Прејди на содржината

Крушевска Република

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Од Википедија — слободната енциклопедија
Крушевска Република
Republica di Crushuva
1903–1903
Flag of Крушевска Република
Flag
Motto: Слобода или смрт
Востаничката ослободена територија на Крушевската Република (розево) во регионот Македонија (жолто)
Востаничката ослободена територија на Крушевската Република (розево) во регионот Македонија (жолто)
Главен градКрушево
Говорени јазицимакедонски
Уредувањерепублика
Претседател 
Претседател на привремената влада 
Историја 
• Создавање
3 август 1903
• Враќање под отоманска власт
13 август 1903
Население
• почеток на XX век
9,350
Валутаакче
Претходници
Наследници
Отоманско Царство
Отоманско Царство
Денес дел од Македонија

Крушевска Република (313 август 1903,[ˣ 1] влашки: Republica di Crushuva[1]) — востаничка месна власт во времето на Илинденското востание. По ослободувањето на Крушево, 3 август 1903, била воспоставена востаничка власт, организирана врз републиканско-демократски и револуционерни начела, под претседателство на Никола Карев, началник на Горското началство — воена власт на слободната територија.

Највисок орган на цивилната власт бил Советот на месната револуционерна власт што се состоел од 60 членови. Советот избрал Привремена управа од 6 члена: Вангел Дину (претседател и одговорен за судството), Ѓорѓи Чаче (реквизиција), Теохар Нешков (финасии), Христо Ќуркчиев (градоначалник и одговорен за редот и за безбедноста), Димитар Секулов (прехрана) и Никола Баљу (санитет).

Во текот на своето десетдневно постоење Владата организирала револуционерен суд за кривични и за граѓански предмети, поштенска служба, санитетска служба со болница, леарница за куршуми, производство на востаничка опрема, бил распишан данок и започнало собирање доброволни прилози, извршена е реквизиција на предмети и објекти за потребите на востаничката власт и за одбраната на градот, претпријатијата биле национализирани, биле изработени неколку црешови топчиња, биле преземени мерки за фортификациско утврдување на градот за одбрана.

Со декларација (позната како Крушевски манифест) било повикано муслиманското население од околните села да остане мирно.

Подготовки за кревање на Илинденското востание

[уреди | уреди извор]

Солунски конгрес

[уреди | уреди извор]

Во јануари 1903 година се одржал Солунскиот конгрес. На третото заседание, на 16 јануари, кое траело само час и половина се прифатил и потпишал Протоколот за извршената работа и преземените решенија. Решително против востанието се изјаснил само серскиот делегат Лазар Димитров, но на крајот и тој се присоедини кон заедничкото мнение. Скопскиот делегат Димитар Ганчев, испратен со директива да дејствува за одлагање на востанието бар на една година, исто го потпишал затоа што и другите потпишале. Најважниот аргумент против востанието – недостигот на доволно оружје во повеќето реони – било до извесен степен демантирано од уверувањата на Иван Гарванов, дека за скоро време ќе се случат крупни доставувања, како и од надежта, дека при општо востание, четите од Бугарија ќе префрлат значително количество пушки и други материјали. По донесување на решението за востание, окружните комитети биле задолжени да ги преземат потребните мерки за забрзување на подготовките за кревање на востанието.

Подготовки во Битолскиот револуционерен округ

[уреди | уреди извор]

... Груев и Сарафов ги обиколија повеќето реони на Округот, започнувајќи од Охридско. Се движеа со чета од 20 души, наречена штабна и командувана од Дечев. Во посетените околии двајцата членови на Штабот заедно со реонските раководства го направија планот за најважните востанички акции, ги усогласуваа недоразбирањата, ги даваа последните упатства.

—  Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, том еден [2]

Смилевски конгрес

[уреди | уреди извор]
Даме Груев

Смилевскиот конгрес, како конгрес на Битолскиот округ, според решенијата донесени во Солун, требало дефинитивно да ја потврди одлуката за кревање востание. Во таа насока се развила остра дискусија, во која се јавила струја која сметала дека условите за сенароден бунт сè уште не се созреани.

На првиот ден од конгресот од излагањето на делегатите било утврдено дека Прилепскиот, Битолскиот, Кичевскиот и некои делови на други реони не се достатно подготвени. Најдобро подготвени биле Ресенскиот реон, Костурскиот, Демирхисарскиот, неколку села од Битолскиот реон, како што се Смилево, Ѓавато и Цапари, додека Охридско располагало само со 1 500 пушки.

Оттука, опозицијата против востанието се јавила, а во неа биле: Ѓорѓи Сугарев, Петар Ацев, Тале Христов, Никола Карев, Никола Петров Русински и други. Меѓутоа несогласувањата ги прекинал Даме Груев, кој како еден од основачите на Македонската револуционерна организација и претставник на неговиот Централен комитет, уживал огромен авторитет. Според сеќавањата на Пандо Кљашев, тој рекол:

А бре луѓе, не губете си го времето да го решавате прашањето - ќе, има ли востание или не, зашто тоа е решено - битти даваси! Говорете сега за востание, како да го направиме и кога, но не по ден и по време [3]

Бидејќи групата која клонела за востание била доминантна, Конгресот уште на самиот почеток донел повеќе решенија за подготовка на востанието, а меѓу поважните биле: востанието да има партизанско-четнички карактер, да не биде масовно, односно да не востанува населението. Бил избран Главен штаб за II Битолски револуционерен округ и горски началства за секој револуционерен округ. Во Горскиот штаб на Крушевската востаничка околија влегле: Никола Карев, Тома Никлев и Тодор Христов - Офицерчето. Во секој реон биле определени воени лица како инструктори, а за Крушевскиот реон бил назначен потпоручникот Христов - Офицерчето.

Општ план за востанието

[уреди | уреди извор]

Целта на востанието не е да ја победиме Турција, туку таа да не може да не победи... востанието треба да биде долготрајно, макар и послабо, отколку силно, но краткотрајно. На тој начин, на Турција и се одзема можноста да изјави пред Европа дека редот е воспоставен...

— Општ план за востанието [4]

Во јуни по барање на Централниот комитет бил изработен Општ план за востанието [5]. Во овој план било истакнато дека во согласност со одлуките на Солунскиот конгрес и советувањата во Софија, треба да се води герилска борба. Четите требало да дејствуваат насекаде и во исто време, без да се крене народот. Целта не била да се победи Турција, туку таа да не може да ги победи востаниците [6]. Востанието требало да биде послабо но долготрајно и борбата требала да се води до зимата, а повторно да се прогласи идната пролет. Востанието требало да почне кога ќе созреело житото и ќе се зголемела ноќта во јули. Со општиот план Македонија била поделена на 6 востанички окрузи, а во Битолскиот востанички округ, односно во I востанички округ, влегувале: Битолско, Охридско, Дебарско, Кичевско, Крушевско, Прилепско, Велешко, Мариовско, Костурско и Леринско.

Подготовки во Крушевската востаничка околија

[уреди | уреди извор]

Во предилинденските советувања на Главниот штаб и на месните реонски раководители, градовите на Југозападна Македонија станаа предмет на посебни и долги анализи. Сите го ценеа значењето и ефектот на крупните акции и секаде се правеа предизвикувачки планови. Голем приврзаник на таквите планови беше Сарафов. Тој од искуство знаеше дека виорниот напад и неколкучасовното владеење на Мелник во 1895 година имаше поголем ефект од сите битки на Пирин и Родопите. Мислата за напад на Битола не престана да го окупира до последен момент. Но, таа категорично се отфрлаше од сите негови другари како нереална... Така пропаднаа многу планови, а се остварија, целосно или делумно, само неколку. Меѓу нив, преземањето, владеењето и одбраната на Крушево, зазема прво место. На овој убав планински град... му падна да го поврзе своето име со најкрупниот настан во Илинденското востание. Чисто христијанскиот карактер на градот и неговата стратешка положба претставуваа исклучителна предност која реонското раководство имаше намера да ја искористи. Сите подготовки, мобилизацијата и распоредот на вооружените сили во реонот се спроведоа со оглед на одлуката за напад на Крушево

—  Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, том еден [2]
Крушево [ˣ 2]

Активност на Горскиот штаб на Крушевската востаничка околија

[уреди | уреди извор]

Крушевчани на свој начин си го разбирале востанието. Тие не се занимавале со голема политика и не ја разбирале таквата политика. Тие не го сфаќале востанието како средство што треба да ги принуди големите сили да интервенираат и да го помогнат создавањето на автономна Македонија. Крушевското раководство востанието го сфатило како средство за директно, непосредно ослободување на Македонија, и за тоа се борело.

— Историја на Крушево и Крушевско [7]
Карев во четничка униформа
Крушевска куќа

Никола Карев, и покрај тоа што на Смилевскиот конгрес бил меѓу оние дејци кои се спротивставиле на востанието, по донесената одлука за негово кревање се вратил во Крушевската околија и заедно со останатите раководители презел засилена активност за подготовка на востанието. Реонскиот комитет издал наредба до сите месни комитети за забрзано собирање на оружје и општа подготовка за востанието. Карев заедно со својата чета започнал да ги обиколува селата и да ги запознава селаните за претстојното востание. Карев со својата агитација го подигал моралот на населението и ги запознал со предвидената тактика.

Покрај набавката на пушки, била преземена активност за правење на куршуми. Куќата на Пашка Бојаџиева во Крушево била претворена во работилница за производство на оружје и леење на куршуми. Оваа дејност ја извршувала т.н. интелектуална група во која влегувале: учителот Никола Киров Мајски, Методи Стојчев, Стерјо Блажев, Ташко Поп Христов, Наум Томалевски, неколку ученици и занаетчии. Групата, една недела пред востанието, изработила 9.000 куршуми за разни видови на пушки и револвери.

По наредбата на Горскиот штаб, четите започнале со вежбање и подучување на основната воена вештина во околината на Крушево. Сите членови на Организацијата кои биле способни да носат оружје, биле повикувани во групи на повеќедневна обука во гората. Од селската милиција било побарано да биде добро екипирана и да носи храна со себе за три дена. На сила била наредбата за забрана на каква било расправија помеѓу христијаните и муслиманите, за да не дојде до раздвижување на османлиските власти. Била воспоставена редовна врска помеѓу селата и Крушево, Горскиот штаб требало да биде постојано информиран за состојбата во Крушевската околија и раздвижувањето на војската или башибозукот.

Горскиот штаб издал наредба за снабдување на населението со брашно, сол, опинци и други потреби, а таму каде што било потребно се давало и пари. За време на пазарните денови, понеделник, четврток и сабота, во Крушево биле купувани сол и брашно, а преку селаните од Горно Дивјаци, Долно Дивјаци, Арилево и Пуста Река ги испраќале во гората, за да се направат пексимид. За правење на овие производи, во Осојо и Пуста Река биле направени специјални фурни, а таму биле испраќани и четничка облека, опинци и друго.

14 јули се паднал во понеделник, пазарен ден и во Крушево се собрале голем број на пазарџии од околните и подалечните села. Меѓу нив се нашол и Никола Карев, облечен во ќумурџиска облека. Карев дошол во градот по организациска работа. Непосредно пред неговото доаѓање, Горскиот штаб решил да бидат изработени топчиња од дрво. Тодор Христов изработил специјална скица, а Карев во Крушево го повикал Цветко Стојчев од Селце и му ја доверил задачата за изработка на замислените топчиња. Цветко исекол две големи црешни и направил седум трупци, меѓутоа поради краткиот временски период, трупците ги оставил на сонце да се исушат и поради тоа дошло до пукање на дрвото. Од седумте трупци, само три биле запазени и од нив, сè уште незасушени, биле изработени трите црешови топчиња, идната артилерија на Крушевската Република.

План за освојување на Крушево

[уреди | уреди извор]

Било планирано денот Св. Илија да се прослави на начин кој со ништо не би предизвикал сомневање кај властите дека токму тој ден ќе се случи нешто толку значајно во историјата на овој народ. Било предвидено денот да биде свечено обележан со масовни посети на црквите, на куќите што го славеле денот, со масовни прошетки до околните места...

— Историја на Крушево и Крушевско [7]
Тодор Христов
Гумење, местото од каде било раководено востанието во Крушевската околија
Куличе, собирен пункт на четите

На 1 јули (стар стил) 1903 година, Главниот штаб за II Битолски револуционерен округ донел одлука востанието да започне на 20 јули [8], односно 2 август во нов стил, соопштението за денот на востанието било умножено и растурено низ околиите. По примањето на одлуката за денот на востанието, Горскиот штаб на Крушевската околија презел конкретни мерки за изработка на план за освојување на Крушево.

