Лабуништа

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај

Лабуништа е село во Општина Струга.

Лабуништа
Лабуништа 03.JPG

Поглед на Лабуништа од патот за Подгорци

Лабуништа се наоѓа во Македонија
Лабуништа
Местоположба на Лабуништа во Македонија
Координати 41°16′06″ СГШ 20°35′45″ ИГД / 
Општина Општина Струга
Население 5936 жит.
Пошт. бр. 6336
Надм. вис. 758 м
Commons-logo.svg Лабуништа на Ризницата


Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Плоштадот на сретсело во Лабуништа
Главната улица во Лабуништа
Поглед на Лабуништа

Населбата Лабуништа е лоцирана во подножјето на планината Јабланица. Синорот на Лабуништа опфаќа 1930 хектари, 64 ари и 49 квадратни метри. Лабуништа се наоѓа на 865 метри надморска височина (мерно место кај училиштето) и припаѓа на населба од ридско-планински збиен тип. Покарактеристичните надморски височини м.н.в. место викано Долишта; 784 м.н.в. кај Боровчки Мост на Лабунишка Река; 882 м.н.в. кај Градиште; 865 м.н.в. во центарот на населбата; 998 м.н.в. кај Стојанов Камен; 989 м.н.в. кај Џамов Рид; 1094 м.н.в. кај Горна Краста; 1028 м.н.в. кај Зло Шума; 1103 м.н.в. кај Џупани; 1268 м.н.в. кај местото Челов Камен; 1540 м.н.в. на врвот Слива; 1570 м.н.в. на местото Гола Краста; 1712 м.н.в. на висорамнината Леништа; 1794 м.н.в. кај местото Ќеримов Гроб; 2257 м.н.в. кај Црни Камен; 2233 м.н.в. на врвот Стрижак; 2037 м.н.в. на местото Инџол; 1973 м.н.в. Голабов Камен; 1733 м.н.в. кај Тафоф Извор; 1098 м.н.в. на местото Локва; 2054 м.н.в. кај планинскиот врв Пупулјак и др.

Надморската височина се движи од 739 м.н.в. кај Долишта и Зејгазец до 2257 метри на Црни Камен на планината Јабланица. Релативната височина изнесува 1518 метри. Тоа покажува дека синорот на Лабуништа содржи: планински, високопланински и алпски терен што е многу стрмен, испречен со долови и реки, но има и мал полски терен. Лабуништа е расположено на два дела, природно разделено и со текот на Лабунишка Река. Тоа дава прекрасна слика на Лабуништа. Од едната страна е завиено со питома костенова шума на планината Јабланица, а од левата страна се простира карпестиот дел што постепено се оплеменува и се озеленува со зимзелени растенија. Од десната страна на центарот се наоѓа седиштето на општина Лабуништа, основана на 17 ноември 1996 година. На овој дел се наоѓа верскиот објект Мехмедалиевата Џамија подигната во 1794 година, а обновена во 1990 година, таа е подигната со ферман од султанот.

Климатски услови[уреди | уреди извор]

Врз климатските услови на ова подрачје, кое припаѓа на Струшко-Охридската Котлина, големо влијание има водната маса на Охридското Езеро (чија надморска височина се движи од 695 до 760 м.н.в), планинските масиви на планините: Јабланица, Караорман и Стогово. Од Јадранско Море е одалечено околу 110 километри и преку преслапот од запад постојат услови за продирање на ваздушни маси (од југозападниот дел од Ќафасан и Свети Наум, преку Мокра, по течението на реката Шкумба). Но во Охридско-Струшката Котлина, во поголема мера, изразено е влијанието на езерото што се гледа во повисоките температури на вoздухот во зимските месеци и нешто смалените температури во летните месеци. Планината Јабланица го здржува директното влијание на јадранската клима. Поради отвореноста на Струшко-Охридската Котлина преку долината на Црн Дрим, од север во зимските месеци продираат студени воздушни маси што ја снижуваат температурата на ваздухот, особено во Струшкото Поле. Тоа се одразува како на екстремните така и на просечните температурни вредности.

Релјефни и орографски одлики[уреди | уреди извор]

Лабуништа има неправилно триаглеста форма. Се протега од Кутел на север и северозапад кон југ и југоисток.

