Прејди на содржината

Тутун

Ова е избрана статија. Стиснете тука за повеќе информации.
Од Википедија — слободната енциклопедија
Тутун
Nicotiana tabacum
Научна класификација
Царство: Растенија
Оддел: Скриеносеменици
Класа: Дикотиледони
Ред: Зрновидни
Семејство: Зрнци
Род: Тутун (Nicotiana)
L.

Тутун (од турски: tütün, науч. Nicotiana) — род на кратколисни растенија од фамилијата зрнци по потекло од Северна и Јужна Америка, или сушените остри листови на овие растенија. Тутуновите листови често се пушат (видете пушење тутун) во облик на пури, цигари, во луле или наргиле. Ова е потенцијално штетно за белите дробови и може да предизвика рак и други заболувања како, на пример, астма. Тутунот може и да се џвака, „макнува“ (става помеѓу образот и непцето) и вшмркува во носот како фино мелен бурмут. Најголем дел од уживателите на тутунот, во кој и да било облик, стекнуваат навика да го користат секој ден.

Тутунот содржи никотин, силен невротоксин кој е особено опасен за инсектите. Секој начин на земање на тутун резултира со апсорпција на никотин во разни количества во крвотокот на уживателот, и со време, развиток на толеранција и зависност. Количеството на апсорпција, неговата честота и брзина се тесно поврзани со мерата на зависност и толеранција (доколку ги има) која може да се создаде. Смртоносна доза на никотин има во половина пура или три цигари; меѓутоа, само мал дел од никотинот во овие производи оди во чадот и речиси сите случаи на никотинско труење се резултат на концентрирани облици на состојката која се користи кај инсектицидите. Други активни алкалоиди во тутунот се хармалините.

Долготрајното пушење со себе носи ризици за развој на разни ракови и срцеви удари, како и тешки кардиоваскуларни и дишни болести. [1] Пушењето може да доведе и до значително пократок живот. [2] Многу земји имаат забрана за пушење со цел за намалување на потенцијалната штета врз здравството како резултат на пушење тутун. Прилично зголемениот ризик за развој на рак се должи на големата концентрација на нитрозамини и други канцерогени состојки кои се наоѓаат во тутунот и неговите остатоци заради анаеробно загревање, заради пушењето или начинот на сушењето на тутунот на оган. Некои методи на сушење на тутунот го зголемуваат ризикот на орален рак. [3] Наспроти тоа, со употреба на парен тутун (снус) се избегнува канцерогеноста со тоа што не се лачат нитрозамини, но штетните ефекти врз кардиоваскуларниот систем и панкреасот остануваат исти.[4]

Историја

[уреди | уреди извор]
Пупки на северноамерикански тутун

Индијанците го користеле тутунот пред доаѓањето на Европејците во Северна и Јужна Америка. Од нив, раните европски доселеници научиле да пушат и ја донеле оваа практика во Европа, каде таа станала енормно популарна. При екстремно високи дози, тутунот станува халуциноген; затоа Индијанците обично не го користеле тутунот од рекреациони причини. Наместо ова, тие го користеле во огромни количини како ентеоген; ова обично било изведувано од искусни шамани или врачеви. Покрај пушењето, тутунот се користел несушен за јадење, пиење на неговиот сок, или употребуван при клизма. По воведувањето во Европа, ваквата употреба на тутунот значително се намалила. И ден денес, религиозната употреба на тутунот е честа кај домородците, особено оние во Јужна Америка.

Со доаѓањето на Европејците, тутунот станал еден од главните стопански производи кои биле двигатели на колонизацијата во југот на Северна Америка, долго пред создавањето на Соединетите Американски Држави. Првичната колонијална експанзија била придвижена токму од тутунската индустрија, и истата била причина за еден од првите колонијални конфликти помеѓу Индијанците, како и водечка причина за употребата на африкански робови.

