Кривогаштани

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Кривогаштани
Krivogastani.jpg

Поглед на Кривогаштани од Крушево.

Кривогаштани is located in Македонија
Кривогаштани
Местоположба на Кривогаштани во Македонија
Координати 41°20′9″N 21°19′59″E / 41.33583° СГШ; 21.33306° ИГД / 41.33583; 21.33306Координати: 41°20′9″N 21°19′59″E / 41.33583° СГШ; 21.33306° ИГД / 41.33583; 21.33306
Регион Прилепско Поле
Општина Coat of arms of Krivogaštani Municipality.svg Кривогаштани
Население 1870 жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 7524
Надм. вис. 569 м. м
Мреж. место Кривогаштани
Commons-logo.svg Кривогаштани на Ризницата


Кривогаштани — село во Општина Кривогаштани, на патот меѓу градовите Прилеп и Крушево.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Народните преданија говорат за две легенди поврзани за името на селото Кривогаштани. Според првата легенда, селото Кривогаштани, своето име го добило по некогашниот град, кој бил во непосредна близина на денешната населба, а се викал Крив Град. Градот се одликуал со криви, долги и тесни улички низ кои жителите, пред своите куќи, си ги сушеле „гаштите“, односно алиштата што ги носеле. Втората легенда зборува дека жителите од Кривогаштани ги носеле своите „гашти“ (панталони) накриво, па поради тоа жителите од околните населби им се потсмевале, викајќи ги кривогаштанци. Интересно е да се напомене дека и денес жителите од некои соседни села не велат Кривогаштани и Кривогаштанци туку „Кривограждани“ и „Кривогражданци“, што пак се поврзува со средновековниот Крив Град.

Историја[уреди | уреди извор]

Кривогаштани е старо село. Селото е споменато како Кривогаштанех во грамота на царот Стефан Душан за манастирот Трескавец од XIV век. Во текот на XIX век со доселување станало прилично големо македонско село. Во овој период во Кривогаштани постоеле четири чифлици, а нивни сопственици биле: Саид-паша, Адем-ага, Устреф-ага и Демчо-ага.[1] Саид-паша бил сопственик и на еден ан во Кривогаштани.[1]

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Штркови во Кривогаштани и поглед кон Крушево

Населбата Кривогаштани се наоѓа во Пелагониската рамница, во северозападниот дел на Прилепското Поле. На запад од Кривогаштани е Бушева Планина, а на југ, исток и север се простира Пелагонија, а самата населба лежи на надморска височина од околу 607 метри. Кога се зборува за сообраќајната поврзаност и географската местоположба не може а да не се спомне дека Кривогаштани претставува вистинска крстосница, бидејќи тука поминуваат главните патишта кои ги поврзуваат блиските градови. Имено, источно од Кривогаштани е градот Прилеп, кој е оддалечен 19 километри, а на запад се наоѓа Крушево, оддалечено 11 километри од Кривогаштани. Кон југ, т.е кон Демир Хисар води асфалтен пат, кој кривулесто минува низ богати селски населби, а потоа продолжува кон Битола. Исто така и кон север води асфалтен пат кон селото Ропотово, од каде продолжува кон Македонски Брод. Климата, како и во целата Пелагониска рамница, па така и во Кривогаштани е изменето средоземноморска. Врнежите се движат од 700 до 900 милиметри воден талог во текот на годината. Тие се најинтензивни во пролет и есен, а првиот снег обично паѓа кон крајот на ноември или во почетокот на декември. Ветровите дуваат во текот на целата година, но најинтензивно во пролет и есен. Покрај Кривогаштани не поминуваат некои позначајни реки, а исто така нема ни езера. Реките кои што минуваат во близина на Кривогаштани се мали и главно пресушуваат во текот на летниот период. Најблиска река до населбата е Крушевско - норовската Rека која со вода се храни главно од Крушевското Езеро, а се наоѓа западно и југозападно од Кривогаштани. Оваа река се влива во реката Блато која е источно од Кривогаштани. Во непосредна близина на Кривогаштани, а особено на источната страна, кај Крајни Рид, Петочна Ричка, Градиште, Манастириште и Лозје доста е богато со животински свет, а најзастапен е ситниот дивеч: зајак, лисица, ласица и повеќе влекачи. А на источната страна, односно во областите кај реката Блато, околу која се наоѓаат областите Солунов Даб, Чаир и Ливаѓе има поголем број видови на птици како што се дивите гуски, дивите гулаби, дивите пајки, еребици и друго. Во самата населба се среќаваат цели јата на диви гулаби, чавки, гугутки, врапци, штркови, ластовици, а посебно внимание привлекуваат сивите чапји кои се населени на стариот даб во црквата Св. Димитрија, која се наоѓа во центарот на населбата. Сивите чапји доаѓаат во почетокот на март, а си одат во август.

