Привремена влада на Крушевската Република

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Црвено знаме на Крушевската Република, кое се веело над зградата во која била сместена Привремената влада.[1] Според некои извори знамето имало од едната страна исправен лав и натпис "Свобода или смъртъ", а од другата пишело: "Бог е с нас - дерзай народе".[2] Според други извори на зградата се веело и бугарското знаме.[3][4]

Привремената влада (Времениот извршен совет) била дел од извршната власт на Крушевската Република. Таа била составена од претставниците на сите етнички групи и верски конфесии од Крушево, а за нејзин претседател бил избран Дину Вангели.[1] Нејзина главна задача била да се грижи за снабдување на востаниците со се што им било неопходно за продолжување и завршување на Илинденското востание во Крушевската револуционерна околија. Владата била задолжена и за: правосудството, финансии, градската полиција и друго. Народното собрание со оглед на востаничката состојба, решило до нормализацијата на положбата, на чело со новоформираната власт да биде Горскиот штаб на Крушевската востаничка околија, на кој му помагаат Реонскиот револуционерен комитет, Војводскиот совет и Привремената влада. Со оваа одлука Привремената влада се нашла во подредена улога во однос на Горскиот штаб. Владата функционирала до крајот на републиката.

Формирање[уреди | уреди извор]

По ослободувањето на Крушево, на 4 август 1903 година било свикано Собранието на градот кое одржало своја седница на која била донесена одлука за формирање на Привремена влада односно на Времен извршен совет. Членовите на овој совет биле избрани со тајно и слободно гласање. За негови членови биле избрани: Дину Вангели, Николаки Баљу, Ѓорѓи Чаче, Теохар Нешков, Димитар Секулов и Христо Ќуркчиев.

Членови на Привремената влада на Крушевската Република, од лево на десно: Дину Вангел, Димитар Секулов, Ѓорѓи Чаче, Николаќи Баљу, Теохар Нешков, Христо Ќурчиев

Според етникумот и конфесионалноста во владата се нашле: еден Влав - патријаршист, еден Албанец - патријаршист, еден Влав - националист и тројца егзархисти. Затоа Димитар Секулов истакнал дека егзархистите се подготвени да отстапат две места: на еден Турчин и на еден Помак, ако во иднина има потреба од тоа.[5]

Секој член на владата добил посебен ресор, а тие биле поделени и според слениот начин:

Дину Вангел - претседател на Советот и одговорен за правосудство.
Ѓорѓи Чаче - секретар на Советот и одговорен за реквизиција.
Теохар Нешков - касиер и одговорен за финансии.
Христо Ќурчиев - градоначалник и одговорен за полиција.
Димитар Секулов - одговорен за прехрана и производство.
Никола Баљу - одговорен за санитарниот сектор, на Баљу му биле поставени на располагање и лекарите д-р Никола Димко и д-р Батал.

Организација[уреди | уреди извор]

Седиштето на владата се наоѓало во патријаршиското машко училиште. Советот имал определено работно време, работел претпладне и поладне. Владата и Штабот одржувале врски преку двајца вооружени младинци - поштари.

Пред надворешната порта стоеле двајца милиционери, а пред канцеларијата имало специјално лице кое ги пријавувало лицата кои сакале да имаат прием кај членовите на владата. Над зградата било развиорено црвено знаме, симбол на слободата и новата власт.[1]

Решенија[уреди | уреди извор]

Седиштето на Привремената влада

Веднаш по изборот на владата, таа во соработка со Горскиот штаб и Реонскиот комитет ги донел следните решенија:

