Радожда

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Радожда
Radozhda-MK.JPG

Радожда и Охридското Езеро

Радожда се наоѓа во Republic of Macedonia
Радожда
Местоположба на Радожда во Македонија
Координати 41°06′14″ СГШ 20°37′59″ ИГД / 
Општина Општина Струга
Население 808 жит.
Надм. вис. 725 м
Слава Голема Богородица
Commons-logo.svg Радожда на Ризницата

Радожда — село во Општина Струга, југозападна Македонија.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Поглед на селото Радожда и Охридското Езеро од патеката кон пештерната црква Св. арх. Михаил
Плажа во Радожда

Радожда се наоѓа на западниот брег на Охридското Езеро, крај македонско-албанската граница. Сместено е во југозападниот дел на Општина Струга, чиј атар се доира до државната гранична линија и брегот на Охридското Езеро[1]. Радожда е сместено во подножјето на карпест гребен кој се спушта од политена Јабланица. Селото е рамничарско и расположено на надморска височина од 700 до 725 метри. Од градот Струга е оддалечено 11 километри во јужен правец и на два километри од границата со Албанија. Атарот зафаќа површина од 7,9 км², од кои шумите зафаќаат 505 хектари, пасиштата 185 хектари и обработливото земјиште само 59 хектари[2]. Иако нема одговарачки природни услови, селото има варошки налик, односно изглед на мало гратче.[3] До крајот на Втората светска војна Радожда била од типот на мала селска населба со куќите збиени на куп во подножјето на варовничкиот одсек, меѓутоа во поново време населбата е изградена крај самиот брег на Охридското Езеро во правец север-југ, во должина од 1000 метри, на тој начин здобивајќи се со низински тип и доста модерни и големи куќи.[3]

Називите на потезите во рамки на селскиот атар се следните: Ќафа Сан, Завој, Лаз, Преслоп, Истоци, Босештина, Нојница, Млака,Шиклица, Кошјо, Дуко-рид, Мал лаз, Љогумно, Локов, Локоска краста, Кајмакчалан, Евли, Горна и Долна Поповница, Лештев, Брегој, Тумба, Тудерен, Осој, Јабланово, Пештев, Аралица, Селиште, Богоројца, Краста, Пескојна, Горно и Долно Ливадиште, Елен Камен (или Еленско).[3]

Историja[уреди | уреди извор]

Селото Радожда е доста старо, со постојано постоење од околу 10 века. Со сигурност се знае дека постоело во средновековниот период, каде што од пишуваните извори како Душановата повелба од 1342-1345 година кога било подарено на црквата Богорица Перивлепта во Охрид, се споменува под името Радобужда.[3] Подоцна во Опширниот описен дефтер на Охридскиот санџак од 1583 се појавува под името Радохожда, а во ракописот на Бранислав Нушиќ од 1892 година се нарекува Радоожџа. Селото било формирано во планинските ливади на околу еден километар на запад. Но близината на езерото како важен извор на храна ги натерало селаните да се преселат во приобалата и тука да ја формираат новата населба.Како најстари фамилии се Шеќероски,Солакоски,Пејоски,Скрчески,Кутаноски. Во селото постои зачувано предание дека во минатото кога насила биле преобратени во ислам православните Македонци во соседното село Рајца (денес во Албанија), обидите тоа да се стори и во Радожда останале неуспешни, бидејќи некои жени се самоубивале скокајќи од високиот карпест отсек западно од селото со цел само да не се потурчат.[3]

Радожда во XX век[уреди | уреди извор]

Пред воспоставувањето на државната граница, постоеле многу живи врски помеѓу жителите на Радожда и соседните села Лин и Рајца, кои денес се наоѓаат во рамките на Албанија. До крајот на Првата светска војна во 1918 година, жителите на Радожда одржувале тесни стопанско-економски и општествени врски, меѓу кои чести биле и брачните врски, но по воспоставувањето на границата селото Лин станало мешано христијанско-муслиманско.[3] Слични врски биле одржувани и со селото Рајца, со кои се склопувале т.н. шишани кумства, се разменувале производи и сл.

За време на Втората светска војна за време на италијанско-албанската окупација, Радожда на неколку пати била ограбувана од албанците наречени „балисти“ од селото Чезме, кое се наоѓа на соседната планина Мокра, чиј пат кон Струга водел низ Радожда каде што убиле 4 мажи, отерале жива стока и ограбиле покуќнина, накит, пари.

Економија[уреди | уреди извор]

Женска народна носија од Радожда, сликана пред 1930 г.

