Чебренски манастир

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Чебренски манастир
Поглед на манастирот
Информации
Целосно имеЧебренски манастир
Други имињаМанастир „Свети Димитриј“
Манастир на:МПЦ - ОА
ОснованXIV век
Посветен наСвети Димитрија Солунски
ЕпархијаПреспанско-пелагониска
ЦрквиЦрква „Св. Димитриј
Црква „Вознесение Христово“
Личности
Место
МестоЧебрен, Општина Новаци Македонија Македонија
Координати41°07′58.2″N 21°40′47.7″E / 41.132833° СГШ; 21.679917° ИГД / 41.132833; 21.679917Координати: 41°07′58.2″N 21°40′47.7″E / 41.132833° СГШ; 21.679917° ИГД / 41.132833; 21.679917
Видливи остатоцидве цркви, конак, амбар
Отворен за јавностда
Други информации(Старавинска парохија)

Чебренскиот манастирманастир во јужниот дел на Македонија, на местото на историското село Чебрен.[1] Манастирот бил доста познат по своето училиште и богатата библиотека.[2]

Местоположба[уреди | уреди извор]

Манстирот се наоѓа во Скочивирската Клисура, во рамките на второто предградие на средновековниот град Чебрен, на десниот брег на Црна Река.[3] Тој се наоѓа кај археолошкото наоѓалиште Тумба Чебрен на издвоена вулканска купа (тумба), на околу 140 м над реката и недалеку од селото Зовиќ.[4]

Историја[уреди | уреди извор]

Чебренскиот манастир потекнува од првата половина на XIV век, време во коешто Македонија потпаднала под отоманска власт.[3] Во 1530-тите години, под надлежност на Охридската архиепископија имало 33 епархии, од кои на територијата на Македонија имало 12 епархии. Манастирот најверојатно припаѓал на Битолската или на Пелагониската епархија.[5] Во цутот на развојот, во сопственост на манастирот влегувале воденици со 12 воденички камења, многу стока (овци, кози и крупен добиток), како и ниви, ливади, големи површини со шуми и пасишта. Во XVIII век, манастирот имал свое ќелијно училиште во коешто се учело на старословенски јазик, а во него се подготвувале свештеници кои вршеле служба по црквите низ областа Мариово. Манастирот бил многу развиен сè до првите декади на XX век.[6]

Манастирот низ историјата повеќе пати бил обновуван поради честите опожарувања, грабежи и разрушувања. Постои податок дека за време на Првата светска војна биле срушени четири објекти коишто веројатно биле конаци, една плевна, казанџилница, четири амбари, две воденици, како и црквата „Вознесение Христово“.[7]

Градби[уреди | уреди извор]

Во склоп на манастирот влегуваат две цркви, конак и амбар. Сочувани се и остатоци од конаци северозападно и западно од црквата, како и делови од оградниот ѕид на манастирот.[8]

Влезна порта[уреди | уреди извор]

Влезната порта е изградена од прецизно обликуван делкан камен. Во источниот дел од оградниот ѕид е насликано украсување коешто потекнува од 1879 година. На камениот ѕид над влезната порта има малтерисана површина со правоаголен облик на којашто има три ниши. Нишата насреде е поголема од страничните. Во неа има фреска на којашто е живописан Свети Димитриј на коњ во одбрана на градот Солун. Тој е претставен во војнички панцир со развиорена наметка и качен на црвен коњ. Во десната рака држи копје, а во левата уздите на коњот. Позадината на фреската содржи дел од архитектурата на Солун, односно одбранбен ѕид и веројатно црквата „Св. Димитриј“ во Солун, а на небото е прикажано сонце. Околу надворешните рабови, нишата е украсена со ритмичко цветно украсување во светлосина боја. Истото украсување се јавува и кај страничните ниши. Во јужната ниша има фреска на којашто е прикажан Архангел Михаил како држи меч во десната и отворен свиток во левата рака. Текстот на фреската е испишан со старословенски букви. Во северната ниша има фреска на којашто е насликан Архангел Гаврил со перо во десната и отворен свиток во левата рака. Основната боја на оваа ноша е ултрамарин. Текстот исто така е испишан со старословенски букви. Од внатрешната страна на лаците кај сите три ниши има растително (цветно) украсување. Над бордурата околу страничните ниши насликан е по еден цветен мотив со виолетово-црвена боја. Меѓу средната и јужната ниша на рамната ѕидна површина е испишана годината на живописувањето, т.е. 1879, а се среќаваат и остатоци од имињата на дарителите.[9]

Конак[уреди | уреди извор]

Единствениот сочуван манастирски конак бил изграден во 1935 година и се наоѓа јужно од манастирската црква.[8]

Црква „Св. Димитриј“[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Црква „Св. Димитриј“ - Чебрен.

Главната манастирска црква е посветена на Свети Димитриј.[10] Во минатото, таа била доста богата и голема црква, а денес е обновена со помали димензии и сè уште се видливи темелите на стариот храм. Нејзиниот иконостас потекнува од XV век, а бил обновен во XIX век. Од првобитната градба, која била трибродна базилика, сочувана е средишната длабока апсида којашто била обновена над рановизантиската во XIV век со димензии од 2,4 м и дел од источниот ѕид.[7]

Црква „Вознесение Христово“[уреди | уреди извор]

Црквата се наоѓа во близина на манастирскиот комплекс и е изградена на карпест предел. Таа е мала еднокорабна црква со димензии 6,30 х 4,30 м и висина од 2,80 м, а има полукружна апсида на источната страна. Градена е од делкан камен и кал, а оад надворешната страна со фугован варов малтер. Внатрешноста е поделена со дрвена олтарна преграда на два дела. Сите четири ѕидови од наосот и олтарниот простор се фрескоживописани. Според сознанијата и стручната литература, фреските потекнуваат од XVI век, а сочувани се на површина од 60 м2.[10][11]

Археолошки наоди[уреди | уреди извор]

Со археолошките истражувања спроведени на просторот на манастирот е утврдено дека во доцната антика била изградена тврдина со слични димензии, а во пониските делови на југ започнала да се развива населба која била опфатена со истиот одбранбен ѕид (обѕидие). Просторот бил обѕидан наоколу и зајакнат со повеќе кули. Врз основа на остатоците е добиена информација дека имало планско градско оформување со големина од 5 ха. Во средишниот дел на населбата бил изграден базиликален храм веројатно во V-VI век, чии темели и мермерни делови се среќаваат и денес околу средновековната црква. Мермерните делови веројатно се столбчиња од мермерна иконостасна преграда, но постојат и остатоци од столбови, капители и основи изработени од камен коишто веројатно потекнуваат од наосот на базиликата.[12]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. стр. 24. ISBN 978-608-65143-2-7.
  2. Анета Стефановска, Науме Ѓоргиевски (2010). Библиотеките во црквите и манастирите во Преспанско-пелагонискиот регион (македонски и англиски). Битола: Национална установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“. ISBN 978-608-4538-18-9.
  3. 3,0 3,1 „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 10.
  4. „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 6.
  5. „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 13.
  6. „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 4, 6.
  7. 7,0 7,1 „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 12.
  8. 8,0 8,1 „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 19.
  9. „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 16-17.
  10. 10,0 10,1 Чебрен“. Мој Роден Крај.
  11. „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 20.
  12. „Макриевска, О. (2014). „Експертски извештај за историските знаменитости во општина Новаци“. Проект „Жива историја — жива природа. стр. 8.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]