Релјефот на теренот е комбиниран. од областа Кутел, мал рамничарски дел, постепено преминува во ридски терен, од двете страни на Лабунишка река, преминува во планински дел обраснат со шумска вегетација и со големи нагиби. Во западниот и во северозападниот дел се наоѓа планинскиот дел со шума и пасишта. Полскиот терен опфаќа 1100 хектари површина. Ридскиот терен започнува веднаш над полската обработлива површина и излегува во планинскиот предел. Тој е со каменеста подлога и грмушеста вегетација, со надморска височина од околу 800 до 1096 метри. Планинскиот терен е обраснат со шуми и пасишта и зафаќа околу 50 % од вкупната површина на надморската височина од 1096 до 1642 метри. Високо планинскиот терен е на надморска височина од 1642 до 1699 метри.

Историја[уреди | уреди извор]

Пазарен ден во Лабуништа

Население[уреди | уреди извор]

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 5.936 жители. Следува табела на националната структура на населението[1]

Националност Вкупно
Македонци 371
Турци 879
Роми 3
Албанци 4 288
Власи 1
Срби 1
Бошњаци 31
Други 362

Поради социолошки, економски и политички влијанија, муслиманското население во селото се декларира со различни националности, како Турци, Албанци и слично, наместо Македонци. Во етнички поглед муслиманите кои говорат мајчин македонски јазик во Лабуништа немаат развиена свест за припадност кон македонскиот народ[2]. Според вероисповед 95% од населението на Лабуништа се Муслимани.

Мајчин јазик на населението според пописот од 2002:[3]:

Во Лабуништа се забележливи и се слушат извесни разлики во говорот на жителите: христијаните и едно муслиманско маало имаат говор како и околните струшки села, додека другите побројни муслимани имаат изразит мијачки говор како во Голо Брдо, од каде што се и доселени[2].

Родови[уреди | уреди извор]

Лабуништа е во целост населено со етничко македонско население кое се дели на муслиманско и христијанско. Македонски христијански родови во Лабуништа се: Ѓорговци се староседелци; Ширдиновци и Илковци-Петревци во Лабуништа пред околу 300 години од околината на Скадар се доселил нивниот предок Никола кој бил широк човек имал прекар Ширко според кој го добиле родовското презиме. Од овој род потекнува книжевникот Ангелко Крстиќ; Милошевци; Шутевци; К(о)вачевци; Пајковци се доселиле околу 1800 година од селото Клење во Голо Брдо од каде побегнале поради „крв“ -  ; Павловци; Цветковци; Марковци[4]. Македонски муслимански родови во Лабуништа се: Мустовци во кои спаѓаат родовските гранки Мустафовци, Лимановци, Исмајловци од ова семејство потекнува Нола Исмајлоска - пратеничка во Собранието од ВМРО-ДПМНЕ, Исовци, Османовци, Сејдиновци, Дановци, Муслиовци, Салиевци и Сефидановци - нивниот предок Мустафа дошол во втората половина на XVIII век околу 1770-1790; Кормаковци дошле од селото Стеблево во Голо Брдо; Караалиовци за кои постои легенда дека родот настанл од турски војник по име Алија кој останал во Лабуништа, а бидејчи бил со црномуреста боја на кожата го завикале Кара-Алија (црни Алија); Оџовци се по потекло од Стеблево во Голо Брдо[2]; Салковци и Алковци потекнуваат од браќата Салија и Алија кои долше од селото Себишта (а некаде се сретнува и Клење[2]) во Голо Брдо, а понатаму се делат на Селмановци, Демишовци и Суловци; Шерифовци; Пилчаровци; Тафиловци; Салковци; Љаповци; Максутовци; Ќазимовци; Јусковци потекнуват од предокот Јусуф кој се доселил од слеото Бројкојр покрај реката Ерзени на просторот помеѓу Тирана и Каваја во Албанија; Крацовци; Саитовци; Мемишовци; Бајрамовци; Зенделовци; Демиралиовци дошле од Стеблево во Голо Брдо[4].

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Во периодот од 1996 до 2004 година селото Лабуништа било седиште на истоимена општина која опфаќала повеќе села во пределот Горни Дримкол во крајниот северен дел на Струшката Котлина. Недим Рамизи пратеник во собранието на Р.Македонија

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Цркви
  • Црква „Св. Никола“ - црква од 19 век. Објеки во близина на црквата на 30 јануари 2012 година биле запалени и делумно оштетени;
  • Црква „Св. Илија“ - изградена во 1977 година, а осветена е во 1979 година од страна на тогашниот Митрополит Дебарско-кичевски г. Ангелариј. Нема фрескоживопис.
Џамии
  • Али Пашина џамија - изградена во 1794 година, а обновена во 1990
  • Долна џамија - изградена во 1967 година и
  • Џамијата во маалото Крата, изградена во 2009 година.
Археолошки локалитети
  • Градиште или Кале -средновековно утврдување. Се наоѓа на околу 3 км северно од селото, на левата страна од патот Струга-Дебар, каде на висок рид со зарамнето плато се гледаат грамади од кршен камен. Бедемот денес не е зачуван.[5]

