Отоманска Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Македонија под османлиска власт паднала кон крајот на 14 век[1][2] и во составот на империјата се задржила до крајот на Балканските војни кога била поделена меѓу балканските држави.

Позадина[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Подем на Отоманската империја.
Државите во централен Балкан

Во времето кога во Анадолија се појавиле Османлиите, територијата на Македонија била под византиска и српска власт. Најголема експанзија српската држава достигнала за време владеењето на Стефан Душан (1331–1355), кој до 1334 успеал да ја наметне српската власт на поголем дел од Македонија и од Албанија. По смртта на Душан во 1355 Српската империја била опфатена од меѓудинастички судири. Македонија била поделена на повеќе области, контролирани од независни феудалци. До крајот на 1365 година биле формирани две силни држави раководени од браќата Јован Углеша и Волкашин. Углеша (1365–1371) создал независна држава концентрирана на територијата јужно од седиштето во Сер, стекнувајќи деспотска титула. Волкашин (1365–1371) ја етаблирал опширната држава со седиште во Прилеп, која добила и кралска титуларна форма. Во рамките на Волкашиновото Кралство, од седиштето во Прилеп била контролирана поширока македонска територија, вклучувајќи ги градовите Битола, Преспа, Скопје и Охрид. Волкашин се погрижил и за востановување кралска династија, прогласувајќи го својот син Марко за совладетел во 1370 година.

Паѓање под османлиска власт[уреди | уреди извор]

Османлиските напади по Маричката битка
Волкашин
Крал Марко

По катастрофалниот пораз во Маричката битка во 1371 и убивањето на Волкашин и Углеша[3], Османлиите навлегле длабоко во источна и централна Македонија. Синот на Волкашин, Марко, го наследил неговиот престол во Прилеп и набргу станал вазал на Османлиите. По падот на кралството, овие територии биле вклучени во составот на Охридскиот санџак во 1395 година како еден од првите санџаци во Румелија[4] чии територии претходно припаѓале на Крал Марко[5][6], а претходно од 1392 година бил формиран и Скопскиот санџак[7] на чело со Јигит Бег како прв отомански управител[8]. Во рамките на тие две децении биле освоени речиси сите градови на територијата на Македонија, иако за многу од нив сè уште не може со точност да се утврди времето и начинот на освојување. По битката кај Марица, Османлиите се задоволиле само со ограбување на населението, задржувајќи за себе само мал дел од територијата на уништената држава на деспотот Углеша, во нејзиниот источен граничен појас. Југозападниот дел од оваа област бил приграбен од византискиот управник на Солун, Мануил II Палеолог, синот на византискиот цар Јован V Палеолог, кој во ноември 1371 година го презел Сер, додека северните области ги зазеле браќата Јован и Константин Драгаш, синови на деспотот Дејан. Но, по битката кај Черномен, токму териториите на браќата Драгаш биле првата цел на османлиските напади. Браќата, чие седиште бил денешниот град Ќустендил, станале вазали на османлискиот владетел и се обврзиле со плаќање определен годишен данок на султанот, како и учество со воени сили на страна на османлиската војска кога и да го барал тоа султанот. Со оглед на тоа што добар дел од владенијата на браќата Драгаш се простирале на територијата на Источна Македонија, може да се претпостави дека во некои градови на таа територија веќе кон крајот на 1371 и во почетокот на 1372 година биле стационирани османлиски гарнизони. На тој начин Османлиите се обезбедиле во источниот дел од Македонија да не се случат никави изненадувања за време на нивниот следен освојувачки поход, кој бил насочен во правец на Југозападна Македонија и кој започнал во почетокот од 80-тите години на 14 век.

Во југозападна Македонија, по смртта на Волкашин, биле создадени повеќе самостојни владенија. Титулата крал од таткото Волкашин сега ја презел неговиот син Марко. Неговите браќа Андрејаш, Димитар и Иваниш не располагале со некои позначајни поседи и не можеле да играат битна улога во понатамошниот тек на настаните. Делови од Волкашиновото Кралство на територијата на Македонија приграбиле феудалецот Никола Алтомановиќ, кој го презел Костур на југ, Вук Бранковиќ, кој најдоцна во 1377 година загосподарил со Скопје и неговата околина, како и големиот жупан Андреја Гропа, кој се зацврстил во Охрид. На таков начин, границите на владенијата на синовите на Волкашин биле сведени на тесен простор во западна Македонија: на запад до Охрид, на исток до Вардар, со исклучок на долниот тек на реката Црна, кој им припаѓал на Драгашите, а на север до Скопје и Шар Планина.

На таа територија се чувствувала политичката улога на двајцата браќа Марко и Андрејаш, кои ковале свои пари и граделе манастири. Османлиските освојувачи, пред да ги нападнат владенијата на кралот Марко, најпрвин расчистиле со остатоците од државата на деспотот Углеша. На чело на походот против овие територии стоеле неколку прочуени османлиски војсководци: Евренос Бег, Дели Балабан и Лала Шахин. Во периодот од 1382 до 1384 година тие освоиле неколку значајни тврдини и градови во источна Егејска Македонија: Кавала, Марулија (Аврет Хисар), Драма, Зихна, Бер и, најзначајниот меѓу нив, Сер, кој паднал на 19 септември 1383 година. Со тоа Османлиите успеале да ја покорат целата поранешна држава на деспотот Углеша, а ако се земе предвид дека браќата Драгаш веќе биле нивни вазали, тогаш станува јасно дека тие воспоставиле контрола над речиси половината од територијата на Македонија.

