Смилевски конгрес

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Меморијалниот музеј во с. Смилево посветен на Смилевскиот конгрес

Смилевски конгрес — конгрес на Битолскиот револуционерен округ одржан од 2 до 7 мај 1903 година во с. Смилево. На овој Конгрес бил ставен крај на полемиките околу прашањето за востание, имено било решено да се крене востание во Битолскиот револуционерен округ, а со тоа и во цела Македонија и Одринско.[1]

Собир[уреди | уреди извор]

Најголемиот број од делегатите веќе на 30 април се собрале во селото Смилево. Соселаните на Даме Груев ја сфатиле честа како и одговорноста од престојот на такво мноштво на револуционерни првенци во нивното село.

Затоа месното раководно тело, на чело со својот претседател Георги Чуранов, го мобилизирал целото село и на сите мажи и жени им доверил соодветни задачи.

Дел од месната вооружена сила, деноноќно ја вардела целата околина на час, час и половина растојание, а стотина души вооружени смилевци биле на нозе внатре во селото.

Одделенија од по 3-4 четници биле поставени по сите соседни села на Смилево. Невидливи стражари од сите села меѓу Смилево и Битола деноноќно внимавале, формирајќи жив телеграф за предавање на било какво сомнително движење откај вилаетскиот центар и по патчето.

Сите раководни тела по тие села знаеле, дека во Смилево се собрани најголемите војводи. Стотици и стотици работници биле на нога, а Конгресот можел да работи во спокојство и полна сигурност.

Делегати[уреди | уреди извор]

Даме Груев набрзо по средбата со Гоце Делчев го напуштил Солун и преку Битола, каде што се состанал со членовите на Окружниот комитет, се упатил кон родното место Смилево. Даме Груев бил овластен на конгресот да го претставува ЦК на Организацијата. Реоните биле претставувани од:

Работа[уреди | уреди извор]

По предлог на Борис Сарафов, за претседател бил избран Даме Груев. За секретари биле посочени и прифатени Георги Поп Христов и Парашкев Цветков. За дневен ред на конгресот биле поставени следниве точки:

  • 1. распределбата на војничките и моралните сили
  • 2. подготвувањето до и за време на востанието
  • 3. должностите и правата на началничкиот персонал до и за време на востанието
  • 4. што да се прави со невооружените и неспособни луѓе - старците, жените и децата за време на востанието
  • 5. кој е стопан на оружјето;
  • 6. рамномерното распоредување на оружјето
  • 7. определување на времето за востание [2]

Смилевскиот конгрес, како конгрес на Битолскиот округ, според решенијата донесени во Солун, требало дефинитивно да ја потврди одлуката за кревање востание.

Во таа насока се развила остра дискусија, во која се јавила струја која сметала дека условите за сенароден бунт, се уште, не се созреани.

На првиот ден од конгресот од излагањето на делегатите било утврдено дека Прилепскиот, Битолскиот, Кичевскиот и некои делови на други реони не се достатно подготвени.

Најдобро подготвени биле Ресенскиот реон, Костурскиот, Демирхисарскиот, неколку села од Битолскиот реон, како што се Смилево, Ѓавато и Цапари, додека Охридско располагало само со 1.400 пушки.

Меѓу делегатите се јавиле лица кои биле против востание во текот на таа година како што биле: Ѓорѓи Сугарев, Петар Ацев, Тале Христов, Никола Карев, Никола Петров Русински и други. Во една крајно напната атмосфера по повод острите расправии околу решението за востание. Несогласувањата ги прекинал Даме Груев, кој како еден од основачите на ТМОРО и претставник на неговиот Централен комитет, уживал огромен авторитет. Според сеќавањата на Пандо Кљашев, тој рекол:

А бре луѓе, не губете си го времето да го решавате прашањето - ќе, има ли востание или не, зашто тоа е решено - битти даваси! Говорете сега за востание, како да го направиме и кога, но не по ден и по време [3]

Решенија[уреди | уреди извор]

Главен штаб и четите[уреди | уреди извор]

Конгресот ја насочил натамошната дискусија кон практични прашања.

Бил избран Главен штаб со тројца рамноправни членови: Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев. [4] Конгресот го задолжил Главниот штаб да го одреди и датумот на востание.

Бил изработен Востанички дисциплински устав, со кој се определувале правата и должностите на востаниците, на реонските горски начелства и на ГШ.

Според тоа, сите востанички сили се распределувале на востаници десетари, војводи, горски реонски тела и Главен штаб. Било решено секој што купил оружје да се третира како негов сопственик, но ако е неспособен да го употреби, должен е да му го предаде на друг, кој е во состојба да го употреби во востаничките денови.

Во реоните се предвидувало формирање чети од 30 до 50 души, како и тајно увежбување на востаниците. Што се однесува до обезбедувањето храна, таа требало да се собира доколку дозволуваат месните услови.

Начинот на нејзиното собирање пред почетокот на востанието бил доброволен, со убедување, а за време на востанието со принуда, со тоа што ќе му се издаде на стопанот за земеното од него расписка, потпечатена со окружниот печат и потпишана најмалку од еден од раководителите началници.

