Македонски фронт

Од Википедија — слободната енциклопедија
(Пренасочено од Солунски фронт)
Македонски фронт
Дел од Балканскиот фронт (Прва светска војна)

Одлево надесно: војник од Индокина, Французин, Сенегалец, Англичанец, Русин, Италијанец, Србин, Грк и Индиец.
Датум 21 октомври 1915 – 30 септември 1918
Место Македонија
Исход Победа на Антантата
Солунско примирје
Завојувани страни
Централни сили:
 Бугарија
 Австроунгарија
 Германија
 Османлиско Царство (1916–1918)
Сојузнички сили:
 Србија
Предлошка:Country data Француста Трета Република
Предлошка:Country data Обединето Кралство на Велика Британија и Ирска
 Руско Царство (до 1917)
 Италија (1916–1918)
 Грција (1916/17–1918)
Команданти и водачи
Кралство Бугарија Никола Жеков
Кралство Бугарија Георги Тодоров
Кралство Бугарија Климент Бојаџиев
Кралство Бугарија Димитар Гешов
Кралство Бугарија Стефан Нерезов
Кралство Бугарија Владимир Вазов
Австроунгарија Карл фон Балцнер-Балтин[1]
Германско Царство Аугуст фон Макенсен
Германско Царство Ото фон Белов
Германско Царство Фридрих фон Шолц
Кралство Србија Петар Бојовиќ
Кралство Србија Живојин Мишиќ
Предлошка:Country data Француска Трета Република Морис Сарај
Предлошка:Country data Француска Трета Република Адолф Гијома
Предлошка:Country data Француска Трета Република Франше д'Епере
Предлошка:Country data Обединето Кралство на Велика Британија и Ирска Џорџ Милн
Руско Царство Михаил Дитрих
Кралство Италија Ернесто Момбели
Кралство Грција Панајотис Данглис
Вклучени единици
Армиска Група Шолц
11. Германска армија
1. Бугарска армија
2. Бугарска армија
61. Германски корпус
2. Бугарска дивизија
3. Бугарска дивизија
302. Германска дивизија
9. Бугарска дивизија
Сојузничка армија од Ориентот
Арме д’Оријан (1915–19)
1. Српска армија
2. Српска армија
Британска солунска армија
Армија на националната одбрана
35. Италијанска дивизија
Сила
1918

Кралство Бугарија 550.000 луѓе
Германско Царство 18.000 луѓе
1.217 артилериски оружја
2.710 митралези
30 авиони
Османлиско Царство 29.000 луѓе
(дек. 1916 – мај 1917),
потоа 4.300 (до мај 1918).[2]

1918

717.000 луѓе
2.609 артилериски оружја
2.682 митралези
6.434 автоматски пушки
200 авиони

Жртви и загуби
Кралство Бугарија 200.000[3]
Германско Царствонепознато
Османлиско Царствонеколку илјади[2]
Кралство Србија околу 40.000[a]
Предлошка:Country data Француска Трета Република непознато
Предлошка:Country data Обединето Кралство на Велика Британија и Ирска 27.506+[4]
Кралство Грција 27.000[5]
Кралство Италија 10.538[6][7]
Војски во Солун, Прва светска војна
Солунски фронт, борбена линија
Војнички камп блиску до Солун, Прва светска војна
Ровови, Македонски фронт, Прва светска војна

Македонскиот фронт (познат и како Солунски фронт или Јужен) бил фронт на територијата на Македонија, на која што се воделе вооружени судири во текот на Првата светска војна помеѓу силите на Антантата и Централните сили, во периодот од октомври 1915 до септември 1918 година.[8] Фронтот се протегал од демаркационата линија кај Охрид (меѓу градот и манастирот Свети Наум), преку планината Галичица, Преспанското Езеро, сртовите на планините Баба, Ниџе (Кајмакчалан) и Беласица, долж реката Места до Струмскиот Залив во Егејското Море. Јужно од оваа линија биле стационирани силите на Антантата (француски, британски, српски, а подоцна и италијански и грчки единици), а северно од неа се групите на Централните сили (бугарски, германски и австроунгарски единици).

