Врбјани

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Врбјани
Поглед на село Врбјани.jpg
Врбјани is located in Македонија
Врбјани
Местоположба на Врбјани во Македонија
Координати 41°25′3″N 20°47′39″E / 41.41750° СГШ; 20.79417° ИГД / 41.41750; 20.79417Координати: 41°25′3″N 20°47′39″E / 41.41750° СГШ; 20.79417° ИГД / 41.41750; 20.79417
Општина Coat of arms of Debarca Municipality.svg Дебарца
Население 58 жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 919 м
Commons-logo.svg Врбјани на Ризницата

Врбјани е село во Општина Дебарца, недалеку од патот Кичево - Охрид.

Етимологија[уреди | уреди извор]

Според искажувањата на месните жители селото Врбјани своето име го добило по врбите кои ги имало во околината.[1]

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Врбјани се наоѓа на надморска висина од 919 м, на источната страна на планината Стогово. Тоа е прво село во Горна Дебрца после највисоката точка на патот Кичево - Охрид наречено Пресека. Селото се наоѓа на 3км одалеченост од регионалниот пат. Низ селото течат две реки, Голема река и Бигришка Река, како извори на реката Сатеска. Изобилува со вода и извори на вода. Последната куќа од селото во горно маало, се наоѓа на 970м надморска висина. Оддалечено е 26 километри јужно од Кичево и 39 километри северно од Охрид.

Селото е со куќи од збиен тип и се состои од горно и долно маало. Маалата се разликуваат и по родови, како на пример, Ќемалоски, Ангелески, Патникоски, Радески и други. Во селото има околу 100 домаќинства. Селото е на место каде од секогаш можело да има населба. Има многу поволни природни и економски услови. Од западната страна се издига пространа планинска падина, израсната со дабова и букова шума. Изнад нејзината горна граница се простира голина т.е. планинска испаша. Од источна страна се простира ниско земјиште погодно за обработка. На планинскиот дел од атарот се наоѓа Црвено млаче (главна испаша), Годијов дол, Манастирец, Јагњештица, Локви, Секулица, Папрадница, Мирослајца, Јасика, Смрдешница, Божинарамен итн. Источно се наоѓа плодно обработлива земја Предалиште, Галвје, Св.Петар, Жежница, Луда вода, Дупчиња, Петрчане, Крст, Цер, Патница, Царев кладенец и др. На планинската падина се наоѓа Стојански извор, Жежов извор и Манастирец, а во подножјето на планината извира Петрчански извор и Царев кладенец. Многу е значаен Петрчански извор од кој извира јака вода како река на која некогаш имало воденица, а денес дел од таа вода се каптира и се упортебува за селскиот водовод.

Соседни села на селото Врбјани се: Иванчишта, Попоец и Ехлоец од север, Годивје од југ, Сливово од југоисток, и Селци и Елевци од запад.

Историja[уреди | уреди извор]

Селото Врбјани постоело пред доаѓањето на Турците во 1371 година. Името Врбјани го добило по многуте врби кои ги имало меѓу двете реки, Голема река и Бигришка река, како извори на реката Сатеска. Покрај с. Врбјани постоело село Нивишта со црквата Свети Петар и Свети Павле. Црквата Свети Ѓорѓија во село Врбјани, според преданијата на старите жители Ристо Сиљанов, Спиро Ставрев, Крсте Ќемалоски, Стојан Донески и други, била градена од 1322 до 1340 година. Црквата Свети Ѓорѓија требала да биде осветена во 1345 година од Охридскиот Архиепископ Николај, кој бил поканет да ја освети црквата. Во меѓувреме Охридскиот Архиепископ Николај добил покана да оди во Скопје и да го круниса српскиот цар Душан Силни и Архиепископот Николај да му ја стави круната на глава на царот Душан Силни, како најстара Архиепископија, иако постоела и Пеќката Архиепископија.

