Западна Македонија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Оваа статија се однесува на регионот во Република Македонија. За други значења видете Македонија (појаснување)

Западна Македонија — регионот западно од планинскиот масив Јакупица (Солунска Глава), западно од Раечка Река и Селечка Планина, сè до границите со Албанија на запад, дел од границата со Грција на југ и делот на границата со Косово на север. Западна Македонија се одликува со посебни културни, јазично-дијалектни и историски особини. Карактеристична област во овој дел од земјата е Реканскиот Регион (наречен и само Река).

Многу често овој термин се користи во политичка смисла само за регионите на Тетово, Гостивар и Дебар, односно на краиштата претежно населени со Албанци, што е погрешно бидејќи во Западна Македонија покрај овие три региони спаѓаат и следниве градови и нивните околини: Битола, Прилеп, Охрид, Струга, Кичево, Крушево, Ресен, Македонски Брод и Демир Хисар.

Иако географски гледано денес на картата на Република Македонија градот Прилеп изгледа дека е на средишниот дел, сепак ако се гледа картата на регионот Македонија (Вардарска, Егејска и Пиринска Македонија) пред поделбата во 1913, тој ги има етногеографските одлики на западен македонски град.

Демографија[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002 година, во овој регион живееле 763.912 жители.[1]

Од етнички аспект, Македонците живеат на целата територија, додека Албанците претставуваат мнозинско население во целата Полошка Котлина, во градот Дебар, а околу една половина од населението сочинуваат во Кичевско и Струшко (дел од Македонците муслимани се изјаснуваат како Албанци). Помал број на Албанци живеат во градовите Охрид, Битола и Ресен, како и во неколку преспански, битолски, прилепски и крушевски села. Македонското население е поделено во две конфесии - христијани и муслимани, а Македонците муслимани претставуваат најмногубројно население во Реканскиот регион, а исто така во голем број се застапени и во Дебарско, Жупа, Струшко (Поле и Дримкол) и Кичевско и Прилепско. Турците во најголем број живеат во Гостиварско, односно во градот Гостивар и уште во неколку големи села, потоа во Жупа, Преспа, како и во градовите Дебар, Струга, Охрид, Кичево, Битола и Ресен. Ромите се застапени готово во сите градски средини, а Власите живеат во Крушево (20 % од населението), Струга, Охрид, Битола и во неколку битолски села.

Етнички гледано, населението е составено од:[1]

Број %
Вкупно 763.912 100
Македонци 369.115 48,3
Албанци 316.731 41,4
Турци 44.802 5,86
Роми 14.237 1.86
Власи 3.383 0.44
Бошњаци 2.692 0,35
Срби 2.176 0.28
други 10.776 1.41

Поврзано[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 март 2016.