Полчиште
| Полчиште | |
Воздушен поглед на селото | |
| Координати 41°8′54″N 21°49′22″E / 41.14833°N 21.82278°E | |
| Регион | |
| Општина | |
| Област | Прилепско Мариово |
| Население | 6 жит. (поп. 2021)[1] |
| Пошт. бр. | 7508 |
| Повик. бр. | 048 |
| Шифра на КО | 20082, 20083 |
| Надм. вис. | 910 м |
| Слава | Спасовден |
Полчиште — село во Општина Прилеп, во областа Прилепско Мариово, во околината на градот Прилеп.
Потекло и значење на селото
[уреди | уреди извор]
Името на селото Полчиште потекнува и има значeње на македонски јазик и најверојатно доаѓа, односно е поврзано со местоположбата на селото.
Имено, на север од селото кон запад во насока на Бешиште и кон исток се отвора доста пространа и широка зарамнета низина при што и самите тие предели ги носат имињата Поле (на запад) и Долното Поле (на исток). Имајќи предвид дека селото се наоѓа во дол кој се отвора помеѓу овие две полиња, најверојатно неговото име настанало за означување на местото кое што се наоѓа меѓу двете полиња.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]
Селото се наоѓа во прилепскиот дел на областа Мариово, во јужниот дел на територијата на Општина Прилеп, чиј атар се допира на мал дел со државната граница со Грција. Поточно, Бешиште се наоѓа во ридско-планинскиот дел на Големо или Старо Мариово од десната страна на Црна Река, во подножјето на планината Козјак.[2] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 910 метри.[2]
До селото води широк и натапкан земјен пат, кој започнува од крстосницата за Бешиште од регионалниот пат 2338, а овој регионален пат пак се двои од асфалтираниот регионален пат 1107 непосредно пред манастирот во Мелница. Патот до крстосницата за селото Полчиште е делумно асфалтиран.
Сместено е во долот на Полчишка Река, лева притока на Бутурица, помеѓу височините Скрка со врвот Панделе (1.344 м.) од југозапад, Гарван (1.265 м.) од југоисток и познатиот превој Трибор (1.442 м.) на исток.
Недалеку во источен правец од Полчиште се и највисоките врвови на планината Козјак, Балтова Чука (1.822 м.) и Перун (1.703 м.). Според ваквата местоположба селото Полчиште се наоѓа токму во средината помеѓу мариовските села Бешиште веднаш на запад, Градешница и Старавина на југ, Витолиште на север и раселеното село Мелница кај познатиот манастир „Св. Илија“ на северозапад.
На планинскиот источен дел на атарот кон Трибор и Витолиште постои многу густа и разновидна висококвалитетна зимзелена шума од која особено се истакнува црниот бор, додека нискостеблестата претежно дабова шума е застапена на ридскиот западен дел на атарот кон Бешиште.
Занимливо е да се спомене дека селото поседува енклава на својот атар, сместена помеѓу атарите на селата Дуње и Манастир.
Историја
[уреди | уреди извор]Најстариот запис во кој се споменува селото под името Полчишта потекенува од втората половина на XV век односно од турските пописни дефтери од 1476/77 кога во селото живееле 17 семејства, потоа во 1481/82 биле попишани 25 домаќинства, за потоа да бележат пораст на 58 домови во 1519 година, а потоа опаѓање на 35 домаќинства во 1528/29 и намалување на само 7 семејства во 1544/45 година.[3] Во овој период Полчиште спаѓало во нахијата Мориово во Прилепската Каза.[3]
Во овој средновековен период постоело и селото Костеново, кое што според сочуваното народно предание се наоѓало јужно од Полчиште кај местото Костеник.[3]
Во својот запис објавен во „Цариградски весник“ под наслов „Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание“ на 21 ноември 1859 година за селата во Мариово, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот за селото Полчиште запишал дека имало 55 куќи и стара црква.[4]
Во однос на народноослободителната и револуционерната борба за слобода на Македонија од втората половина на XIX век па сѐ до НОБ во Втората светска војна, селото Полчиште со своите жители - борци и учесници, се истакнува во целото бунтовно Мариово.
Кон крајот на XIX и почетокот на XX век во времето на револуционерните и народно-ослободителни борби во Мариово била многу засилена грчката црковно-просветна и вооружена пропаганда при што Полчиште било до линијата на нејзината граница.
