Библија

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Дел од серијалот
Христијанство

Христијански крст

Историја на христијанството
Исус од Назарет
Раѓање · Крстење
Распнување· Воскреснување
Велигден

Рано христијанство
Апостолите
Милански едикт · Екуменски совет

Среден век
Голема шизма
Крстоносни војни
Реформација

Свето Тројство
Господ-Отецот
Христос-Синот
Светиот Дух

Христијанска теологија
Црква
Христијанско богослужение
Божествена благодат · Спасение
Проповед на планината
Десет Божји заповеди

Библијата
Стар Завет
Нов Завет
Апокрифи

Христијански звања

Католицизам
Римокатолицизам · Англикализам
Независни· Стар католизам

Источно христијанство
Православие · Древноисточни цркви
Асириска црква

Протестантство
Лутеранство · Калвинизам · Методизам
Анабаптизам · Баптизам · Адвентизам
Евангелизам · Свето движење
Пентекостализам

Антитринитаризам
Јеховини сведоци
Движење за подоцнежните светци
Унитаријанство
Христоделфијани
Единствен пентекостализам

Библијата (од грчки (τα) βιβλια, ’книги’, множина од βιβλιον, ’книга’, оригинално деминутив од βιβλος, што од друга страна доаѓа од βυβλος, со значење ’папирус’ од античкиот феникиски град Библос, кој го извезувал овој материјал за пишување), е зборник на свети книги. Синоними за зборот Библија се: Свето Писмо, Божјо Слово, Божји Збор, Божја Реч итн.

Библија

Библијата се дели на два големи дела: Стар и Нов Завет. Стариот Завет, или Танак (תנ״ך) на хебрејски, се смета за света книга на Евреите, додека христијаните ги сметаат за свети и Стариот и Новиот Завет. Христијаните ја изучуваат Библијата како своја нормативна книга, која дава насоки за животот. Во неа тие наоѓаат послание од Богалово Божје).

Содржина[уреди | уреди извор]

Библијата од времето кога била составена па се до денес, е една од најпродаваните книги на сите времиња. Според бројот на печатени примероци, Библијата е на прво место во светот според Гинис (пет милијарди).[1][2][3][4] Изворни јазици на кои е напишана Библијата се: хебрејски, арамејски (одредени делови) и старогрчки. Бројот на писатели на Библиските книги изнесува повеќе од 40. Во однос на периодот на составување: првата книга од Библијата, Битие (Создавање; Прва книга Мојсеева), е напишана измеѓу 1445 - 1405 п.н.е. од страна на Мојсеј, а последната книга од Библијата, Откровение, е напишана измеѓу 94 - 96 н.е. од страна на апостол Јован.

Список на дати на создавање на Библиските книги:[5]

СТАР ЗАВЕТ
Света Книга Година на пишување Писател
Битие (Создавање; Прва книга Мојсеева) 1445 - 1405 п.н.е. Мојсеј
Излез (Исход; Втора книга Мојсеева) 1445 - 1405 п.н.е. Мојсеј
Левит (Левитска; Трета книга Мојсеева) 1445 - 1405 п.н.е. Мојсеј
Броеви (Четврта книга Мојсеева) 1445 - 1405 п.н.е. Мојсеј
Второзаконие (Повторени закони; Петта книга Мојсеева) 1445 - 1405 п.н.е. Мојсеј
Исус Навин 1405 - 1385 п.н.е. Исус Навин
Судии (Судии Израелови) околу 1043 п.н.е. Самоил
Рут (Рута) околу 1030 - 1010 п.н.е. Самоил (?)
1 Самоилова (Прва книга Самоилова) 931 - 722 п.н.е. Анонимен
2 Самоилова (Втора книга Самоилова) 931 - 722 п.н.е. Анонимен
1 Цареви (Прва книга за царевите) 561 - 538 п.н.е. Анонимен
2 Цареви (Втора книга за царевите) 561 - 538 п.н.е. Анонимен
1 Летописи (Прва книга Летописи) 450 - 430 п.н.е. Ездра (?)
2 Летописи (Втора книга Летописи) 450 - 430 п.н.е. Ездра (?)
Ездра 457 - 444 п.н.е. Ездра
Неемија 424 - 400 п.н.е. Ездра
Естир (Естира) 450 - 331 п.н.е. Анонимен
Јов непознато Анонимен
Псалми 1410 - 450 п.н.е. Повеќе автори
Изреки околу 971 - 686 п.н.е. Главно Соломон
Проповедник 940 - 931 п.н.е. Соломон
Песна над песните (Песна Соломонова) 971 - 965 п.н.е. Соломон
Исаија 700 - 681 п.н.е. Исаија
Еремија 586 - 570 п.н.е. Еремија
Плачот Еремиин (Плачот на Еремија) 586 п.н.е. Еремија
Езекиел 590 - 570 п.н.е. Езекиел
Даниел 536 - 530 п.н.е. Даниел
Осија 750 - 710 п.н.е. Осија
Јоил 835 - 796 п.н.е. Јоил
Амос околу 750 п.н.е. Амос
Авдија (Авдиј) 850 - 840 п.н.е. Авдија
Јона околу 775 п.н.е. Јона
Михеј 735 - 710 п.н.е. Михеј
Наум околу 650 п.н.е. Наум
Авакум 615 - 605 п.н.е. Авакум
Софонија 635 - 625 п.н.е. Софонија
Агеј околу 520 п.н.е. Агеј
Захарија 480 - 470 п.н.е. Захарија
Малахија 433 - 424 п.н.е. Малахија
НОВ ЗАВЕТ
Света Книга Година на пишување Писател
Матеј (Евангелие според Матеј) 50 - 60 н.е. Апостол Матеј
Марко (Евангелие според Марко) 50 - 60 н.е. Марко
Лука (Евангелие според Лука) 60 - 61 н.е. Лука
Јован (Евангелие според Јован) 80 - 90 н.е. Апостол Јован
Дела Апостолски (Дела на апостолите) 62 н.е. Лука
Римјаните (Послание до Римјаните) 56 н.е. Апостол Павле
1 Коринќаните (Прво послание до Коринтјаните) 55 н.е. Апостол Павле
2 Коринќаните (Второ послание до Коринтјаните) 55 - 56 н.е. Апостол Павле
Галатите (Послание до Галатјаните) 49 - 50 н.е. Апостол Павле
Ефешаните (Послание до Ефесјаните) 60 - 62 н.е. Апостол Павле
Филипќаните (Послание до Филипјаните) 60 - 62 н.е. Апостол Павле
Колошаните (Послание до Колосјаните) 60 - 62 н.е. Апостол Павле
1 Солунците (Прво послание до Солуњаните) 51 н.е. Апостол Павле
2 Солунците (Второ послание до Солуњаните) 51 - 52 н.е. Апостол Павле
1 Тимотеј (Прво послание до Тимотеј) 62 - 64 н.е. Апостол Павле
2 Тимотеј (Второ послание до Тимотеј) 66 - 67 н.е. Апостол Павле
Тит (Послание до Тит) 62 - 64 н.е. Апостол Павле
Филимон (Послание до Филимон) 60 - 62 н.е. Апостол Павле
Евреите (Послание до Евреите) 67 - 69 н.е. Непознат
Јаков (Послание на апостол Јаков) 44 - 49 н.е. Јаков - полубратот на Исус
1 Петар (Прво послание на апостол Петар) 64 - 65 н.е. Апостол Петар
2 Петар (Второ послание на апостол Петар) 67 - 68 н.е. Апостол Петар
1 Јован (Прво послание на апостол Јован) 90 - 95 н.е. Апостол Јован
2 Јован (Второ послание на апостол Јован) 90 - 95 н.е. Апостол Јован
3 Јован (Трето послание на апостол Јован) 90 - 95 н.е. Апостол Јован
Јуда (Послание на апостол Јуда) 68 - 70 н.е. Јуда - полубратот на Исус
Откровение 94 - 96 н.е. Апостол Јован

Книгите на Стариот Завет се делат на:

  1. Книги на „Законот“, познати и како „Петокнижие“ или „Пентатеух“: Битие (Создавање; Прва книга Мојсеева), Излез (Исход; Втора книга Мојсеева), Левит (Левитска; Трета книга Мојсеева), Броеви (Четврта книга Мојсеева), Второзаконие (Повторени закони; Петта книга Мојсеева).
  2. Историски книги: Исус Навин, Судии (Судии Израелови), Рут (Рута), 1 Самоилова (Прва книга Самоилова), 2 Самоилова (Втора книга Самоилова), 1 Цареви (Прва книга за царевите), 2 Цареви (Втора книга за царевите), 1 Летописи (Прва книга Летописи), 2 Летописи (Втора книга Летописи), Ездра, Неемија, Естир (Естира).
  3. Поетски и поучни книги: Јов, Псалми, Изреки, Проповедник, Песна над песните (Песна Соломонова).
  4. Книги на големите пророци: Исаија, Еремија, Плачот Еремиин (Плачот на Еремија), Езекиел, Даниел.
  5. Книги на малите пророци: Осија, Јоил, Амос, Авдија (Авдиј), Јона, Михеј, Наум, Авакум, Софонија, Агеј, Захарија, Малахија.

Книгите на Новиот Завет се делат на:

  1. Евангелија: Евангелие според Матеј, Евангелие според Марко, Евангелие според Лука, Евангелие според Јован.
  2. Почетоци на христијанската црква: Дела Апостолски.
  3. Посланија (Писма) до конкретни цркви: Римјаните (Послание до Римјаните), 1 Коринќаните (Прво послание до Коринтјаните), 2 Коринќаните (Второ послание до Коринтјаните), Галатите (Послание до Галатјаните), Ефешаните (Послание до Ефесјаните), Филипќаните (Послание до Филипјаните), Колошаните (Послание до Колосјаните), 1 Солунците (Прво послание до Солуњаните), 2 Солунците (Второ послание до Солуњаните).
  4. Пасторални Посланија (Писма): 1 Тимотеј (Прво послание до Тимотеј), 2 Тимотеј (Второ послание до Тимотеј), Тит (Послание до Тит), Филимон (Послание до Филимон), Евреите (Послание до Евреите).
  5. Соборни Посланија (Писма): Јаков (Послание на апостол Јаков), 1 Петар (Прво послание на апостол Петар), 2 Петар (Второ послание на апостол Петар), 1 Јован (Прво послание на апостол Јован), 2 Јован (Второ послание на апостол Јован), 3 Јован (Трето послание на апостол Јован), Јуда (Послание на апостол Јуда).
  6. Пророчка книга: Откровение.

[6] Библијата е составена од 66 книги, од кои 39 се во Стариот Завет, а 27 во Новиот Завет. Кај проширената (православна и католичка) Библија, во Стариот Завет има дополнителни 11 книги, таканаречени Девтероканонски т.е. Апокрифни книги, додека пак кај Новиот Завет, бројот на книгите е ист и во православните и во католичките и во протестантските изданија на Библијата, а апокрифните евангелија и посланија, не се прифатени од ниту едни христијани.

Девтероканонски/Апокрифни книги - Стар Завет
Во Православната Библија Во Католичката Библија
2 Ездра Естер (грчка верзија)
3 Ездра Јудита
Товит Тобит
Јудита 1 Макавејска
1 Макавејска 2 Макавејска
2 Макавејска Мудрости
3 Макавејска Сирах
Мудрост Соломонова Барух
Мудрост Сирахова Јеремијево Писмо (посл.)
Послание Јеремиинно *Додатоци во книгата Данијел (глава 3:24-90; глава 13 и 14)
Варух (Барух)
*Додатоци во книгата Даниил (глава 3:24-90, 98-100; глава 13 и 14)

*Текстот од Малахија 4-та глава е ставен во 3-та глава

*Има дополнителен Псалм (под број 151)

Овие книги не се прифаќаат како канонски од страна на Јудаизмот и Евангелско - Протестантските цркви. Причините поради кои Евреите и Евангелско-Протестантските цркви не ги признаваат Девтероканонските/Апокрифни книги, се следниве:

  1. Не ги исполнуваат критериумите за каноничност: Дали книгата настапува со Божји авторитет? Содржи ли изрази како: „И рече Бог...“, „Вака вели Господ...“ и сл?; Дали книгата е напишана од препознатлив Божји пророк или Христов ученик (или личност која била придружник и соработник на некој препознатлив Божји пророк или Христов ученик)?; Дали книгата е автентична? (има и плагијати!); Дали е „живо слово“ кое менува животи на подобро?; Дали е контрадикторна со останатиот дел од Светото Писмо?; Дали била прифатена и користена од тогашните верници (јудаисти или христијани) како Божја книга? (во времето во кое е напишана).
  2. Содржат историски и географски грешки.
  3. Содржат легенди.
  4. Христос и апостолите никогаш не цитирале од нив.
  5. Рабинскиот концил (во Јамнија, 90 година) не ги признал.
  6. Ниеден концил до 4-тиот век не ги вклучувал во канонот.
  7. Многу свети отци зборувале против нив (Ориген, Атанасиј, Кирил Ерусалимски...).
  8. Римокатоличката црква ги канонизирала Апокрифните книги на концилот во Трент 1546 година. (Но, ја отфрлаат 2 Ездра, затоа што учи против молитви за мртвите!).
  9. Содржат учења спротивни на учењето на Христос и апостолите: молитви, жртви и дарови за мртвите - Макавеј 12:44-45; Спасение преку давање милостињи; Очистување од грев, преку давање дарови - Товит 12:9; Создавање на светот од материја - Мудрости Соломонови 11:17(18).