Економија[уреди | уреди извор]

Сточниот пазар во Кривогаштани, еден од најголемите во Македонија

Како и во пошироката околина така и во Кривогаштани се среќаваат поголем број на растенија. Се среќаваат и следниве култури, како позастапени: тутунот, житните култури (пченица, јачмен, 'рж, овес), сончогледот, пченката, пиперот, кромидот, компирот, гравот и друго. Сепак, најзастапена култура е тутунот.
Во Кривогаштани се наоѓа еден од најголемите сточни пазари во Македонија.
Како култура во минатото во Кривогаштани во голема мера бил застапен и конопот, од кој се произведувале конопни влакна, кои во најголем дел се продавале на пазарот во Прилеп за потребите на ортомџиите, а помал дел ги користеле и самите жители за производство на ортоми, сиџими, огламници, па и постилачи за под, а и покривачи.[2]

Демографија[уреди | уреди извор]

Дефилето на манифестацијата „Денови на македонската народна носија“ која секоја година се одржува во Кривогаштани

Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К'нчов од 1900 година, во селото Кривогаштани живееле околу 860 жители, сите Македонци.[3]

Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Кривогаштани имало имало 680 Македонци, егзархисти и 240 Македонци патријаршисти.[4]

Според пописот од 2002 година во селото живееле 1 870 жители, од кои:[5]

Етничка припадност Вкупно
Македонци 1860
Роми 8
Срби 1
Останати 1

Од нив 971 биле мажи, а 899 жени.[6]

На табелата е прикажан бројот на население низ сите пописни години: [7]

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 860[3] 920[4] 1 913 2 288 2 366 2 380 2 356 2 191 1 950 1 870

Родови[уреди | уреди извор]

Кривогаштани е чисто македонско село. Селото е многу старо и во него има зачувано староседелски родови.[8]

Родови во селото се: Мојсовци (18 к.), Карафиловци (17 к.), Кочоперовци (17 к.), Папушковци (15 к.), Пологовци (9 к.), Митровци (8 к.), Путевци (6 к.), Џаферовци (5 к.), Чуриновци (5 к.) и Василевци (2 к.), сите овие родови се староседелски.

Родови доселени во ХVIII век се: Везенковци (8 к.), доселени се од некое село Везенково во околината на Охрид; Рујановци (12 к.), доселени се од некое село во Охридско; Чавковци (10 к.), доселени се од Кичевско, најпрво се населиле во Годивје, а потоа дошле во Кривогаштани; Рикаловци (10 к.), доселени се од селото Единаковци, Железник; Бараковци (8 к.), доселени се од селото Бараково; Киселовци (14 к.), Станчевци (10 к.), Бурмузовци (8 к.), Корковци (8 к.), Лукаревци (7 к.) и Тркалевци (6 к.), се доселеници со непозната старина.

Родови доселени во XIX век и покасно се: Поповци (3 к.), доселени се од поречкото село Крапа, основачот на родот бил свештеник; Житошанци (6 к.), доселени се од селото Житоше; Базеровци (6 к.), доселени се од селото Годивје, нивниот доселен предок овде имал околу 100 кози; Џуцуловци (10 к.), Чорбевци (6 к.), Смутковци (6 к.), Коруновци (4 к.), Голевци (4 к.), Здравковци (6 к.), Клекачовци (4 к.), Комицовци (3 к.), Мојановци (3 к.), Пупуновци (3 к.), Рогушковци (2 к.), Амбаровци (2 к.) и Булдиновци (1 к.), се доселеници со непозната старина.

Општествени институции[уреди | уреди извор]

  • Локална самоуправа - Кривогаштани;
  • Комунално претпријатие „Пелагонија“ - Кривогаштани
  • ООУ „Манчу Матак“ - Кривогаштани;
  • Одделение на полициска станица - Кривогаштани;
  • Амбуланта - Кривогаштани;
  • Ветеринарна станица - Кривогаштани.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Црквата „Св. Димитриј“ во Кривогаштани

Во Кривогаштани секоја година во март се одржува манифестацијата „Денови на македонската народна носија“. На манифестацијата која е од ревијален и натпреварувачки карактер учествуваат културно-уметнички друштва од цела Македонија.

Цркви
Археолошки локалитети[9][10]

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

ФК Младост, КК Младост.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 Ф. Трифуноски, Јован (1998) (на српски). Битољско-прилепска котлина. Српска академија наука и уметности. стр. 307. 
  2. Ристевски, Љупчо. Начинот и производството на конопот и неговото значење за културното живеење на с. Кривогаштани. „Етнолог“ (Здружение на етнолозите на Република Македонија - Музеј на Македонија) (2): 208-220. 
  3. 3,0 3,1 Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр.244.
  4. 4,0 4,1 Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р.148-149.
  5. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  6. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  7. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk.
  8. 36 Битољско-прилепска котлина, Ј. Трифуноски.pdf“, „Google Docs“.
  9. 9,0 9,1 9,2 9,3 Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  10. 10,0 10,1 10,2 10,3 Јован Ф. Трифуновски, Битољско - Прилепска котлина, Антропогеогрофско проучавоњо, Београд 1998

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]