Крушевските раководители востанието го разбрале како непосредно ослободување на Македонија и оттука подготовките на востанието во Крушевско биле подготовки за ослободување на градот. Затоа Горскиот штаб, легалните дејци и интелектуалната група, особено Григор Божинов и Тодор Павлов, изработиле план за денот на востанието во Крушево и околијата. Планот предвидувал:

... на 1 август (нов стил), т.е. еден ден пред востанието... преку премините Слива и Павлева Чешма, од Крушево во селото Горно Дивјаци и Пуста Река да се испратат 150 души вооружени граѓани. На 2 август вечерта уште 30 вооружени граѓани требало да излезат од градот. Со цел докрај да се запази во тајност датумот на востанието, вооружените граѓани што излегувале од Крушево требало да сметаат дека одат на вежба, поради што требало да носат храна за 1-2 дена. На денот на востанието, по вечерата, браќата Коле (Колич) и Алексо Ивановски имале должност да влезат во црквата Св. Никола, да се сокријат и, во ноќта, во определено време, да ги отворат сите црковни врати, за да можат да влезат востаниците и да зафатат позиции наспроти уќуматот. Потоа, тие требало да ги удрат камбаните, со што би ги известиле граѓаните за дигање на востанието... Организацијата имала за задача, преку посебни лица, на денот Илинден да го следи и најмалото движење во градот и во неговата околина и да презема соодветни мерки... членови на Организацијата од патријаршиската влашка средина биле задолжени да го набљудуваат делот од градот од Каменот - кафенињата до Мала Корија, од албанската патријаршиска средина - делот од Мала Корија до Мијачката Корија, од егзархиската средина - делот од Мијачката Корија до Крстот, а од влашката - романофилска средина - реонот од Крстот преку Струнга до Каменот - кафенињата. Во овој дел се наоѓала турската касарна. Групите за набљудување биле должни внимателно да ги следат сите пунктови што го поврзувале Крушево со Прилеп, Битола, Кичево и со околните села. Притоа на располагање го имале силниот коњ на Андонаки Пренда, со кој требало итно односната вест да ја пренесат до Горското началство. Пред полноќ на 2 август, Горското началство требало да ги добие последните информации од градот и да даде наредба за напад и негово ослободување [7].

Врз основа на овој план, Горскиот штаб изработил конкретен воен план за освојување на Крушево. Било искористено присуството на велешанецот Тодор Христов - Офицерчето, воено лице, тој со своето искуство ја олеснил работата на Горскиот штаб. Офицерчето и Иван Наумов Аљабакот, облечени во цивилна облека влегле во Крушево и во придружба на учителот Ташко Поп Христов, учителката Фанија Ракиџиева и Коца Јосева ја обиколиле периферијата на градот и самиот град и откако ги собрале потребните информации се вратиле во гората. По нивното враќање, Горскиот штаб, заедно со војводите Питу Гули, Ташко Карев, Андреја Докурчев и Ѓурчин Наумов, изработил план за распоредување на востаничките сили и биле дадени прецизните задачи за напад на градот.

Одредот на Иван Наумов Аљабакот добил задача да ја нападне и заземе воената турска касарна. Питу Гули и неговиот одред, претежно составен од селани, требало да се концентрира во селото Бирино со задача да ги чува патиштата што воделе кон Крушево од манастирот Свети Спас и селата Трстеник, Бирино, Журче и преминот кај селото Острилци. Одредот на Марко Христов - Мирче требало да го чува Крушево откај премините Липа и Спилите. Одредот на Ташко Карев требало да го чува преминот Којов Трн, одредот на Ристо Толев преминот Павлева Чешма, одредот на Ѓурчин Наумов - Пљакот требало да ги обезбедува патиштата на Слива, Дени Камен и Бушева Чешма. Осмиот одред на Коста Христов добил задача да го чува преминот кај Муратова Чешма до местото Гол Рид.

Број и состав на востаничките сили

[уреди | уреди извор]
Четата на Питу Гули во Бирино

Сите одреди биле мешани, односно составени од селските и градските милиции. Во одредот на Питу Гули кои претежно бил составен од селани имало и неколку граѓани, а меѓу нив биле Коста Божинов секретар на одредот и Ѓорѓи Димов - знаменосец. Најголемиот дел од востаниците, во одредот на Гули, биле од селата Бела Црква, Воѓани, Обршани, Пашино Рувци и Бирино. Во овој одред, кој бил најголем, влегувале и милициите од Кривогаштани (околу 120 души на чело со Милан Ѓурлукот), дел од милицијата на селата Света и Журче, како и на селата Ивањевци, Српци, Беранци, Лознани, Новоселани, Свето Тодори, Подино и Острилци.

Во одредот на Иван Наумов Аљабакот, покрај граѓаните, влегувале и селаните од Пуста Река, Горно Дивјаци, Арилево и Света. Во одредот на Андреја Докурчев влегувале четниците од селата Крушеани и Света.

Во одредот на Марко Христов - Мирче, покрај неколку граѓани, влегувале милициите од селата Единаковци, Вардино, Бараково, Граиште и Бучин. Одредот на Коста Христов бил главно составен од милицијата од село Селце.

Во одредот на Ѓурчин Наумов - Пљакот учествувале селските милиции од Долно Дивјаци, Сланско и Кошино. Имињата на голем број од четниците им се познати, но повеќето од нив останале анонимни.

Вкупниот број на борците изнесувал 750 души.

Последните часови пред востанието

[уреди | уреди извор]

На 31 јули (нов стил) 1903 година, Никола Карев со своите помошници слегол во полските села и наредил вооружените сили да се соберат во селото Свето Митрани. Во текот на ноќта тие се префрлиле во Биринската курија каде што било извршено нивно распоредување по одредите, согласно изработениот план.

Силите од другите села на Крушевскиот реон се собрале во Пусторечкиот и Зашлечкиот Ослој. Оттука тие биле испратени со песни и цвеќиња од жените, децата и старците. Овие милиции влегле во селото Горно Дивјаци, таму биле пречекани на ист начин и оттука биле испратени за Крушево. На Илинден, селата биле полупразни, но Турците не сетиле ништо.

Крушево на Св. Илија

[уреди | уреди извор]

За неупатените, т.е. за најголемиот дел од граѓаните, празникот св. Илија мина како и сите празници - со литургија во трите цркви, со визити и со подготовки за многуте свадби. Упатените во тајната беа на своите места во неколку одреди на околните планини и села. Оние кои знаеја во градот, минутите по ручекот ги минуваа во голема вознемиреност. Се сноќи. Градот постепено се смири. Се слушаа само далечни звуци на музика и песни од свадбарските куќи и ударите на часовникот на камбанаријата на големата грчка црква св. Никола. Во тоа време востаничките одреди кои броеја околу 800 вооружени луѓе, го стеснија обрачот околу Крушево, а два одреда незабележано влегоа во самиот град.

—  Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, том еден [2]
Четата на Докурчев
Андреја Докурчев

На Илинден во Крушево било мирно. Црквите биле полни со луѓе, во градот се слушало музика, песни и веселби по имендените и сл. Бил изоставен стариот обичај, на Илинден масовно да се прават свадби, меѓутоа денот сепак бил свечено обележан. Имало неколку свадби кои придонеле да изгледа дека сè е нормално. Стражите на Организацијата внимавале да не дојде до некој инцидент, да не дојде некој од селата и да ја открие тајната за востанието. Имало неколку случки кои предизвикале возбудување, а една од нив е кога Коле Чавче, пијан со врзана црвена крпа на стап, сред чаршија почнал да вика:

Ура! Да живее Македонија! Долу Турците! [7]

Меѓутоа Чавче бил познат градски пијаница и Турците не му обрнале внимание. Информациите за состојбата во Крушево на Илинден пристигнувале во куќата на Ѓоре Марков, неговата куќа се наоѓало на крајот од градот и тука било сметено легалното реонско раководство. Откако биле примени сите информации, дека турските власти се подготвуваат да се приберат во своите домови и дека градот се смирува, биле испратени четворица души до месноста Кукличе за да ги известат четите на Андреја и Аљабакот дека е дојден часот за напад на градот. Со себе носеле тенеќии со газија за потпалување на зградите. Во меѓувреме, согласно планот, на Коле и Алексо Иванови им било наредено да влезат во патријаршиската црква и да го чекаат навлегувањето на четниците. За почетокот на востанието крушевчани биле известени со прогласот издаден од Горското началство и војводите во кој било истакнато:

Браќа, Брзаме да ве поздравиме со востанието! Денеска цела Крушевска околија, заедно со цела Македонија, дигна востание и вика: Долу тиранијата! Да живее слободата и рамноправноста помеѓу македонските народности! Камбаните насекаде бијат. Народот со чудна радост се прибира под бајракот на слободата! Момите и невестите ги китат со цвеќиња главите и пушките на востаниците. Секој Турчин што се најде по патиштата се фати и е прибран како заробеник и заложник. Насекаде песна, радост и веселба. Гориме од нетрпение и ја чекаме ноќта да дојде и да го преземеме Крушево, та заедно со сиот народ громогласно да го извикаме македонското Ура! Бог и правото се со нас! Да живее Македонија! [9]
Иван Наумов Аљабакот
Четата на Аљабакот

Пред полноќ, помеѓу Илинден и 3 август (нов стил) 1903 година четите започнале да ги заземаат предвидените позиции во градот. Меѓутоа борбата започнала порано од предвиденото време. Кога четниците на Андреја ги заземале позициите од каде требало да се нападне уќуматот, одделението предводено од Ванѓу Топуз Пуцакот налетало на едно деврие. Некои од деврието застанале да пијат вода од пазарската чешма и се сретнеле со двајца востаници по што започнала борба. Жандарите започнале да бегаат кон уќуматот викајќи:

Али чауш, Москов гелди (Русите дојдоа) [7]

Поради оваа неочекувана средба, двајцата војводи не успеале да ги реализираат предвидените планови. Било договорено Андреја да не отвора оган пред уќуматот сè додека Аљабакот не ги заземе сите позиции околу касарната и прв не отвори оган. Меѓутоа, по првото пукање кај чешмата, четите биле принудени набрзина да го заобиколат уќуматот и да ја продолжат борбата за негово уништување. Најголемиот дел од жандарите останале во зградата и одбиле да се предадат.

Поради тоа, уќуматот бил испрскан со газија и запален. Меѓутоа жандарите не се предале живи, еден дел од нив изгореле, други рипнале од прозорците и останале мртви на чаршиската калдрма, а други се обидувале да избегаат низ вратата каде што биле сочекувани со куршуми, само мал број успеале да избегаат. Отпор дале и службениците на Даночната и шумската управа. Туку бил убиен еден крушевчанец Питу Гонда, граѓаните кои им се придружиле на востаниците, кога виделе дека Гонда е мртов, ја попрскале зградата и ја запалиле и ниту еден службеник не се спасил. Дополнително светло за првите моменти на св. Илија дава Никола Киров Мајски кој истакнува дека:

Веднаш по првиот востанички истрел, силно ура! го растера воздухот и камбаните од четирите градски цркви удрија лудо и продолжително. На истрелите од уќуматот одговараат истрели од касарната. И оттаму се пренесе силно ура! Градот што спиеше се стресна, се разбуди и започна да ликува! Имаше ли потреба да му се каже дека е објавено востанието? ... Нели со векови мечтаел и го чекал тој Голем ден за пресметка со поробувачот и тиранот? И, ете веќе, таа со векови чекана желба се реализира, многуочекуваниот голем и славен ден дојде и Крушево го пречека така како што требаше да го пречека - мажи и жени, стари и млади, од сите негови народности, братски и сестрински се бакнаа... и си ја честитаа слободата со најискрена желба таа да биде вечна. Поздравот добредојде се замени со Христос воскресе, зашто во Крушево воскресна правдата и слободата. Затоа, и по црквите се пристапи кон извршување на пасхална служба... За востанатиот народ, Турција, како сила што влева страв, веќе не постоеше. За него сега постоеше моќна и непобедлива Македонија, која ги крши ропските синџири по цели пет векови... постоеше и Крушево, чии синови - јунаци луто му одмаздуваат на непријателот - го исполнуваат светиот завет на своите дедовци и прадедовци [7].

Општинската управа била заземена без борба. Секретарот се сокрил во еден долап, каде што бил откриен и при обидот да стрела бил убиен. Службениците во телеграфско-поштенската станица се предале без борба, а потоа се предале и полицискиот пристав и комесарот, кои живеле во една приватна куќа. Со Општиот план за Илинденското востание било предвидено населението да не востанува, а борбата да ја водат четите на Организацијата, меѓутоа уште на првиот ден од востанието голем дел од крушевчани, без разлика на етничката припадност и социјалниот статус, покажале готовност да го помогнат ослободувањето на Крушево. Меѓу нив се нашол и стариот ајдутин Гушу Курте Фетаџока, кој вооружен со стара пушка се борел рамо до рамо со востаниците. Останатото население, покрај активното учество во борбите, носеле патрони, храна и вода на борците, други ги прифаќале ранетите, а трети ја влечкале градската противпожарна пумпа како и тенеќии со газија за да ја запалат касарната.