Историја[уреди | уреди извор]

По влегувањето на Бугарија во Првата светска војна на страната на Централните сили, есента 1915 година[9], бугарската Втора армија ги зазела македонските градови Куманово, Штип, Велес и Скопје. Пролетта 1916 година, потпомогната од своите германски и австроунгарски сојузници, таа ја освоила Рупелската Теснина и, навлегувајќи во источниот дел на Егејска Македонија, ги зазела градовите Сер, Драма и Кавала. Кон средината на август истата година, бугарските сили, предводени од генерал Климент Бојаџиев, ги разбиле трупите на Антантата на просторот Добро Поле - Баница - Лерин и продирајќи кон Костур го зазеле Лерин со околните населби.

Со влегувањето на Романија во војната кон крајот на август 1916 година бугарските сили преминале во одбрана. На 11 септември 1916 година, силите на Антантата, предводени од францускиот генерал Морис Сарај, преминале во контраофанзива во правецот на Горничево и Битола. Во жестокиот судир кај Горничево, српско-француските трупи ја пробиле одбраната на бугарската Прва армија принудувајќи ја на повлекување. На 19 ноември, тие ја зазеле Битола, а по тешките тримесечни борби офанзивата на силите на Антантата спласнала и настапило затишје на целиот фронт.

Во текот на 1917 и првата половина на 1918 година, се воделе повеќе позициони борби од локално значење кај реката Струма, Црна Река и долж Вардарската Долина, кои не предизвикале некои поголеми територијални промени. Независно од политичките пресметки на Лондон и Рим, подготовките за пробојот на Солунскиот фронт отпочнале во средината на јули. Колебања немало ни кај војводата Мишиќ и српските офицери и војниcи, но ни кај генералот Франше д'Епере. И самата француска влада, по анализите на целокупната ситуација на бојното поле, дошла до заклучок дека офанзивата на Балканот, со оглед на колебливостa на Бугарија, има политичко оправдување. Во воена смисла, Париз проценувал дека напорот на сојузниците ќе има смисла доколку постигнатите резултати ги пречекорат локалните рамки.[10] Во склад со ова, Врховниот воен совет на 29 јули дефинитивно дал дозвола за офанзива на Солунскиот фронт.[11] На 15 септември 1918 година, силите на Антантата, предводени од францускиот маршал Д'Епере (наследникот на Сарај), започнале силна офанзива против бугарската Трета дивизија од составот на германската Втора армија на просторот Ветерник - Сокол. Борбите се пренесле во Пелагонија, на десниот брег на реката Вардар, Црна Река и во реонот на Дојран. Под жестокиот притисок на сојузниците, бугарско-германските трупи биле принудени на повлекување кон север и до бугарската граница. Сојузниците зазеле повеќе делови во вардарскиот дел на Македонија, а на 29 септември 1918 година Бугарија била принудена да потпише примирје, согласувајќи се да ја напушти Вардарска Македонија, задржувајќи ги само Пиринска Македонија и Струмичката област со градот Струмица, која подоцна ја загубила во корист на Србија со Нејскиот мировен договор од 1919 година.

