Калишта

Од Википедија — слободната енциклопедија

Калишта
Калиште

Поглед на селото Калишта и Охридското Езеро

Калишта во рамките на Македонија
Калишта
Местоположба на Калишта во Македонија
Калишта на карта

Карта

Координати 41°9′12″N 20°38′57″E / 41.15333° СГШ; 20.64917° ИГД / 41.15333; 20.64917Координати: 41°9′12″N 20°38′57″E / 41.15333° СГШ; 20.64917° ИГД / 41.15333; 20.64917
Регион  Југозападен
Општина  Струга
Област Дримкол
Население 764 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 6333
Повик. бр. 046
Шифра на КО 26023
Надм. вис. 675 м
Калишта на општинската карта

Атарот на Калишта во рамките на општината
Калишта на Ризницата

Калишта (познато и како Калиште, а локално и како Калишча) — село во областа Дримкол, во Општина Струга, во околината на градот Струга, сместено на северозападниот брег на Охридското Езеро.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

За потеклото и значење на името на селото Калишта постојат две претпоставки, од кои едната е предание на неговите жители, а втората се заснова на одликите на местоположбата. Името на селото потекнува од македонскиот јазик и на месниот струшки говор се нарекува и Калишча, а речиси во истата форма (со наставката , односно Калишти) се нарекува и од албанското население. Меѓу мештаните постои легенда според која се верува дека поради природните убавини на езерото и селото, некогаш овде повремено престојувала некоја кралица со име Калина, поради што селаните велат дека селото го добило името според неа.[2] Според верувањето нејзината куќа, наречена „кула“ се наоѓала крај средновековниот манастир.[2]

Инаку, името Калишта е со значење на калливо место, место каде што земјата е каллива односно има или се прави кал, што наполно соодветствува со рамничарската местоположба веднаш на брегот на Охридското Езеро кој во овој дел е песоклив и каллив, обраснат со трски, лотоси и други водни растенија.[2]

Во Македонија постои уште едно село со име Калиште во подножјето на Шар Планина во Гостиварско.

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Главната улица во Калишта

Селото се наоѓа во областа Дримкол, во јужниот дел на територијата на Општина Струга, недалеку јужно од градот Струга, на оддалеченост од околу четири километри. Самото село Калишта и неговиот атар се допираат и протегаат од северозападниот брег на Охридското Езеро,[3] на исток преку рамнината на Струшкото Поле кон подножјето на планината Јабланица на запад. Селото е рамничарско, на надморска височина од 696 метри.[3]

Куќите на селото се расположени во плодната рамнина која се протега кон север и запад, а која е оградена од високиот карпест гребен (Елен Камен) на југ и Охридското Езеро на исток. Селото Калишта е од збиен тип и се дели на помали „маала“ според родовите кои живеат во него: Танасковци, Мустафовци, Шерифовци, Шабановци.[2]

Месностите во нискиот дел на селото ги носат следниве имиња: Блато, Љумче, Загонче, Бузелица, Бунар, Варса и Фјериште. Месностите во високиот дел на селото ги носат следниве имиња: Манастир Св. Богородица, Краста, Гумниште или Љама, Леског, Чакалица, Чумулица, Гештенка, Вари Рамаданит (Гроб на Рамадан), Гури зи, Чешма Костас, Гури древит (Елен Камен) и Плоча.[2]

Низ селото минува асфалтниот пат од Струга кон неколку хотели и кампови, туристичката викенд-населба „Елен Камен“ и селото Радожда, а недалеку веднаш над самото село минува меѓународниот пат кон граничниот премин Ќафасан на македонско-албанската граница. Во непосредна близина на селото се наоѓа познатиот хотел „Бисер“, еден од најдобрите хотели на Охридското Езеро. Соседни и околни села се Франгово и Радолишта на запад, Радожда на југ и градот Струга на север односно североисток.

