Антон Кецкаров

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
AntonKeckarov.jpg
Роден 12 декември 1865
Охрид, денес Македонија
Починал 30 јануари 1945
Охрид, денес Македонија


Антон Евтимов Кецкаров (познат и како Андон Кецкаров или под роденото име Андон Кецкар) бил македонски револуционер[2] и просветен и општествен деец.

Биографија[уреди | уреди извор]

Роден е во 1865 година во Охрид и припаѓа на големиот род Кецкарови[3][4] [5]. Основното образование го добива во Охрид и Струга кај Григор Прличев и други учители. Потоа учи гимназија и военото училиште во Софија. Средното образование го завршува во 1887 година во Солунската машка гимназија [6].

Антон Кецкаров е меѓу оние интелектуалци во Македонија од 80-те и 90-те години на XIX век, кои бараат нови форми на организирање на населението, такашто ја комбинираат просветната со револуционерната агитација. Уште како ученик Антон Кецкраров е меѓу иницијаторите за основањето на просветното друштво „Свети Климент“ во Охрид. Друштвото ја подржува охридската општина во нејзините спорови со Егзархијата, а понатака прераснува во неделно училиште. Во 1886 година на Илинден во куќата на Климент В. Заров крај Горна Порта во Охрид дел од членовите на просветното друштво „Свети Климент“: Климент Заров, Антон Кецкаров, Лев Огненов, Никола С. Пасхов, Никола Чудов, Јаким Деребанов, Иван Лимончев и Анастас и Христо Маџарови учествуваат во создавањето на револуционерен кружок. Членовите на кружокот ги обиколуваат селата во охридската каза и агитираат населението да отвора училишта и да се издејствува поактивно дејствување против отоманската власт и албанските банди.

Во периодот 1887-1889 година Антон Кецкаров е учител во Охрид, а меѓу 1889-1897 година во Битола. Во 1890 година тој е иницијатор за создавање на неделно училиште во истиот град. Еден од неговите ученици, Симеон Радев, го пишува следното за својот учител по математика во Битола:

Бевме приврзани кон него, зошто од целото негово битие доаѓаше бран на срдечност и добрина. Макар и мек на вид, неговото учество во Илинденското востание го покажа способен за енергија и смелост.[7]

Кецкаров се вклучува во ВМРО по нејзиното основање во 1893 година. Неделното училиште во Битола,со кое раководи, е подржувач на оранизациската дејност и агитација на ВМРО.

Во учебната 1897-1898 година Антон Кецкаров е учител во Солунската женска гимназија, а во следната учебна година во Бугарското женско училиште во Едрене. Во 1899-1900 година по настојување на ВМРО Антон Кецкаров е преместен во родниот град Охрид, каде е директор на училиштата и еден од раководителите на ВМРО во градот. Како учител на Охрид, тој одделува не мал дел од својата плата за помагање на охридските училишта и на црковна општина.

Антон Кецкаров како бунтовник[8]

Во 1903 година е делегат на Смилевскиот конгрес на Битолскиот округ на ВМОРО, каде е избран за Охридски регионален началник. За време на Илинденското востание тој е член на Горското начелство во охридско и дејствува со чета во регионот на Дебарца. По неуспешниот крај на востанието заедно со другите раководители на ВМРО како Лука Групчев, Лазар Димитров и други се повлекува преку Албанија и Црна гора во Бугарија. Како одмазда месните власти го разграбуваат неговиот дом, го мачат неговото семејство и го прогонуваат во Бугарија.

Во Бугарија работи како учител во Добрич, Каварна и Сливен. Во 1908 година по Младотурската револуција се враќа во Македонија и работи како учител во Битола. Во 1911 година е еден од основателите на месната структура на културно-просветното друштво „Бугарска Матица“, чие седиште е во Истанбул. Кецкаров е еден од активистите во Битола на Сојузот на бугарски уставни клубови. Подоцна е уапсен од турските власти со обвинение дека е претседател на револуционерна организација и во 1912 година повторно бега во Бугарија, каде за кратко е учител во Дупничката женска педагошка гимназија.

