Општина Кривогаштани

Од Википедија — слободната енциклопедија
Општина Кривогаштани
Општина
Знаме на Општина КривогаштаниГрб на Општина Кривогаштани
Карта
ДржаваМакедонија
СедиштеКривогаштани
Населени места
Управа
 • ГрадоначалникНиколче Мискоски
Површина
 • Вкупна93,57 км2 (36,13 ми2)
Население (2021)[1]
 • Вкупно5.167
 • Густина55/км2 (140/ми2)
Часовен појасCET (UTC+01:00)
 • Лете (ЛСВ)CEST (UTC+02:00)
Повикувачки број+048
Регистарски табличкиPP
Мреж. местоkrivogastani.gov.mk

Општина Кривогаштаниопштина во Западна Македонија. Центар на општината е истоименото село. Општина се наоѓа во плодната пелагониска рамница, во Прилепското Поле, во нејзиниот северозападен дел.

Географија[уреди | уреди извор]

Карта на Општина Кривогаштани со селските атари.
Демографска карта на Општина Кривогаштани со селските атари.

На запад од Кривогаштани е Бушова Планина, а на југ, исток и север се простира Пелагонија. Општината лежи на надморска височина од околу 610 метри. Кога станува збор за сообраќајната поврзаност и географската местоположба не може а да не се спомне дека Општината и најголемата нејзина населба, Кривогаштани, претставува вистинска крстосница, бидејќи тука поминуваат главните патишта кои ги поврзуваат блиските градови. Имено, источно од Кривогаштани е градот Прилеп, кој е оддалечен 19 километри, а на запад се наоѓа Крушево, од Кривогаштани оддалечено 11 километри. Кон југ, т.е кон Демир Хисар води асфалтен пат, кој кривулесто минува низ селски населби, а потоа продолжува кон Битола. Исто така и кон север води асфалтен пат кон селото Ропотово, од каде продолжува кон Македонски Брод. Климата, како и во целата пелагониска рамница, па така и во Кривогаштани е изменето средоземна. Врнежите се движат од 700 до 900 милиметри воден талог во текот на годината. Тие се најинтензивни во пролет и есен, а првиот снег обично паѓа кон крајот на ноември или во почетокот на декември. Ветровите дуваат во текот на целата година, но најинтензивно во пролет и есен.[2] Покрај Кривогаштани, освен Црна Река која со мал дел влегува на територијата на Општината не поминуваат некои други позначајни реки, а исто така нема ни езера. Реките коишто минуваат во близина на Кривогаштани се мали и главно пресушуваат во текот на летниот период. Најблиска река до населбата е Крушевско-норовската река која со вода се храни главно од Крушевското Езеро, а се наоѓа западно и југозападно од Кривогаштани. Оваа река се влева во реката Блато која е источно од Кривогаштани.

Според картографијата на Македонија, и според катастарските општини, во рамките на Општина Кривогаштани има четири аномалии. Првата аномалија е тоа што се означува историското село Мирче Ацев, а атарот на селото не се бележи и најверојатно е во склоп на селото Врбјани, иако на катастарската карта на Македонија е во склоп на селото Големо Коњари. Втората аномалија е што во рамките на Општина Кривогаштани има атарско земјиште на селото Големо Коњари, кое пак е дел од Општина Прилеп. Атарскиот дел на Големо Коњари во Општина Кривогаштани е меѓу атарите на селата Славеј и Кривогаштани. Третата аномалија, за која нема никакви податоци, е означувањето на некое село Караѓорѓево и неговиот атар. На картите се бележи веднаш до селото Славеј. Сепак, не постојат никакви докази дека имало вакво село, ниту пак некакви материјални докази. Атарот е најверојатно дел од атарот на селото Славеј (така е означено на нашата карта), Заполжани или Вранче (последните две села се од Општина Долнени). Четвртата аномалија, која може да се види на катастарската карта на Македонија, е тоа што селото Славеј е сместено во рамките на атарот на селото Врбјани, а самиот атар на селото Славеј е оддвоено и се наоѓа после делот на Големо Коњари.

