Бач

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Бач
Пат низ Бач.jpg

Регионалниот пат 2338 низ селото

Бач is located in Македонија
Бач
Местоположба на Бач во Македонија
Координати 40°55′59″N 21°34′0″E / 40.93306° СГШ; 21.56667° ИГД / 40.93306; 21.56667Координати: 40°55′59″N 21°34′0″E / 40.93306° СГШ; 21.56667° ИГД / 40.93306; 21.56667
Регион Logo of Pelagonia Region.svg Пелагониски
Општина Coat of arms of Novaci Municipality.svg Новаци
Население 172[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 7225
Повик. бр. 045
Шифра на КО 02003
Надм. вис. 610 м
Слава Мала Богородица
Бач на општинската карта
Бач во Општина Новаци.svg

Атарот на Бач во рамките на општината
Commons-logo.svg Бач на Ризницата


Бач — село во Општина Новаци, во околината на градот Битола.

До 2004 година, селото претставувало административно средиште на поранешната истоимена општина, а служи како главно село за останатите села во областа.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Првпат името на селото како Бач било споменато во 1303 година и се претпоставува дека потекнува од личното име Бач (или Баче/Бачо) или од зборот бач што означува планински овчар.[2][3]

Според друго објаснување, името на селото се поврзува со зборот бачило, што означува терен на планина. Но, бидејќи селото не е планинско, веројатно неговото значење би било „место, посед што припаѓа на некој бач“.[2] Според легенда се вели дека во средишниот дел на селото постоело езеро, околу кое биле сместени бачила со овци. На бачот (овчарот) му се удавило едно дете и со волна од овците го затворил изворот на езерото. Така, поради бачот и селото го добило своето име.[4]

Според други сознанија, Бач како средишно место за околните села било седиште на турската управа за собирање на даноци од околните села. Во турската терминологија се користел зборот „баџ ве базар“, што означувало место каде се наплатува за донесената стока. Со текот на времето името Баџ се променило и започнало да се употребува ојконимот Бач.[5]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Куќи во селото

Селото се наоѓа во југоисточниот дел на Битолското Поле, недалеку од државната граница со Грција, во јужниот дел на територијата на Општина Новаци.[6] Селото е рамничарско, на надморска височина од 620 метри. Низ селото поминува регионалниот пат 2338, кој води за битолско Мариово. Исто така, во селото завршува регионалниот пат 2340, кој се движи низ Пелагонија. Од градот Битола е оддалечено 35 километри.[6]

Бач се наоѓа во југоисточниот дел на Битолското Поле помеѓу селата Гермијан, Живојно, Добровени и Брод. Бач изобилува со вода за пиење и во него има пет чешми и четири бунари. Во селото имињата на чешмите се: Горна, Голема, Мала, Кладенец и Лозјарска, додека во атарот на селото се: Шупур, Бозовик, Стрезови Врби, Кладенец, Миленкоа Чешма, Горна Чешма и Колчакоа Чешма.[7]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Крива Бара, Грашишта, Дупка, Калдрма, Долно и Горно Јелиште, Рудина, Бранковец, Лекои Кладенчиња, Чука, Чардак, Јакова Колиба, Пијалица, Кременик, Козини Дупки, Црни Рид, Клокотеш, Дервен, Стрезови Врби, Острика и Грдано Цуцуле.[7]

Селото има збиен тип, поделено на три маала: Долно, Горно и Отанде Маало. На средина се наоѓа празен простор наречен Сретсело.[7]

Во секое домаќинство има водоводна инсталација и телефонски врски.[4]

Историја[уреди | уреди извор]

Поглед на двете цркви во текот на Првата светска војна
Дворецот на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ

Бач се смета за многу старо село, каде дел од родовите се староседелци. Бројот на жители во селото се зголемувал со природен прираст, но и доселувања. Во првата половина на XIX век, атарот на селото се проширил на сметка на соседното раселено село Грабаново.[7]

Први пишани документи за родени жители во село Бач се црковните книги. Во нив стои запишано името на Дело Кулевски, кој е роден 1842 година во село Бач. Потоа во континуитет се редат лица родени во село Бач.[5]

За време на отоманскиот период, Бач најпрвин било слободно село. Меѓутоа, на почетокот на XIX век селото го купил извесен битолски Евреин, кога по преданието три години ништо се родило. Селото го презел Рустем-паша од Евреинот, кој го присвоил и селиштето Грабаново. Пашата го оставил селото на неговиот син, а подоцна селото било владеено од неговиот внук Пељти-бег. Бегот во 1912 година поголем дел од земјата ја продал на селаните. По војните, дел од земјата била поделена на селаните со извршената аграрна реформа. За периодот додека селото било владеено од Рустем-паша и неговите наследници, во селото постоела висока кула.[7]