Поради овие збиднувања Архиепископот недошол на осветувањето на црквата Свети Ѓорѓија и црквата останала неосветена се до 1605 година според летописот кој е над влезната врата запишан на западната страна. Со доаѓањето на турците народот од село Нивишта и село Врбјани, бегајќи од Турците, побегнале во планина во месноста Манастирец каде што формирале село со црква во која имало крст со златен синџир, а ископини постојат и денес. Дел избегале и во Прилепскиот крај каде што формирале село Врбјани и Годивје кои и денес постојат.

Црквата Свети Ѓорѓија е осветена во 1605 година (и тоа несигурно бидејќи дел од летописот со годината е одлепен со малтерот а асоцира на 1606 година). Според кажувањата на старите селани дека црквата била изградена а неосветена 300 години (се совпаѓа 1340 до 1605 година), како доказ се фреските на јужната страна на олтарот Свети Сава и Свети Симеон - столбник српски. Заклучок е дека црквата Свети Ѓорѓија е градена од 1322 до 1340 година зашто не е можно фреската на Свети Сава да биде донесена подоцна во 16 век, кога турското владеење било големо и турците биле семоќни господари. Црквата Свети Ѓорѓија била изгорена а иконите издупени со шајки по очите на светците од турски војници. Селанецот Доне Донески бил скриен во една капина до црквата и гледал што прават турските војници, отишол кај Јумбашијата (турски командант) и го известил што направиле неговите војници во црквата и војниците биле повикани и камшикувани. Во 1903 година после илинденското востание целото село е запалено и тогаш е изгорена и црквата со иконостасот. Иконостасот во црквата Свети Ѓорѓија е обновен во 1916 година, и него го имаат работено браќата Ѓоре и Доне од мијачкото село Гари.

Селанецот Никодин (Канџо) од село Врбјани, протеран од српските власти, побегнал и живеел во Украина во Киев. Како желба на Никодин да се споменува неговото име, нарачал два црковни барјака.На едниот е Мајка Марија а на другиот е Свети Никон - Чудотворец. Црковните барјаци се донесени од Никодин во 1917 година и оставени во црквата Свети Ѓорѓија за црковни обреди. Овие записи се искажани од Ѓорѓе Костадиноски од село Врбјани.

Црквата Свети петар и Павле која што се наоѓа на околу 200 метри источно од селото Врбјани, која била подигната 1938 година од страна на селанецот Ристо Серафилов-Матевски за кого се кажува дека бил многу болен и сонил сон на местото на кое е сега црквата (пред тоа на истото место имало манастир кој бил срушен за време на отоманската империја) да ги постави темелите за да оздрави. Селаните кои биле во црковниот одбор како ги носеле камењата за да биде подигнат темелот, Ристо почнал да закрепнува и заедно го поставиле темелот. Црквата Свети Петар и Павле, е осветена на 21 јули 2012 година од тројца службеници испратени од страна на Метрополитот Дебарско-Кичевски "Тимотеј" па после осветувањето може да се одржува света литургија во црквата. До црквата Свети Петар и Павле, во 2008 година пролетта започна да се гради манастир.

За време на Илинденското Востание Врбјани било до темел запалено, тогаш населението се криело во околината. За време на востанието постоела Врбјанска чета во која главен комита бил Спиро Гаврилов. За време на востанието се убиени следните Врбјанци и Врбјанки:

  1. Наум Сиљанов 60 годишен
  2. Митре Марков 46 годишен
  3. Крсте Смилев 23 годишен
  4. Наиденица 52 годишна
  5. Илинка Стефова 63 годишна

Во текот на втората светска војна,Врбјани било под окупација на фашистичка Италија и балистите, во борбите против непријателот учествувале многу Врбјанци и Врбјанки, а некои и го положиле својот живот. Следните Врбјанци во разни борби ги положиле своите животи

