Општина Крушево

Од Википедија — слободната енциклопедија
Општина Крушево
Општина
Знаме на Општина КрушевоГрб на Општина Крушево
Карта
ДржаваМакедонија
СедиштеКрушево
Населени места
Управа
 • ГрадоначалникТоме Христоски
Површина
 • Вкупна190,68 км2 (73,62 ми2)
Население (2021)[1]
 • Вкупно8.385
 • Густина44/км2 (110/ми2)
Час. појасCET (UTC+01:00)
 • Лете (ЛСВ)CEST (UTC+02:00)
Повикувачки број+048
Регистарски табличкиKS
Карта на Општина Крушево со селските атари.
Демографска карта на Општина Крушево со селските атари.

Општина Крушевоопштина во Западна Македонија. Се граничи со Општина Македонски Брод и Општина Пласница на север, Општина Кичево (порано Општина Другово) на запад, Општина Демир Хисар (порано Општина Сопотница) на југозапад, Општина Могила на југ и Општина Кривогаштани и Општина Долнени (порано Општина Житоше) на исток.

Градоначалник е Томе Христоски. Центар на општината е градот Крушево на Бушева Планина.

Местоположба[уреди | уреди извор]

Општината Крушево се простира на југозападниот дел од Македонија. Во рамките на Општината, градот Крушево има централна местоположба и претставува административен, економски и културен центар. Нејзини соседни општини се Кривогаштани и Долнени на исток, Македонски Брод и Пласница на север, Кичево (во минатото Другово) на запад, Демир Хисар на југозапад и Могила на југ. Општината и градот Крушево сообраќајно се поврзани сорегионалните патни правци Р 516 (Прилеп (врска со Р 526)-Крушево-Сладуево (врска со Р-416)) и Р 517 (Крушево (врска со Р516)- Пуста Река- Цер (Прострање) (врска со Р 416)), кои се надоврзуваат на магистралните патни правци М4 и М5.

Географија[уреди | уреди извор]

Општина Крушево е сместена во претежно ридско-планинско подрачје на надморска височина од 600 до 1800 м. Општината ги опфаќа јужните ограноци на Бушова Планина, дел од Древеничката Планина и дел од пелагониското поле со рамничарскиот дел на Црна Река. Највисока кота на Крушевската Планина и ограноците на Бушовата Планина е врвот Голоманец 1664 м. Градот Крушево се наоѓа на 1350 м надморска височина, додека целото подрачје, северно и северозападно од Крушево, се простира на надморска височина од 1500 до 1700 м.

Од јужните делови на Крушевската планина извираат реките Жаба и Журешница, кои придонесуваат планината во тој дел да се одликува со

длабоки долови и повремени водотеци. Бушова планина има меридијански правец на простирање, која од врвот Мусица 1791 м на запад се поврзува со планината Козјак 1762 м и продолжува на запад, поврзувајќи се со планината Баба Сач 1747 м. На североисток, планината се поврзува преку преслапот Барбарас, со планината Јакупица. На југ постои мала врска со Древеничката планина, преку која географски се надоврзува со Бигла. Општината Крушево зафаќа мал дел и од пелагониското, т.е прилепското поле, кое се простира од коритото на Црна река до Саждево.

Почва[уреди | уреди извор]

На повисоките делови од Општината се застапени киселите кафеави почви, а на најниските делувијалните и циметно-кафеавите почви. Самите климатски, геолошки и вегетациски еднолични прилики условуват на овој простор да не се појавуваат повеќе типови на почви. Поради природните фактори и антропогени влијанија, почвениот покрив бил изложен на ерозија, со што се формирани доста деградирани почви. Санација на овие почви е можна ако се има предвид правилно искористување на шумскиот фонд, регулирање на поројните текови и пошумување на најзагрозените подрачја.

По својот геолошки состав и одлики, општината Крушево припаѓа на две геотектонски единици:

Пелагониди -(моноклинади со пад кон североисток, изградени од гнајсови, микашисти и зелени стени), кои се одвоени од Западно македонската зона со една лушпа, која почнува од село Норово и оди во северозападна насока. Во петрографска смисла каркатеристични се:
  • гнајсови , кои се одликуваат со сиво-жолтеникава боја, компактни се и масивни и се изградени од микролин, перит, албит, кварц, мусковит и биотит;
  • микашисти, кои се тесно поврзани со гнајсевите и постепено преоѓаат едни во други. Тие се со темносива до зелена боја и се изградени од кварц, мусковит и биотот.
  • зелени карпи се јавуваат во гнајсевите или во микашистите. Тие се темнозелени до црни карпи кои имаат лентовиден изглед.
Западно македонската зона -претставува набран појас од антиклинални и синклинални структури, чиј правец на протегање е од северозапад кон југоисток.[2]

Геологија[уреди | уреди извор]

Геолошки, теренот е претставен со: комплекс на прекамбриски метаморфни и магматски карпи, комплекс на рифеј-камбриски метаморфни карпи, комплекс на палеозојски метаморфни и магматски карпи, мезозојски магматски карпи и комплекс на терциерни и квартерни карпи.

