Дебреште
Дебреште | |
Кејот во Дебреште | |
Координати 41°28′45″N 21°19′00″E / 41.47917° СГШ; 21.31667° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Долнени |
Област | Прилепско Поле |
Население | 2.600 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7537 |
Повик. бр. | 048 |
Шифра на КО | 20029, 20529 |
Надм. вис. | 680 м |
Дебреште на општинската карта Атарот на Дебреште во рамките на општината | |
Дебреште на Ризницата |
Дебреште или Дебриште — село во Општина Долнени, во околината на градот Прилеп.
Потекло на името
[уреди | уреди извор]Селото се споменува со името „Дьбрѣшти“ во грамота на царот Стефан Душан од XIV век. Во Слепченскиот поменик од XVI век се јавува како „Добрещ“. Според академикот Иван Дуриданов, потеклото на името доаѓа од прилагодената наставка „је“ на старословенскиот збор „Добрѧште“ којшто пак потекнува од личното име „Добрѧта“.[2]
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Дебреште се наоѓа во Прилепското Поле, во крајниот западен дел од територијата на Општина Долнени, недалеку од левата страна на патот Прилеп-Македонски Брод. Селото е ридско и се наоѓа на надморска височина од 680 м. Од Прилеп е оддалечено 29,5 км. Неговиот атар зафаќа површина од 27,8 км2.[3]
Месностите во селскиот атар се со следните називи: Краста, Пештера, Таиров гроб, Скала, Дервен, Челоа Чешма, Топ, Руби, Загреби, Елен, Уши, Игралиште, Пероча Ливада, Јонузова Ливада, Лениште, Горно Гумниште, Долно Гумниште, Дупен Камен, Караџови Ниви, Русалија, Кале, Лажански Лозја, Топола, Пирици, Голем Даб, Вис, Коџоица, Стара Ливада, Млада Ливада, Лисичарка, Бара, Сува Гора, Бачилиште, Корија, Лозја, Тревеник, Шип, Грачков Даб, Црвеники, Желкоец, Слатина, Серигајтаница, Над Село, Загориче и Куса Врба. Од запад кон исток, во селото се наоѓаат маалата: Баталоско, Јурукоско, Џелоско, Дуракоско, Дервишоско и Долно. Тие се состојат од групи на роднински куќи. Во атарот на Дебреште се спомнуваат и мезрите: Борика (Божица), Барбарас, Грубан, Калаварар и Куршева.[2]
Историја
[уреди | уреди извор]Селото со неговото денешно име се среќава во изворите уште во XI век, поточно некаде околу 1020 година, кога се јавува како дел од Пелагониската епископија. Во северозападниот дел на древната тврдина е откопана еднокорабна црква со гробови, а се спомнуваат и некрополи од XI и XII-XIII век. Во 1343 година, царот Стефан Душан во селото обнародил хрисовул.[2]
Во врска со отоманскиот период постои предание, според кое на потегот Топ постоела стража којашто го обезбедувала сообраќајот на патот Прилеп-Кичево низ Дервенската Клисура. Кога патот бил слободен, стражата тоа го навестувала со истрели од топ. Во тоа време, мештаните имале своја земја, а единствено Ештреф-ага од Прилеп имал чифлик на површина од 35 ха, чијашто земја им била продадена на селаните дури по 1912 година. Во турскиот пописен дефтер за Велешката каза од 1568/69 година, за Дебреште е запишано дека било село од царските хасови коешто припаѓало на градот Прилеп. Селото било поделено на три маала: Катунар, Јове Нине и Поп Димко. Катунар Mаало било чифлик на јаничарот Давуд и единствено во ова маало живееле муслимани, меѓу кои попознати биле Хасан, син на Касим; и друг Хасан, син на Хаџи Абдулах. Сите други жители биле христијани. Според името, се претпоставува дека парохискиот свештеник живеел во Поп Димко Маало.[2]
Дебреште најпрвин во целост било христијанско село, но во XVIII век започнале да се населуваат Македонци-муслимани со потекло од Кичевско. Поради тоа, старите православни родови од Дебреште се иселиле, а некои иселеници денес живеат во соседните села: Шербановци (Мажучиште), Дебрешлиовци (Чепигово) и Малковци (Кошино). Најстари македонски муслимански родови во селото се Баталовци, Џеловци и Дураковци.[2]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Во селскиот атар преовладуваат обработливото земјиште на површина од 1.064,2 ха, како и пасиштата на површина од 1.015 ха, а на шуми отпаѓаат 606,2 ха.[3] Ваквите површини се користат за обавување на основните природни гранки. Селто своевремено се снабдувало со вода за пиење од 15 бунари и 5 чешми, а недалеку од силото има и извори. На околу 1 км од селото се наоѓа извор којшто протекува под возвишението Краста. Водата од овој извор ја искористувале водениците.[2]
