Лажани
Лажани | |
Поглед на селото | |
Координати 41°26′31″N 21°18′56″E / 41.44194° СГШ; 21.31556° ИГД | |
Регион | Пелагониски |
Општина | Долнени |
Население | 1.755 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 7507 |
Повик. бр. | 048 |
Шифра на КО | 20058 |
Надм. вис. | 780 м |
Лажани на општинската карта Атарот на Лажани во рамките на општината | |
Лажани на Ризницата |
Лажани — село во Општина Долнени, во околината на градот Прилеп.
Етимологија
[уреди | уреди извор]Името на селото потекнува од прасловенскиот збор 'лаг', што значи долина, место покрај река, обраснато со дрвја.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во северозападниот дел на Прилепското Поле, а на западната страна на територијата на Општина Долнени, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Крушево.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 780 метри. Од градот Прилеп е оддалечено 27 километри.[2]
Лажани е рамничарско село, кое се наоѓа помеѓу селата Житоше (Горно и Долно), Кошино, Дебреште и Ропотово. Во минатото, водата за пиење се добивала од бунари во кои биле поставени пумпи. Бунарите биле длабоки од 9 до 18 метри и првите биле ископани во 1909 година. Претходно, селото го користело изворот Преод, кој извира западно од Лажани.[3]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Дебрешки Чаир, Емроица, Кошинско, Поројница, Ќерамидница, Боароско, Мртвица, Сеферица, Јасен, Игралиште, Средоречки Пат, Кокица, Бариште, Оризишта, Лозишта, Ширина, Чаир, Шембеља, Арапица, Трска, Ливаѓе, Мера, Слатина и Богданоа Бара.[3]
Селото има збиен тип, а поединечни делови од него се нарекуваат Сулејмановско, Јајоско, Зенговско, Браовско Маало и други. Маалата се нарекуваат по презимињата на мештаните во нив.[3]
Историја
[уреди | уреди извор]Северозападно од селото во насока на соседното село Кошино, во нивите мештаните ископувале остатоци на старини, најмногу ќерамиди дебели три прста и долги половина метар. На месноста Богданоа Бара, североисточно од селото, исто така има остатоци на стара населба.[3]
За основањето на денешното село не се знае ништо. Во традицијата се наведува дека тоа најпрвин било христијанско село. Потоа, кон крајот на XVIII и почетокот на XIX век, во селото дебарските муслимани основале чифлици. Како чувари на чифлиците биле доселени Торбеши од околината на Кичево и Дебар. Со тоа, муслиманското население во Лажани започнало да се зголемува. Христијанското население во текот на XIX век започнало да се иселува.[3]
Пред крајот на отоманската власт, во селото имало три чифлици, кои зафаќале половина од атарот на селото. Најголемиот чифлиг припаѓал на дебарскиот род Аголи, додека другите биле во посед на Мула Мемедовци и Хутковци. На земјата во чифлиците работеле христијани, Роми, како и некои Торбеши. Кратко време пред 1912 година, мештаните ја откупиле земјата.[3]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот зафаќа простор од 11,6 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.082 хектари, на пасиштата отпаѓаат само 41 хектар, додека шумско земјиште нема.[2]
Селото, во основа, има полјоделска функција. Во селото имало земјоделска задруга, а денес има услужни објекти.[2]
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Во пописните дефтери од 1467/68 година, во Лажани имало 42 семејства, 2 неженети и 1 вдовица; во 1481/82 – 46 семејства и 2 вдовици, а во 1544/45 – 78 семејства и 8 неженети, но и 5 муслимански семејства. До 1568/69 година дошло до значително опаѓање на христијанското население – 48 семејства и 37 неженети, како и до зголемување на муслиманското население – 15 семејства и 9 неженети.
Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 година Лажани имало 113 домаќинства со 175 муслимани (Македонци), 149 христијани (Македонци) и 107 Роми.[4]
Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов, во 1900 година, селото имало население од 120 христијани (Македонци), 320 муслимани (Македонци) и 200 Роми.[5] Според бугарскиот публицист Димитар Мишев, во 1905 година селото имало 120 христијани.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Лежани се води како мешано македонско-албанско село во Прилепската каза на Битолскиот санџак со 103 куќи.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 550 Македонци, 50 Албанци и 50 други жители.[8]
Селото во 1961 година имало 1.397 жители, од кои 962 биле Турци, 415 Македонци, тројца Црногорци и 20 жители муслимани и неопределени, а во 1994 година 1.827 жители, од кои 464 биле Турци 327 Македонци, 34 Албанци и 994 жители изјаснети како други.[2]
Според пописот од 2002 година, во селото Лажани живееле 1.864 жители, од кои 278 Македонци, 108 Албанци, 402 Турци, 1.054 Бошњаци и 22 останати.[9]
Дел од Македонците-муслимани се изјасниле како Турци или Албанци поради политичко-религиски причини.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.755 жители, од кои 264 Македонци, 153 Албанци, 377 Турци, 901 Бошњак, 10 останати и 50 лица без податоци.[10]
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Лажани:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | 1.170 |
1953 | 155 | 1 | 1.060 | 23 | 0 | 0 | 0 | — | 1.239 |
1961 | 415 | 0 | 957 | — | 0 | — | 25 | — | 1.397 |
1971 | 607 | 0 | 822 | 0 | 3 | — | 277 | — | 1.709 |
1981 | 514 | 51 | 316 | 0 | 1 | — | 1.072 | — | 1.954 |
1991 | 367 | 20 | 444 | 0 | 1 | — | 1.126 | — | 1.958 |
1994 | 327 | 34 | 464 | 0 | 1 | — | 1.001 | — | 1.827 |
2002 | 278 | 108 | 402 | 0 | 0 | 1.054 | 22 | — | 1.864 |
2021 | 264 | 153 | 377 | 0 | 0 | 901 | 10 | 50 | 1.755 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Родови
[уреди | уреди извор]Селото Лажани е мешано православно и муслиманско село. Во селото нема староседелци, а најстари во селото се Торбешите.[3]
Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1952 година родови во селото се:
- Торбешки родови: Зенговци (20 к.), Мемедовци (5 к.), Реџеповци (5 к.), Шаќировци (4 к.) и Ибишовци (3 к.), најстари родови во селото, местото на потекло не го знаат; Туревци (10 к.), Тунтевци (8 к.), Мифтаровци (5 к.), Бејковци (4 к.), Абдуловци (4 к.) и Јаја Оџовци (4 к.), сите доселени од Дебарско; Чучуковци (10 к.), Саитовци (7 к.), Абдиовци (6 к.), Џаферовци (5 к.), Муслиовци (4 к.) и Татаровци (4 к.), сите доселени од торбешкото село Пласница, Кичевско; Изаировци (8 к.), доселени се од торбешкото село Лисичани, Кичевско; Браовци (20 к.), потеклото им е албанско, потекнуваат од тројца браќа кои живееле во селото Блаце кај Пешкопеја, кои потоа се преселиле во Демир Хисар, двајца браќа се населиле во Прибилци, а еден во Света, сега и двете села се чисто македонски православни. После тоа еден од браќата се населил во селото Лажани како домазет и го примил македонскиот јазик, тоа било почетокот на XIX век, го знаат следното родословие: Амдија (жив на 56 г. во 1951 година) -Сулејман-Велија-Исмаил предокот кој се доселил; Камберовци (4 к.) доселени се од соседното село Горно Житоше, таму припаѓале на родот Дерала, со подалечно потекло од северна Албанија, во Лажани се измешале со Торбешите и го примиле македонскиот јазик; Бајрамовци (3 к.) доселени се од прилепското село Црнилиште; Биљаловци (4 к.), родот го основал Мамут, по потекло од северна Албанија, овде се населил како војник и влегол како домазет во некој од торбешките родови и го примил македонскиот јазик; Цуковци (6 к.) доселени се од сега раселеното село Солп, кое се наоѓало меѓу селата Црско (Големо и Мало) и Цер, подалечно потекло од некое село во околината на Пешкопеја и Мула Амедовци (6 к.), доселени се од Прилеп, покрај македонски говорат и турски.
- Ромски родови: Ќазимовци (4 к.), Амедовци (2 к.) и Шемовци (1 к.), стари родови со непозната старина, покрај ромски говорат и македонски. До околу 1940 година во селото имало околу 30 ромски куќи, но повеќето се иселиле во Прилеп.
- Македонски христијански родови: Ниневци (7 к.), доселени се 1920 година од селото Вир; Ламбевци (2 к.), доселени во 1922 година од селото Лазарополе; Талевци (2 к.), доселени се 1927 година од селото Грешница; Дабевци (1 к.), доселени се 1928 година од селото Вир; Златевци (1 к.) доселени се 1928 година од селото Манастирец (Горни или Долни); Крагујевци (2 к.) и Павловци (1 к.) доселени се 1937 година, првите од Могилец, вторите од некое село; Илија (1 к.) и Богдан (1 к.), доселени се 1954 година од некое село во Порече; Папучковци (1 к.), доселени се од селото Манастирец во 1954 година. Сите овие започнале да се доселуваат од околу 1920 година на купена земја или на земја добиена од државните власти.
