Штавица

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Штавица
Панорама на село Штавица.jpg

Панорама на селото Штавица

Штавица is located in Македонија
Штавица
Местоположба на Штавица во Македонија
Координати 41°15′33″N 21°34′04″E / 41.25917° СГШ; 21.56778° ИГД / 41.25917; 21.56778Координати: 41°15′33″N 21°34′04″E / 41.25917° СГШ; 21.56778° ИГД / 41.25917; 21.56778
Регион Logo of Pelagonia Region.svg Пелагониски
Општина Coat of arms of Prilep Municipality.svg Прилеп
Население 84[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 7500
Повик. бр. 048
Надм. вис. 800 м
Слава Спасовден
Штавица на општинската карта
Штавица во Општина Прилеп.svg

Атарот на Штавица во рамките на општината
Commons-logo.svg Штавица на Ризницата


Штавица — село во Општина Прилеп, во околината на градот Прилеп.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Глетка на Селечка Планина над селото
Глетка од селото Штавица

Селото Штавица се наоѓа на југоисточната страна на Прилепското Поле, во средишниот (до 2004 година краен јужен) дел на Општина Прилеп.[2] одалечено 13 километри јужно од Прилеп. Штавица е сместено во дното на долот на допирот помеѓу Селечка Планина и отворот кон пространта рамнина на Прилепското Поле, односно Пелагонија. Веднаш крај селото минува патот од Прилеп кон Мариово преку превојот Слива.

Штавица е ридско село сместено на надморска височина од 800 метри,[2] помеѓу селата Чумово на север, Марул на југ и Мало Рувци на запад. Од градот Прилеп селото е оддалечено 18 километри.[2] Источно од Штавица се издига карпеста падина со оскудна паша. Нивите се поголем дел прекриени со планински нанос, лежат западно од селото.

Водата за пиење се добива од една чешма и неколку кладенци. Штавица е село од разреден тип. Се разликуваат поедини групи на куќи, кои што се наречени по родовите, како – Вршковци, Дервишовци, Џаковци и други.[2] Имињата на потезите околу селскиот атар се: Веселец, Џавато, Бутиње, Слива, Буков дел (таму е зачувана букова шума), Турска Планина, Рамна Леска, Горен Врв, Клетовник, Каменица, Метиловка, Среден Рид, Ветрова Воденица, Мекоец, Нерезиње, Црвеница, Смреков Дол, Бојчејча, Заридски Гробишта, Латински Гробишта и Крсто.[2] Атарот на селото зафаќа површина од 17,4 км, од кои пасиштата заземаат 925 хектари, а обработливото земјиште 708 хектари.

Историја[уреди | уреди извор]

Потегот „За ридски Гробишта“ лежи јужно од селото на оддалеченост околу 500 метри. На површината на земјата се гледаат надргобни камени плочи. Постои и еден крст. Кај овој крст до 1946 година, селаните „шетале со крстови на Духовден“. Жителите зборуваат дека „тоа се христијански гробја“ останати од некоја постара населба.[2] Таа пропаднала „кога тепала чума“.

Денешната Штавица е основана пред околу 170 години од страна на доселеници. Најнапред се населиле предците на денешните родови кои го слават Св. Мина. Тоа се: Дељовци, Јолевци, Толевци и др. Дошле „од кај Тиквеш“ како еден род, после нив се населиле предците на останатите селски родови. Околу 2 км јужно од Штавица е местото „Латински Гробишта“. Сега таму се наоѓаат ниви. Се зборува дека на тоа место, биле закопани „бабари кои се испотепале меѓусебно“.[2] Пред крајот на турското владеење во Штавица постоеле 4 чифлици.[2] Сопственици биле Салија, Мујазија, Рушит и Рамо. Тоа биле прилепски Турци. Тие го зафаќале половината од селскиот атар. Селаните работеле како момци на чифлиците. Некои имале и своја земја. Чифлиците пропаднале 1912 година. Населението ја купило земјата. Во ова село постои црква, Рождество на Пресвета Богородица изградена пред околу 90 години. Гробиштето е северно од Штавица. Бројот на домаќинства кај населението изнесува: 1921 г. - 47, 1948 г. – 64, 1961 г. - 63 и 1971 г. – 63. Селото во 1955 година имало вкупно 70 домаќинства.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Според составот на селскиот атар и занимањето на жителите Штавица има поледелско сточарска функција.[2] Малубројното останато население се занимава најмногу со сточарство односно одгледување на овци, а во помала мерка и на крупен добиток како крави и волови, и поледелство односно одгледување на тутун и жита како пченица и јачмен. Исто така некогашните жители кои сѐ уште имаат имоти и обработливо земјиште во селото, се занимаваат со одгледување на тутун.