Вкупниот приход на селото во минатото изнесувал 11.000 акчиња и главно бил остваруван од пченица, испенџе, мешано жито, шира, данок за свињи, ушур од трева, данок за ситна стока.[2]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во пописните дефтери од 1467/68 година, во Дебреште (Дебриште) имало 110 семејства, 5 неженети и 1 вдовица; во 1481/82 година имало 82 семејства и 24 вдовици; во 1544/45 година бројот на христијаните изнесувал 107 семејства и 2 неженети, а имало и 2 муслимански семејства; а во 1568/69 година имало 56 семејства и 32 неженети, и повторно 2 муслимански семејства.[2]
Во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. Дебриште било село со 116 домаќинства и 367 жители муслимани, 102 жители Македонци и 8 Роми.[4]
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Дебреште имало 1.100 жители Македонци-муслимани.[5]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Дебреште се води како чисто „албанско“ село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 148 куќи.[6]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 1.600 Македонци.[7]
Според пописот од 2002 година, во селото живееле 2.424 жители, од кои 2.088 Турци, 169 Македонци, 149 Албанци и 18 останати.[8]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2.600 жители, од кои 81 Македонец, 528 Албанци, 1.941 Турчин, 3 Бошњаци, 4 останати и 43 лица без податоци.[9]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 1.100 | — | 2.402 | 2.595 | 2.394 | 2.405 | 2.403 | 2.436 | 2.319 | 2.424 | 2.600 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
[уреди | уреди извор]Дебреште е мешано муслиманско торбешко-бошњачко и православно македонско село. Најпрво селото било чисто христијанско село, но кон крајот на ХVIII век се населиле Торбеши од околината на Кичево и откако го зазеле селото, христијанското население се иселило од селото. Познати се некои иселеници како, Шербановци живеат во Мажучиште, Дебрешлиовци се иселени во Чепигово, Малковци во Кошино, итн.[14]
Торбешки родови во селото се: Џеловци (30 к.), Синановци (29 к.), Јуруковци (21 к.), Беќир-Человци (18 к.), Спајовци (16 к.), Дурмановци (11 к.), Цаневци (9 к.), Нуришовци (9 к.), Рамовци (9 к.), Дураковци (8 к.), Баталовци (21 к.), Фазлиовци (7 к.), Ибовци (7 к.), Гргалиовци (8 к.), Незировци (7 к.), Реџовци (5 к.), Метовци (5 к.), Дурмишовци (4 к.), Коларовци (4 к.), Шерифовци (6 к.), Шашовци (5 к.), Ќосевци (6 к.), Мустафовци (4 к.), Фазодолевци (3 к.), Топаловци (2 к.), Салифовци (5 к.) и Сукљовци (2 к.), сите овие родови се доселени од Кичевско, кон крајот на ХVIII век, додека родовите Баталовци и Дураковци потекнуваат од заеднички предок; Шаиповци (2 к.) доселени се од Пешталево, подалечно потекло од околината на Кичево; Требињци (1 к.) доселени се од селото Требино, Порече, подалечно потекло имаат од некое село во околината на Кичево; Арап Оџовци (30 к.) потекнуваат од предок Турчин, доселен од Мала Азија; Исмаил Ефенци (2 к.) доселени од Прилеп, порано зборувале турски, не се знае дали потекнуваат од Турчин или отпосле се потурчиле; Адем (1 к.), Бафтијар (1 к.) и Саит (1 к.) доселени се од селото Црнилиште; Риза (1 к.) доселени од селото Кочишта, Демир Хисар; Малиќ (2 к.) и Демир (1 к.) доселени се од селото Браилово; Садула (1 к.) родот го основал домазет доселен од селото Дреново; Шуке (1 к.) доселени од Саждево; Мечо (1 к.) доселен од Јакреново; Мемед (1 к.) дошол како овчар од Алданци. На сите овие овие родови подалечно потекло им е од Северна Албанија.
