Ново Лагово
| Ново Лагово | |
Воздушен поглед на селото | |
| Координати 41°18′39″N 21°30′57″E / 41.31083°N 21.51583°E | |
| Регион | |
| Општина | |
| Област | Пелагонија |
| Население | 224 жит. (поп. 2021)[1] |
| Пошт. бр. | 7500 |
| Повик. бр. | 048 |
| Шифра на КО | 20074 |
| Надм. вис. | 640 м |
Ново Лагово — село во Општина Прилеп, во областа Пелагонија, во околината на градот Прилеп.
Потекло и значење на селото
[уреди | уреди извор]
Името на селото како Лагово првпат е споменато во документи од XX век (1930 г.). Научните истражувачи претпоставуваат дека името на селото потекнува од придавското име на старословенскиот збор „лаг“ со значење рамно ниско место со мала шума и додавката ново,[2] за да се разликува од соседното Старо Лагово.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во Прилепското Поле, во јужниот дел на територијата на Општина Прилеп, непосредно до патот Прилеп-Битола и на само пет километри оддалеченост од Прилеп во југозападна насока.[3] Селото е рамничарско, сместено на надморска височина од 640 метри.[3] Низ селото поминува Волковска Река.
Селото претставува важен сообраќаен јазол, бидејќи низ него поминува една магистрална делница и три регионални патишта:
Подмоље - Охрид - Ресен - Битола - Ново Лагово - Прилеп - Велес - Штип - Кочани - Делчево - Бугарија
Прилеп - Битола - Макази - Царев Двор
Градско - Росоман - Кавадарци - Витолиште - Ново Лагово
Ново Лагово - Галичани - Обршани - Бучин - Граиште
Селото се наоѓа 5 километри југоисточно од Прилеп, покрај патот Прилеп-Битола. Околни села се Старо Лагово на југоисток, Волково на исток и Беровци и Галичани на југозапад. Во селото има шест бунари.[4]
Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Дујгас, Горно Садово, Долно Садово и Поле.[4]
Ново Лагово е село од збиен тип. Има две прави улици во насока североисток-југозапад. Куќите се сместени долж улиците во три низи.[4]
Селото е поврзано со Прилеп со автобуски сообраќај.
Историја
[уреди | уреди извор]
Ново Лагово е колонистичко село, основано во атарот на Старо Лагово.[4]
Основачи на селото биле православни Срби доселени 1922 година од Далмација. Тие години доселениците добиле пасишта (утрини), кои ги исчистиле и ги претвориле во ниви. Потоа, колонистите купиле ниви и во атарот на соседното село Беровци.[4]
Ново Лагово добро напредувало. Населението ја искористило поволната сообраќајна положба и близината на Прилеп како пазари, каде продавале земјоделски производи и млеко. До почетокот на Втората светска војна, селото нараснало на 21 куќа и било угледно село. Тоа напредувало најбрзо од сите околни села.[4]
За време на Втората светска војна, Србите од Ново Лагово страдале од Бугарите. Непријателската полиција често го опкружувала селото, ги претресувала куќите и ги тепала селаните. Населението не смеело никаде да излезе надвор од селото па дури ни во Прилеп. Во 1946 година, Србите од Ново Лагово освен еден род со две домаќинства се иселиле во Војводина.[4]
Во куќите на иселените Срби и на нивната земја, југословенската државна власт во 1946/47 година населила 25 домаќинства од областа во сливот на Црн Дрим, најмногу од Малесија.[4]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото е мошне мал и зафаќа простор од 2,7 километри квадратни. На него обработливото земјиште зазема површина од 230 хектари, поради што селото има полјоделска функција.[3]
Источно од селото се наоѓа мала индустриска зона, изградена во 1990-тите години.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 100 Македонци.[5]
Селото е мало, коешто во 1961 година броело 251 жител, од кои 240 биле Македонци, а девет жители Срби. Во 1994 година, бројот се намалил на 189 жители, од кои 183 биле Македонци, а четири жители Срби.[3]
Според пописот од 2002 година, селото Ново Лагово броело 213 жители, од кои 207 Македонци, 4 Срби и двајца останати.[6]
Со оглед на тоа дека селото е во близина на градот, тоа станало место за доселување.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 224 жители, од кои 207 Македонци, 1 Албанец, 4 Срби, 4 останати и 8 лица без податоци.[7]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
| Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Население | — | — | 185 | 164 | 251 | 238 | 212 | 231 | 189 | 213 | 224 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[8]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[9]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[10]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]
Родови
[уреди | уреди извор]Ново Лагово порано било колонистичко српско село, а денес е македонско село.[4]
Според истражувањата од 1954 година, родови во селото се:
- Доселеници:
- Најстари доселеници: Вујасиновиќи (2 к.), доселени се во 1922 година од селото Ивошевац во бенковачкиот срез (Бенковац) во Хрватска. Тие се Срби по потекло.
- македонски родови доселени во 1947 година: Кузманоски (1 к.), Маркоски (1 к.) и Нелоски (1 к.) доселени се од селото Ржаново во струшка Малесија; Андриевци (4 к.), Трајчески (3 к.), Негриоски (2 к.), Стојкоски (2 к.), Петрески (2 к.), Јованоски (2 к.), Димоски (2 к.), Маркоски (2 к.), Тасески (2 к.) и Митрески (1 к.), доселени се од селото Локов во струшка Малесија и Барутоски (1 к.), доселени се од селото Селци во струшка Малесија.
Населението му припаѓа на 3 етнички заедници, но преку 93% се Македонци, а останатите се: Срби и Албанци (сите се жени, омажени за селаните, донесени од Албанија).
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Во 1946 година, сите српски родови освен еден со две домаќинства се иселиле во Војводина. Иселеничките семејства биле: Вујасиновиќ (1 к.), Каролија (5 к.), Масникоса (2 к.), Милановиќ (2 к.), Бунчиќ (2 к.), Угричиќ (1 к.), Кутлача (1 к.), Гриќ (1 к.) и Рашиќ (1 к.), по потекло од село Ивошевац во бенковачкиот срез (Бенковац) во Хрватска, додека родовите Р’нчиќ (1 к.), Деспиниќ (1 к.) и Урукало (1 к.) се по потекло од Врлик кај Книн, Хрватска.
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- ПУ „Круме Волнароски“ - подрачно основно училиште за ученици од прво до петто одделение во состав на ОУ „Круме Волнароски“ - Тополчани
- Месна заедница
- Пошта 7515
- Поглед на основното училиште
- Поштата
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]
Во XIX век, Ново Лагово било село во Прилепската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Тополчани.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Селото припаѓало на некогашната општина Тополчани во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Старо Лагово, во која покрај селото Ново Лагово, се наоѓале и селата Алинци, Беровци, Волково, Галичани, Мало Рувци, Прилепец, Старо Лагово, Чумово и Штавица. Во периодот 1950-1952, селото влегувало во рамките на Општина Беровци, во која се наоѓале селата Алинци, Беровци, Галичани и Ново Лагово.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 1435 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[12]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 164 гласачи.[13] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 168 гласачи.[14]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]
- Цркви[15]
- Црква „Св. Петка“ — главна селска црква, започната со градба во 2001 година.
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]Спортскиот тим на Ново Лагово се викал ФК Караорман.
- ФК Караорман - Ново Лагово. Непозната година
- Поглед на фудбалското игралиште
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 65. ISBN 978-608-220-026-2.
- 1 2 3 4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 212. Посетено на 5 јануари 2026.
- 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Трифуноски, Јован (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina : antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 409-410. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 5 јануари 2026.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 5 јануари 2026.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
Ново Лагово на Ризницата ?