Список на Новозаветни апокрифни книги:

Девтероканонски/Апокрифни книги - Нов Завет
Ниту една христијанска група не ги прифаќа како боговдахновени книги
Послание на Псевдо-Варнава
Послание до Коринтјаните
Второ Послание на Климент
Пастирот од Хермас
Дидахија, учењето на 12-те
Откровение на Петар; на Јаков; на Дева Марија; на Павле; на Стефан итн.
Делата на Павле и Текла
Послание до Лаодикијците
Евангелие според Евреите
Послание на Поликарп до Филипјаните
Седумте Посланија на Игнатиј
Евангелие според Тома
Дела на Петар; на Филип; на Варнава; на Вартоломеј итн.
Евангелие на Јаков
Евангелие на Јуда (Искариотски)
Евангелија на Петар, Филип, Тома итн.
Евангелие на Марија Магдалена
Дијалог на Спасителот
Пистис Софиа (мудрости за верата)
Софиа Језус Кристи (мудрости на Исус Христос) итн.

Стар Завет[уреди | уреди извор]

Стариот Завет е составен од 39 книги и се дели на пет основни делови: Книги на Законот (од 1 Мој. до 5 Мој), Историски книги (од Исус Навин до Естира), Поетски и поучни книги (од Јов до Песната над песните), Книги на големите пророци (од Исаија до Даниел) и Книги на малите пророци (од Осија до Малахија). Најстарите книги во Библијата се Петте Мојсееви книги. Главната тема на Стариот Завет е историјата на Израел и ветувањето за Месијата, Кој треба да произлезе од Израелската нација - специфично од лозата на цар Давид.[7] Стариот Завет започнува со создавањето на универзумот, а завршува околу 400 години пред првото доаѓање на Христос. Текот на историјата низ Стариот Завет се движи вака:

  • Создавање на универзумот
  • Падот на човекот
  • Светска поплава која ја зафаќа сета планета земја - пресудата од страна на Бог
  • Авраам, Исак и Јаков (Израел) - татковци на избраната нација
  • Историјата на Израел:
    • Египетско ропство
    • Излез од Египет и талкање по пустината
    • Освојувањето на Ханаанската земја
    • Ерата на Судиите
    • Обединето царство: Саул, Давид и Соломон
    • Разделено царство: Јуда (јужно царство) / Израел (северно царство)
    • Заробеништво во Вавилон
    • Враќање од Вавилонско ропство и обновување на земјата Израелска

Во Стариот Завет се застапени околу педесетина различни литературни видови: химни, молитви, историски записи, љубовна поезија, есеи, хронологија на родови, пророштва, реалистични приказни, изреки и друго. Приказните раскажуваат за верата, борбите, надежите и поразите на ликовите од еврејската заедница.

Во Стариот завет, израелскиот народ е одбраниот Божји народ преку кого доаѓа Месијата т.е. Христос („Христос - Χριστός“ е старогрчкиот еквивален за „Месија - מָשִׁיחַ“). Ова е еден номадски народ, кој се движел околу Средоземното Море, меѓу Евроазија и Африка, по течението на реките Еуфрат, Тигар и Нил.[8] Татковци на Израелскиот народ се Авраам, Исак и Јаков (Израел), а Авраам потекнува од лозата на Сим, синот на Ное (Битие 10,11).

Книгата Излез (Исход; Втората Мојсеева книга) изобилува со чудесни настани: претворање на горката вода во слатка (Излез 15:22-27), стапот во змија (Излез 4:3; 7:10), правење сув пат среде Црвеното Море (Излез 14). Но, најважен дел од оваа книга е моралниот кодекс на однесувањето или Десетте божји заповеди, кои Мојсеј ги добива на Синајската Гора (Излез 20).

Делот наречен Поетски и поучни книги е најинтересен од литературна гледна точка и содржи пет книги со различни содржини, а најдраматична е Повеста за Јов, во која се зборува за Божјата правда. Јов бил прогласен за „непорочен, праведен и богобојазлив човек, кој се отстранувал од злото“ (Јов 1:1,8), и немало друг како него на Земјата. Тој е спореден со Ное и Даниел (Езекиел 14:14-20), а исто така е прогласен и за својата духовна издржливост (Јаков 5:11). Тоа не значи дека Јов бил безгрешен (Јов 6:24; 7:21; 9:20). Библијата вели дека сите се грешници (Римјаните 3:10; Римјаните 3:23; Проповедник 7:20; 1 Јован 1:8,10) и дека никој не може да се оправда преку делата (Римјаните 3:20). Таа вели дека верата им се смета за праведност на вистинските верници (Римјаните 4:1-12; Битие 15:6; Римјаните 3:22,28), а вистинската спасителна вера е послушна вера и таа произведува добри дела и побожен живот - затоа во Јаков 2:17 се вели дека верата без дела е мртва. Значи Јов преку верата е прогласен за праведник, бидејќи Исус, на крстот ја зема казната за гревовите на сите верници (новозаветни и старозаветни), а таа вистинска спасителна вера дала плодови на побожен живот кај Јов. И така, дошол Сатаната кај Бог, и Бог му рекол дали го има забележано Јов, дека е непорочен, праведен и богобојазлив човек, кој се отстранува од злото (Јов 1:6-8). Сатаната одговорил дека причината поради која Јов е таков, е Божјиот благослов врз него: многу имот, здрави деца и заштита (Јов 1:9-10). Но, ако му се одземе сето тоа на Јов, тој ќе Го проколне Бог (Јов 1:11). Тогаш Бог се согласил Сатаната да го искуша Јов, само врз него да не крева рака и да не му ја зема душата (Јов 1:12). Тука почнуваат несреќите за Јов: го губи цел имот (Јов 1:14-17), децата му загинуваат (Јов 1:18-19), а самиот се разболел со страшни рани по телото (Јов 2:7). На сето ова Јов одговара:

„Гол излегов од утробата на мајка ми, и гол ќе се вратам. Господ даде, Господ зеде. Благословено да биде Господовото име!“ - Јов 1:21

И тогаш започнува филозофската расправа за Божјата справедливост меѓу Јов и неговите пријатели. Се изнесуваат разни тврдења за казните на Бога и нивната намена. Во оваа книга, се алудира на следново прашање: „Зошто вистинските верници кои живеат богоугоден живот страдаат? Зошто Бог го дозволува тоа?“. Бог сакаше да го докаже карактерот на вистинските верници, пред Сатаната и сите демони, ангели и луѓе. Бог дозволи Јов да биде искушуван од Сатаната и со тоа ја докажа Својата поента: Без разлика колкаво ќе биде страдањето на верникот или колку неразбирливо и незаслужено изгледа тоа, спасителната вера не може да се уништи! На крајот од приказната, Бог го благословува Јов, и му враќа двојно од сè што изгубил (Јов 42:10-17).

Главната реалност на книгата е несфатливата мистерија за невиното страдање на вистинскиот верник. Бог наложил Неговите деца да одат во тага и болка, понекогаш поради: грев (Броеви 12:10-12), поправна казна (Евреите 12:5-12), зајакнување (2 Коринтјаните 12:7-10; 1 Петар 5:10), за откривање на Неговата утеха и благодат (2 Коринтјаните 1:3-7). Но понекогаш страдањето на светиите (вистинските верници) е неразбирливо, бидејќи тоа страдање е со небесна цел што луѓето не можат да ја разберат (Излез 4:11; Јован 9:1-3).

Многумина филозофи ја користат оваа Библиска приказна за да расправаат на темата: Божја правда. Кјеркегор и Колаковски пред сè се занимавале со прашањето: „Зошто Творецот, во чии раце стои сè, би му се докажувал на Сатаната?“ Колаковски напишал пародија на ова дело под наслов „Разговори со ѓаволот“, а Гете ја искористил како вовед во својот Фауст.

Песна над песните се вбројува меѓу најдобрите поетски остварувања на древните литератури. Таа е во форма на дијалог, и низ седум пеења даден е цел развој на љубовта.

Стави ме како знак на срцето

како печат на раката своја
зашто љубовта е силна како смрт
а љубомората тврда како гроб!
Песна над песните 8:6

Новиот Завет[уреди | уреди извор]

Новиот Завет е централното писмено свидетелство на христијанството, во кое основната претставена личност е Исус Христос. Содржи 27 книги, и се дели на шест основни дела: Евангелија (Матеј; Марко; Лука; Јован), Почетоци на христијанската црква (Дела Ап.), Писма до конкретни цркви (од Римјаните до 2 Солунците), Пасторални писма (од 1 Тимотеј до Евреите), Соборни писма (од Јаков до Јуда) и Пророчка книга (Откровение). Напишан е на старогрчки јазик, кој во тоа време бил широко застапен, иако Исус и Неговите ученици зборувале арамејски јазик.

Главната тема на Новиот Завет е Исус Христос - ветениот Месија од Стариот Завет и основањето на црквата. Новиот Завет започнува со четирите евангелија: според Матеј, според Марко, според Лука и според Јован, иако тие не се најстарите списи во него [9]. Четирите евангелија го запишуваат Неговото раѓање, живот, смрт, воскресение и вознесување. Четирите записи на евангелието, од различни перспективи го гледаат најголемиот и најважниот настан на историјата - доаѓањето на Богочовекот Исус Христос. Матеј го гледа низ перспективата на Неговото царство; Марко го гледа низ перспективата на Неговото слугување; Лука го гледа низ перспективата на Неговата човечност; Јован го гледа низ перспективата на Неговата божественост. Книгата Дела Апостолски, раскажува за влијанието на животот, смртта и воскресението на Господ и Спасителот - Исус Христос. Во книгата е запишано вознесението Христово, доаѓањето на Светиот Дух, раѓањето на црквата, проповедањето на евангелието од страна на апостолите и нивните помошници. Исто така, запишано е основањето на цркви во Јудеја, Самарија и Римската империја. Посланијата, пак, биле напишани до цркви и индивидуи, за да го објаснат значењето на личноста и делото на Исус Христос, како и импликации за живот и сведочење, се додека Тој не се врати. Новиот Завет завршува со книгата Откровение, која почнува со отсликување на тековната црковна ера, а кулминира со Христовото враќање и воспоставување на Неговото земно милениумско царство, носејќи осуда за неверниците, а слава и благослов за верниците. После Христовото милениумското (илјадагодишно) царство, настапува конечниот суд, па следи вечната состојба. Сите вистински верници (старозаветни и новозаветни) од целата човекова историја, ќе влезат во конечната вечна слава која е подготвена за нив, а сите безбожници ќе бидат испратени во пеколот, на вечна казна [7].

Откровението на Јован Богослов се нарекува уште и апокалипса. Во него авторот ја опишува визијата која Бог му ја дава, за конечната победата над злото и смртта. Овој дел од Новиот Завет извршил најголема инспирација врз натамошната литература. Инаку, сите елементи од Новиот Завет нашле свој одраз во европската уметност: во сликарството, литературата, музиката, скулптурата. Микеланџело, Леонардо, Дирер, Бах и многу други се инспирирале од темите на Библијата воопшто.

Бог во Библијата[уреди | уреди извор]

Тројство[уреди | уреди извор]

Троедината природа на Бог

Бог, во Библијата е претставен како единство од три лица: Бог Таткото, Бог Синот и Бог Духот при што сите три лица се еднакви меѓу себе. Уште во Стариот Завет, во првиот стих се вели: „Во почетокот Бог...“. На хебрејски, зборот за „Бог“ е „Ел - אֵל“. Но, во првиот стих, употребена е множинската форма на тој збор: „Елохим - אֱלהִים“. Индикација имаме и во 26-ти стих: „Потоа Бог рече: ,Да создадеме чо­век според Нашиот образ, според Нашето подобие како што сме Ние‘“. Самиот Бог зборува во прво лице множина. Една од најјасните референци за троединоста на Бог во Стариот Завет, е Исаија 48:16, пророчки стих што го зборува Господ (Исус Христос). Тој стих, ги става сите три Члена на Божеството во еден стих: „Пристапете кон Мене, слушајте го ова: Јас и во почетокот не говорев тај­но; и кога се извршуваше тоа, Јас бев таму; и сега Ме испрати Господ Бог и Неговиот Дух.“ Троедината природа на Бог, станува кристално јасна во Новиот Завет. Јован 10:30 и 33[10] објаснуваат дека Таткото и Синот се едно, 1 Коринтјаните 3:16[11] и Матеј 10:20[12] покажуваат дека Таткото и Духот се едно, Римјаните 8:9[13] јасно кажува дека Синот и Духот се едно, а Јован 14:16,18 и 23[14] покажуваат дека Таткото, Синот и Духот се едно.

Исус Христос[уреди | уреди извор]

Според Новиот завет, Исус Христос е Богот Син - второто лице на троединиот Бог и ветениот Месија од Стариот Завет.

- Јован 4:25-26: „Жената Му рече: ,Знам дека ќе дој­де Месија, наречен Христос; кога ќе дојде Тој, сѐ ќе ни каже.‘ А Исус ѝ рече: ,Јас сум, Кој зборува со тебе.‘“

- Марко 14:61-62: „...Првосвештеникот пак Го праша и Му рече: ,Ти ли си Христос, Синот на Благословениот?‘ Исус рече: ,Јас сум; и ќе Го видите Синот Човечки како седи од десната страна на Силата и како иде на обла­ци­те небески.‘“

Значи, Исус потврдуваше и велеше за Себе дека е Месијата. Тој исто така го употребуваше за Себе и називот „Син Човечки“. Тој назив, најпрво го среќаваме во книгата Даниел, каде Даниел пророкуваше дека Месијата ќе биде Син Човечки. Даниел 7:13-14: „Видов во ноќните виденија, а тоа на небесните облаци како да идеше Синот Човечки, дојде до Старецот и застана пред Него. И Нему Му се даде власт, слава и царство, за да Му служат сите народи, племиња и јазици; владението Негово е владение вечно, кое нема да измине, и царството Негово нема да се разруши.“

- Исаија 9:6(5): „Зашто Дете ни се роди - Син ни се даде; власта е на рамењата Негови, и ќе го наречат: Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот.“ - пророштво дека Месијата ќе е Бог!