Историја[уреди | уреди извор]

На јужната страна, веднаш на самиот крај на селото се наоѓа познатиот средновековен манастир посветен на Успението на Пресвета Богородица, сместен во пештера над езерото, за кој се знае дека потекнува од XV век. Во денешно време покрај оваа стара пештерска црква постојат и две нови цркви со манастирски конаци подигнати крај самото езеро, веднаш до хотелот „Бисер“. За овој манастир секогаш се грижеле вредни калуѓерки. На карпестиот гребен кој се издигнува веднаш јужно од селото Калишта и се протега сѐ до селото Радожда постојат повеќе вакви стари средновековни пештерски цркви од XIV-XV век со доста вреден и интересен живопис.[2]

Поволната местоположба укажува дека на просторот на селото Калишта има население од многу одамна. Во пишаните историски извори Калишта спаѓа во старите села во струшкиот крај и народното предание наведува дека тоа најпрвин било македонско христијанско село. Такво било сѐ до 1837-1838 година, до владеењето и нападите од бандите на Али-паша Јанински (овде познат како Али-паша Тепелини). За време на неговото владеење селото Калишта имало само 16 куќи, меѓутоа тогаш настанале големи „зулуми“ односно насилства, напади и грабежи со „потурчување“, поради што селските домаќинства освен две, некаде се иселиле. За Али-паша овде се пеела и народна песна.[2]

Околу средината на XIX век и подоцна во Калишта се населени и други родови - турски и албански, поради што жителите на селото до 1912 година и помеѓу двете светски војни говореле на три јазици: македонски, албански и турски. Меѓутоа, од албанската окупација од 1941 година, турскиот јазик почнал да исчезнува и жителите кои претходно говореле турски јазик сега говорат албански.[2]

Во XIX век, Калишта било село во рамките на Струшката нахија во Охридската каза на Отоманското Царство.

Стопанство[уреди | уреди извор]

Хотелот „Бисер“ во селото
Тобогани за вода во склоп на хотелот „Изгрев“

Атарот е мал и зафаќа простор од 3,7 км2, на кој обработливото земјиште зафаќа површина од 180 хектари, шумите зафаќаат 108 хектари, а на пасиштата отпаѓаат само 52 хектари.[3]

Селото, во основа, има полјоделска функција, а дел од домаќинствата се занимаваат и со риболов.[3]

Сепак врз основа условите кои ги нуди природата и местоположбата жителите на Калишта се занимаваат со бројни второстепени и третостепени услужни стопански дејности, пред сѐ туризам и угостителство кое во голем подем поради што и самото село претставува своевидно туристичко средиште. Од земјоделството најзастапени гранки се поледелското одгледување на жита, пред сѐ и најмногу пченица и особено пченка, како и градинарските култури како одгледување на зелени и црвени пиперки, патлиџани (домати), лук, кромид, марула и тикви. Од сточарството во помали размери е застапено одгледувањето на крупни говеда како крави и волови, а доста е застапено и живинарството односно одгледувањето на кокошки, гуски и шатки. Секоја куќа покрај насадите со градинарските култури во своите дворови има и доста овошни дрвја пред сѐ: јаболка, сливи, цреши и круши.

Со земјоделство и сточарство во Калишта главно се занимаваат жителите Албанци, додека риболовот е старо занимање на жителите Македонци,[2] кои во услови на негово опаѓање во поново време со можностите за приватно претприемништво повеќе се преориентираат кон туризмот и угостителството.

Во селото работи и столар „Краста“ со сопствен погон и стовариште и повеќе продавници. На карпестиот гребен и возвишение јужно и југозападно од селото има и помали ископи на песок и камен за градежништво. Поради непосредната близина и добрата поврзаност со градот Струга некои жители се вработени или остваруваат занаетчиски и услужни дејности таму, а поради непосредната близина на албанската граница во поново време некои жители се занимаваат и со трговија.

Туризам и угостителство[уреди | уреди извор]

Поради изворедната местоположба со многубројни природни убавини крај брегот на Охридското Езеро во селото Калишта повеќе од половина век е доста равиен туризмот и самото село е прераснато во значајно туристичко средиште. Веднаш на самиот јужен крај на селото се наоѓа познатиот хотел „Бисер“, кој е еден од најголемите, најдобрите и најубаво опремените хотели на Охридското Езеро. Веднаш непосредно до овој хотел се наоѓа и познатиот средновековен манастир посветен на Пресвета Богородица, после кој веднаш се наоѓа неодамна обновениот хотел „Изгрев“ кој во моментот ги поседува најсовремените и најубаво опремените плажа и воден парк (топогани, скокалници итн.). Од големите хотелски комплекси и одморалишта, веднаш над самото село Калишта на околу еден километар оддалеченост на патот кон Радожда се наоѓаат и хотелите „Макпетрол“ и „Скопје“. Непосредно до селото на карпестиот возвишен гребен, опкружена во борова зимзелена шума се наоѓа туристичката населба „Елен Камен“ со многубројни викенд-куќи и модерни вили. Туризмот е во подем и во самото село Калишта, посебно кај жителите Македонци кои поради напуштање и намалување на обемот на вековно старото занимање со риболов, од неодамна имаат отворено неколку нови хотели и ресторани. Скоро отворени туристичко-угостителски објекти кои работат во самото село Калишта се: хотелот и рибен ресторан „Езерски Бран“, хотелот „Разме“, ресторанот „Лиќени“, авто-кампот „Рино“.