Историја[уреди | уреди извор]

Праисторија и антички период[уреди | уреди извор]

За минатото населените места на Општина Кривогаштани не се знае многу, а исто така не е доволно проучена и околината, во смисла на археолошки план. Но сепак еден од најзначајните археолошки наоѓалишта во Македонија од периодот на неолитот е месноста Врбјанска чука, во непосредна близина на селото Врбјани. Се смета дека некои од населбите во Општината постоеле и егзистирале уште од античко време, односно од времето на македонскиот освојувач Александар Македонски, па и порано, на што укажуваат повеќе наоди кои се пронајдени во непосредната околина. За населбата Кривогаштани се знае дека во тој период не била на денешната локација, туку била малку поназапад, односно во месностите Градиште, Петочна Ричка и Крајни Рид. Исто така не е познато ни името на старата населба. Во легендите за Кривогаштани се спомнува името Крив Град, кое име сигурно дека не може да се смета за веродостојно на населбата од овој период. Подоцна, со овие области загосподариле Римјаните кои го потчиниле староседелечкото население кое било познато под етнонимот Пелагонци, кои се спомнуваат и во Хомеровата „Илијада“. За време на римското владеење „Кривогаштани“ влегувало во четвртата мерида MAKEDONIA TETARTHS (МАКЕДОНИЈА ЧЕТВРТА), со главен град Пелагонија (кој се наоѓал кај денешното село Прилепец).

Среден век[уреди | уреди извор]

Со доаѓањето на Словените на Балканскиот Полуостров (VT век) настанале крупни промени. Така, покрај другите дошло и до менување на местоположбата на населбата. Впрочем, Словените се населиле неколку стотини метри источно од старата населба, за која се мисли дека се наоѓала кај денешниот топоним „Градиште“. Кривогаштани се спомнува дури и во грамотите од времето на цар Душан, во средината на XIV век. Во 1395 година, по смртта на кралот Марко (Крали Марко), Кривогаштани паднало под власта на Турците Османлии, по што следува петвековното турско ропство.

Понова историја[уреди | уреди извор]

Многу жители од кривогаштанските села учествувале во востанијата кои биле дигани против турската власт. Но, од нив секако дека најзначајно место зазема Илинденското востание (2 август 1903 година), дигнато во Крушево. Кривогаштани не било одминато и од војните на дваесеттиот век (двете балкански војни и Првата светска војна, а додека пак посебна страница има Втората светска војна). Тука, значајни се пред сè ослободувањето од Турците и потпаѓањето под нови ропства, поделбите на Македонија во 1913 година, а потоа и НОБ. Сите историски настани многу влијаеле врз развојот на населбата. Така, таа во одредени моменти бележела назадување, а во одредени услови и развој.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Нива со тутун во близина на Кривогаштани

Заклучно со 2017 година, во Општина Кривогаштани биле активни 115 деловни субјекти, од кои 76 микро и 39 мали.[3]

Главни стопански гранки во Општина Кривогаштани се земјоделството, особено производство на пиперки, тутун, пченица, кромид и шумарството. Од вкупната површина, 5 994 ha е земјоделска површина, од кои најголемиот дел, 5781 ha (односно 96 %) е обработлива површина, а преостанатиот дел, 213 ha (4 %) се пасишта.[4]

Произведени жита, индустриски, градинарски и фуражни растенија во Општина Кривогаштани во 2017 година[4]
Култура Произведено

(тони)

Вкупно во

Македонија (тони)

Удел

(%)

Пченица 6 442 200 112 3,22
Јачмен 2 218 93 666 2,37
Пченка 388 120 156 0,32
Тутун 978 22 885 4,27
Компир 1 908 177 721 1,07
Кромид 1 722 56 259 3,06
Лук 44 4 214 1,04
Зелка 272 132 821 0,20
Пиперки 11 886 175 100 6,79
Луцерка 1 549 98 083 1,58

Сообраќај[уреди | уреди извор]

Низ Општина Кривогаштани поминуваат следниве патишта:

Регионални патишта Р1:

Регионален пат 1306: Прилеп-Кривогаштани-Крушево-Сладуево.

