Бешиште

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Бешиште
Панорама на Бешиште (2).jpg

Панорама на селото Бешиште

Бешиште is located in Македонија
Бешиште
Местоположба на Бешиште во Македонија
Координати 41°8′22″N 21°46′55″E / 41.13944° СГШ; 21.78194° ИГД / 41.13944; 21.78194Координати: 41°8′22″N 21°46′55″E / 41.13944° СГШ; 21.78194° ИГД / 41.13944; 21.78194
Регион Logo of Pelagonia Region.svg Пелагониски
Општина Coat of arms of Prilep Municipality.svg Прилеп
Население 22[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 7506
Повик. бр. 048
Надм. вис. 900 м
Слава Петковден
Бешиште на општинската карта
Бешиште во Општина Прилеп.svg

Атарот на Бешиште во рамките на општината
Commons-logo.svg Бешиште на Ризницата


Бешиште — село во Општина Прилеп, во областа Мариово.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на селото Бешиште

Селото Бешиште се наоѓа во прилепскиот дел на областа Мариово, во јужниот дел на Општина Прилеп. Поточно, Бешиште се наоѓа во ридско-планинскиот дел на Големо или Старо Мариово од десната страна на Црна Река[2]. Сместено е во дол на подножјето на планината Козјак помеѓу двата гребени (ридови) Скрка со врвот Панделе (1344 м.н.в.) од исток и Амот (1059 м.н.в.) од запад. Бешиште е планинско село расположено на надморска височина од 900 метри[2]. Од градот Прилеп селото е оддалечено 43 километри[1].

Бешиште претставува село од збиен тип со изразита издолженост во распореденоста по куќите во долот во кој е сместено. Селото Бешиште се наоѓа токму во средината помеѓу мариовските села Манастир на северозапад, Зовиќ на југозапад, Градешница и Старавина на југ, Полчиште на исток, Витолиште на североисток и раселеното село Мелница кај познатиот манастир „Св. Илија“. До селото се стигнува од исклучувањето на регионалниот пат Прилеп - Витолиште непосредно пред манастирот во Мелница по асфалтиран, наместа уништен земјен пат, кој потоа од крстосницата за Полчиште кон десно продолжува како широк и натапкан земјен пат до самото село Бешиште. По овој пат до Бешиште и продолжувајќи потоа кон Сатока и Градешница водат големата и малата велосипедска тура на фестивалот Mariovo Off-Road Experience. Има мошне голем атар кој зафаќа простор од 67,1 км², на кој обработливото земјиште зазема површина од 1.700,8 ха, пасиштата заземаат површина од 2.867,9 ха, а на шумите отпаѓаат 2.038 ха[2].

Историја[уреди | уреди извор]

Стара историска фотографија на селото

Најстариот запис во кој се споменува селото под името Бешишта потекенува од втората половина на XV век односно од турските пописни дефтери од 1467/68 година, а под сегашното име Бешиште се споменува во турските документи и во XVI век во 1568 и 1569 година[3]. Во овој средновековен период во селото Бешиште живееле 26 семејства во 1476/77, во 1481/82 биле попишани 34 домаќинства, за потоа да бележат пораст на 82 домови во 1519 година, па потоа опаѓање на 71 домаќинство во 1528/29 и мал пораст на 75 во 1544/45 година[4]. Во овој период Бешиште спаѓало во нахијата Мориово во Прилепската каза и било едно од поголемите и најбогати мариовски села кое се занимавало со производство на јачмен, градинарство и лозарство, за што тоа плаќало и највисоки годишни давачки[4]. Во атарот и близината на селото, недалеку од по земјениот пат јужно од Бешиште се наоѓа манастирската црква „Св. Петка“ крај реката Сатока, на местото каде што некогаш во минатото постело истоименото село, од каде што бил Димитри Стале, еден од водачите на познатата Мариовска буна од 1564/65 година.

Во својот запис објавен во „Цариградски весник“ под наслов „Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание“ на 21 ноември 1859 за селата во Мариово, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот за селото Бешиште запишал дека имало 125 куќи и стара црква Свети Илија[5].

