Прејди на содржината

Враништа

Координати: 41°12′42″N 20°39′51″E / 41.21167° СГШ; 20.66417° ИГД / 41.21167; 20.66417
Од Википедија — слободната енциклопедија
Враниште

Улица во селото Враништа

Враниште во рамките на Македонија
Враниште
Местоположба на Враниште во Македонија
Враниште на карта

Карта

Координати 41°12′42″N 20°39′51″E / 41.21167° СГШ; 20.66417° ИГД / 41.21167; 20.66417
Регион  Југозападен
Општина  Струга
Област Дримкол
Население 1.563 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6334
Повик. бр. 046
Шифра на КО 26010, 26510
Надм. вис. 684 м
Враниште на општинската карта

Атарот на Враниште во рамките на општината
Враниште на Ризницата

Враништа (познато и како Враниште) — село во областа Дримкол, во Општина Струга, на патот помеѓу градовите Струга и Дебар.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Патот Струга-Дебар поминува низ селото

Селото се наоѓа во областа Дримкол, во јужниот дел на територијата на Општина Струга, недалеку северно од градот Струга, на оддалеченост од околу четири километри.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 700 метри. Дел од селото се наоѓа на самиот регионален пат Струга-Дебар. Поради близината на селото до градот Струга, ова големо село припаѓа на рурбалната зона на градот.[2]

Ова големо село е сместено во областа Струшки Дримкол, во близина на коритото на реката Црн Дрим, односно од неговата лева страна, покрај регионалниот пат Струга-Дебар. Во неговата околина се наоѓаат селата Ложани, Велешта, Долна Белица и Драслајца.[3]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Горна црква, Света Врача, Кралеј загони, Калдрма, Горни и Долни лозја, Мустафов (или Мустоф) гроб, Арифов гроб, Коритниче, Орлово седело, Под лаг, Пикфа Ливада, Ќерамидница, Дабче, Шумски ливади, Бошков кладенец, Бранејнца, Под бранејнца, Софтој загони, Таљо речиште, Кај тополата, Јасенче, Танасија, Врчков трн, Дренче, Мали пат, Света Петка, Манастирски ореј, Костенче, Горна Тумба, Под пат, Црковни ливади, Mали дрим, Чулчеј загони, Бостаниште и Куциница.[3]

Селото е од збиен тип и порано се разликувале маалата како: Затуроска, Ќосеска, Ническа, Делиоска, Мацеска итн. Поради зголеменото население денес овие маала и не се спомнуваат, освен кај постарите жители.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]
Црквата „Воведение на Пресвета Богородица“ изградена во XI век

За време на Римјаните по зборувањата на извесен Г. Милески во поранешниот струшки крај се спомнува населението Патрас, а одејќи на исток по патот постоела станица наречена Понс Сервили. Истиот автор мисли дека Патрас бил град сместен на атарот на денешното село Радолишта и дека станицата се наоѓала кај денешно Враништа. Од податоците од средниот век денешна Струга се нарекувала Вранишка Струга. Во народот постои едно предание дека Враништа некогаш имало повеќе население т.е. „личело на град“. Жителите на тој град годишно приредувале и по 70 свадби. Во Враништа постоел и значаен манастир и неколку цркви. Денешна Струга, која се наоѓала јужно од Враништа, тогаш не била значајна населба бидејќи се состоела од само неколку рибарски колиби. Меѓутоа подоцна, за време на владеењето на Турците, Враништа поради некоја непозната причина пропаднала. Според легендата се смета дека населението изумрело од чума, а бидејќи немало кој да ги закопа телата на изумрените ги колвеле враните (од тука е дојдено и името Враништа-врани).[3]

Денешното село е основано од доселени македонски семејства, кои дошле да ја обработуват земјата на турските чифлизи. Од семејствата се смета дека најстари се Миновци, Марковци, Ничевци и Мацевци и за нив се вели дека се „први по старост во селото“. Нивното населување е извршено најверојатно во XVIII век. После нив се населени предците на останатите денешни селски семејства.[3]

Во XIX век, Враништа било село во рамките на Струшката нахија во Охридската каза на Отоманското Царство.

