Вепрчани
| Вепрчани | |
Воздушен поглед на селото | |
| Координати 41°16′12″N 21°45′2″E / 41.27000°N 21.75056°E | |
| Регион | |
| Општина | |
| Област | Прилепско Мариово |
| Население | 2 жит. (поп. 2021)[1] |
| Пошт. бр. | 7500 |
| Повик. бр. | 048 |
| Шифра на КО | 20015 |
| Надм. вис. | 800 м |
Вепрчани — село во Општина Прилеп, во областа Прилепско Мариово, во околината на градот Прилеп.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Името на селото доаѓа од зборот вепар односно дива свиња. Според преданието за настанокот на селото поради чести напади и несигурност, жителите од седум околни населби се собрале и се населиле во долот каде што имало многу вепри од каде што дошло и името на селото.[2]
Ова соодветствува и со фактот што и во денешно време шумите околу селото изобилуваат со многу вепри - диви свињи и друг дивеч, поради што Вепрчани е постојано и многу често посетувано од ловџии.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во северниот дел на прилепскиот дел од областа Мариово, во источниот дел на територијата на Општина Прилеп.[3] Селото е ридско, сместено на надморска височина од 800 метри. Од градот Прилеп, селото е оддалечено 34 километри.[3]
До селото води макадамски пат, кој се двои од локалниот асфалтиран пат до селото Дуње, а кој пак започнува од регионалниот пат 1107. Макадамот е посипан со чакал во должина од 11 километри.
Месности во атарот на Вепрчани се: Доќимот, Крив Рид, Бутковец, Лозја, Скокот, Миличино и Градиште.
Сместено е во дол на јужното подножје на планината Дрен од левата страна на Црна Река. Од три страни селото Вепрчани е заградено со високи планински гребени, од југ го заградува висок планински гребен со највисокиот врв Бутковец (1.191 м.), на исток кон Гуѓаково сѐ до Црна Река се испушта рамка со врвовите Бадниево Гноиште (1.225 м.) и Трите Страги (1.476 м.), на север е главното било на Дрен Планина со врвовите Четири Буки (1.462 м.), пределот Сува Планина со врвот Маркови Кули (1.510 м.), пределот Вепрчка Скрка со превојот Лигураса и веднаш од северозапад е гребенот Крајни Стени. Долот на Вепрчанска Река е отворен кон запад каде во близина на Дуње се спојува со Ореовдолска Река и заедно ја сочинуваат богатата со риби Дуњска или Лисичка Река која се влева во Црна Река.[2]
Селото има доста густа дабова шума на падините под Бутковец и манастирот „Св. Богородица“ јужно и југоисточно од селото. На атарот на селото има големи и квалитетни наоѓалишта на мермер на север од селото како и кварц и порцелан.
Има збиен тип и издолжен изглед со куќи сместени од десната страна на долот на Вепрчанска Река, со насока на протегање од исток кон запад. Поделено е на Горно и Долно Маало, кои потоа се поделуваат во помали маала според родовските имиња: Ролево, Чорапарово, Леково и други.
Со вода се снабдува од една чешма во средина на селото, а постои и доста издашен извор во рудникот за мермер од кој со цевки е спроведена вода до манастирот „Св. Димитриј“.
Блиски и соседни села на Вепрчани се: Дуње на запад со чиј атар граница претставува Дуњска Река, Пештани на северозапад, Беловодица, Царевиќ и Дрен преку Дрен Планина во долината на Раечка Река на север, мариовско Гуѓаково на исток, Врпско на југоисток и Живово на југ преку реката Црна.
Историја
[уреди | уреди извор]
На атарот на Вепрчани имало организиран живот уште од дамнешните антички времиња за што сведочат повеќето старини и археолошки наоди како доцноантичките гробници и големиот број на ископани ќерамитки и темели од куќи при орање и изградба на задругата на месностите Градиште, Крив Рид, Скокот и Лозја, од кои најзначаен наод е една надгробна плоча со старохеленски натпис посветена на Александар Дионисис и подигната по налог на Собранието на некој древен град, пронајдена во близина на манастирот „Св. Богородица“.[2]
За настанокот на селото постои предание дека поради чести напади и несигурност, жителите од седум околни населби се собрале и се населиле во долот каде што пронашле чешма и имало многу вепри (диви свињи) од каде што дошло и името на селото. Овие луѓе кои избегале од напади го избрале местото на Вепрчани како полесно и погодно за одбрана.[2] Ваквото мислење има голема веродостојност со географската положба и историското минато на селото Вепрчани, кое е опкружено со високи планини од три страни, во минатото било засолниште и стожер на многу комити, ајдути и борци.
За староста на селото сведочи селската црква посветена на Светото Вознесение („Св. Спас“), која што датира од XIII-XIV век.