Бугарската војска била распоредена на фронтот околу Битола и на Ниџе, германската 11. армија ја контролирала долината на Вардар до Дојранското Езеро, а Втората бугарска армија била распоредена од Дојранското Езеро до Струмскиот Залив. Вкупната должина на Македонскиот фронт изнесувала околу 400 километри.[12]

Битката на Кајмакчалан[уреди | уреди извор]

Есента 1916 година се воделе жестоки борби на врвот Кајмакчалан на планината Ниџе, при што од 12 до 30 септември загинале над 4.600 војници од српската армија и околу 3.200 војници од бугарската армија. Според српските историски извори, српската армија била распоредена на планината, на просечна надморска височина до 2.000 метри. На десното крило, од Вардар до Кожуф, дејствувала Првата армија со Моравската дивизија, од Кожуф до Кајмакчалан била распоредена Втората армија со Тимочката дивизија, а од Кајмакчалан до Лерин била распоредена Третата армија со Дринската дивизија. Вкупно, српската армија располагала со 122.600 војници, вооружени со 100.000 пушки, 9.000 карабини, 5.000 автоматски пиштоли, 288 митралези, 12 брзострелачки полски артилериски дивизиони, шест ридски дивизиони, 12 батерии со хаубици од 12 милиметри, 10.000 коњи префрлени од Крф, 25.000 коњи добиени од Франција, 4.320 транспортни запреги, 300.000 гас-маски итн.[13]

Битката на Кајмакчалан започнала на 17 август 1916 година, кога бугарската Прва армија започнала офанзива, со цел да ги заземе јужните падини на Ниџе. Во нападот, бугарската армија употребила 62 баталјона, 122 митралези, 12 коњички ескадрони и 53 топовски батерии. Утрото, Бугарите го нападнале левото крило на Дунавската дивизија, со која командувал полковникот Миливое Анѓелковиќ – Кајафа и до мракот избиле на линијата од десниот брег на реката Брод преку Петорачки Вис до железничката станица во Лерин. Во борбите што се воделе од 17 до 30 август, српската војска имала 907 мртви, 3.270 ранети и 730 исчезнати војници. Силните борби продолжиле и во текот на наредните недели, па на 8 септември началникот на штабот на врховната команда на српската војска, генералот Петар Бојовиќ, дал наредба Втората армија по секоја цена да го освои гребенот Козјак-Ниџе. Пробивајќи се под силен оган на бугарската артилерија, на 18 септември 1916 година, околу 19 часот, српската војска го зазела Кајмакчалан.[12]

Потоа, бугарската армија извршила прегрупирање на силите и вклучила дополнителни осум баталјони, настојувајќи да преземе противнапад. Оттука, на 26 септември, Дринската дивизија ги загубила Кочобеј и дел од највисоката кота на Кајмакчалан, но делови од српската војска успеале да се задржат во близината на врвот. Според српските извори, Дринската дивизија имала над 1.250 тешко ранети војници и офицери, па српската врховна команда веднаш испратила засилување. Сепак, наспроти српските барања, генералот Кордоние не ја активирал француско-руската армија, па затоа, на 30 септември, во офанзива на Кајмакчалан тргнала само српската Трета армија под команда на полковникот Милош Васиќ. Прва во јуриш тргнала Дринската дивизија, заземајќи го Старков Гроб, а потоа и врвот Кајмакчалан, но во борбите загубила 3.800 војници. Притоа, според српската воена евиденција, за време на борбите на Кајмакчалан, од 30 август до 23 септември, српската војска имала загуби од 4.438 војници и 39 офицери.[13]

Според бугарските историски извори, клучната борба за Кајмакчалан започнала на 15 септември 1916 година попладнето, кога српската војска се приближила до позициите на кои биле стационирани четири бугарски артилериски батерии. Притоа, Дринската дивизија го напднала Кајмакчалан со поддршка на 50 тешки артилериски орудија и со многу минофрлачи. Како резултат на тоа, српските војници успеале да ги преминат дури и жичените пречки поставени пред бугарските ровови, но по противнападот на 11. Сливенски полк, српските сили биле одбиени, со големи загуби. На 16 и 17 септември, Србите повторно го нападнале врвот, но бугарската војска успеала да ги одбие нападите, иако со големи загуби. Особено биле тешки загубите на 11. Сливенски полк, кој ги загубил сите подофицери и голем дел од офицерите. Затоа, за одбрана на Кајмакчалан биле испратени Шипченскиот и дел од 23. полк.[14]