Доселување на Бошњаци
[уреди | уреди извор]Во XX век се зголемил бројот на имиграцијата кога се доселени Бошњаците. Бошњаците се релативно доцна доселени на територијата на Македонија. Првите населувања на Бошњаци од Босна и Херцеговина се забележуваат после Големата источна криза и анексијата на Босна од страна на Австроунгарија во 1875-1878 година. Во овој период огромен број на муслимански бегалци (Бошњаци, Турци, Черкези) бил населен во Македонија. По Балканските војни речиси сите доселени муслимани се иселиле во Турција.
Денешните Бошњаци во Македонија се населени во 50-тите и 60-тите години на XX век од областа Санџак во Србија и Црна Гора, претежно од местата Тутин, Рожае, Плав, Гусиње и Нови Пазар, поради што овие луѓе се познати и под името „Санџаклии“. Тргнувајќи на пат за иселување во Турција, според договорот меѓу Турција и Југославија од 50-тите години на XX век со кој муслиманите од Југославија единствено можеле да се иселуваат во Турција преку Македонија, голем број на Бошњаци од Санџак (заедно со Албанци од Косово) остануваат и се населуваат во испразнетите турски и торбешки села во Македонија, најчесто купувајќи ги имотите на Турците и Торбешите кои се иселувале за евтини пари. Така се доселени во Македонија во селата Лажани, Житоше, Десово, Локвени, Борино, Јакреново, Канатларци, Оризари, Батинци, Долно Коњари, Средно Коњари, Љубин, Петровец ,Студеничани и други села.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Се знае за иселувањето на првичното христијанско македонско население во градовите Крушево и Прилеп, како и во селата Бело Поле (Мачоровци), Заполжани (Лајковци), Кутлешево (Јошевци), Локвени (Ешпетковци), Подвис (Дробачовци) и други.[3]
Од селото се знае за голем број иселувања на Торбеши во Турција.[3]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Основно училиште „Мирче Ацев“, централно деветгодишно основно училиште
- Пошта (7507)
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во XIX век, Лажани било село во Прилепската каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на Општина Долнени, на која ѝ била додадена поранешната Општина Житоше по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото припаѓало на тогашната Општина Долнени.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Во периодот 1955-1965, селото се наоѓало во општина Долнени.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Дебреште, во која покрај селото Лажани, се наоѓале и селата Борино, Дебреште, Дабјани, Јакреново, Кошино, Крапа, Ропотово и Саждево. Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната Општина Ропотово, кога во нејзе се наоѓале селата Лажани, Ропотово, Пешталево и Сарандиново.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постојат избирачките места бр. 1472 и 1473 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште.[11]
На претседателските избори во 2019 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.677 гласачи.[12] На Македонски парламентарни избори во 2020 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.695 гласачи.[13] На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.752 гласачи.[14]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Чука — населба од неолитско време; и
- Богданоа Бара — населба од непознат период.
- Цркви[16]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква.
- Џамии[16]
- Стара џамија — селска џамија; и
- Нова џамија — селска џамија.
-
Новата џамија
-
Главната селска црква „Св. Никола“
-
Старата џамија
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Лажани
- Кенан Колашинац — командант во БиХ 1992-1995.
- Асмир Колашинац — втор светски куглофрлач
- Елвира Рахиќ — пејачка
- Хидает Туркоглу — турски кошаркар
- Изудин Каришик — прв бошњачки градоначалник на Општина Долнени
- Ипче Ахмедовски — пејач
- Јашар Ахмедовски — пејач
- Халил Џафероски — поранешен пратеник во собранието на Македонија
- Аднан Џафероски — политичар
- Ипче Ахмедовски (1966-1994) — музичар
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]Во селото работи фудбалскиот клуб ФК „Слога“.
Галерија
[уреди | уреди извор]-
Спортско игралиште
-
Спортска сала
-
Улица низ селото
Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 173. Посетено на 1 јануари 2022.
- ↑ 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, с. 74-75.
- ↑ Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.247
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.148-149.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 23.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 1 јануари 2022.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Парламентарни избори 2020“. Архивирано од изворникот на 2021-03-05. Посетено на 3 ноември 2020.
- ↑ „Локални избори 2021“. Архивирано од изворникот на 2021-12-02. Посетено на 1 јануари 2022.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 302. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ 16,0 16,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.