Во 1609 година, Џон Ролф пристигнал во Џејмстаун во Вирџинија. Тој се смета за првиот човек кој успешно одгледувал тутун за комерцијални цели. Во тоа време тутунот кој се одгледувал во Вирџинија, Nicotiana rustica, не им се допаѓал на Европејците, но Ролф со себе имал понесено некои семиња од Nicotiana tabacum од Бермуда. Накратко по неговото пристигнување, неговата прва жена починала, и тој се оженил за Покахонтас, ќерка на поглавицата Поватан. Иако речиси сите доселеници биле сосема незаинтересирани за тутунот, Ролф се збогатил одгледувајќи го за извоз во плантажите во Варина. Потоа тој отишол во Англија со Покахонтас, веќе како богат човек. По смртта на Покахонтас во Англија, тогаш се вратил во Џејмстаун и продолжил со подобрување на квалитетот на тутунот. Веќе во 1620 година, 40.000 фунти (околу 18 тони) биле испратени во Англија. Во времето на неговата смрт во 1622 година, Џемјстаун бил просперитетно тутунарско место со максимално население од 4.000 жители. Токму тутунот довел до увоз на робови од Африка и жени од Англија во 1619 година.

На оваа слика од 1670 година поробени црнци работат во тутунски стреи на колонијален тутунски монопол

Увозот на тутунот во Европа не поминал мазно, дури и во XVII век. Кралот Џејмс I на Англија и Џејмс VI на Шкотска) напишал славна полемика со наслов Противудар за тутунот (A Counterblaste to Tobacco) во 1604 (издадена во 1672). Во овој есеј, кралот најостро го критикува пушењето и неговите штетни последици. Истата година бил донесен статут со кој се наплаќала голема заштитна царина на секоја фунта тутун увезена во Англија.

Во текот на XVII и XVIII век, тутунот и понатаму останал најпрофитната стока на колонијата Вирџинија, заедно со Каролините. Тутунските магацини биле мошне бројни крај пристаништата во сега просперитетните градови Ричмонд и Манчестер на т.н. падна линија (главата на устието) на Џејмсовата Река и Питерсбург на реката Апоматокс.

Сѐ до 1883 година, данокот на тутун сочинувал една третина од внатрешните приходи на владата на САД.

Како профитабилна култура, тутунот бил подложен на бројни биолошки и научни истражувања. Економското влијание на болеста наречена тутунски мозаик бил стимулот кој довел до изолација на тутунскиот мозаичен вирус, првиот востановен вирус; среќна околност е тоа што ова е една од најпростите вирози и може да се самосостави од пречистена нуклеинска киселина и белковина, што довело до забрзан развиток на вирологијата. Во 1946 година Нобеловата награда за хемија била споделена од Вендел Мередит Стенли за неговата работа на кристализација на вирусот од 1935 година, притоа покажувајќи дека дури и во тој случај, тој останува активен.

Одгледување

[уреди | уреди извор]
Десет најголеми производители на тутун - 2005
(во милиони метрички тони)
Кина 2,51
Бразил 0,88
Индија 0,60
САД 0,29
Индонезија 0,14
Турција 0,14
Грција 0,12
Аргентина 0,12
Италија 0,11
Пакистан 0,08
Вкупно во светот 6,38
Извор:
ОХЗ при ООН (FAO)
[1] Архивирано на 19 јуни 2006 г.

Тутуновото семе се расејува по површината на почвата, бидејќи тоа 'рти на светлина. Во колонијална Вирџинија, насадите се ѓубреле со дрвен пепел или животинско ѓубриво (често коњски измет во прашок). Потоа насадот се покривал со гранки за заштита на фиданките од мраз. Вака, тие се оставале да растат до април.