Во 1899 година во селото Полчиште бил формиран првиот областен комитет на ТМОРО со Трајко Бешот како началник и познатиот Крсте Гермов–Шакир како секретар.
За време на НОВ многу младинци од селото заминале во партизани, а својот живот за слободата на Македонија го положиле 3 млади борци во своите 20 години: Спасија Шаоска, Дано Јолевски и Ристе Трајкоски, во чија чест е подигнат споменик кај селските гробишта на влезот од селото.
Покрај споменикот, во селото се наоѓа и спомен-плоча на НОБ за закланите борци Ристе Ќосески и Цане Самарѓијата од страна на бугарската фашистичка војска.
- Спомен-плоча од НОБ
- Споменикот на НОБ на селските гробишта (2015 г.)
- Споменикот на НОБ на селските гробишта (2024 г.)
- Споменици за партизаните
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото е мошне голем и зафаќа простор од дури 83 километри квадратни. Атарот катастарски е поделен на два дела: Полчиште I и Полчиште II. На него пасиштата заземаат површина од 3.646 хектари, на шумите отпаѓаат 3.069 хектари, а на обработливото земјиште 1.336 хектари.[2]
Во основа, селото има мешовита земјоделска функција.[2]
Најзастапена стопанска дејност во Полчиште и неговиот атар се сточарството и шумарството. Од сточарството најзастапено е одгледувањето на значаен број стада овци коишто преку целата година се напасуваат на бујните ливади непосредно околу селото, а во помал обем се одгледуваат и кози. Од добиените и помешани видови на млеко се прави познатото и прочуено „мариовско биено сирење“. Во сосема мали размери се одгледуваат жита претежно пченица, ’рж и јачмен и сточна храна.
Дел од некогашните жители кои сѐ уште ги посетуваат и престојуваат во своите куќи и имоти, се занимаваат и со пчеларство и производство на ливадски мед, како и со одгледување на градинарски производи како пиперки, патлиџан (домат), кромид, краставица, марула во дворовите за тамошни сопствени потреби.
На големиот простран атар на Полчиште е застапено и шумарството односно сечата на дрва. Дрва за огрев и градежништво се сечат во квалитетните мешовити и зимзелени шуми источно од селото за што подружниците на Македонски шуми, „Црн Бор“ од Прилеп и „Бор“ од Кавадарци имаат и сопствен објект и пункт во соседното Витолиште. За сопствени потреби, мештаните и луѓе кои имаат куќи и имоти во Полчиште, сечат огравно дрво од дабовата шума крај патот западно од селото кон Бешиште.
Во непосредната околина на Полчиште има големи наоѓалиштата на градежен материјал како гнајсеви, камен-травертин, грандиорити поради што крај патот кој води за селото има неколку ископи и еден производствен погон со стовариште.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Полчиште живееле 696 жители, од кои 680 Македонци и 16 Роми.[5]
Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Полчиште имало 800 жители, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Полчиште се водело како чисто македонско село во Прилепската Каза на Битолскиот Санџак со 96 куќи.[7]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 700 Македонци.[8]
Од селото емигрирал значителен број од населението и тоа преминало од големо во мало село, населено со македонско население. Така, во 1961 година селото имало 824 жители, а во 1994 година бројот се намалил на само 45 жители.[2]
Според пописот од 2002 година, селото Полчиште броело 31 жител, сите Македонци.[9]
Селото се наоѓа во фаза на наполно раселување.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
| Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
| Население | 696 | 800 | 835 | 914 | 824 | 479 | 193 | 64 | 45 | 31 | 6 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]
Родови
[уреди | уреди извор]Селото Полчиште отсекогаш па сѐ до денес во целост е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед.
Поради оддалеченоста и непристапноста на целиот мариовски крај, речиси сите родови во селото се староседелски или пак потекнуваат од предци кои повремено се преселувале во разните околни мариовски села како Бешиште, Витолиште, Мелница, блиското и одамна раселено село Сатока, Чаниште и други.
Македонски родови и семејства кои живеат и потекнуваат од Полчиште се: Суклески, Ќосески, Колонџоски, Чуруковски, Митковски, Црниколевски, Ракиџиоски, Севдикоски, Салилоски, Бешовски, Јовчески, Ѓуроски, Шаовци, Трајкоски и Јолевци.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Најмасовно селење на жителите од селото имало во 1950-тите години. Населението најмногу се исселувало во Прилеп, Кавадарци и Битола, а голем дел се има исселено и во странство (Австралија, Канада).