Во селото силно влијание имале странските пропаганди во XIX и првата половина на XX век. Во Бач, особено биле изразени грчката и бугарската пропаганда. Поделеноста стигнала до таму, па така биле изградени два црковни храма, патријаршиски во 1870 година и егзархиски во 1912 година. Патријаршискиот храм бил разурнат во 1916 година за време на воените дејства од Првата светска војна. Целосно е разрушен во 1958 година и на истото место е изградена спортска сала на училиштето во село Бач.[5]

Бач било познато село од Првата светска војна, кога селото било „привремена српска престолнина“.[7]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Атарот има средна големина и зафаќа простор од 17,8 км2. На него преовладува обработливото земјиште на површина од 1.138 хектари, на пасиштата отпаѓаат 547,5 хектари, а на шумите отпаѓаат само 1,5 хектари.[6]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција. Во селото постоеле земјоделска задруга, продавници и угостителски објекти.[6]

Од земјоделски култури успеваат пченица, јачмен, овес, ’рж и пченка. Од индустриските култури успеваат памук, афион, сусамот и кикиритката. На повисоките места успева виновата лоза. Успеваат и раноградинарските култури. Порано, се одгледувале овци и кози. Нивниот број сега е намален. Многу семејства одгледуваат високомлечни сорти на крави.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948651—    
1953673+3.4%
1961706+4.9%
1971557−21.1%
ГодинаНас.±%
1981522−6.3%
1991474−9.2%
1994191−59.7%
2002172−9.9%

Јанаки Стрезов во 1880 година забележал дека во Бач живеат 35 семејства со 92 жители. Во 1897 година австроунгарскиот конзул во Битола, Аугуст Крал, забележал дека во Бач живеат 82 семејства со вкупно 485 жители.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Бач живееле 490 жители, сите Македонци.[8] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Бач имало 448 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[9]

Селото е средно по големина, но со намалување на бројот на населението. Така, во 1961 година селото броело 706 жители, а во 1994 година бројот се намалил на 191 жител, македонско население.[6]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Бач живееле 172 жители, од кои 171 Македонец и 16 Србин.[1]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[10] 1905[11] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 490 448 651 673 706 557 522 474 191 172
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[12]

Моштенци[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Моштенци.
Моштенската носија е руба на селото

Во Бач живеат Моштенци, кои се подгрупа на македонскиот народ, распослани во селата околу Бач. На просторот на денешна Македонија, покрај Бач, влегуваат селата Живојно, Гермијан и Сович, а другите триесетина села во кои живеат Моштенци, денес се наоѓаат во Грција. Моштенците имаат свои посебни украси и носија која битно се разликува од носијата на соседните мариовски села.[5]

Носијата била една од причините поради кои немало мажење и женење меѓу Мариовци и Моштенци, односно мажење и женење меѓу село Бач и Брод, иако едното од другото се оддалечени само два километри.[5]

Родови[уреди | уреди извор]

Бач е македонско село.[7]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1953 година родови во селото се:

  • Староседелци и родови со непознато потекло: Настевци (7 к.), Трпковци (2 к.), Карамешовци (2 к.), Полупачо (2 к.), Уфката (2 к.), Курдевци (2 к.), Накови (2 к.), Басарови (1 к.), Ташевци (6 к.), Гичеви (7 к.), Јошевци (6 к.), Стојнини (3 к.), Генџовци (3 к.), Стојкови (2 к.), Шалои (2 к.), Кулевци (2 к.), Глушевци (1 к.), Шереметови (6 к.), Јагурови (5 к.), Дуровци (2 к.), Кузмановци (1 к.), Милевци (1 к.), Лековци (1 к.), Јанковци (2 к.), Ќосеви (1 к.), Вердикови (2 к.) и Врагови (2 к.).
  • Доселеници со позната старина: Колчаковци (4 к.), доселени се околу 1793 година од соседното село Живојно. Го знаат следното родословие: Трендафил (жив на 42 г. во 1953 година) Алексо-Крсте-Толе-Петко-Ристе, кој се доселил во селото. Таму припаѓале на истоимениот староседелски род; Кочовци (5 к.), доселени се исто така од селото Живојно, после претходниот род; Најдовци (2 к.), доселени се после претходните родови од раселеното село Раковци, во близина на Мусинци; Најдовчеви (1 к.), потекнуваат од селото Ивени во Мариово. Од таму се иселиле во селото Добровени, па по некое време прешле во Бач; Даскале (1 к.), доселени се од селото Велесело и Свиркови (2 к.), доселени се во 1933 година од селото Тепавци. Таму имаат роднини. Подалечно потекло имаат од околината на Корча во Албанија.
  • Српски колонистички род: Максиќи (1 к.), доселени се во 1925 година како колонисти од околината на Смедерево во Србија. За време на бугарската екипа во Втората светска војна морале да се иселат од селото, но потоа се вратиле назад.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Постари иселеници има во леринското Асаново Село.