Во XIX век, младите растенија сѐ повеќе биле напаѓани од растителни болви (Epitrix cucumeris или Epitrix pubescens), предизвикувајќи го уништувањето на половина од тутуновите насади во САД во 1876 година. Во следните години биле расправани и направени многу експерименти за контролирање на оваа наезда. Во 1880 година се дошло до заклучок дека замената на гранките со рамка покриена со тенка ткаенина делотворно ги штити растенијата од инсекти. Оваа практика станала сѐприсутна веќе во 1890-тите години.

Денес во САД, за разлика од другите земји, тутунот се ѓубри со минерален апатит со цел растението да се изгладни за азот, што ја менува аромата на тутунот. Ова (заедно со употребата на сладунец и други адитиви) го објаснува поразличниот вкус на американските цигари од оние од други земји. Меѓутоа, предложено е дека тука постои опасност од полониумот кој се содржи во апатитот.

Тутунска нива во Прилепско Поле (Кривогаштани)

Откога растенијата ќе достигнат одредена големина, тие се садат во поле. Ова првобитно се изведувало со правење на дупка во изораната земја со колче, по што малото растение се сместувало во таа дупка. Во доцниот 19 и раниот 20 век е конструирана е различна механизација за автоматизација на оваа постапка, имено отворање на бразди, ѓубрење и поставување на растението во неа - сето наеднаш.

Берба на тутун во Лопатица (Битолско)

Тутунот може да се бере на два начина. Според најстарата метода целото стебло се сече со закривен нож. Во XIX век, светлолисниот тутун почнал да се бере лист по лист, од долу, нагоре како што зреат листовите. Така стеблата доживуваат неколку берби (кинења) пред да бидат конечно обрани. Вака листовите се ставале на санки кои ги влечеле мулиња. Подоцна за оваа намена почнале да се користат трактори, кои ги превезувале листовите до направата т.н. „нижачка“.

Некои земјоделци користат трактори со приколки (берачки) каде качените работници ја делат работата на кинење, нижење и врзување на тутунот. Овие обично бројат 10 души.

Штетници

[уреди | уреди извор]
Тутун во Скопскиот Регион

Штетници на тутунот се молците Endoclita excrescens, Manduca sexta и Manduca quinquemaculata. Други лепидоптери чии ларви се хранат на тутун се мермерен молец, зелкин молец, молец-глушец, молецот-морско оревче, црн молец и репкин молец. Сувите листови и цигари понекогаш се храна за цигаретната буба (Lasioderma serricorne).

Историска тутунска печка во Австралија

Исечените растенија или набраните листови веднаш се пренесуваат во амбари за тутун каде тие се сушат. Методите на сушење зависат од видот на тутун, и затоа амбарот е соодветно конструиран во зависност од тоа. За воздушно сушење тутунот се обесува во добро проветрени амбари и се чека неколку недели за тој да се исуши. За сушење на оган пак, тутунот се обесува во големи амбари каде се одржува оган од тврдо дрво кој тлее. Кај сушењето на пламеник (оџак и сл.) тутунот првобитно се нижел на стапови, кои потоа биле обесувани во амбари. Овие амбари имаат пламеници кои водат од надворешно полнети ложишта, така сушејќи го тутунот со топлина без негово изложување на чад. Сушењето и подоцна, одлежувањето на тутунот дава бавна оксидација и разложување на каротиноидите во листовите. Ова прави извесна смеса во тутунот и дава арома слична на сено, чај, розово масло, или пак овошна арома која игра улога во „глаткоста“ на пушењето. Скробот се претвора во шеќер што ги глицира белковините и оксидира во виши крајни производи на гликацијата, процес на карамелизација кој исто така додава вкус. Вдишувањето на овие крајни производи придонесува до атеросклероза и рак[5].

Неодлежаниот или тутунот со низок квалитет често се збогатува по вкус со овие природни смеси. Ароматизирањето на тутунот е значаен дел на оваа мултимилионска стопанска гранка.

Процесот на одлежување продолжува со месеци и често по процесот на сушење.

