Последен пат збогум сестро, кажи им на другарите дека славно ќе умрам, смртта е последна кога нема слобода. Нека бидат уверени дека делото ќе победи. Македонија ќе роди нови борци, ние ќе живееме во спомените ваши. Кажете им дека сме предадени.


По завршувањето на писмото тој и 11 востаници се самоубиле во село Цер, 24 април, 1905 година.

Национален херој[уреди | уреди извор]

Чествување[уреди | уреди извор]

24 април, денот на херојската смрт на Христо Узунов се одбележува со разни чествувања и свечености. По повод 104 години од неговата смрт во Центарот за култура Григор Прличев во Охрид се одржала свечена Академија на која ученици од училиштето кое го носи името на извеле богата културно уметничка програма како и ликовна изложба. Програмата за одбележување на делото на Христо Узунов во Охрид по свечената Академија, продолжила утрото кога во 9 часот на бистите на Христо Узунов и Методи Патчев во Градскиот Парк свежо цвеќе положиле делегации на училиштето што го носи неговото име, на основното музичко училиште Методи Патчев, општината Охрид и други институции и здруженија.

Делегација на Општина Охрид и поклоници на делото на големиот револуционер присусутвуваа на свеченоста по повод 107 години од неговата смрт и положија цвеќе на споменикот на Христо Узунов [22]. Пред неколку години објектот на старата библиотека се урна со цел да се направи спомен парк на само 100 метри од куќата во која е роден Узунов.

Општината Центар најавила подигање на споменик на Христо Узунов во централното подрачје на Скопје. Нeговиот споменик ќе се наоѓа спроти Министерството за правда, на улицата „Димитрие Чуповски“ [23]. Неколку основни училишта се именувани по него: ОУ „Христо Узунов“ - Другово и ОУ "Христо Узунов" - Охрид.

Реликвија[уреди | уреди извор]

Детал од споменикот

Во предвечерјето на националниот празник Илинден, во рамките на чествувањето на 106 години од Илинденското востание, во Охрид била откриена ретка и вредна реликвија - дел од брадата на Христо Узунов. Оваа чувана тајна, станала достапна за јавноста, благодарение на чинот на отсекувањето на брадата на славниот војвода од страна на Василка Крлеска Чавкоска [24], пред погребувањето на Узунов. Потомокот на семејството Узунови, Анастасија Узунова од Струга, необичната реликвија на Охридскиот Музеј му ја подарила на 24 април, денот на херојскиот подвиг на војводата.

Со овој чин се остварува аманетот на братот на Христо - Ангел Узунов, делови од брадата на Узунов да и се донесат на неговата мајка. Од Охридскиот музеј оценуваат дека заедно со моштите на Свети Климент Охридски, деловите од брадата на војводата Христо Узунов се најскапа реликвија во Охрид, што ќе биде ново место на поклонение.

Реликвијата на Узунов во неговата спомен куќа ја открил Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство, каде била промовирана книгата “Охрид и Охридско низ Османлиската документација“ од професорот Драги Ѓорѓиев, со фактографски податоци од Османлиските архиви и вредни податоци за животот во Охридско пред и по Илинденското востание.

Песна за Христо Узунов[уреди | уреди извор]

Неговата херојската смрт е опеана во Песна за Христо Узунов:

И таму е мојта родина,
далеку Македонија,
јас сакам таму да загинам,
а ти ме забрави за век...
...Не жали мила моја родино,
и сите ми другари мој,
ако Христо Узунов падна,
на врагот жив не се даде. [25]

