Прејди на содржината

Мороишта

Од Википедија — слободната енциклопедија
Мороишта
Мороиште

Воздушен поглед на селото Мороишта

Мороишта во рамките на Македонија
Мороишта
Местоположба на Мороишта во Македонија
Мороишта на карта

Карта

Координати 41°12′10″N 20°42′59″E / 41.20278°N 20.71639°E / 41.20278; 20.71639
Регион Југозападен
Општина Струга
ОбластСтрушко Поле
Население во атар1881 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр.6330
Повик. бр.046
Шифра на КО26035
Надм. вис.698 м
Мороишта на општинската карта

Атарот на Мороишта во рамките на општината
Мороишта на Ризницата
Објаснувања за населението

1 Државниот завод за статистика го пресметува населението врз основа на бројот на жители кои живеат во рамки на атарот на населеното место
2 Податокот го содржи населението што живее во пописниот круг за населеното место, исклучувајќи ги или додавајќи ги бројот на жители кон други населени места.

Мороишта (понекогаш нарекувано Мороиште) — село во областа Струшко Поле, во Општина Струга, во околината на градот Струга.

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Воздушен поглед на полиња кај селото

Селото се наоѓа во Струшкото Поле, во источниот дел на територијата на Општина Струга и ѝ припаѓа на рурбалната зона на градот Струга, бидејќи од него е оддалечено само три километри.[2] Селото е рамничарско, на надморска височина од 698 метри.[2]

До селото води локален асфалтен пат, кој се исклучува од регионалниот пат 2243.

Мороишта е изразено низинско село во средишниот дел на Струшкото Поле, десно од реката Црн Дрим. На север е коритото на реката Сатеска, додека на запад е коритото на реката Црн Дрим. Поради ова, до 1960-тите години селото било подложно на поплави. Во минатото, мештаните имале и голема мака со питка вода и ја носеле на коњи од коритото на Сатеска. Така било до 1926 година кога за потребите на целото село бил избушен првиот бунар длабок 33 метри. Во поново време избушени се околу 50 приватни бунари, иако селото е веќе поврзано на градскиот струшки водовод.[3]

Месностите на атарот околу селото ги носат следниве називи: Топола, Над-Јаз, Горни и Долни Бузелец, Мерка, Црн Дрим, Просиште, Шаркиница, Угари, Пешлика, Јаз, Јасика, Бајројца, Бошков Мост, Фереџе, Чапуница, Сливче, Оџица, Бадајнца, Круша, Јасенче и Гробишта.[3]

Мороишта се состои од два дела: постар на исток и понов на запад. Новиот дел е издолжен околу 1 километар околу патот кој води до градот Струга и таму се куќите на доселениците кои дошле од планинските села.[3]

Историја

[уреди | уреди извор]

Според денешното население, селото потекнува од крајот на XVIII век, иако тоа не значи дека порано немало постара населба. Постоеле траги од стари словенски гробишта со камени плочи и крстови кај денешната селска црква. Тие биле отстранети од површината во 1939 година кога било изградено училиштето.[3] Како доказ дека постоела стара населба, се наведува и грамотата на српскиот цар Стефан Душан, каде селото е споменато како Моровиштех во 1345 година.

Биле најдени и остатоци од стара црква во месноста Св. Спас. Месноста се наоѓа во источниот крај на селото, недалеку од коритото на Сатеска. На тоа место има 16 големи стари даба и ливада, а од 1918 и 1973 година таму е обновена црквата „Св. Спас“. Таму се одржува голем народен собир за селската слава. Порано, кај оваа црква имало и стари гробови (некои кажуваат „римски“).[3]

До крајот на турската власт во 1912 година, Мороишта било изразено чифлигарско село. Во него имало 8 чифлици, чии последни сопственици биле Мемет-бег, Зујди-бег, Деливер-ага, Јусуг-ага, Абдураман-ага, Џеладин-ага и двајца дебарчани. Секој чифлиг имал по околу 70 хектари земја, по една кула, куќи за селаните, како и стопански згради.[3]

