Трескавец

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Coat of arms of the Macedonian Orthodox Church.png
Macedonian cross.svg
Манастир Трескавец
Treskavec Monastery 02.jpg

Манастирот Трескавец и врвот Златоврв

Македонска православна црква
Епархија Преспанско-пелагониска
Местоположба
Општи информации
Архитектонски опис
Портал

Трескавецманастир во областа Пелагонија, на 10 километри од градот Прилеп. Се наоѓа на надморска височина од 1280 метри, меѓу карпите под Златоврв (1422 м). Во рамките на манастирот се наоѓа и црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Манастирот има свои конаци и трпезарија. Издигнат високо над карпите во планината, дава прекрасна глетка на околните планини Баба, Бабуна и Кајмакчалан, на рамнината Пелагонија, како и на градовите Прилеп, Битола и Крушево.

За манастирот Трескавец се вели дека е најнепристапното и најскриеното светилиште во Македонија, затоа што до него може да се стигне само со пешачење по тесна, кривулеста патека која поминува покрај неверојатни карпи и различни карстни форми. Манастирот Трескавец е еден од најубавите манастири во Македонија и значаен монашки и духовен центар на Охридската архиепископија.

Историјат[уреди | уреди извор]

Манастирската црква во Трескавец

Манастирот Tрескавец е еднокорабна градба, со тристрана олтарска апсида на исток и бочни капели, посветен на Успението на Пресвета Богородица, изградена во XIII век на остатоците на ранохристијанаки храм, кој во XIV век бил обновен и даруван од српскиот Стефан Урош II Милутин. Цар Душан станал ктитор на манастирот после победата над Византија во 1334 година. Манастирот Трескавец бил изграден во текот на отоманската управа над ова подрачје, во архитектонски стил кој се развил под влијание на византиското градежништво. Податоците за изградбата на средновековниот манастир со црквата „Успение на Пресвета Богородица“, за жал, не се зачувани. Единствен извор кој не упатува за неговото постоење од првата половина на XIII век се Трескавечките повелби на Цар Душан, во кои е истакнато дека манастирот бил под јурисдикција на Охридската архиепископија, а во него било практикувано источноправославното монаштво под заштита на византиските владетели. Споменувањето на Душановите претходници, освен во повелбите, е зачувано и во натписот над влезната манастирска врата, каде се насликани фигурите на владетелите Андроник II и Мануил IX. Како дарител на манастирот се споменува и српскиот Стефан Урош II Милутин, а подоцна царот Душан и неговиот син Стефан Урош V. Датирањето на манастирот од почетокот на XIII век се поткрепува и врз основа на архитектонската конструкција на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, која е доградувана во неколку фази.

Во XIX век[уреди | уреди извор]

Портрет на јеромонахот Самуил од манастирот Трескавец, насликан од Дичо Зограф, 1854

Во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година опис на тогашната состојба и прилики во манастирот дава македонскиот револуционер Ѓорче Петров. При самите поли на Златоврв на една мала зарамнетост е манастирот Трескавец или Св. Богородица – еден од старите и богати манастири кај нас[1]. Патникот по патот од Градско за Прилеп, штом се покаже на Плетвар, пред него живописно се издигнува игловидниот Златоврв, во полите на кој што, како залепен за карпите се белее Трескавец. Тој има валчест, макар што неособено широк двор, на сред кој е црквичката. Таа е стара, мала и со три кубиња. Средното од нив е расцепено, треснато од една грмотевица, поради што и манастирот е наречен Трескавец[2]. Од сите страни е заобиколен со згради на 2 ката, со исклучок на јужната страна каде што стои ниска еднокатна стара зграда. Портата е во западниот крај и над неа е издигната камбанаријата[3]. Од Прилеп до манастирот води кривулест, скалест и каменест пат, по кој тешко се оди заседнат на коњ, а од западната страна по земјената западна падина на Златоврв, селаните од околните села Присад, Дупјачани и Небрегово идат во манастирот на чествување, по козји патеки. Манастирот е доста богат. Освен од гостите кои многу го посетуваат како стара светост, многу народ се собира и за панаѓурот на 15-ти август, на кој што доаѓаат луѓе од цело Прилепско, Велешко, Тиквешко и Крушевско, но главните приходи му доаѓаат од движните и недвижните имоти[4]. Тој е под управата на прилепската општина, која од него зема приход за градските училишта 150-200 лири годишно. Во манастирот нема калуѓери[5].

