Прејди на содржината

Маркови Кули (Прилеп)

Од Википедија — слободната енциклопедија
За други тврдини со истото име, видете Маркови Кули
Маркови Кули

Поглед на Маркови Кули

Карта

Местоположба 41°21′41.76″N 21°32′18.51″E / 41.3616000°N 21.5384750°E / 41.3616000; 21.5384750
Основни податоци
МестоВарош
ОпштинаПрилеп
Тип

 населба


Портал „Археологија“

Маркови Кулиархеолошко наоѓалиште северно од градот Прилеп, над неговото предградие Варош. Претставува населба во која се забележани остатоци од многу културни слоеви од доцниот неолит до XIX век.[1]

На 10 април 2006 година, наоѓалиштето е прогласено за споменик на природата.[2]

Местоположба

[уреди | уреди извор]

Наоѓалиштето се наоѓа во средишниот дел на Македонија, во непосредна близина на градот Прилеп.

Истото е сместено помеѓу четири врвови (Чардак, Крупник, Тапанче и Гребник) и е составено од неколку тераси, удолнини и седла.[1]

Кула и ѕидини на Марковите Кули

На наоѓалиштето се наоѓаат остатоци од ѕидови и кули од еден исклучително голем тврдински комплекс. Според некои истражувања, Маркови Кули се вбројуваат, по просторот што го заземаат, меѓу петте најголеми тврдини на Балканот.[1]

Тврдината е организирана во три одбранбени појаси. Главниот дел се наоѓал на врвот Чардак и на неговите придружни дворови Б и Ц. Подоцна, на овој дел е додаден дворот Д. Вториот појас го опфаќа дворот Е, т.н. Сред Кули, со врвот Крупник во источниот агол и делови од врвовите Гребник и Тапанче на јужната страна. Трет појас претставува дворот Ф, наречен Рамниште, со делови од врвовите Гребник и Тапанче на северната страна. Овој комплекс од три појаса е дефинитивно дооформен во доцниот среден век и во турскиот период. Главната тврдинска порта се наоѓа во дворот Е на северозападната страна. Составена е од надворешен средновековен дел, со траги од фрески, и внатрешен дел од времето на турската окупација. Портата за добитокот и за работа се наоѓала во северниот агол на првиот појас, под еден гранитен масив. Останатите порти ги поврзувале внатрешните меѓупростори. Несомнено барем една од портите морала да биде и во ѕидовите на третиот појас кон Прилеп. Снабдувањето со вода, според досегашните истражувања, се вршело со изворска вода од две цистерни кај ѕидовите на вториот одбранбен бедем, односно во Кула 2 и кај објектот 29 западно од неа. Во дворот Б е откриена цистерна за собирање на атмосферска вода. Најголемата цистерна се наоѓа во Кула 1 во југоисточниот ѕид од третиот појас. Таа се полнела од прелевањето на водата од Кула 2. Изгледа дека со вода од оваа цистерна делумно се снабдувало и подградието на Прилеп, во источниот дел на денешното подградие Варош. Кулите од тврдината се со различен облик, главно во основата квадратни, правоаголни, кружни, овални, капкообразни и неправилни. Денес, познатата тврдина со максимален опсег, со ниски ѕидови и срелници во нив, е изградена во времето на византискиот цар Андроник II.[1]

Во времето на Латинското царство (1204-1261) тврдината ја опфаќала височинката на Чардак и дворовите Б и Ц. Портите на оваа тврдина се наоѓале во северниот дел на дворот Ц и главната во западниот дел на дворот Б, покрај сегашната овална кула. Таа порта е заѕидана во последните децении на XIII век, кога низ кулата 34 е пробиен премин кон дворот Д. Од видните средновековни градежни објекти се издвојуваат резиденцијата и станот на командантот на градот, под врвот Чардак, во дворот А. На една пониска тераса, западно од резиденцијата, во горниот дел на дворот Б се наоѓа поголема правоаголна зграда со траги од последната градежна интервенција во XVI-XVII век. На границата од дворовите Б и Ц со влез од првиот појас наоѓаме поголема повеќекатна кула. Поголеми делови од економски простории, штали и работилници наоѓаме во дворот Ц. Најрепрезентативниот градежен објект, со сложена основа, од типот палата, се наоѓа североисточно од Главната порта. Изградена е во X век. На западните јужни тераси наоѓаме остатоци од феудални дворци. На пунктовите 56 и 86 има една феудална дворска целост составена од станбена и економска зграда, коњушница, ковачница и придворна црква од времето на XII-XIV век. Првото подградие на тврдината го наоѓаме во склопот на третиот одбранбен појас, на локалитетот Рамниште. Во тој дел е откриена еднокорабна црква со пирг на југоисточниот агол. Временски, последниот регистриран објект од поголем формат се наоѓа во дворот Б. Тој објект служел за сместување на овчарите, козите и овците и за изработка на млечни производи. Потекнува од XIX век.[1]

