Зовиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Зовиќ
Панорама на селото Зовиќ.jpg

Целосна панорамска фотографија на селото Зовиќ

Зовиќ се наоѓа во Republic of Macedonia
Зовиќ
Местоположба на Зовиќ во Македонија
Координати 41°07′00″ СГШ 21°42′47″ ИГД / 
Регион Logo of Pelagonia Region.svg Пелагониски регион
Општина Coat of arms of Novaci Municipality.svg Општина Новаци
Население 31[1] жит.
Пошт. бр. 7211
Повик. бр. 045
Надм. вис. 721 м
Слава Митровден
Commons-logo.svg Зовиќ на Ризницата


Зовиќ или Зович, на месен народен говор Бзовиќ — село во битолскиот дел на областа Мариово во рамки на Општина Новаци и пошироката околина на градот Битола.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Глетка на селото Зовиќ со врвот Кајмакчалан на планината Ниџе во позадината
Поглед на Зовичкиот мост

Селото Зовиќ се наоѓа во средишниот дел на областа Мариово. Припаѓа на Општина Новаци и со тоа влегува во рамки на пределот на битолско Мариово. Сместено е на една карпеста зарамнетост веднаш над самиот лев брег на Градешка Река. Расположено е на надморска височина од 725 метри помеѓу два ридски гребени на југ и север на чиј врв е изградена малата црквичка Свети Атанасиј, во подножјето на висорамнината Добро Поле. Иако куќите на селото лежат во благо зарамнетото подножје помеѓу двата ридови, според надморската височина Зовиќ е ридско село.

Крај селото веднаш по познатиот Зовички мост, Градешка Река која извира и дотекува од планината Ниџе навлегува во карпеста клисура од каде кај местноста Еленик се спојува со реката Сатока која потоа се влева во Црна Река. Од градот Битола е одалечено околу 70 километри[2] во источен правец и е поврзано со колски пат кој се одвојува како крак од асфалтниот пат кој оди преку селата Рапеш и Маково.

Преку велосипедска и пешачка патека кон север во должина од 11 километри или 3 часа одење пеш минувајќи преку реките Градешка и Сатока, Зович е поврзано со селото Манастир во прилепскиот дел на Мариово. По оваа патека минуваат големата велосипедска и пешачко-планинарската тура во рамки на фестивалот Mariovo Off-Road Experience.

На средина од самото село има кладенец со многу питка и студена вода, а во селото има повеќе чешми и извори. Во селото има голем број на оревови и сливови дрвја, смокви, дабови, тополи и нискостеблести грмушки. Атарот на селото Зовиќ зафаќа прилично голем простор од 22,3 км² и административно катастарски е разделен на два дела: Зовиќ I и Зовиќ II.[2] Така, атарот на Зовиќ I се допира до просторот на територијата на Општина Прилеп на север, а атарот на Зовиќ II во кој е расположен на надморска височина од 680 метри се допира со државната граница со Грција на југ. На атарот преовладуваат пасиштата на површинаод 1.128,9 ха, на обработливото земјиште отпаѓаат 644,8 ха, а на шумите 257,8 хектари.[2]

Месности и предели во атарот на Зовиќ се: Еленик, Долго Брдо (веднаш на југ од селото), Марита (веднаш на север од селото), Момилот, Булјак, Длабок Дол, Песјо Поле, додека кон Чебрен и Црна се потезите Дункова Стена, Војник, Доќимот Брдо.

Историја[уреди | уреди извор]

Панорама на дел од селото

Според народното предание кое се раскажува помеѓу мештаните, селото односно претците кои го основале три пати се преселувале на три различни места пред конечно да се населат на сегашната местоположба. Најпрвин родовите живееле на месноста на ридот Душегубец помеѓу Старавина и Градешница, потоа се преместиле во месноста Лениште, од каде повторно се иселиле при што според верувањата, еден дел од луѓето заминале и го основале селото Лениште кај Прилеп, а другиот дел се населиле на сегашното место на Зович[3].