Новата воена кампања, чија цел била преостанатиот дел од Македонија, западно од реката Вардар, кој бил во рацете на Волкашиновиот син Марко, започнала во 1385 година под водство на румелискиот беглербег Тимурташ паша. Тој, откако собрал голема војска, најпрвин се упатил кон Прилеп и Битола, двата најголеми града во Пелагонија. Пробивот најверојатно бил извршен преку вазалната територија на Константин Драгаш. Со оглед на тоа што главната цел на овој поход било ликвидирањето на владенијата на кралот Марко, најпрвин бил нападнат и заземен Прилеп, кој се предал без борба. Веднаш по паѓањето на Прилеп била опсадена и Битола која, за разлика од Прилеп, давала силен отпор. По извесно време градот конечно бил освоен, по што бил подложен на пљачка поради непослушноста за негово мирно предавање. На тој начин, со освојувањето на овие два града, била ликвидирана самостојноста на Марковото Кралство.

Кампањата на Тимурташ-паша ја почувствувал и најголемиот град во Македонија, Солун, кој се нашол на удар на османлиските сили за време на нивното враќање од походот во Албанија. Меѓутоа, овој обид за негово освојување не донел резултат, што не значело и откажување од страна на Османлиите од идејата за заземање на најголемиот македонски град. Конечно во 1387 година, по речиси двегодишно измачување на градот, тој паднал во рацете на Хајредин-паша. Но, тоа не било неговото дефинитивно покорување. Во него бил стациониран само мал османлиски одред, кој требало да го гарантира плаќањето на арачот што бил одреден со договорот за признавање на врховната султанска власт од страна на градските власти. Меѓутоа, овој одред бил во градот само три години и во 1390 година бил повлечен за набргу, 1391 или најдоцна 1394 година, повторно да биде вратен со што овој најважен приморски центар на Македонија веќе во последната деценија на XIV век бил под директна османлиска управа. Османлискиот поход од 1385 година не значел само освојување на централна Македонија. Во годините што следеле (до 1391/1392) биле освоени речиси сите позначајни градови во западна и на северна Македонија: Воден, Охрид, Костур, Кратово, Скопје, кое им давало силен отпор на освојувачите пред тие конечно да успеат да влезат во него и потоа да го претворат во силна воена база за своето натамошно напредување на север, во Србија и во Босна. Скопје бил последниот пункт од каде им бил даван отпор на новите освојувачи. Неговото паѓање значело и целосно покорување на Македонија. Вазалните територии на кралот Марко и на Константин Драгаш биле само мали острови што опстојувале во османлиското море. Нивната агонија траела до 1395 година, кога и двајцата како вазали на султанот загинале во битката кај Ровине против влашкиот војвода Мирчо Стариот. Исто така, ниту краткотрајното ослободување на Солун (1403–1430), издејствувано од страна на византискиот император Маноил II во почетокот на интеррегнумот во Османлиската Империја (1402–1413)[9], немало никакво значење за Македонија, која веќе била цврсто стегната во рамките на новата држава. Новите закони и норми веќе почнале да го менуваат дотогашниот начин на живеење.

Историја[уреди | уреди извор]

15 и 16 век[уреди | уреди извор]

По крајот на Анагорската битка, на дел од територијата на Македонија се одвиле три востанија и тоа востанието на Муса Челеби (1409-1413), син на Бајазид I, кој се обидувал да дојде на престолот на империјата, потоа на шеикот Бедредин (1416) и на Дузме Мустафа (1416-1432). И покрај тоа што овие востанија имале османлиски карактер, во нив учествувале и голем број на христијанско население од Македонија.

Како прв проект за востание на Балканот го поднел Бертаден д'ла Брокиер до папата во 1433 година[10], а во 1461 година венецијанскиот пратеник во Рим, Павле Мавроцен исто така направил план за војна против Османлиите, но овој пат според истиот Македонија требало да биде приклучена кон територијата на Скендербег[11].

Во времето на востанието на Скендербег, низ Македонија поминала огромна османлиска армија која извршила неколку пустоши кон својот пат во Дебар. По неколкуте обиди на султанот Мехмед II, во 1467 година Османлите за својот пораз кај Кроја жестоко му се одмаздувало на невиното албанско и македонско население низ чија територија поминувале. Една година подоцна Мехмед II во Охрид, сомневајќи се дека црквата и граѓаните соработуваат со албанските востаници, го сменил охридскиот архиепископ Доротеј и за нов епископ го наименувал гркот Марко II.

Во текот на османлиското владеење се случиле неколку буни на територијата на Македонија. Така во 1564 година се случила Мариовската буна кога поради самоволието на собирачите на даноци. Се смета дека оваа буна била крваво задушена бидејќи во тоа време исчезнале селата Сатока и Пештје (Бешиште). Во 1598 година избувнала Велешката буна.