Осмата тунџанска дивизија, која го бранела фронтот во должина од 60 километри, била нападната од четири српски и една француска дивизија, како и една руска бригада. Притисокот врз бугарската одбрана особено се засилил по нападот на француските и руските единици на потегот Бигла – Арменохор, така што, на 18 септември, француската војска го зазела Лерин. Истовремено, на 18 и 19 септември, за време на жестоките напади на Кајмакчалан, 11. Сливенски полк ги загубил сите командири на чети и половина од војниците. Сепак, и српската војска имала тешки загуби и не успеала да ја заземе втората линија на бугарската одбрана. На 20 септември, по претходна артилериска подготовка, Србите повторно го нападнале Кајмакчалан, но бугарската војска го одбила и тој напад. Три дена подоцна, Србите успеале да стигнат на само 50 метри од врвот, но и тој напад бил одбиен, со големи загуби на двете страни. Истиот ден, во 16 часот, српската војска го обновила нападот, но била вратена назад со бочен противнапад од страна на резервите на бугарската војска. Со големи загуби, српските сили се повлекле, но на 24 септември бугарската одбрана повторно била изложена на силен артилериски оган. На 25 септември, српските сили пак се доближиле на само 100-150 чекори до бугарските ровови на Кајмакчалан, но повторно биле одбиени, претрпувајќи огромни загуби. Според бугарските воени извори, тоа бил последниот воен успех на бугарската војска на Кајмакчалан. Во следните три дена, бугарската одбрана била изложена на силен артилериски оган, така што на врвот останале само малку бугарски војници способни за борба. Така, на 30 септември 1916 година, во бугарскиот 46. пешачки полк останале живи само еден офицер и 86 војници! Како последица на тоа, во 13 часот и 30 минути српската војска го зазела Кајмакчалан,[15] по што продолжила да напредува кон Старков Гроб.[14][16]

Сведочејќи за крвавите борби на Кајмакчалан, швајцарскиот криминолог д-р Рудолф Рајс, во својот дневник, на 26 септември 1916 година, запишал: „Некаде до месноста Старков Гроб на Ниџе, стотици трупови, немаше време да се закопаат сите жртви на оваа кланица и рововите се полни. Телата останале во положбата во која ги изненадила смртта... Насекаде околу нас страв и ужас. Борбата на Кајмакчалан траеше три часа, метеж кој не може да се опише. Низ чад и магла се гледа како светкаат бајонетите и се слушаат експлозии од бомби... На висина од 2.525 метри, на овој гол простран терен, лежат стотици трупови. Нивна покривка се облаците и маглата што ги дува ветерот, а големите јастреби и гаврани крстосуваат над нив за да се најадат од нивното распаднато месо.“[14]

Веднаш по заземањето на Кајмакчалан, српската војска започнала да гради споменик, кој во 1928 година бил претворен во црква, осветена заедно со костурницата во која се чуваат коските на дел од загинатите војници.[14]

Жртви[уреди | уреди извор]

Силите кои учествувале во борбите на Македонскиот фронт ги дале следните жртви:

  • 150.000 загинати,
  • 330.000 ранети и
  • 100.000 исчезнати припадници на завојуваните страни.

Жртвите што ги дал македонскиот народ никаде не се забележани како македонски, иако населението било насилно мобилизирано: во српската војска околу 60.000, во бугарската околу 133.887 и во грчката околу 20.000 Македонци. Вкупно, во Првата светска војна биле мобилизирани околу 213.000 Македонци[17].