Преданија[уреди | уреди извор]

Поглед од високо на манастирската црква и комплекс

Народната традиција го зачувала споменот за изградбата на манастирот Трескавец. Еве што вели самото предание: „Местото Светец е една ширинка на запад ко ќе одиш од Маркови Кули, пред Црвени Стени пред да дојдиш, широка ледина позната како Светец. Таму сакале мештаниве да го градат манастиров, црквава. Се вели дека тука мајсториве работеле дење, меѓутоа ноќе се забележувала некоја необична светлина која се движела некаде околу полноќ, како да поминува некоја невидлива сила, некој светец кој свети, ќе трепка, ќе замини и оди кон Богоројца. И таму ги најдувале алатите остаени, кај шо е Трескавец сега манастиро. Утрото пак ги земале, пак граделе, нели започната градба, меѓутоа пак, пак истото се случува до вечерта граделе, од вечерта се појавува светлина, утрото алатите ги нема, на два-три пати то се случило, ете божја волја е тука да не се гради и отогаш таја светлина не се појавила. Се верува дека во одреден период во годината, обично во летно време при полна месечина ко ќе биди, некаде пред празнико Св. Илија ако бидиш буден че можиш да ја видиш таа светлина, светецо како врви, само треба да останиш буден во то време, ако бидиш таму на тоа место“.

Народното предание недвосмислено ни говори дека самото име на манастирот Трескавец претставува еден од атрибутите со кој се изразува митолошкиот Громовник кој со христијанизацијата се оваплотува во ликот на пророкот Илија. На тоа не упатува појавата на светецот во вид на светлина и тоа точно пред празникот на најпо.итуваниот огнен светец, громовникот Св. Илија. Ако на тоа додадеме дека веќе научно е докажано дека местото на манастирот било култно светилиште на Аполон, чија хипостаза е христијанскиот светец Св. Илија, тогаш зачуваните претстави во народната меморија за изградбата на манастирот можеме да ги прифатиме за длабока вистина. Врската на самата местоположба на манастирот со трескањето на Громовникот ја забележала и народната метеорологија на опитните Варошани - земјоделци и сточари кои доколку се појават темни облаци од страната на Златоврв велат: „Еве го иди Св. Илија - сигурно ќе грми и треска!“

За трескањето на громот од кое се разрушила едната купола по што манастирот го добил своето име запишал и македонскиот револуционер Ѓорче Петров во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година[6].

Манастирот Трескавец сликан за време на научната експедиција на Загрепската минералошка школа во 1930

Трескањето е меморирано и во едно друго народно предание, запишано од Ј. Хаџи-Васиљевиќ, кој во врска со преименувањето на месноста од Златоврв во Трескавец вели дека откако царицата Кала Марија(Елена), жената на Бајазит посакала да се причести во манастирот, а тоа не ѝ било дозволено од страна на владиката, толку се налутила што наредила да се заколат сите калуѓери (300 на број). Понатаму преданието кажува дека по овој чин од крвта на калуѓерите излегол страшен ѕвер: змеј/змев кој владеел со манастирот цели 160 години се додека еден ден Бог не пуштил гром на големото црковно кубе кое паднало врз змејот и го убило. „До овој момент“ - вели преданието – „и манастирот и целата планина се викале Златоврв, а од тогаш населението ги нарекло Трескаец по зборот треска - како што се нарекува громот во овој крај“.