Во текот на 16 век се појавло и Ајдутството како најстара и најдолготрајна форма на вооружен отпор против Османлиите[12].

17 век[уреди | уреди извор]

Уметничка претстава за смртта на Карпош. На сликата му се чита пресудата, а во позадина се гледа Камениот мост во Скопје.

Во 1683 година по поразот на Османлиите кај Виена, австриските сили ги потиснале на османлиските на Балканот влегувајќи дури до Скопје во септември 1689 година по кое следувал грабеж на градот но самиот генерал Пиколомини во Скопје бил заразен од чума и починал во Призрен[13].

Во истиот период било кренато и Карпошовото востание на просторот меѓу Ќустендил и Скопје, со седиште во Крива Паланка[14][15]. Востанието завршило со неуспех кога востаниците биле поразени од татарските сили на чело со Селим Гирај. Карпош, заедно со околу 200 соборци биле набиени на колец на Камениот мост во Скопје кое го означувало и крајот на востанието во декември истата година[16].

На 6 април 1690 година, австрискиот император Леополд I (1657-1705) издал манифест, со кој ги повикал „сите народи кои по сета Силистрија, Илирија, Македонија, Расија, да им се придружат на австријците и против Турција на оружје да се дигнат“. Речиси истовремено, на 26 април 1690, Леополд издал и едно писмо со кое го земал под заштита македонскиот народ[17].

18 век[уреди | уреди извор]

Во почетокот на 18 век започнал т.н. Његушки бунт кога во Његуш требало од градот и од селата да бидат за јаничари одземени 50 момчиња. Незадоволството започнало неколку дена пред децата да ги одведат во Солун. На чело на бунтот застанал мартолозот Зисо Карадимо и неговите двајца синови, Васил и Димитар. При обидот децата да бидат одведени од Његуш, се кренал народот и дошло до бунт во кој побунетите го убиле силахдарот што требал да ги одведе идните јаничари, а потоа побунетите селани се разбегале по планините. Во ова јавно и вооружено движење зеле учество и жени - мајки на децата. Триесет од нив подоцна биле фатени и однесени во Солун, каде што заедно со голем број мажи, биле продадени во ропство. Резултатот на неколкуте потери што ги организирала турската власт бил следен: големата дружина на Зисо Карадимо била разбиена, Зисо бил убиен, неговите два сина заробени, па подоцна во Бер, од страна на судот, биле осудени на смрт со бесење.

Во 1767 година била укинета Охридската архиепископија која паднала под јурисдикција на Цариградската патријаршија[18]. По укинувањето на Охридската Архиепископија настапиле големи денационализирачки процеси кои го зафатиле македонскиот народ. Сите верски објекти, кои воедно имале и образовен карактер, паднале под јурисдикција на грчките верски водачи по кое започнала елинската пропаганда.

19 век[уреди | уреди извор]

Ферман до кадијата на Реканска каза со наредба до локалните власти да не го спречуваат чукањето на камбаните, со што христијанското население се повикува на верски обреди (1838)

Во почетокот на 19 век започналo Негушкото востание кога во Његуш под влијание на Грчкото востание. Во него, зеле учество локалните Македонци потпомогнати од месните Власи и Грци во април 1822 година, против турската власт[12][19]. На чело на востанието биле Логотет Зафиракис, Анастас Караташо Постариот, Ангел Гацо, Дијамандис и др. Зафиракис бил политички, а Караташо постариот воен водач. Востанието започнало со напад на османлискиот гарнизон во Негуш, кој бил уништен, а градот бил ослободен. Востаниците формирале и Воен штаб. Заземањето на Негуш придонесло на востаниците да им се придружи населението од Држилово, Лозица, Граматиково, Катраница и други населени места. Востанието се ширело и кон Воден и Костур, зафатило и многу села по реката Бистрица. Против востаниците била испратена редовна војска под команда на Лабуд-паша. Востанието било задушено, а дел од востаниците успеале да избегаат на југ и да им се придружат на грчките востаници.

Во 1843 година избувнало востанието на Дервиш Цара[20]. Оваа востание било организирано од страна на албанското население во Македонија и ги опфатило градовите Скопје, Тетово и Приштина[21][22]. Востанието избувнало како резултат на танзиматските реформи во 1839 година и уништувањето на тимарскиот систем кој претходно бил управуван од муслиманското население низ империјата односно локалните бегови кои претходно имале големо влијание врз политиката на регионите со кои управувале[23]. Востанието целосно било задушено во 1844 година.

Исто така кон крајот на 19 век најпознати востанија се Разловечкото востание, Кумановско востание и Кресненско востание. Главен иницијатор и организатор на Разловечкото востание од 1876 година бил Димитар Поп Георгиев Беровски и неговиот дедо Поп Стојан со центар во селото Разловци[12]. Кумановското востание било кренато кон крајот на Руско-турската војна (1877-1878), и ги зафатило кумановско, кривопаланечко, кратовско, овчеполско, а центар на востанието бил манастирот Забел. Кресненското востание избувнало по крајот на Руско-турската војна (1877-1878) во селото Кресна.