Поштенски и телефонски сообраќај[уреди | уреди извор]

Патоказ за селото Лабуништа

Во Лабуништа има пошта (број 6336). До крајот на 2001 година работеше како: пошта, телефонски и телеграфски сообраќај, а од втората половина на 2001 година работи посебна телефонска централа со преку 1500 телефонски приклучоци. Поштенскиот сообраќај од Лабунишката пошта се извршува за населбите: Лабуништа, Подгорци, Боровец и Јабланица. Управител на поштенската единица 6336 во Лабуништа е Ирфан Мемишоски, а поштари се: Сефер Оџоски и Азмија Ќазимоски. Во Лабуништа постои месна канцеларија, раководител Стојан Јовчески, и Харис.С. Демироски. Во 1999 година во Лабуништа се формира, и постои, општинско пензионерско здружение.

Сообраќајни врски[уреди | уреди извор]

Лабуништа има поволни сообраќајни врски, и тоа во следните насоки: низ населбата поминува главната улица. Таа од центарот надолу се спушта југоисточно, со асфалтирана подлога, во должина од 4 км сè до место викано „Суво Поле“ („Кореја“). Со овој локален пат се поврзува со регионалниот пат СтругаДебар, па преку Струга, односно преку Охрид, Битола, Прилеп, Велес се доаѓа до Скопје.

Друга насока: Лабуништа – СтругаКичевоГостиварТетовоСкопје.

Трета насока: Лабуништа – Суво ПолеДебарГостиварТетовоСкопје. Ова укажува дека Лабуништа е добро поврзано со сообраќајниот тек во Република Македонија, а преку неа и со светот. За поволната сообраќајна положба на Лабуништа придонесува и блискоста со меѓународниот аеродром Охрид. Лабуништа има уредена, асфалтирана и поплочена сообраќајна мрежа во вкупна должина од 7 км низ целата населба.

Со соседното село Подгорци сообраќајната поврзаност е со асфалтен пат што води од центарот на Лабуништа, од административната зграда на општина Лабуништа, па низ прекрасниот предел на костеновата шума, низ трапот Златарец и пристигнува до влезот на Подгорци во должина од 2,5 км. За Подгорци води уште еден шумски пат, „Горни Пат“. Тој почнува од м.в. Ориште (Лабуништа), оди по „Водач“, поминува над споменикот каде што е убиен поп Стојан Крстиќ (1889) и стигнува во горниот дел на с. Подгорци. Трет правец тргнува откај Агушов Мост, (Асанов Мост), над маалото Пилчаровци и кај влезот на првите куќи до гробиштата на Подгорци се поврзува со асфалтниот пат Лабуништа – Подгорци.

Со соседното село Боровец сообраќајната поврзаност е следна. Кај мостот за Боровец, пред влезот за Лабуништа, се извлекува посебен крак за Боровец, асфалтиран во должина околу 4 км, а оттаму продолжува за селото Јабланица. За Боровец водат уште два патни правци, и тоа: еден над маалото Мустовци и еден над пограничната караула на АРМ. Двата патни правци се спојуваат на место викано Горна Краста и продолжуваат едниот низ местото Другвец (чешма со бистра планинска вода за пиење), а вториот се дели од Горна Краста, над краста ,поминува стрмно низ Боровечки Осој и се спушта над куќите во маалото Мачовци, во Боровец. Патниот меѓумесен сообраќај со туристичките места Струга и Охрид се одвива со секојдневна автобуска линија од 5,30 часот наутро до 19:30 навечер, на секој половина час на релација Лабуништа - Струга и обратно. Сообраќајот го извршува сообраќајното претпријатие АТП „Палм-Турист“ од Лабуништа, сопственост на Асим Кормакоски.

Личности[уреди | уреди извор]

Стојан Ѓурчинов - македонски духовник и револуционер

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Трифуноски Ф., Јован (1992) (на српски). Охридско-струшка област. Антропогеографска проучавања. Белград: САНУ. стр. 192–196. 
  3. Macedonian census: population, languages, religion
  4. 4,0 4,1 Мустафоски-Мустоски, Фадил (2005). Лабуништа. Струга: Ирис. стр. 56–126. 
  5. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  6. Српски биографски речник, том 1, с. 19.
  7. Кратка биографија на животот и делото на Мурат Лабуништи