Земјата околу селото е доста плодна и затоа за време на владеењето на Турците тука постоеле чифлизи. Сопственик на најголемиот чифлиг кон крајот на XIX век и почетокот на XX век бил Абдул Алим-паша. Живеел некаде длабоко во Турција (веројатно во Солун). Него на чифлигот го застапувале тројца Албанци од околината на Дебар. За приликите на чифлигот записи можат да се најдат во делото на А. Крстиќ - „Јове наполичар“, каде се наведува како Беќир-пашин чифлиг. Помал чифлиг во Враништа имале браќата Саит и Бари Ќура, Албанци од соседното село Велешта. Пред крајот на владеењето на Турците тие биле населени со своите семејства во Враништа, а куќите им биле покрај денешната селска црква. После 1912 година тие морале да се вратат во Велешта. После ослободувањето од Турците чифлизите постепено преминале во посед на селаните Македонци. Мал дел купиле од чифлигот на Саит и Бари Ќура, додека останатиот го добиле после аграрната реформа од 1946 година.[3]

На атарот околу селото постојат две наоѓалишта Мустафов и Арифов гроб. На овие места во турско време се погребувале телата на убиените Албанци од околните села, кои ги убивале во меѓусебна крвна освета.[3]

Стопанство

[уреди | уреди извор]
Гнездо на штрк во селото

Атарот не е многу голем и зафаќа простор од 5,8 км2, кој речиси целосно му припаѓа на обработливото земјиште.[2]

Селото, во основа, има полјоделска функција.[2]

До крајот на турското владеење, полјоделството не било толку развиено и се живеело од сточарство и риболов. Поединци имале многу грла говеда и по неколку стотина овци. Риболовот бил развиен во Црн Дрим и во околните напуштени речни ракави. Со време, како бројот на населението се зголемувал, а нивите веќе биле поделени и бројот на стоката опаднал, дел од населението заминувал на печалба.[3]

Население

[уреди | уреди извор]
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948545—    
1953598+9.7%
1961730+22.1%
1971801+9.7%
19811.094+36.6%
ГодинаНас.±%
19911.497+36.8%
19941.420−5.1%
20021.517+6.8%
20211.563+3.0%

Според податоците од 1873 година, Вранишча имало 95 домаќинства и 246 жители мажи, 16 муслимани и 130 Македонци.[4]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Враништа имало 532 жители.[5] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев, во 1905 година во Враништа имало 600 Македонци, под врховенството на Бугарската егзархија.[6]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Враништа е претставено како чисто македонско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 65 куќи.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 400 Македонци.[8]

Во 1961 година селото броело 730 жители, но во 1994 година бројот се зголемил двојно, односно на 1.420 жители, од кои 1.411 биле Македонци, пет Срби и двајца жители Власи.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Враништа живееле 1.517 жители, од кои 1.506 Македонци, 4 Срби, 4 Власи и 3 останати.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 1.563 жители, од кои 1.471 Македонец, 8 Албанци, 3 Власи, 3 Срби, 2 останати и 76 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 532 600 545 598 730 801 1.094 1.497 1.420 1.517 1.563
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Во Враништа живее македонско население. Сите семејства се доселени. Едни се доселени од турско време (151 к.), додека има доселеници и по Втората светска војна (27 к.).[3]

  • Семејства кои потекнуваат од турско време се:
    • Семејства со познато потекло: Трпеновци (6 к.), доселени од село Рајца, кое сега се наоѓа во Албанија; Зотуровци (8 к.), доселени од Ложани, каде и денес постои место во тоа село кое се вика Затурово Ќоше, Зотуровци има доселеници и во Струга; Ничевци (10 к.), доселени од Мислешево, во тоа село уште постои место со назив Нически Тополи; Чолевци (5 к.) и Илоски (2 к.), доселени од Биџево; Боровчанци (3 к.), доселени од село Боровец; Стеблевци (2 к.), доселени од Стеблево, кое се наоѓа во Албанија, денес го носат презимето Настоски; Милевци (11 к.) и Танасковци (2 к.), доселени од Црвена Вода, Дебрца, основачот на семејството е Миленко доселен како домазет; Грчевци (3 к.), доселени од некаде од Грција од каде и го добиле името Грчески, основачот на семејството се викал Коста.
    • Семејства со непознато потекло се: Пасковци (4 к.), Трајчевци (2 к.), Ристовци (2 к.),Тодоровци (2 к.) Цирковци (6 к.), Ставревци (6 к.), Неловци (4 к.), Марковци (3 к.), Ѓоревци (2 к.), Гроздоски (1 к.), Ќосески (9 к.), Мацевци (7 к.), Јанчевци (8 к.), Кицевци (3 к.), Бубалевци (1 к.), Грдановци (3 к.), Стојчевци (3 к.), Трповци (1 к.), Котевци (4 к.), Миновци (2 к.), Оплатовци (2 к.) (денес го носат презимето Митрески), Радевци (4 к.), Цамбарковци (5 к.), Делиоски (10 к.) и Попоски (6 к.), од ова семејство потекнувале два селски свештеници - Климе и Стефан (татко и син), а гробовите им се наоѓаат покрај манастирот (Св. Богородица). Стефан умрел во 1933 година.

Понови доселеници од 1974-1977 година има од Нерези, Модрич, Јабланица, Луково, Пискупштина итн. кои во Враништа имаат нови куќи со малку куќно место.