  1. Аспарух Георгиев Гаврилоски роден 2 јануари 1923, а погинал во борбите со балистичките банди кај селото Србица на 22 септември 1944
  2. Ванчо Бимбилов Митрески роден 4 март 1928, а погинал како борец во Шестата Македонска Бригада,во борбите со балистите кај селото Гарани на 15 август 1944.
  3. Драган Ѓуров Матески роден 4 Јануари 1915, загинал како борец на шестата македонска бригада во борбите со балистичките банди кај селото Србица на 22 септември 1944
  4. Змејко Методиев Змејкоски роден на 8 јуни 1927, а загинал како борец во првата македонска бригада,во борбите за Кичево против балистите.
  5. Јонче Дингов Серафилоски роден на 28 мај 1924, а загинал во борбите што ги водела шестата македонска бригада против балистите кај селото Србица на 22 септември 1944.
  6. Ќиро Ѓоргиев Алексоски роден на 26 јануари 1924, а загинува како борец на шестата македонска бригада во борбите за Кичево против балистите на 15 ноември 1944.
  7. Мирче Јовев Калајџиески роден во 1920, а загинува во борбата против балистите кај селото Кленоец на 6 октомври 1943
  8. Сиљан Кирков Серафилоски роден во 1892, а загинува во борбите со балистите кај Кичево на 10 август 1944.
  9. Стојан Јаковчев Стамески роден на 19 мај 1919, а загинува во борбите против балистите кај Србица на 22 септември 1944.
  10. Стојко Тодосиев Темелкоски роден 1921, учествува во борбите против балистите,а умира во декември 1944 после болест.
  11. Темелко Михајлов Танаскоски роден 1920, учествува како борец во шестата македонска бригада во борбите кај Сува Гора на 28 септември 1944 при што е тешко ранет,и подлегнува на раните и умира дома во август 1945.
  12. Ангеле Мојсов Мојсоски роден во 1908, а е убиен во Врбјани од страна на балистичките банди на 25 септември 1943.
  13. Ѓоргија Русев Крстаноски роден во 1894, а е убиен од страна на балистичките банди кај селото Србјани на 22 септември 1944.
  14. Здраве Јовчев Јовчески роден во 1882, а убиен е од страна на балистите во Врбјани во 1944.
  15. Јонче Димков Сиљаноски роден во 1922, а убиен е од страна на унгарските војски во Нови Сад на 10 април 1941.
  16. Миленко Крстанов Николоски роден во 1884, а убиен е на во Србјани,на пат за Кичево од страна на балистите на 22 септември 1944.
  17. Спасе Војнев Спасески роден во 1865, а убиен е во Врбјани од страна на балистите на 25 октомври 1943.
  18. Спиро Ставрев Сиљаноски роден 1873, а умира како последица од претепување кое го извршиле балистите во селото Врбјани на 14 август 1944.
  19. Стојан Спасев Ѓорески роден во 1905, а убиен е од страна на балистите во Врбјани на 29 август 1944.

Други учесници од Врбјани во народноослободителната борба се; Иван Иваноски, Мите Митрески, Ристе Петрески, Мате Попоски, Ламбе Ристески, Унуфрија Ристески, Давид Савески, Ѓоре Смилески, Ставре Ставрески, Дончо Стојаноски, Размо Темелкоски, Здраве Локоски.

Вредни за спомнување се и жените кои го ризикувале својот живот за слободата на Македонија,жени кои земале активно учество во народноослободителното движење од селото Врбјани се;Злата Анѓелоска Трајаноска, Трајанка Блажеска Ѓорева, Јана Војнеска, Дола Исјаноска,Темјана Исјаноска, Цветанка Јованоска, Димка Јовческа, Румена Наумоска, Стојмирка Наумоска, Царевка Наумоска, Румена Николоска, Митра Попоска, Цвета Попоска Стаматоска, Коца Савеска, Менка Спасеска Коцареска, Менка Спасоска, Крста Ставреска Јаника Стаматоска, Јана Чадлиноска и Менка Чадлиноска.