Питу Гули
Турската касарна

Борбата на Ванѓу Топаз со жандармите кај чешмата, го попречила Иван Наумов да ги распореди своите четници на предвидените позиции. Групата на Таќу Костов - Ашлакот не успеала да го заземе магазинот со газија, тој се наоѓал на другиот брег од рекичката и можел да послужи како база за напаѓање.

Кога аскерот во касарната ги слушнал првите истрели, веднаш презел мерки на претпазливост, подготвувајќи се за борба. Четниците започнале да стрелаат врз главната порта од касарната не дозволувајќи им на турските војници да излезат надвор, меѓутоа и војниците започнале да стрелаат и не им дозволиле на востаниците да заземат погодни места во околните згради: складот за газија, фабриката за брашно, зградата на Оџаклиовци и други. Востаниците свесни за важноста на касарната решиле по секоја цена да ја заземат. Едни започнале да се спуштаат по скалите во позадина, други набрзина ги поминувале опасните места и влегувале во најблиските до касарната куќи, од каде што се олеснувал нападот врз аскерот. Војската, шеесет души, чувствувајќи ја опасноста, преку труба почнал да повикува на помош. Меѓутоа турските обиди за помош биле осуетени. Борбата за касарната се одолжила и постоела опасност на опсадените да им дојдат напомош поголеми сили од Битола и Прилеп. Затоа Горското началство го повикало одредот на Питу Гули кои се состоел од 300 души. По доаѓањето на Гули и неговиот одред било решено да се запали касарната. Биле наполнети шишиња и стомни со газија и памук, потоа биле запалени и фрлени врз касарната која што пламнала. Војниците биле принудени да слезат во долниот дел од касарната, дел од нив се обидела да избегаат по рекичката Долче, но биле откриени и нападнати. Повеќето од војниците биле убиени, дел изгореле, а неколкумина се спасиле. Во селото Алданци живи пристигнале само 17 војници со нивниот капетан.

На 3 август во четири часот по освојувањето на касарната борбите во Кршево завршиле, а градот бил ослободен од Турците. Од тој ден започнал десетдневниот слободен живот на Крушевската Република. Додека одредот на Гули се борел кај касарната, на Гумење граѓаните се собрале пред востаничкото знаме за да му одадат почит. Во текот на борбите за ослободување на Крушево загинале десет души, од кои седум за време на нападот врз касарната. Бројот на ранетите изнесувал шест души.

Крушевска Република

[уреди | уреди извор]

Во Крушево, под зраците на мимолетната слобода и еднаквост се стопија националните омрази и зацарува мир и братство меѓу трите христијански општини. Во десетте денови Крушево живеше како автономна, минијатурна, но со положена крв на овој идеал... во борбата против тиранијата и го доведе до Илинден.

—  Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, том еден [2]

Народно собрание

[уреди | уреди извор]

... Штабот на востаниците - Горското началство - влезе во градот, пречекан свечено. Попладнето беа свикани на советување околу 60 души првенци од сите народности за да изберат управа за ослободената околија...

— Никола Киров Мајски, Крушово и борбите му за свобода [10]
Никола Карев
Патријаршиското училиште, седиште на Привремениот извршен совет

На 4 август (нов стил) во Крушево влегло Горското началство кое било свечено пречекано од граѓаните. Горското началство или Штабот, уште на самиот почетокот на востанието било проширено со тројца крушевски раководители: Антигон Хаџов, Тодор Павлов и Глигор Божинов, седиштето на Штабот се наоѓало на Гумења. По ослободувањето на Крушево, началството имало две големи основни и крупни задачи: одбрана на слободната востаничка територија и формирање на нова власт.

Штабот, уште пред да се симне во градот, им наредил на првенците од етничките средини во Крушево да достават список на лица кои карактеризирале со чесност и достоинство, без разлика на нивниот социјален статус. Тие требало да се соберат во новата зграда на патријаршиското училиште, а по нивното пристигање, на патријаршиската зграда да се развее црвено знаме - како симбол на слободата што се родила [7]. Истиот ден кога Штабот влегол во градот, било свикано собрание, составаено од 60 поистакнати граѓани, по 20 од секоја народност [ˣ 3][ˣ 4]. Во Собранието Никола Карев најпрво им ја честитал слободата на граѓаните, а потоа одржал говор во кој истакнал:

За човекот нема поголемо богатство и од правото спокојно да работи и да создава. А за да располагаме со таа виша човечка придобивка, Штабот е на мислење дека ние, крушевчаните, кои на Илинден оваа година јавно ги поставивме основите на нашето народно единство - факт што сам по себе говори дека ние сме културни и сознателни чеда на Македонија, што се отргнавме од заблудите со кои ни ги оковаа мозоците... станавме причина слично обединување да се постигне насекаде во нашата Татковина и да дадеме пример на вистинско народно управување, во кое да бидат еднакво застапени правата и задолженијата на сите вери и народности [7].

По говорот, Карев и штабот ја напуштил зградата на собранието само тоа да одлучи за видот на управата и да избере лица за новата извршна власт. Најпрво собранието избрало Биро во состав: претседател Теохар Нешков и секретар - Ѓорѓи Чаче. Бирото предложил дневен ред, кој бил прифатен, а тој гласел;

1. Објавување на Собранието во Основачко народно собрание
2. Определување каков вида да биде управата
3. Определување на лица за Привремен извршен совет
Улица во Крушево

Првата точка била прифатена без дискусии. За втората точка се воделе дискусии, а за збор се пријавиле: Наум Велјанов, Ѓорѓи Чаче и Никола Баљу. Во дискусијата која се водела, станало збор за монархистичкото и републиканското уредување во поодделни држави, се дале оценки таквите уредувања. По дискусијата, Собранието едногласно одлучило новата управа да биде републиканска. По третата точка исто така имало дискусија. Михаил Зиси предложил наместо Привремено извршно тело да се назначи една комисија која требало да управува со градот. Наум Велјанов истакнал дека создавањето на комисијата не би била адекватна на потребите, бидејќи власта што треба да биде создадена нема да биде само градска туку и околиска. По завршувањето на дискусијата била донесени следните решенија:

1. До завршувањето на Ослободителната борба на востанатиот народ, раководена од Штабот на востаниците, кој е законски избран на еден конгрес (Смилевскиот), никаков друг институт или установа не треба да се меша во функцијата на тој штаб, туку обратно, сите установи и институции треба да бидат во полна услуга на Штабот.
2. Времено, до нормализацијата на положбата, на чело со новоформираната власт ќе биде Штабот, на кој му помага Реонскиот револуционерен комитет, Војводскиот совет и Привремениот извршен совет.
3. Функциите на одделните сектори да се определат од Штабот на востаниците, во согласност со Времениот извршен совет.
4. Изборот на лица за Времениот извршен совет да се изврши преку тајно и слободно гласање.

За членови на Времениот извршен совет биле избрани: Дину Вангел, Николаки Баљу, Ѓорѓи Чаче, Теохар Нешков, Димитар Секулов и Христо Ќурчиев.

Привремена влада

[уреди | уреди извор]

По кратко советување се реши да се создаде привремена влада и за таа цел беа избрани 6 души - претставници на трите големи народности во градот... Задачата на Привремената влада беше следнава: да ги оданочи граѓаните со привремен налог, да собира по реквизициски пат храна за исхрана на востаниците и населението во градот и околијата, да реквирира материјали за облека и опинци за востаниците и за милитаризираните граѓани, како и материјали за нивното вооружување, да се грижи за ранетите и разболените востаници, граѓани и селани, да казнува провинети граѓани, да чува ред и мир во градот и сл... Привремената влада заседаваше во грчкото централно училиште... Над неа се развиваше црвено-крвавото знаме на Револуцијата.

— Никола Киров Мајски, Крушово и борбите му за свобода [10]
Членови на Привремената влада на Крушевската Република, од лево на десно: Дину Вангел, Димитар Секулов, Ѓорѓи Чаче, Николаќи Баљу, Теохар Нешков, Христо Ќурчиев

Според етникумот и конфесионалноста во владата се нашле: еден Влав - патријаршист, еден Албанец - патријаршист, еден Влав - националист и тројца Македонци (егзархисти). Затоа Димитар Секулов истакнал дека егзархистите се подготвени да отстапат две места: на еден Турчин и на еден Помак, ако во иднина има потреба од тоа. Секој член на владата добил посебен ресор, а тие биле поделени и според следниот начин:

Дину Вангел - претседател на Советот и одговорен за правосудство.
Ѓорѓи Чаче - секретар на Советот и одговорен за реквизиција.
Теохар Нешков - касиер и одговорен за финансии.
Христо Ќурчиев - градоначалник и одговорен за полиција.
Димитар Секулов - одговорен за прехрана и производство.
Никола Баљу - одговорен за санитарниот сектор, на Баљу му биле поставени на располагање и лекарите д-р Никола Димко и др. Батал.
Крушевски куќи

Седиштето на Привремената влада се наоѓала во централното грчко патријаршиско училиште. Владата имала определено работно време - претпладне и попладне. Меѓу неа и Горското началство била воспоставена специјална врска, која ја одржувале двајца вооружени поштари. Пред надворешната врата на седиштето на владата стоеле двајца милиционери, а пред канцеларијата имало едно специјално лице кое ги пријавувало странките пред членовите на владата или вршело други услуги.

Главна задача на владата, со оглед на воената состојба, била да се грижи за снабдување на востаниците со сè што било неопходно за продолжување на востанието. Меѓутоа владата, како цивилна власт, морала да води сметка за потребите на граѓаните. Таа била задолжена да собира данок од граѓаните, да врши реквизиција за исхрана на востаниците и на населението во градот и во околијата, да врши реквизиција на материјали за облека и обувки за востаниците, да врши мобилизација на граѓаните, да собира оружје и муниција, да се грижи за ранетите и за болните востаници и граѓани, да го одржува редот и мирот во градот и да исполнува судска власт.

Владата, веднаш по нејзиниот избор, во соработка со Горското началство и Реонскиот комитет на Македонската револуционерна организација ги донела решенијата:

1. Да се отворат опинчарски и сарачки работилници за правење на нови и поправање на старите опинци и патрондаши. За раководители и одговорни на овие на овие работилници биле Пацо Секуловски, Иван Поп Димитров и Коле Чачор, чии дуќани биле определени за оваа дејност.
2. Да се создаде арсенал со две одделенија:
a) Леарна за леење на куршуми.
Тука требало да се носат оловни калајни садови и предмети од целиот град, од кои се лееле куршуми за разновидните пушки и револвери. Леарната била сместена во куќите на Тира Павлев, Дику Патрикот и Веле Саатчијата. Со Леарната раководела искусна интелектуална група.
б) Работилница за поправање на оружје.
Тука се мазнеле куршумите, се чистеле гилзи и се подготвувале патрони. Исто така, се поправале расипани и оштетени пушки. Работилницата била сместена во куќата на Илија и Коста Лапевски, а била под раководство на искусни железари и туфекчии. Ставре Борјар и Митка Манак.
3. Да се отвори шивачка работилница за задоволување на потребите на четниците, под раководство на Косту Петрашинку и Коле Лозанов.
4. Да се испрати наредба до сите раководители во полските села од Крушевскиот реон веднаш да почнат со жетвата и вршењето, ако уште ги немаат почнато, да реквирираат жито и преку селата Свето Митрани и Бирино да го испратат за Крушево за мелење во две парни мелници.
5. Да се организира брза курирско-поштенска врска со целиот реон и со Прилеп.
6. Во егзархиското училиште да се отвори болница, под управа на Илче Стојчев. Таа требало да им служи на борците и на цивилното население.
7. Да се организира градска и селска милиција. Градот се дели на четири милиционерски станици и потстаници.

Владата посветила посебно внимание на прашањето за исхрана на востаниците и населението. Било решено, Ѓорѓи Чаче кој се занимавал со реквизицијата, да му се дадат тројца помошници - Григор Божинов, Ѓорче Тренков Селчанец и Тодор Лозанов. Се дошло до заклучок дека житото треба да им се плаќа на селаните и тоа по пазарна цена, а брашното да се продава на поимотните семејства, а на најсиромашните да им се дава бесплатно. Исхраната на востаниците исто така била бесплатна.

Во однос на финансиите било решено тие да се собираат од секој граѓанин, во зависност од имотната положба граѓаните требало да дадат свој прилог во општата каса. Вложените пари требало да бидат доброволен заем за поткрепа на власта. Пари се собирало и со расписки (сметки) какви што издавала Македонската револуционерна организација, односно нејзините институции.