Кон крајот на XIX и почетокот на ХХ век во времето на револуционерните и народно-ослободителни борби во Мариово била многу засилена грчката црковно-просветна и вооружена пропаганда при што Бешиште било до линијата на нејзината граница, а од овој крај бил Трајко Бешот кој бил началник на првиот обласен комитет на ТМОРО формиран во соседното село Полчиште. Како и цело Мариово така и Бешиште поради близината на линијата на познатиот Солунски фронт настрадало многу за време на Првата светска војна. По Втората светска војна сѐ до шеесетите години на ХХ век, раснел бројот на населението на Бешиште при што тоа достигнало најголем број во 1953 кога имало 1228 жители од кога поради неповолните развојни економски политики започнал големиот бран на иселување кој довел до тоа денес селото да биде пред целосно раселување.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Куќи на влезот во селото Бешиште

За потеклото и значењето на името на Бешиште постојат повеќе претпоставки од научните истражувачи како и верување на самото население, но скоро сите тие немаат издржана основа со реалните факти од географијата, околината и историското минато на селото. Според една легенда која ја кажуваат мештаните името потекнува од турскиот збор за бројот пет - беш, а него го дале арачлиите кои доаѓале да собираат данок од селото со пет куќи. Сепак низ историјата Бешиште од секогаш било едно од најголемите мариовски села, во кои сѐ до последниот период на отоманското владеење, воопшто не доаѓале Турци по никаква основа. Научните претпоставки сметаат дека името потекнува од зборот Бесиште или Бесвиште односно од ојконимот Бесвица и наставката -ште со значење 'место каде што се наоѓала бесвица'[3], меѓутоа ниту еден историски запишан податок ниту предание кај населението не споменува ваква форма на името ниту пак постоење на село Бесвица во околината, ниту пак врски со тиквешкото село со вакво име. Другите научни претпоставки сметаат дека тоа потекува од личното име Бешо (Белшо), Беш или Бех со значење 'село кое му припаѓало на Бех'[3], но вакво име воопшто не е познато во историските записи за овој крај и за Македонија. Иако во селото никогаш не живеело турско население, можно е неговото име да потекнува од турскиот збор бешик што значи колевка што пак одговара на изгледот на селото со изразита издолженост во распореденоста на куќите во долот во кој е сместено, поради што тоа има изглед како да е во колевка. Друга претпоставка што соодветствува на условите од теренот е дека името може да потенува од македонскиот глагол беси поради обесени бунтовници од Мариовската буна чиј водач бил од блиското соседно село Сатока (денес во бешишкиот атар) или пак од изгледот на малкуте дрвја кои изгледаат како обесени на рабовите на падините над селото.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Според составот на атарот селото Бешиште има мешовита земјоделска функција. Најзастапена стопанска дејност во Бешиште и неговиот атар е сточарството, односно одгледувањето на значаен број стада овци кои што преку целата година се напасуваат на бујните ливади непосредно околу селото. Во помал обем се одгледуваат и кози. Од добиените и помешани видови на млеко се прави познатото и прочуено мариовско биено сирење. Во минатото во селото биле доста развиени и поледелството, градинарството, лозарството и пчеларството, кои поради наглото иселување и малиот број преостанати жители се речиси целосно напуштени. Во сосема мали размери се одгледуваат жита претежно пченица, 'рж и јачмен и сточна храна. Дел од некогашните жители кои сѐ уште ги посетуваат и престојуваат во своите куќи и имоти, се занимаваат и со пчеларство и производство на ливадски мед, како и со одгледување на градинарски производи како пиперки, патлиџан (домат), кромид, краставица, марула во дворовите за тамошни сопствени потреби. Некои жители и иселеници се занимаваат и со собирање и продажба на печурки на големо и шумски плодови. На патот, непосредно пред раскрсницата кон Бешиште и Полчиште, постои ископ на камен и погон со стовариште за градежен камен и материјали.