Идентично предание запишал и Марко Цепенков во кое уште посликовито е опишан моментот на раѓањето на злото, инкарнинрано во ликот на ѕверот: ламја/гуштер „кој ништо живо не припуштал нито во манастирот, нито около манастирот - со крилја летал од манастир надвор и шетал и пакост чинел“, се додека на денот на Пречиста Богородица - Мала Богородица, кога мештаните биле на литургија во варошката црква „Света Пречиста Богородица“ не чуле еден тресок голем од зад Маркуи Кули и дури се исплашиле... Најпосле се научиле од овчари и од друзи оти в манастир трештило од ведрина и ровјата удрила над црква“ и го убила ѕверот сред црква, на коските од калуѓерите. Убиството на ѕверот - змеј/змев од страна на громот ни напомнува за зачуваната митска матрица на уништувањето на чудовиштата што го инкарнираат принципот на злото и тоа не само од громовниците, туку и од боговите - демијурзи меѓу кои се вбројува и некогаш овде почитуваниот Аполон. Случувањето на настанот на денот во кој се чевствува раѓањето на Богородица и уништувањето на ѕверот точно над црквата посветена на Богородица нe насочува кон древниот мит за громовникот и неговата решавачка борба со лукавиот змејолик противник чија причина е грабнувањето на неговата сопруга. Во науката е добро познато дека по христијанизацијата врховното божество на громот било отелотворено во христијанските ликови на светците - громовници (пред сe Св. Илија), а неговата сопруга во христијанскиот лик на Огнена Марија, една од хипостазите на Св. Богородица. Грабнувањето на сопругата, во нашиов случај манастирот со црквата посветена на Св. Богородица, од страна на митското чудовиште е причина Богот - громовник да го упати своето најсмртоносно оружје - громот - тресок и со тоа како во некогашното митско време преку ослободувањето на сопругата, да обезбеди нова космичка или институционална ситуација, односно како што се наведува во преданието “отварање на манастирот кој до ден денешен ет отворен“. Кон поткрепа на оваа хипотеза повторно ќе се повикаме на народното творештво или конкретно на народната песна „Света Богородица и манастир Трескаец“, во која по примерот на Атоската Света Гора каде Богородица ги истерува паганските идоли, овде, на Трескавец, истата ги руши елимските светилишта преку космогонискиот чин на христијанизација на просторот:

СВЕТА БОГОРОДИЦА И МАНАСТИР ТРЕСКАЕЦ

Фала богу, зачудо големо,
Што е она чудо за чудење!
Застанала јасна месечина
Со сонцето ем стреде во неа
И до неа она јасна ѕвезда,
Застанала на Златоврв-планина.
Фала богу, за чудо големо!
Не ми била јасна месечина,
Со сонцето ем стреде во неа,
И до неа она јасна ѕвезда;
Ами било света Богоројца
Со Исуса в раце го држала,
И до неа ангел од небеси,
Застаната на Златоврв-планина
Да ми праит чесна манастира
Кај што била елимската црква.
Елимите сите нарипале
Да н' остаат света Богоројца
Да напраит света манастира.
Кога виде света Богоројца
Оти тие не 'а оставале
За да праит црква, манастира,
Го пратила ангело на небо
Да довикат ангели ем светци;
Кога пошол ангело на небо,
Та му кажал абер Богоројчин,
Сите светци на нозе станале,
Од Рај Божи крста ми дигнале,
Му го дале на свети Јоана
Да го носи, светци да си води.
Кинисале ангели и светци,
И ми дошле кај Богоројца,
Кондисале на Златоврв-планина,
Мушавере тие ми сториле,
Во еден збор сите тие дошле:
Да истераат Елимите сите
Од црквата тамо шо имале,
И на неа манастир да праат
За да седи света Богоројца.
Прогоори света Богоројца:

Ој ви, светци, Божи угодници.
Елимите вие истеравте,
Од нивната црква нерисјанска,
Вие мене црква напраивте,
И манастир ми ја нарековте,
Од вас уште еве јас што сакам:
Вие долу да појдите в поле,
Мнастири, цркви да праите
За и вие во нив да седите,
Да сте близу и вие до мене,
Елимите да и' изгониме,
Праославна вера да држиме.
Ми станале седумдесет светци,
Што ми слегле, богме, сите в поле,
И отишле во Вароша града,
Напраиле цркви, манастири;
Друзи светци ошле Света Гора,
Напраиле цркви, манастири
И денеска уште сите стојат,
Рисјани се во нив Бога молат,
Чест му праат на сите светии,
Слават Бога и Богоројца.

Со словенска антитеза, народниот поет, уште во почетокот на песната, преку чудото ни ја претставува Богородица, застаната на „Златоврв-планина“, персонифицирана со „јасна месечина“, која го држи сонцето в раце, односно нејзиниот син Исус Христос, а до нив стои „јасна ѕвезда - ангел од небеси“. Таа сака на тоа место да изгради манастир, но во тоа ја спречуваат Елимите. Поради тоа Богородица испраќа „абер“ до сите светци на небо, да дојдат и да ѝ помогнат. Тие веднаш пристигнале предводени од „свети Јоан“ и придружени од ангелите, и на местото од старата елимска црква изградиле нов манастир Трескавец за во него да „седи“ Св. Богородица. Потоа им порачала на светците во околината да си соѕидаат и тие цркви и манастири за да бидат блиску до неа. Сите седумдесет светци ја послушале желбата на Богородица и си направиле цркви и манастири, едни во „Вароша града“, а други на „Света Гора“.