Регионални патишта Р2:

Регионален пат 2335: Вашарејца-Бучин-Обршани-Кривогаштани-Ропотово.
Регионален пат 2339: Ново Лагово-Галичани-Обршани-Бучин-Граиште.

Демографија[уреди | уреди извор]

Податотека:KRIVOGASTANI.svg
Демографска карта на општина Кривогаштани (2021).

Според пописот од 2002, во општина Кривогаштани имало 6.150 жители, а според потписот од 2021 година општината имала 5.167 жители.

2002 2021
НАРОД број % број %
ВКУПНО 6.150 100 5.167 100
Македонци 6.126 99.6 5.021 97.17
останати 24 0.4 35 0.68
лица без податоци / / 111 2.15
Вероисповед Вкупно
православни 6.130
муслимани 8
католици 8
протестанти 0
останати 4
Јазик Вкупно
македонски 6.126
албански 0
турски 0
ромски 8
влашки 0
српски 6
бошњачки 0
останати 10
Население во минатото
ГодинаНас.±%
19487.858—    
19539.087+15.6%
19619.226+1.5%
19718.893−3.6%
19818.578−3.5%
19917.278−15.2%
19946.464−11.2%
20026.150−4.9%
Забелешка: Податоците се однесуваат на населените места во Општина Кривогаштани според административната поделба од 2004 година.
Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија
Поглед на Кривогаштани од Крушево
Подвис

Поради нерасполагањето со доволни податоци од постарото историско минато за населбите во Општината, најдобро е да се започне со првите забележани податоци кои датираат од османлиското владеење. За да можат полесно да управуваат со поробените земји, Турците Османлии ги поделиле освоените територии на ејалети, а подоцна на пашалаци. Скоро цела Македонија влегувала во Румелискиот пашалак со седиште во Сердика (Софија), а подоцна ова седиште било префрлено во Битола. Пашалаците биле составени од санџаци, а овие пак од и нахии. Прилепската нахија (во чиј состав било и Кривогаштани) влегувала во Скопскиот санџак.Од пописните дефтери „Тапу-тахрир дефтери“ на турските власти, од 1467 година зборува дека зборува дека Кривогаштани било трета населба по големина во Прилепската нахија со 104 домаќинства, веднаш по Добрушево и Дебреште. Сите семејства во Кривогаштани биле христијанско - македонски. Од вториот дефтер кој потекнува од 1544 година се забележува пораст на домаќинствата во Кривогаштани на 164 од кои само едно семејство било муслиманско.

По Илинденското востание, доаѓа до намалување на бројот на населението и во Кривогаштани како што било случај и во скоро цела Македонија, а посебно во Крушево и околината, поради одмаздата на Турците над македонското востанато население. Исто така до намалување на населението имало и по Балканските војни (1912-1913), а потоа и по Првата светска војна (1914-1918). Во периодот помеѓу двете светски војни се забележува мал пораст на населението, следејќи го воедно првиот официјален попис во 1921 и пописот кој следел потоа, односно во 1931 година од страна на српските власти во цела тогашна Југославија. Позабрзан пораст на бројот на населението се забележува по Втората светска војна. Во 1948 година се регистрирани 1913 жители, а додека за само по 5 години (1953) бројот на населението нараснал за 301 жител, односно на 2288 жители. И во 1961 година Кривогаштани бележи пораст во бројот на населението, кое се зголемило на 2366 жители, а пак во 1971 година бројот на населението за последен пат ќе се зголеми и тоа многу скромно, на 2380 жители. Порастот на населението во целиот наведен период е како резултат на високата наталитетна стапка, но и како резултат на тоа што Кривогаштани во периодот до 1965 година претставува општински центар, со што претставува и гравитациско подрачје за блиските селски населби кои влегувале во состав на општината.