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Поранешно основно училиште
- Поранешен дом на културата
- Поранешното училиште (задна страна)
- Поранешното училиште
- Поранешниот дом на културата (задна страна)
- Поранешниот дом на културата
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Во XIX век, Полчиште било село во Прилепската Каза на Отоманското Царство.
Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Витолиште, во која влегувале сите села од прилепскиот дел на Мариово.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Селото припаѓало на некогашната општина Мориово во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Витолиште, во која покрај селото Полчиште, се наоѓале и селата Бешиште, Витолиште, Врпско, Живово и Манастир. Општината Витолиште постоела и во периодот 1950-1952 година. Во периодот 1945-1950 постоела Општина Бешиште во која влегувале селата Бешиште, Манастир и Полчиште.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 1529 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на домот на месната заедница.[14]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 22 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 24 гласачи.[16]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Археолошки наоѓалишта[17]
- Во Селото — викус со храм и некропола од раната антика;
- Јолева Ограда — населба и топилница од доцноантичко време;
- Тамбурџиева Нива — населба од римско време; и
- Свети Пантеле — кастел од раноантичко време.
- Цркви[18]
- Црква „Вознесение Христово“ — главна селска црква;
- Црква „Св. Пантелејмон“ — главна манастирска црква на Полчишкиот манастир (стара црква);
- Црква „Св. Пантелејмон“ — манастирска црква на Полчишкиот манастир (нова црква);
- Црква „Св. Илија“ — главна манастирска црква на Мелничкиот манастир[19] која што се наоѓа во поранешното село на Стале Попов во с. Мелница (денес во атарот на Полчиште); и
- Црква „Св. Димитриј“ — селска црква во поранешното село Мелница (денес во атарот на Полчиште).
- Манастири
- Мелнички манастир — манастир во некогашното село Мелница, сместен на патот кон самото село (денес во атарот на Полчиште); и
- Полчишки манастир — манастир над селото, кај врвот Панделе.
- Реки[20]
- Полчишка Река — помала река која поминува низ селото, притока на Бутурица.
- Главната селска црква „Вознесение Христово“
- Манастирската црква „Св. Пантелејмон“ (стара црква)
- Новата манастирска црква „Св. Пантелејмон“
- Поглед на Полчишкиот манастир
- Поглед на Полчишка Река
Редовни настани
[уреди | уреди извор]- Слави
- Спасовден — селска слава која што се прославува со црковно-народен собор на кој присуствуваат жителите, иселениците и нивните потомци, како и голем број на гости
Личности
[уреди | уреди извор]- Родени во Полчиште
- Менка Дојчиновска (р.1900-) — учесник во НОВ на Македонија
Култура и спорт
[уреди | уреди извор]Секоја година кон крајот на мај велосипедистите од малата тура на фестивалот на отворено Mariovo Off-Road Experience го посетувале селото Полчиште, каде што тие ја правеле првата пауза со разгледување на селото пред да продолжат кон Бешиште и Витолиште.
Галерија
[уреди | уреди извор]- Предаватели на врвот Панделе
- Поглед на селото Полчиште
- Поглед на селото Полчиште
- Поглед на селото Полчиште
- Поглед на селото Полчиште
- Поглед на селото Полчиште
- Селските гробишта на влезот
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 240. Посетено на 6 јануари 2026.
- 1 2 3 Стојаноски, Александар (1994). Мориово во XV-XVI век (Осврт на економско-општествените прилики). Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен. Прилеп: Друштво за организирање на мариовско-мегленски средби и ДНУ Битола. стр. 65–73.
- ↑ Хаџи-Константинов - Џинот, Јордан (1987). Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници (Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници. изд.). Скопје (Цариград): Мисла (Цариградски весник).
- ↑ Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 247
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 150-151.
- ↑ Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 23.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Резултати“. Државна изборна комисија. Посетено на 6 јануари 2026.
- ↑ Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 306-307. ISBN 9989-649-28-6.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
- ↑ Грозданов, Цветан (2004). Уметноста и културата на XIX век во западна Македонија: студии и прилози. МАНУ.
- ↑ Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 57. ISBN 978-9989-2117-6-8.
Надворешни врски
[уреди | уреди извор]
| ||||||||||||||||||||||