Милиција

[уреди | уреди извор]

Милицијата била формирана веднаш по донесувањето на одлуката од страна на владата. Набргу пред грчкото училиште кое било седиште на владата, пред Христо Ќурчиев се собрале голем број на доброволци. Оттука се јавил проблем бидејќи не можеле да ги примат сите. Најголемиот дел од доброволците биле од влашките мала на Крушево.

Затоа било донесено компромисно решение, на помладите им било препорачано да стапат во деветтиот четнички одред под команда на потпоручникот Тодор Христов, а од другиот дел била формирана градската милиција. За началници на милицијата биле поставени: Коле Чкарна, Гушу Јота, Љаску Пренда, Гушу Абаџија, Тега Бурек, Ванчу Моцан, Гаги Качујан, Кола Бојаџија, Тома Чолаку, Лаќу Кушора и Коста Фетаџока.

Поради недостаток од пушки, целата милиција не била вооружена со ова оружје, затоа дел од милиционерите биле снабдени со револвери и стапови. Милицијата била поделена на 18 групи од по осум до десет души на чело со посочените началници.

Се формира револуционерен суд пред кого беа донесени неколкумина крушевчани, четворица гркомани и еден Бугарин (Македонец-егзархист б.н), познати на целиот град како турски шпиони. Сите беа осудени на смрт и погубени.

—  Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, том еден [2]

По ослободувањето на Крушево, одреден број на турски службеници се предале на востаниците. Меѓу нив се нашле: мудурот Мехмед Али, Јаја-ефенди началник на поштенско-телеграфската станица, Шабан-ага, жандармерискиот чауш Али-ага, Сулејман-ефенди началник на јавната и тајната полиција, Хајредин-ефенди. Покрај нив биле уапсени и христијански помошници. Таќу Вале полициски агент, Абдула потурчен Ром, Вани Пазванот и Гаќу В‘ Жу. Сите уапсени биле сместени во два логора, христијански и муслимански, тие се наоѓале меѓу папратите на Гумење, а таму биле чувани од одредот на Андреја Докурчев на чело со Коста Попето. Семејствата на уапсените биле собрани во куќата на Сулејман-ефенди, каде што им доставувале производи, тие биле обезбедувани од специјална востаничка стража.

За судењето на затворениците бил формиран суд на чело со Карев. Турските службеници биле судени поради сомнението дека тие како носители на турската власт ковале план за ликвидирање на поголем број на граѓани и на тој начин да се ослаби Македонската револуционерна организација. Со доаѓањето на Хајредин-ефенди бил формиран турски комитет, огранок на битолскиот, кои имал задача да собира средства за борба против Организацијата. Според планот, требало за време на пазарниот ден да бидат ликвидирани сите повидни селани, работници на Организацијата, а полицијата да ги уапси сите егзархиски учители, свештеници, и др. Турскиот аргумент за оправданоста на таа акција лежел во фактот што Организацијата подготвувала востание.

Во текот на процесот, судот утврдил дека во четвртокот пред востанието, турскиот комитет имал таен состанок во домот на мудурот и дека таму било решено за ликвидацијата на повидните селани и граѓани. Во текот на состанокот бил определен и начинот како да се изврши. Меѓутоа востанието го осуетил таквиот план, а протоколот од овој состанок се нашол во рацете на востаниците. Меѓутоа судот не ги разгледувал делата на уапсените христијани, бидејќи се било на мнение дека нивната вина не треба да се докажува, односно сите знаеле дека тие биле платени доушници на турската власт. Сите обвинети биле осудени на смрт и стрелани.

Први обиди на Османлиите за преземање на градот

[уреди | уреди извор]

На Илинден во Битола имаше 5 000 војници. Но, валијата се плаши да не избувне востание и во градот, или доколку не остане доволно војска во Битола, да не се обидат да навлезат чети. Затоа, дури вториот ден, на 22 јули, се осмелија да испратат 500 души во Крушево.

—  Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, том еден [2]
Османски војници и офицери
Башибозук

Првите обиди на опсадениот гарнизон во Крушево бил направен на 3 август (нов стил), уште додека траела борбата околу касарната. Првите судири настанале со пазарџиите - муслимани. Од околните муслимански села, на главниот пазарен ден - понеделник, тргнала голема маса на пазарџии, кои секогаш биле добро вооружени. Черкези од Ново Село и Турци од Кочишта, околу 50 души, се појавиле кај преминот Којов Трн, меѓутоа од четата на Ташку Карев биле принудени да се вратат назад. Од другата страна откај Бушова Чешма и Деникамен исто така се појавиле пазарџии од селата Пласница и Дреново, но и тие биле принудени, од страна на Ѓурчин Наумов - Пљакот, да се вратат назад. Муслиманите од селата Белушино, Борино, Саждево и Норово, се појавиле кај Муратова Чешма и биле нападнати од одредот на Коста Димитров.

На 3 август за Крушево, тргнал и еден аскер од 300 души, придружуван од башибозук од прилепските села. Тие се движеле по џадето Прилеп - Крушево, меѓутоа кај Спилите биле сочекани од востаниците и принудени да се повлечат.

Првите обиди за преземање на Републиката биле попречени од фактот што целиот Битолски вилает се кренал на востание. Османлиските гарнизони од Прилеп, Битола, Кичево и Прибилци не можеле да се упатат кон Крушево. Османлиите не се осмелувале да го нападнат Крушево преку премините Острилци и Круша бидејќи се плашеле да не наидат на заседа поставена од војводата Јордан Пиперката. Затоа војската и башибозукот тргнале од кај Кула, Спилите и Муратова Чешма. Обид за навлегување во Крушево направиле и муслиманите од селата Пласница и Дреново, но тој обид бил неуспешен.

Османлиска војска во Битола

На 4 август аскерот, кои бил принуден да се повлече претходниот ден од кај Кула и Спилите, се обидел да го заобиколи одредот на Марко Христов - Мирче и да го уништи, но не успеал. Во исто време, аскер и башибозук се обиделе да влезат во градот од другиот крај. Муслиманските првенци од селата Пласница и Дреново, коишто претходниот ден биле принудени да се повлечат, стапиле во контакт со властите во Кичево за заеднички напад. Аскер и башибозук се упатиле кон Деникамен и Бушова Чешма, од овие две села, меѓутоа стратегиските места биле празни и тие се упатиле кон Крушево. Меѓутоа кај Бела Вода наишле на заседа поставена од одредот на војводата Ѓурчин, се разврзала борба во која загинале 20 Турци по што аскерот и башибозукот се повлекле. Истиот ден кај Муратова Чешма се разврзала борба помеѓу одредот на војводата Коста Христов и башибозукот од селата Белушино и Норово. Повторно муслиманите биле принудени да се повлечат.

Дел од одредот на Мирче кој ја чувал позицијата кај Бела Вода бил известен од дрвари дека кај Бушова Чешма се собрал башибозук. Востаниците се обиделе да ги нападнат, но разбрале дека тие успеале незабележително да се спуштат кон преминот Слива. Сепак башибозукот бил нападнат одзади од страна на одредот на Мирче и принуден да се повлече.

Прилепските башибозуци и покрај неуспешните обиди, во кои имале помош од редовната војска, повторно самоиницијативно решиле да го нападнат Крушево. Тие се доближиле до востаничките сили кај Кула и се устремиле да ја преземат оваа позиција, но повторно биле принудени да се повлечат.

Откако сите обиди за преземање на Крушево завршиле неуспешно, османлиските власти разбрале дека градот е бранет од силни востанички одреди кои имаат висок борбен морал и затоа решиле да го сочекаат засилувањето и повторно да тргнат кон Крушево.

Мирни денови на Републиката

[уреди | уреди извор]

Во леарниците се претопуваа секакви оловни и калајни предмети, подарувани од граѓаните, а во посебна куќа се полнеа чаурите, се поправаа пушките, револверите итн. Двете мелници постојано го мелеа житото донесено по планинските патишта, неопходно за исхрана на населението и востаниците. На сиромашните брашно им се даваше бесплатно.

—  Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, том еден [2]

Активност и мерки на институциите

[уреди | уреди извор]

Назначени се комисии за продоволствие и други услуги на четите. Една комисија се занимава со... прехранување на четници и пренесување во болниците во градот. Болницата се преместува во училиштето „Св. Кирил и Методиј“, спроти црквата „Св Богородица“... Друга комисија се грижи за испорака на прехранбени производи. Складот се наоѓа при Кузман Гарски. Трета комисија испорачува чорапи, кошули и друга потребна облека. Складот на оваа комисија е во грчкото училиште. Една специјална комисија продолжува да собира оловни садови - сахани, павурчиња за ракија и други садови, неопходни за леење на куршуми. Леарната работилница се наоѓа при Илија Бојаџија. Има комисија за испорака на брашно. Таа се грижи и за месење и печење на леб. Брашното се складира во фурните.

— Георги Томалевски, 13-те дена на Крушовската република [11]

По неуспешните обиди за освојување на Крушево од страна на аскерот и башибозукот, настапил период на мир и затишје во целиот крушевски реон. Сите институции, органи и работилници функционирале во полн ред, веднаш по нивното формирање. Одговорните лица по разните прашања поднеле извештаи за сработеното и врз основа на тие извештаи било констатирано дека работите се одвивале според очекувањата. Најголема радост предизвикала веста за пристигнувањето на првиот карван со дваесет товари на стара пченица, кој бил растоварен во складот на грчкото училиште. Пред училиштето Карев истакнал:

... Денешниот ден е ден на славни бојни и работни победи! Да живее Крушево [7].

На 6 август била примена првата информација за текот на востанието надвор од Крушевскиот реон. Било примено писмо од демирхисарскиот војвода Јордан Пиперката и Петар Ацев. Пиперката, кои разбрал за црешовите топчиња, побарал да му испратат барем две, а за состојбата во својот реон истакнал дека:

Ѓавол да ги земе тие проклети Турци, се скрија во своите домови. Ќе ме принудат да влезам во селата... и да ги принудам да се борат со мене или да ми го предадат своето оружје [7].

Војводата Петар Ацев, во своето писмо до крушевските востаници напишал: Крушевски орли! Со вашата гордост и јас се чувствувам бескрајно горд и среќен [7]. Селските комитети од Крушевската околија ја поздравиле новата власт и изразиле подготвеност да ја помогнат со сите сили. Тие во коресподенцијата информирале дека народот си ја гледа работата и дека во моментот ниту војската ниту башибозукот не ги обеспокојува. Полските села известиле дека ја започнале жетвата. Раководителите од мешаните села информирале дека муслиманите биле исплашени поради повлекувањето на аскерот и фактот што останале без заштита.

Под инструкциите на Тодор Христов - Офицерчето, на најпогодните стратегиски места биле правени длабоки окопи и јами за одбрана на градот. Била создадена нова воена позиција, со три паралелни длабоки окопни линии кај месностите: манастирот Св. Спас, Студена Вода и Плочи. Оваа позицја му била доверена на војводата Андреја Димов Докурчев.

Место и улога на жените во револуционерната борба

[уреди | уреди извор]

Години на ред, нејзината куќа (на Пара Матева б.н) беше свртилиште на комитетите и револуционерите. Од нејзината куќа излегуваа или влегуваа цели групи на востаници, за да се пресоблечат, да земат оружје или истото да го остават... Честопати во пазувите ја криеше востаничката архива, револверот или некое друго оружје. Таа не прашуваше и не сакаше да ги знае имињата на безбројната врвица млади и стари дејци на револуцијата...

— Петар Ацев, Историја на Крушево и Крушевско [7]

Широката конспиративна дејност што била развиена во Крушево била можна благодарение на позитивната улога на крушевчанките во македонското револуционерно движење. Секој граѓанин кој бил вклучен во револуционерното движење бил должен неговата куќа секогаш да биде отворена за илегалните членови, оружјето, материјалите и др. Во Крушево се случувало во цела недела во некоја од куќите да престојува нелегална чета на Организацијата, а сето тоа не можело да се реализира без активно учество на крушевчанки. Жените како Коца Негревска, баба Калја Ќуќуровска и други, биле бестрашни курирки, а Пара Матева, една од безгранично приврзаните кон револуционерното дело, го добила епитетот Мајка на комитите.

Крушевски манифест

[уреди | уреди извор]
Крушево

На 6, 7 и 8 август, градот не бил вознемируван од Османлиите, што овозможило востаниците да здивнат и да се одмораат. За да не дојде до несакани дејствија на побујните или недоволно дисциплинираните четници или до одмазда врз муслиманите, Горското началство им наредило на војводите да испраќаат мали разузнавачки групи по околните гори или во близината на муслиманските села за да известуваат за сè што ќе забележат и да го известат раководството.