Родот Бурназовци (3 к.) е иселен во селото Совиќ, додека родовите Шајтан (1 к.), Гичевци (3 к.) и Карамеше (1 к.), се иселени во селото Гермијан, а родот Доневци (1 к.) е иселен во селото Жабени. Од родот Вердиковци едно семејство живее во Скопје.[7]

По 1961 година започнува бран на масовно иселување на жителите од Бач и нивно одење на печалба во Австралија, САД, Канада, како и во европските земји Германија, Франција, Норвешка и други.[13] Воедно, дел од населението е иселено и во градовите Битола, Скопје и Прилеп.[5]

Најмногу бачани се иселени во Австралија, каде успешно ги негуваат македонски обичаи. Бачани имаат свој манастир „Св. Климент Охридски“ во Кинглејк, Австралија. Воедно, имаат емисија на македонски јазик при Државната телевизија во Мелбурн, чиј главен уредник од 1980 година е Виолета Јовановска.[5]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Првото училиште било подигнато во 1921 година, а наставата на мајчин македонски јазик започнала во ноември 1944 година. Во 1951 година, училиштето прераснало во седумгодишно, а потоа и во осумгодишно. Првото име на училиштето било Коста Лазаревски, загинат борец во народноослободителната војна. Подоцна, училиштето го добило името Мирче Ацев.

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Грб на поранешната Општина Бач.

Во XIX век, Бач било село во Леринската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Новаци, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било седиште на некогашната истоимена општина.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.

Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.

Во периодот 1952-1955, селото било седиште на тогашната Општина Бач, во која покрај селото Бач, се наоѓале и селата Брод, Велесело, Гермијан, Гнилеш, Добровени, Живојно, Полог, Скочивир, Сливница и Совиќ. Општината Бач постоела и во периодот 1950-1952, кога во нејзе се наоѓале селата Бач, Гермијан, Живојно и Совиќ.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0169 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[14]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 134 гласачи.[15] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 121 гласач.[16]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Рождество на Пресвета Богородица“
Археолошки наоѓалишта[17]
  • Самовили — населба и некропола од римското време; и
  • Тумба — населба од бронзеното време.
Цркви[18]

Во минатото постоела уште една црква со истото име, која била оштетена во војните, а во 1946 година селаните користеле делови од нејзе за изградба на задружната живинарска фарма.[7] Истата била целосно разрушена во 1958 година, а на нејзино место била подигната спортската сала на основното училиште.[5]

Градби

Во 1921 година бил изграден Кралски дворец од страна на тогашното Кралство Југославија со цел да се смести Штабот на кралската војска. Во ходникот на оваа велелепна градба имало прекрасен мозаик, голема сала за конференции и канцеларии. На јужната страна била кујната, а во непосредна близина се наоѓал бунар со вода за пиење. Во периодот по Втората светска војна (1951-1962), просториите на дворецот биле користени како училници. Денес, дворецот е во урнатини.

Воени гробишта
  • Српски воени гробишта — воени гробишта од Балканските војни и Првата светска војна, сместени во црковниот двор

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Слави[7]

Личности[уреди | уреди извор]

Мицко Солаков, поранешен кмет на село Бач
Родени во или по потекло од Бач

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Во селото работел фудбалскиот клуб „Љубов“.

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 30 март 2013.
  2. 2,0 2,1 Иванова, Олга (2014). Речник на имињата на населените места во Р. Македонија : (Б,Ѓ,Е,Ј,Н,Р,Т,Ќ,У,Ф,Х,Џ,Ш). Скопје: Институт за македонски јазик „Крсте Мисирков“. стр. 39. ISBN 978-608-220-026-2.
  3. „бач“Дигитален речник на македонскиот јазик
  4. 4,0 4,1 Ѓорги Лазаревски , Бач Македонско-моштенска населба 2009 г. Битола, ISBN 978-9989-55-186-4, COBISS.MK-ID 18405953
  5. 5,0 5,1 5,2 5,3 5,4 5,5 5,6 5,7 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Посетено на 2021-11-02.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 21. Посетено на 2 ноември 2021.
  7. 7,0 7,1 7,2 7,3 7,4 7,5 7,6 7,7 7,8 7,9 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  8. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 250
  9. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905, рр. 176 – 177.
  10. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  12. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  13. Завод за статистика на РМ, регионално одделение за статистика Битола.
  14. „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
  15. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Локални избори 2021“. Посетено на 3 ноември 2021.
  17. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 17. ISBN 9989-649-28-6.
  18. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]