Веќе во понатамошниот период не само што бројот на населението е во стагнација, туку неговиот број се намалува, што е резултат на намалениот наталитет и иселувањето во поблиските градови како што се Прилеп, Крушево, Битола, па и Скопје. Така, во 1981 година бројот на населението се намалува на 2356 жители, а пак во 1991 година забележано е поголемо намалување на бројот на населението, односно биле забележани 2182 жители. Етничкиот состав на населението од официјалниот попис на Македонија од 2002 година е следниот:[5]

Македонци - 99,61% Роми - 0,13% Срби - 0,10% Останати - 0,16%

Населени места[уреди | уреди извор]

ВКУПНО Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Други Лица за кои податоците се преземени од административни извори
Општина Кривогаштани 5.167 5.021 7 - 4 1 7 1 15 111
Бела Црква 442 427 - - - - - - - 15
Боротино 265 264 - - - - - - - 1
Воѓани 349 334 2 - - - - - - 13
Врбјани 249 246 - - - - - - - 3
Годивле 112 109 - - 3 - - - - -
Кореница 40 40 - - - - - - - -
Кривогаштани 1.533 1.493 2 - - 1 7 - 4 26
Крушеани 514 485 1 - 1 - - 1 2 24
Мирче Ацев - - - - - - - - - -
Обршани 672 667 2 - - - - - 1 2
Пашино Рувци 514 491 - - - - - - 1 22
Подвис 98 97 - - - - - - - 1
Славеј 379 368 - - - - - - 7 4

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Општинската зграда

Градоначалник на општина Кривогаштани е Рубинчо Шефтероски од редовите на СДСМ. Тој бил избран на локалните избори од 2017 година за мандат од четири години.[6] Советот на општина Кривогаштани е составен од 11 члена. Според последните локални избори од 2017 година, членовите на советот според политичката припадност за мандатот 2017-2021 се:

  СДСМ: 5 места
  ВМРО-ДПМНЕ: 5 места
  Независни: 1 место

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

ДЕНОВИ НА МАКЕДОНСКА НАРОДНА НОСИЈА

Во Општина Кривогаштани традиционално секоја година се одржуваат денови на македонска народна носија , на настанот свое учество земаат повеќе уникатни стари творби на народни носии а опфатени се сите региони во државата. Носиите кои се претставуваат на манифестацијата се стара изработка од вредните раце на македонските мајки и баби и претставуваат културна вредност на државата . За таа цел Кривогаштани долги години ја одржува традицијата на собирање на народни носии со сите свои карактеристични за регионот од каде што потекнуваат и нивно презентирање пред посетителите на настанот.

ТРАДИЦИОНАЛЕН НОЌЕН ТУРНИР ВО МАЛ ФУДБАЛ

Кривогаштани има долгогодишна традиција на организирање на ноќен турнир во мал фудбал во дворот на ОУ Манчу Матак во месец Август секоја година , каде традиционално финалните натпревари се одигруваат на верскиот празник Голема Богородица. На турнирот учество земаат екипи од регионот и пошироко кои примамуваат голем број на гледачи од пелагоноскиот регион и пошироко.

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во општината делуваат 8 фудбалски клубови кои се натпреваруваат во Македонската фудбалска лига во различни нивоа на натпреварување.

Трета фудбалска лига - Централен регион

Фудбалски Клуб Младост Кривогаштани

Фудбалски Клуб Партизан Обршани

Фудбалски Клуб Напредок Крушеани

Општински фудбалски лиги

Фудбалски Клуб Пелагонија Пашино Рувци

Фудбалски Клуб Воѓани

Фудбалски Клуб Боротино

Фудбалски Клуб Врбјани

Фудбалски Клуб Славеј

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 - прв сет на податоци“. Државен завод за статистика на Македонија. Посетено на 30 март 2022.
  2. Републички завод за статистика, Скопје
  3. „Активни деловни субјекти по големина, по општини, по години, состојба 31 декември“. Државен завод за статистика на Република Македонија. Посетено на 2 август 2018.[мртва врска]
  4. 4,0 4,1 Полјоделство, овоштарство и лозарство, 2017 (PDF). Државен завод за статистика на Република Македонија. 2018. ISBN 9786082272948.
  5. „Население во Република Македонија на 31.12 по специфични возрасни групи, по пол, по општини, по години“. Државен завод за статистика на Република Македонија. Посетено на 2 мај 2018.[мртва врска]
  6. „Мандати за градоначалници и совет во РМ – Локални избори 2017“. Државна изборна комисија на Македонија. Посетено на 18 октомври 2017.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]