МРО[уреди | уреди извор]

На 23 октомври 1893 година била основана Македонска револуционерна организација[24] со цел по пат на воружена борба да се извојува политичка автономија на Македонија и Одринско. На основачкиот состанок усвоиле програма за дејствување. Бил усвоен Устав на Организацијата (во почетокот на 1894) и се конституирал Централниот комитет (претседател д-р Христо Татарчев, секретар Дамјан Груев). Била изградена мрежа на Организацијата во поголемите центри во Македонија (до средината на 1894). Особено силен подем бележела по стапувањето во членство и во раководењето на Гоце Делчев, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Јане Сандански и други македонски револуционери. Во летото 1894 г. во било одржано Ресенското советување на членовите на ЦК и на делегатите на месните комитети посветено на организациони и на тековни прашања за револуционерно дејствување. Биле формирани три револуционерни окрузи: Солунски, Битолски и Скопски. Организацијата изградила (до есента на 1895) разгранета мрежа во сите делови во Македонија и прогласила сувереност на организационата територија, спречување на дејствувањето на други организирани групи со исти цели во Македонија. Македонските комитети формирани во странство можеле да дејствуваат исклучиво во рамките на МРО. По формирањето на Македонскиот комитет во Софија (подоцна преименуван во Врховен македонски комитет, 1895), ЦК на МРО веднаш побарал тој комитет да ја сообрази својата активност со потребите на МРО и да работи како помошен комитет. Софискиот комитет продолжил да дејствува како паралелна организација во македонското револуционерно движење. На 5/12 јануари 1896 година се одржал Солунскиот конгрес со учество на првите луѓе на Организацијата: Гоце Делчев, Дамјан Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов и др. На конгресот, била усвоена нова политичка стратегија и тактика во дејствувањето. Конгресот усвоил нова управна поделба и територијална организација и промена на организациското името во Тајна македонско - одринска револуционерна организација (ТМОРО). Месните комитети биле ополномоштени да вршат просветување на жените и создавање масовно народно движење. Усвоените промени биле вградени во актите и Уставот и внатрешниот правилник.

Основоположниците на Македонската револуционерна организација

20 век[уреди | уреди извор]

Берлинскиот конгрес оставил голем број на отворени прашања кој останале потенциални жаришта за нови конфликити и кризи. Меѓу многуте прашања бил и членот 23 кој останал не реализиран, а кој вешто бил изманипулиран од страна на Отоманската Империја со т.н Нов закон за европските вилаети, а тоа оставило простор за калкулации помеѓу државите на Балкански Полуостров чии интереси се судрувале во Македонија. Најголеми претензии врз Македонија имало новото Кнежество Бугарија, македонското прашање го заземало централното прашање во надворешната политика на Бугарија, секоја бугарска влада се залагала за присоединување на Македонија кон Бугарија и реализирање на санстефанскиот идеал. Главната официјална цел на Софија по обединувањето на Бугарија и Источна Румелија, е Македонија да добие автономија, а потоа да биде присоединета кон бугарската држава, отука Бугарија претендирала на целата територија на Македонија. Освен Бугарија претензии на Македонија имале Грција и Србија, а Македонија била од второстепено значење за Романија и Црна Гора.

Едно од најзначајните востанија на МРО било Илинденското востание од 1903 година. Конгресот на Македонската револуционерна организација, одржан во Солун, донел одлука да се крене оружено востание при што започнувањето и водењето на востанието им биле препуштени на окружните комитети. Конгресот на Битолскиот револуционерен округ, одржан во Смилево, одлучил да се крене општо ослободително востание и избрал Главен востанички штаб на Битолскиот револуционерен округ (во состав: Дамјан Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев), кој донел одлука востанието да започне на денот Свети Илија, 2 август 1903 година (нов стил)[25]. Две недели по почетокот на востанието во Македонија, тоа започнало и во Одринско. Водач на востаниците во Одринско бил Михаил Герџиков. Во текот на востанието биле ослободени Крушево, Невеска и Клисура заедно со околу 150 села и била создадена востаничка територија која се протегала од Дебарско - Кичевскиот регион, преку Охридско, Струшко, Битолско, Леринско, Костурско и Воденско. Во текот на востанието, на 3 август 1903 година била создадена Крушевска Република со седиште во градот Крушево а на чело на републиката застанал Никола Карев како претседател. На 13 август бил заземен градот Крушево, а со тоа престанала да постои и републиката. Востанието целосно било задушено во ноември 1903 година.

Во Младотурската револуција било инволвирано и македонското население. Во неа учество зеле и Македонци на чело со Јане Сандански кои се бореле за целите на Младотурците како и за добивање на автономија.

Протерувањето на Османлиите од Македонија се случило по крајот на Балканските војни кои се воделе меѓу балканските сојузници (Србија, Црна Гора, Бугарија и Грција) и Османлиската империја. Според Букурешкиот договор, територијата на Македонија била поделена помеѓу Грција, Бугарија и Србија[1].