Население[уреди | уреди извор]

Жени од селото Калишта во 1909 година
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948477—    
1953568+19.1%
1961667+17.4%
1971785+17.7%
1981974+24.1%
ГодинаНас.±%
1991117−88.0%
1994992+747.9%
20021.178+18.8%
2021764−35.1%

Според податоците од 1873 година, селото имало 34 домаќинства и 90 жители мажи, од кои 70 муслимани и 20 христијани.[4]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Калишта имало 220 жители Албанци муслимани и 8 Македонци христијани.[5]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Калишта е претставено како чисто албанско село во Охридската каза на Битолскиот санџак со 39 куќи.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Албанци.[7]

Калишта е големо село, коешто во 1961 година броело 667 жители од кои 596 биле Албанци, а 67 жители Македонци. Во 1994 година, селото броело 992 жители, од кои 901 биле Албанец, 89 Македонци и двајца жители Срби.[3]

Според пописот од 2002 година, во селото Калишта живееле 1.178 жители, од кои 95 Македонци, 1.079 Албанци, 1 Влав, 1 Србин и 2 останати.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 764 жители, од кои 115 Македонци, 623 Албанци, 2 Власи, 1 Србин и 23 лица без податоци.[9]

Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Калишта:

Година Македонци Албанци Турци Власи Срби Ост. Лица без под. Вкупно
1948 477
1953 56 510 0 1 1 0 568
1961 67 596 0 2 2 667
1971 75 706 0 2 2 785
1981 75 896 0 0 1 2 974
1991[заб 1] 84 28 1 0 2 2 117
1994 89 901 0 0 2 0 992
2002 95 1.079 0 1 1 2 1.178
2021 115 623 0 2 1 0 23 764

* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години

Родови[уреди | уреди извор]

Во Калишта живеат Македонци од православна вероисповед и Албанци со исламска вероисповед.[2]

  • Староседелски македонски род во Калишта се Танасковци (10 к.), чија слава е Свети Никола и се остаток од некогашното бројно македонско христијанско население во селото. Го знаат следното родословие:: Васо (на 79 години во 1979 година)-Павле-Коста-Танас-Кочо. Родовското презиме го добиле по кочовиот син Танас, а за предокот Коста се вели дека бил многу познат риболовец кој еднаш продал дел од обработената земја за да може да го плати износот на годишниот закуп за риболов во езерото.
  • Албански родови во Калишта се: Скавица (25 к.) е еден од најстарите албански родови во селото. Се доселиле „како козари“, во втората половина на XVIII век. Дошле од Љума од селото Скавица, а патот ги водел преку превојот Враца (на Шар Планина).[10] Мустафовци (15 к.) кои се гранка на претходно наведениот македонски христијански род Танасковци. Во првата половина на XIX век поради напад од Али-паша Јанински селото Калишта било раселено и во него останале само два брата - синови на некој Коче при што едниот од нив Танаско останал во христијанство и од него потекнуваат споменатите Танасковци, а другиот брат преминал во ислам и од него се Мустафовци кои со бројните албански доселеници го прифатиле и албанскиот јазик. Шерифовци (60 к.) доселени се околу средината на XIX век со турско (јуручко) потекло од „источна страна“ од околината на Гевгелија. Шабановци (10 к.)и Алиу (6 к.) се доселиле после Шерифовци од јужна Албанија. Шкиналари (9 к.) можно е да имаат македонско (словенско) потекло на што укажува нивното име.