- Пслам 2: „Зошто се бунат народите, и племињата смислуваат лоши работи? Се креваат царевите земски, и кнезовите се собираат заедно против Господ и Неговиот Помазаник (Месијата): ,Да ги раскинеме веригите нивни и да го отфрлиме од себе јаремот нивни.‘ Оној, Кој живее на небесата, им се смее, Господ им се подбива. Тогаш во гневот Свој ќе им говори и со јароста Своја ќе ги вџаши, велејќи: ,Јас си поставив Свој Цар на Сион, на Мојата света гора!‘ Ќе ја објавам одлуката Господова, Тој Ми рече: ,Ти си Син Мој, Јас денес Те родив.‘ И побарај од Мене, и ќе Ти ги дадам народите во Твое наследство, и краи­ш­тата на земјата – во Твое владеење. Ти ќе ги пасеш со железен жезол; ќе ги разбиваш како грнчарски сад. И сега цареви, вразумете се; поучете се, судии земни! Служете Му на Господ со страв и со трепет. Почитувајте Го Синот, та да не се разгневи, и на патот свој да не поги­нете; зашто Неговиот гнев брзо ќе се разгори. Блажени се сите, кои кај Него прибегнуваат.“ - Месијата е Божји Син!

Стихови од Новиот Завет дека Исус е Бог:

- Јован 1:1,14: „Во почетокот беше Словото, и Словото беше со Бога и Словото беше Бог...Словото стана тело и се всели ме­ѓу нас...“

- Јован 10:30: „Јас и Отецот сме едно.“ Поради оваа изјава Евреите зедоа камења да го каменуваат велејќи: „За добро дело камења не фрламе на Тебе, туку за хулење, зашто Ти, иако си човек, се правиш Бог.“ - 33-ти стих.

- Јован 14:8-9: „Филип Му рече: ,Господи, покажи ни Го Таткото, и доста ние.‘ Исус му рече: ,Толку време Сум со вас и не Ме позна, Филипе? Кој Ме видел Мене, Го видел и Таткото; тогаш како велиш ти: ‘Покажи ни Го Таткото!‘“

- Јован 8:58: „Исус им рече: ,Вистина, вистина ви велам: Јас Сум, пред да се родил Авраам.‘“ - Исус не само што кажува дека постоел пред Авраам (Авраам се има родено околу 2000 години пред отелотворувањето на Бог Синот - Исус Христос), туку името „Јас Сум“ што го користи за Себе, е името со кое Бог му се објави на Мојсеј (Излез; 2 Мојсеева 3:14[15]).

- Јован 5:16-18: „И затоа Јудејците Го гонеа Исус и сакаа да го убијат, зашто тоа го вршеше во сабота. А Исус им одговараше: ,Мојот Отец досега работи, и Јас работам.‘ Затоа Јудејците уште повеќе сакаа да Го убијат, бидејќи не само што ја на­рушуваше саботата, туку и Бога Го на­рекуваше Свој Отец, правејќи се ед­на­ков со Бога.“

- Колосјаните 1:15: „Тој е слика на невидливиот Бог“ - со други зборови: „Тој е видливата слика на невидливиот Бог.“

- Јован 2:24-25: „Но Самиот Исус не им се доверува­ше, бидејќи ги познаваше сите, и немаше потреба никој да Му све­дочи за човекот, бидејќи Самиот знаеше што има во човекот.“ - Значи, Исус знаеше што има во срцето на луѓето и што размислуваат (Марко 2:6-8).

- Матеј 9:2: „И ете, донесоа кај Него еден фатен, положен на постела. Па кога ја виде Исус нивната вера, на фатениот му ре­че: ,Не плаши се, чедо! Ти се простува­ат гревовите твои!‘ - Исус проштеваше гревови (Лука 7:48).

- Матеј 12:8: „Зашто Синот Човечки е господар и на саботата.“ - Кој е господар на Саботата? - Бог, бидејќи Тој ја воспоставил. А Исус вели дека Тој е Господар на Саботата. Исус се изедначува Себеси со Бог.

- Римјаните 9:5: „...од кои по­тек­нува и Христос, Кој е Бог на сите, бла­гословен до века. Амин!“

- Јован 20:28-29: „Одговори Тома и Му рече: ,Господ мој и Бог мој!‘ Исус му рече: ,Тома, ти поверува затоа што Ме виде; блажени се оние кои не виделе, а поверувале.‘“

- Филипјаните 2:5-7: „...Исус Христос, Кој, иако беше во Божји лик, не сме­таше дека треба да го искористи тоа што е еднаков со Бога; но Сам Себе се понизи, земајќи лик на слуга се изедначи со луѓето и по из­глед се покажа како човек;“

Значи, Исус Христос е Бог. Кога Бог Синот се отелотвори на земјата, Тој беше 100% човек и 100% Бог. Тој мораше да биде човек за да ја земе казната за човекот, а поради тоа што беше Бог, Тој издржа да живее безгрешен живот и да ја прими Божјата казна за гревовите на сите вистински верници (старозаветни и новозаветни).

Неколку стихови за поврзаноста на Исус Христос со Стариот Завет:

- Михеј 5:2(1): „Но ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, Кој ќе владее во Израел и чие потекло е од почетокот, од вечноста.“ - Исус се роди во Витлеем. Тоа можеме да го видиме Во Матеј 2:1 и Лука 2:1-7.

- Захарија 9:9: „Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај, ќерко ерусалимска; ете, Царот твој се враќа кај тебе, праведен е и со победоносна сила, кроток, седнат на магаре, рожба на магарица.“ - Пророштвото вели дека Месијата ќе дојде во Ерусалим на магаре и дека народот ќе го слави. Тоа се исполни со Исус Христос (Матеј 21:1-11; Марко 11:1-11; Лука 19:28-40; Јован 12:12-19).

- Исаија 7:14: „Затоа Самиот Господ ќе ви даде доказ: ете, девица ќе зачне и ќе роди Син, и ќе Му го дадат името Емануел.“ - Името Емануел значи: „со нас е Бог!“. Тука гледаме пророштво, дека Месијата ќе дојде на светот преку девица и дека ќе го нарекуваат (не во смисла на име, туку како титула) „Бог со нас“. Бог се отелотвори и заживеа меѓу нас (Јован 1:14). Ова пророштвото се исполни со Исус и е запишано во Матеј 1-ва глава.

- Псалм 22:1: „Боже мој, Боже мој, зошто ме ос­тави?“ - Пророштвото вели дека Месијата ќе доживее напуштеност од страна на Бог. Исус го исполни тоа кога беше на крстот: „А околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: ,Или! Или! Лама савахтани?‘ А тоа значи: ,Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!‘ - Матеј 27:46. Иако Христос беше безгрешен, во тој момент Тој доживуваше напуштеност и очај, поради излевањето на божествениот гнев врз Него - како носител на казната за гревовите на сите вистински верници (старозаветни и новозаветни). Исус не беше одвоен од Тројството. Исус не беше одвоен од природата на Таткото, туку од интимното заедништво со Него.

- Псалм 22:8: „Тој се надеваше на Господ, нека го избави, нека го спаси, ако Му е угоден!“ - Пророштвото вели дека Месијата на овој начин ќе биде презиран. Со Исус се исполни тоа кога беше на крстот: „Други спасуваше, а Сам Себе не може да се спаси! Ако е Тој Цар Ју­деј­ски, нека слезе од крстот, па ќе поверуваме во Него. Се надеваше на Бога, нека Го из­ба­ви сега, ако е по волјата Негова, бидејќи говореше: ‚Син Божји Сум!‘“ - Матеј 27:42-43.

- Псалм 22:15: „Силата моја се исуши како цреп, јазикот ми се залепи за непцата, во смртоносен прав ме фрли.“ - Пророштвото вели дека Месијата при Своето страдање ќе ожедни. Тоа се исполни со Исус: „По ова, знаејќи Исус дека сѐ е свр­шено, за да се исполни Писмото, рече: ,Жеден сум.‘“ - Јован 19:28

- Псалм 22:18: „Ги разделија меѓу себе алиштата мои, за облеката моја фрлија ждрепка.“ - Пророштвото вели дека ќе се фрла ждрепка за облеката на Месијата. Тоа се исполни со Исус: „А војниците, кога Го распнаа Исус, ги зедоа алиштата Негови и ги раз­делија на четири дела, по еден дел на секого и хитонот. Хитонот, пак, не бе­ше шиен, туку исткаен одозгора па до­долу. Тогаш си рекоа: ,Да не го расипуваме, но да фрлиме за него ждрепка, чиј ќе биде‘ – за да се збидне кажаното во Писмото: ,Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија ждрепка.‘ Така и направија војниците.“ - Јован 19:23-24

- Јован 19:36-37: „Бидејќи ова стана за да се исполни Писмото: ,Коска Негова нема да се прекрши.‘ И друго Писмо пак вели: ,Ќе погледнат на Оној Кого Го прободоа.‘“ Првото пророштво е цитат од Излез 19:46 или Броеви 9:12, кои зборат дека ниедна коска не смее да биде скршена на пасхалното јагне. Бидејќи Новиот Завет го претставува Исус како пасхално Јагне кое ги зема гревовите на светот врз Себе (Јован 1:29; 1 Коринтјаните 5:7; 1 Петар 1:19), овие стихови имаат посебно типолошко пророчко значење за Него. Второто пророштво доаѓа од Захарија 12:10: „А врз домот Давидов и врз жители­те ерусалимски ќе излијам дух на благодат и молитва, така што, кога ќе погледнат на Мене, Кого тие го прободоа, ќе плачат за Него, како што се плаче за еднороден син, и ќе ридаат како што се рида за првороден.“ Ова укажува дека Самиот Бог бил прободен кога Својот претставник Пастирот (Захарија 13:7; 11:4,8-9,15-17) бил прободен. Исус во Јован 10:11 вели: „Јас Сум добриот Пастир“. Ова пророштво се однесува за идното време кога Христос ќе се врати, а Еврејската нација ќе плаче поради своето одбивање и убиство на Царот (Откровение 1:7).

- Исаија 22:22: „И клучот на Давидовиот дом ќе го ставам на рамењата негови; тој ќе отвори, и никој нема да затвори; тој ќе затвори и никој нема да отвори.“ Пророштвово е исполнето со Исус Христос: „И на ангелот на Филаделфиската црква напиши му: вака вели Светиот, Вистинитиот, Оној, Кој го има клучот Давидов, Кој отвора, и никој не може да затвори, – и Кој затвора, никој не може да отвори.“ - Откровение 3:7. Значи, Исус Христос го има суверениот авторитет за влез во царството Божјо.

Исусовото учење и Стариот Завет:

Многу луѓе мислат дека Исус донел некакво ново учење кое било спротивно на Стариот Завет. Тоа не е вистина! Исус рече: „Немојте да мислите дека сум до­шол да го поништам Законот или Про­роците (синоним за Стариот Завет); не сум дошол да ги поништам, туку да ги исполнам. Зашто, вистина, ви велам: дури постојат небото и земјата, ниту една бук­вичка или црта од Законот нема да се измени, додека не се исполни сѐ!“ - Матеј 5:17-18. Исус ниту даваше нов закон, ниту го менуваше стариот, туку го објаснуваше вистинското значење на моралната содржина на Мојсеевиот закон и остатокот од Стариот Завет. „Законот или Пророците“ - Исус зборува за целината на Стариот Завет, а не за рабинските толкувања на истите. „Туку да ги исполнам“ - исполнување во иста смисла како што пророштво се исполнува. Исус укажуваше дека Тој е исполнувањето на Законот во сите негови аспекти. Тој го исполни моралниот Закон со тоа што совршено го запази. Тој го исполни церемонијалниот Закон со тоа што е олицетворение на сè што укажуваат предвестенијата и симболите на Законот. И Тој го исполни судскиот Закон, персонифицирајќи ја Божјата совршена правда.

Кога Исус велеше: „Сте слушале дека им било речено на старите“, Тој мислеше на нивната традиција. Тој дел не го претставува Стариот Завет, туку перверзијата на нивната традиција. Исус не дојде со некое ново откровение кое е дисконектирано од Стариот Завет. Пророците јасно зборувале за Новиот Завет (Еремија 31:31-34; Езекиел 36:25-27; сп. Евреите 8:6-13) и за Месијата, чијашто жртва ќе овозможи Новиот Завет да се воспостави (Исаија 9:6-7; 53:1-12). Тој не дојде да го поништи Законот, туку да го исполни и да ги отфрли традициите на луѓето кои го перверзирале тој Закон. Тогашните религиозни лидери биле Фарисеите. Тие имале вметнато многу традиции и лажни учења во вистинскиот Јудаизам, така што Јудаизмот го претвориле во отпаднички. Исус, во Марко 7:6-8, им рече: „Добро пророкувал Исаија за вас лицемерите, како што е напишано: ‚Овој народ со уста Ме почитува, но срцето им е да­ле­ку од Мене; но напразно Ме почитува, зашто проповеда човечки повелби.‘ Зашто, вие, оставајќи ја Божјата за­повед, го држите преданието човечко.“ Најдобриот опис на Фарисеите, Исус го дава во Матеј 23-та глава, опишувајќи ги како: лицемери, безумни, слепи, варосани гробови (однадвор убави, а внатре полни со мртовечки коски), синови на пеколот итн.

Светиот Дух[уреди | уреди извор]

Светиот Дух е третото Лице на Троединиот Бог. Светиот Дух го гледаме уште при создавањето на светот (Битие 1:2).