Првиот ден било решено по однос на правата и должностите на началничкиот персонал да се изработи специјален востанички дисциплински устав.

Стратегија[уреди | уреди извор]

Во однос на стратегијата и начинот на водење на Востанието, било решено тоа да биде општо, односно да се кренат сите окрузи, а да се води на партизански начин, со оглед на тоа дека само еден дел од населението е вооружен.

Освен тоа, било решено на денот на Востанието да се кренат сите вооружени сили по реоните како чети, а четите требале да ги прекинуваат патните, телеграфските и поштенските врски, да го разоружуваат турското население, да ги напаѓаат државните згради, да напаѓаат (според можностите) секоја турска вооружена единица, да ги бранат христијаните, вклучувајќи ги и туѓите поданици од турски напади.

Било забрането да се напаѓа мирното население и да се посега по турски жени, деца и старци. [5] Било предвидено четите да дејствуваат поединечно, а во случај на потреба да се здружуваат две до три чети и, по извршената акција, да се растураат. Последниот ден бил прифатен Уставот и било решено Главниот штаб да го определи денот на Востанието.

Дисциплински устав[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Востанички дисциплински устав.

На последното IV заседание, Конгресот го усвоил Востаничкиот дисциплински устав кој бил изработен од Борис Сарафов и Димитар Дечев.

Дисциплинскиот устав го определувал Главниот (Генерален) штаб како врховно раководно тело на Востанието, односно, како врховен заповедник на сите вооружени сили, но и највисок орган на власта на востаничката територија.

Тој е орган што раководи со востанието и сите вооружени единици стојат под негово заповедништво. Меѓународната активност на востаниците, исто така, се одвивала преку Главниот штаб - тој бил единствено овластен да води преговори со надворешни сили, како и со непријателот.

Револуционерни реони[уреди | уреди извор]

Конгресот донел одлука Битолскиот револуционерен округ да се подели на 10 револуционерни реони: Битолски, Лерински, Кичевски, Демихисарски, Костурски, Преспанки, Ресенски, Охридски, Крушевски и Прилепски. За секој реон било избрано горско начелство од 3 до 5 члена. Според Протоколот од Конгресот, горските начелства се распоредени на следниот начин:

Битолски реон: a) Пелистерски реон: Георги Сугарев б) Смилевски реон: П. Цветков, Иван Делев и Георги Павлов.
Лерински: Георги Папанчев, Лечо и Коста Груев.
Костурски: Васил Чакаларов, Пандо Кљашев, Лазар Поп Трајков, Манол Розов и Михаил Николов.
Преспански: Никола Кокарев, Веле Илиев и Наум Фотев.
Ресенски: Славејко Арсов, Драган Петков, Александар Панајотов.
Охридски: Христо Узунов, Андон Кецкаров, Наум Чакаров, Наум Анастасов и Димитар Стојков.
Кичевски реон: а) Горно и Долно Копачко и Долна река - Лука Џеров, Јанаки Јанев, Арсо Мицов б) Рабетинскол и Пороче: Георги Пешков, Ванче Мичуков, Јанаки Петров (Ирландски) Цветан од с. Световраче.
Демир Хисарско: - Јордан Пиперката, Георги Поп Христов, П. Кузман (село Бобина), Христо Пасков.
Крушевски: Тома Никлев, Никола Карев, Тодор Христов (офицер).
Прилепски: Петар Ацев, Веле Христов, Ордан Тренков, Никола Петров

Денот на востанието[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Илинденско востание.

Смилевскиот конгрес ја завршил својата работа длабоко во ноќта на 7 мај 1903 година. На 27 јули кај селото Буф (Леринско) ГШ како ден за објавување на востанието го определил 2 август.

На 28 јули од селото Боиште (Демирхисарско), Штабот преку брзи курири испраќа проглас за востанието во сите краишта на Битолскиот револуционерен округ.

Поради напаѓањето на патничките, железничките, телеграфските и поштенските врски била испратена декларација, а до Големите Сили да не патуваат нивни граѓани на железницата Битола - Солун, за да не дојде до несакани жртви.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Историја на македонскиот народ“, Книга втора, НИП Нова Македонија, Скопје, 1969.
  2. Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", Издателство на Илинденската организация, София, 1933. (бугарски)
  3. Спомени на П. Кљашев..., 242
  4. Васил Чекеларов, Дневник..., 223
  5. Васил Чекеларов, Дневник..., 228-229

Литература[уреди | уреди извор]

  • „Историја на македонскиот народ“, Скопје, 1969.
  • „Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава“, том еден, Универзитет Кирил и Методиј, Факултет за филозофско - историски науки, Скопје, 1981.
  • „Прилеп и прилепско низ историјата“, книга прва, издание на општинското собрание и на сојузот на здруженијата на борците од НОВ - Прилеп, Прилеп, 1971.
  • Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", Издателство на Илинденската организация, София, 1933. (бугарски)

Филм[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]