Континуитетот на традицијата да се оди на поклонение на манастирот за да се бара застапништво од Св. Богородица всушност и никогаш не била прекината. За тоа ни сведочат писмените извори од средновековието и од османлискиот период преку кои дознаваме за големото регионално значење кое го имал манастирот како силно култно средиште. Еден од позначјаните извори е и Трескавечкиот кодик од XVI-XVIII век во којшто се запишувани имињата на сите гости и нивните дарови коишто ги оставале не само за време на празниците на Богородица (Голема и Мала Богородица, Сретение Господово, Благовец), туку и на други празници како на Св. Стефан Првомаченик, на Св. Трифун, на Богојавление, на Св. Атанас, на Крстовден и т.н. Посетителите во Кодикот се означени како гости кои му припаѓале на одреден еснаф или на етничка група, а кои доаѓале од различни места Прилеп, Струмица, Охрид, Крушево, Битола, Велес, Кратово, Скопје, Кичево, Полог, Мариово, Тиквеш, Струмица, Кичевско, Дебарско, Мала Река и Горна Река, Меглен, Леринско, но и од поодалечени места и од соседни земји. Забележан е и податокот дека и нехристијанското население го дарувало манастирот што претставува само уште една потврда за длабочината и за силата на култот на Св. Богородица во овој предел.

За континуитетот на култот ни говорат и патешественичките записи за Прилеп и Прилепско од XIX век во кои посебно се истакнува тешкото совладување на стрмниот, карпест терен на патот до манастирот. Авторите забележале дека на некои од карпите има вдлабено стапки и скали по кои луѓето можат да се искачуваат. Во врска со нив Ј. Хаџи-Васиљевиќ забележал едно интересно предание, според кое, доколку некој од поклониците во моментот кога се искачувал по стрмните обележани стапки на карпата бил грешен, тогаш каменот започнувал „да се ниша ту на едната страна, ту на другата страна“. Изнесеното предание јасно го потенцира мотивот на проверка и искушение на грешните на патот до светиот центар. Во врска со светиот пат и патувањето до светото место - манастирот Трескавец со црквата „Успение на Пресвета Богородица“, интересно е тоа што е одбележан со повеќе свети култни места на кои патниците - поклоници, намерници, гости, божјаци застануваат да се помолат и да запалат свеќа. Поминувањето на овие мали култни светилишта може да се протолкува како прочистување и просветлување на луѓето за да можат подготвени да застанат пред чудотворниот лик на Богородица од Трескавец. Всушност искачувањето до планинскиот врв Златоврв, под чиешто плато е сместен манастирот, асоцира на настаните кои се случиле на Таворската Гора (Преображението на Исус Христос) и на Синајската Гора (местото каде Мојсеј се среќава со Бога и кадешто пророкот Илија се подвижува), но и на тешкиот свет пат во освојувањето на врвот Атон на Света Гора, места коишто биле цел на монашките патувања и подвижувања. Идентично на нив и во оклоината на манастирот Трескавец постоеле монашки пештерски испосници - црквички чии остатоци се наоѓаат и денес во масивните карпи како на Златворв, така и по целиот планински венец.

Црква „Успение на Пресвета Богородица“[уреди | уреди извор]

