Народен музеј „Д-р Никола Незлобински“

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Народен музеј „Д-р Никола Незлобински“

Народниот музеј „Др. Никола Незлобински“ e македонски природонаучен музеј, кој има статус на национална установа. Музејот се наоѓа на улицата Боре Хаџиески, бр. 69, во Струга.[1].

Историјат[уреди | уреди извор]

Музејот бил отворен во 1928 година од страна на познатиот руски хуманист и визионер Никола Незлобински. Во почетокот, тој својата поставка ја поставил во бараките на струшката болница, како постојана музејска поставка и со тоа ги втемелил Природонаучниот Музеј во Струга и музејската дејност во Македонија. Веќе во 1938 година, тој покренал иницијатива за изградба на нова, посебна музејска зграда, за која самиот ги подготвил плановите, а го изготвил и ентериерното решение за експозицијата на музејската поставка. Така, во 1938 година поставката била готова, а со тоа и Музејот бил отворен за прием на посетители. Денес, Музејот се нарекува Народен музеј "д-р Никола Незлобински".[2]

Организација[уреди | уреди извор]

Во рамките на музејот делуваат билошко, етнолошко, археолошко, историско и одделение за ликовна уметност (со дела на Вангел Коџоман). Постојаната музејска изложба опфаќа голем број препарирани растителни и животински видови, по потекло од Охридското езеро и од околината на Стуга и [Охрид]]. Посебна атракција на музејот е примерокот на теле со две глави.[3]

Природнонаучно одделение[уреди | уреди извор]

Долги години од неговото основање, во 1928 година, Музејот имал статус на природонаучна институција, што била и негова основна дејност.Таа била научни-истражувачка, набљудувачко-собирачка дејност со морфолошко систематска обработка, препарирање и презентирање на природничкиот материјал. Во првите години од постоењето на Музејот, односно природонаучниот одел беше воден од ловџија и препаратор за ловење (собирање ) и препарирање на природниот материјал под раководство на д-р Никола Незлобински. После ослободувањето, односно со неговото повторно отворање за јавноста, во музејот биле вработени и стручни лица-биолози (зоолог и ботаничар) и двајцата препаратори. Интензивното колекционирање со целосна научна обработка на материјалот овозможи брзо збогатување на фондот на музејските експонати. Денес во музејските депоа и самата изложба се наоѓа богат музејски материјал од непроценливо значење за науката.

Скромната ентомолшка збирка, со неколкуте претставници на цицачи и грабливи птици во почетокот, денес претставува еден огромен комплекс каде се презентирани карактеристичните претставници на сите животински групи кои егзистираат на поднебјето што не опкружува, а во последно време и дел од ботаничкиот материјал (претежно блатни и водни растенија).

Во изложбата се уредени голем број мали и големи диорами (витрини) во кои се прикажани повеќе видови животни со нивните карактеристичи места на живеење. Целокупниот материјал презентиран во изложбата и депониран во депоата е собран од најблиската околина на градот (крајбрежните и длабинските води на Охридското Езеро, полето и планинските масиви - Јабланица, Галичица и Карарорман, како и течното корито на реката Црн Дрим), со што и самиот Музеј добива карактер на локален музеј, но со огромен број примероци несвојствени за помал регион. Во музејските витрини денес можат да се сретнат примероци кои веќе одамана се водат како исчезнати како резултат на промената на еколошките услови од една страна и нови видови регистрирани примероци, што претставува голем придонес за биолошката наука воопшто, додека пак застарениот начин на презентирање не ги задоволува стандардите на современата музеологија.

Активноста на стручните лица од ова одделение е насочена кон реализацијата на биолошката програма, а и активност на полето на воспитно-образовен план преку обезбедување достапност на Музејот и неговите поставки за посетителите и дополнети со стручни објаснувања за богатството на регионот со природниот свeт. Стручната екипа на ова одделение континуирано е во тек со научните достигнувања од областа на музеологијата преку учество на конгреси, симпозиуми секции и др. и организирање на тематски изложби. Тематската изложба "Охридското Езеро и неговиот каратеристичен жив свет" припремена и презентирана од овој оддел во повеќе градови во Македонија (Охрид, Кичево, Прилеп, Струмица) предизвика голем интерес кај посетителите, со карактеристичен приод - извонредната изработка на препаратите со нивно презентирање, преку уметничко ангажирање на животните станишта каде индивидуата егзистира.

Заштитата на биолошките препарати, со оглед на нивната органска природа, претставува посебен мотив за вработените. Тоа се постигнува со третирање на експонатите со посебно хемиски средства за заштита од музејска гризлица, на секои две години, од страна на овластени професионални организации и континуирано надгледување наистите од стручна екипа при Музејот.