Врбјани има најголем атар во Горна Дебрца. На тој атар постоеле и други помали населби како Манастирец, Жежница и Петрчани. Првото село лежело во долината на Голема река во планинскиот дел од атарот. Жежница била на североисточната страна веднаш над ридот Предалишта. Петрчани било 3 км североисточно од денешното место на Врбјани.

Петрчани прво било христијанско славјанско село кое во 1863 година е населено од турците со Черкези. Како што е познато кога Русите го освоиле Кавказ, еден дел Черкези од таму се преселени во Турција и турската власт ги населила на балканското полуострово. Петрчани имало 40 домаќинства меѓутоа Черкезите биле многу лоши соседи и не дозволувале движење на христијани во близина на своето село, а со стоката нанесувале штета на соседните села. Имале и опасни кучиња кои ги напаѓале минувачите. Во 1890 година убиле еден маж од село Годивје а потоа и една жена бегалка која одела по патот Охрид - Кичево. Поради тоа против нив се здружиле Македонците од околните села Врбјани, Сливово и Годивје и ги нападнале и ги потепале, а селото го запалиле. Некои кои успеале да се спасат пребегале преку планината Стогово во Дебар. Земјата ја поделиле меѓусебно. Тоа се случило околу 1890 година.

Врбјани постепено растело до 1948 година кога имало околу 150 домаќинства и околу 1000 жители и тоа било максимумот на жители кои можеле да се преранат на тој простор, а еден селанец во тоа време кажал “На планина не остана не изорано ни едно падинче“. Поради тоа после војната е основано училиште до осмолетка со дом интернат за децата од другите села. Меѓутоа после затварањето на стоговските рудници за железо и укинувањето на возот Скопје - Охрид кој поминувал близу селото, народот нагло се растурил и се одселил. Иселениците живеат во Охрид (околу 40 куќи), Скопје (околу 40 куќи) каде што се вработија во главно во железници и железарница. Во Струга се отселиле 10 домаќинства, Кичево 10 домаќинства, Битола 10 домаќинства и Австралија 14 домаќинства.

Од 1974 година во ова село не постои ниту еден ученик и во куќите во главно живеат постари луѓе. Во 2008 година има околу 25 постојани жители кои целата година живеат таму, а од мај до октомври во селото живеат над 100 жители.

Според статистиката бројот на жители се менувал:

  • 1921 година 117 домаќинства 712 жители
  • 1948 година 150 домаќинства 803 жители
  • 1961 година 159 домаќинства 649 жители
  • 1971 година 131 домаќинства 369 жители

Според податоците од 1873 година, селото имало 60 домаќинства со 172 жители христијани (Македонци).[2] Според податоците на Васил К’нчов од 1900 година, селото имало 480 жители христијани (Македонци).[3]

Економија[уреди | уреди извор]

Жителите во главно се занимаваат со земјоделие и сточарство. До шеесетите години од дваесетиот век работеле и Стоговските рудници за железна руда и во тоа време било развиено и рударството. Денес рудниците се затворени како државни резерви. Егзистенција некои жители гледаат во пчеларството, а во погодни климатски услови жителите собираат печурки кои ги има во изобилие, особено печурката Вргањ која е доста ценета. Бидејќи има многу малку стока во денешно време а многу пасишта, селани од струшките села Албанци доваѓаат да ја косат тревата и за мали пари ја носат за храна на својата стока во своите села.

Демографија[уреди | уреди извор]

Според статистиката на Васил К'нчов („Македониja, Етнографиja и статистика“) од 1900 година, во Врбјани живееле 480 жители, сите Македонци.[4]

Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев, во 1905 година во Врбјани имало 640 Македонци, егзархисти.[5]

Во селото Врбјани живеат Македонци припадници на племето Брсјаци (Берзити). Од Врбјани се иселил значаен дел од населението, па така од голема преминала во мала населба.