Меѓутоа и покрај таквата наредба, дошло до недоразбирање. Еден од четниците во таква патрола, Санду Докуз, му реферирал на Карев дека води цело стадо овци и кози сосе овчарите и дека добитокот ќе послужи за храна на востаниците. На таквиот акт, Карев остро реагирал со зборовите:

Како, си ги повел другарите да вршите кражби? Не ти е срам? Ние дигнавме востание за да го поправиме тоа што го правеа Турците спрема нас? Ние револуционери сме или зулумќари и деребеи? Јас ќе го стрелам секој несовесен и недисциплиниран четник кој го вознемирува мирното турско население и му прави штета. Како вие, востаниците, така и Турците, треба да разберете дека ние не сме арамии и потисници туку сме ослободители! [7].

Веднаш потоа Санду Докуз бил испратен назад во селото Алдинци да го врати запленетиот добиток и од Турците да побара извинување за извршеното дело, а потоа да го извести Горското началство. Поради овој случај, на 6 август, бил испратен манифест до муслиманските села во кои било истакнато дека востанието не е насочено против мирниот, трудољубив и чесен турски народ, туку против султановата тиранија. Воедно, се покануваат муслиманите да земат учество во борбата за добивање на прaва и човекови слободи, а која се води без разлика на верата и народноста.

За врачување на Манифестот биле избрани специјални парламентарци: еден за Ново Село, со примерок за Кочишта, еден за Пласница, со примерок и за Дреново, еден за Бирино, Саждево, Јакреново и Дебреште, еден за Норово и еден за Алданци, со примероци за селата Врбоец, Пресил, Трновци и Лажани.

Во селото Алданци, како парламентарец бил испратен учителот Ташку Поп Христов. Тој застанал пред селото и преку едно дете го испратил Манифестот до кметот на селото, барајќи од детето да го донесе и одговорот. Ташку чекајќи го одговорот видел дека сето машко население се собрало во џамијата. По селското советување, кон учителот Ташку се упатиле тројца парламентарци, но тој побарал само детето да му го донесе одговорот. Во одговорот до учителот, имало две писма, едно од кметот на селото, а другото било од Али, избеганиот началник на крушевскиот гарнизон.

Црешово топче

Во одговорот на кметот се велело: Драги соседи, од ваше писмо разбрав дека вие не сте лоши луѓе, дека ги напуштате своите домови не за да го напаѓате мирното, како нас, население, туку дека сте против лошите луѓе и уќуматот што ги заштитува. Но, тие што вие ги барате не се меѓу нас, туку избегаа по градовите. Што се однесува до нас, ви ветуваме дека ќе мируваме. Ако сакате да убивате невини луѓе, дојдете. Бог да ѝ помогне на онаа страна што ја бара правдата... Кмет Синан [9].

Во писмото на началникот било истакнато: Јунаци! Вашата прокламација до моите сонародници живо ме заинтересира. Од неа, а овие два дена и од вашите дела, разбрав дека погрешно ве сметале за ешкија (разбојници б.н). Целта ви е голема и борбата смислена... Напред по тој страшен, но славен пат, по кој сите народи стигнаа до својата слобода! Молејќи го Алаха да ја заштити правата страна, дозволете ми да ви упатам две молби: 1. не ме оставајте гол туку испратете ми ја облеката што остана во заземената од вас касарна, и 2. уништете ја меѓу нас разменетата кореспонденција [9].

Покрај од селото Алданци, пристигнал одговор и од селото Белушино, но дури на 9 август, преку некои деца од Селце. Во писмото од Белушино било напишано:

Браќа сотатковинци! Ја добивме вашата братска прокламација, којашто нè трогна. Му ја прочитавме на сето население пред џамијата и, бидејќи ве познаваме уште од деца, сметаме дека сте доволно чесни и искрени за да стоите до вашиот збор, како борци за право и како кавалери. Ви ветуваме свеееечено дека имотот, животот и честа на вашите сонародници, наши вековни соседи, со кои, при досегашниот, како и при идниот, режим на нашата мила татковина општуваме и ќе општуваме, без да може ништо да нè раздели, ќе бидат запазени и заштитени во границата на можноста. Кој човек сака зло за себе? Вашиот пат е навистина опасен. Белким големиот Алах ќе ја излее својата благодат за торжествување на правдата, која е божествена и вечна, и белким ќе ве запази, драги соседи, од секаква напаст! [7].

Писмото имало нечитлив печат, но немало потпис. Имало претпоставка дека тоа било напишано од селскиот оџа Селим, бидејќи никој друг, освен него, во селото Белушино имал смелост да напише такво писмо. Селим бил султан во своето село и бил познат по своите врски со разни злосторници од околината.

Црешово топче

[уреди | уреди извор]

Првото црешово топче е донесено во Крушово на 23 јули. Подпоручикот Христов го монтира, го полни со барут и става во него еден топуз од кантар.

— Георги Томалевски, 13-те дена на Крушовската република [11]

По одбивањето на последните напади на башибозукот, Никола Карев наредил црешовите топчиња да се донесат на Гумење за да бидат испробани. На 7 август (нов стил), едно од топчињата било наполнето со барут, а наместо граната бил ставен топуз од кантар. Кога населението разбрало за пробата, се собрала поголема маса на народ, најмногу деца кои истрчале на Гумење за да ја видат артилеријата.

За да не се исплашат граѓаните, бил испратен Митко Манакот да ги предупреди дека се подготвува проба. Тој се качувал на покривите на повисоките куќи, викајќи колку што глас го држелео - населението да не се плаши ако чуе грмеж, бидејќи топот што ќе пукнел не е турски туку наш.

Меѓутоа при пробата се покажало дека топчето не може да го издржи притисокот на експлозијата и се распукало. Дури и кога не би се распаѓало, топчињата немале што да исфрлуваат бидејќи востаниците немале гранати, оттука топчињата немале практична вредност, меѓутоа им дало кураж на илинденци.

Свечена литургија

[уреди | уреди извор]

На 27 јули, недела, целото население, на чело со свештеници од трите цркви, се упатија кон бугарските (накедонско-егзархиски б.н) гробишта каде што се отслужи заедничка свечена панихида. Гробовите на паднатите борци беа накитени со свежи цвеќиња. Тоа беше последната свеченост на ослободените.

—  Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, том еден [2]
Црквата Свети Јован

На 8 август, Горското началство добило писмо од Петар Ацев, од кое рабрале дека во Прилеп пристигнал Бахтијар-паша со неколку илјадна војска и организирал башибозук за да го нападне Крушево. Војводата Ацев во писмото предупредил дека состојбата била опасна и дека треба да се преземат мерки за одбрана.

Раководителите на Републиката откако ја примиле таа информација, се труделе да не се создаде паника и продолжиле со својата работа. За да се задржи сталоженоста и ладнокрвноста, началството и Извршниот совет издале наредба според која на 9 август во сите цркви да се одржи служба со која требало да им се одаде почит на жртвите паднати за слободата на градот.

На свечената литургија во секоја црква присуствувал по еден член од Штабот и по двајца од Извршниот совет. Во патријаршиската црква присуствувале Никола Карев, Теохар Нешков и Христо Ќурчиев, во влашко-романската - Тодор Христов, Димитар Секулов и Ѓорѓе Чаче, во егзархиската црква присуствувале - Дину Вангел, Николаки Баљу и Тома Никлев.

Според предвидениот план, по завршувањето на црковната служба службениците и народот од сите три цркви требало да се соберат на плоштадот кај Ќумкот, каде што биле погребани паднатите востаници. Меѓутоа патријаршиските свештеници отстапиле од планот и наместо заедно со останатите свештеници, сами заминале на предвиденото место, ја извршиле службата и си заминале. Меѓутоа и покрај таквото недоразбирање, процесијата била извршена мошне свечено. Егзархиските и влашките свештеници, облечени во велигденска носија, биле следени од официјалните личности и речиси од сето население на Крушево. Пред гробовите на паднатите востаници, Карев одржал говор во кој истакнал:

... Тие се жртвуваа себеси, зашто љубовта кон татковината беше посилна од смртта... На Илинден, и по илинденските први денови, ние го разбивме и го истеравме непријателот, но тоа не значи дека ние го разгромивме и го уништивме. Тој, веројатно, собира сили, за да дојде да не удри и да го поврати Крушево... Ете зошто на денешниот свечен ден, пред гробовите на нашите скапи жртви, ние, крушевчани, без разлика на вера, народност, пол, убедување и материјална положба, даваме клетва... дека со сите сили ќе се бориме за својата слобода, дека нема да изневериме нивниот идеал... ќе ја продолжиме борбата до победоносниот крај... [7].

Борба за Републиката

[уреди | уреди извор]

... Омер Ружди-паша... стар и изнемоштен генерал, доверливо лице на Илдизот, беше задолжен да го задуши востанието во Битолско. Тој најнапред издвои десетина дружини кои, пренесени од Велес со железницата, тргнаа кон Крушево, чие одземање на востаниците беше прашање на чест на империјата.

—  Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, том еден [2]

Број и состав на османлиската армија

[уреди | уреди извор]

Според турските документи и извештаите на дипломатските претставници во Македонија биле распоредени редовни воени сили од III орда (баталјон), а дополнително биле распоредени и 16 баталјони редифи и 38 баталјони илаве. Освен овие сили во случај на востание, турските власти можеле да ги искористат и воените единици од Пеќ, Ѓаковица и Призрен кои се состоеле од 44 баталјони, 15 ескадрони и 10 батерии со 33.000 пушки, 15.000 сабји и 60 топа. Според Битовски до 1 јуни 1903 година во Македонија имало 175 баталјони со околу 150.000 - 160.000 војска [12]. Во секој град, гратче и поголемо село во Македонија се наоѓале постојани гарнизони. По Горноџумајското востание во источна Македонија, спроти османско-бугарската граница, според некои податоци имало околу 150.000 војска. Во Скопскиот вилает била концентрирана војска од 60.000 души под команда на Омер Ружди-паша.

Во почетокот на Илинденското востание, во Битолскиот вилает имало околу 20.000 војници, распоредени во повеќе гарнизони, а битолскиот гарнизон имало 5.000 војници. Овие османски сили не можеле да ја покријат сета територија и да тргнат во офанзива против востаниците. Нивна главна задача била да ги бранат местата каде што биле стационирани.

Настапување на Османлиите

[уреди | уреди извор]
Османски војник
Османски баталјон

Неуспешните обиди за повторно освојување на Крушево од востаниците, ги принудило турските власти да го остават градот на мир сè додека не се подготват за негово покорување и казнување. Османлиите биле на мнение дека востанието во Битолскиот вилает може да се задуши само со побројни сили и затоа во почетокот на востанието османлиските сили се наоѓале во дефанзива.

Цариград му наредил на Омер Ружди-паша да тргне за Битола и да го задуши востанието. Тој одвоил десетина дружини кои биле префрлени до Велес со железницата, а од таму се упатиле пеш кон Крушево. Покрај сопствените сили, Омер-паша добил засилување од Солун и други места, така што тој располагал со околу 50.000 војска за задушување на востанието во Битолскиот вилает. Меѓутоа и покрај бројните сили, Омер-паша не тргнал фронтално против востаниците туку се ограничил само на испраќање на сили во загрозените гарнизони или на местата каде што се појавувале востанички чети. Затоа Омер-паша бил заменет со Насер-паша којшто подготвил конкретен план за задушување на востанието.

Според некои податоци, прва задача на Високата Порта, при задушувањето на востанието, било повторното воспоставување на турската власт во Крушево. Оваа задача му била доверена на Бахтијар-паша кој располагал со 15.000 до 18.000 души, коњица и артилерија. Според планот, Крушево требало да биде стегнато во обрач и да се принуди да се предаде.

На 11 август, откај Прилеп, неколку илјадна војска по џадето се упатила кон Крушево и се сопрела кај Кривогаштани. На 12 август 10.000 војска се упатила да фати позиции кај Крушево од кај селата Норово и Селце. Друга колона се упатила кон селата Врбоец и Трстеник. Трета колона тргнала кон манастирот св. Спас. Еден одред од околу 4.000 војници тргнал од Битола и при Прибилци се поделил на два дела, една колона настапувала по патот за селата Журче и Острилци кон Крушево, а другата по реката Жаба, кон Којов Трн.

Османлиски војници во Битола

Од Кичево се упатил еден одред од 5.000 души, со планинска артилерија и коњица, најпрво било запалено селото Цер, по што одредот се поделил на три дела и секој дел со упатил кон една насока: Долно Дивјаци - Павлева Чешма, Долно Дивјаци - Кокошкин Дол - Слива - Демирова Корија и село Арилево - Кулата. Во Прилеп, Бахтијар-паша организирал башибозучки одред кои бил ставен под команда на најпознатите зулумќари од овој крај. Речиси во секоја војска која што го опкружувала Крушево се наоѓал и по една башибозучка единица. Бахтијар-паша, операцијата за повторно воспоставување на османската власта во Крушево, ја раководел од село Кривогаштани. Тој на своите војници им изјавил:

Славата моја - пљачката ваша [7].

