Исак

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Исак
„Исак копа по бунарите“, нацртано o. 1900 год.
Роден(а)Ханан
ПочивалиштеМахпела
Познат(а) пожртвување на Исак
СопружникРевека
Деца
Родители
РодниниИсмаил (полубрат)

Исак (хебрејски: יִצְחָק = „оној што [ќе] се смее“) — вториот од тројцата еврејски патријарси (праотци) во Стариот завет. Според Библијата, родителите на Исак биле Авраам и Сара. Исак се споменува повеќе од 70 пати во Првата Мојсеева книга (Битие) и уште 33 пати во други книги од Библијата. Тој, исто така, се споменува во Куранот како исламски пророк.[1]

Бог му заповедал на Авраам да го жртвува својот син за да ја тестира неговата послушност. Кога видел дека ќе ја послуша заповедта, ја спречил жртвата и потоа го благословил Авраам. Исак се оженил со Ревека, со која имал два сина — Исав и Јаков. Тие веројатно живееле во околината на Бершева. Подоцна во животот, Исак бил речиси целосно слеп и починал на 180-годишна возраст.

Библиска приказна[уреди | уреди извор]

Пред раѓањето на Исак[уреди | уреди извор]

Поминале многу години од времето кога Бог ги ресеал народите од Вавилон. Синовите Ноеви — Сим, Хам и Јафет — се раселиле во разни земји. Еден од потомците на Сим се викал Авраам. Бог му рекол да патува до хананската земја и му ветил дека од него ќе направи голем народ и ќе го благослови. Авраам долго време патувал и станал богат со добиток, со сребро и злато. Но едно нешто му лежело како тежок камен на душата; тој немал деца. И, почнал Авраам да му се жали на Бога. Бог му се јавил:

Не плаши се, Аврааме! Јас сум ти заштита, и наградата твоја ќе биде многу голема.[2]

Времето минувало, а Сара, жената на Авраам, не раѓала. Но тие имале слугинка-Египќанка, по име Агара. Сара му рекла на Авраам дека не можела да роди деца, но можеби слугинката ќе можела и нив ќе ги сметала за свои. Така, тој ја зел за жена и Агара му родила дете. Името му го дале Исмаил, како што рекол Господов ангел. Авраам тогаш имал 86 години.[3] Еден ден, Господ му се јавил и му рекол:

Јас сум Бог Семоќен, верувај во Мене и биди праведен. И ќе склучам сојуз со тебе, така што ти ќе бидеш татко на многу народи. [...] Името на твојата жена нека ѝ биде Сара. Јас ќе ја благословам, и ќе ти дадам син од неа; и народи ќе потекнуваат од неа, како и цареви на народи ќе излезат од неа. — Бит. 17:15-17[4]

Името „Исак“ било предодредено од Бога, неговото значење одекнува голем број библиски епизоди. Слушајќи од Бога дека Сара ќе му даде син:

Зар може да му се роди дете на оној, кој има сто години? Зар Сара ќе раѓа во деведесеттата година? — Бит. 17:17

А подоцна, за време на состанокот со патниците во дабовата шума Мамре, Господ повторно рекол:

Догодина во ова време Јас пак ќе дојдам кај тебе, и Сара, жената твоја, ќе има син.

Сара го слушнала ова и се насмеала, бидејќи веќе била многу стара. Господ му рекол на Авраам:

Зошто се смее Сара? Зар има нешто невозможно за Господа? — Бит. 18:14[5]

Сара се исплашила и рекла дека не се насмеала.

Раѓање[уреди | уреди извор]

Исак е единствениот син на Авраам од Сара, која на чудесен начин го родила. Сара имала 90 години; ја поминала својата возраст за раѓање и престанала со менструација (Битие 18:11), додека Авраам имал 100 години. Кога момчето имало 8 дена, било обрежано (Бит. 21:4), станувајќи првиот обрежан на оваа возраст според заповедта дадена од Бога:[6]

Осум дена од раѓањето, нека е обрежано секое машко дете за вашите генерации... — Бит. 17:12[4]

Заштитувајќи го својот син Исак, Сара побарала од Авраам да го испрати од куќата Исмаил, синот на слугинката Агара. Отпрвин Авраам се спротивставил на ова, но потоа, по Божја заповед, се согласил со желбата на неговата сопруга, и Исак станал единствениот наследник (Бит. 21:9-13).[7] Детето растело и било сакано од целото семејство, а особено од Авраам.[8]

Жртвувањето на Исак[уреди | уреди извор]

Поглавјето 22 од книгата Битие (1. Мојсеева книга) кажува дека додека го тестирал Авраам, Бог му наредил да го жртвува својот син на планината Морија. Исак кротко го послушал својот татко, дозволил да биде врзан и положен на олтарот. Кога жртвениот нож веќе бил кренат над него, ангел ја фатил раката на Авраам, и наместо Исак, овен бил принесен како жртва. Ангелот му рекол:

Бидејќи не го пожали единствениот син заради својот Бог, Господ ќе те благослови. Потомството ќе ти биде како ѕвездите на небото и како песокот на морскиот брег. И сите народи на земјата ќе бидат благословени преку тебе. — Бит. 22:1-18[9]

Иден живот[уреди | уреди извор]

Во триесет и седмата година од својот живот, Исак ја загубил својата мајка Сара (имала 127 години), а набргу потоа Авраам му наложил на својот пратеник Елиезер да отиде во својата татковина, кај Арам, и таму да избере жена за Исак. Елиезер ја избрал Ревека, внука на братот на Авраам, Нахор. Исак имал околу 40 години кога се оженил со Ревека (Бит. 25:20).[10] Во меѓувреме, починал и Авраам, кој умрел во длабока старост (175 години). Дваесет години Исак и Ревека немале деца, но Исак не зел други жени или наложници; конечно, молитвите на Исак биле одговорени од Бога, и Ревека родила два сина близнаци — Исав и Јаков (еден од трите патријарси).[11]

Бог, кој му се јавил на Исак, му го потврдил својот завет со Авраам:

Ќе ги умножам твоите потомци како небесни sвезди и ќе им ги дадам на твоите потомци сите овие земји; сите народи на земјата ќе бидат благословени во твоето семе — Бит. 26:2-4[12]

Барање да не ја напушти земјата Ханан и примајќи го Божјиот благослов, Исак залутал низ Ханан, станал сопственик на стада и големи добитоци, имал слуги и многу обработливи ниви со невидена жетва (Бит. 26:12-15). Кога Исак застанал во Биршева, во сон Бог му се јавил по вторпат и повторно го потврдил заветот (Бит. 26:24). Со исклучок на благословот на Јаков, животот на Исак по жртвата поминал без други извонредни настани.[13] Исак починал во Хеврон, стар 180 години и бил погребан во пештерата Махпела, покрај неговата сопруга и родителите. Тој бил најдолговечниот од тројцата еврејски праотци (или патријарси — Авраам, Исак и Јаков).[14]

Благослов на Јаков[уреди | уреди извор]

Поглавјето 27 од книгата Битие кажува дека до длабока старост Исак станал слеп и изнемоштен; неговите синови биле во непријателство еден со друг, предизвикувајќи му голема тага. Пред неговата смрт, Исак одлучил да го благослови најстариот син Исав, што ќе го направи негов наследник. Меѓутоа, Јаков, по совет на Ревека, успеал да го измами својот татко со лукавост, претставувајќи се како постариот брат. Исак, не забележувајќи ја измамата поради слепилото, го благословил Јаков иако требало да го благослови Исав.[15][16]

Спомнувања во текстови[уреди | уреди извор]

Исак се споменува 86 пати во книгата Битие, 33 пати во останатите еврејски списи и 20 пати во Новиот завет.[17] Во приказната, Бог го нарекувал Исак единороден (единствен) син (Бит. 22:12-16), иако Авраам имал син — Исмаил, од слугинката Агара и уште 6 сина (1. Летописи. 1:32) од Хетура (втора сопруга на Авраам).[18]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Isaac Hebrew patriarch“. Britannica. Посетено на 16. 1. 2021. Проверете ги датумските вредности во: |access-date= (help)(англиски)
  2. Библија за млади: Стар и Нов завет стр. 22
  3. Библија за млади: Стар и Нов завет стр. 22
  4. 4,0 4,1 „Битие 17 - Свето писмо [Свето писмо 2006] - (Бит 17)“. Beblia (Holy Bible). Посетено на 2021-08-08.
  5. Битие 18 | MK2006D Библија | YouVersion.
  6. Thiessen, Matthew. Ishmael, Isaac, and Covenantal Circumcision in Genesis 17 (англиски). Oxford University Press.
  7. Битие 21 | MK2006D Библија | YouVersion.
  8. Библија за млади: Стар и Нов завет стр. 27
  9. Битие 22 | MK2006D Bible | YouVersion (англиски).
  10. Битие 25 | MK1990 Библија | YouVersion.
  11. Библија за млади: Стар и Нов завет стр. 33
  12. Битие 26 | MK2006D Библија | YouVersion.
  13. „Isaac | Bible, Significance, & Facts“. Encyclopedia Britannica (англиски). Посетено на 2021-08-08.
  14. „Isaac's Final Breath“. Ligonier Ministries (англиски). Посетено на 2021-08-08.
  15. Битие 27 | MK2006D Библија | YouVersion.
  16. Библија за млади: Стар и Нов завет стр 34-35
  17. „Isaac“. www.cs.mcgill.ca. Посетено на 2021-08-08.
  18. 1 Летописи 1 | MKB Библија | YouVersion.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]