Прекамбриум е мошне широко распространет и застапен е со високо метаморфни карпи, претставени со разни типови на гнајсеви и микашисти, амфиболити, мермери, циполини и магматски карпи. Комплексот на рифеј- камбриските метаморфни карпи претставува околу 500 метри дебела серија од графички и кварц-мусковитски шкрилци, со тенки прослојки од метапесочници и циполини. Палеозојските творевини го изградуваат најголемиот дел од Западно-македонксата зона, а претставени се со разни типови на шкрилци, метапесочници, метаконгломерати, метакварцити, метаморфозирани дијабази, риолити и габрови, меремризирани варовници и грандиорити. Мезозојски магматски карпи- творевините од неразчелентиот стар палеозоик и девон се пробиени со леукократни и мусковитски гранити, аплитоидни гранити и гранитпорфири. Комплекс на терциерно квартерни седименти, овде спаѓаат:

  • Плиоценски седименти- кои во најголем дел се претставени со неврзан, слабосортиран жолто-црвеникав материјал, составен од чакали, песоци и глини.
  • Пелистоценските седименти се претставени со леднички наслаги, црвеница, падински бречи, бигор и пролувијални наслаги.
  • Холоцен-од квартерните седименти, алувијалните наслаги се широко распространети, тие ги исполнуваат коритата на реките и потоците, претставени се со грубопластичен материјал, составен од глини, песоци и чакали, со совршено заоблени облутоци од различни димензии.

Сеизмологија[уреди | уреди извор]

По своите сеизмички одлики, општината Крушево со делот кој припаѓа на пелагонидите и се одликува со можни земјотреси со максимална јачина до 7° по МКС, поради тоа што е наполно консолидиран терен. Според сеизмичката реонизација на теренот, најголем дел од подрачјето е во групата со 7 степени според МКС скалата, а мал дел припаѓа на границата помеѓу 7 и 8 степен според МКС скалата. Според категоризацијата на теренот по стабилност и според инженерско геолошките одлики на теренот, тој припаѓа во групата на стабилни терени и претставува терен изграден од карпи чии параметри на физичкомеханичките својства се со релативно ниски вредности. Теренот е претежно стабилен во природни услови, а може да стане нестабилен во случај на антропогени влијанија и измена на условите.

Хидрографија[уреди | уреди извор]

Територијата на општина Крушево се одликува со многу слаба и неразвиена хидрографска мрежа. Најзначаен водотек претставува реката Црна, која влегува на територијата на Општината над селото Бучин, ги собира површинските и ги дренира подземните води. Главни притоки на реката Црна се реките Жаба, Журешница и Селишка Река, кои извираат од Крушевската Планина. Водостојот на реките е најголем при врнежите и топењето на снеговите, кога тие и се претвораат во порои. Во текот на летните месеци можно е и да дојде до пресушување на некои водотеци. Речните корита се делумно регулирани со посебно внимание на реките со пороен карактер, каде се направени каскади, со цел намалување на ерозивното дејство на пороите.

Клима[уреди | уреди извор]

Територијата на општината Крушево, која се простира на ридско-планинското подрачје на северозападниот дел од Пелагониската Котлина, се одликува со умерено-континентална клима, со изразито влијание на планинската клима, од запад и котлинска клима од исток. Генерално, климата се одликува со подолги и студени зими и свежи лета. Средното просечно годишно траење на сончевото зрачење за периодот од 1998-2007 изнесува 2198,8 часа, додека облачноста е 5,2. Средната годишна температура за тој период изнесува 8,5 °C. Најстуден месец е јануари, со средна минимална температура од -4,8 °C, додека најтопол месец е август, со средна максимална температура од 29,2 °C. Средната годишна минимална температура е 2,8 °C и средната годишна максимална температура е 15,8 °C. Просечната годишна релативна влажност изнесува 73% со максимум во декември 80% и минимум во јули 63%. Ова подрчје се одликува со големи количества врнежи и тоа најмногу во ноември, а најмалку во август. Врнежите имаат посебно значење за земјоделството, која е карактеристична дејност за ова подрачје. Просечната годишна количина на врнежите изнесува 806 мм.