Во минатото селото се викало Лениште и се наоѓало во месност оддалечена околу 500 метри од сегашното село. Меѓутоа за време на турското владеење селото било опљачкано и запалено поради што неговите жители биле принудени да се преселат на друго место, околу една чешма која селаните ја викале Бзовиќ и се наоѓала на местото на денешното село при што на тој начин било основано и населено денешното село Зовиќ. Се претпоставува дека ова преместување, односно основањето на сегашното село Зовиќ се случило во XVII век, кога била изградена и малата еднокорабна црква Свети Атанасиј која се наоѓа на врвот на ридот веднаш над самото дело. На месноста на старото село која е во службените и административни катастарски евиденции е посебно заведена и позната како Зович I, селаните долго време подоцна сѐ уште оделе и обработувале земја, садејќи компир и ја терале стоката на напасување.[4]

Дека селото Зовиќ постоело во средновековниот период уште кон крајот на XV век и средината на XVI век сведочат отоманските (турски) пописни и даночни дефтери кои во 1476/77 забележале 18 семејства, во 1481/82 попишале 28 домаќинства, за потоа да бележат пораст на 50 домови во 1519 година, 57 домаќинства во 1528/29 и опаѓање на 40 во 1544/45 година.[5]

Во својот запис објавен во „Цариградски весник“ под наслов „Споменик за села називаеми Мориево прилепско. Статистическо описание“ на 21 ноември 1859 за селата во Мариово, македонскиот просветител Јордан Хаџи Константинов-Џинот селото Бзовиќ погрешно го запишал со името Взоид наведувајќи дека има 65 куќи и стара црква[6].

Во XIX век селото Зовиќ било едно од мариовските села во кое било најголемо влијанието на грчката пропаганда.[7] Но, додека на делови од оштетениот живопис во малата црква Св. Атанасиј над селото се забележуваат натписи на грчко писмо, во главната селска црква изградена во 1862 година, а по големите оштетувања во Првата светска војна возобновена во 1927, има натписи само на старословенско писмо и книги на црковнословенски јазик. Поради жестоките борби на линијата на фронтотот, селото Зовиќ со уште неколку села во битолско Мариово до темел биле разурнати за време на Првата светска војна.[8]

Селото растело по бројот на жители и домаќинства сѐ до шеесетите години на ХХ век, кога започнал бран на иселувања кој придонел за особено забележителен пад на бројот на жители по 1971 година. Во седумдесетите години селото добива и струја, што пак не го спречува процесот на иселување и раселување.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Плоча со натпис за изградбата на црквата Св. Никола во која името на селото го пишува како Бзоиќ

Иако во службената и административна употреба селото е заведено и познато како Зовиќ или Зович, мештаните кои што живеат во него го нарекуваат Бзовиќ . Како Бзоик селото е запишано односно исклесано на плочата во селската црква „Св. Никола“ каде на старословенско писмо се запишани податоците за нејзината изградба од 30 октомври 1862 година. Името на селото е добиено најверојатно по името на една чешма (извор) која се наоѓала во денешно Зовиќ, а која селаните на тогашното старо село Лениште ја викале Бзовиќ поради тоа што околу неа имало многу боз. Грмушки од растението бозел и денес се наоѓаат во самото село и пошироко на атарот на Зовиќ. Оттаму, од името на растението боз или бозел доаѓа основата на името на селото (Б)зовиќ со значење на место обраснато со боз (спореди со топоними како буковиќ, липовиќ, дабовиќ итн.).

Стопанство[уреди | уреди извор]

Според составот на селскиот атар Зовиќ има поледелско-сточарска функција.[2] Малубројното преостанато постојано население, како и дел од иселениците и некогашни жители кои ги посетуваат своите имоти, се занимаваат со земјоделство односно со градинарство исклучиво за задоволување на сопствени потреби. Од градинарството најмногу се одгледуваат краставици, кромид, марули, лук, домати (патлиџани) и грав. Поради тоа што обработливата земја во градините е многу тенок слој на почва црница и лежи врз карпи краставиците и другите плодови иако се со помала големина се одликуваат со многу убав и специфичен вкус. Во самото село и непосредната околина на повеќе ниви се одгледува и компир, а во помала мерка и жито, најмногу пченица и 'рж. Од сточарството најзастапено е одгледувањето на овци и крупен добиток како крави и телиња во помал број, од чие млеко се прави познатото мариовско биено сирење, кое самите Мариовци го нарекуваат „тепано“. Од сточарството во помала мерка се одгледуваат и кози. На самиот влез на селото по колскиот пат од јужната страна има сточарска фарма, а на атарот на селото постојат и повеќе бачила од кои само неколку активно се користат и работат произведувајќи овчо и мешано биено сирење. Во минатото селото многу произведувало тутун, од кој од една годишна берба се купувало и телевизор, се саделе и слануток, винова лоза и др. Сите куќи одгледуваат и доста живина односно кокошки и мисирки. Во селото има голем број на оревови дрвја кои раѓаат многу јадри и благи ореви. Од неодамна на сретселото во Зович постои и „етно-куќа“ која е отворена за посетителите со новоизградени сместувачки капацитети со 3 соби со 12 нови легла и голем ресторан.