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 58 жители, од кои 57 Македонци и 1 останат.[6]

На табелата е прикажан бројот на население во сите пописни години:[7]

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 480[4] 640[5] 803 879 649 371 229 129 106 58

Родови[уреди | уреди извор]

Врбјани е македонско село.


Според истражувањата на Бранислав Русиќ во 1948 година, родови во селото Врбјани се:

  • Староседелци: Анѓелевци (14 куќи) меѓу нив е Никола, кој е посинет од Волино, а по потекло од Оздолени. Живеат во својот крај во Горно Маало; Шамалевци (7 куќи) живеат во своето Шамалеско маало; Поповци (14 куќи), Митревци или Куловци (6 куќи), Божиновци (4 куќи), Гавриловци (4 куќи), Радевци (2 куќи), Јанкуловци (4 куќи) и Калајџиовци или Јоновци или Ропаковци (3 куќи) сите потекнуваат од заеднички предок, и живеат во своето маало Вир, но почнале да се одродуваат; Мушевци (4 куќи) и Муратовци (7 куќи) потекнуваат од ист предок, и сите живеат во Мушевско маало; Ќемаловци (14 куќи), Вретовци (10 куќи) и Пејовци (3 куќи) потекнуваат од ист предок; Савевци (7 куќи) живеат во Горно Маало; Матевци (4 куќи) куќите им се наоѓаат измеѓу маалото Вир и Шамалеско Маало; Андревци (4 куќи) куќите им се наоѓаат измеѓу Анѓелевските и Матевските. Сите староседелски родови слават Ѓурѓовден, Петровден.
  • Со непознато потекло се: Патниковци (25 куќи) за нив се вели дека предокот кој се доселил дошол уште во времето кога постоело селото Манастирец, и основачот на родот бил ковач. Куќите им се наоѓаат во Патникоско Маало, и слават Ѓурѓовден и Петровден.
  • Доселеници со позната старина: Дошлаковци (7 куќи) доселени се средината на XIX век од Сливово, каде припаѓале на староседелскиот род Смилевци, куќите им се 4 во Вретовско Маало, и 3 во Анѓелевско Маало, слават Петровден; Војневци (1 куќа) доселени се 1860 исто така од Сливово, живеат во Анѓелевско Маало, слават Ѓурѓовден; Локовци (11 куќи) доселени се од селото Локов, Малесија, живеат во своето Локовско Маало, слават Петровден.[1]


Според истражувањата пак на Јован Трифуноски во 1978 година, родови во селото се:

  • Староседелци; Патниковци (20 к.), Анѓелевци (10 к.), Ќемаловци (10 к.), Радевци (8 к.), Поповци (8 к.) Вретовци (7 к.) , Савевци (7 к.), Муратовци (5 к.), Мушевци (4 к.), Шамалевци (4 к.) и Пејовци (3 к.).Сите наведени родови се староседелски, а некои од нив живееле во раселените села Петрчани, Жежница и Манастирец. Од Поповци потекнувале селските свештеници Мате, Ристе и Сиљан.Сиљан умрел 1955та. Жителите на родот Радевци некогаш биле големи сточари, меѓутоа правеле штета во нивите на родот Муратовци, и затоа еден член од родот Муратовци убил еден овчар од Радевци, и потоа плашејќи се од крвна одмазда пребегнал во Тетовско (Туденце) таму го основал родот Вражевци. Во родот Анѓелевци се знае следниот родослов (Кирил-Златко-Кире-Петре-Лазар-Трајче-Ангеле-Петре)
  • Доселеници: Локовци (7 к.) доселени се во 1820та од селото Локов,Струшка Малесија,се знае следната генеологија Стојан(жив на 62 год. во 1978 год) Данил-Јовче-Ристо-Ѓоре основачот на родот кој се доселил.Ѓоре во Врбјани купил имот од некој Мијак,и сега имаат најубави ниви во селото; Дошлаковци (7 к.) доселени се во 1850та од соседното село Сливово,ја знаат следната генеологија Горјан(жив на 25год во 1978 год) Ристе-Варсе-Петре-Смиле основачот на родот кој дошол од Сливово.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Првата училишна зграда била изграде во 1860 година. Во почетокот на 20ти век во селото постоело егзархиско школо, во кое ученици учеле на бугарски јазик. За времето помеѓу двете светски војни во селото имало србско училиште, а поради немање свои пропагатори во Врбјани, во селото Србите поставувале за учители од други краишта, па така во селото учител прво бил Душан Ѓуровиќ од Вирпазар, Црна Гора. Потоа во селото дошол како помошник за Душан Ѓуровиќ, Душан Милосавлевиќ од Књажевац, Србија. Некое време во селото била учителка и Нада Мискарова- Ставриќ од Охрид. А последни учители по србски во Врбјани биле, Добросав Ангелковиќ и неговата сопруга од струшкото село Лабуништа.