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Поглед на основното училиште во селото

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Струга.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото било дел од тогашната општина Струга.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Велешта, во која покрај селото Враништа, се наоѓале и селата Велешта, Горно Татеши, Добовјани, Долна Белица, Долно Татеши, Ташмаруништа и Тоска. Во периодот 1950-1952 година, селото било седиште на некогашната општина Враниште, во која влегувале селата Враниште (Враништа), Долна Белица и Ложани.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постојат избирачките места место бр. 1869 и 1870 според Државната изборна комисија, сите сместени во основното училиште.[15]

На локалните избори во 2017 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.333 гласачи.[16] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.300 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Поглед кон главната селска црква „Св. Никола“
Археолошки наоѓалишта[18]
Цркви[19]
Музеи

Во јуни 2014 година, во комплексот на црквата „Св. Никола“, со поддршка на Министерството за култура, музејот „Доктор Никола Незлобински“ од Струга и црковниот одбор од селото Враништа била отворена музејската поставка со вредни археолошки предмети и средновековни артефакти (кремени, камени и керамички предмети од неолитот, антиката и средниот век).[22]

Средновековни цркви

[уреди | уреди извор]

Во Враништа се наоѓаат остатоци од три средновековни храмови. Тие се наоѓаат на местата: Горна црков, Света Врача и Свети Аранѓел.[3]

На првото место кое се наоѓа северно од селото се наоѓаат остатоци од манастир. Храмот бил посветен на „Пречистa“ т.е. Света Богородица Вранишка. Храмот е изграден во XI век. Дебелите ѕидови на овој храм се изградени од камен бигор кој е носен од селото Вишни кое се наоѓа на планината Јабланица. По овие остатоци се гледа дека тоа бил голем и доста познат манастир. Денешните жители оваа знаменитост ја нарекуваат „кралска црква“. Жителите на Враништа таму се собираат на Духовден, Крстовден и Пречиста. Тука, сега се наоѓаат селските гробишта.[3]

Местото Света Врача се наоѓа североисточно од селото. На тоа место за време на Првата светска војна е изградена црквичка и таму жителите ја посетуваат за време на нејзината слава. Местото Свети Аранѓел лежи западно од селото и таму постои исто така црквичка со неколку икони.[3]

Постојат уште две карактеристични наоѓалишта: Света Петка и Танасија. Првото се наоѓа кај селското училиште. Таму постои мала црквичка изградена по Втората светска војна, која денес повторно е изградена. На тоа место постоеле и два суви бреста кои никој не смеел да ги исече, но поради старост паднале и двата. Во местото Танасија, југозападно од селото, постои исто така мала црквичка.[3]

Во средината на селото се наоѓа црквата Свети Никола Талалеј. За неа е објавено дека е обновена во 1804 година, а самото градење го финансирал некој Абаз-паша. На денот на црковната слава во исто време е и селска слава и тука се одржува „ордија“ (панаѓур). На тој ден доаѓаат гости од соседните села и од градот. Домаќините на гостите роднини им приредуваат ручек во своите домови, додека за останатите гости се дава ручек кај самата црква. За таа пригода се коли теле.[3]

Култура и спорт

[уреди | уреди извор]

Селото е седиште на ФК Враништа, кој во минатато го носел и името ФК Македонија Враништа, а под тоа име, во сезона 2001/02 настапувал во Втората македонска фудбалска лига. Во овој клуб, својата кариера ја започнал познатиот македонски фудбалер Игор Митрески.

Личности

[уреди | уреди извор]

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Населението во Враништа до крајот на Втората светска војна не се иселувало, меѓутоа после војната дошло до иселување главно на помладите генерации и тоа во Струга, како и надвор од државата (поради печалба). Едно порано иселено семејство од Враништа се Шмаговци кои се иселиле во селото Вапила, Охридско.[3]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 60. Посетено на 29 октомври 2018.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 3,13 3,14 Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 180–183.
  4. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995. стр. 104-105.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 254.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, рр. 164-165.
  7. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 30.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 29 октомври 2018.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 29 октомври 2018.
  16. „Локални избори 2017“. Архивирано од изворникот на 2020-10-27. Посетено на 29 октомври 2018.
  17. „Референдум 2018“. Посетено на 29 октомври 2018.[мртва врска]
  18. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. ВО ВРАНИШТА СЕ ГРАДИ НОВА ЦРКВА НА МЕСТО ОД ПОРАНЕШНАТА
  21. осветување[мртва врска]
  22. "Музејска поставка во Враништа", Дневник, година XVIII, број 5483, четврток, 5 јуни 2014, стр. 12.
  23. . Јасмина Дамјановска, Ленина Жила и Филип Петровски (2017). Илинденски сведоштва. том IV, дел I. Скопје: Државен архив на Република Македонија. Отсутно или празно |title= (help)CS1-одржување: друго (link)

Поврзано

[уреди | уреди извор]

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]