Најстариот запис во кој се споменува селото Вепрчани потекнува од втората половина на XV век односно од турските пописни дефтери од 1476/77 кога во селото живееле 31 семејство, потоа во 1481/82 биле попишани 41 домаќинство, за потоа да бележат пораст на 80 домови во 1519 година, а потоа опаѓање на 47 домаќинства во 1528/29 и 46 семејства во 1544/45 година.[4]
Во својот запис објавен во „Цариградски весник“ под наслов „Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание“ на 21 ноември 1859 за селата во Мариово, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот за селата во Северо Мориево кај реката Црна и за селото Вепрчани запишал дека имало 60 куќи и стара црква.[5] Овој запис сведочи за големината на Вепрчани, кое според податоците од турските записи највеќе нараснало до 92 куќи со 1900 жители. Во ова време Вепрчани имало 7 попови, а на селската река имало 13 воденици по една за секој од селските родови. Еден од поповите од Вепрчани, попот Пројче е споменат и како лик во книгата „Крпен живот“ на познатиот писател Стале Попов, чијашто мајка била токму од ова село.[2]
Во отоманско време во XIX век, селото Вепрчани важело како комитско село, во кое бегале и се засолнувале многу борци и бунтовници, а и самите жители се истакнувале со бестрашност и борбеност. Од Вепрчани потекнувал и се иселил родот на познатиот мариовски војвода Толе Паша од селото Крушевица, а во неговата чета имало многу комити од Вепрчани. Зимата 1854 година во куќата на Тода Илиева Тодороска-Мутева во селото Вепрчани во борба со турскиот аскар загинал и познатиот борец Ѓорѓи Лажот, кој со дружина престојувал во една куќа во која од земникот (визбата) имало ископано тунел за бегство до долот. Тие биле накодошени и опколени од турскиот аскер и биле убивани како излегувале, а населението и денес наоѓа останки од нивните коски во лозјата.[2] Овој настан е опеан во народните песни „Киниса мома Тода на вода да оди“ и „Доста оди Ѓорѓи, доста шета“, а на една куќа постои и спомен-плоча посветена на Ѓорѓи Лажот. Како одмазда за предавничкиот чин во 1855 година Спиро Црне со 7 комити од Вепрчани врзале и живи запалиле 18 членови од родот Јанковци.[6]
Во прилог на јунаштвото и бестрашноста на жителите на Вепрчани и Мариово, говори и еден настан според кој настанал прекарот на вепрчанскиот род Головци, чиј предок Ристе бил наречен Гола Сабја откако во една прилика кога одел на пазар во Прилеп кај местото на денешна „Солидност“ со голи раце му ја откинал главата на некојси Турчин - насилник кој му се испречил на патот со некакво барање односно уцена. Уште еден доказ за комитското минато на Вепрчани е и прекарот на вепрчанскиот род Шакировци чиј предок бил комита кај познатиот Крсте Гермов („Шакир војвода“), а по враќањето и самиот тој земал 3 комити со него и органзирал месна чета во Вепрчани.[2]
За време на Првата светска војна, рачно бил направен патот, а била исечена и целата шума.[2]
Во XX век во селото работело училиште во куќата на родот Мијаковци и селото имало свој матичар и кмет. Тоа било големо село каде чест случај било во една куќа да живеат и по 20 членови на неколку семејства.[2]
- Стара слика од обичајот на замесување на погача за свадба во Вепрчани
- Стара слика од младоженци на свадба во Вепрчани
- Стара слика од свадбениот обичај на канење на мртвите
- Стара слика од китење на свадбено знаме во Вепрчани
Стопанство
[уреди | уреди извор]
Атарот на селото е голем и зафаќа простор од 29,2 километри квадратни. На него пасиштата заземаат површина од 1.778,4 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 664,7 хектари, а на шумите само 11,6 хектари.[3]
Во основа, селото има полјоделско-сточарска функција.[3]
Во минатото жителите на Вепрчани се занимавале со сточарство и земјоделство за лични потреби, а единствено оделе на пазар во Прилеп за да купат газија. Од житото најмногу се одгледувало ’рж, а многу помалку и пченица, овес и други планински жита, од кои брашното се мелело на водениците кои ги имал секој род на Вепрчанска Река. Денес, малубројното преостанато постојано население и луѓето кои имаат куќи и имоти во селото се занимаваат со овчарство, пчеларство и градинарство за свои потреби. Денес, постои едно домаќинство на Ристе - Ричко од родот Чорапаровци кое што одгледува 250 овци,[2] од кои се произведува пресно млеко, биено сирење и месо за пастрма. Домаќинстваа од родот Чорапаровци кои се постојани жители во градините под куќите за сопствени потреби во мал обем одгледуваат и градинарски производи како црвени пиперки, патлиџан (домат), кромид, лук, зелка на отворено и под еден пластеник.
