Прејди на содржината

Архангел Михаил

Од Википедија — слободната енциклопедија
Икона на архангел Михаил, XVII век, Галерија на икони, Охрид

Михаил (хебр. מיכאל, арап. ميكائيل) — архангел споменат во Откровението (12:7); во Стариот завет Михаил е споменат по име во перисиски контекст на Книгата на пророкот Данаил. Претставен е како заповедник (војвода) на Господовата војска. Таму тој се јавува како „еден од првите кнезови“ (Данаил, 10:13) кој во привидението на Данаил му притекнува на помош на архангел Гаврил во борбата против ангелот на Персија, а опишан е и како застапник и бранител на Израел и „големиот кнез кој ги штити синовите на твојот (Данаиловиот) народ“ (Данаил, 10:21, 12:1). По талмудските преданија неговото име значи „како Ил (Бог)“ или „Иловиден“, „Илолик“ („Боговиден“, „Боголик“)

Михаил е меѓу главните ангели во Аврамските преданија; се вели дека неговото име било борбен извик на ангелите на небесата во борбата против Сатаната и неговите следбеници.

Голем дел од доцните Мидрашки подробности за Михаил се пренесени преку Книгата на Енох, од каде понатаму биле дообработени. Во доцносредновековното Христијанство, Михаил, заедно со Свети Ѓорѓи станале светец-заштитник на витештвото, како и на првиот витешки ред на Франција, Редот на Свети Михаил во 1469. Во британскиот систем на почести, витешкиот ред основан во 1818 е именуван по овие двајца светци - Ред на Свети Михаил и Свети Ѓорѓи. Во многу христијански кругови Свети Михаил се смета за заштитник на борците. Полицајците и војниците, а особено падобранците го сметаат за нивен светец-заштитник.

Римокатолиците и православците го нарекуваат Свети Архангел Михаил, а неговиот празник — Арангел (21 ноември).

Еврејски преданија

[уреди | уреди извор]

Книга на пророкот Данаил

[уреди | уреди извор]

Пророкот Данаил имал привидение по извесно време постење. Во привидениото еден ангел му кажува дека Михаил е заштитник на Израел (10:13, 21). Подоцна во привидението (12:1), на Данаил му наговестуваат дека Михаил ќе застане на нивна страна во неволјите кои следат. Во Хебрејската Библија Михаил повеќе не се споменува.

Книга на Исус Навин

[уреди | уреди извор]
Главната икона во Архангелскиот собор во Московскиот кремљ (~ 1410-ти)

Стравопочитниот „водач на Господовата војска“ кого Исус Навин го среќава во почетоците на неговиот поход на Ветената Земја (Исус Навин 5:13-15) е по карактер како архангел Михаил, но е неименуван небесен гласник од натприродно и свето потекло, веројатно испратен од Бога:

Кога Исус му се приближи на градот Ерихон, ги подигна очите и здогледа човек како стои пред него со извлечен меч во раката. Исус му пристапи и го праша: „Дали си ти со нас или си со нашите непријатели?” А тој одговори: „Не, јас сум водач на Господовата војска, и тукушто дојдов.” Тогаш Исус падна ничкум, му се поклони и рече: „Што му заповедаш, Господару, на својот слуга?” А предводникот на Господовото воинство му одговори на Исуса: „Собуј ги обувките од своите нозе, зашто е свето местото на коешто стоиш.” И Исус направи така. (Исус Навин 5:13–15)

Рабински преданија

[уреди | уреди извор]

Според рабинските еврејски преданија, Михаил бил застапник на Израел, и понекогаш се борел против кнезовите на други народи (вид. Данаил 10:13) и особено со архангелот Самаел, обвинителот на Израел. Непријателството помеѓу Михаил и Самаел датира уште од времето кога Самаел бил исфрлен од рајот. Самаел се фатил за крилјата на Михаил и сакал да го повлече со него во падот, но Бог со спасил Михаил (Мидраш Пирке Р. Ел. xxvi.).

Рабините велат дека Михаил станал заштитник во времето на библиските патријарси. Така, според рабинот Елицер бен Јакоб, Михаил е тој што го спасил Јаков од печката во која го имал фрлено Нимрод (Мидраш Излез Раба xliv. 16). Михаил бил тој „еден што се спаси“ (Битие 14:13), кој му рекол на Аврам дека Лот бил заробен (Midrash Pirke R. Ел.), тој кој ја штител Сара од сквернавењето на Авимелех. Тој ѝ навестил на Сара дека ќе роди син и го спасил Лот при уништувањето на Содом (Талмуд B. M. 86b).