Административно уредување[уреди | уреди извор]

Санџаци кои се наоѓале на територијата на Македонија
.
Вилаети кои се наоѓале на територијата на Македонија
.

Македонија, во поглед на административната припадност постојано била дел од Румелискиот беглербеглак[26], а нејзината територија влегувала во состав на повеќе санџаци. Во 15 и 16 век имало вкупно седум санџаци, формирани во различно време, кои целосно или делумно се простирале на територијата на Македонија. Тоа биле санџаците: Паша, Ќустендилски санџак, Охридски санџак, Солунски санџак, Скопски санџак, Јанински санџак и Лерински санџак[27]. Еден од најстарите и најголеми санџаци во Румелискиот беглербеглак бил Одринскиот санџак со кој дирекно управувал румелискиот беглербег, со титула паша, поради што и го добил називот Паша санџак. Овој санџак зафаќал и најголем дел од територијата на јужна и северна Македонија. Во првите децении на 16 век нему му припаѓале градовите, кои истовремено биле и центри на кази и на нахии: Драма, Зихна, Неврокоп, Демир Хисар, Аврет Хисар, Сер, Солун, Ениџе Вардар, Сидерокапса, Бер, Серфиџе, Хрупишта, Костур, Биглишта, Скопје, Тетово, Кичево, Велес, Прилеп и Битола. Поради неговата големина, овој санџак станал неподобен за управување и во наредните години, со одземање територии од него, биле создадени два нови санџака: Солунскиот и Скопскиот, кои го поделиле Паша санџакот во два неповрзани дела.

Ќустендилскиот санџак се простирал на македонска, српска и бугарска територија, а се смета дека бил создаден по загинувањето на Константин Драгаш (1395 година), кој ја држел оваа област како османлиски вазал со центар во Ќустендил. Во неговиот состав влегувала цела североисточна Македонија, со териториите и административните центри: Кратово, Нагоричане, Славиште, Штип, Кочани, Пијанец, Малешево, Струмица, Петрич, Мелник, Дојран, Бојмија, Конче, Тиквеш, а делумно и Мариово и Пчиња. Почетокот на постоењето на Охридскиот санџак, исто така, се поврзува со 1395 година и загинувањето на кралот Марко во битката кај Ровине. Во рамките на овој санџак, со центар во Охрид, влегувал само мал дел од западна Македонија, додека неговата територија, во најголем дел, се простирала во Албанија. Кон крајот на 16ввек од македонска територија кон овој санџак припаѓале казите Охрид, Дебар и Старова, во чиј состав влегувале нахиите: Охрид, Преспа, Дебарца, Горни Дебар, Река, Жупа, Долго (Голо) Брдо, Мокра и Гора.

Солунскиот санџак бил создаден со одземање територии од огромниот Паша санџак. Точното време на настанување на овој санџак не се знае, но кон средината на 16ввек, кога тој се зацврстил како управна единица, во него влегувале казите: Солун, Бер, Аврет Хисар, Ениџе Вардар, а нешто подоцна Воден и Сидерокапса. Карактеристично за овој санџак е тоа што тој се простирал исклучиво на македонска територија.

Скопскиот санџак, со центар во Скопје, бил создаден најдоцна во 1553 година, кога за првпат оваа област се спомнува како санџак на чело со санџакбег. Кон него припаѓале казите кои порано биле во состав на Паша санџакот: Скопје, Тетово, Прилеп и Кичево. И овој санџак, кој со мал исклучок на север ја опфаќал нахијата Качаник, се простирал исклучиво на македонска територија и не претрпел некои позначајни промени во однос на неговиот состав. Освен горенаведените санџаци, во југозападна Македонија навлегувал санџакот Јанина, кој од македонска територија во себе ја вклучувал казата Гребена (Гревена). Исто така, за еден краток период, меѓу 1520 и 1530 година, на територијата на Македонија постоел и Леринскиот санџак, кој се поклопувал со територијата на казата Лерин. Но, околу 1530 година, тој бил укинат и повторно сведен на каза, која била приклучена кон Паша санџакот. Ваквата административна поделба на територијата на Македонија се задржала и во наредните векови на османлиската доминација. И покрај тоа што границите на државата постепено се поместувала на север, овие санџаци не претрпеле никакви позначајни територијални промени. За еден подолг период тие постоеле во овие граници и функционирале како цврсти административни управни единици.

Економија[уреди | уреди извор]

Османлиската империја била организирана врз систем на воен феудализам, наречен тимарско-спахиски систем кој се темелел врз државната сопственост на земјата. Во раниот период од османлиската доминација во Македонија имало и спахии-христијани што поседувале тимари. Во средината на 15 век во Прилепската и Кичевската нахија имало 27 тимари и еден зеамет, а во 1466/1467 година во Дебарската област бројот на христијанските тимари изнесувал 18. Зеаметот, што го држел Ѓерг Степан, субашија на Кичево, покрај Кичево во себе вклучувал и 29 села, 23 мезри и еден манастир и носел годишен приход од 50.200 акчиња[28] На територијата на Македонија имало и хасови, кои биле најкрупни, но многу ретки имоти во Османлиската Империја. Некои од најбогатите извори на приходи во Македонија, како што биле Кратовските рудници, риболовот во Охридското Езеро и околните реки, Струга со неколку околни села, плодното земјиште во Солунско, Битолско, биле всушност хасови на султанот. Покрај султанот, со хасови располагале и везирите и другите високи функционери во државата. Познатиот скопски краишник Иса-бег бил еден од најголемите феудалци на Балканот со годишен приход од 763.000 акчиња[28].