На 11 август, од Струнга и Плочи востаниците гледале како Прилепското Поле било преполно од турска војска која започнала да се движи кон Крушево. На 12 август, кај Кула, позиција на војводата Ѓурчин Наумов - Пљакот се јавил крушевчанецот Коста Њику, кои бил фатен во Кривогаштани и испратен од Бахтијар-паша во Крушево да пренесе негова порака.

Тој бил испратен на Гумење кај Горското началство да го пренесе усниот ултиматум на Бахтијар-паша за безусловно предавање на градот. Во спротивно, турскиот командант се заканил дека нема да ги поштеди животите на востаниците и обичната раја, бидејќи тој бил овластен да располага со нивниот живот и имот.

Советување

[уреди | уреди извор]
Крушевскиот востанички штаб

Откако бил слушнат ултиматумот на Бахтијар-паша, било организирано советување на кое присуствувале членовите на Горското началство, Времениот извршен совет, членовите на Крушевскиот околиски комитет и војводите на востаничките одреди. Било решено, Коста да му врачи на Бахтијар-паша следниот одговор:

Ние не сме разбојници, како што не нарекувате, туку борци за права и слобода. Не востанавме да се предаваме, (туку б.н)... да се бориме!

На советувањето била разгледана и општата положба во која се нашол градот, мерките и можностите да му се даде отпор на непријателот. Никола Карев, на советувањето го прочитал писмото што еден ден порано го примил од Главниот штаб за II Битолски револуционерен округ.

Писмото било одговор на прашањето, испратено од крушевските раководители: Што да се прави ако Бахтијар-паша го нападне Крушево со поголеми сили! Во писмото Главниот штаб истакнал дека тој ќе преземе мерки за да се попречи војската од Битола која тргнала кон Крушево, меѓутоа Главниот штаб јасно наредил ако Крушево биде нападнато од поголема турска војска, востаничките сили да ги напуштат своите позиции и да се повлечат. Главниот штаб сакал да ги сочува востаничките сили и тоа било во согласност со Општиот план.

На крајот од советувањето било одлучено да се сочува честа на борците за правда и слобода и затоа тие најпрво требало да влезат во бој со Османлиите, а потоа да се повлечат кон реката Жаба и тука да биде принудена војската да прифати борба. Раководителите сметале дека на тој начин ќе биде одвлечена војската и ќе се спаси градот и населението. Во однос на оваа одлука, Извршниот совет добил задача: во одредено време, на населението да му препорача на куќите да истакне бели знамиња во знак на покорност, т.е. да го предадат градот.

На војводите им било наредено да ги повлечат своите одреди преку преку Стари Ливаѓе, Везенково и Демирова Корија и да ги насочат кон Пусторечко - Зашленскиот Осој. За да може отстапувањето да се спроведе според планот, од војводите од северните и источните сектори: Липа, Кале, Спилите, Свети Спас, Студена Вода и Плочи, било побарано да стапат во борба со војската, сè додека не биде уништено џадето при Средочна Вода, низ кое главнината од аскерот се движел.

Напад врз градот

[уреди | уреди извор]
Ѓурчин Наумов - Пљакот
Ташку Карев

Планот за одвлекување на Бахтијар-паша кон реката Жаба бил добро смислен, но не бил реализиран. Бахтијар-паша откако го добил одговорот од востаниците на својата војска и наредил да се упати кон Крушево. Кај селото Алданци биле испратени четворица коњаници на извидување, меѓутоа тие наишле на заседа поставена од четниците на војводата Ѓурчин Наумов - Пљакот, престрелката загинал еден коњаник, а останатите се повлекле. По оваа заседа, Бахтијар-паша издал наредба артилеријата да започне со гранатирање на Крушево, а пешадијата да тргне во напад. Пашата наредил топовите да стрелаат и врз неборечкото население кое било собрано на Гумење, Струнка и Плочи, а кога загрмеле турските топови се слушнале и црешовите топчиња.

Набргу по нападот, војводата Ѓурчин со своите четници бил принуден да се повлече од позицијата при Кула и да се утврди на позициите кај Кале и Спилите, за да ја задржи војската, сè додека востаниците не го доразурнат џадето кај Средочна Вода. Првите напади биле одбиени. Набргу Ѓурчин добил наредба од Штабот да ги напушти позициите , зашто од селото Пуста Река биле добиени информации дека многубројна војска откај Кичево го минала преминот Крушка и се на пат за Крушево. Ваква наредба добил и војводата Андреј, кој заедно со своите четници, здраво ги држел Свети Спас и Студена Вода. Ѓурчин најпрво со еден удар и на нож ја принудил војската што го загрозувала да се повлече во гората кај Алданци, а потоа ја напуштил својата позиција.

Востаниците кои отстапувале кон Стари Ливаѓе, Везенкова и Демирова Корија, се судриле со војската што доаѓала од кај Кичево. Но оваа војска не била заинтересирана да се бори со востаниците и смислено им овозможила на востаниците да се повлечат, односно оваа војска сакала најпрво да влезе во Крушево, таа доцнела поради судирот кај селото Цер, во борбата загинал војводата Јордан Пиперката.

Најголемиот дел од војводите со своите четници, преку борби и маневрирање, успеале да ја сочуваат главнината од своите сили, меѓутоа војводата Ташку Карев бил најзагрозен бидејќи од зад грб бил нападнат од 2.000 војници. Карев со своите четници дал получасовна борба кај Којев Трн, по што успеал да се повлече [13].

При нападот на Крушево од страна на Бахтијар-паша, се воделе борби насекаде околу градот, меѓутоа две борби, поради храброста и самопожртвуваноста на востаниците, оставиле живо сеќавање како се брани стекнатата слобода. Тоа се борбите при Слива и Мечкин Камен.

Битка кај Слива

[уреди | уреди извор]

На „Слива” има делови од луѓето на Тодор Христов. Таму е и Ѓорѓи Стојанов... застанува на чело на борците... дава наредба да се штеди муниција и секој истрел да биде пропаст за поробителите.

— Георги Томалевски, 13-те дена на Крушовската република [11]

На преминот Слива се собрале делови од одредот на Тодор Христов - Офицерчето. Само десетарот Лаќу Горцу со своите луѓе успеал да се повлече од Слива и да се приклучил во четата на војводата Алабакот. Горцу го искористил моментот кога аскерот ја прекратил стрелбата за да заземе подобри позиции и се провлекол. Меѓутоа останатите четници не успеале да се повлечат, на чело со Ѓорѓи Стојанов и Диме Смургев, решиле да се борат до последен. Четниците добиле наредба да не стрелаат на празно туку само во месо.

Околу 40 четници цел час ја држеле војската на растојание и не и давале да напредува. Коњаницата неколкупати се обидела да им влезе во окопите, но не успеала. Пешадијата се обидела да ги предизвика, но четниците не ги напуштале окопите и одговарале со оган. Четниците почнале да паѓаат еден по еден, а со нивната муниција останатите востаници ја продолжувале борбата. На повикот предајте се, четниците одговарале со оган. Меѓутоа, поради бројноста аскерот успеал да ги заобиколи востаниците кај Слива и да навлезе во нивните окопи, но четниците не се предале и последната нивна стрелба била упатена кон сопствените глави. Во оваа битка успеале да се спасат само неколкумина, меѓу нив биле и Халчу Јосифов од Крушево и Диме Смугрев од селото Обршани [7].

Османските офицери биле изненадени од храброста на востаниците и затоа на своите војници им наредиле, кога минувале покрај телата на паднатите четници, да стрелаат во воздух, како знак на почит. Во оваа борба загинале крушевчаните: Ѓорѓи Стојанов, Глигор Крстев, Кицу Далавир, браќата Киру и Миту Ангелеви, Косту Лапев, Ѓорѓи Наумов Бањар, Косту Штерев Куфича и Ѓорчу Качамакот. По пет дена, Бахтијар-паша дозволил загинатите да бидат прибрани и закопани според нивните обичаи, а покрај споменатите биле пронајдени вкупно 32 тела на паднатите четници кои биле од крушевските села. Меѓу загинатите се наоѓало и телото на една девојка, Злата, којашто во општиот метеж што настанал го барала својот свршеник, дошла до Слива и загинала [7].

Битка кај Мечкин Камен

[уреди | уреди извор]

По своите димензии и крвави последици борбата при Мечкин Камен ги надминала не само оние што се воделе околу Крушево туку и насекаде низ Македонија во оваа крвава 1903 година. Таа претставувала епопеја сама за себе и се врежала длабоко во душите на нашиот човек како симбол на јунаштво и саможртва.

— Историја на Крушево и Крушевско [7]
Питу Гули (во средината) со Миту Мучитанов (лево) и Петар Љавра (десно)
Ѓорѓи Димов - знаменосецот

На советувањето одржано во врска со ултиматумот на Бахтијар-паша, најголемиот дел од учесниците се залагале за зачувување на востаничките сили и судир со војската кај реката Жаба, противниците на оваа одлука морале да го прифатат мнението на мнозинството, меѓутоа само еден не сакал да се потчини. Тоа бил Питу Гули, најголемиот противник на предлогот за отстапување и заштитник на идејата: Да загинеме до еден, но да загинеме на својот пост. Според Никола Киров Мајски:

На идејата за слободата на Македонија... Питу потчинуваше сè: Нема ли слобода, има смрт! И на смртта тој ѝ го ветуваше, ѝ го вети целиот град, вклучувајќи го и своето семејство, целиот свој одред, заедно со себеси. Тој сакаше да биде претворено во трупови сè живо и во пепелиште секоја куќа на градот, та од обагрените со човечка крв пожари да се запали факелот од кој ќе блесне слободата и ќе ја огрее маченичката Татковина. Нажален и лут на своите другари, лут дури и на целиот свет, тој демонстративно го напушти собранието и тргна кон својот одред [10].

Одредот на Питу Гули бил најброен од сите што го нападнале и бранеле Крушево, броел околу 350 до 370 души. Бидејќи Гули располагал со најголема сила, нему му паднало да го чува најголемиот регион од околината на градот. Неговите сили биле распределени на следниот начин: Милан Ѓурлуков со милицијата од Кривогаштани ја зазел позицијата во селото Трстеник, Блаже Крстев - Биринчето со милицијата од селото Бирино ја држел позицијата во истото село. Нечо Трифунов во селото Журче и Нове Јанкулов во околината на селото Острилци. Главнината на чело со Питу Гули се наоѓале на Црн Врв.

Аскерот и башибозукот ги нападнале востаниците кај Трстеник и Бирино, со што ги принудиле да се повлечат кон главното јадро. Истото се случило и со деловите под команда на Нове Јанкулов и Нечо Трифунов. Сите овие делови од одредот на Гули се собрале при Мечкин Камен, а набргу им се придружиле главнината, по што целата чета била распределена по каменитото плато, зафаќајќи ги најдобрите позиции за борба. Гули пред своите борци го одржал следниот говор:

Мили мој браќа! На Илинден ние востанавме, го нападнавме Крушево и го презедовме. Паѓањето на Крушево во наши раце беше голем срам за Турците. Тие неколкупати се обидоа да го повратат, за да го измијат својот срам, но не успеаја. Најпосле донесоа војска дури од Скопскиот вилает, насобраа и башибозук, и ете ги доаѓаат против нас, за да се одмазадат, да не казнат. Зошто? Затоа што си го побаравме правото да работиме за себе, а не за нив, и да бидеме господари на нашиот имот и на нашата сопствена слобода. Дошло време, пак, тие, и оние што ги поддржуваат, да разберат како рајата знае да го брани своето право, да живее под божјото небо и во сопствената родна земја... Ние дадовме клетва да се бориме до смрт за својата слобода и верувам дека ќе останеме верни синови на Македонија, пред чие крваво лице сме дале клетва. Слобода или смрт е напишано на нашето востаничко знаме. Под него ние се боревме и ја извојувавме слободата, под него ќе се биеме, за да ја запазиме добиената слобода! Ако не успееме, тогаш нека нашите најблиски, нашите деца, со гордост да кажат утре за нас: под развеаното востаничко знаме тие славно паднаа во нерамна борба со вековниот непријател и ни го покажаа патот на спасението. Непријателот е многуброен, но не е страшен. Ние, иако сме малубројни, сме посилни од него, зашто имаме силен дух и челична волја за борба докрај, затоа што ние се бориме за слобода и правда... Затоа, јунаци, бидете смели... Стрелајте само по потреба и само во месо. Никому да не му падне на ум дека, ако се предадеме, непријателот ќе го поштеди... За нас, што сме се дигнале против турската тиранија, нема милост. За нас нема друг излез, освен да победиме или да умреме. Ако треба да умреме, не го заборавајте нашиот долг, да ја продадеме најскапо својата крв и својот живот. Но, кој од вас се чувствува несигурен дека ќе издржи докрај, јас го ослободувам од дадената клетва, слободен е да си оди, додека има уште време да се извлече од непријателскиот кордон... [7].
Востаник од Крушево со знамето на четата на Питу Гули
Споменикот на Питу Гули во Скопје

Бидејќи никој не сакал да ги напушти борбените позиции, Питу и сите се поздравиле меѓу себе, бидејќи тоа било опростување од другарите и животот. Потоа секој заминал на својата позиција, очекувајќи го непријателот. Аскерот започнал внимателно и систематски, од три страни, да го опколува одредот на Питу Гули, а како претходница настапувал башибозукот. Османлиите скроиле план според кој требало да се измамат востаниците, односно да се извлечат од нивните позиции и да се дезорганизираат. Офицерите знаеле дека таквата значителна востаничка сила можела да го напушти обрачот, но не го направила тоа и дека е спремна да се бори докрај, па затоа барале начин за уништување на востаниците со што помалку жртви.