Население[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002, селото брои 31 жител, сите Македонци.[1]

Селото Зовиќ од секогаш било населено исклучиво со Македонци, а од шеесетите години на ХХ век бележи постојан пад на бројот на населението при што се наоѓа во состојба на раселување. Во 1953 година селото броело 356 жители, а во 1961 година пораснало на 388 жители со што било средно по големина.[2] Веќе во 1994 година бројот на жители се намалил дури на 54 жители,[2] а во 2002 на 31 жител.

Моментално во селото постојано живеат 7 домаќинства со дваесетина жители. Голем број на поранешни иселени жители и нивни потомци сѐ уште поседуваат и ги посетуваат своите куќи, од кои дел се обновени, а дел ги обработуваат и своите имоти. За време на летниот период, селските празници и одржувањето на Зовичката средба во селото има и до стотина луѓе.

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[9] 1905[10] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 420 320 338 356 388 317 145 56 54 31
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[11]

Родови[уреди | уреди извор]

Во селото Зовиќ од секогаш па сѐ до денес живееле исклучиво Македонци од православна христијанска вероисповед. Скоро сите родови во селото се старинечки односно староседелски преселени од старото село Лениште или Зович. Можно е некои од селските родовите да потекнуваат и од блиското одамна раселено село Чебрен. Преостанатите жители кои денес живеат во Зовиќ припаѓаат на следните македонски родови: Скаклевци кои се староседелци дојдени од старото село Лениште или Зович I како деленици од 3 браќа дамнешни прадедовци.[4] Староседелци и најверојатно нивни деленици се и родот Секилковци чиј предок дедо Богдан е насликан како еден од ктиторите на селската црква. Исто така старинци се и родот Ангелевци чиј предок дедо Анѓеле е исто така насликан во селската црква како ктитор. Староседелски родови во Бзовиќ се Мијаковци кои немаат мијачко потекло туку родовскиот прекар го добиле по тоа што „нивните дедовци сточареле и оделе со Мијаците[12], Дамевци, Мојановски . Останати македонски родови во Зович се Недановски, Каровци,[4] Кулевски кои можно е да припаѓаат или да се во подалечна роднинска врска со познатиот мариовски македонски род Кулевци од блиското мариовско село Крушевица преку Црна Река од кои потекнува познатиот војвода Толе Паша, Стојковски, Митревски, Костевски. Поради непосредната близина брачни врски најчесто се склопувале со девојки од селата Чаниште („една мома зеле, десет моми дале“), Манастир, Старавина, Градешница, но и од подалечните места како Живојно („две моми зеле, две моми дале0“).

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на големата Општина Новаци, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Старавина.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Битола. Селото припаѓало на некогашната општина Мориово во периодот од 1955 до 1965 година.

Во периодот 1952-1955, селото исто така било дел од некогашната Општина Старавина, во која покрај селото Зовиќ, се наоѓале и селата Будимирци, Градешница, Групиште и Старавина. Општината Старавина постоела и во периодот 1950-1952 година.

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Зовичкиот мост на Градешка Река
Поглед на главната селска црква „Св. Никола“
  • Зовички мост — познатиот лачен камен мост преку Градешка Река на кој се снимени сцени од играниот филм Прашина на познатиот македонски режисер Милчо Манчевски, кој бил воодушевен од глетката. Мостот е изграден во 1955/56, на местото на стариот дрвен мост, кој се преполовил под товарот на некој мештанин, селанец кој водел претоварена воловска кола. Веднаш потоа е изграден новиот постоечки мост од мајсторот Џуладин од Струга. Во непосредна близина на мостот на една висока карпа е насликана фреска од светецот Свети Ѓорѓи, која е остаток од пештерното црквиче кое постоело таму, а веднаш до него постои и возобновена воденица. Преку мостот секоја година поминуваат големата велосипедска и планинарската пешачка тура во рамки на фестивалот Mariovo Off-Road Experience.
Цркви[13]
Манастири
  • Чебренски манастир — средновековен манастир составен од 2 цркви „Св. Димитриј“ и „Св. Спас“ веднаш на десниот брег на Црна Река во некогашното раселено Чебрен, денес во рамки на атарот на Зовиќ.