Историско одделение[уреди | уреди извор]

Дејноста на историското одделение е насочена кон собирање сведоштва за историското минато на овој крај, нивна обработка и презентирање. Тие сведоштва se во форма на документи и оригинални фотогрфии на личности, настани и места од нашата историја, мемоарска граѓа на живи учесници за нашето историско минато, предмети од историско значење, старо оружје, фотографии на Струга и струшкиот крај, лична заоставштина на д-р Никола Незлобински. Од почетокот на 80-тите години до 1993 година, во рамките ма ова одделение на Музејот, работеше и Спомен домот на браќата Миладиновци. Во овој простор беше изложена најбогатата збирка оригинални документи, факсимили и фотографии на браќата Димитар, Константин и Наум Миладинови. Во него беше сместен и фондот на Меѓународната поетска библиотека.

Одруга страна пак поради годишнини и јубилеи на историските настани, стручните лица на ова одделение подготвуваа и презентираа тематски изложби соодветно на настаните. Во оваа прилика само ќе ги наведме нивниот број според тематска содржина: за илинденкиот период две изложби, за браќата Миладиновци три изложби, за НОАВМ четири изложби, за места две изложби и една изложба со наслов "Борбениот пат на 1 македонска пролетерска бригада" како постојана поставка во Спомен домот на бригадата во Локов. Некои од овие изложби беа поставувани и во други места во Македонија, други се преизлагаат по поводи.

Археолошко одделение[уреди | уреди извор]

Археолошкото одделение е формирано во 1980 година со што започнуваат и редовните археолошки активности во Музејот, иако збирката на археолошки предмети започнала да се оформува многу порано, кон крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години кога со рекогносицирање на теренот од археолозите на Музејот во Охрид и првите систематски истражувања на локалитетот "Уста на Дрим", спроведени од Археолошкиот музеј во Скопје, (археолог, С.Саржоски) истата се пополнува и збогатува. Со формирање на археолоњкото одделение започнуваат и редовни систематски ископувања на повеќе локалитети во Струшко, рекогносцирање на теренот и пределите околу Струга, прибирање, евиденција и обработка на археолошки предмети и материјали.

Покрај веќе познатите локалитети: ранохристијанската базилика во Радолишта, (акд. Д.Коцо, археолог Б.Маленко) истражена и конзервирана во педесеттите години за која се води перманентна грижа и одржување, се продолжи со ископување и конзевација и на ранохристијанската базилика на локалитетот Свети Никола во село Октиси (акд. Д.Коцо, д-р В.Битракова Грозданова), а беше откриен и истражен и локалитетот Свети Мартинија во село Ташмаруништа ( д-р В.Битракова-Грозданива). Сите овие базилики се со вредни подни мозаици од периодот на 5- 6 век. Некои од нив се целосно заштитени и презентирани, а другите се во фаза на реставрација и конзервација и се подготвуваат за презентирање. Богат археолошки материјал е добиен од ископувањата и устражувањата и на други локалитети: Уста на Дрим во Струга и Црковни Ливаѓе во село Враништа (археолог Р.Пашиќ) со наоди од праисторискиот период и остатоци од наколни живеалишта, локалитетот Свети Илија во село Делогожда ( д-р В.Битракова-Грозданова) каде, покрај другите наоди: алатки, прстени, белегзии, садови и накит, пронајден е и еден редок примерок на древномакедонски шлем. Меѓу позначајните истражувања се ископувањата на локалитетот кај црквата Света Богородица во село Враништа (акд Д.Коцо ). Знчајни археолошки наоди се откриени на локалитетите Плаши Круша во село Дабовјани, Гробишта во село Корошишта, Света Атанасија во Октиси ( д-р В.Битракова-Грозданива).

Повеќе од триесет години како соработник на Музејот во Струга и раководител на повеќето од археолошките истражувања е д-р В.Битракова-Грозданова. За нејзиниот успешен професионален и стручен ангажман, во 2008 годин, Музејот ја предложи за добитник на државната Свети Климентова награда. Посебно би истакнале дека Музејот во Струга, за првпат во нашата земја, започнува со подводни археолошки истражувања на локалитетот Врбник кој се наоѓа во близина на градот, во водите на Охридското Езеро ( археолог В.Саневч археолог Г.Санев ). При овие истражувања е дојдено до богат археолошки материјал кој денес се наоѓа во депото на Музејот. Археолошкиот материјал со кој располага Музејот е богат, разновиден и се состои од камени и коскени орудија, бронзени и железни примероци на орудија, делови од оружја, разни видови садови, до премети од глина, украсни предмети и накит од метал и стакло. Музејот располага и со вредна и разновидна нумизматичка збирка.

Етнолошко одделение[уреди | уреди извор]

Во рамките на Музејот од пред неколку години делува и работи и етнолошкото одделение. Познато е дека овој крај изобилува со наследство од нашата материјална и духовна култура. Затоа овде била присутна и традицијата на прибирање и запишување на таквото богатство уште од пред век и половина, а тоа го поттикнуваат и на нивните вредности укажувваат во тоа време странски учени и патеписци. Па така и нашите Миладиновци го одушевиле светот и се уште ја фасцинираат меѓународната јавност со својот Зборник од народни умотворби.