- Дела 5:3-4: „Но Петар рече: ,Ананија, зошто го исполни сатаната срцето твое да Го излажеш Светиот Дух и да прикриеш дел од земените пари за нивата? Додека не беше продадена, нели бе­ше твоја? И откако ја продаде, нели беа парите во твоја власт? Зошто си стави на срцето свое таква работа? Ти не из­лажа луѓе, туку Бога!‘“ Значи, Петар вели дека кога Ананија го излажал Светиот Дух, тој всушност го излажал Бог!

Во Библијата, Светиот Дух е наречен со следниве имиња: вечен Дух (Евреите 9:14), Божји Дух (Битие 1:2; Јов 33:4; 1 Коринтјаните 2:11), Господов Дух (Исаија 11:2; Дела 5:9; 2 Коринтјаните 3:17), Христов Дух (Римјаните 8:9 - тука Божјиот Дух е наречен Христов Дух; 1 Петар 1:11; Галатјаните 4:6 - тука се вели дека Бог го пратил Духот на Својот Син), Дух на Таткото (Матеј 10:20), Дух на живиот Бог (2 Коринтјаните 3:3), Духот на животот (Римјаните 8:2), Духот на благодатта (Евреите 10:29), Духот на вистината (Јован 14:7), Духот на светоста (Римјаните 1:4) итн.

Тој не е некакава лебдечка енергија, туку е Личност:

- Ефесјаните 4:30: „И не жалостете Го Светиот Дух Божји со Кој сте запечатени за денот на откупувањето.“

- Римјаните 8:26: „...Па сепак, Ду­хот Сам посредува за нас со не­ис­ка­жливо воздивнување.“

- Дела 15:28: „Зашто Светиот Дух и ние од­лу­чив­ме да не ви ставаме на вас никаков друг товар, освен она што е потребно.“

- Дела 20:23: „Освен за она, кое Духот Свети го посведочи по сите градови, велејќи дека ме чекаат окови и маки.“

- 1 Коринтјаните 2:10: „А нам, пак, ни го откри тоа Бог преку Својот Дух, зашто Духот продира во сѐ, па дури и во длабочините Божји.“

- 1 Коринтјаните 2:13: „Па тоа и го проповедаме не со збо­рови научени од човечка мудрост, туку научени од Светиот Дух...“

Лебдечка енергија не може да поседува разум, знаење и емоции; не може да комуницира, поучува, открива, сведочи, одлучува, да биде ожалостена итн. Светиот Дух е третата Личност на Троединиот Бог.

Службата на Светиот Дух:

- Помошник (Јован 14:16): „Јас ќе Го помолам Отецот, и Тој ќе ви даде друг Утешител за да биде со вас довека“ - Зборот што е преведен како „утешител“, е старогрчкиот збор „параклетос - παράκλητος“, што буквално значи: „оној, кој е повикан напомош; рамо до рамо“. Некаде е преведен како „помошник“, а тоа е едно од неговите значења. Во овој стих, интересен е и зборот „друг“. Во старогрчкиот јазик има два збора кои често се преведуваат како „друг“. Тоа се зборовите „хетерос - ἕτερος“ и „алос - ἄλλος“. Понекогаш Библиските автори ги користат овие зборови наизменично, но понекогаш тие го користат зборот „хетерос“ за да означат „друг од различен вид“, а зборот „алос“ за да означат „друг од исти вид“. „Алос“ е зборот што Исус го искористи за да го опише Светиот Дух. Со други зборови Тој вели: „Ќе дојде Еден, Кој е од истата суштина како Мене“.

- Ни овозможува да ја сознаеме вистината (Јован 14:17): „Духот на вистината, Кого светот не може да Го прими, зашто не Го виде, ниту Го познава; а вие Го познавате, зашто во вас е и во вас ќе биде.“ - Без Светиот Дух, ниту еден човек не може да ја спознае и разбере вистината. Академските умови во тоа време, дојдоа до заклучок дека Исус е од ѓаволот, иако со свои очи ги гледаа Неговите дела, ги слушаа Неговите зборови и вистината што ја збореше, ја гледаа Неговата безгрешност, го имаа Стариот Завет во кој се зборува за Него и го гледаа како ги исполнува пророштвата запишани во Стариот Завет. Светот не ја прима пораката на Исус, па затоа не ја прими и кога Светиот Дух се симна врз учениците Христови на Пентакост. Тие велеа дека учениците се пијани (Дела Ап. 2). 1 Коринтјаните 2:14: „Телесниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух: за него тоа е без­умство; и не може да го разбере, зашто тоа треба со помошта на Духот да се испита.“ Преку разјаснувањето на Словото, Светиот Дух ги снабдува верниците со капацитет за спознавање на божествената вистина, додека пак неверниците (духовно мртвите) не можат да ја разберат. Но, тоа не значи дека верниците знаат сѐ (Второзаконие; Повторени закони 29:29(28)), дека не им се потребни учители (Ефесјаните 4:11-12) или дека не треба да се трудат за да растат во знаењето (2 Тимотеј 2:15).

- Го овозможува Христовото присуство кај верниците (Јован 14:18-19): „Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам кај вас. Уште малку и светот веќе нема да Ме гледа; а вие ќе Ме гледате...“ - Исус следниот ден умре, па ги кажа овие зборови за да ги увери Своите ученици дека ќе можат да сметаат на Неговото присуство после Неговата смрт. Со тоа Тој грантираше дека ќе воскресне. Но, Неговото ветување: „ќе дојдам кај вас“ има пошироко значење. Точно дека после Своето воскресение Тој се виде со учениците, но контекстот укажува на нешто повеќе: Неговото духовно присуство кај секој еден верник, преку агенцијата на Светиот Дух. Мистеријата на тројството: Светиот Дух живее во нас (2 Тимотеј 1:14), Христос е во нас (Колосјаните 1:27), Бог пребива во нас (1 Јован 4:12).

- Произведува плодови во верниците (Галатјаните 5:22-23): „А плодот на Духот е: љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност (благост), добрина, верност, кроткост, самоконтрола.“ Ова се побожни карактеристики на оние кои вистински му припаѓаат на Бог преку вера во Христа и кои го поседуваат Духот Божји. Љубов - тука е употребен зборот „агапе - ἀγάπη“, што претставува љубов која одбира (одлучува) да љуби. Ваквата љубов не се однесува на емоционална наклонетост, физичка привлечност или семејна врска, туку на почит, посветеност и наклонетост која води кон доброволно и пожртвувано служење (Јован 15:13; Римјаните 5:8; 1 Јован 3:16-17). Радост - станува збор за радост која се темели на непроменливите божествени ветувања и вечните духовни реалности. Тоа е чуството на благосостојба што го доживува вистинскиот верник, бидејќи знае дека преку жртвата на Исус Христос, е оправдан пред Бог (1 Петар 1:8-9). Ваквата радост не е резултат на поволни околности, па дури и се јавува кога тие околности се најболни и најтешки (Јован 16:20–22). Радоста е дар од Бога, и како таква, верниците не треба да ја произведуваат, туку да уживаат во благословот што веќе го поседуваат (Римјаните 14:17; Филипјаните 4:4). Мир - станува збор за внатрешниот мир што произлегува од довербата во спасителната врска со Исус Христос. Исто како и радоста, мирот не е поврзан со околностите (Јован 14:27; Римјаните 8:28; Филипјаните 4:6–7,9). Долготрпеливост - претставува способност да се издржат повредите нанесени од други луѓе, како и подготвеност да се прифатат иритирачки и болни ситуации (Ефесјаните 4:2; Колосјаните 3:12; 1 Тимотеј 1:15–16). Љубезност - претставува нежна грижа за другите, што се изразува во нашата желба нежно да се однесуваме кон други луѓе, исто како што Господ се однесува кон верниците (Матеј 11:28–29; 19:13-14; 2 Тимотеј 2:24). Добрина - станува збор за морална и духовна извонредност, која се манифестира со активна љубезност (Римјаните 5:7). На верниците им е заповедано да служат како пример за добрина (Галатјаните 6:10; 2 Солунјаните 1:11). Верност - претставува лојалност и доверливост (Летописи 3:22; Филипјаните 2:7–9; 1 Солунјаните 5:24; Откровение 2:10). Кроткост - претставува смирен и нежен став, кој трпеливо ги издржува сите навреди и нема желба за одмазда. Во Новиот Завет, овој збор се користи и при опишувањето на три ставови: потчинување кон волјата Божја (Колосјаните 3:12), покорливо прифаќање на Словото, имплементирајќи го тоа што го пишува во него (Јаков 1:21) и имање обѕир кон другите луѓе (Ефесјаните 4:2). Самоконтрола - претставува воздржливост од страсти и нагони (1 Коринтјаните 9:25; 2 Петар 1:5–6).

- Тој нѐ нановораѓа / раѓа одозгора (Јован 3): „Вистина, вистина, ти велам, ако некој не се роди одозгора, тој не може да го види Божјото Царство.“ Значи, ако Светиот Дух не нѐ регенирира т.е. не нѐ трансформира духовно, ние нема да бидеме спасени. Исус го опиша нановораѓањето како „раѓање од вода и Дух“. Тука Исус не мисли на буквална вода, туку на потребата за „очистување“ (Езекиел 36:24-27). Кога водата се користи фигуративно во Стариот Завет, вообичаено се однесува на обнова или духовно чистење, особено кога се користи во комбинација со „дух“ (Броеви 19:17–19; Псалм 51:9-10; Исаија 32:15; 44:3–5; 55:1–3; Еремија 2:13; Јоил 2:28–29). Значи, Исус, со Својата изјава „раѓање од вода и Дух“, вели дека духовното миење т.е. очистувањето на душата го прави Светиот Дух, преку Словото Божјо. Ефесјаните 5:26: „за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото“; Тит 3:5: „Тој нѐ спаси, но не според из­вр­ше­ни­те од нас праведни дела, туку по Сво­јата милост, преку бањата на преродување (Во Јаков 1:18 и 1 Петар 1:23 гледаме дека преродувањето е преку Божјото Слово, така што може да се напише вака: „...преку бањата на Божјото Слово...“) – и обновувањето од Светиот Дух.“ Новораѓањето е суверено дело на Светиот Дух, во кое Тој те пресоздава - ти дава ново срце, нов ум, нов карактер т.е. нова природа и се вселува во тебе. И ти, како ново создание, оспособен си и потпомогнат од Светиот Дух, да го живееш христијанскиот живот. И ако навистина си новороден, твоите мисли, желби, мотиви, цели и дела ќе бидат богоугодни (според Божјата волја) и твојот живот ќе го живееш за Божја слава. Новородениот човек, го љуби тоа што Бог го љуби, а го мрази тоа што Бог го мрази.

- И др.

Пораката на Библијата[уреди | уреди извор]

Евангелието, е старогрчкиот збор „εὐαγγέλιον“, што значи „добра вест“. Еве ја добрата вест во кратки црти:

Карактерот Божји

Светоста на Бог:

- Исаија 6:3: „...Свет! Свет! Свет е Господ...“

- Авакум 1:13: „На чистите очи Твои не е својстве­но да гледаат злосторства и Ти не мо­жеш да гледаш угнетување.“

- Исаија 59:2: „Но, беззаконијата ваши ве разделија од вашиот Бог, и гревовите ваши прават да го сокрива лицето Свое од вас, за да не слуша.“

Праведноста на Бог:

- Исаија 30:18: „...зашто Господ е праведен Бог...“

- Псалм 11:7: „Зашто Господ е праведен, ја сака правдата: лицето Негово ќе го гледаат праведниците.“

- Исаија 5:16: „а Господ Саваот ќе се возвеличи во суд, светиот Бог ќе ја соопшти светоста Своја во правда.“

- Псалм 7:11: „Бог е праведен судија, и секојдневно предупредува.“

Човековата расипаност и неговата осуда

- Римјаните 3:23: „сите згрешија и лишени се од славата Божја.“

- Римјаните 3:10-12: „Нема праведен ниту еден, нема разумен, нема кој да Го бара Бога; сите се отклонија, заедно станаа развратни; нема кој да прави добро, не­ма ниту еден.“

- Исаија 64:6(5): „Сите ние станавме како нечист човек, и секоја наша правда – како из­валкана облека;“

- Галатјаните 3:10: „а сите оние, што се од делата на За­конот, под клетва се. Зашто е на­пи­ша­но: ,Проклет да е секој кој не исполнува постојано сѐ што е напишано во книгата на Законот!‘“ - цитат од Второзаконие (Повторени закони; 5-та Мојсеева) 27:26.

- Римјаните 3:20: „...преку делата на Законот пред Него нема да биде оправдан никој...“

Целиот свет е виновен пред Бога (Римјаните 3:19). Сите луѓе го имаат прекршено Божјиот совршен морален стандард: лажење, крадење, сексуален неморал (блудство т.е. сексуални односи пред брак, прељуба и други сексуални гревови), посакување туѓо, употреба на Божјото име напразно, итн. Во Матеј 5:28, Исус вели дека ако во мислите сексуално посакаме некоја личност, тогаш виновни сме за тоа дело. Во 1 Јован 3:15, се вели дека ако мразиме некого, виновни сме за убиство. Значи, виновни сме за грев дури и ако помислиме на него. Бидејќи Бог е праведен, Тој не може да дозволи гревот да остане неказнет. Неговата правда наложува гревот да биде казнет. Затоа сите луѓе заслужуваат да бидат во пеколот. Ако некој мисли дека нема грев, Библијата вели: „Ако кажеме дека немаме грев, се ла­жеме сами себе, и вистината не е во нас; Ако, пак, речеме дека не сме згре­шиле, Него Го правиме лажливец, и словото Негово не е во нас.“ - 1 Јован 1:8,10.