Последната тврдинска фаза со надѕидани и проширени ѕидови потекнува од времето на кралевите Волкашин и Марко. Меѓу репрезентите на градежните објекти на тврдината треба да се смести и комплексот на манастирот Св. Архангел Михаил. Под црквениот под, на еден ѕид на северната страна е откриена композиција од втората половина на XII век. Источно од него, на површината на некогаш вертикално поставената карпа се најдени особено квалитетни фрески од средината на XI век. Под западниот дел на сегашната црква се пронајдени делови од некаква профана градба. Траги од постари градби се пронајдени и во темелите на сегашниот западен конак. Очигледно е дека овој комплекс претставувал двор на византискиот намесник во Прилеп во XI-XIV век. Привремено закалуѓерениот византиски намесник Јован Велики Хартулариј од крајот на XIII век, го претвора дворецот во манастир. По неговата смрт овој комплекс повторно станува дворец. Како дворец им служи на кралевите Волкашин и Марко.[1]

Од средниот век потекнуваат и сликите на карпите под врвот Чардак и дворот А. Најстарите остатоци од тврдината, со траги од градење, разурнувања и обновување, потекнуваат од римско-македонските војни во III-II век пред н.е., а пронајдени се во североисточниот ѕид на дворот Ц. Најстари културни слоеви од разни времиња досега се откриени на врвот Чардак, во дворовите Б и Ц под палатата кај Главната порта. Покрај малобројните фрагменти од керамички садови од доцнонеолитското време се пронајдени и остатоци од бронзеното и од железното време. Мошне е богат хеленистичкиот слој со многубројни фрагменти од керамички садови и градежна керамика. Од тоа време мошне е репрезентативен системот од канали и јами за цедење на грозје и филтрирање на гроздов сок во дворот Б. Тука се наоѓаат и места со отвори во карпа за врзуваwе на четириножни животни со кои го донесувале грозјето. Евидентно е отсуството на наоди од царскиот римски период. Недалеку, под западниот ѕид на третиот одбранбен појас е регистриран ред гробови издлабени во карпа, од VI век.[1]

Многубројни се трагите од куќи во карпите на Маркови Кули, во облик на длабнатини – издлабени лежишта за дрвени диреци, четвртести греди и колци од плет. Покрај овие објекти често се наоѓаат јами за жито, остатоци од печки, корита за перење, за месење на леб и за други потреби, негативи на рачни мелници, дибеци, мали системи за цедење на гроздов сок и друго. Тие остатоци им припаѓаат на куќи од разни времиња и се разликуваат по формата и употребата на дрвената граѓа. Трагите од кружни вдлабнувања за дрвени диреци и колци од плет упатуваат на словенски жители од IX-X век. Од подоцнежни времиwа се куќите со четвртести греди во комбинација со ѕидови со и без кршен камен (XII-XIV век). Траги од дрвени куќи има од предантичкото и претсловенското време. Се издвојуваат куќи со цоклиња издлабени во карпи и печки со форма на јами. Овие објекти се без хронолошка поткрепа на теренот и тешко е временски да се определат. За словенскиот период IX-XI век се врзуваат големата некропола во југоисточната страна на Маркови Кули и општествено-политичкиот центар со трон од камен под седлото на Маркови Кули, во близината на зооглифот Слон.[1]

На археолошкиот комплекс Маркови Кули треба да му се придодаде и локалитетот Поткули на југоисточната страна на Маркови Кули, каде што денес се наоѓаат цистерните на прилепскиот водовод. Овде се пронајдени многубројни фрагменти од керамички садови, одреден број предмети од метал, јами за складирање на жито и бунари, од праисторијата до турската окупација, како и дел од некрополата од XII-XIII век. Посебно се значајни откритијата на многубројните големи јами за складирање на жито од доцниот XIII и од првата половина на XIV век, што зборува за тоа дека во тие времиња на овој простор се наоѓал градскиот магацин за жито. Од истите времиwа има и сегмент од солидно граден пат од камени плочи, широк 2,30 м, над кој е пронајдена калдрма од турскиот период. На ова место во втората половина на XIV век биле извршувани смртните казни со черечење, што било познато во пенологијата на редица европски земји во средниот век, па и подоцна. Делови од черечени тела се пронајдени во in sity положба на коските. По доаѓањето на Турците на ова место (1395) било организирано јадро за металургија, за производство на железо и боени метали. Куќите се во облик на кружообразни земјанки. Во тие земјанки се наоѓаат фрагменти од керамички садови од турскиот период. Тој облик на станбен објект нема аналогија во нашите простори во поранешните периоди. Очигледно е дека потекнуваат од исток. Познато е дека во системот на турските воени формации, како металурзи биле ангажирани Цигани, па така ова место би бил првиот случај на подигање на циганска населба во нашата земја.[1]

Наоѓалиштето низ филмовите

[уреди | уреди извор]

На наоѓалиштето биле снимени следниве филмови:

Maнифестации кои се одржуваат

[уреди | уреди извор]

На Марковите Кули исто така се одржуваат и повеќе манифестации меѓу кои се:

  • Болдеринг маратон
  • Поетско Маркукуле
  • Крали Марко ултра-трејл

Галерија

[уреди | уреди извор]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 283-286. ISBN 9989-649-28-6.
  2. Указ за прогласување на Маркови кули за Споменик на природата (PDF). Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-07. Посетено на 2015-10-29.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]