Прејди на содржината

Зграда на Агенцијата за катастар (Прилеп)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Зграда на Агенцијата за катастар
Куќата на бр. 149
Карта
Општи податоци
Статусспоменик на културата
Видкуќи
Стилнеоклсицизам, необарок
ГрадПрилеп
Земја Македонија
Завршенапрва половина на XX век
Технички податоци
Катови2

Зграда на Агенцијата за катастар — административна зграда во градот Прилеп, прогласена за значајно културно наследство на Македонија.[1]

Историја

[уреди | уреди извор]

Зградата е сместена на улицата „Александар Македонски“ бр. 147 и 149. Се состои од две функционално поврзани градби изградени во текот на првата половина на XX век како одделни куќи. Изградени се во различно време од различни градители.[1]

Архитектура

[уреди | уреди извор]
Куќата на бр. 147

Куќите се типични претставници на архитектурата од почетокот на XX век и се изградени во неокласичен стил со елементи на необарок. Особено се истакнуваат југоисточните фасади. Куќата на запад (бр. 149) се состои од приземје и кат, има квадратна основа и е симетрично решена. Градбата е масивна со ѕидови од полни тули на камено цокле со прозорци. Меѓукатната конструкција е од армиран бетон, а покривната е дрвена со ќерамиди. Приземјето има средишно поставен влез и е издигнато на четири скалила. Станбените простории се распоредени околу седишно сместен салон, на чиј северен крај има скалиште. Предната фасада е богато украсена, особено околу прозорците, кои имаат пиластри обработени со канелури и архитравна завршница.[1]

Источната куќа (бр. 147) е изградена подоцна. Има квадратна основа со симетрично решена основа и предна фасада. Се состои исто така од приземје и кат. Изградена е од полна тула врз камено цокле. Југоисточната фасада е богато украсена слично како соседната куќа. Има раскошни необарокни приодни скали од бел мермер, кои водат до затворен трем со богато украсена врата и два тесни прозорци од страните. Влезот е средишно сместен, а нивото на приземјето е подигнато на пет склаила. Во внатрешноста има средишно поставен салон. Меѓукатната конструкција е од армиран бетон, а покривната е дрвена со ќерамиди. Подоцна е додадена хоризонтална врска со западната куќа.[1]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 „Објект на ул. „Александар Македонски" бр.147 и 149“. Управа за заштита на културното наследство. Архивирано од изворникот на 2016-03-20. Посетено на 3 октомври 2017.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]