Македонските православни родови се сите доселени после 1912 година, тоа се: Стојковци (7 к.), Бошковци (2 к.), Јандреовци (2 к.), Србиновци (2 к.) и Стојчевци (1 к.), доселени од селото Тополница; Стојковци (1 к.) доселени од Грешница; Филиповци (1 к.) и Огњановци (1 к.), доселени од селото Латово; Блажевци (3 к.), доселени од селото Белица; Лозановци (5 к.), доселени од Црешнево; Велковци (3 к.), Рујановци (3 к.), Зенговци (3 к.), Димовци (2 к.), Елисијевци (2 к.), Михајловци (2 к.), Боцевци (1 к.), Ристевци (1 к.), Илијовци (1 к.), Јандровци (1 к.) и Дамјановци (1 к.), сите доселени од селото Крапа; Черговци (3 к.), доселени од селото Лупште; Секуловци (1 к.), доселени од Добреноец; Дабевци (2 к.), Алимпијовци (1 к.) и Трендафиловци (1 к.), доселени од Вир; Ѓурчиновци (1 к.), доселени од Јудово; Дичовци (1 к.), доселени од Лавчани; Терзиовци (2 к.) доселени од Македонски Брод; Талевци(3 к.), Ристевци (1 к.), Јагуриновци (1 к.) и Влкановци (1 к.), доселени се од сега раселеното село Барбарос во Порече; Стојковци (1 к.), доселени се од Томино Село; Нешковци (1 к.), доселени се од Ропотово; Милошевци (1 к.) доселени се од Манастирец (денес Горни и Долни); Трајковци (1 к.) доселени се од Рилево; Пејчиновци (2 к.) доселени се во 1942 година од селото Лазарополе и Димовци (1 к.), доселени се од градот Крушево.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]Во селото работи основното училиште „Вера Циривири Трена“, каде што се изведува настава до деветто одделение.[15] Освен тоа, во него има и амбуланта, пошта, земјоделска задруга и продавници.[3]
-
Основното училиште
-
Поштата
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Селото влегува во рамките на Општина Долнени од 1955 година.
Во периодот 1950-1955, селото било седиште на истоимената општина.
Избирачки места
[уреди | уреди извор]Селото е опфатено во избирачките места бр. 1470, 1470/1 и 1471 од изборната единица 5 според Државната изборна комисија, сместени во зградата на основното училиште.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 2.292 гласачи.[17]
Културни и знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[18]
- Бачилиште — населба од римско време;
- Горна Црква — населба од доцноантичко време;
- Градиште — населба од неолит до среден век;
- Загориче — населба и населба од средниот век;
- Кале — кастел од доцноантичко време;
- Млака — некропола од средниот век;
- Селска Џамија — осамен наод од римско време.
- Цркви[19]
- Џамии[20]
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во Дебреште
- Митре Јорданоски (1922 - 1945) — македонски партизан, учесник во НОВ на Македонија.[21]
- Раде Зафироски (1922 - 1945) — македонски партизан, учесник во НОВ на Македонија.[22]
- Велија Рамковски (р. 1947) - македонски стопанственик.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Од 1912 година, по падот на Отоманското Царство, повеќе од 30 торбешки семејства се иселиле од Дебреште во Бурса, Јенишехир, Адапазар и на многу други места во Турција. Нивните имоти ги купиле христијани од поречките села, а овие доселеници во 1932 година во средишниот дел на селото ја изградиле црквата „Св. Ѓорѓи“. По 1955 година, голем број на торбешки семејства се иселиле во Турција. На нивните огништа се населиле семејства од Порече, но и муслимани од Санџак.[2]
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 „Дебреште“. OldPrilep. 28 ноември 2011.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја (PDF). Скопје: Патрија. стр. 92.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 74-75.
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр. 245.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 24.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 27 март 2020.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „36 Битољско-прилепска котлина, Ј. Трифуноски.pdf“. Google Docs. Посетено на 2018-09-26.
- ↑ „Образование“. Општина Долнени.
- ↑ „Описи на ИМ“ (PDF). Посетено на 27 март 2020.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. II. Скопје: Македонска академија на науките и уметностите. ISBN 9989649286.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 19. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 83. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Порече низ историјата, Милан Ристески, НИО „Студентски збор“, Скопје, 1982, стр.234
- ↑ Порече низ историјата, Милан Ристески, НИО „Студентски збор“, Скопје, 1982, стр.241