По сушењето

[уреди | уреди извор]

Откога тутунот ќе се исуши, тој се пренесува во склад за понатамошна дообработка. Ако тој бил во гранки, сега се вадат листовите. Потоа листовите се сортираат и се складираат според тоа. Тутунот порано се продавал во „фатки“, додека денеска највеќето тутун се балира пред продавање.

Ароматични, сушени на оган

[уреди | уреди извор]

Ароматичниот тутун сушен на оган е робусна сорта кој се користи како додаток во тутуни за луле. Се суши со чадење над тивок оган.

Друг тутун сушен на оган е „Латакија“ кој се прави од ориенталните сорти N. tabacum. Листовите се сушат и пушат над тлеечки оган од локални тврди дрва и ароматични џбунови во Кипар и Сирија. Латакијата има истакнат вкус и мошне специфична чадена арома, која се користи во мешавини за луле во Балкански и Англиски стил.

Жнеење млад тутун во стакленик во Јужна Каролина

Светлолисен тутун (Вирџинија)

[уреди | уреди извор]

Пред Американската граѓанска војна, речиси сиот тутун што растел во САД бил темнолисен, сушен на оган или воздух. Овој се садел во плодни низини и користел робусна сорта на листови.

Извесно време по војната од 1812, се јавила побарувачка за поблаг, посветол и поароматичен тутун. Охајо и Мериленд биле првите што ја пресретнале оваа побарувачка со нивната иновативност. Исто така самите земјоделци ширум земјата експериментирале со разни методи на сушење. Но вистинската промена не дошла пред 1854 година.

Светлолисен тутун спремен за жнеење. Кога тој ќе добие жолто-зелена боја, шеќерната содржина е најдобра, и така со сушење се добива богата златесто кафена боја со благ вкус. Како што созреваат, листовите се берат од основата кон врвот.

Со векови се знаело дека песоклива почва во повисоки предели дава потенки и послаби растенија. Капетанот Абиша Слејд, од Грофовијата Казвел, Северна Каролина имал големи површини неплодна, песоклива земја, и таму засадил „златнолисна“ сорта тутун. Неговиот роб Стивен не сакајќи го направил првиот вистински светол тутун. Тој користел јаглен за одново да го потпали огнот за сушење. Топлотниот бран ги исушил листовите до жолта боја. Со ова откритие, Слејд развил систем на производство на светол тутун, одгледувајќи го на посиромашни почви и сушејќи го на јаглен.

Вестите се рашириле прилично брзо и сега безвредните земјишта наеднаш станале мошне профитабилни, а со тоа следел и развојот на други техники за сушење.

За време на војната овој тутун се продавал на војската, на која почнал да ѝ годи до таа мера што по неа се развил национален пазар за овој производ.

Бел берлеј

[уреди | уреди извор]

Во 1864 Џорџ Веб од Грофовија Браун, Охајо засадил семе од црвен берлеј кое го купил, и увидел дека новите ’ртулци имаат бел, болежлив изглед. Но како и да е, тој ги пресадил на полињата, каде тие израснале во зрели растенија, но го задржале нивниот блед изглед. Сушените листови имале навистина фина текстура и биле изложени како куриозитет на пазарот во Синсинати. Следната година тој засадил 4 хектари од семињата од тие растенија, кои се продале скапо на наддавање. Воздушно сушените листови се покажале со благ вкус и како повпивливи од која било друга сорта. Белиот берлеј, како што бил подоцна наречен, станал главна компонента во тутунот за џвакање, тутунот за американски мешавини за луле како и цигарите во американски стил. Зборот бел во името на оваа сорта денес ретко се користи, бидејќи темната воздушно сушена сорта од средината на XIX век повеќе не постои.