Редовни настани[уреди | уреди извор]

  • Митровден — (08.11.) селска слава на која се одржува голем црковно-народен собор.
  • Свети Никола „Летен“ („Талалеј“) — на крајот на мај или почеток на јуни. Била стара селска слава и патронен празник на црквата, која според кажување на жителите поради големи трошоци и расипување на храната била заменета со Митровден, но сепак сѐ до денес останало обичај празникот да се прославува со колење на јагне и делење на ручек во селската црква[14].
  • Свети Атанасиј (Летен) — во првата половина на месец мај се празнува со собор во малата црквичка посветена на Свети Атанасиј на врвот на ридот над селото.
  • Зовичка средба — средба на сите сегашни и некогашни иселени жители и нивните потомци со културно-забавна програма која вообичаено се одржува во месецот мај во склоп на прославата на празниците Свети Атанасиј или Свети Никола.
  • Mariovo Off-Road Experience — секоја година на крајот од месец мај, големата велосипедска и планинарско-пешачката тура од фестивалот минуваат и го посетуваат селото Зовиќ.

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Недопрената природа на селото Зовиќ која изобилува со прекрасни глетки придонесува тоа да е познато во културата и спортот во Македонија и пошироко. Во однос на културата во селото Зовиќ на познатиот Зовички мост се снимани сцени од играниот филм Прашина на најпознатиот македонски режисер Милчо Манчевски, додека во однос на спортот во рамки на фестивалот Mariovo Off-Road Experience селото Зовиќ се посетува од велосипедистите и планинарите.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Во подамнешното минато иселеници од Зовиќ се забележани во блиските села Старавина и Градешница. Во поново време во втората половина на ХХ век, жителите на Зовиќ најмногу се иселиле во Битола, Скопје, помал број и во Прилеп, а значаен дел и во прекуокеанските земји во Австралија и САД.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“. Завод за статистика на Македонија. 2002. http://www.stat.gov.mk/Publikacii/knigaX.pdf. конс. 30 март 2013 г. 
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 Панов, Митко (1998) (на македонски). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 132. 
  3. Според кажување на Миле Скаклевски (р. 1938). Забележал Марио Шаревски на 7 мај 2016
  4. 4,0 4,1 4,2 Според кажување на Миле Скаклевски (р. 1938) и Сава Скаклева (р. 1936) од селото Зовиќ. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Ѕвонко Петровски на 30 мај 2015
  5. Стојаноски, Александар (1994) (на македонски). Мориово во XV-XVI век (Осврт на економско-општествените прилики). Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен. Прилеп: Друштво за организирање на мариовско-мегленски средби и ДНУ Битола. стр. 65–73. 
  6. Хаџи Константинов - Џинот, Јордан (1859). Блаже Конески. уред. Споменик за села називаеми Мориево прилепско, Статистическо описание. „Избрани страници“. Цариград: Цариградски Весник. стр. 97. 
  7. Башески, Илија. Мариово и Меглен - Природни и социо-економски карактеристики. во: Фолклорот и етнологијата на Мариово и Меглен, Зборник на материјали од научниот собир одржан во Прилеп и Витолиште 24, 25.05.1990. Прилеп, 1994. стр. 55
  8. Сталев, Ѓорѓи (1990) (на македонски). Мариово низ вековите (Зборник „Мариово-Меглен: вчера, денес, утре“ издание). Витолиште: Друштво за организирање Мариовско-мегленски културни средби. стр. 57. 
  9. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  10. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  11. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика. http://makstat.stat.gov.mk/PXWeb/pxweb/mk/MakStat/MakStat__Popisi__PopisNaNaselenie__PopisiNaseleniMesta/Popisi_nm_1948_2002_NasPoVozrPol_mk.px/?rxid=46ee0f64-2992-4b45-a2d9-cb4e5f7ec5ef. 
  12. Радовановиќ, Воислав (1932). Мариовци у песми, причи и шали. Скопје: Скопско научно друштво. стр. 2. 
  13. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  14. Според кажување на Миле Скаклевски (р.1931) и Сава Скаклева (р.1933) од селото Зовиќ. Забележале Марио Шаревски, Тони Ристовски и Ѕвонко Петровски на 30.05.2015

Надворешни врски[уреди | уреди извор]