Бушева Планина

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Бушова Планина)
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Бушева Планина
Бушева или Бушоа Чешма, Слива, Крушевска Планина, Дѐни-Камен
Бушева Планина 02.JPG
Поглед на западните падини на Бушева Планина
Највисока точка
Надм. вис.1.788 м [1]
Истакнатост1.233 м
КоординатиКоординати: 41°26′7″N 21°10′59″E / 41.43528° СГШ; 21.18306° ИГД / 41.43528; 21.18306
Географија
Бушева Пл. is located in Македонија
Бушева Пл.
Бушева Пл.
Местоположба на Бушева Пл. во Македонија
МестоМакедонија Македонија
Матичен венецБушева, Лубен, Баба Сач

Бушева Планина е средновисока планина во Македонија, со највисок врв Мусица (1788 м), на чии падини се наоѓа градот Крушево.

Протегање и природни одлики[уреди | уреди извор]

Бушева Планина е македонска средновисока планина што се протега помеѓу долината на Треска на север, превојот Барбарас (864 m) на северо-исток, Прилепско Поле односно Пелагонија на исток, долината на Црна Река во областа Железник (Демир Хисар) на југ и реката Жаба и најголемото карстно поле во Македонија - Церското Поле на запад[2]. Зафаќа површина од 325 km². Највисок врв е Стара Мусица или само Мусица (1.788 m).[3] На главното планинско било кое се протега во правец јз–си се издигаат уште 10 врвови повисоки од 1.500 m, меѓу кои највидни се Козјак (1762 м.н.в), Блато (1592 м.н.в.) и Кула (1437 м.н.в.) во северниот дел и Мечкин Камен (1454 м.н.в.) и Плоча (1293 м.н.в.) во јужниот дел на планината[2]. На запад Бушева Планина морфолошки е тесно поврзана со пониските планини Баба Сач (1697 м.н.в) и Лубен (1762 м.н.в), со кои сочинуваат заеднички планински масив кој на над 1000 метри надморска височина зафаќа вкупна површина од 346 км², додека на 1500 метри надморска височина површината на овој заеднички планински масив се намалува на само 22,8 км²[2]. На југ ид Бушева Планина, одвоено со Црна Река се простира скоро обесшумениот масив Кале со истоимениот врв висок 1494 метри[2], кој Ѓорче Петров го нарекува Гола Планина. На оваа планина на надморска височина од 1250 метри се наоѓа единствениот планински град во Македонија и воопшто највисок планински град на Балканот – Крушево.[4].

Глетка од падините на Бушева Планина

Како дел од големата планинска верига која се испушта од Стогово во вториот дел на Шар, сѐ кон југоисток на 1,5 часа северно од Битола, Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ оваа планина ја опишува именувајќи со неколку различни имиња како Бушева или Бушоа Чешма , Крушевска Планина , Слива и Дѐни-Камен [5]. Од покажувањето во Прилепското Поле кај превојот Барбарас со Даутица до Бучинскиот преод планинската верига има југоисточна поставеност и ги носи имињата: Бушева Чешма и Слива, завршувајќи на југ со Гола Планина до с.Бучин, каде што Црна Река ја пресекува веригата[5]. На Слива е расположено гратчето Крушево, поради кое што таа позната повеќе под називот Крушевска Планина. Главната верига продолжува уште малку во источен правец под името Бушева-чешма (Бушоа чешма), со големиот бел на изглед и варовнички по состав, врв Козјак[5]. Баба Сач, Стрмол, Бушева чешма и Слива сочинуваат една прекршена линија која се состои од 4 дела од кои што Баба има источна насока, Стрмол остро завртува на северо-исток, Бушева чепма се свртувана југ – југо-исток, а Слива на југ – југо-запад[5]. За изгледот на Бушева Планина, Ѓорче Петров го дава следниот опис: некоја стена со еднаква височина, наместа покриена со шуми и темна, наместа гола и црвена на изглед од глинестата и почва, наместа обработена и покриена со ниви кои ја прикажуваат шарена на изглед, таа го заградува Прилепското Поле од запад и југозапад. Приближно до нејзиниот врв е расположено живописното и во многу односи чудно гратче Крушево, поради што во подалечните места ја викаат Крушевска Планина, а во самото местото е позната под имињата: Дени-Камен затоа што сред планината има карпи, над кои што вообичаено се покажува денот и деницата поради што и планината била наречена со тоа име и Слива[5].