Население[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002 година, селото Бешиште брои 22 жители, сите Македонци.[1]

Според бројот на жителите Бешиште во минатото било голема населба, но силниот бран на иселување кое го зафатило Мариово не одминувајќи го и ова место, го сторил своето, односно тоа станало мало село[2]. Така во 1961 година селото Бешиште броело 1171 жител, а во 1994 година бројот на населението се намалил дури на 93 жители, сите Македонци[2].

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[6] 1905[7] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 1047 1280 1101 1228 1171 1016 238 109 93 22
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]

Родови[уреди | уреди извор]

Селото Бешиште од секогаш па сѐ до денес во целост е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Поради одалеченоста и непристапноста на целиот мариовски крај, речиси сите родови во селото се староседелски или пак потекнуваат од предци кои повремено се преселувале во разните околни мариовски села како Полчиште, Витолиште, блиското и одамна раселено село Сатока, Чаниште и др. Македонски родови и семејства кои живеат и се од Бешиште се: Врглевци, Гајтановци, Аспровски, Митревски, Ѓорговци, Муневци, Шамоски, Куневски, Милошески, Чакрески, Мирчевски, Поповски.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на големата Општина Прилеп, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Витолиште, во која влегувале сите села од прилепскиот дел на Мариово.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Прилеп. Селото припаѓало на некогашната општина Мориово во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Витолиште, во која покрај селото Бешиште, се наоѓале и селата Витолиште, Врпско, Живово, Манастир и Полчиште. Општината Витолиште постоела и во периодот 1950-1952 година.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви[9]
  • Црква „Св. Петка“[10] — средновековна црква чиј точен датум на изградба е неопознат, нно се знае дека е живописана во 1884 година.
Археолошки наоѓалишта[11]
Реки[13]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во Бешиште

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Петковден — селска слава која што се прославува со црковно-народен собор на кој присуствуваат жителите, иселениците и нивните потомци, како и голем број на гости
  • Mariovo Off-Road Experience — секоја година на крајот од месец мај, големата и малата велосипедска и тура од фестивалот минуваат и го посетуваат селото Бешиште.

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во однос на спортот во рамки на фестивалот Mariovo Off-Road Experience селото Бешиште се посетува од велосипедистите на двете тури, при што тоа претставува и точка каде што нивните патеки се разделуваат. Пред селото Бешиште стои пунктот за освежување со вода, пијалаци и останати намирници, од каде што големата тура свртува кон десно и продолжува кон Градешница, додека малата тура се враќа назад и продолжува кон Витолиште.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Најголем дел од населението на Бешиште е иселено во Прилеп, Битола и Скопје, а има иселеници и во прекуокеанските земји, односно во Австралија.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 1,2 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. конс. 30 март 2013. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија. Скопје: Патрија. стр. 27–28. 
  3. 3,0 3,1 3,2 Иванова, Олга (2014) (на македонски). Речник на имињата на населените места во Македонија. Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 51. 
  4. 4,0 4,1 Стојаноски, Александар (1994) (на македонски). Мориово во XV-XVI век (Осврт на економско-општествените прилики). Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен. Прилеп: Друштво за организирање на мариовско-мегленски средби и ДНУ Битола. стр. 65–73. 
  5. Хаџи-Константинов - Џинот, Јордан (1987 (1859)) (на македонски). Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание. Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници (Хаџи Константинов, Јордан - Џинот. Избрани страници издание). Скопје (Цариград): Мисла (Цариградски весник). 
  6. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  7. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  8. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. 
  9. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред. Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  10. Ограбена црквата Св. Петка во прилепско Бешиште на страницата на Макфакс.
  11. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Мкедонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  12. 12,0 12,1 А. Миткоски (2017). Археолошки рекогносцирања на подрачјето на општина Витолиште, Мариово (рекогносцирања 2001 година). Прилеп: НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј - Прилеп. ISSN 2545-4536
  13. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија. Скопје: Геомап. стр. 12. ISBN 978-9989-2117-6-8. https://commons.wikimedia.org/wiki/File:Реките_во_Македонија.pdf?uselang=mk. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]