Прашањето

- Излез 34:7: „Кој ја чува правдата и покажува милост на илјадници, Кој проштава беззаконија, неправди и гревови, но Кој виновни не остава неказнети.“

Како е можно ова? Како е можно Бог истовремено да прости, а да го казни секој виновник? Како може Бог да му ги прости гревовите на некого, а истовремено да биде праведен? Преку дела не може! (како што видовме погоре). Добрите дела не можат на некаков магичен начин да ги избришат лошите дела. Ако Бог простува така, тогаш Тој не е праведен!

Одговор: Преку Исус Христос

Божјата правда мора да се задоволи! Мора да се казни секој грев! Епа затоа, второто Лице (Бог Синот) на троединиот Бог, се отелотвори на земјата, со цел да ја прими казната за гревовите на сите вистински верници (старозаветни и новозаветни). Значи, Бог Синот се отелотвори (Јован 1:1,14: „Во почетокот беше Словото, и Словото беше со Бога и Словото беше Бог; И Словото стана тело и се всели ме­ѓу нас“), живееше безгрешен живот (1 Јован 3:5: „А знаете дека Тој се јави за да ги зе­ме нашите гревови; а грев во Него не­ма.“) и доброволно се даде на крстот (Јован 10:17-18: „Зашто Јас животот Свој си го полагам за да го примам пак. Никој не Ми го одзема, туку Јас Сам од Себе го давам. Имам власт да го дадам и власт имам пак да си го земам.“), за да ja плати казната за нашите гревови (1 Коринтијаните 15:3: „Христос умре за на­шите гревови, според Писмата - како што беше претскажано“). Значи што се случи на крстот? - 2 Коринтијаните 5:21: „Зашто Оној, Кој не знаеше грев, Бог за нас Го направи грев, та преку Него да станеме праведност Божја.“ Со други зборови, Бог Таткото го третираше Бог Синот (Исус Христос) како да ги извршил сите гревови што некогаш ги извршиле сите вистински верници (старозаветни и новозаветни), а Неговата праведност им ја препишува на нив.

Така што, само преку вера во Исус Христос, Бог може праведно да ни ги прости гревовите и да не нѐ осуди на пекол, бидејќи Христос ја плати казната за гревовите на сите вистински верници:

- Ефесјаните 2:8-9: „По благодат сте спасени пре­ку верата; и тоа не е од вас – туку дар Божји! Не од делата, за да не се фали некој.“

- Галатјаните 2:16: „Но знаеме дека човекот не се оп­равдува преку делата на Законот, туку само преку верата во Христос Исус.“

- Исус, во Јован 6:47 вели: „Вистина, вистина ви велам: Кој ве­рува во Мене има вечен живот.“

- Јован 3:18: „Кој верува во Него – нема да биде суден, а кој не верува, тој е веќе осуден“.

- Јован 14:6: „Исус му рече: ,Јас сум Патот, Вис­тината и Животот; никој не доаѓа кај Отецот, освен преку Мене.‘“

- Дела 4:10-12: „Тогаш нека ви биде познато на сите вас и на сиот народ израелски, дека овој стои здрав пред вас во името на Исус Христос од Назарет, Кого вие Го распнавте, Кого Бог Го воскресна од мртвите. Тој е оној камен што од вас ѕи­да­ри­те беше отфрлен, Кој стана камен те­мелник; и во никој друг нема спасение: заш­то под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спа­симе.“

- Дела 10:43: „Сите пророци сведочат за тоа дека секој што ќе поверува во Него, ќе добие простување на гревовите преку Него­во­то име.“

- Јован 3:36: „Кој верува во Синот, има вечен жи­вот; а кој не се покорува на Синот, нема да види живот, туку гневот Божји останува врз него.“

Што треба човекот да направи?

Да поверува

Римјаните 10:17: „Затоа, верата доаѓа од слушањето на пораката, а пораката – од Христовото слово.“ Значи, јасна презентација на евангелската порака, мора да претходи на вистинската спасителна вера. Спасителната вера секогаш има содржина - откриениот Божји Збор. Спасението доаѓа на оние кои го слушаат, веруваат и му се послушни на евангелието. За да ја разбереме природата на спасителната вера, најдобро е да видиме како „Зачетникот и Довршителот на верата – Исус“ (Евреите 12:2) ја има дефинирано. Во Јован 3:36, се вели: „Кој верува во Синот, има вечен жи­вот; а кој не се покорува на Синот, нема да види живот, туку гневот Божји останува врз него.“ Забележете го контрастот тука - не е „верува“ наспроти „не верува“, туку „верува“ наспроти „не се покорува (непослушност)“. Денешните цркви се полни со луѓе кои тврдат дека веруваат во Христос, но нивните животи го сведочат спротивното. Христијаните се по Божја благодат спасени и се издвоени да живеат животи на послушност, кои ќе сведочат за Неговото спасително дело во нив. Ако не живееме послушен живот, ние сме лажни верници и никогаш не сме верувале во Него. Ајде да видиме што Божјиот Збор вели за тоа кој е спасен т.е. кој е Христов следбеник; ученик.

Општи есенцијални вистини:

Човекот мора да знае дека: Постои само еден Бог - троединиот Библиски Бог (Еден Бог, Кој се манифестира во три Лица: Бог Татко, Бог Син и Бог Дух), Исус е Бог Синот (второто Лице на троединиот Бог), Исус, на крстот, ја плати казната за гревовите на сите вистински верници (старозаветни и новозаветни), Исус воскресна, се вознесе, ќе се врати и само преку Него до рајот.

Духовна сиромаштија

Во Матеј 5:3, Исус рече: „Блажени се бедните по дух, зашто нивно е царството небесно!“ Човекот мора да ја препознае својата духовна сиромаштија, односно дека не може да Му угоди на Бог, дека не може да се оправда пред Бог и да заслужи спасение, дека е удавен во своите гревови и безнадежно осуден на пекол. Со други зборови, да се има дух на крајна сиромаштија во однос на сопствената добрина, праведност, вредност и заслуга. Тоа значи понизно препознавање на духовната беда. Единствено човекот кој сфатил колку е грешен и проклет, може да сфати колку е скапоцена Божјата прошка. Псалм 34:18: „ Господ е близу до оние што се со скршени срца, и ги спасува оние, што се со покајнички дух.“ Господ го сака понизното и покајаничко срце, и нема да го презре (Псалм 51:17). Таквите ги спасува Бог, а не самоправедните и самозадоволните.

Покајание

Исус, во Марко 1:15 велеше: „Времето се исполни и царството Божјо наближи; покајте се и верувајте во Евангелието.“ (Матеј 4:17; Лука 5:32; Лука 13:3,5). Човекот мора да се покае. Покајанието не значи само „извини Боже“ или само чувство на тага поради извршеното, туку тоа има три елементи: интелектуален, емоционален и елемент на волјата. Интелектуален елемент: да го признаеш и препознаеш гревот како нешто злобно, изопачено и валкано. Емоционален елемент: откога си го препознал гревот како нешто злобно, изопачено и валкано, тоа предизвикува тагување во тебе - поради извршените гревови. Елемент на волјата: внатрешно одвраќање од гревот т.е. одвраќање од љубовта кон гревот. Вистинскиот верник, вистински се покајал за своите гревови и неговото срце го мрази гревот, па затоа не го врши, а лажниот верник сѐ уште има љубов кон гревот. И Јуда Искариотски чуствуваше грижа на совест, но не се покаја (Матеј 27:3). Покајанието не е само интелектуално. Сигурно и Јуда го промени својот начин на размислување, но тој не се одврати од гревот и не се фрли врз Господовата милост. Покајанието не вклучува само промена на умот, туку и промена на срцето. Тоа е целосно духовно одвраќање. Покајанието во контекст на „новораѓањето“ значи одвраќање од гревот, и свртување кон Спасителот. Тоа е внатрешна реакција, а не надворешна активност, но плодовите на покајанието ќе бидат видливи во однесувањето на вистинскиот верник (Лука 3:8). Значи, покајанието е радикална преобразба, трансформација на природата, дефинитивно одвраќање од злото и решително свртување кон Бога во целосна послушност (Марко 1:15; Матеј 4:17; 18:3). Оваа преобразба (обраќање) е еднаш засекогаш. Нема враќање назад, туку само одговорно чекорење по преземениот пат. Тоа влијае на целиот човек, најпрво и основно врз центарот на неговиот личен живот, потоа врз неговото однесување во секое време и во сите ситуации, врз неговите мисли, зборови и дела (Матеј 12:33; 23:26; Марко 7:15).

Самоодречи се, земи го својот крст, и следи Ме!