Се вели и дека Михаил спречил Исак да биде жртвуван од татко му со тоа што го заменил со овен, а го спасил и Јаков додека сè уште бил во мајчината утроба, од убиствените намери на Самаел (Midr. Abkir, во Yalḳ., Бит. 110). Подоцна Михаил го спречил Лаван да му наштети на Јаков (Pirke R. El. xxxvi.). Според еден извор, Михаил бил тој што се борел со Јаков, па го благословил (Таргум псевдо-Јонатан на Битие xxxii. 25; Пирке Р. Ел. xxxvii.).

Според мидрашот Излез Раба, Михаил ја применувал моќта на својата функција за време на Излезот, кога Сатаната (како противник) ги обвинил Израелците за идолопоклонство и дека затоа заслужуваат смрт со давење во Црвеното Море (Из. Р. xviii. 5). Но според мидрашот Абкир, кога Уза, ангелот-заштитник на Египет, го повикал Михаил за да поднесе молба кон Бога, Михаил молчел, па така самиот Бог го бранел Израел.

Според легендите Михаил бил учител на Мојсеј; така Израелците му должат на својот застапник за врховното добро на Тората.

Се вели дека Михаил ја уништил војската на Сенахирим (Мидраш Излез Раба xviii. 5), дело кое инаку му се припишува на неименуван ангел на уништувањето, но можеби извршено од Урил, Гаврил или други; Се мисли и дека бил ангелот кој му зборувал на Мојсеј од запалената капина. Прифатено е дека бил и посебен покровител на Адам. Се претпоставува дека бил првиот ангел од сета небеса кој се поклонил пред човештвото. Потоа Михаил го надгледувал првото семејство, останувајќи буден дури и по падот на Адам и Ева и нивното истерување од Еденската градина. Во апокрифното дело Судирот на Адам и Ева со Сатаната, Михаил го научил Адам како да ја обработува земјата. Потоа тој го однел Адам до небесата во огнена кочија, прошетувајќи го низ Небесното царство. По смртта на Адам, Михаил го убедил Бога да го прими на небото и да му го прочисти големиот грев. Според една еврејска легенда, тој е еден од тројцата мажи кои го посетиле Аврам. Се смета дека се обидел да го спречи потчинувањето на Израел од страна на Набукодоносор II и да го спаси Храмот од уништување; но гревовите на луѓето биле толку големи што тој немал како да ги оствари овие намери.

Постои и легенда во која се зборува дека Михаил го свртил Набукодоносор против Израел, а потоа активно се борел да го ослободи народот од вавилонско ропство (Amélineau, "Contes et Romans de l'Egypte Chrétienne," ii. 142 et seq.). Според еден мидраш, Михаил го спасил Ананиј и неговата дружина од вжарената печка (Мидраш Битие Раба xliv. 16). Михаил бил активен и во времето на Естира: „Што повеќе Аман го обвинуваше Израел на земјата, толку повеќе Михаил го бранеше Израел на небото“ (Мидраш Естира Раба iii. 8). Михаил бил оној што го потсетил Ахашверош дека му е должник на Мардохеј (Таргум на Естира vi. 1); а постои легенда и дека Михаил му се појавил на високиот свештеник Иркан, ветувајќи помош (сост. Јозеф, "Ант." xiii. 10, § 3).

Заради неговата борба со Самаел се јавила добро познатата легенда за Михаил и змевот. Оваа легенда не ја наоѓаме во еврејски извори, освен што Самаел и Сатаната во Кабалата се наречени „примитивната змија“.

Идејата дека Михаил е застапник на Евреите станала толку сеприсутна, што и покрај рабинската забрана за обраќање на ангели како посредници помеѓу Бог и луѓето, Михаил зазел место во еврејската литургија. Ова било почесто порано отколку денес.

Во врска со карактерот на душите кои Михаил ги донесува на олтарот, едно мислење е дека ова се душите на праведните, додека друго е дека ова се огнени овци. Првото мислење, кое преовладува во еврејските мистични дела, ја објаснува важната позиција која Михаил ја има во еврејската есхатологија. Меѓутоа идејата дека Михаил е Харон на поединечни души, која е честа меѓу христијаните, не постои во еврејските извори.

Се вели дека Михаил и Самаел имале разговор во врска со душата на Мојсеј (Мидраш Второз. Раба xi. 6.) Според Сарот, Михаил ги придружува душите на побожните и им помога во влегување во вратите на небесниот Ерусалим. Се вели дека Михаил и неговит домаќин стојат крај вратите на небесниот Ерусалим и ги примаат душите на праведните. Улогата на Михаил е да ги отвора вратите и да биде праведен кон праведните.