Тутун сушен на воздух (во сенка)

[уреди | уреди извор]
Сушење тутун во Прилеп

Не е доволно познато дека сојузната држава Конектикат е исто така еден од важните тутунски региони во земјата. Долго пред доаѓањето на Европејците, Индијанците береле благи тутунови растенија кои растеле долж реката Конектикат. Денес оваа речна долина северно од Хартфорд, Конектикат се нарекува Тутунска Долина, а полињата и сушниците се видливи од патиштата. Овој тамошен тутун се нарекува ладовински тутун (shade tobacco), и се користи како омот за најдобрите пури во светот.

Веројатно тутунот со најсилен вкус е перикот, од Св. Џемјсовата парохија, Луизијана. Кога акадците дошле во овој регион во 1755 година, локалните Индијанци одгледувале тутун со специфичен вкус. Еден земјоделец по име Пјер Шане прв го преработил локалниот тутун во перик во 1824 година по пат на ферментација под притисок.

На тутунот му се сечат изданоци, и се кастри до број од точно 12 листови низ раниот раст. Доцна во јуни кога листовите ќе станат темнозелени и самите растенија ќе достигнат 600 до 750 mm во височина, целите растенија се берат навечер и се сушат во полуотворени амбари. Откога листовите делумно ќе се исушат, но сѐ уште се меки (помалку од 2 недели сушење), преостанатата нечистотија се отстранува и листовите се влажнат со вода и дршките рачно се отстрануваат. Потоа листовите се мотаат во ролни („торкети“) од по 450 g и се ставаат во буриња од американски орев или во оние за чување виски. Потоа тутунот се чува под притисок со дабови блокови и големи винтови, така истиснувајќи го речиси целиот воздух од сѐ уште влажните листови. Еднаш месечно притисокот се ослободува, и секоја од ролните (торкетите) се ракува за проветрување. По една година, перикот е готов за консумирање, иако може да се чува под притисок многу години. Подолготрајна изложеност на воздух му го одзема карактерот на перикот. Крајниот производ е темнокафен, речиси црн, многу влажен, со овошна, и по малку оцетна арома.

Перикот се смета за тартуф на тутуните за луле и се користи како компонента за многу мешавини, но е премногу силен за да се пуши чист. Денес се одгледува помалку од 6,5 хектари од овој тутун, од кој највеќето во сопственост на еден единствен земјоделец по име Перси Мартин, во Гранд Поант, Луизијана. Од сосема непознати причини, особениот вкус и карактер на перикот може да се добие само од еден мал триаголник во парохијата Св. Џејмс, со површина помала од 5 на 16 км. При својата најголема продуктивност, оваа парохија произведувала само 20 тони перик годишно, а денес производството е намалено на неколку буриња годишно.

Овој тутун е традиционално употребуван за мешавини за луле, каде се меша со чиста Вирџинија за зачинување, сила и свежина на мешавината.

Ориентален тутун

[уреди | уреди извор]

Ориенталниот тутун се суши на сонце и е високоароматична сорта со мали листови која се одгледува во Македонија, Турција, Бугарија и Грција. Голем дел од раните марки цигари се состоеле речиси само од ориентален тутун; денес главно се користи за мешавини за цигари (типичната американска цигара во себе содржи светла вирџинија, берлеј и ориентален тутун).

Тутунски производи

[уреди | уреди извор]
Бурмут „Копенхаген“

Бурмутот е генерички фино мелен бесчаден тутунски производ.

Европски (сув) бурмут се вшмркува во носот. Но истиот не смее да се вшмрка подлабоко од носот, т.е. во синусите, грлото или дробовите. Постојат неколку видови европски бурмут: обичен, препечен (фино мелен - многу сув), „медициниран“ (ментол, камфор, евкалиптус, итн.), миризлив или шмалцлер (германски вид). Главните марки на европски бурмут се: Bernards (Германија), Fribourg & Treyer (ОК), Gawith (ОК), Gawith Hoggarth (ОК), Hedges (ОК), Lotzbeck (Германија), McChrystal's (ОК), Pöschl (Германија) и Wilsons of Sharrow (ОК).