Исус во Матеј 16:24, рече: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека Ме следи;“ (Марко 8:34; Лука 9:23). Човекот мора да разбере дека Исус не ветува просперитет, кариера, заштита од неволји и здравје. Исус не е волшебник, Кој ќе ни ги исполнува желбите. Самоодрекувањето беше вообичаена нишка во Христовото поучување на Своите ученици (Лука 14:26-27; Матеј 10:38;16:24; Јован 12:24-26). Видот на самоодрекување што го бараше Господ, не беше самотен аскетизам, туку подготвеност да ги почитуваме Неговите заповеди, да служиме едни на други, да страдаме, па дури и да умреме заради Него. Да се биде христијанин (да се биде следбеник; ученик Христов) е според Божјите услови, а тоа вклучува: себеодрекување, носење на крстот и лојална послушност. Себеодрекување - Личноста која не сака да се одрече од себеси, не може да се нарече Христов ученик. Зборот што е преведен како „одрече“, е старогрчкиот збор „апарнеомаи - ἀπαρνέομαι“, што значи: „целосно да се одрекнеш; целосно да се издвоиш од некого.“ Истиот овој збор, Исус го употреби за да го опише Петровото одрекување од Него (Матеј 26:34). Кога Петар трипати беше соочен за неговата врска со Исус, тој секој пат пожестоко негираше дека Го познава (Матеј 26:70, 72, 24). Тој се одрече од својот Господар пред светот. Е таков е видот на негирање што треба верникот да го направи во однос на самиот себеси. Тој треба целосно да се одрече од себеси - да се одрече од стариот човек. Зборовите на Исус, тука би можеле да се парафразираат: „Ако некој сака да врви по Мене, нека одибе било какво здружување или пријателство со себеси.“ Себеодрекувањето е карактеристика на вистински спасената личност. Тука не станува збор за личниот идентитет, како посебна личност. Секоја личност е уникатно создание на Бога, а небесниот Отец ги познава сите свои деца по име. Тој го има името на секој верник „запишано на небото“ (Лука 10:20). Себеодрекувањето се однесува на одрекување од природниот, грешен, бунтовен, неискупен дел, што е во центарот на секој човек после Падот, и кој може да преземе привремена контрола над христијанинот. Тоа е телесното тело, „стариот човек, кој тлее заради измамливите страсни желби“ (Ефесјаните 4:22), и допрва треба да биде искупено во прославувањето (сп. Римјаните 8:23). Павле во Римјаните 7:18 вели: „Јас знам дека никакво добро не живее во мене, односно во моето тело.“ Човекот треба искрено и вистински да биде убеден дека нема ништо во својата човечност, со што може да се пофали пред Бога, и ништо вредно што може да Му понуди. Кога верникот има спасителна вера во Исус Христос, тој е направен да биде праведен пред Бога и стои во совршена праведност, облечен во „новиот човек, кој е создаден според Бога во правдата и светоста на вистината.“ (Ефесјаните 4:24). Но, како што и изјави Павле, дури и после спасението, верникот нема повеќе добрина во себе т.е. „во своето тело“, отколку што имал пред спасението. „Во своето тело“ го претставува неискупениот дел на верникот, што служи како основен логор од кој гревот работи во животот на христијанинот. Тој дел е подложен на грев и е темелно загаден. Да се самоодречеш значи да „не ги исполнуваш похотите (страстите) на телото“ (Римјаните 13:14) и да „не се надеваш во телото“ (Филипјаните 3:3). Себеодрекувањето значи целосно покорување кон господарството и ресурсите на Исус Христос, и целосно отфрлање на самоволието и самодоволноста. Целта на Стариот Завет, што јасно се гледаше во Мојсеевиот закон, беше да му покаже на човекот колку е духовно и морално беден, и колку е немоќен. Овој закон не беше наменет за да им покаже на луѓето како да ја заслужат Божјата благонаклоност, туку за да им покаже колку е невозможно да се придржуваат до Божјите свети стандарди, со своите сопствени ресурси. За грешникот да биде спасен, тој мора да се одрече од себеси, односно да ги „умртви органите (членовите) на своето земно тело: блудството, нечистотата, страста, лошата желба и лакомството, што е идолопоклонство.“ (Колосјаните 3:5). Тоа значи „да го соблечете од себе стариот човек, кој тлее заради измамливите страсни желби, и да се обновувате во духот на својот ум.“ (Ефесјаните 4:22-23). Земи го својот крст - Ова има длабоко значење што мора да се разбере. Да го земете својот крст е, едноставно да бидете спремни да платите секаква цена заради Христа. Тоа е подготвеност да се трпи срам, укор, отфрлање, прогон, па дури и мачеништво заради Него. За луѓето во времето на Исус, крстот бил многу конкретна и живописна реалност. Тој бил инструмент, што бил резервиран за егзекутирање на најлошите непријатели на Рим. Крстот бил симбол на тортурата и смртта што ги чекало оние, кои се осмелиле да кренат рака против римската власт. Не многу години пред Исус и учениците да дојдат во Цезареја Филипи, 100 мажи биле распнати во областа. Еден век порано, Александар Јанеус распнал 800 еврејски востаници во Ерусалим, а по востанието што следело по смртта на Ирод Велики, 2000 евреи биле распнати од римскиот проконзул Варус. Распетијата во помал обем биле вообичаена глетка и се проценува дека можеби околу 30000 распнувања се случиле под римската власт, за време на животот на Христос. Кога учениците и народот го чуја Исус како зборува за носењето на крстот, тие веднаш знаеа за што станува збор. Тие веднаш си замислиле кутра и осудена душа, која си шета по патот и го носи инструментот (крстот) на сопствената егзекуција, врз својот грб. Човекот којшто ќе го крене и носи својот крст, тој го започнува маршот на смртта. Да се биде ученик на Христос е да се биде спремен да страдаш од негодувања, болка, па дури и смрт, заради Него. Очигледно, степенот на страдање и прогонување варира од верник до верник, од време до време и од место до место. Не сите апостоли беа маченици, но беа спремни да бидат мачени. Не секој ученик Христов е повикан да биде маченик, но на секој ученик му е заповедано да биде подготвен да прифати мачеништво заради Христа. Петар има напишано до верниците: „Возљубени, не чудете се на огненото искушение, што ви се праќа за да ве испита, како нешто необично да ви се случува. Напротив. Ако учествувате во страдањата Христови, тогаш радувајте се, та кога ќе се јави Неговата слава да се зарадувате и развеселите. А ако ве укоруваат поради името Христово, блажени сте, зашто Духот на славата, Духот Божји почива на вас.“ (1 Петар 4:12-14). За да бидете Христови, мора да ставите крај на себеси и гревот, и да станете толку желни за Христос и Неговата праведност, што ќе бидете спремни да се жртвувате за Него. Претходно, Исус во Матеј 10:34-36, рече: „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да до­несам мир, туку меч. Зашто дојдов да разделам човек од татко си, и ќерка од мајка си, и снаа од свекрвата нејзина. И непријатели на човека ќе бидат неговите домашни.“ - Иако конечниот крај на евангелието е мир со Бог (Јован 14:27; Рим. 8: 6), сепак непосредниот резултат на евангелието е честопати конфликт. Обраќањето кон Христа може да резултира со затегнати семејни односи, прогон, па дури и мачеништво. Следењето на Христа подразбира спремност (волја; подготвеност) да се издржат ваквите тешкотии (Матеј 10:32-33, 37-39). Иако Тој е наречен „Принц на мирот“ (Исаија 9:6), Тој јасно кажува дека не ги повикува верниците на живот без никаков конфликт. Исус, исто така, во Матеј 10:24-25, рече: „Нема ученик поголем од својот учител, ниту слуга – поголем од својот господар. Доста е за ученикот да биде како неговиот учител и на слугата да биде како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекле Велзевул, тогаш колку повеќе неговите домашни!?“ - Ако учителот (Христос) страда, тогаш и неговите ученици ќе страдаат. Ако го нападнат господарот (Христос) со хулење, тогаш и неговите слуги ќе ги проколнуваат. Ова е ветување за прогон. Јован 15:20: „Ниеден слуга не е поголем од својот господар. Ако Мене Ме гонеа, и вас ќе ве гонат; ако Моите зборови ги запазија, и вашите ќе ги запазат.“ - учениците треба да очекуваат да бидат третирани како што Тој беше третиран, бидејќи оние кои Го мразеа Него, не Го познаваат Бога (Јован 15:21), а исто така, ќе ги мразат и Неговите ученици. И обратно, оние кои Го слушаат Него со вера, ќе ги слушаат и Неговите ученици. Значи, Исус вели дека ако Тој, како нивни Господ, ќе мора „да пострада многу...и да биде убиен“ (Матеј 16:21), тогаш и учениците не треба да очекуваат да го избегнат истиот третман. Крстот претставува страдање кое е наше, поради нашата врска со Христа. Исус не повикува ученици кон Себеси, за да им го направи животот просперитетен, туку да ги направи свети и продуктивни. Подготвеноста да се земе својот крст е белегот на вистинскиот ученик. Оние кои прават првична исповест за нивната желба да Го следат Исус Христос, но одбиваат да прифатат тешкотии или прогонство, се лажни, безплодни души, кои се како каменестата почва без длабочина. Тие венеат и умираат под заканата на осуда, прогон... поради Христос (Матеј 13:20-21). Многу луѓе сакаат да бидат ученици Христови, а тоа да не ги кошта ништо, но Христос не нуди таква опција. Лојална послушност - Само откако некој ќе се одрече од себеси и ќе го земе својот крст, е подготвен да Го следи Исус. Вистинското учеништво претставува потчинување на Господарството на Исус - тоа е образецот на животот на вистинскиот верник: „Кој вели дека останува во Него, тој треба да оди, како што одеше Тој.“ Матеј 7:21: „Не секој, што Ми вели: ‘Господи, Господи!’ ќе влезе во царството небесно, туку оној, кој ја врши волјата на Мојот Татко, Кој е во небесата.“ Ако пребиваме во Неговото слово, тогаш навистина сме Негови ученици (Јован 8:31). Павле го нарекува спасението „послушност на верата“ (Римјаните 1:5; 16:26). Петар го опишува Божјото спасително дело во нечиј живот како „осветувањето на Духот, за послушност и попрскување со крвта на Исуса Христа.“ (1 Петар 1:2). Очигледно е дека послушноста, е составен белег на спасението, и е исто толку карактеристична за верникот, како што е и осветувачкото дело на Светиот Дух и жртвувачкото спасувачко дело на Синот. Петар му рече на еврејскиот Санедрион, дека Светиот Дух им е даден само на оние кои Му се послушни на Бога (Дела 5:32), а бидејќи секој вистински верник го има Светиот Дух (Римјаните 8:9), нивниот образец на живот (животен стил) е карактеризиран со послушност кон Бога. Исус вели: „Кој Ми служи Мене, нека врви по Мене, и каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга. И кој Ми служи Мене, него ќе го уважува и Мојот Отец.“ - Јован 12:26.

Новораѓање (раѓање одозгора)

Исус во Јован 3:3 вели: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо.“ Човекот мора да го разбере „новораѓањето / преродувањето“ т.е. „раѓањето одозгора“. Исус намерно користи аналогија на раѓање, бидејќи како што не можеме да влијаеме врз нашето физичко раѓање, исто така не можеме да влијаеме и врз нашето духовно раѓање. Значи, мора да ти се случи нешто, што ти самиот не можеш да го направиш, ниту пак да допринесеш нешто за тоа. Е сега, Исус го опиша нановораѓањето како „раѓање од вода и Дух“. Тука Исус не мисли на буквална вода, туку на потребата за „очистување“ (Езекиел 36:24-27). Кога водата се користи фигуративно во Стариот Завет, вообичаено се однесува на обнова или духовно чистење, особено кога се користи во комбинација со „дух“ (Броеви 19:17–19; Псалм 51:9-10; Исаија 32:15; 44:3–5; 55:1–3; Еремија 2:13; Јоил 2:28–29). Таа водена бања се однесува на Словото Божјо: Ефесјаните 5:26: „за да ја освети, очистувајќи ја со водна бања преку словото.“; Тит 3:5: „Тој нѐ спаси, но не според из­вр­ше­ни­те од нас праведни дела, туку по Сво­јата милост, преку бањата на преродување (Во Јаков 1:18 и 1 Петар 1:23 гледаме дека преродувањето е преку Божјото Слово, така што може да се напише вака: „...преку бањата на Божјото Слово...“) – и обновувањето од Светиот Дух.“ Новораѓањето е суверено дело на Светиот Дух, во кое Тој те пресоздава - ти дава ново срце, нов ум, нов карактер т.е. нова природа и се вселува во тебе. И ти, како ново создание, оспособен си и потпомогнат од Светиот Дух, да го живееш христијанскиот живот. И ако навистина си новороден, твоите мисли, желби, мотиви, цели и дела ќе бидат богоугодни (според Божјата волја) и твојот живот ќе го живееш за Божја слава. Новородениот човек, го љуби тоа што Бог го љуби, а го мрази тоа што Бог го мрази.

Дали човекот е способен сам од себе да реагира со спасителна вера?

Човекот сам од себе, не може да има спасителна вера. 1 Коринтјаните 2:14: „Телесниот човек не го прима она што е од Божјиот Дух: за него тоа е без­умство; и не може да го разбере, зашто тоа треба со помошта на Духот да се испита.“ Преку разјаснувањето на Словото, Светиот Дух ги снабдува верниците со капацитет за спознавање на божествената вистина, додека пак неверниците (духовно мртвите) не можат да ја разберат. Светиот Дух е Тој, Кој дејствува во човекот, отворајќи му го срцето и оспособувајќи го да реагира со спасителна вера при изложување на Словото: Дела Ап. 16:14: „И една богобојазлива жена од гра­дот Тиатир, по име Лидија, која продаваше црвени ткаенини, слушаше; и Господ ѝ го отвори срцето да внимава на она, што го зборуваше Павле.“ Во Матеј 19:25-26, кога учениците го прашаа Исус: „Тогаш кој може да се спаси?“, Исус им одговори: „За луѓето тоа не е можно, но за Бога сѐ е можно.“

Во Христијанскиот жаргон, ако се каже „јас верувам“, или „јас сум новороден“, или „јас сум искупен“, тоа може да се однесува и на целосното спасение, но спасението е збир на сите тие реалности: вера, регенерација (новораѓање), осветување, искупување, самоодрекување, покајание итн. Сите тие реалности се неразделни една од друга.

Човекот мора да се изложи себеси на Божјото Слово, да го прифати такво какво што е и да верува во него, а не да го менува како него што му одговара. Исто така, мора да ја препознае својата духовна сиромаштија, да покаже плодови на покајание и да извикува кон Бога за милост и благодат за прошка на гревовите, а исто така да извикува кон Бога и да го нановороди преку Светиот Дух, Кој ќе произведе во него: спасителна вера, вистинско покајание, сабеодрекување, ново срце, нови мисли и желби кои се богоугодни.

Плодовите на вистинскиот христијанин

Новородениот човек, ќе даде добри плодови во својот живот (сексуална чистота, понизност, кроткост, самоконтрола, ќе споделува евангелие, ќе има желба за проучување на Библијата итн.). Матеј 7:16-20: „По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка? Па така, секое добро дрво дава доб­ри плодови, а лошо дрво дава лоши пло­дови; не може добро дрво да дава лоши плодови, ниту лошо дрво да дава добри плодови. Секое дрво, што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган. И така, по нивните плодови ќе ги познаете.“ Ова е многу важно! Ако некој е вистински христијанин, вистински спасен, ќе се познае по неговите плодови! Исто како што грозјето не се бере од трње, така и не е христијанин, оној кој живее живот спротивен на Божјата волја, давајќи плодови на телото: блудство, нечистота, бесрамност, служење на идоли, маѓии, непријателство, кавги, ревнување, гнев, раздори, расцепи, зависти, пијанство, пирови и други слични работи. - Галатјаните 5:19-21. А, пак, плодовите на Духот се: „љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност (благост), добрина, верност, кроткост, самоконтрола.“ (Галатјаните 5:22-23) - Ова се побожни карактеристики на оние кои вистински му припаѓаат на Бог преку вера во Христа и кои го поседуваат Духот Божји. *Плодовите на Духот се поопширно објаснети во насловот „Бог во Библијата“.

Матеј 7:21: „Не секој што Ми вели: ,Господи, Господи‘, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец небесен.“ - Неплодноста на ваквиот вид вера, го покажува вистинскиот карактер на таа вера (сп. Матеј 7:20) - верата што вели, но не прави, всушност е невера. Исус не посочува дека делата се заслужни за спасение, туку дека вистинската вера задолжително ќе даде плодови на добри дела. Тоа е и поентата на Јаков 1:22-25 и 2:26.

Не станува збор за совршенство (безгрешност), но животот на вистинскиот верник ќе се отслика со Христоликост и постојан раст во Христоликоста (процес на осветување), а кога ќе згреши чуствува длабока тага, го признава гревот пред Бога и вистински се покајува. Разликата помеѓу вистинската спасителна вера и религиозноста е оваа: Религиозниот човек се труди да не врши грешни дела, но ги љуби (ги посакува, размислува на нив), а врши праведни дела, но не ги љуби, додека пак вистинскиот верник не врши грешни дела, бидејќи ги мрази, а врши праведни дела, бидејќи ги љуби - а тоа е резултат на „новораѓањето“ извршено од страна на Светиот Дух, Кој го оспособува и му помага на верникот да чекори по Божјата волја. Сега некој ќе рече: „Па нели спасението не е по дела“. Точно дека спасението не е по дела, но вистинската спасителна вера, е послушна вера и таа раѓа добри плодови. Затоа во Јаков 2:17, се вели: „И така, верата, ако нема дела, сама по себе е мртва.“

Веродостојноста на Библијата[уреди | уреди извор]

За утврдување на веродостојноста на секој стар документ, па и на Библијата, стандардно се користат три вида тестирања:

  1. Внатрешен тест - овој тест се однесува на хармонијата, усогласеноста и доследноста на текстот, како и на проценка за кредибилитетот на писателот / писателите.
  2. Библиографски тест - овој тест опфаќа повеќе нешта, но најважни се: бројот на расположливи стари ракописи, нивната датумска близина со случките што ги опишуваат и нивното меѓусебно сложување (усогласеност).
  3. Надворешен тест - овој тест, пред сѐ, се однесува на археолошки и историски наоди кои би ја потврдиле или оспориле веродостојноста на документот.

Според овие проверки, Библијата е ненадминливо најверодостојната книга што ја поседува човештвото.