Во основа Радожда има полјоделско-шумарска функција[4], меѓутоа населението на селото се повеќе се насочува и е вклучено во второстепените и третостепените стопански гранки, како што се туризмот, индустриското производство и занаетчиството. Историски населението на Радожда се занимавало со 3 стопански дејности - земјоделство, сточарство и риболов, кои постепено биле заменети од занаетчиството - градежништвото и туризмот.[3] Во минатото сточарството било главната гранка, а селото по кажувања на постарите имало „булуци и булуци (стада) кози, овци, говеда и коњи“ со чија помош се наѓубрувало обработливото земјиште кое добро раѓало, а освен тоа 14 домаќинства се занимавале и со риболов, меѓутоа постпено економски населенито почнало да остварува приходи од другите дејности и пензии со кои купува леб, млеко и други намирници во продавниците.[3] Во селото засега работи еден погон на фабриката Единство од Струга со околу 30 работници. Други економски единици нема освен 4 продавници на мешовита стока, 2 кафе барови и 7 рибни ресторани, кои се надалеку познати по својот специјалитет - охридската пастрмка, поради што тие се и често посетувани од домашни и странски гости. Населението е претежно занаетчиски ориентирано. Радожданци се познати фасадери и керамичари. Другиот дел од населението работи по фабриките во Струга, а дел во установите во Струга. Досегашниот погон на рибарското стопанство “Летница“ не работи и рибарите нив околу 20 останаа без работа поради одземената концесија пред три години и недоделената досега. До селото води асфалтиран пат кој е изграден пред 20 години, но сега е целосно саниран. Во мал дел е застапено и земјоделството пред се за домашни потреби, односно градинарството со одгледување на домати, пиперки, лук, кромид, пченка, краставици, како и живинарство со одгледување кокошки и во помал дел патки, а исто така е застапено и овоштарството преку одгледување на цреши, јаболка, кајсии, сливи и вишни.

Во непосредна близина на само два километри према Струга се наоѓа автокампот “Ливадиште“, кој е еден од најдобрите автокампови во Македонија, во кој работат неколку жители на Радожда, а према албанската граница се наоѓа туристичката населба “Треска“ која е во стечај и ја има судбината на основачот, фабриката за мебел “Треска“ од Скопје, но сѐ уште е посетувана од многубројни посетители поради незаменливите природни убавини што ги поседува, особено во лето.

Демографија[уреди | уреди извор]

Според последниот попис на населението на Македонија од 2002 година, селото има 808 жители. Следува табела на националната структура на населението[5]

Националност Вкупно
Македонци 806
Турци 0
Роми 0
Албанци 0
Власи 0
Срби 1
Бошњаци 0
Други 1

Статистички гледано селото бележи благ пад на бројот на своето население, кое во 1961 година броело 866 жители, а во 1994 година 849 жители[6].

Во селото се говори на посебен дијалект со свои карактеристики, кој во македонската дијалектологија е познат како вевчанско-радошки дијалект.

Родови[уреди | уреди извор]

Селото Радожда од секогаш, па сѐ до денес е населено исклучиво со Македонци од православна христијанска вероисповед. Старинечки, односно староседелски родови се: Пејовци, Скрчески, Славковци, Несторовци, Шеќеровци, Кутаноски, Бакрачески, Шопоски, Мангоски, Јулоски, Солакоски, Кумбароски, Бушески, Пуроски и Волканоски.[3] Доселени родови се: Степаноски, Шајноски (двата рода не го знаат местото на доселување), Љакоски (кажуваат дека се доселени „од Црна Гора“,[3] веројатно селата на падините на Караорман). Единствено Шајновци ја слават Св. Петка и до скоро имале посебни гробишта кај истоимената црквичка, други слави кои ги слават останатите родови се Св. Архангел, Св. Никола, „Мартинија“, Пречиста и Св. Ѓорѓи посен (зимен).[3]

Општествени институции[уреди | уреди извор]

Во селото има и осумгодишно училиште со околу 70 ученици кои учат во сите осум одделенија.

Администрација и политика[уреди | уреди извор]

Фреска на Св. Архангел Михаил во истоимената пештерна црква во Радожда, од крајот на XIII век. Фреската е со претстава на сцена од циклусот на Архангел Михаил — „Чудото во Хона“. Архангел Михаил е претставен во местото Хона, неговото светилиште како отвора низ карпите цепнатина во која ќе се изгубат матните води на паганите упатени кон исцелителниот извор на светецот. Оваа ретка сцена се вбројува меѓу најстарите претстави на „Чудото во Хона“ во ѕидното сликарство на целокупната христијанска уметност.

Селото припаѓа на општинскиот центар Струга и се наоѓа во нејзината административна граница. Во селото има месна заедница со совет и претседател на МЗ. Одлуките се донесуваат со акламации, бидејќи се третираат проблеми од комуналната сфера на живеењето кои ги тангираат сите жители. Се чувствува дека на селото му е потребна малку поголемо ангажирање на МЗ, поголема самоиницијатива, анимирање на еколошкото друштво на кое активноста му е замрена иако има полно проблеми кои треба да се решаваат во содејство со целокупното население.