Историја[уреди | уреди извор]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Туризам[уреди | уреди извор]

Во текот на 2017 година Општина Крушево била посетена од 17.694 туристи, од кои 15.528 домашни и 2.166 странски туристи.[3] Најголемиот број од странските туристи потекнувале од Грција (217), Бугарија (188), Швајцарија (167) и Србија (156).[3]

Сообраќај[уреди | уреди извор]

Низ Општина Крушево поминуваат следниве патишта:

Р1 регионални патишта:

Регионален пат 1306: Прилеп-Кривогаштани-Крушево-Сладуево.

Р2 регионални патишта:

Регионален пат 2337: Крушево-Пуста Река-Прострање.

Демографија[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
194810.157—    
195311.168+10.0%
196110.890−2.5%
197110.613−2.5%
198110.876+2.5%
199110.334−5.0%
19949.821−5.0%
20029.684−1.4%
Забелешка: Податоците се однесуваат на населените места во Општина Крушево според административната поделба од 2004 година.
Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија

Општина Крушево, според бројот на жителите, спаѓа во помалите општини во Македонија. Вкупното население во Општината изнесува 9864 жители или околу 0,8 % од вкупното население на Македонија. Во градот Крушево живеат околу 47% од жителите на целата општина. Во поглед на поделеноста по половата структура, женската население е застапена со 50,6 %, додека машката е со 49,4 %. Бројот на работоспособно население во градот Крушево е 66,4% од вкупното население, додека само 40 % од работоспособното население е во работен однос. Природниот прираст на ниво на цела општина е негативен и изнесува -1,4 додека морталитетот изнесува 11,62. Густината на населеност изнесува 2 жители на хектар. Просечната старост на населението е 37,9 години.

Според пописот од 2002, во општина Крушево имало 9.684 жители, а според потписот од 2021 година општината имала 8.385 жители.

2002 2021
НАРОД број % број %
ВКУПНО 9.684 100 8.385 100
Македонци 6.081 62.8 4.316 51.47
Албанци 2.089 21.5 2.464 29.39
Власи 1.020 10.5 867 10.34
Турци 0 0 283 3.38
останати 495 5.2 153 1.82
лица без податоци / / 302 3.60
Вероисповед Вкупно
православни 7.096
муслимани 2.514
католици 3
протестанти 0
останати 71
Јазик Вкупно
македонски 6.375
албански 2.089
турски 278
ромски 0
влашки 744
српски 25
бошњачки 145
останати 28

Населени места[уреди | уреди извор]

ВКУПНО Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Други Лица за кои податоците се преземени од административни извори
Општина Крушево 8.385 4.316 2.464 283 - 867 10 108 25 302
Алданци 442 5 429 - - - - - - 8
Арилево 2 2 - - - - - - - -
Белушино 92 - 91 - - - - - - 1
Бирино - - - - - - - - - -
Борино 385 - 313 13 - - - 47 1 11
Бучин 522 502 - - - 1 - - - 19
Врбоец 227 227 - - - - - - - -
Горно Дивјаци 11 11 - - - - - - - -
Долно Дивјаци 27 25 - - - - - - 1 1
Јакреново 276 - 146 48 - - - 54 - 28
Крушево 4.104 3.053 9 - - 866 10 1 19 146
Милошево 42 42 - - - - - - - -
Норово 770 - 725 - - - - - - 45
Острилци 19 19 - - - - - - - -
Пресил 574 42 529 1 - - - - - 2
Пуста Река 53 46 - - - - - - - 7
Саждево 476 - 222 221 - - - 6 14 13
Свето Митрани 357 336 - - - - - - - 21
Селце 6 6 - - - - - - - -

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Градоначалник на општина Крушево е Томе Христоски од редовите на СДСМ. Тој бил избран на локалните избори од 2017 година за мандат од четири години.[4] Советот на општина Крушево е составен од 11 члена. Според последните локални избори од 2017 година, членовите на советот според политичката припадност за мандатот 2017-2021 се:

  СДСМ: 6 места
  ВМРО-ДПМНЕ: 4 места
  ДУИ: 1 место

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Белешки[уреди | уреди извор]

  1. ^ Резултати од пописот на македонски и англиски (PDF)

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 - прв сет на податоци“. Државен завод за статистика на Македонија. Посетено на 30 март 2022.
  2. Почвите на Република Македонија, Ѓорѓи Филиповски, МАНУ,Скопје 1995
  3. 3,0 3,1 „Број и ноќевања на домашни и странски туристи по земја на припадност, 2011-2018, по општини, по месеци“. Државен завод за статистика на Република Македонија. Посетено на 4 август 2018.[мртва врска]
  4. „Мандати за градоначалници и совет во РМ – Локални избори 2017“. Државна изборна комисија на Македонија. Посетено на 18 октомври 2017.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]