Додека селото било чифлигарско тоа имало малку македонски домаќинства: само 17 во 1912 година. Меѓутоа тоа биле задружни куќи со по 20-40 членови во нив.[3]

По 1912 година, сопствениците на чифлиците започнале за „евтини“ пари да ја продаваат земјата на своите чифлигари, а еден дел од земјата селаните ја добиле со аграрната реформа. Со реформата земјата била постепено доделувана по Првата и по Втората светска војна.[3]

Во средината на старото село се наоѓа црквата „Св. Никола“, околу која се наоѓаат селските гробишта. Црквата најпрвин била многу мала и била изградена пред крајот на турската власт. Sидањето на храмот било попречувано од страна на турските власти, но со помош на рушвети и агите од чифлиците градбата на црквата била завршена. Во 1924 година била изградена денешната градба.[3]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Атарот е релативно мал и зафаќа простор од 6 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 527 хектари, па затоа селото има исклучиво полјоделска функција.[2]

Во селото има ветеринарна станица и повеќе услужни објекти.[2]

До крајот на турската власт, но и подоцна, мештаните работеле земјоделство и сточарство. Околината има многу плодни ниви поради што тие одгледувале грав, пченка, зеленчук, лубеници и други. Исто така, одгледувале и волови, крави, коњи и овци. За време на Југославија бил создаден земјоделскиот комбинат „Струшко Поле“ кој ги зафатил месностите Темни Јаз, Стара Река и Просиште. Населението во поново време започнало и да оди на привремена работа во странство.[3]

Население

[уреди | уреди извор]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Мороишта имало 250 жители.[4]

На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 година, Мороишта е претставено како чисто македонско село во Охридската Каза на Битолскиот Санџак со 25 куќи.[5]

По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Мороишта имало 224 жители.[6]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија од 1931 година, селото имало 350 Македонци.[7]

Мороишта има позитивен популациски биланс, односно селото прераснало од средно во големо село. Така, во 1961 година селото броело 681 жител, од кои 657 биле Македонци, 20 Албанци и тројца жители Срби, а во 1994 година 909 жители, од кои 902 биле Македонци, двајца Албанци и четворица жители Срби.[2]

Според пописот од 2002 година, во селото Мороишта живееле 909 жители, од кои 903 Македонци, 2 Власи и 4 Срби.[8]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 881 жител, од кои 807 Македонци, 1 Албанец, 2 Власи, 2 Срби и 69 лица без податоци.[9]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 250 224 506 555 681 799 838 964 909 909 881
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[10]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[11]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]

Мороишта е македонско православно село, сите родови во селото се доселенички. Традицијата наведува дека најстар род е Маџаровци, кои дошле крајот на XVIII век. По нив следувало доселувањето на останатите родови, главно во XIX век и по Втората светска војна.

Според истражувањата на Јован Трифуноски од 1980 година, родови во селото се:[3]

  • Родови со познато потекло населени за време на турскиот период: Иљовци (30 к.), се делат на Јановци, Клечкаровци и Лазаревци. Доселени се од селото Љубаништа, го знаат следното родословие: Климе (жив, 70 години во 1980 г.)-Наум-Ристе-Јон-Иљо, кој се доселил на почетокот на XIX век; Матлиовци (30 к.), доселени се после родот Иљовци, доселени се од некое село во областа Мат во Албанија; Малевци (10 к.), доселени се од некое село во Малесија; Бунчевци (4 к.), доселени се од соседното село Мислешево; Павлевци (8 к.), доселени се од соседното село Биџево; Прежевци или Анѓелевци (6 к.), потекнуваат од домазет кој дошол од селото Горенци; Араповци или Костевци (3 к.), имаат исто потекло како и Павлевци;
  • Родови со непознато потекло населени за време на турскиот период: Карамачовци (16 к.), Даљчевци (5 к.), Маџаровци (3 к.) и Ѓоршулевци (8 к.), доселеници со непозната старина. Родот Маџаровци е најстар во селото.
  • Помлади доселеници: Брчевци (8 к.), Ташморуништанци (5 к.), Нережанци (5 к.), Модричанци (4 к.), Локовчанци (2 к.) и Пискупштинци (2 к.), ги носат имињата на селата од кои се доселени, тоа се Брчево, Ташмаруништа, Нерези, Модрич, Локов и Пискупштина.