1. Да се отворат опинчарски и сарачки работилници за првење на нови и поправање на старите опинци и патрондаши. За раководители и одговорни на овие на овие работилници биле Пацо Секуловски, Иван Поп Димитров и Кoле Чачор, чии дуќани биле определени за оваа дејност.
2. Да се содаде арсенал со две одделенија:
a) Леарна за леење на куршуми.
Тука требало да се носат оловни калајни садови и предмети од целиот град, од кои се леелекуршуми за разновидните пушки и револвери. Леарната била сместена во куќите на Тира Павлев, Дику Патрикот и Веле Саатчијата. Со Леарната раководела искусна интелектуална група.
б) Работилница за поправање на оружје.
Тука се мазнеле куршумите, се чистеле гилзи и се подготвувале патрони. Исто така, се поправале расипани и оштетени пушки. Работилницата била сместена во куќата на Илија и Коста Лапевски, а била под раководство на искусни железари и туфекчии. Ставре Борјар и Митка Манак.
3. Да се отвори шивачка работилница за задоволување на потребите на четниците, под раководство на Косту Петрашинку и Коле Лозанов.
4. Да се испрати наредба до сите раководители во полските села од Крушевскиот реон веднаш да почнат со жетвата и вршењето, ако уште ги немаат почнато, да реквирираат жито и преку селата Свето Митрани и Бирино да го испратат за Крушево за мелење во две парни мелници.
5. Да се организира брза курирско-поштенска врска со целиот реон и со Прилеп.
6. Во егзархиското училиште да се отвори болница, под управа на Илче Стојчев. Таа требало да им служи на борците и на цивилното население.
7. Да се организира градска и селска милиција. Градот се дели на четири милиционерски станици и потстаници[1].

Работа[уреди | уреди извор]

Владата посветила посебно внимание на прашањето за исхрана на востаниците и населението, а со ова прашање се занимавало и Собранието. Било решено на Ѓорѓи Чаче, одговорен за реквизицијата, да му се дадат тројца помошници - Григор Божинов, Ѓорче Тренков Селчанец и Тодор Лозанов. Се дошло до заклучок дека житото треба да им се плаќа на селаните и тоа по пазарна цена, а брашното да се продава на поимотните семејства, а на најсиромашните да им се дава бесплатно. Исхраната на востаниците исто така била бесплатна.

Во однос на финансиите било решено тие да се собираат од секој граѓанин, во зависност од имотната положба граѓаните требало да дадат свој прилог во општата каса. Вложените пари требало да бидат доброволен заем за поткрепа на власта. Пари се собирало и со расписки (сметки) какви што издавала Македонската револуционерна организација, односно нејзините институции.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 Историја на Крушево и Крушевско, Од постанокот на градот до поделбата на Македонија, книга прва, Крушево, 1978.
  2. Според писмо на бугарскиот конзул во Битола д-р Бешков до премиерот на зградата се веело црвено знаме од едната страна со исправен лав со натпис "Слобода или смъртъ", а од другата: "Дерзай народе - Бог е с нас". Istoricheski pregled, tom 34, Bŭlgarsko istorichesko druzhestvo, Institut za istoria (Bŭlgarska akademia na naukite), 1978, стр. 85.
  3. Во писмо на српскиот генерален конзул во Битола Михајло Ристиќ до министерот за надворешни работи пишело дека на зградата на локалната влада се веело и бугарското знаме. "Osemdeset godini Ilindensko-Preobrazhensko vŭstanie", Khristo Khristov, Metodi Petrov, Institut za istoria, Bŭlgarska akademiia na naukite, 1988, str. 141.
  4. “The Krusevo manifesto was declared, assuring the population that the uprising was against the Sultan and not against Muslims in general, and that all peoples would be included. As the population of Krusevo was two thirds hellenised Vlachs and Patriarchist Slavs, this was a wise move. Despite these promises the insurgent flew Bulgarian flags everywhere and in many places the uprising did entail attacks on Muslim Turks and Albanians who themselves organised for self defence. ”Who are the Macedonians?" Hugh Poulton, C. Hurst & Co. Publishers, 1995, ISBN 1850652384, p. 57.
  5. Соочување со реалноста, Цивил, Скопје, 2014, 105 стр.

Литература[уреди | уреди извор]

  • „Историја на македонскиот народ“, Просветно дело, Скопје, 1972.