Македонскиот фронт како тема во уметноста[уреди | уреди извор]

Галерија[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Villari 1922, стр. 206.
  2. 2,0 2,1 „Архивиран примерок“. Архивирано од изворникот на 2015-11-18. Посетено на 2015-05-19. turkeyswar, Campaigns, Macedonia front.
  3. Military Casualties-World War-Estimated," Statistics Branch, GS, War Department, 25 February 1924; cited in World War I: People, Politics, and Power, published by Britannica Educational Publishing (2010) Page 219. Losses for Bulgaria in the whole war are given as 266,919 (including killed and died 87,500; wounded 152,930; Prisoners and missing 27,029). Bar 30,250 casualties in the Romanian Campaign and 37,000 casualties in the Serbian Campaign, all these losses were taken on the Salonika Front.
  4. T. J. Mitchell and G.M. Smith. "Medical Services: Casualties and Medical Statistics of the Great War." From the "Official History of the Great War". Pages 190-191. Breakdown: 2,797 killed, 1,299 died of wounds, 3,744 died of disease, 2,778 missing/captured, 16,888 wounded (minus DOW), 116,190 evacuated sick (34,726 to UK, 81,428 elsewhere) an unknown proportion of whom returned to duty later. A total of 481,262 were hospitalized for sickness overall.
  5. Military Casualties-World War-Estimated," Statistics Branch, GS, War Department, 25 February 1924; cited in World War I: People, Politics, and Power, published by Britannica Educational Publishing (2010) Page 219. Total casualties for Greece were 27,000 (killed and died 5,000; wounded 21,000; prisoners and missing 1,000)
  6. Ministero della Difesa: L’Esercito italiano nella Grande Guerra (1915-1918), vol. VII: Le operazioni fuori del territorio nazionale: Albania, Macedonia, Medio Oriente, t. 3° bis: documenti, Rome 1981, Parte Prima, doc. 77, p. 173 and Parte Seconda, doc. 78, p. 351; Mortara, La salute pubblica in Italia 1925, p. 37.
  7. Losses are given as follows for 1916 to 1918. Macedonia: 8,324, including 2,971 dead or missing and 5,353 injured. Albania: 2,214 including 298 dead, 1,069 wounded, and 847 missing.
  8. Мира Радојевиќ, Љубодраг Димиќ, Србија у Великом рати 1914 -1918, Слово љубве - Буквибукс, Скопје, 2018, стр. 246 -263.
  9. Н. Поповић, Антанта и српско-бугарски односи у Првом светском рату, стр. 101-125.
  10. Мира Радојевиќ, Љубодраг Димиќ, Србија у Великом рати 1914 - 1918, Слово љубве - Буквибукс, Скопје, 2018, стр. 322
  11. Петар Опачић, „Слом Централних сила на балканском ра¬тиш¬ту 1918. године. Пробој Солунског фронта“, стр. 286-287
  12. 12,0 12,1 „Само Македонците немаат споменик иако гинеле од двете страни на фронтот!“, Публика - неделен политички прилог, број 300, сабота, 24 септември 2016, стр. 6.
  13. 13,0 13,1 „Само Македонците немаат споменик иако гинеле од двете страни на фронтот!“, Публика - неделен политички прилог, број 300, сабота, 24 септември 2016, стр. 6-7.
  14. 14,0 14,1 14,2 14,3 „Само Македонците немаат споменик иако гинеле од двете страни на фронтот!“, Публика - неделен политички прилог, број 300, сабота, 24 септември 2016, стр. 7.
  15. Мира Радојевиќ, Љубодраг Димиќ, Србија у Великом рати 1914 -н1918, Слово љубве - Буквибукс, Скопје, 2018, стр.
  16. Жанета Здравковска, „Не сум ни Бугарка ни Србинка, јас сум Македонка и ми е смачено од војни!“, Дневник, година XX, број 6174, понеделник, 26 септември 2016, стр. 6-7.
  17. „Македонија и Големата војна“ (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2018-11-13. Посетено на 2018-11-10.
  18. Славко Јаневски, Евангелие по Итар Пејо. Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 63.
  19. Славко Јаневски, Евангелие по Итар Пејо. Скопје: Кочо Рацин, 1966, стр. 64.