Штом Османлиите го забележале востаничкото знаме, за момент подзастанале, а набргу потоа вооружени души истрчале и почнале да мавтаат со капи, крпи и пушки, извикувајќи го востаничкото Ура! и Долу Турција! Всушност тоа бил башибозукот, кој на таков начин сакал да создаде впечаток кај востаниците дека тие се четници што им доаѓаат на помош, а аскерот во тој момет се криел во гората и го чекал погодниот момент за да удри на востаниците. Меѓутоа играта не успеала. Штом башибозукот се доближил на одредено растојание, бил пречекан со силен оган и бил принуден панично да се повлече. Набргу настапила војската и почнала да се бори по правилата на стратегијата. Но востаниците вешто ги бранеле своите позиции и не и дозволиле на војската да напредува. Обидот на аскерот да се доближи до востаниците бил повторен неколкупати, но без успех.

Затоа османската команда решила да ги заобиколи востаниците. Раздвижувањето на аскерот и башибозукот создал впечаток кај востаниците и војводата дека Османлиите отстапувале. Меѓутоа набргу востаниците разбрале дека се опколени и дека положбата станала критична. Војувањето на востаниците било отежнато поради што фронтот се проширил и требало го го свртат лицето кон спротивната страна, а со тоа ги ослабнале редовите на целата позиција.

Споменик - чешма
Питу Гули со четата, дел од споменикот Лавови на мостот Гоце Делчев во Скопје

Османлиите решени по секоја цена да ги ликвидираат востаниците до стемнување, започнале да напредуваат без разлика на жртвите и се доближиле до востаничките позиции на десетина метри. При чешмата каде што се наоѓало востаничкото знаме, загинал знаменосецот Ѓорѓи Димов. Знамето било преземено од Нове Смугрев, но и тој веднаш бил покосен, а и Питу Гули бил потешко ранет. Војвода во тие последни моменти уште еднаш ги окуражил своите борци, барајќи да ја продолжат борбата докрај, а неговата пушка да ја земе оној што останал без пушка. На тие зборови, Ставре Андреевски запрашал:А кој ќе ги прибере нашите пушки? Гули одговорил: Македонија! а Коста Божинов запеал: Македонијо мајко света секој ден губиш храбри момчиња... [7]. По жестоката борба, аскерот се доближил до востаничките позиции и се впуштил во бој гради в гради. Настанала вистинска касапница која ја опишува Мајски:

Во миг на умопомрачување, сражението сопре и се преврна во ракопашен бој: удири со кундаци, со нож, и камења, удири со раници, каиши и патрондажи... ловење за гуша, гребење со нокти, касање по лица и раце, буткање и клоцање, боричкање во правот и камењаците... заимнозадушување... И таа борба помеѓу робот и господарот беше борба фанатичка, жестока и беспоштедна, борба на живот и смрт, борба каква што светот ретко гледа. На Мечкин Камен војска, башибозуци и востаници така се измешаа, што кој кого победи не можеше да се знае. На бојното поле се слушаше ‘ржење, офкање, пиштење, пцуење. Стрелбата од двете страни беше сопрела, бидејќи настанал хаос... Се смрачи. На Мечкин Камен престана грозниот вриеж на ужасната битка... Не се слушаа веќе ниту човечки стапки ниту офкањата и воздивнувањата на ранетите јунаци. Само замрачените гори го прифаќаа и предаваа некаде далеку ехото на топовските татнежи и грмежи на пушките упатени од непријателот против бунтарскиот град...

Во текот на хаосот голем број на востаници се спасиле. Милан Ѓурлуков и Блаже Биринчето, со еден дел од своите четници, успеале да се повлечат и засолнат во горите на Длабока Река. Друг дел од востаниците се упатил кон Острилскиот синор, но биле забележани од Османлиите кои отвориле оган. Востаниците не можеле повеќе да се бранат, бидејќи немале муниција и доволно исправни пушки. Познати се имињата на околу 45 борци кои паднале на Мечкин Камен.

Пад на Републиката

[уреди | уреди извор]

Изутрината, на 31 јули, бели знамиња во знак на покорност се вееја на незапалените куќи. Први се предадоа гркоманските првенци, со нивните свештеници на чело. Но, таа ревност не ги смилостиви ниту пламењата, ниту раката на жестокиот победник. Сите, без разлика на народноста и полот требаше да се соберат во групи и да се предадат. Војниците и башибозукот ги ограбуваа и палеа дуќаните и куќите, претресуваа, одземаа, ги силуваа жените, ги тепаа и убиваа откриените мажи, ги пронаоѓаа скривниците и ги товареа повредните предмети... Крушево скапо ја плати дрскоста на своите орли: 117 души, меѓу кои 15 жени, 5 моми и 6 деца, умреа под ударите на аскерот и башибозукот и во пламењата на запалениот град. Над 150 моми и жени беа силувани, 159 куќи и 210 дуќани - поголем дел од чаршијата - изгореа. Над 80.000 златни лири беше штетата од опожарените куќи, уништената покуќнина и стока, украдените драгоцености.

—  Христо Силјанов, Ослободителните борби на Македонија, том еден [2]
Крушево по гранатирањето

Кога востаничките чети започнале да се повлекуваат, населението на градот разбрало во каква опасност се наоѓа. Меѓутоа крушевчани не се обsирале на апелот за истакнување на бели знамиња како знак на покорност и започнале да го напуштат Крушево. Од разните мала на градот, населението го зел најнеопходното и се упатило кон горите на Длабока Река, Везенково или Демирова Корија. Аскерот бргу го опколил градот. На Плочи, Горни и Долни Гумења била поставена артилерија која била насочена кон градот. Бегалците биле принудени да се враќаат назад во градот, а војниците од источниот сектор, предводени од башибозукот, преку Плочи навлегле во градот и започнале со пљачкање, убивање и обесчестување.

При повлекувањето на востаничките сили еден дел од четниците не успеале да го напуштат Крушево и се криеле најчесто во егзархиските куќи. Кога војниците и башибозукот дошле во егзархиските мала, биле пречекани со куршуми, врз нив освен четниците стрелале и граѓаните кои имале оружје. Поради тоа аскерот и башибозукот се плашел да се движи во егзархиските мала и своите пљачки и убиства ги насочиле кон другите делови на градот, коишто и онака биле побогати. Речиси сите егзархиски семејства што се криеле во влашките мала настрадале. Теохар Нешков изгорел во куќата на Тахови, а други настрадале во куќата на Ничотовци.

Откако османлиската команда била информирана за присуство на четници во градот, се решила на итрина за нивно намамување. Во градот била организирана борба помеѓу аскерот и четите, улогата на четниците ја играл башибозукот од околните села. Аскерот стрелал викајќи уджум и ги пцуел четниците, а башибозукот извикувал Ура! Да живее Македонија! Борбата завршила со пораз и панично бегство на аскерот, а победниците ги поканиле своите скриени браќа да излезат и да им се приклучат. Но играта била насетена.

Откако не успеале да ги намамат четниците, Бахтијар-паша наредил да се гранатира Крушево. Меѓутоа гранатите не паднале таму каде што се мислело дека има најмногу четници туку во центарот на градот, кои веќе бил ограбен. При ова гранатирање и пожарите кои избувнале, биле уништени многу згради, а меѓу нив била и патријаршиската црква Свети Никола. При горењето на оваа црква се урнала камбанаријата, а при паѓањето на камбаната врз калдрмата се слушнал силен тресок, поради кој Османлиите помислиле дека експлодирал склад со динамит. За да бидат уништени другите складови, гранатирањето продолжило со што бил уништен целиот центар со чаршијата, тоа било направено најверојатно за да се прикрие пљачката на богатите дуќани.

На 13 август, денот кога Крушево се предало, можело да се забележи дека на многу од сочуваните куќи се веат бели знамиња, знак дека градот се покорува. Војниците го повикале населението да ги напушти своите живеалишта и да оди во собирните пунктови, кои се наоѓале на крајот од градот. По пат луѓето биле претресувани и ограбувани, а некои од нив биле и убивани. Тодор Борјар, член на Организацијата, истакнува дека:

Кога одевме да се предаваме јас, со брат ми Тирчу и Ташку Топуз, минувајќи покрај куќата на Копачу, го видовме трупот на доктор Батал, кој беше лекар во востаничката болница. Него го беа заклале Турците со секира, така што главата му беше пресечена надве и секирата стоеше закопана во неа. Намерно беше оставен да го гледа народот, кој беше принуден да преоѓа преку него. Покрај трупот седеше еден турски војник и на минувачите им велеше: Сите вас ова ќе ве снајде ако не мирувате. Навистина, тоа многу лошо делуваше кај луѓето. Таквите случаи и примери на повеќе места среќававме. [7].

На одредени места покрај Крушево, биле создадени специјални логори, каде што биле собирани жителите на овој град. Мажите биле разделени од жените и децата, а тоа било протолкувано како последно видување на блиските и пријателите. При еден таков момент, Косту Кардула, на својот влашки мајчин јазик ја испеал песната:

Соц, лај соц,
с‘н‘адун‘м туц
с‘н‘ пл‘ндз‘им хала;
н‘ с‘апринсе хоара! [ˣ 5]

Најголемиот дел од мажите биле собрани на Гумења, каде што се наоѓал штабот на Бахтијар-паша. Таму требало да се одвојат востаниците од неборечкото население, и виновните да се казнат. При селекцијата особено жестоки биле Зенин-ефенди и С‘тки-ефенди Корија. По нивно кажување, како и со посочувањата на другите турски службеници, биле одвоени речиси сите познати крушевчани. Од нив, Танче Илковски бил убиен, а Лозан Спасов бил попрскан со газија и жив запален.

Патријаршиската црквата св. Никола по гранатирањето

Граѓаните биле држени целиот ден, а приквечер биле ослободени и им било дозволено да се вратат во своите домови. По враќањето во своите живеалишта, населението констатирало дека најголемиот дел од куќите биле ограбени, а други на местата на своите домови среќавале урнатини и пепелишта.

Аскерот и башибозукот, во првиот налет врз Крушево, согласно османските наредби не правеле разлика помеѓу населението. Оттука настрадале грчкиот, влашкиот и бугарскиот (македонско-егзархискиот) дел од градот. Османската команда го сметала за виновен целиот град. Меѓутоа откако градот бил заземен, а востаничките чети биле протерани, Бахтијар-паша се обидел да изврши диференција во одговорноста на градот. Таквата иницијатива била диктирана од интересите на власта, за да се остави впечаток дека сето христијанско население не востанало. За османската власт било најприфатливо, за настаните во Македонија и Крушево да се обвинат бугарските комитаџии коишто, според властите, добивале наредби од Софија да го бунтуваат населението против султанот. Затоа истрагата била насочена кон Македонците-егзархисти, а при составувањето на обвинителниот акт во Крушево, Власите во голема мера биле оставени на мира.

На 14 август, Бахтијар-паша наредил сето македонско - егзархиско население да се собере на полјаната до чешмата Јаноска. Тука им биле собрани клучевите од куќите, со цел во нив да биде извршен претрес. Аскерот бил предводен од егзархиските првенци при претресот на куќите, но клучевите биле измешани и отворањето на вратите било невозможно, овој обид за претрес на сите егзархиски куќи пропаднал, а на егзархистите им било дозволено да се вратат во своите куќи.