Во периодот по Втората светска војна во селото имало училиште до осмо оделение со интернат за децата од околните села. Па така во селото покрај децата од Врбјани, во школото учеле и деца од селата Годивје, Лактиње, Арбиново, Мраморец, Сливово, Турје и Иванчишта, во овој период наставата се одржувала на мајчиниот јазик (македонски), а учителите биле од Врбјани и околните села.[8]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамки на Оопштина Дебарца, која била создадена откако се споиле поранешните општини Белчишта и Мешеишта во 2004. Од периодот на 1994-2004 селото влегувало во некогашната Општина Белчишта.

Во периодот од 1965 до 1996 селото било во рамките на големата Општина Охрид.

Во периодот 1952-1955 селото било во рамките на Општина Сливово, во која општина освен Врбјани, влегувале и селата Сливово, Мраморец, Турје, Арбиново, Годивје, и Лактиње. Во периодот 1950-1952 селото влегувало во рамките на Општина Годивје, во која Општина биле селата Врбјани, Годивје и Лактиње.

Изборно Место[уреди | уреди извор]

Во селото посто изборно место бр.1333, според Државната изборна комисија, кое е сместено во задружниот дом С. Врбјани.

На Референдумот во 2018 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 33 гласачи.[9]

Личности[уреди | уреди извор]

Еден од значајните борци на Македонскиот народ кој потекнува од село Врбјани е војводата Кузман Капидан кој го бранел локалното население со својата дружина од албанските качаци (Геги) кои го тероризирале локалното македонско население. За него е испеана народната песна:

Песна за Кузман Капидан

 Засакал Осман посакал
 Врбјанско моме убаво
 Врбјанци лоши каури
 момето не го даваат.

 Пособрал Осман насобрал
 силна му војска османска
 сардисал село Врбјани
 излегол Кузман Капидан
 со неговото друштво

 Извикал Осман повикал
 еј гиди Кузман Капидан
 еј гиди ѓаур немиен
 еј гиди газу немиен

 Започна борба нерамна
 под тоа село Врбјани
 извикал Кузман Капидан
 удрете браќа врбјанци
 Османа да убиеме.

 Згрмеја пушки јуначки
 Османа ми го убија
 момето не го дадоја
 бегојте ги истераја.