Како и во останатите потчинети територии, така и на територијата на Македонија, економската потчинетост на рајата се изразувала преку феудалната рента што селаните им ја давале и на феудалецот и на државата. Најзначаен од овој вид даноци бил арачот или џизието. Него го плаќала само немуслиманската раја, односно христијаните и Евреите, како замена за неслужење воена обврска и како доказ за нивната лојалност кон државата[28]. Посебно тежок за христијанската раја бил т.н. данок во крв кој се состоел од собирање на најздравите деца од христијанската раја, кои потоа биле водени во Истанбул, преведувани во ислам и подложувани на специјален режим на воспитување. Најнадарените од овие деца станувале дел од личната придружба на султанот и припадници на јаничарскиот корпус.

Демографија[уреди | уреди извор]

Со османлиското освојување на Македонија започнала и промена во демографската сфера на населението. По освојувањето започнало колонизирање на територијата од муслиманско население најпрвин во градските средини. Поголемите градови во земјата, како Сер, Битола и Скопје станале со побројно муслиманско население. Освен муслиманско, во времето на Реконквистата во Османлиската империја се населиле голем број на евреи. На македонска територија, најмногу од нив се населиле во Солун. Во почетните години на османлиската доминација имало и примери на присилно депортирање на домородното христијанско население во Охрид и Скопје[28]. Албанци во Македонија почнале да се доселуваат поинтензивно дури после средината на 18 век. Според отоманскиот попис на населението од 1430 - 1431, во Македонија немало воопшто Албанци. Веќе од средината на 15 век, со исламизацијата на Албанците, тие во мал број почнале да доаѓаат во Македонија како турски војници и наеминци, но во многу мал број. Во отоманскиот попис од 1452 - 1453 година, се забележани само 32 албански семејства на територијата на цела Македонија и тоа 31 семејство во вилаетот Калканделен (Полог) и 1 католичко семејство во Скопје.

Исламизацијата сред христијанското население во Македонија започнало во 15 век, иако во почетокот течело бавно и се ограничило речиси исклучиво на градовите.[29] Според пописите на населението од 1445, 1452/53, 1465, 1467/68 година, во повеќето од македонските градови не биле регистрирани исламизирани христијани, исклучок биле неколку поединечни случаи во Драма, Сер, Тетово, Скопје и Битола.[30] Исламизацијата продолжувала со сè посилно темпо, а најсилниот бран се случил во втората половина на XVI век. Според пописите од 1569/70 годнина, во градовите Скопје, Тетово, Кичево, Прилеп, Битола, Лерин, Костур, Бер, Ениџе Вардар, Серфиџе, Солун, Демир Хисар, Неврокоп, Сер, Драма, Кавала, Штип, Струмица, Дојран и Кратово биле регистрирани вкупно 3.019 исламизирани лица, што во однос на регистрираните муслимани изнесувало нешто повеќе од една третина. Во Дебарската каза од Охридскиот санџак, според пописот од 1583 година, тој процент бил уште повисок. Се смета дека процентот на исламизираните христијани по градовите кон крајот на XVI век изнесувал една четвртина од градската популација.[31]

Култура[уреди | уреди извор]

Културата на територијата на Отоманска Македонија во класичниот османлиски период може да биде поделена на селско-христијанска и на градско-муслиманска. Македонските села останале претежно христијански и во нив продолжила да се развива православната духовна култура. Таа била нераскинливо поврзана со селските манастири и цркви. Составен дел на македонската христијанска култура била и народната епика. Меѓу најпопуларните народни јунаци опеани во народните епови како борци против Османлиите се: Марко Крале, Болен Дојчин и Момчил Војвода. Најпознат лик од усната народна проза станал ликот на Итар Пејо[28]. Во градовите се јавиле голем број исламски книжевни дејци и литерати кои пишувале поезија и проза, од кои најпознати биле Атаи Ускуби, Исак Челеби, Вејси Ефенди, Хавери, Зухури и.т.н.