Во селото Вепрчани е многу застапено пчеларството при што во селото вкупно се одгледуваат 250 пчелни семејства во сандаци од познатата енедемска „мариовска пчела“ од кои се произведува чист, природен и висококвалитетен ливадски мед. Покрај ливадската паша, пчелните семејства во Вепрчани произведуваат и многу вкусен мед од дабова паша.[2] Најмногу пчелни сандаци има домаќинството на Богдан од Рожденови чие семејство е сопственик на фабриката за мед „Зора Лек“ од Градско, која произведува и откупува мед од Вепрчани, Фариш и други места и со годишно производство од 6 и повеќе тони мед снабдува доста градинки, болници, училишта и ресторани, а извезува и во Европа и Русија.
Поради големите и квалитетни наоѓалишта на минерали за градежни материјали, од пред 7-8 години веднаш северно над селото постои голем рудник и ископ на квалитетен бел мермер во сопственост на странски газди од Грција и Косово, а во минатото во Вепрчани се ископувале и најквалитетен кварц од фабриката „Партизанка“ од Прилеп и селото Манастир, како и порцеланска земја за глазура на керамички садови која што ја користела фабриката „Порцеланка“ од Велес.
На атарот во непосредната околина на селото е многу застапен ловот на дивеч на диви свињи (вепри), лисици, срни и волци за кои доаѓаат ловџии и ловни друштва од Прилеп, Скопје и странство, при што Вепрчани е едно најпосетуваните места за лов во Мариово.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Вепрчани живееле 520 жители, сите Македонци.[7]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Вепрчани имало 384 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[8]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Вепрчани се води како чисто македонско село во Прилепската Каза на Битолскиот Санџак со 80 куќи.[9]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[10]
Како и многу села во Мариово, така и од Вепрчани се иселил голем број од населението, поради што тоа бележи постојан пад на бројот на жителите и е во фаза на раселување. Така, во 1961 година Вепрчани броело 367 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на само 18 жители, македонско население.[3]
Во 1994 година во Вепрчани имало 13 куќи во кои постојано живееле луѓе и 6 овчари. Во 2015 година, во Вепрчани имало 4 отворени куќи во кои постојано живееле 3 домаќинства и 1 повремено[11], а поголем број поранешни жители ги имаат обновено и ги посетуваат своите куќи и имоти бавејќи се со пчеларство, лов и сточарство.[2]
Според пописот од 2002 година, селото Вепрчани броело само 10 жители, сите Македонци.[12]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 2 жители, од кои 1 Македонец и 1 лице без податоци.[13]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
| Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Население | 520 | 384 | 369 | 410 | 367 | 203 | 62 | 21 | 18 | 10 | 2 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[14]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[15]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[17]
Родови
[уреди | уреди извор]Селото Вепрчани е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед.
Родови во селото се:[2]
- Староседелски родови: Тодоровци (слават Петковден) биле еден од поимотните родови со најмногу земја во селото, а од нив како деленици поттекнуваат родовите Ролевци, Шакировци чиј предок кој бил помал брат на трговецот Пројче бил комита кај Шакир војвода, Мурџевци, Брдевци, Поповци од овој род попот Димко се оженил со ќерката на митрополитот во Прилеп и бил прв учител по веронаука, а за неговата ќерка во Прилеп имало и народна песна, Мутевци, Чиричевци.
- Доселени родови
- Родови со познато потекло: Мијаковци (слават Митровден) се доселиле од селото Гари во Мијачијата во западна Македонија и Рожденовци чиј предок дошол како домазет од кавадаречкото село Рожден во тиквешко Мариово.
- Родови со непознато потекло: Чопаровци можно е прекарот да го добиле по тоа што биле сиромашни и оделе по чорапи или пак дека плетеле чорапи за селото, Личовци, Краиновци, Орлевци, Рабевци, Бурназовци, Мачниковци, Лековци, Головци кои прекарот го добиле по предокот Ристе „Гола Сабја“ кој со голи раце како со сабја му откинал глава на некој турчин во Прилеп, Шулевци, Благиовци, Љутовци или Лутиовци, Ѓумишовци, Пилевци, Чекановци, Заечковци, Јаничовци, Василовци, Шмантевци, Шпарловци, Шабановци, Тасевци, Аџиовци, Пупевци и Куцаровци.
Брачни врски надвор од селото се склопувале најчесто со невести донесени од селата Дуње, Гуѓаково и Галиште.[2]
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Како најкрајно и оддалечено мариовско село, Вепрчани дало многу иселеници во други села и градови. Целосно иселени родови од Вепрчани се Кулевци од кои потекнува познатиот Толе Паша од селото Крушевица и Шутковци од кои 6 браќа се иселиле во пелагониските селата Канатларци каде биле „страв и трепет“ и во битолско Ивањевци, како и во градот Прилеп.[2]
Најголем број на иселеници од Вепрчани има во некогашните кавадаречки муслимански села по долината на Раечка Река преку Дрен Планина односно во Росоман, Фариш, Крушевица, градот Кавадарци, Градско, градот Прилеп и пелагониските села Ерековци и Тополчани.