Во 1860 година Григор Прличев ја има напишано песната Сердарот која му е посветена нему и за која има добиено награда за најдобра поема, на 25 март 1860 година во Атина, која подоцна му е одземена бидејќи одбил да се пише дека е Грк.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

До 1948 иселеници има од следните родови:

Во селото Пуста Река, крушевско е иселен родот Чкаловци (2 к.) во 1856 година.[1]

Спорт[уреди | уреди извор]

Младината на ова село покрај другите спортски активности најголемо внимание му посветувало на фудбалот.Првата фудбалска средба врбјанци ја одиграле против екипата на Лазарополе во 1937,потоа одиграле натпревар и против тимот на Мешеишта во 1939.Според искажувањата на Благоја Ангелески,тимот на Врбјани во периодот од 1945 до 1995 одиграла многу натпревари и учествувала во регионалната лига,каде константно била во горниот дел од табелата,а освоила и еден трофеј. Првиот познат состав од Врбјани бил следниот,одигран натпревар во селото Ржаново,против истоимениот тим во состав;Костадин Јоноски-голман (кој од Белград ја донел првата фудбалска топка во селото) Јордан Лазароски-Чеперко, Онофрија Попоски, Крсте Чакар, Круме Јовчески, Гаврил Гаврилоски, Павле Попоски, Злате Патникоски Стојан Стаматоски, Живко Ѓурчиноски и Мито Спасески. Потоа одигран натпревар во Белчишта,против тимот на Белчишта во состав; Илија Филипоски-Голман, Добре Костески, Цветан Гаврилоски, Велјо Чадлиноски, Ристе Најдески, Никола Николоски Ристо Момчоски, Размо Ќемалоски, Руме Вретоски, Раде Гаврилоски и Зоре Смилески, а настапиле уште Ѓоре Савески како голман и Зарко Локоски. На 4 јули 1963 тимот на Врбјани го освоила пехарот на турнирот по повод празникот денот на борците во селото Белчишта,и настапила во состав; Стојан Божиноски, Добре Јанкулоски, Тоде Ќемалоски, Трајко Божиноски, Перо Исјаноски,Трајан Војдиноски, Јован Јованоски, Благоја Ангеловски, Насте Ангеловски, Стојан Панделески, Стојан Муратоски, а под број 11 настапил и Круме од селото Турје, натпреварот во финалето завршил со резултат 4-3 (3-0) а стрелци на головите биле: Благоја Ангеловски (2 гола) а по еден дале Насте Ангеловски и Круме. Тимот на Врбјани учествувал и во Општинската фудбалска лига на општинскиот фудбалски сојуз на Охрид во 1980/81,а првиот натпревар тимот го одиграл против екипата на Рибар од селото Трпејца,на ова натпреварување тимот на Врбјани играл со следните играчи; Јован Јованоски, Крсте Блажески, Јоне Јоноски, Ноле Попоски, Блаже Исјаноски, Цветко Савески, Перо Ставрески, Блаже Блажески, Крсте Ангеловски, Стевчо Костевски, Стојан Стаматовски, Наум Филоповски, Драге Јовановски-Пеле, Ацо Максимоски, Секула Секулоски, Кузман Секулоски и Мате Попоски. Во 1983 Општинската фудбалска лига-Охрид била поделена во два дела поради финансиски трошоци и големиот број клубови. Во таа натпреварувачка сезона фудбалскиот клуб на Врбјани како првак играл квалификации со првакот од другата група,фудбалскиот клуб Бетон од Охрид,на стадионот Грешница во Охрид,за добивање на првак во рамки на Општинската лига. Овој натпревар завршил со резултат 1-0 за екипата на Бетон.Во Општинската лига фудбалскиот клуб на Врбјани престанува да се натпреварува од сезоната 1995/96. Прв гол во ова натпреварување за екипата на Врбјани го постигнал Стево Костевски.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 . Архив МАНУ Фонд „ Бранислав Русиќ “ АЕ 89/1. „ Дебарца “ Врбјани. 
  2. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995, стр.102-103.
  3. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с.253
  4. 4,0 4,1 Васил Кънчов. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 253.
  5. 5,0 5,1 Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, рр. 162 – 163.
  6. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  7. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk.
  8. Костадиновски, Бранко. Врбјани. Скопје. 
  9. "iVote ДЕМОКРА - Интегриран изборен информатички систем на Државна изборна комисија на Република Македонија". referendum.sec.mk. конс. 2018-11-09. 

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]