Бурмутот е корисен во некои случаи на алергија на полен бидејќи ги спречува алергените да влезат во даден дел од носот. Американскиот бурмут е многу посилен и се мака. Постои во две варијанти -- „сладок“ и „солен“. Популарни марки се Tube Rose и Navy.

Вториот најпопуларен вид во САД е влажниот бурмут, наречен тутун за макање. Овој се зема со прст (или нешто друго) и се нанесува на заби/во уста. Американскиот влажен бурмут се прави од темен огнено сушен тутун кој потоа се меле, засладува и одлежува во фабрика. Важни северноамерикански марки се Copenhagen, Skoal, Timber Wolf, Chisholm, Grizzly и Kodiak.

Некои современи марки на бесчаден тутун како Kodiak имаат агресивна никотинска содржина. Ова се постигнува со повисоки дози на никотин од цигари, висока pH вредност (со која никотинот побрзо влегува во крвотокот), како и голем дел непротониран никотин.

Тутун за џвакање

[уреди | уреди извор]

Џвакањето е еден од двата најстари начини на консумирање тутун. Индијанците од Северна и Јужна Америка џвакале тутун мешан со вар од памтивек. Денешниот тутун за џвакање се произведува во три облика: усукан, чеп и рефус. Некои производители во Обединетото Кралство прават особено силен усукан тутун предвиден за пушење во луле, наместо за џвакање. Овие не се мешаат со вар, но содржат додатоци како виски, рум, цреша и други вкусови типични за мешавините за луле.

Усуканиот тутун е најстариот облик на тутун за џвакање. Еден до три висококвалитетни листа се плетат и усукуваат во јаже додека се незрели, а потоа се сушат на ист начин како другите тутуни. Првобитно бил измислен од морнари заради опасноста од пожари на бродовите; до скоро ова се користело од земјоделците за лична употреба, покрај преостанатиот тутун наменет за продажба. Современите усукани тутуни понекогаш се лесно засладени. Ваквиот тутун сѐ уште може да се набави на пазарот, но ретко вон Апалачија. Популарни марки се Mammoth Cave, Moore's Red Leaf и Cumberland Gap. Од јажето се сече парче кое се става во уста и се џвака.

Чепниот вид тутун се прави со притискање на исушени наредени листови во сладок сируп (често на основа на меласа). Ова порано се правело рачно, но од втората половина на XIX век листовите се притискаат помеѓу големи лимови. Потоа добиената тутунска плоча се сече во „чепови“. Како и усуканиот тутун, потрошувачите понекогаш сечат, но почесто одгризуваат парче од чепот за џвакање. Главни марки се Days O Work и Cannonball.

Рефусниот тутун првобитно бил остаток од производството. Се засладува како чепниот тутун, но се продава рефус во вреќички. Ова е без сомнеж најпопуларниот вид тутун за џвакање. Популарни марки се Red Man, Beechnut, Mail Pouch и Southern Pride. Овој тутун може и да се мака.

За време на врвот на популарноста на џвакањето тутун во САД (доцен XIX век), во речиси сите јавни места можеле да се најдат плукалници каде се плукал изџваканиот тутун.

Шведскиот снус се разликува по тоа што се прави од парен тутун, а не тутун сушен на оган, и така неговите здравствени последици се многу поинакви - неспоредливо пониска опасност споредено со кој било друг вид или облик на тутун. Важни шведски марки се Swedish Match, Ettan и Tre Ankare. Во Скандинавија овој влажен бурмут се продава или во прав, кој потоа се гмечи во топченца или јајца рачно или со посебна алатка. Понекогаш се наоѓа во мали вреќички, прилагодени за ставање меѓу внатрешноста на горната усна и забите.

Вреќички гутка

Гутка е тутун кој се произведува и консумира главно во Индија. Содржи заблажувачи, прехранбени бои и паански вкусови . Се џвака постојано без голтање на соковите, кои подоцна се плукаат кога устата ќе се наполни со нив. Ова резултира со тоа што ѕидовите на јавните згради се покриени со црвена течност, особено во местата на собирање на посиромашните граѓани.