Население[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002 година во селото Штавица живееле 84 жители, сите Македонци.[1]

Селото Штавица од секогаш било населено исклучиво со Македонци, а во последните 50 години бележи постојан пад на бројот на своето население. Во 1961 година во Штавица живееле 494 жители, а во 1994 бројот спаднал на 107 жители, македонско население.[2]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[3] 1905[4] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 322 360 444 493 494 413 264 127 107 84
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[5]

Родови[уреди | уреди извор]

Во Штавица живее македонско население, кое потекнува од доселеници. Родовите се : Мишевци (3 куќи) , Бутевци (7 куќи), Дељовци (6 к.), Јовевци (6 к.), Толевци (3 к.), Пашовци (2 к.), Јолевци (2 к.) сите ја слават Св. Мина. Порано сочинувале еден род. Како што е спомнато тие се основачи на селото. Потеклото им е од Тиквеш.[2] Овде се населиле со многу овци. Вршковци(14 куќи, Св. Архангел) дошле од Ерековци – „од таму избегале од турците“, тоа било пред околу 160 години (Јанкула, жив 68(до 1998)) – Трајко-Куле-Тоше-Стеван, којшто се доселил). Овде дошле да живеат како раја. Постојат Вршковци и во соседното мариовско село Кален.[2] Изгледа дека овдешните Вршовци, се со подалечно потекло од тоа село. Дервишовци (8 к.), Џаковци или Богдановци (8 к.) и Малинковци (3 к.), сите го слават Св. Ѓеоргија, порано сочинувале еден род. Местото на потекло не го знаат. Мицовци(3 к. – Св Никола), и тие местото на потекло не го знаат. Милевци (5 к. – Св. Варвара) „шетале како момци по многу села“, вистинското потекло не го знаат. Далиповци (1 к. - Св. Архангел) дошле од некаде „како момци“. Степаноски (1 к. – Воведение) дошле од некое околно село. Толе Мачор (1 к. – Петковден) дошле пред 1912 година од селото Крушејца во Мариово.[2]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од тогашната помала Општина Прилеп.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Старо Лагово, во која покрај селото Штавица, се наоѓале и селата Алинци, Беровци, Волково, Галичани, Мало Рувци, Ново Лагово, Прилепец, Старо Лагово и Чумово. Општината Старо Лагово постоела и во периодот 1950-1952 година.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Штавица
Цркви[6]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Влез во мал Холивуд (Штавица)

Мариовското село Штавица на сообраќаен знак пред селото е прекрстено во Мал Холивуд. Штавица се наоѓа на патот од Прилеп за Мариово и е порта за огромната територија од Македонија со одвај 800 старци. Ретко посетуваните штавичани се гордеат дека биле домаќини на филмските актери, продуценти и статисти во филмовите на македонскиот режисер Милчо Манчевски. Поради тоа, некому му текнало, и селото го прекрстил во Мал Холивуд. Ставил и табла на скршнувањето од асфалтот кон макадамот. Штавица беше примамлива за филмаџиите. Режисерот Милчо Манчевски таму снимаше кадри за филмовите „Пред дождот“ и „Прашина“.

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 30 март 2013. 
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 232, 323, 416-417. 
  3. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  4. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  5. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  6. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред. Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]