Никола Незлобински

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Никола Незлобински.jpg
Роден 12 мај 1885
Пјатигорск, Руска империја
Починал 17 мај 1942
Струга, Македонија


Никола Незлобински (изворно: Николај Антонович Незлобински, руски: Николай Антонович Незлобинский; 12 мај 1885, Пјатигорск - 17 мај 1942, Струга) — македонски ендопаразитолог и природонаучник од руско потекло

Биографија[уреди | уреди извор]

Незлобински е роден на 12 мај 1885 година во градот Пјатигорск, јужна Русија. Единствените сознанија кои се познати неговото семејство се однесуваат на неговиот татко, Антон, кој бил шумарски инженер и кој, по сеќавањата на Незлобински, кај него ја развил љубовта кон природата и животните. Во 1907 година постанал студент на Военомедицинската академија во руската престолнина Санкт Петербург. Бил вреден и трудољубив студент, за што сведочи и добиеното признание "Златен медал" за семинарската работа "Значењето на плочестите глисти".[1]


На академијата дипломирал во 1912 година и, бидејќи бил воен стипендист, останал во служба како воен лекар. Првата светска војна младиот Незлобински го затекнала како лекар на руската Црноморска флота. По победата на Октомвриската револуција, како припадник на белогардејците, Незлобински бил принуден да ја напушти Русија и, заедно со сопругата Софија и со неколку другари, пристигнал во Југославија, при што бил распореден на служба во Крива Паланка. На 28 август 1924 година, Никола Незлобински, заедно со својата сопруга и соработниците, пристигнал во Струга, со задача да ја уништи маларијата, која во тоа време била голем проблем во градот и во околината. Со него, исто така, дошле и руските емигранти: Георги Руднев, Александар Лукин, кој бил правник и работел како судија во Кралска Југославија и неговата сопруга; Михаил Макаров, кој бил офицер и инженер и во Струга кај старата железничка станица од бродски мотор направил термоцентрала од која Струга добивала навечер осветление; како и Борис Владимирович Барон де Боде, во Струга познат како баронот Борис, кој бил испратен во Струга од караулата во Свети Наум, каде што работел во гранична трупа.[2]


Д-р Незлобински започнал со следење, систематско запознавање и проучување на здравствените и хигиенско-санитарните прилики и врз основа на добиените сознанија, се покажало дека дури 50% од населението во Струга и селата што се наоѓале во непосредна близина на Струшкото Блато, боледувало од маларија. Заради тоа д-р Никола Незлобински презел конкретни мерки: иницирал копање артериски бунари, подготвил и формирал Антималаричен диспанзер, односно Маларична станица, како што ја нарекувале луѓето од овој крај, а во рамките на Диспанзерот, формирал и отворил стационар, односно болница, со што станал основоположник на првата здравствена институција во Струга.[3]

За работа во болницата, докторот Незлобински ги ангажирал неговите соработници. Георги Руднев бил задолжен да ја води лабораторијата и да работи како лаборанрт, додека Михаил Макаров добил ангажман како болничар, ракувач и одржувач на опремата со која набргу докторот започнал да ја опремува болницата. Со текот на времето, д-р Никола Незлобински, во медицинскиот персонал на антималаричната станица и болницата, вклучил и кадри од месното население. За постигнатите резултати во сузбивањето на маларијата, д-р Никола Незлобински во 1929 година бил одликуван со орденот "Свети Сава" од четврти ред и истата година бил прогласен за почесен граѓанин на Струга.

На 17 мај 1942 година, д-р Незлобински ненадејно починал, најверојатно како последица на срцев удар. Граѓаните на Струга му организирале достоен погреб и се простиле од него. Неговата сопруга, Софија, го надживеала мажа си цели 15 години и по војната работела како наставник по руски и француски јазик и по музика. Гробот на почесниот граѓанин на Струга, д-р Никола Незлобински се наоѓа во алејата на заслужните граѓани на градските гробишта во Струга.[4]

Научно творештво[уреди | уреди извор]

Д-р Незлобински бил голем љубител на природата, така што се бавел и со собирање и препарирање растителни и животински примероци. Тој е автор на една значајна студија за лентоидните паразити, која по препораките и позитивните рецензии била објавена во угледниот годишник "Глас српске краљевске академије". Уште во 1926 година, во една од бараките во која живеел, д-р Никола Незлобински приредил изложба каде ги презентирал препарираните експонати, а потоа неговата збирка многу бргу се збогатувала со нови примероци. Оттука, во 1928 година, д-р Никола Незлобински, во една од бараките на болницата, поставил постојана музејска поставка и со тоа ги втемелил Природонаучниот музеј „Д-р Никола Незлобински“ и музејската дејност во Македонија.[5] [6]


Во 1938 година, д-р Никола Незлобински покренал иницијатива за изградба на нова, посебна музејска зграда, за која самиот ги подготвил плановите, а тој го изготвил и ентериерното решение за експозицијата на музејската поставка. Така, во 1938 година, Музејот бил отворен за прием на посетителите. Во знак на благодарност кон човекот што го создал, организирал и промовирал, Музејот во Струга го добива неговото име и се нарекува Народен музеј "д-р Никола Незлобински". [7] [8]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Сашо Цветковски (уредник), 80 години Музеј „Др. Никола Незлобински“ - Струга (монографија)
  2. Сашо Цветковски (уредник), 80 години Музеј „Др. Никола Незлобински“ - Струга (монографија)
  3. Н.У. Музеј “Д-р Никола Незлобински” - Струга, "Природонаучна изложба - Natural scientific exposition", Струга, 2013.
  4. Сашо Цветковски (уредник), 80 години Музеј „Др. Никола Незлобински“ - Струга (монографија)
  5. Н.У. Музеј “Д-р Никола Незлобински” - Струга, "Природонаучна изложба - Natural scientific exposition", Струга, 2013.
  6. Сашо Цветковски (уредник), 80 години Музеј „Др. Никола Незлобински“ - Струга (монографија)
  7. Н.У. Музеј “Д-р Никола Незлобински” - Струга, "Природонаучна изложба - Natural scientific exposition", Струга, 2013.
  8. Сашо Цветковски (уредник), 80 години Музеј „Др. Никола Незлобински“ - Струга (монографија)