Крем-бурмут

[уреди | уреди извор]

Крем-бурмут е тутунова паста која се состои од тутун, масло од каранфилче, глицерин, вид нане, ментол и камфор, и се продава во туба како онаа од паста за заби. Се пласира главно на жени во Индија, од кој марките се Ipco (Asha Industries), Denobac, Tona и Ganesh.

Тутунова вода

[уреди | уреди извор]

Тутуновата вода е традиционален органски инсектицид во употреба во домашното градинарство. За ова може да се користи и тутунов прав.

Се добива со вриење на силен тутун во вода, или пак негово киснење во неа низ подолги временски периоди. Кога ќе се олади, течноста се прска, или пак се премачкува на листовите, каде е смртоносна за инсектите.

Баскиските рибари ангулеро ловат млади јагули и ги проваруваат во солена вода заедно со тутунови листови и ги пласираат на пазарот како ангули, кои се сезонски деликатес.[2]

Тутунот како тема во уметноста и во популарната култура

[уреди | уреди извор]

Тутунот се јавува како тема во бројни дела во уметноста и во популарната култура, како:

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. Health harms have induced by cigarette smoking
  2. „Smoking - health risks“. Архивирано од изворникот на 2015-11-05. Посетено на 2006-11-21.
  3. Oral cancers in Mumbai, India: a fifteen years perspective with respect to incidence trend and cumulative risk.
  4. Overview of knowledge of health effects of smokeless tobacco. Increased risk of cardiovascular diseases and mortality because of snuff
  5. Cerami C, Founds H, Nicholl I, Mitsuhashi T, Giordano D, Vanpatten S, Lee A, Al-Abed Y, Vlassara H, Bucala R, Cerami A (1997). „Tobacco smoke is a source of toxic reactive glycation products“. PROCEEDINGS OF THE NATIONAL ACADEMY OF SCIENCES OF THE UNITED STATES OF AMERICA (PNAS). 94 (25): 13915–20. PMID 9391127.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  6. Кочо Рацин, Бели мугри. Скопје: Кочо Рацин, 1963, стр. 6-7.
  7. Cornershop ~ It's Indian Tobacco My Friend - YouTube (посетено на 6.5.2016)
  8. YouTube, Nuggets: Original Artyfacts from the First Psychedelic Era, 1965-1968 CD 1 ALBUM COMPLETO (пристапено на 8.12.2018)

Библиографија

[уреди | уреди извор]
  • Breen, T. H. (1985). Tobacco Culture. Princeton Univerisity Press. ISBN 0-691-00596-6. Source on tobacco culture in eighteenth-century Virginia стр. 46-55
  • W.K. Collins and S.N. Hawks. "Principles of Flue-Cured Tobacco Production" 1 изд., 1993
  • Fuller, R. Reese (Spring 2003). Perique, the Native Crop. Louisiana Life.
  • Gately, Iain. Tobacco: A Cultural History of How an Exotic Plant Seduced Civilization. Grove Press, 2003. ISBN 0-8021-3960-4.
  • Graves, John. "Tobacco that is not Smoked" во From a Limestone Ledge (деловите за бурмут и тутун за џвакање) ISBN 0-394-51238-3
  • Killebrew, J. B. and Myrick, Herbert (1909). Tobacco Leaf: Its Culture and Cure, Marketing and Manufacture. Orange Judd Company. Source for flea beetle typology (стр. 243)
  • Poche, L. Aristee (2002). Perique tobacco: Mystery and history.
  • Tilley, Nannie May. The Bright Tobacco Industry 1860-1929 ISBN 0-405-04728-2. Source on flea beetle prevention (стр. 39-43), and history of flue-cured tobacco


Статијата „Тутун“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).