Кецкаров учествува во Балканската војна во составот на Седмата пешадиска рилска дивизија. Во 1913 година прави обид да се врати во Битола како учител во женската прогимназија, но е прогонет од српските власти. Подоцна за кратко е учител во Пиринска Македонија. Се вклучува во редица дејности за потпомагање на бегалците од Македонија. Во меѓувреме, како и други Македонци, се вклучува во масонското движење со идејата, дека така може да допринесе за македонската кауза. Антон Кецкаров е еден од мајсторите на Големата масонска ложа на Бугарија.

Од февруари 1916 година е директор на прогимназијата во Битола, но во ноември истата година е принуден заедно со голем дел од месната интелигенција да избега поради заземањето на градот на војските на Антантата. Во 1917 година за кратко е гимназијален учител во Скопје.

Документ за дарување од Антон Кецкаров на Македонскиот национален комитет од 1932 година.

Тешко ги поднесува загубите на Бугарија[се бара извор] и неопходноста од постојана смена на домот и во голем дел од времето меѓу 1918 и 1921 година е болен. Во тоа време е пензионер и живее во новосоздадениот софиски квартал „Модерно предградие“, за чие создавање полага немали усилија - тој е иницијатор за создавање на трпезарија за бедни деца во кварталот, а во 1922 година ги полага основите и на месното културно-просветно и благотворително друштво „Св. св. Кирил и Методиј“, кое во 1932 година прераснува во читалиште, кое постои и до денес. Кецкаров е меѓу помагачите на Македонскиот научен институт, создаден во 1923 година во Софија.

Од 1922 година Антон Кецкаров се вклучува во дејноста на македонските легални бегалски организации, во кои долго време е благајник и сметководител. Особено активно е неговото учество во Илинденската организација. За време на поделбата на ВМРО во 1928 година на протугеровистичко и михајловистичко крило, тој е поблизок до протугеровистите.

По прогонувањето на српските власти од Македонија во 1941 година Антон Кецкаров се враќа во родниот град, заедно со сопругата Екатерина и еден од синовите, вајарот Методи Кецкаров. Во тој период Антон Кецкаров живее во куќата на внукот Иван Заров, син на Климент В. Заров и Фанија Е. Кецкарова-Зарова, неговата сестра. Во 1942 година Кецкаров е еден од основачите на Охридската општограѓанска фондација „Св. Климент Охридски“, чии цели се претежно благотворителни. Умира на 30 јануари 1945 година. Погребан е до црквата „Свети Константин и Елена“ во Охрид.

Антон Кецкаров е татко на генералот Владимир Кецкаров.

Во Софија и Скопје една улица го носи неговото име.[9]

Извори[уреди | уреди извор]

  1. "С България в сърцето. Охридският род Кецкарови." Национален исторически музей. София, 2004.
  2. Илинден 1903, д-р Душко Константинов
  3. Охридска фамилия прославя България Novinar.net
  4. Илюстрация Илинден, София, Декемврий 1930
  5. "С България в сърцето. Охридският род Кецкарови." Национален исторически музей. София, 2004.
  6. Тюрк Хаяти" (Турски живот). Цариград. Защо изгубихме Румелия, 1925, No 5
  7. Радев, Симеон. Ранни спомени, София, 1969, стр.195.
  8. "Изъ споменитѣ ми по революционното дѣло въ Охридско" от Антон Кецкаров. Илюстрация Илинденъ, София, януари 1931 год.
  9. Google Maps.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Илюстрация "Илинден", г. VIII, 1936, бр.3-4 с. 14;
  • Илюстрация "Илинден", г. IX, 1937, бр.2 с. 3;
  • Шкуртов, К. Антон Е. Кецкаров, Илюстрация "Илинден", г. XII, 1940, бр.2, с.1-6.
  • Владимирова-Железарова, Снежинка. Спомени за Антон и Методи Кецкарови. С България в сърцето, в: Охридският род Кецкарови. Каталог - изложба в Националния исторически музей, София 2005, с. 158-161.