Според истражувањата пак на Бранислав Русиќ од крајот на 1940-тите, родови во селото биле:[14]

  • Староседелци: Сарџиновци (1 к.).
  • Доселеници: Кротевци или Пржевци (2 к.), доселени се во 1830 година од селото Враништа. Таму имале роднини; Клечкаровци (19 к.), доселени се од селото Љубаништа кај Охрид; Маџаровци или Црвеновци (2 к.), доселени се во 1825 година од селото Црвена Вода во Дебрца; Малевци (5 к.), доселени се после родот Клечкаровци од Дебарско; Карамачовци (9 к.) и тие се доселени од Дебарско; Матлијовци (13 к.), доселени се од некое место кај Матија во Албанија; Ѓоршулевци (2 к.), доселени се од селото Мислешево; Пеќиновци (2 к.), доселени се од селото Биџево; Далчевци (1 к.), доселени се од селото Драслајца; Јосифовци (1 к.), доселени се од селото Горенци кај Охрид; Павлевци (5 к.), доселени се во 1905 година од селото Биџево; Бунчевци (2 к.), доселени се од селото Мислешево; Дуковци (1 к.), доселени се од селото Луково во Дебарски Дримкол; Трпчевци (2 к.), доселени се од селото Присовјани во Малесија и Марковци (1 к.), доселени се од селото Подгорци. Потекнуваат од домазет.

Иселеништво

[уреди | уреди извор]

Од родовите поединечно се знае за следните иселеници до крајот на 1940-тите:[14] од Малевци иселеници има во Струга (едно семејство од 1890 година) и во Драслајца (од 1870 година, како домазет); од Матлијевци иселеници има во Струга (едно семејство од 1888 година) и во САД (едно семејство од 1910 година) и од Далчевци иселеници има во Белград (едно семејство од 1920 година).

Од Мороишта има иселеници во градот Струга, како што се Дупкаровци, Гаговци, Пулејковци, Саревци и Грдановци. Родот Бунчевци (7 к.) се иселил во соседното Мислешево. Во Охрид се иселиле Прлевци и Златаревци. По Втората светска војна, во селото дошле многу луѓе од планинските села, но истовремено некои селани заминале во градовите Струга и Охрид.[3]

Општествени установи

[уреди | уреди извор]
Поглед на основното училиште

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

На крајот од XIX век, Мороишта било село во Охридската Каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Струга, една од општините која доживеала најголеми промени со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Струга.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Струга. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Струга.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Драслајца, во која покрај селото Мороишта, се наоѓале и селата Биџево, Делогожди, Драслајца, Ливада, Ложани и Ново Село. Општината Драслајца постоела и во периодот 1950-1952 година.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 1866 според Државната изборна комисија, кое е сместено во просториите на основното училиште.[15]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Археолошки наоѓалишта[16]
Цркви[17]
Манастири

Редовни настани

[уреди | уреди извор]
Слави[3]

Поврзано

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 1 2 3 4 5 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 201. Посетено на 4 август 2026.
  3. 1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 Трифуноски, Јован (1992). Охридско-струшка област : антропогеографска проучавања. Белград: Српска академија на науките и уметностите. стр. 236-239. ISBN 8670251582. OCLC 466478840.
  4. Васил К’нчов. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 254.
  5. Михајловски, Роберт, уред. (2017). Етнографска карта на Битолскиот вилает (PDF). Каламус. стр. 30.
  6. D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, р. 164-165.
  7. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  8. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 4 август 2026.
  9. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  14. 1 2 Русиќ, Бранислав. Струшко Поле-Мороишта. Архивски фонд на МАНУ АЕ 88/1.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 15 октомври 2018.
  16. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 395. ISBN 9989-649-28-6.
  17. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]