Шуми и растителен свет[уреди | уреди извор]

Бушева Планина е доста е пошумена со листопадни – букови, а на места и со зимзелени дрвја. Падините на Бушева Планина околку Крушево како планинско место спаѓа меѓу оние општини во Македонија кои се побогати со шуми[6]. Етатот го сочинуваат претежно нискостеблени дабови и букови шуми, а во поново време, како резултат на систематското пошумување, во вкупниот шумски фонд се позабележително е присуството на иглолисните видови[6]. Од зимзелените дрвја доста се застапени елката и борот, особено околу хотелот „Монтана“, кон одморалиштето „Шула Мина“ и Мечкин Камен. Соодветно на видот и категоријата, експлоатацијата на овие шуми во најголема мера е наменета за снабдување на потрошувачите со огревно, а во помал процент и со техничко дрво за градежништво. Со оглед на туристичкиот карактер на градот и неговата околина, територијата на општината располага и со значителен фонд парк-шуми, меѓу кои особена знаменитост претставува познатата букова Крушевска Корија[6] која е стара над 300 години[7]. Со шумското богатство на Бушева Планина стопанисува ПШС „Липа" – Крушево која располага со околу 12.500 хектари шумско земјиште, од кои 10.300 хектари се под шуми. Покрај природните шуми, значајно место во вкупниот шумски фонд заземаат и т.н. шумски култури, односно, шумите подигнати на вештачки начин по пат на пошумивање на голините. Годишно се врши производство на 10.500 метри кубни дрвна маса, претежно огревно дрво[6].

Градба и геолошки состав[уреди | уреди извор]

Раноутринска глетка кон источните падини на Бушева Планина од с.Лажани во Прилепското Поле

Според настанокот Бушева Планина е дел од старите грамадни планини. Бушева Планина се одликува со различен геолошки состав[2]. Покрај кристалестите шкрилци, на Бушева Планина е карактеристичен крушевскиот гранитоиден масив[2]. Тој претставѕва централен дел на една крупна антиклинала, а ззафаќа површина од околу 80 км²[2]. Во нејзиниот геолошки состав се исто така застапени и варовничките карпи околу врвот Козјак, солената почва и рудни минаерали со изворот во с.Сланско на северната падина и глинестата почва на источните падини. За геолошките особености на составот на Бушева Падина, Ѓорче Петров во своите записи навел дека на јужната падина има голем ископ за вар, која се носи во Битола и Прилеп[5]. По натамошното протегање на северната падина на Бушова Чешма кај с.Сланско има извор со солена вода, која што доаѓа од повисокиот дел на планината[5]. Една компанија ја откупила солената руда по таа планина, но сѐ уште не можело да ѝ се пронајде местото, затоа што таа не била кај самиот извор[5].

Туризам[уреди | уреди извор]

Планински велосипедизам на терените на Бушева Планина

Поради извонредните природни убавини и бројните културно-историски знаменитости поврзани со Илинденското востание, Бушева Планина претставува значајно туристичко место со доста развиен туризам и во зимно и во летно време. На падините веднаш над Крушево постои и функционира скијачки центар со жичарница која тргнува од самиот град и со два ски-лифта, кои се доста посетени во зима кога исто така на погодните терени околу Крушево е развиено и нордиското трчање. Во летниот период Крушево и Бушева Планина се најпознати по летањето со параглајдери. Поради убавината на местото и глетката кон полето во Пелагонија, познатиот центар за летање со параглајдери на Мечкин Камен[7] покрај за бројните странски и домашни туристи, е домаќин и на балканското првенство како и наицоналните првенства во летање со параглајдер на повеќе различни држави меѓу кои Полска, Унгарија, Норвешка. Крушевската букова корија, бројните асфалтни и земјени патишта и скијачките терени лете се користат и за планински велосипедизам, јаваење на коњи, пешачење и планинарење. Меѓу повеќето природни и културно-историски знаменитости кои се често посетувани од туристите на Бушева Планина се: Мечкин Камен, манастирот Св. Преображение со големиот крст подигнати од Тоше Проески, споменикот на Илинденското Востание - Македониум, споменикот на битката на Слива, вештачкото езеро на „Гумење“ и др. Поради чистиот воздух и големите количества снег голем број на ученици од Македонија преку организирано зимување ги посетуваат Крушево и Бушева Планина. Најпознати сметувачки капацитет за туристите се хотелите „Монтана“, „Панорама“, „Илинден“, детското одморалиште „Шула Мина“, а во последно време сместување се обезбедува и со изнајмување на приватни куќи.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Топографска карта: лист Битола 1-2 (Латово), размер 1:25 000, Военогеографски институт, 1973
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 Стојмилов, Александар (2011) (на македонски). Географија на Република Македонија. Универзитет за туризам и менаџмент. стр. 56,64. 
  3. Marković, Jovan Đ (1968). Fizička geografija Jugoslavije (2 издание). Naučna knjiga. 
  4. Geografsko društvo na SR Makedonija (1989). Geografski razgledi (27-30 издание). Skopje: Društvo. 
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 Петров, Гьорче (1896) (на бугарски). Материали по изучванието на Македония.. Печатница Вълковъ. стр. 11, 75, 268. 
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 "ПСШ „Липа“ - Крушево". Скопје: Македонски Шуми. 2010. конс. 10 септември 2015. 
  7. 7,0 7,1 "Крушево станува меѓународно познат центар за параглајдерство". Скопје: Вечер. 18 јули 2014. конс. 10 септември 2015.