Хебрејски апокрифи

[уреди | уреди извор]

Во Војна на синовите на светлината против синовите на темнината, Михаил е даден како кнез на светлината, кој ги води силите на доброто против силите на темнината и лошото, предводени од Велијал. Опишан е како „поткрал“ на небото, титула која порано му припаѓала на Сатаната.

Книга на Енох

[уреди | уреди извор]

Михаил во Книгата на Енох е даден како „кнез на Израел“ и „архистратег“ на Бога. Тој е ангелот на воздржувањето и милоста (Enoch, xl:3) кој го научил Енох на тајните благоста и правдата (lxxi:2). Во книгата Јубилеи (i:27 и ii:1), ангелот кој го водел Мојсеј на планината Синај Му ги дал плочките на Законот најверојатно бил Михаил.

Кабалистички преданија

[уреди | уреди извор]

Во подоцнежните еврејски писанија, особено во кабалистичките дела, Михаил се смета за „застапник на Евреите“.

Христијански преданија

[уреди | уреди извор]
Архангел Михаил
Византиска икона, XIII век
Светец, Архангел
Роден(а) нема,
Починал(а) нема
Канонизација предсобирно
Слава 29 септември (Михаил и сите ангели)
8 мај (Јавување на св. Михаил)
Обележја Газење на Сатаната или Змијата; носење на знаме, вага и меч
Заштитништво Падобранци; полицајци; морепловци; бакали; болните; амбулантни лица; Германците

Канонски Нов завет

[уреди | уреди извор]

Во Посланието на Јуда од Новиот завет во стих 9, Михаил се препирал со Ѓаволот за телото на Мојсеј. Во Откровението 12:7-8, „И настана војна во небото; Михаил со своите ангели завојува против змевот. И змевот и неговите ангели завојуваа, но не устоија и не им се најде веќе место во небото.“ Јован опишува како Сатаната е исфрлен од небото три и пол години од крајот на времето, „за едно време, и две времиња, и време ипол“ Откровение 12:14. Ова исфрлање од небото на Сатаната резултира со тоа што „ќе биде грозноста на запустувањето си до свршетокот, додека одреденото запустување не падне врз запустувачот“ во зборовите на пророкот (Данаил, 9:27).

Христијански легенди

[уреди | уреди извор]

Според некои христијански теолози св. Михаил може да се јави во Писмото каде неговото име не е споменато. Примери за ова се херувимот кој стоел на портата на рајот, „за да го штити(ат) патот, кон дрвото на животот“ (Битие 3:24), ангелот преку кој Бог го објавил свето Второзаконие на избраниот народ, ангелот кој му го попречувал патот на Валаам (Броеви 22:22 и след.), ангелот кој ја истерал војската на Сенахерим (2 Цареви 19:35).

Би било природно св. Михаил, како поборник за евреите, да биде и поборник за христијаните, донесувајќи им победи во војните. Меѓутоа раните христијани ги сметале некои од великомачениците за нивни воени заштитници: Св. Георгиј, Св. Теодор Тирон, Св. Димитриј, Св. Сергиј, Св. Прокопиј, Св. Меркуриј, итн.; а на Св. Михаил му ги доверувале болните. На местото каде за првпат бил возвишуван во Фригија, неговата слава како ангелски лекар ја засенила неговата воена улога. Ова уште од рано време бил центарот на обожување на ангели, особено Св Михаил. Според предание уште во многу старо време Михаил направил да бликне извор Хаиротопа близу Колос, каде сите болни кои се капеле и ја повикувале Блажената Троица и Св. Михаил, биле излечени.

Чудото на Св. Михаил во Хони, Русија, ран XV век

Уште попознати се изворите кои Св. Михаил ги извадил од карпата во Колос (Хони, на Лик). Една легенда вели дека паганите навртиле поток кон светилиштето на Св. Михаил за да го уништат, но архангелот ја расцепил карпата со гром за да му даде ново корито на потокот, и засекогаш ги осветил водите кои течеле тука. Според православните ова се случило во средината на I век и ова се слави на 6 септември (Аналекти Боланд., VIII, 285-328) како Спомен на чудата на Св. Архангел Михаил. Постојат разни извори и бањи низ Азија и Европа посветени на св. Михаил.

Михаил е омилена уметничка тема, на кој само Гаврил му е рамен, и често е прикажан со крилја и изваден меч. Во ренесансата прикажан е како млад, силен и убав, горд, во белили величествен оклоп или прекрасен крлушт оклоп со меч, штит и копје. Крилата му се јасно видливи и величествени. Прикажан е и како држи знаме или вагата на правдата. Често е прикажан, како Св. Ѓорѓи, како се бори со змејот или како стои врз победениот враг, кој најчесто е Сатаната.