Од друга страна, бездруго тоа етнолошко, духовно и фолклорно богатство произлегува од разновидноста и другите карактерисики присутни во областите кои го сочинуваат струшкиот крај. Па така секоја од нив има свои специфики во народната носија, обичаите и фолклорот. Според нив струшкото подрачје можеме да го поделиме на: градот Струга, полските села, горнодримколскиот крај, долнодримколскиот крај и Малесија. Ова богатство и традицијата придонесуваат во Музејот неминовно да се формира етнолошко одделение. Во претходниот период, со прибирање на етнолошки материјал, фрагменти од носии и народни носии во целост, алатки садови од домаќинство и слично, како и запишување и регистрирање преку записи (пишувани, аудио и видео записи) се занимаваат кустосите од историското одделение. Со тоа овој фонд прилично се збогати, па се јавува потребата од вработување стручно лице етнолог и на тој начин да се оформи посебно одделение кое исклучиво ќе се занимава со оваа дејност.

Пред некоја деценија, по иницијатива на тогашната Културно просветна заедница на Општина Струга, започна да се организира културната манифестација Ревија на народни носии. Со текот на времето таа стана традиционална републичка смотра на народни носии и фолклор, а последниве години неа ја организира Музејот. Богатиот етнолошки материјал, традицијата и големиот интерес на граѓаните и гостите беа причината музејот отпорано да организира тематски етнолоши изложби со застапеност на народни носии, делови од носии, накит, садови, етнолошки предмети и фотографии. Овааа традиција продолжува и по формирањето на етнолошкото одделение.

Денес Музејот располага со преку 150 делови од народни носии од сите подрачја на струшко, неколку комплети народни носии, дваесетина парчиња накит, осумдесетина предмети од покуќнина, алат и други предмети, како и голем број фотографии и други записи. Така и понатаму перманентна задача на ова одделение е да ја продолжи работата и активностите на овој план.

Одделение за ликовна уметност[уреди | уреди извор]

Во рамките на Музејот делува и одделението за ликовна уметност. Неговата активност се интнзивира со приклучувањето на ликовната галерија "Вангел Коџоман" кон Музејот. Галеријата го носи името на еден од основоположниците на македонската соврмена уметност, Вангел Коџоман и во неа постојано се изложени 33 дела на авторот работени на тема Струга во минатото.

Покрај галеријата со сликите на Коџоман, Музејот располага и со ликовни дела на Димитар Пандилов, Димче Коцо, Борислав Траикоски, Сергеј Кучма, Борис Пастернак, Борјана Божиновска, дела од ликовната колонија која во 2005 се одржа под покровителство на музејот во Струга. Во просторот на галерјата се организираат и повремени изложби на реномирани автори, како и изложби на млади академски уметници, а значаен сегмент од работата претставува и преземање на реализирани изложби од другите културни институции во Македонија, галерии, музеи, домови на културата и културно информиративни центри.

Уметничка галерија[уреди | уреди извор]

Галеријата Вангел Коџоман, при музејот Др. Никола Незлобинскиво Струга е основана во 1980 година како изложбен простор за постојана изложба на авторот. Изложените слики се проникнати со единствената тематска нитка на традицијата, наследството и духот на поднебјето. Во богатото ликовно творештво на Вангел Коџоман како значаен сегмент и трајна преокупација се издвојува неговиот опус инспириран од родниот град Струга и поднебјето што ја опкружува. Бројни се мотивите кои како разлеани фотографски кадри се нижат, ковертираат и трансформираат во слики низ кои авторот на еден силен и емотивен начин ги доживува и перцепира поднебјето, старата градска куќа, чаршијата со опеаните кепенци.

Многу од мотивите кои авторот го опчинувале и поттикнувале низ една својствена емпириска експресија да ги пренсе на платно, хартија, картон денеска ги нема. Тие се неповратно исчезнати со здивот на времето и во динамиката на современото живеење. Но затоа пак, неговите слики прекриени со патината на годините добиваат еден документарен призвук на последни корифеи кои засекогаш ќе не потсетуваат на прекрасната староградска архитектура, животот во чаршијата и идиличниот пејсаж на опкружувањето.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Pero Keckarovski (1980). Muzejska dejnost vo SR Makedonija. Republički sekretarijat za kultura. 
  2. Н.У. Музеј “Д-р Никола Незлобински” - Струга, Природонаучна изложба - Natural scientific exposition, Струга, 2013.
  3. Н.У. Музеј “Д-р Никола Незлобински” - Струга, Природонаучна изложба - Natural scientific exposition, Струга, 2013.