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Поглед на селото

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Селото влегува во рамките на Општина Струга, која била проширена по новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото се наоѓало во некогашната Општина Струга.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Селото припаѓало на некогашната општина Струга во периодот од 1957 до 1965 година, додека во периодот 1955-1957 селото било седиште на тогашната општина Струга.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Радолишта, во која покрај селото Калишта, се наоѓале и селата Вишни, Заграчани, Мали Влај, Радожда, Радолишта, Франгово и Шум. Во периодот 1950-1952 година, селото претставувало седиште на истоимената општина, во која влегувале селата Калишта, Мали Влај, Радожда и Франгово.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постојат избирачките места место бр. 1873 и 1873/1 според Државната изборна комисија, сите сместени во основното училиште.[11]

На локалните избори во 2017 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 1.196 гласачи.[12] На референдумот во 2018 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 1.187 гласачи.[13]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Св. Никола“
Манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Калишта
Археолошки наоѓалишта[14]
Цркви[15]
Манастири
Џамии[15]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во Калишта

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Од селото има поголем број на иселеници и тоа претежно Албанци во Струга, Скопје и во странство претежно во западна Европа: Германија и Швајцарија. Албанскиот род Калиштани се иселил во струшкото село Биџево.[2]

Калишта како тема во уметноста[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 167–169.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 144. Посетено на 12 ноември 2018.
  4. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“ Македонски научен институт, София, 1995. стр. 104-105.
  5. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 254.
  6. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 32.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 12 ноември 2018.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. Албанците во Македонија само од 1780 година, д-р Ристо Ивановски, Битола, 2014 г., 9 стр.
  11. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 13 ноември 2018.
  12. „Локални избори 2017“. Посетено на 2 октомври 2018.
  13. „Референдум 2018“. Посетено на 13 ноември 2018.[мртва врска]
  14. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  15. 15,0 15,1 Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  16. Јован Котевски, Пеплосија. Мисла, Скопје, 1966, стр. 23-24.
  17. Анте Поповски, Дрво што крвави. Скопје: Детска радост, Наша книга, Македонска книга, Култура, Мисла, 1991, стр. 127.
Забелешки
  1. Во Пописот од 1991 година, во населените места: Страчинци, Љуботен, Арачиново, Грушино, Мојанци, Орланци, Боговиње, Жеровјане, Пирок, Милетино, Радиовце, Теново, Челопек, Горно Јаболчиште, Велешта, Горно Татеши, Долно Татеши, Врапчиште, Топлица, Вруток, Долно Јеловце, Здуње, Речане, Балин Дол, Беловиште, Гостивар, Дебреше, Мало Турчане, Чајле, Баниште, Дебар, Кривци, Селокуќи, Хаме, Делогожди, Корошишта, Ливада, Мислодежда, Ново Село (Делогожди), Горна Бањица, Долна Бањица, Симница, Долна Лешница, Желино, Озормиште, Требош, Бачишта, Букојчани, Горно Строгомиште, Зајас, Колари, Лешница, Палиград, Смесница, Копанце, Шемшево, Горно Палчиште, Долно Палчиште, Камењане, Кичево, Долно Свиларе, Кондово, Радуша, Рудник Радуша, Бедиње, Горно Коњаре, Д`лга, Куманово, Лопате, Романовце, Сопот, Табановце, Черкези, Белановце, Матејче, Никуштак, Опае, Ропалце, Жужње, Нистрово, Сенце, Тануше, Добри Дол, Калиште, Неготино-Полошко, Сенокос, Бериково, Гарани, Јагол, Ново Село (Осломеј), Поповјани, Премка, Србица, Стрелци, Туин, Шутово, Охрид, Ќојлија, Арнакија, Буковиќ, Грчец, Крушопек, Ласкарци, Љубин, Семениште, Барово, Јаболци, Биџево, Долна Белица, Заграчани, Калишта, Радолишта, Струга, Батинци, Вртекица, Морани, Студеничани, Глоѓи, Доброште, Непроштено, Пршовце, Слатино, Теарце, Голема Речица, Лавце, Мала Речица, Сараќино, Тетово, Баланци, Форино, Чегране, Џепиште, Гајре, Лисец, Скопје дел - Гази Баба, Скопје дел Карпош, Скопје дел - Центар и Скопје дел - Чаир, дел од жителите не прифатија да земат учество (го бојкотираа) во Пописот.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]