Религија[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Религија во Македонија.
Внатрешноста на Куршумли ан

Официјалната религија во Османлиската империја бил исламот, а званично империјата од 1517 до 1922 година била прогласена за исламска држава, кога калифатот бил формално напуштен и сите негови ингиренции биле дадени на турскиот парламент. Османлиската империја ги толерирала христијанските религии и јудаизмот. Во времето кога било дозволено да се создаваат т.н. милети, најголемата немуслиманска верска група, православната, добила огромни привилегии во областа на политиката и трговијата, но сепак морала да плаќа повисоки даноци на државата од муслиманските поданици.[32],[33]

Со османлиското освојување на Македонија, Охридската архиепископија претрпела големи материјални загуби со одземањето на големи имоти и претворањето на голем број цркви во џамии, меѓу кои биле и катедралната црква Света Софија и Свети Пантелејмон во Охрид. Кон средината на 19 век била формирена Бугарска Егзархија со султански ферман во 1870 со центар во Константинопол[34][35], и до Балканските воjни ги вклучувала епархиите Битолска, Велешка, Дебарска, Охридска, Скопска, Струмишка, Неврокопска и имала обласни претставители во Леринско (Магленско), Воденско, Солунско, Поленинско (Кукушко), Серско, Мелнишко, Драмско. Во 1912 имала 1,373 егзархиски училишта со 2,266 учители и 78,854 ученици во Македониjа.

Најважниот духовен центар на Евреите во Македонија бил Солун. Во овој град творел и Дон Јуда Беневиста, еден од најучените и најбогати Евреи во тоа време. Тој создал голема библиотека и ја основал Солунската талмудска академија, која станала културен центар на македонските Евреи.

Архитектура[уреди | уреди извор]

Во текот на османлиското владеење, на територијата на Македонија биле изградени голем број на џамии, амами, безистени, теќиња, турбиња, караван-сараи, чаршии и.т.н. Од џамиите кои биле изградени, најпознати се: Султан-муратовата џамија од 1436 година како една од најстарите на Балканот[36] и Иса-беговата џамија од 1475 година во Скопје, Шарената џамија од 1438 во Тетово, џамијата Исак Паша во Солун од 1484 година, Јени џамија во Битола од 1558 година. Во текот на 15 век биле започнала голема архитектонска преобразба на Старата скопска чаршија каде најпознати објекти се: Скопскиот безистен, Куршумли ан, Даут-пашин амам, Саат-кулата и.т.н. Други позначајни градби се: Ресенскиот сарај, Белата кула во Солун, Камениот мост од 1451-1469 година во Скопје.