На 15 август сето машко егзархиско население повторно било собрано на плоштадот Кале. Пред собраното население, аѓутантот на Бахтијар-паша, прочитал телеграма испратена од поглаварот на Бугарската егзархија. Егзархот ги повикал егзархиското население да се покори на султанската власт и да ги посочи комитите што се криеле во нивните домови. Во телеграмата било истакнато дека егзархот измолил милост од султанот за своите верници и дека егзархистите ќе ги послушаат неговите совети. Со согласност на егзархиските првенци, аѓутантот напишал одговор на телеграмата, во која населението ја му се заблагодарува на егзархот за неговите грижи и на султанот за неговата милост, декларативно било изјавено дека егзархиското население во Крушево е мирно, предано и верно на султанот и неговите претставници, а во нивните домови не се кријат комити. По барање на Бахтијар-паша, било додадено дека за точноста во одговорот, егзархиските првенци одговараат со своите глави. По одговорот, аскерот продолжил со претрес во куќи без да се води населението надвор од нив. На 16 август, Бахтијар-паша дозволил слободно движење во градот и погребување на убиените.

По пет дена Бахтијар-паша ја повлекол својата војска од околината на Крушево, а во градот бил оставен еден полк. По молба на граѓаните, нивниот командир им дал дозвола да ја пребараат околината за да ги пронајдат своите блиски. Биле пронајдени само остатоци, бидејќи повеќето трупови биле обезличени и оставени голи како храна за дивите sверови и мршојадни птици.

Одглас на Крушевските настани

[уреди | уреди извор]
Македонски демонстрации во Софија по задушувањето на востанието

До конзулите во Битола, по паѓањето на Крушевската Република, бил испратен извештај од името на видни Грци и Романци од Крушево. Во него имало опис на настаните, почнувајќи од борбите за ослободување на градот па сè до враќањето на војската. Извештајот бил напишан и испратен од лица кои не биле директно вклучени во револуционерното движење, а за него информирал австроунгарскиот конзул Август Крал. Во извештајот се истакнувало:

Тие (востаниците б.н) ги повикаа сите жители да земат учество во некаков одбор и им зема пари во вид на данок од 5-30 турски лири, според материјалната положба на секога. Тие го зазедоа грчкото училиште и сосила го отворија. Го принудија грчкото свештенство да одржи благодарствен парастос за комитите паднати во различни борби, додека црковните камбани никако не престануваа да бијат. Тие го повикаа населението да ја отвори чаршијата и да продава по исти цени како порано. Откако собраа над 1 000 турски лири, настапи мир и повеќе не се чу никаква пукотница... Одвај што жителите излегоа од своите куќи со бели знамиња в раце, се сретнаа со бесните и свирепи војници, особено со оние од Призренскиот баталјон... Се гледаше како ја креваат само скапоцената покуќнина и ги палат зградите. Војниците ги напаѓаат кутрите жени и мажи по улиците и куќите, за да ги грабнат украсите, што тие брзаа да ги скријат. Момите што ја бранеа својата чест беа отепувани... [7]

Според извештајот штетите од настапувањето на Османлиите изнесувале: 500 000 лири, околу 370 до 400 куќи, 200 дуќани и др. Август Крал ја информирал својата влада дека: Тврдењата на турскофилските весници дека Турците го потпомогнале повлекувањето на востаниците, за да се одбегне непотребното крвопролевање, со ништо не е основано и речиси е смешно. Исто така не е вистина дека востаниците фрлиле динамитски бомби во (патријаршиската б.н) црквата и во (патријаршиското б.н) училиштето... или извршиле други насилнички дела.

Грчките владејачки кругови биле едни од најзаинтересираните за случувањата во Македонија. Согласно своите интереси, започнале низ Европа да шират вести за пљачкање, малтретирања и убиства врз мирното грчко (патријаршиско) население во Крушево од страна на бугарските разбојнички востаници [ˣ 6], разбојнички чети и слично. Грчката влада на Ралис испратила нота до владите на големите сили, во која од нив била побарана интервенција за да се заштити грчкиот елемент од налетите на востаниците. Според грчките кругови, востанието и Крушевската Република немале ослободителен карактер, туку разбојнички и имаат за цел уништување на грцизмот во Македонија [14][ˣ 7]. Меѓутоа по доаѓањето на странските претставници, кои требало да го надгледуваат спроведувањето на Мирцштешките реформи, таквите информации не биле потврдени.

Во Бугарија, одгласот на настаните во Македонија бил силен, првенствено сред македонската емиграција, меѓутоа сите општествени слоеви во земјата без оглед на своите различни сфаќања сочувствувале со востаниците и понудиле морална и материјална помош.

Дел од српскиот печат искажал симпатии кон македонското движење, а како знак на протест против жестокоста на османската власт, во Белград биле организирани два митинга. Српските конзули релативно точно ја информирале својата влада за настаните во Македонија. Српскиот конзул од Битола, информирајќи за Крушево истакнал:

Има еден момент во крушевското прашање, кој е сигурен, и јас го спомнувам со чувство на големо задоволство што го имам како Словен. Имено, се придружувам кон задоволството на овдешната словенска група дека крушевските востаници подолго време издржаа во борбите со турската војска отколку грчката војска во времето на последната Турско-грчка војна. Ова ми е дотолку помило што Грците стануваат со поодвратни со своите измеќарски услуги на Турците... [7]

Во Крушево по падот на Републиката се нашле грчкиот и романскиот конзул. И едниот и другиот носеле помош за настраданото население, меѓутоа тие помошта не ја делеле на сите христијани во градот, туку само на следбениците на нивната пропаганда. Поради оваа настапување на грчкиот и романскиот конзул, Михајловиќ, српски конзул во Битола, побарал од својата влада да отпушти 1 500 динари на име помош за српските приврзаници во Крушево. Српската пропаганда добила 1 000 динари и преку специјален одбор, биле поделени на 32 семејства.

Историско значење

[уреди | уреди извор]

Илинденското востание е еден од најкрупните настани во историјата на Македонија. Иако не било општо, таму каде што било кренато се одликувало со масовност и организираност, раководено од Македонската револуционерна организација. Востанието било народно зошто во него учествувало речиси сето христијанско население без разлика на народноста.

Во рамките на оваа востание, ослободувањето на Крушево и формирањето на новата власт го претставувало оној идеал кон кој се стремело целото население. Организирањето на власта и Манифестот, биле одраз на принципите и стремежите на Револуционерната организација, преку масовна борба на сите угнетени во Отоманското Царство да се извојува слободна македонска држава. Крушевската Република пред светот ги претставила идеалите на македонските востаници за кои тие се бореле.

Крушевската Република со својот остварен демократизам и со прогласените слободарски принципи, ја изнесе на показ вистината и за самобитноста и за прогресивноста на македонското национално движење. За првпат и најсугестивно можеше да се утврди дека суштината на таа идеологија се градела и доградувала врз карактерологијата на своевидноста и специфичноста на условите во Македонија...[15].

Како идеен феномен, благодарение на Никола Карев и неговите истомисленици, Крушевската Република излегувала од рамките на своето време. Како реализација била краткотрајна, но со своја идејна и морална сила силно влијаела врз идните македонски револуционери.

Крушевската Република како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]
  • „1903 година“ — македонска народна песна.[16]
  • „Крушевската Република“ — сликовница на македонскиот писател Велко Неделковски.[17]
  • „За Крушевската Република“[18] — македонска народна песна

Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. Датата е дадена според новиот стил. Треба да се има предвид дека датите во оваа статија се дадени според новиот и стариот стил, види Јулијански и Грегоријански календар. Пример, според старото датирање востанието започнало на 20 јули, односно на 2 август во нов стил.
  2. Најголемиот дел од фотографиите кои се употребни во оваа статија се преземени од Алманахот Крушево издаден во 1928 година, неговата насловна страна се наоѓа во галеријата
  3. Во Османлиското Царство не постоел редовен систем за попис на населението со утврдени методи и принципи како во западноевропските држави. Осмaнските власти го евидентирале само машкото население и тоа не по национална основа туку по вероисповед. Мажите муслимани биле запишувани поради воената обврска, а христијаните поради даноците. Меѓутоа постоеле еден вид на матични книги т.н. нуфуз дефтери во кој биле запишувани датумот на раѓање, името, името на родителите и презимето, меѓутоа од нуфузите не може да се утврди националниот состав на населението во Македонија. Под графата Муслимани биле запишувани: Турците, Циганите, исламизираните Македонци, Арнаутите, Черкезите, Арапите и други, односно припадниците на муслиманската вероисповед. Во графата Рум Милет (Грци) биле запишувани сите православни христијани во Отоманското Царство кој биле под духовна јуриздкција на Цариградската патријаршија, тука спаѓаат Македонците-патријаршисти кој биле нарекувани и како Грци. Христијанското население кое било под духовна власт на Бугарската егзархија било запишувано како Бугар милет, тука спаѓаат Македонците-егзархисти кој биле нерекувани како Бугари. Од национален аспект само за Евреите постоела посебна графa како Јауди, но и тука имало исклучок. Евреите муслимани биле впишувани како Турци, види: Ванчо Ѓорѓиев, Слобода или Смрт, Македонското националноослободително движење во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година, Табернакул, Институт за историја - Филозовски факултет, Скопје, 2003
  4. За тоа кои всушност биле тие народности, во литературата има различни гледишта. Едни сметаат дека во Крушево имало три народности - влашка, бугарска (Македонци - егзархисти) и албанска. Други сметале дека имало четири народности. Во тоа времето населението било поделено на три дела: патријаршисти (поголемиот дел од Власите, мала група на Албанци и помал број на Македонци), Власи - романофили или националисти како што ги нарекувале, Македонци - егзархисти. Српската партија била безначајна. Од овие три конфесионални општини било создадено Собранието на Крушевската Република.
  5. Другари, еј другари, да се собереме сите, да си ја жалиме положбата, ни се запали селото
  6. Грчките националисти и пропагандисти Македонците ги нарекуваат Бугари, Бугарофони или Славофони... Додека пак самите себеси се нарекуваат како „Македономахи“ или „Македонски борци“ (Μακεδονομάχοι) види: Mαρτύρων καί Hρώων αίμα од Јон Драгумис и „Македонската борба (спомени на Германос Каравангелис)“
  7. Речиси сите грчки историчари, особено оние по Втората светска војна, кои пишувале за илинденскиот период, сакаат да докажат дека современата македонска држава нема ништо со илинденскиот идеал и Крушевската Република и дека тие по својата суштина се дело на бугарската пропаганда во Македонија. Оттука, според грчкиот историчар К. Вавускос, откако аскерот го напуштил Крушево, комитите во текот на десетте дена, официјално забраниле да се зборува друг јазик, освен бугарскиот, издигнале три бугарски знамиња, итн. Таквите тврдења се неприфатливи за македонските историчари.
  1. Bana Armâneascâ - Nr39-40. Bana Armâneascâ.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том I Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943.
  3. Спомени на П. Кљашев..., 242
  4. Љубен Лапен, Нови документи за Илинденското востание, Илинденски зборник 1903-1953, Скопје, 1953
  5. Георгиев Величко и Стайко Трифонов, История на българите 1878-1944 в документи, т.I, 1878-1912, част втора, София, 1996
  6. Ванчо Ѓорѓиев „Слобода или Смрт: македонското националноослободително дело во Солунскиот вилает 1893 - 1903 година“, Скопје, Институт за историја - Филозофски факултет, 2003.
  7. 7,00 7,01 7,02 7,03 7,04 7,05 7,06 7,07 7,08 7,09 7,10 7,11 7,12 7,13 7,14 7,15 7,16 7,17 7,18 7,19 7,20 7,21 7,22 7,23 Историја на Крушево и Крушевско, Крушево, 1978
  8. Спомени на Борис Сарафов
  9. 9,0 9,1 9,2 Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том еден, Униврзитет Кирил и Методиј - Факултет за филозофско - историски науки, Скопје, 1981
  10. 10,0 10,1 10,2 Никола Киров - Майски, Крушово и борбите му за свобода, София, 1935
  11. 11,0 11,1 11,2 Илинденско-Преображенското въстание 1903—1968 Отг. редактори: Дино Кьосев и Ламби Данаилов
  12. К. Битовски, „Дипломатски одгласи по Илинденското востание“..., 144
  13. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001, стр. 74.
  14. Николас Балас, Историја на Крушево, Солун, 1962
  15. Димитар Митрев, Поврзанорија на Крушево и Крушевско..., 257.
  16. Антологија на македонската чалгија / Antology of Macedonian Chalgia, Македон мјузик, 2006.
  17. „Белешка за авторот“, во: Велко Неделковски, Втората смена. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2010, стр. 136.
  18. „За Крушевската Република“. Песна. 3.10.2009. Посетено на 15 јули 2024. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)

Литература

[уреди | уреди извор]
  • Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том I Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1933.
  • Христо Силянов, "Освободителнитѣ борби на Македония", том II Следъ Илинденското възстание, Издателство на Илинденската организация, София, 1943.
  • Документи за борбата на македонскиот народ за самостојност и за национална држава, том еден, Универзитет Кирил и Методиј - Факултет за филозофско-историски науки, Скопје, 1981

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]
Статијата „Крушевска Република“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).