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“

Црквата посветена на Успението на Пресвета Богородица е манастирска црква во манастирот Трескавец. Таа во основата е еднокорабна, со наос надвишен со купола и разделен со пиластри на неколку краеви. Однадвор олтарната апсида, на исток е тристрана. Под длабокиот слој малтерисани ѕидови од северниот параклис, видливи се фрески што датираат од XIV век. Од овој век е и припратата со двете куполести кули, сместени на западниот дел на црквата. Фрескоживописот во црквата „Успение на Пресвета Богородица” го сочинуваат фрески од различни временски периоди. Најстари се оние на ѕидовите во просторот на двете кули, од 13341343 година, чиј ктитор бил цар Душан. Тие илустрират теми на календар и на светии претставени во полна големина, проследени со стиховите на Христофор Митиленски. Од средината на XIV век потекнуваат фреските на некогашната фасада на доградениот параклис со ктиторските композиции, на кои е насликан ликот на ктиторот, тепчијата Градислав. Веднаш потоа се насликани и фреските на фасадите од ексонартексот. Во централниот дел од северозападната купола е насликана претставата на Исус Христос како цар на небесата, тронот со евангелие на него, лево од него Богородица царица и десно цар Давид. Околу нив се наоѓа светата војска на небесниот двор од херувими, серафими, архангели и ангели, а меѓу прозорците се претставени осум свети воини кои овде, за разлика од вообичаените кадешто Св. Ѓорѓи или Св. Димитриј секогаш сме навикнале да ги гледаме облечени како војници, се претставени како благородници во преубави одежди за тоа време, повторно како дел од небесниот двор. На западниот sид во горната зона е всадена една мермерна статуа на римски војник во Хитон. Христијаните, кои при градбата не претпоставувале дека е нешто посебно, ја искористиле како градежен материјал. Св. Апостол Павле во едно од посланијата кон Римјаните се обраќа со зборовите „вашите кипови ќе станат обични камења“, а тука во вистинска смисла на зборот имаме римски кип кој станува обичен камен употребен за градба.

За убавината на сегашната црква придонесуваат и мермерните декорации кои се вградени од многу постариот ранохристијански храм. Особено е впечатлива манастирската трпезарија од XIV век со зачувани камени седишта и долги камени трпези во кои се вдлабени посебни места за нозете. Не дека во тоа време не знаеле како се прават дрвени маси, туку луѓето сакале да направат нешто посебно за Богородица, и вложиле огромен труд и пари обработувајќи ги огромните камени блокови, тешки повеќе од два тона. Во трпезаријата има фрески од XVII век и XIX век, под кои се наоѓаат остатоци од фрескоживопис од XIV век.

Значењето на Трескавец[уреди | уреди извор]

На Трескавец се пронајдени мермерни антички споменици од III век п.н.е., посветени на боговите Аполон и Артемида. Во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ го има најстарото фрескосликарство од XIV век со исклучително уметнички и иконографски вредности, изработено од вештите зографи. Најстариот живопис во храмот, кој се однесува на хронолошкиот приказ на светителите и празниците од православниот календар, датира од 1334 до 1343 година. До денес се зачувани претстави на шеесетина календарски денови.

Во манастирот се зачувани и многу значајни уметнички творби, како дрвена врата во плитка резба, украсена со фигурални и геометриски форми, дело на прочуените резбари од Слепчанската резбарска школа, која со својата тематска и естетска композиција навистина одушевува.

За Трескавец останува запишано дека бил еден од поголемите монашки и книжевни центри со дваесетина товари ракописи и со развиена ресавска школа.

Туризам[уреди | уреди извор]

Панорамски поглед на манастирскиот комплекс

Манастирот Трескавец е најпосетен за време на празниците Мала и Голема Богородица. Посетен и во останатиот период од годината, Трескавец е место со долга историја, кое Прилепчани, традиционално, многу го посетувале и во минатото и сега, а голем интерес за овој споменик на културата покажуваат и луѓе од цела Македонија, како и странци. Во просек, неделно го посетуваат по 40-50 туристи од цел свет - Јапонци, Израелци, Европејци, авантуристи и вљубеници во културното наследство и во природата.

Пожари[уреди | уреди извор]

Манастирот Трескавец во својата историја три пати страдал од катастрофални пожари. Првиот бил во 1867 година кога исгореле само конаците. Вториот се случил на 9 јануари 1990 година кога целосно изгореле конаците. Потоа со донации истите биле обновени во автентичниот стил. Последен и трет пожар настанал на 4 февруари 2013 година, кога поради дефект на греалка целосно изгореле манастирските конаци.

Галерија на слики[уреди | уреди извор]

Живопис и внатрешност на црквата[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Референци[уреди | уреди извор]

  1. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.93
  2. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.93
  3. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.93
  4. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.93
  5. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.93
  6. Петров, Гьорче. Материали по изучванието на Македония. Печатница Вълковъ, София. стр.93