Внатрешен тест[уреди | уреди извор]

а) Хармонијата во Библијата

Мисловна задача:

Замислете си дека на 40 возрасни луѓе им задавате домашна задача, на тема: „Потеклото и смислата на светот и на животот, и што по смртта“. Нека се тие луѓе од различен статус (образовани и неписмени, цареви и слуги, лекари и правници, политичари и рибари, итн.); Нека се тие луѓе од различен историски период, со разлики до 16 векови; Нека се тие луѓе од три различни континенти; Нека се тоа луѓе кои ќе пишуваат на три различни јазици. Што мислите, колку ќе бидат усогласени нивните ставови?

Библијата е пишувана во период од 16 века, од повеќе од 40 писатели, за време од 40 генерации, на три континенти (Европа, Азија и Африка). Писателите биле од најразлични сталежи: цареви, политичари, рибари, лекари... Пишувале во палати и во затвори, во радост и во тага, на слобода и во ропство... а сепак, низ Библиските книги проткајува неверојатна хармонија и усогласеност на информациите, термините, гледиштата, пророштвата итн. Всушност, неодминлив впечаток е, дека, иако писателите се многубројни, Авторот (Инспираторот, Уредникот) на книгата мора да бил еден. Авторот е Бог.

- 2 Тимотеј 3:16: „Целото Писмо е од Бога вдахновено...“ - значи целата Библија (66-те книги) е од Бога вдахновена. Понекогаш Бог, на Библиските писатели, им ги кажувал точните зборови што требале да ги кажат (пр: Еремија 1:9), но почесто ги користел нивните умови, вокабулари и искуства за да произведе Свој совршен, непогрешлив, безгрешен збор (Евреите 1:1; 2 Петар 1:20-21). Бог, е толку идентификуван со Својот Збор, што кога зборува Светото Писмо, всушност Бог зборува (Римјаните 9:17; Галатјаните 3:8). Светото Писмо е наречено „Божјите објавувања“ (Римјаните 3:2). Светото Писмо не може да биде изменето (Јован 10:35; Матеј 5:17-18; Лука 16:17; Откровение 22:18-19)

- 2 Петар 1:20-21: „Знајте го прво тоа дека ниедно про­рош­тво од Писмото не е сопствено кажување на пророкот. Зашто никогаш според човечката волја не е изречено пророштво, туку светите Божји луѓе зборувале поттикнати од Светиот Дух.“ - повик за да се препознае дека целото Свето Писмо, не е од човечко потекло. Зборот што е преведен како „кажување (толкување)“, е старогрчкиот збор „епилусис - ἐπίλυσις“, што го носи значењето за „одврзување“, така што, сака да се каже дека Светото Писмо не е резултат на некое човечко суштество, кое ја „одврзува“ вистината. Поентата на Петар не се однесува толку на толкувањето на Светото Писмо, туку на потеклото и изворот на Светото Писмо. Лажните пророци ги одврзувале своите сопствени идеи, но ниту еден дел од Божјото откритие не беше откриенo од човечки извор или од самостојното разбирање на пророкот. Како што Светото Писмо не е од човечко потекло, тоа не е ниту резултат од човечката волја. Ниту еден дел од Светото Писмо не било произведено бидејќи луѓето така сакале. Библијата не е производ на човечки напор. Всушност, пророците, понекогаш го пишувале она што не можеле целосно да го разберат (1 Петар 1:10-11), но сепак биле верни да го напишат она што им го открил Бог. Тие постојано биле носени од Светиот Дух (Лука 1:70; Дела 27:15,17). Така што Светиот Дух е божествениот Автор, Основач и Продуцент на Светото Писмо. Само во Стариот Завет, човечките писатели преку 3800 пати се осврнуваат кон своите списи како зборови на Бога (на пр: Еремија 1:4; сп. 3:2; Римјаните 3:2; 1 Коринтјаните 2:10). Иако човечките писатели на Светото Писмо биле активни, а не пасивни во процесот на пишување на Писмото, Бог Духот ги надгледувал, така што, користејќи ги нивните сопствени индивидуални карактери, мисловни процеси и вокабулари, тие ги составувале и запишувале без грешки, точните зборови што Бог ги посакувал запишани. Затоа, оргиналните копии од Светото Писмо се инспирирани т.е. боговдахновени и без грешка (Јован 10:34-35; 17:17; Тит 1:2). Значи, Петар го дефинираше процесот на инспирација, што создал безгрешен оригинален текст (сп. Изреки 30:5; 1 Коринтјаните 14:36; 1 Солунјаните 2:13).

Неверојатната усогласеност меѓу 66-те книги кои ја сочинуваат Библијата, а кои се напишани од 40 луѓе со различно образование и социјален статус, во период од 16 века, на три континенти, на три јазици... во најмала рака ја прави Библијата уникатна книга во човековата историја, која секој човек треба да ја прочита.

б) Кредибилитетот на писателите

Кога се испитува веродостојноста на документи, во рамките на внатрешниот тест, покрај усогласеноста во текстот, многу важна улога игра и утврдувањето на кредибилитетот на лицето кое го напишало тој документ. Не е сеедно кој ви кажува некоја информација. Важно, а можеби и пресудно е, дали пишува некој што бил очевидец на настанот и дали чесно ја пренел информацијата. Во случајов со писателите на Библиските книги, исполнети се и двата услова. Секој од писателите на Библиските книги, или бил лично присутен на настанот, или го запишал сведоштвото на очевидецот имајќи цврсти сознанија за етиката на сведокот.

- 1 Јован 1:1-3: „Она што беше од почетокот, она што го чувме, она што со очите свои го видовме, што го разгледавме и што рацете наши го опипаа, за Словото на животот – и животот се јави, и видовме, и све­дочиме, и ви го навестуваме вечниот живот, кој беше во Отецот и нам ни се јави – она што го видовме и го чувме, тоа ви го навестуваме, та и вие да имате заедништво со нас; а нашето за­ед­ниш­тво е со Отецот и Неговиот Син, Исус Христос.“

- Дела 10:39-42: „И ние сме сведоци за сѐ што на­пра­ви Тој во земјата Јудејска и во Еру­са­лим. Него Го убија, приковувајќи Го на крст. Него Бог Го воскресна на третиот ден и Му даде да се појави, но не на сиот народ, туку само нам, предизбрани од Бога сведоци, кои јадев­ме и пиевме со Него по Неговото вос­креснување од мртвите. И ни заповеда да им проповедаме на луѓето и да сведочиме дека Тој е од Бога определениот Судија над живите и мртвите.“

- Дела 26:24-28: „А додека го зборуваше ова во од­брана, Фест извика со висок глас: ,Си полудел ли, Павле! Многубројните кни­ги те довеле до лудило!‘ А тој одговори: ,Не сум луд, по­чи­туван Фесте, туку кажувам зборови на вистината и со здрав разум. Тоа го знае и царот, пред кого и слободно зборувам; јас не верувам дека од сето ова нешто му е непознато, заш­то тоа не е вршено во некој агол. Веруваш ли, царе Агрипа, во Про­роците? Знам дека веруваш.‘ Агрипа му одговори на Павле: ,Уште малку, па ќе ме убедиш да ста­нам христијанин!‘“

- Лука 1:1-3: „Бидејќи мнозина се обидоа да пишуваат за настаните што се случија меѓу нас, како што ни ги предадоа оние, кои уште од почетокот беа очевидци и слу­жители на Словото, намислив и јас, откако испитав сѐ од почетокот, да ти опишам точно по ред, честити Теофиле.“

- 1 Коринтјаните 15:6-8: „После им се јави еднаш на повеќе од петстотини браќа, од кои повеќето се живи и до денес, а некои починаа; потоа му се јави на Јаков, и потоа на сите апостоли, а по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче.“

Сите овие цитати се сериозни сведоштва од сериозни луѓе, чија етика никој до сега не можел да ја оспори.

Прашање: Кога пишувате своја биографија, дали во неа ги пишувате и своите мани и гревови?

Констатација: Библиските писатели (Давид, Петар, Павле...) јавно ги запишале своите гревови и каења, падови и неверства. Со кои аргументи би ги обвиниле дека не биле искрени и чесни во она што го напишале? На писателите на Библиските книги може да им се верува дека запишувале чесно и точно. Се работи за искрени и нормални луѓе кои најчесто биле очевидци на самите настани.

Заклучок: Кога „внатрешниот тест“ ќе се примени врз книгите кои ја сочинуваат Библијата, може смело да се заклучи дека Библијата е книга со највисок степен на веродостојност.

Библиографски тест[уреди | уреди извор]

Библиографскиот тест се состои од три важни елементи:

  1. бројот на расположливи ракописи.
  2. датумска близина на тие ракописи со случките што ги опишуваат.
  3. меѓусебно сложување на тие ракописи.

На прикажаната табела, направена е споредба на параметрите кои се земаат предвид при споредувањето на Библиографскиот тест, и тоа: за делата на Јулиј Цезар, за класичните дела на Платон, Тацит, Херодот, Софокле, Демостен, Аристотел, и за познатото античко дело „Илијада“ од Хомер.

Писател Дело (Наслов) Време на пишување Најран препис Временско растојание Број на преписи
Јулиј Цезар Галските војни 100 - 44 год. пред Христа 9 век по Христа околу 950 години 251
Платон Тетралогија 427 - 347 год. пред Христа 895 год. по Христа околу 1300 години 210
Тацит Анали 100 година по Христа прва половина: 850 год. по Христа

втора половина: 1050 год. по Христа

750 - 950 години 20 (?)
Херодот Историја 480 - 425 год. пред Христа 1 век по Христа околу 400+ години 109
Софокле Драми 496 - 406 год. пред Христа 3 век пред Христа 100 - 200 години 193
Демостен Говори 300 год. пред Христа некои делови, што потекнуваат од 1 век пред Христа. околу 200 години 340
Аристотел разно 384 - 322 год. пред Христа 1100 год. по Христа околу 1400 години 5
Хомер Илијада 800 год. пред Христа околу 400 год. пред Христа 400 години 1800+
Апостолите и евангелистите Новиот Завет и делови од него 44 - 96 год. по Христа 130 год. (или порано) по Христа.

Име на ракописот: „Џон Риланд“.

Содржина: Ев. по Јован.

Ев. по Јован е напишано измеѓу 80 - 90 год. по Христа.

околу 40 - 50 год Старогрчки: 5838

Ерменски: 2000+

Коптски: околу 975

Готски: 6

Етиопски: 600+

Латински: 10050+ (Старолатински: 50

Вулгата: 10000+)

Сириски: 350+

Грузиски: 43+

Словенски: 4000+

Вкупно: скоро 25000

Најстариот Новозаветен ракопис (предна страна). Име на ракописот: „Џон Риланд“. Потекнува од 130 година по Христа (а можеби и порано). Содржина: Од предната страна содржи делови од Јован 18:31-33, а од задната страна содржи делови од Јован 18:37-38

Од табелата се забележува дека, од времето кога живеел и пишувал Јулиј Цезар (1 век п.н.е.), се нема пронајдено зачувани примероци од неговото дело „Галските војни“, туку, најстариот препис што го имаме од ова дело потекнува од 9-ти век по Христа (околу 950 години временска разлика). За делата на Платон, историското растојание од времето кога Платон живеел и пишувал, до времето од кое ние денес ги имаме најстарите преписи од тие дела, изнесува околу 1300 години. Споредено со Библиските Новозаветни книги, чија бројка изнесува околу 25000, и чиј најстар ракопис кој денес го имаме, има историска оддалеченост од оргиналното време од само 40 до 50 години - станува убедливо јасно, дека, според библиографскиот тест во овој сегмент, Библиските Новозаветни книги се со неспоредливо поголема веродостојност од било која друга стара книга, којашто ја има човештвото денес.

Некои Библиски стари ракописи, кои ги имаме денес:

Име на ракописот Време на пишување Содржина Музејот во кој се чува
„Џон Риланд“ 130 год. по Христа Делови од Новиот Завет Манчестер
Папирус „Честер Бити“ 200 год. по Христа Делови од Новиот Завет Даблин
„Кодекс Синаитикус“ 350 год. по Христа Речиси целиот Нов Завет Британски Музеј (Лондон)
„Ватикански Кодекс“ 350 год. по Христа Речиси целата Библија Ватикан (библиотека)
„Александриски Кодекс“ 400 год. по Христа Речиси целата Библија Британски Музеј (Лондон)
„Ефремов Кодекс“ 400 год. по Христа Речиси целиот Нов Завет Национална Библиотека Париз

Приближен број на Старозаветни свитоци, кодекси: Грин колекцијата (5000), Синагоги (20000), Музеи (1000), Приватни фамилијарни колекции (5000), Кодекси (3000), Еврејски семинари (5000), Индивидуалци (3000). Вкупно: околу 42000.

Значи, вкупниот број на Библиски манускрипти изнесува 66000+.

Светските музеи и библиотеки располагаат и со повеќе дела на ранохристијанските отци Ориген, Иренеј, Тертулијан, Евзебиј, Климент од Александрија, од 2-3 век, во кои се цитирани повеќе од 36000 стихови од Библијата (целата Библија има повеќе од 31000 стихови). Кога би исчезнале сите стари преписи од Библиските книги, Библијата би можела одново да се состави од цитатите кои ги имаме во делата на раните црковни отци. А денес, има повеќе од еден милион цитати од Библијата.

Надворешен тест[уреди | уреди извор]

а) Археолошки тест

Библијата е вистинска ризница на географски, историски, етнолошки и друг вид податоци. Честопати, единствената која им дала податоци на археолозите. Многубројни се археолошките артефакти кои директно или индиректно ја потврдуваат веродостојноста на Библијата. Некои од тие археолошки артефакти се:

- Кодексот на Хамурабиц - доказ за писменост и законодавство во времето на Мојсеј и порано. Ова е значајно, затоа што се приговараше дека во времето кога Мојсеј ги пишувал првите неколку книги од составот на Библијата, немало развиена писменост во светот.