Во периодот од 15 век до 18 век биле изградени повеќе цркви, најголемиот дел од нив во селата или во склоп на изградените манастири, како што се: Црква „Св. Спас“ - Лескоец од 1426 година, Црква „Успение на Пресвета Богородица“ - Велестово од 1444 година, Црква „Св. Никола“ - Трново од 1505 година и.т.н. Куќата на Робевци во Охрид се смета за едeн од најрепрезентативните објекти на градската архитектура во Македонија која била изградена во 19 век.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Macedonia :: The Ottoman Empire“. Britannica. 2010. http://www.britannica.com/EBchecked/topic/354223/Macedonia/42800/The-Ottoman-Empire?anchor=ref476755. конс. 25 август 2010 г.  Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „Britannica“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  2. „A brief account of the history of Skopje“. skopje.mk. 2010. http://www.skopje.mk/index.php?option=com_content&task=blogcategory&id=3&Itemid=18. конс. 25 август 2010 г. „A monk at the Saint Theodor Monastery on Mt. Vodno briefly recorded the date of the town's capture by the Turks: "In the 69th year (1392) the Turks took Skopje on the 6th day of the month (January 19, 1392 according to the new calendar).“ 
  3. Sedlar, Jean W., East Central Europe in the Middle Ages, 1000-1500, (University of Washington Press, 1994), 385.
  4. Stojanovski, Aleksandar (1989), Makedonija vo turskoto srednovekovie : od krajot na XIV--početokot na XVIII vek (на Macedonian), Skopje: Kultura, стр. 49, OCLC 21875410, конс. 24 December 2011, Овој санџак исто така е еден од најстарите санџаци во Румелискиот беглербеглак [[Category:]]
  5. Stojanovski, Aleksandar (1989), Makedonija vo turskoto srednovekovie : od krajot na XIV--početokot na XVIII vek (на Macedonian), Skopje: Kultura, стр. 49, OCLC 21875410, конс. 24 December 2011, ОХРИДСКИ САНЏАК (Liva i Ohri): Овој санџак исто така е еден од најстарите санџаци во Румелискиот беглербеглак. Се смета дека бил создаден по загинувањето на крал Марко (1395),.. [[Category:]]
  6. Šabanović, Hazim (1959), Bosanski pašaluk : postanak i upravna podjela (на Croatian), Sarajevo: Oslobođenje, стр. 20, OCLC 10236383, конс. 26 December 2011, Poslije pogibije kralja Marka i Konstantina Dejanovića na Rovinama (1394) pretvorene su njihove oblasti u turske sandžake, Ćustelndilski i Ohridski. [[Category:]]
  7. „Archeological exavations "Skopsko Kale"“. skopskokale.com.mk. http://www.skopskokale.com.mk/en/aboutkale.php. конс. 7 февруари 2011 г. „The handwriting of the triod of the Khludov collection in the Moscow Historical Museum no. 162, completed on 6 January 1392, on the day of the Ottoman conquest of Skopje.“ 
  8. Houtsma, Martijn Theodoor (1993), Encyclopaedia of Islam VIII, Netherlands: E.J. Brill and Luzac and Co., стр. 876 
  9. Fine, John Van Antwerp, The Late Medieval Balkans, (University of Michigan Press, 1994), 499.
  10. Бертрандон де ла Брокиер, Путовање преко мора, Београд 1950, стр. 134-135, 140-141.
  11. Јован Радонић, Ђурађ Кастриот Скендербег и Арбанија и 15 веку - Споменик XCV, Београд, стр. 128-129
  12. 12,0 12,1 12,2 Историја на македонскиот народ, книга прва, издава нип Нова Македонија - заедница за издавачка дејност, книги, периодика и публицистика - Скопје, Скопје, 1969 година Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „IMN“ е зададен повеќепати со различна содржина. Грешка во наводот: Неважечка ознака <ref>; називот „IMN“ е зададен повеќепати со различна содржина.
  13. Macedonia: Its people and history, pg. 106, Stoyan Pribichevich, The Pennsylvania State University Press, 1982.
  14. Поњавиќ, Кики Мангова (26 октомври 2009), "Пиколомини и Скопје - градот феникс", Утрински весник (3118)  Check date values in: |date= (помош) [[Category:]]
  15. Карпошовото въстание (1689 г.) проф. д-р Петър Петров (Македонски Научен Институт - София, 1994) Македонска Библиотека No 25.
  16. Силахдер Финдиклили Мехмед Ага, „Историја на Силахдер“.
  17. http://www.macedonium.org/Macedonium.aspx?jazik=2&kid=1&pid=2&ppid=38&tid=368
  18. http://www.povardarska-eparhija.org.mk/pe//index.php?option=com_content&task=view&id=296&Itemid=84
  19. Stefov, Risto. "Wake of the 19th Century Balkans and the Negush Uprising"
  20. Albanische Geschichte: Stand und Perspektiven der Forschung Volume 140 of Südosteuropäische Arbeiten Authors Oliver Jens Schmitt, Eva Anne Frantz Editors Oliver Jens Schmitt, Eva Anne Frantz Publisher Oldenbourg Wissenschaftsverlag, 2009 ISBN 3-486-58980-6, ISBN 978-3-486-58980-1 p. 168
  21. Kreyengritja e Dervish Cares, perktyes Lutfi Rusi, Shkup, 1985;
  22. The Albanians: a modern history Author Miranda Vickers Edition 3, revised, illustrated, reprint Publisher I.B.Tauris, 1999 ISBN 1-86064-541-0, ISBN 978-1-86064-541-9 p.25
  23. Historia e Shqipërisë. Vëllim i dytë / Instituti i historisë Akademia e Shkencave e RPS të Shqipërisë Published: Tiranë, Akademia e Shkencave e RPS të Shqipërisë, 1984 p. 127
  24. Д. Димески, Гоце Делцев, Битола, 1990, страна 42
  25. Во продолжение академик Катарџиев потсети на неколку значајни настани од Илинденската епопеја "Во прв ред тоа е Солунскиот конгрес на ВМОРО, одржан во првите дни на јануари 1903 година, на кој е донесено решението, во текот на годината во Македонија да се подигне востание, види: 16. 70. 245/?pBroj=1229&stID=6926&pR=5 Во НУБ „Св. Климент Охридски" отворена изложбата „Сто години Илинден - сто години државност", Утрински весник, Број 1229 понеделник, 16 октомври 2006
  26. Halil Inalcik. The Ottoman Empire: The Classical Age 1300-1600. Trans. Norman Itzkowitz and Colin Imber. (London: Weidenfeld & Nicolson, 1973.)
  27. Donald Edgar Pitcher. An Historical Geography of the Ottoman Empire (Leiden, Netherlands: E.J.Brill,1972.)
  28. 28,0 28,1 28,2 28,3 28,4 проф. д-р Тодор Чепреганов, Историја на Македонскиот народ, Скопје, 2008
  29. М. Соколоски, Исламизацијата во Македонија во XV и XVI век, „Прилози“ МАНУ, VII/1, Скопје, 1976
  30. Турски документи за историјата на македонскиот народ. Опширни пописни дефтери од XV и XVI век. Том: III, IV, V. VI, VII, VIII, IX, X, под редакција и превод на М. Соколоски и А. Стојановски
  31. Градовите во Македонија од крај на XIV до XVII век. Демографски проучувања, Скопје, 1981
  32. "The Divinely-Protected, Well-Flourishing Domain: The Establishment of the Ottoman System in the Balkan Peninsula", Sean Krummerich, Loyola University New Orleans, The Student Historical Journal, volume 30 (1998–99
  33. Turkish Toleration, The American Forum for Global Education
  34. "Bulgarian Orthodox Church", Encyclopædia Britannica: "The struggle for an independent Bulgarian church, begun late in the 18th century, culminated in the establishment in 1870 of a Bulgarian exarchate." (англиски)
  35. L. S. Stavrianos, Traian Stoianovich, "The Balkans since 1453", "Bulgarian Exarchate", p. 371: "The first great victory for Bulgarian nationalism was the establishment in 1870 of a national church known as exarchate." (англиски)
  36. Султан-Муратова (Хјунќар) џамија, Проект „Стара скопска чаршија“.