Според Мормонизмот, Михаил живеел обичен смртен живот како патријарх Адам. Михаил и Адам се сметаат за една иста личност, со тоа што едното е смртно, а другото небесно име. Така сите потомци на Адам се потомци на Михаил. Неговото ангелско име Михаил („Боголик“), е описен на неговиот изглед, суштество создадено по ликот на Отецот.

Исус, Синот Божји

[уреди | уреди извор]

Јеховините сведоци веруваат дека Исус и архангел Михаил се едно исто. Тие веруваат дека тој бил првото суштество создадено од Јехова и дека преку него тој ја создал вселената, ангелите и човештвото. Пред да постојат луѓето тој бил познат како Божјата реч. Потоа станал Исус и живеел безгрешен живот. По неговата смрт, Исус воскреснал во неговиот претходен духовен облик. Ова верување тие го засноваат на два библиски пасуса:

  1. Библијата го нарекува Михаил „архангелот“, што значи „главен ангел“. Ова никогаш не се јавува во множина, па укажува на тоа дека Исус е поврзан со архангелот во 1 Солунјани, 4:16, во кое стои: „зашто Самиот Господ на заповед, при глас на архангел и при Божја труба, ќе слезе од небото...“
  2. Библијата го нарекува Михаил водач на ангелската војска на небото кој ќе го порази Сатаната во голема битка. Исус исто така се споменува како предводник на таква војска, но во Библијата не наоѓаме две посебни војски со двајца војводи.

Во Коранот Михаил е споменат само еднаш, Ел-Бекара:98. Во неговиот коментар на стих 91 од таа сура, Бајдави приспомнува една прилика кога Омар пошол во еврејско училиште и се распрашал за Гаврил. Учениците рекле дека тој е нивен непријател, но дека Михаил е добар ангел, кој носи мир и изобилие. Како одговор на Омаровото прашање за позициите на Гаврил и Михаил во однос на Бога, тие декле дека Гаврил бил од десно, а Михаил од лево. На оваа невистинитост Омар се побунил, и изјавил дека кој е непријател со Божјите ангели, нему Бог ќе му биде непријател. Кога се вратил кај Мухамед, Омар видел дека Гаврил го претркал и веќе му ја кажал пораката, која се состои во стих 92. Во врска со сурата Худ:72, муслиманските коментатори велат дека Михаил бил еден од трите ангели кои го посетиле Аврам.

Архангел Михаил го гази Сатаната од Гвидо Рени

Кај муслиманите Михаил е еден од четирите ангели (со Изрил, Исрафил и Џибрил), и еден од двата ангела, со Гаврил, именувани во Коранот. Некои веруваат дека постојат десет ангели - Михаил, Изрил, Исрафил, Џибрил, Мункар, Макир, Ракиб, Атид, Малик и Ридван.

Тој живее на седмото небо и се верува дека има крилја со смарагдно зелена боја.

Во исламските преданија Михаил секогаш е втор по Гаврил. Кога Бог го создал Адам, тој го пратил прво Гаврил, па Михаил да ја донесе глината од која е требал да биде направен човекот. На смртната постела, Мухамеед рекол дека Гаврил ќе биде првиот, а Михаил вториот кој ќе се моли за него.

За Михаил се верува и дека носи благослови.

Во Исламот се смета дека постои неизброен број на ангели. Така се верува и дека именуваните ангели се поглавари на оддели; т.е. Михаил е главен ангел на благословите.

Бахаизам

[уреди | уреди извор]

Во Крадец во ноќта, бахаистичкиот писател Вилијам Сиарс, го толкува споменувањето на Михаил како споменување на Бахаула.[1] Го цитира Данаил (10:13):

„Кнезот на персиското царство ми се противеше дваесет и еден ден, но Михаел, еден од првите кнезови, ми дојде на помош“

На Данаил му било речено дека ова привидение е за ...„она што ќе го снајде народот (Израел) во подоцнежните дни.“

Сиарс ова го толкува како пророштво за Бахаула, кој е персиски благородник од сасанска кралска лоза. Исто така ја цитира и Книгата на Енох (69:14):

„Тој (Бог) му зборуваше на светиот Михаил да им го открие светото име, за да можат да го разберат тоа тајно име“.

Архангел Михаил во народното творештво

[уреди | уреди извор]
  • „Господ, момчето и свети Михаил“ — влашка народна приказна.[2]

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Библиографија

[уреди | уреди извор]

Видете тука

  1. Sears, W. (2002) [1961]. Thief in the Night. Oxford, UK: George Ronald. ISBN 0-85398-008-X.
  2. Волшебни сказни на балканските народи. Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“, 2004, стр. 37-40.


Седум свети архангели

Варахил | Гаврил | Јегудил | Михаил | Рафаил | Салатил | Урил