Цркви[7]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Радожда е богата со културни и природни знаменитости. Селото има седум цркви од кои централна е селската црква Свети Никола која е изградена во 18 век. Други цркви се најстарата пештерска црква Свети Арангел Михаил која е од 14 век и поновите Св.Петка, Св.Недела, Св.Среда, Св.Илија и Св.Богородица. Понова знаменитост е 22 метри високиот крст којшто се наоѓа на влезот во селото.

Друга многу важна знаменитост е зачуваниот дел на патот Виа Игнација-зимска траса. Таа минувала преку подалечните јужни предели преку Албанија и Македонија, бидејќи поблиските биле преку зима завеани и со тоа непроодни. Зачувани се околу стотина метри од поплочениот пат кој селаните го викаат калдрма. Од природните реткости најважно е самото езеро кое според староста е едно од најстарите во светот. Друга реткост е карпата која се наднесува над селото, која е висока околу 70-80 метри и долга околу 300 метри.

Редовни настани и обичаи[уреди | уреди извор]

Во селото нема културни настани, туку помасовните настани кои се одржуваат се однесуваат на верските традиционални одбележувања на неколку празници. Тоа се фрлањето на крстот кое се обнови во 1990 година и кое се одржува на брегот на езерото кај црквата Св.Недела. Фрлачот и скокачите по крстот се наоѓаат во кајчиња на околу 50 метри од брегот. По фаќањето на крстот кој е метален и завиткан во бела риза, групата која го фатила заминува низ селото влегувајќи во сите куќи од селото каде се дарувани од населението.

За празникот Прочка или Проштени Поклади помладите одат „на проштевање“ кај постарите со зборовите „За многу години Поклади. Весели Велигден да го дочекаме“, а при поздравувањето велат „Ај проштаај“, а постарите им возвраќаат „Алал и прост да ви е“.[8] Порано во Радожда за овој празник е забележан обичај кога домаќинката, некоја невеста или мома, од тестото за суканите јадења месела едно колаче и непечено го закопувала вземи (в бавча или в нива), а потоа палела една ржаница закачена на сливова, врбова, дренова, лескова или чаталеста „лиснигојца“ за да му се заканува на кртот што правел штета и при тоа велела:

Ќе го печиме кртот
да не орат, да не копат
да ојт по планина
да не ојт в поле
да не ојт в бавча
да не прајт штета.[8]

За Велигден на вториот ден се оди со крсти. Целото село е во селската црква од каде тргнува поворката на чие чело се наоѓаат црковни реликвии знаме, икони, крст и се посетуваат црквите Св.Богородица, Св. Илија и другите каде сите застануваат, палат свеќи, се молат, жените си разменуваат вапцани јајца, а мажите се нудат со ракија.

Во очи на 2 aвгуст - Илинден населението се собира кај црквата Св.Илија каде доаѓа попот, крштева вода, го пее лебот кој подоцна жените го раздаваат на присутните. Мажите седат во круг и си ги подаваат пагурчињата со ракија.

На 28.08.е верскиот празник Голема Богородица, кој воедно е и селска слава. На тој ден празнува целото село и доаѓаат гости од останатите струшки села,Струга и Охрид.

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во Радожда
  • Слободан Шајноски (р. 9 септември 1954) - македонски правник, универзитетски професор и публицист;

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во Радожда е активен фудбалскиот клуб ФК „Морнар“

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Селото било поголемо но бидејќи желбата за пари повеќето од селаните се иселиле на печалба и веќе никогаш не се вратиле Некои од иселените селани доаѓаат на викенд и си одат. Повеќето се иселени во Франција, Австралија, северна Америка, Србија (Белград) и Хрватска (Славонска Пожега) и други држави.[3] Иселеници од Радожда во рамки на Македонија има во селото Мислешево и градовите Струга, Охрид, Битола, Прилеп и Скопје.[3]

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.251
  2. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.251
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 3,12 Ф. Трифуноски, Јован (1992) (на српски). Охридско-струшка област. Српска академија наука и уметности. стр. 159-162. 
  4. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.251
  5. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  6. Панов Митко. „Енциклопедија на селата во Република Македонија“. Патрија, Скопје, 1998. стр.251
  7. „Струшко архиерејско намесништво“ (на македонски). Дебарско-кичевска епархија. http://www.dke.org.mk/namesnistva/strusko.asp. конс. 17 мај 2010 г. 
  8. 8,0 8,1 Домазетоски, Петко. Обичаите поврзани со „Проштени Поклади“ во селата Лабуниште, Радожда и Локов - Струшко. „Етнолог“ (Здружение на етнолозите на Република Македонија - Музеј на Македонија) (3): 129. 
  9. Исторически албум на град Струга, София, 1930, стр. 35.
  10. „НИТКИТЕ НА СУЗАНА“ (на македонски). Агенција за иселеништво на Македонија. 3 декември 2008. http://www.makemigration.com/strani/?mainmenu=139&submenu=-2&page=vest&type=static&args=msgid%3D202. конс. 15 ноември 2011 г. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]