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. Македонската национална свест во 19 и почетокот на 20 век бил слабо развиена. Тоа го потврдуваат повеќе странци: Сеќавањата за минатото потполно исчезнале и кај селаните останале само нејасни преданија за дамнешната слобода која тие ја уживале. Во едно зафрлено село во близината на Охрид, во кое нема ни учител ни свештеник, а неговите жители незнаат ниту да пишуваат ниту да читаат, говорев со неколку дечиња за да дознаам колку тие знаат за минатото. Ги однесов кај едно осамаено и необично закосено ридче на чиј врв се наоѓа руините на бугарскиот цар, тие се наоѓаат над езерото и долината. Кој го изградил ова? Ги запрашаав. Одоворот беше впечатлив: Слободните луѓе. А кој биле тие? Нашите дедовци. Да ама дали тие биле Срби, Бугари, Грци или Турци? Не, не биле Турци, тие биле христијани. И тоа беше изгледа се што тие го знаеа, види: Доживувањата на Х. К. Бреилсфорд, Во Македонија не се поистоветуваат со својата нација (1905). Од друга страна пак повеќето странски пропаганди на територијата на Македонија го попречувале национално-конститутивниот процес на Македонците, види: Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници, д-р Ванчо Ѓорѓиев, Табернакул, Скопје 2006, Слобода или Смрт, д-р Ванчо Ѓорѓиев, Скопје 1997, Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО, Култура - Скопје, 1980
  2. Во Османлиската империја не постоел редовен ситем за попис на населението со утврдени методи и принципи како во западноевропските држави. Осмaнските власти го евидентирале само машкото население и тоа не по национална основа туку по вероисповед. Мажите муслимани биле запишувани поради воената обврска, а христијаните поради даноците. Меѓутоа постоеле еден вид на матични книги т.н нуфуз дефтери во кој биле запишувани датумот на раѓање, името, името на родителите и презимето, меѓутоа од нуфузите не може да се утврди националниот состав на населението во Македонија. Под графата Муслимани биле запишувани: Турците, Циганите, исламизираните Македонци, Арнаутите, Черкезите, Арапите и други, односно припадниците на муслиманската вероисповед. Во графата Рум Милет (Грци) биле запишувани сите православни христијани во Отоманската империја кој биле под духовна јуриздкција на Цариградската патријаршија, тука спаѓаат македонците-патријаршисти кој биле нарекувани и како Грци. Христијанското населние кое било под духовна власт на Бугарската егзархија било запишувано како Бугар милет, тука спаѓаат македонците-егзархисти кој биле нерекувани како Бугари. Од национален аспект само за Евреите постоела посебна графa како Јауди, но и тука имало исклучок. Евреите муслимани биле впишувани како Турци, види: Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
  3. Тешка и комплицирана ситуација во Отоманската империја овозможила продор и вкоренување на повеќе странски пропаганди на територијата на Македонија, кои дополнитело го попречувале национално-конститутивниот процес на Македонците. Во Македонија активно дејствувале повеќе пропаганди, како што се грчката, бугарската, српската, романската, католичката и протестантската пропаганда. Првите три пропаганди имале исклучиво асимилаторски карактер, додека останатите биле поставени врз верска основа, но со политички цели и треба да се истакне дека последните две пропаганди не дејствувале ретроградно врз македонскиот национален индивидуалитет. Главни задачи на бугарската, грчката и српската пропаганда во Македонија биле да се придобијат што повеќе т.н. „национални приврзаници“ кои би се искористиле како „внатрешни сојузници“ и оправдувачки фактор за територијалните претензии на балканските држави кои ги имале кон Македонија. Овие пропаганди воглавно дејствувале преку црквите, училиштата и хуманитарните институции. На црковен план се дејствувало преку одржување на постојните цркви, но и преку подигнување нови верски објекти, преку создавање на црковен кадар и верска литература. На просветен план се дејствувало преку одржување и подигнување нови училишта, финансиска издршка на учителите и директорите, стипендии и пансиони за учениците и студентите, како и соодветна литература која не била на македонски јазик. На хуманитарен план најчесто се дејствувало преку болниците. Види: Странски пропаганди во Македонија

Галерија[уреди | уреди извор]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. Псевдонимите на ВМРО, Ангел и Христо Узунови, Серија, „Архивата на Ангел Узунов“, Државен Архив на Република Македонија, Скопје, 2015, стр. 91
  2. Андонов-Полјански Х., Гоце Делчев и неговото време, Култура, Скопје, 1978
  3. Synvet, A. Les Grecs de l'Empire ottoman : Etude statistique et ethnographique, Constantinople, 1878, стр. 58.
  4. Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г., Македонски научен институт, София, 1995, стр. 100-101.
  5. Матов, Милан. Най-комитата разказва..., София, 2002, стр. 40.
  6. Радев, Симеон. Ранни спомени, Български писател, 1969, стр. 3162.
  7. Спомени на Дамянъ Груевъ, Борисъ Сарафовъ и Иванъ Гарвановъ, сообщава: Љ. Милетичъ, София, 1927
  8. Спомени на П. Кљашев..., 242
  9. Васил Чекеларов, Дневник..., 223
  10. "Изъ споменитѣ ми по революционното дѣло въ Охридско" от Антон Кецкаров. Илюстрация Илинденъ, София, януари 1931 год.
  11. 11,0 11,1 11,2 11,3 11,4 Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том I Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1933. (бугарски)
  12. Илинденско востание со слика, текст и звук Д-р Ванче Стојчев
  13. Централен државен исорически архив (ЦДИА) - София, ф. 3, оп. 8, а.е. 677, 4-12
  14. 14,0 14,1 Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том еден, Униврзитет Кирил и Методиј - Факултет за филозофско - историски науки, Скопје, 1981
  15. 15,0 15,1 15,2 15,3 Петров Ѓорче, Спомени, Коресподенција, (вовед, коментар и редакција Љубен Лапе), Скопје, 1984.
  16. Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943.
  17. Трагичната участ на Узунова и четата му, Тома Николов, Отеч. фронт, София, 1989
  18. "Револуционерен лист", год. V, бр. 85.
  19. Дознание до жандармерискиот полк во Битола испратено на 12 април 1905 година, од заменикот командир Изрет, "Револуционерен лист", бр. 99,1929.
  20. Војводата Ташко Арсов, кој при настанот во Цер бил секретар на Алексо Стефанов, војвода во Демир-Хисарско го проучил настанот во Цер и го внесол во своите "Записки" (стр. 86-87)
  21. Уште на 9 април Христо Узунов добил писмо од војводата Пецо Грнчаров, кој пристигнал во Крушевско од Бугарија со 10 четници - за крушевскиот револуционерен реон. На 10 април вечерта Узунов се сретнал со Грнчаров во село Горно Дивјаци. Тој бил придружен од неговиот четник Наум Влашето од Охрид и од крушевскиот околиски војвода Ванчо М. Србакот од село Вранештица, Кичевско. Од село Горно Дивјаци, тројцата заедно со сета чета на Грнчаров - на број 13 души, заминале во ноќта за село Цер. (А. Митрев, исто, 248)
  22. ОДБЕЛЕЖАНА 107 ГОДИШНИНАТА ОД СМРТТА НА ХРИСТО УЗУНОВ
  23. Два нови споменика во Скопје
  24. Брадата на Христо Узунов нова реликвија
  25. Песна за Христо Узунов

Надворешни врски[уреди | уреди извор]