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во XIX век, Вепрчани било село во Прилепската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Витолиште, во која влегувале сите села од прилепскиот дел на Мариово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Селото припаѓало на некогашната општина Мориово во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Дуње, во која покрај селото Вепрчани, се наоѓале и селата Дуње, Ѓуѓаково, Кален, Кокре, Крушевица, Пештани и Чаниште. Општината Дуње постоела и во периодот 1950-1952 година, кога во нејзе влегувале селата Вепрчани, Дуње, Кален, Кокре и Пештани. Во периодот 1945-1952 постоела Општина Вепрчани во која влегувале селата Вепрчани и Гуѓаково.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 1526 според Државната изборна комисија, сместено во простории на приватна куќа. Во ова избирачко место е опфатено и селото Гуѓаково.[18]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 6 гласачи.[19] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 7 гласачи.[20]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Вирои — средновековна населба;
- Градиште — некропола од железното време;
- Завир–Среден Брег — населба од римското време;
- Селска Црква — осамен наод од римското време;
- Солишта–Пазалка — некропола од хеленистичкото и римското време; и
- Св. Димитрија — средновековна црква;
- Сламите — тумул од непознат период; и
- Чукарките — неопределено од непознат период.
- Цркви[23]
- Црква „Вознесение Христово“ — главна селска црква која датира од XIII - XIV век, околку која се селските гробишта;
- Црква „Св. Димитриј“ — средновековна црква над самото село, во чиј двор се одржува прославата на селската слава Спасовден; и
- Црква „Успение на Пресвета Богородица“ — манастирска црква.
- Манастири
- Вепрчански манастир — понов манастир во близина на селото.
- Реки[24]
- Вепрчанска Река — минува низ селото и се влева Црна Река.
- Главната селска црква „Вознесение Христово“
- Манастирската црква „Св. Богородица“
- Средновековната црква „Св. Димитриј“
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави
- Спасовден — селска слава на крајот на мај или почетокот на јуни, со еден или повеќе кумови чие кумство доаѓа по кршење на погача, но и со искажана желба, како што е случај во последните години кога се пријавени повеќе кумови на прославата.
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во или по потекло од Вепрчани
- Милан Ристески (1923-1983) — фолклорист и публицист, собирач и издаваш на македонско народно творештво.
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]Во куќа и крај црквата во селото Вепрчани, познатиот македонски филмски режисер Милчо Манчевски има снимано сцени и кадри за своите филмови Прашина и Мајки.
Галерија
[уреди | уреди извор]- Селската чешма
- Поглед на селото
- Куќи во селото
- Традиционална куќа
- Поглед на селото
- Поглед на селото
- Поглед на селото
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 Забележал Марио Шаревски (30 октомври 2015). "Според кажување на Ѓорѓи Пројчески, роден на 31 март 1953 г. во с. Вепрчани". Соопштение за печат. посет. 3 ноември 2015 г
- 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 51. Посетено на 24 декември 2025.
- ↑ Стојаноски, Александар (1994). Мориово во XV-XVI век (Осврт на економско-општествените прилики). Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен. Прилеп: Друштво за организирање на мариовско-мегленски средби и ДНУ Битола. стр. 65–73.
- ↑ Хаџи-Константинов - Џинот, Јордан (1987). Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници (Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници. изд.). Скопје (Цариград): Мисла (Цариградски весник).
- ↑ Ристески, Драган (1994). Ѓорѓи Лажот во песните од Мариово (Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен. изд.). Прилеп: Друштво за организирање на мариовско-мегленски средби и ДНУ Битола. стр. 225–238.
- ↑ Кънчов, Васил. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, стр. 247.
- ↑ Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 150-151.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 23.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ Тогашни (2015 г.) постојани жители на Вепрчани биле Ристе (Ричко), кој одгледувал овци и Илија од Чорапарови, Богдан од Рожденови и Димко од Шпарловци
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 24 декември 2025.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 288. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Миткоски, Александар; Темелкоски, Душко (2019). „ГЕОРЕКОГНОСЦИРАЊЕ НА ТЕРИТОРИЈАТА НА ОПШТИНИТЕ ПРИЛЕП, ДОЛНЕНИ, КРИВОГАШТАНИ И КРУШЕВО“ (PDF). Каламус. Посетено на 27 декември 2025.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 17. ISBN 978-9989-2117-6-8.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
| ||||||||||||||||||||||