- Глинената библиотека од Ебла - oткриена во 1970-те, во Северна Сирија. Најдени се одприлика 17000 документи, напишани на глинени плочи, кои датираат од околу 2300 година пред Христа. Овие глинени плочи, демонстираат дека личните имиња како и имињата на одредени места во патријархалните извештаи, се вистински. Искористено е и името „Ханаан“, име за кое критичарите некогаш велеа дека не се употребувало во тоа време и се користело погрешно во раните поглавја на Библијата. Таблетите ги спомнуваат сите пет „градови на рамнината“ (Содом, Гомор, Адма, Цевоим, Бела т.е. Сигор) споменати во Битие 14, за кои се претпоставуваше дека биле само легенди.

- Шталите за коњи на царот Соломон.

- Резиденцијата на Понтиј Пилат во Цезареја и др.

б) Историски тест (пророштва)

Библијата се состои од речиси 30% пророштва (претскажувања на идни настани).

Околу 800 до 1000 години пред Христос, во Старозаветните Библиски книги (Исаија, Михеј, Псалми и др.) се претскажани детали за Христос, вклучувајќи ги: местото на Неговото раѓање (Михеј 5:2(1)), раѓањето од девица (Исаија 7:14), распнувањето меѓу злочинци (Исаија 53:12), ждрепката за Неговата облека (Псалм 22:18) итн.

- Матеј 24:1-2: „И кога излезе Исус од храмот и си одеше, се приближија до Него учениците Негови за да Му ги покажат зградите на храмот. А Исус им рече: ,Го гледате ли сето тоа? Вистина, ви велам: нема да остане тука ни камен на камен, а да не биде ур­нат.‘“ - Овие зборови беа буквално исполнети во 70 год. по Христа. Римскиот генерал Тит, изградил големи дрвени скелиња околу ѕидовите на зградите на храмот, ги натрупал со дрво и други запаливи предмети, и ги запалил. Топлината од оганот била толку силна, што камењата се раздробиле. Потоа, урнатините се просејувале за да се земе растопеното злато, а остатокот од урнатините бил „фрлен“ во долината Кидрон.

- Исус во Лука 19:43-44, зборува за Ерусалим: „Зашто ќе дојдат денови за тебе и не­пријателите твои ќе те опкружат со ро­вови и ќе те опколат, и ќе те притеснат од сите страни; и ќе те срамнат со земјата тебе и ќе ги избијат децата твои во тебе и нема да остават камен на камен од тебе, зашто не си го позна времето кога беше посе­тен.“ - Ова е точно методот што Тит го користел кога го опколил Ерусалим во 70 год. по Христа. Тој го опколил градот на 9 април, прекинувајќи ги сите залихи на градот, а поради тоа што било Пасха, како и празникот на Бесквасни Лебови, илјадници луѓе биле заробени во ѕидините на Ерусалим. Римјаните систематски граделе бедеми околу градот, што довело до изгладнување на жителите во Ерусалим. Римјаните го држеле градот на овој начин преку летото, победувајќи различни делови од градот, дел по дел. Конечното соборување на градот се случило во почетокот на септември. Римјаните целосно го срушија градот, храмот, живеалиштата и луѓето. Десетици илјади мажи, жени и деца беа брутално заклани. Неколкумината луѓе што преживеале, биле однесени да станат жртви на римските циркусни игри и гладијаторски мечеви. Ваквото уништување на Ерусалим беше божествена пресуда за нивниот неуспех да го препознаат и прифатат нивниот Месија (Исус Христос), кога Тој ги посети.

Ова се само некои, од мноштвото пророштва.

Важен артефакт: Свитоците од Мртвото Море (Кумранските списи)[уреди | уреди извор]
Фотографска репродукција на свитокот Исаија, најдобро зачуваниот Библиски свиток во Кумран. Должина: 734 см.

Во периодот меѓу 1947 и 1956 година, во Јудејската пустина, на северозападниот брег на Мртвото Море, близу местото Кумран на територијата на државата Јордан, во 11 пештери, пронајдени се повеќе од 850 парчиња од кожни свитоци (пишани документи). Свитоците од Мртвото Море, или познати уште и како Кумрански списи (свитоци), се сметаат за едно од 10-те најголеми археолошки пронајдоци до сега. Историјатот на пронаоѓање е долг, но накусо, две Бедуински овчарчиња, од кои едното на околу 15 годишна возраст, тргнале по една заскитана коза. Притоа, наишле на една пештера во која фрлиле камен и слушнале кршење на глинени садови. Едното овчарче се спуштило во пештерата и во глинени садови нашло поголем број фрагменти и цели кожни свитоци. Ги продало во некоја антикварница во Витлеем, за мали пари, оттаму ги купил некој Сириски христијански свештеник, и по низа случувања, во околината на првичната пештера биле откриени уште десет други пештери во кои, исто така, во глинени садови, имало огромен број свитоци и фрагменти од свитоци. Сите овие свитоци првично биле во еден музеј во Јордан, но по војната во 1967 година, Израелците ја заземаат оваа територија, па и свитоците доаѓаат во нивен посед. По низа испитувања на овие списи, се заклучило дека нив ги сокриле Есените (еврејска верска група) пред уништувањето на централниот еврејски храм во Ерусалим, во 70-та година по Христа. На овие стари документи (научниот консензус ги датира овие свитоци меѓу 3 век пред Христа и 1 век по Христа) има разни содржини - молитви, дневници, верски правила, информации за други скривалишта во кои биле однесени златните и сребрените предмети од разурнатиот храм во Ерусалим, итн. Од речиси 900 свитоци или парчиња од свитоци, 225 се текстови од Светото Писмо (Библијата), Стар Завет. Тоа се до сега најстарите преписи од Библиските книги кои ги поседува човештвото. Најдолгиот свиток е околу 8 метри. Текстовите се главно на хебрејски и арамејски јазик, а еден мал број и на старогрчки. Во пронајдените Библиски свитоци, застапени се фрагменти од сите Библиски книги кои го сочинуваат еврејскиот канон на Стариот Завет, со исклучок на книгата за Естира. Меѓу овие Библиски свитоци, има 19 примероци од книгата на пророкот Исаија, 25 примероци од книгата Второзаконие (Повторени закони), 30 примероци од Псалмите, итн. На тие свитоци ја има целата Старозаветна Библиска книга на пророкот Исаија (освен неколку мали оштетени делови). До тогаш, најстариот документ од оваа книга беше од периодот на Масоретската школа - препишувачи, кои работеле измеѓу 6 и 10 век по Христа. Со ова откритие, сега имаме примерок од Библиската книга на пророкот Исаија, околу 1100 години постар од претходниот. Пред откривањето на свитоците од Мртвото Море, најстариот Библиски документ кој го имавме беше „Кодексот од Алепо“ - Масоретски спис од 935 година по Христа. Ова има далекусежно значење за веродостојноста на Библиските книги и нивните точни преписи низ вековите. На пример, после многу детална споредба, утврдено е дека текстот од книгата на пророкот Исаија напишан на кожен свиток во вториот век пред Христа, е 95% идентичен со преписот на Масоретите, напишан околу 1100 години подоцна. Оние 5% разлики, се должат главно на разлики во правописот (разбирливо за семантиката на кој било јазик, во период од повеќе векови), кои во ниту еден случај не го менуваат значењето на ниту еден збор, а камо ли на некоја реченица. Значи, можеме да бидеме уверени дека преводите на Библијата кои се правени од Масоретските ракописи, а кои ние денес ги користиме, се идентични со оргиналите, бидејќи Масоретските преписи се покажаа идентични со списите од Мртвото Море, околу 1000 (±) години постари од нив. Господ си водел и си води грижа, Своето Свето Писмо да биде пренесувано неизменето низ сите векови.

Библијата како тема во уметноста и во популарната култура[уреди | уреди извор]

Библијата и библиските мотиви како тема во книжевноста[уреди | уреди извор]

Библијата и библиските мотиви како тема во филмот[уреди | уреди извор]

Библијата и библиските мотиви како тема во музиката[уреди | уреди извор]

  • „Псалм“ - песна на македонската група „Баклава“ од 2008 година.[34]
  • „Одење по водата“ (Walk On The Water) - песна на американската рок-група „Криденс Клирвотер Ривајвал“ (Creedence Clearwater Revival)“ од 1968 година.[35]
  • „Библијата на Гидеон“ (Gideon's Bible) - песна на американскиот рок-музичар Џон Кејл (John Cale) од 1970 година.[36]
  • „Содома и Гомороутре“ (Sodom & Gomorrow) - песна на јамајканската реге-група „Конгос“ (Congos) од 1977 година.[37]
  • „Ковчегот со божјите заповеди“ (Ark Of Covenant) - песна на јамајканската реге-група „Конгос“ (Congos) од 1977 година.[37]
  • „Адам го одгледа Каин“ (Adam Raised A Cain) - песна на американскиот рок-музичар Брус Спрингстин (Bruce Springsteen) од 1978 година.[38]
  • „Разбуди ме на судниот ден“ (Wake Me Up On Judgment Day) - песна на британскиот поп-музичар Стив Винвуд (Steve Winwood) од 1986 година.[39]
  • „Јас сум воскресението“ (I Am The Resurrection) - песна на британската рок-група „Стоун Роузис“ (The Stone Roses) од 1988 година.[40]
  • „Одбројување до Армагедон“ (Countdown To Armageddon) - песна на американската рап-група „Паблик енеми“ (Public Enemy) од 1988 година.[41]
  • „Една света библија“ (One Holy Bible) - песна на американската хард-кор група „Реган Јут“ (Reagan Youth).[42]
  • „Мојсиј Законодавецот“ (Mosè The Lawgiver) - композиција на италијанскиот композитор Енио Мориконе (Ennio Morricone).[43]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Businessweek on The Bible: "The Bible (2.5 billion copies sold)" (18 July 2005)
  2. Ash, Russell (2001). Top 10 of Everything 2002. Dorling Kindersley. ISBN 0789480433, 9780789480439 Проверете ја вредноста |isbn=: invalid character (help).
  3. http://www.veronauka.com.mk/biblijata/biblijata1.html
  4. „Best-selling book“. Guinness World Records (англиски). Посетено на 2020-07-09.
  5. „When were the Bible books written?“. Grace to You (англиски). Посетено на 2020-07-09.
  6. „Основи на христијанската вера: Вистината за Библијата“. Библиски центар Божилак.
  7. 7,0 7,1 „The MacArthur Study Bible“. Crossway. На |first= му недостасува |last= (help)
  8. Група автори: Македонски јазик и литература, Просветно дело, 2006 г., стр. 222.
  9. Група автори: Македонски јазик и литература, Просветно дело, 2006 г., стр. 229.
  10. Јован 10 | MK2006 Библија | YouVersion.
  11. 1 Коринтјаните 3 | MK2006 Библија | YouVersion.
  12. Матеј 10 | MK2006 Библија | YouVersion.
  13. Римјаните 8 | MK2006 Библија | YouVersion.
  14. Јован 14 | MK2006 Библија | YouVersion.
  15. Излез (2 Moj.) 3 | MKB Библија | YouVersion.
  16. Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 89.
  17. Viljem Batler Jejts, Kula. Beograd: Beogradski izdavačko-grafički zavod, 1978, стр. 105.
  18. Стефан Маларме, Песме. Београд: Култура, 1970, стр. 27-57.
  19. Šandor Petefi, Sloboda i ljubav. Beograd: Rad, 1969, стр. 62.
  20. T. S. Eliot, Selected Poems. Harmondsworth, Middlesex: Penguin Books in association with Faber and Faber, 1952, стр. 95-96.
  21. Хигсов Бозон, Педерски Катахрезис, Темплум, Скопје, 2011.
  22. Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 61.
  23. Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 62.
  24. Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 124-125.
  25. Антологија руске лирике – X-XXI век. Књига III: Средина XX века – поч. XXI века (неомодернизам, неоавангарда, постмодернизам и нова трагања). Београд: Paidea, 2007, стр. 223-224.
  26. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 74.
  27. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 79.
  28. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 177-178.
  29. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 179-180.
  30. Vislava Šimborska, Izabrane pesme. Beograd: Treći trg, 2014, стр. 250-251.
  31. HRT (пристапено на 24.12.2017)
  32. „Страдањата на Исус - инспирација за режисерите“, Антена, број 825, 17.4.2014, стр. 10.
  33. Valerio Magreli, „Biografska beleška“, во: Pjer Paolo Pazolini, Put i nebo. Beograd: Mali vrt, 2016, стр. 93.
  34. Baklava, Kalemar, SJF Records 124, 2008.
  35. DISCOGS, Creedence Clearwater Revival ‎– Creedence Clearwater Revival (пристапено на 23.12.2017)
  36. YouTube, John Cale - Gideon's Bible (пристапено на 13.2.2018)
  37. 37,0 37,1 DISCOGS, The Congos ‎– Heart Of The Congos (пристапено на 27.6.2019)
  38. YouTube, Bruce Springsteen - Darkness on the Edge of Town (1978) - Full Album (пристапено на 17.12.2017)
  39. Steve Winwood, Back in the High Life, Cai 9199, Jugoton.
  40. Discogs, The Stone Roses ‎– The Stone Roses (пристапено на 30.7.2019)
  41. DISCOGS, Public Enemy ‎– It Takes A Nation Of Millions To Hold Us Back (пристапено на 25.8.2019)
  42. YouTube, Reagan Youth - One Holy Bible (пристапено на 5.2.2018)
  43. DISCOGS, Ennio Morricone ‎– The Best Of Ennio Morricone (пристапено на 31.8.2019)