Совиќ

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето

Совиќ е село во Општина Новаци, во околината на градот Битола.


Совиќ
Совиќ се наоѓа во Republic of Macedonia
Совиќ
Местоположба на Совиќ во Македонија
Координати 40°54′00″ СГШ 21°39′00″ ИГД / 
Општина Општина Новаци
Население 0 жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 1188 м


Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото е сместено на северозападните падини на планината Ниџе, југоисточно од Битола, на границата меѓу Македонија и Грција.

Се наоѓа на надморска височина од 1.080 метри. Населбата е типично планинска. Атарот зафаќа површина од 16.2 км. квадратни. Соседни села се Живојно и Добровени од македонска страна, а од другата страна на границата се наоѓаат селата Сетина и Попадија (Леринско).

Совиќ денес припаѓа на Општина Новаци. Од Битола е оддалечено 40 км, а од Новаци 29 км.

Историja[уреди | уреди извор]

Името на селото е Совиќ, а се среќава и како Сович. Името го добило, најверојатно, од зоонимот сова, птица сојка, односно утка. Совиќ е стара македонска населба со свое богато културно и историско минато. Според турските документи за историјата на македонскиот народ изнесени во „Опширните пописни дефтери“ од 15 и 16 век, најстари регистрирани жители на селото Совиќ се од 1468 год. Тогаш селото броело 122 семејства или околу 606 жители. Во селото биле регистрирани и два попа: поп Димитри и поп Бранко. Во споменатиот период Совиќ било тимар на браќата Абди и Хаџи кои биле синови на Мустафа Сијах. Браќата заеднички го уживале тимарот. Совиќани плаќале данок во висина од 5.350 акчиња.

Куќите се изградени од камен и кал и се покриени претежно со камени плочи. Има и куќи кои се покриени со ќерамиди. Селото се развивало според можностите на жителите и според условите кои ги диктирала државата. Во 1860 година совиќани изградиле храм посветен на Св. Атанасиј Велики (Александриски). Храмот е ѕидан со камен и кал. Подот е поплочен, а внатрешноста е уредена со фрески и икони. Во непосредна близина на храмот на метални столбови е поставено црковно ѕвоно кое е лиено и купено од Јанина (Грција) во 1882 година. Голем број на совиќани биле вклучени во борбата за слобода на Македонија. Во народноослободителната војна во времето од 1941 до 1945 година од Совиќ учествувале 31 борец. На бојното поле животот го положиле Спасе Атанасовски и Ѓорѓи Ѓорѓиевски.

Економија[уреди | уреди извор]

Жителите на Совиќ се занимавале претежно со сточарство. Одгледувале говеда, овци, кози, свињи и живина. Од житните култури саделе рж, пченица, јачмен, пченка и овес. На пазар најмногу продавале квалиетно овчо сирење. Најчесто пазареле во Лерин, а по поставувањето на границата на пазар оделе во Битола.

Демографија[уреди | уреди извор]

Во селото Совиќ живееле Македонци -Моштенци. Облеката, особено женската, има битни карактеристики по пои се разликува од мариовската носија. Нивните етнички особености се исти со другите моштенски села. Совиќани поставиле родовски врски со скоро сите моштенски села како што се; Бач. Живојно, Гермијан, Сетина, Крошоради,Попадија, Неокази и бројни други села кои сега се наоѓаат во Република Грција. Еве како се движел бројот на жители во одредени периоди;

        1468 година 122 семејства, 606 жители
        1900 година................310 жители
        1914 година................305 жители
        1951 година................428 жители
        1961 година................188 жители
        1981 година................121 жител
        1991 година................ 19 жители
        Според пописот од 2002 селото нема жители.

Во потрага за подобар живот многу совиќани започнаа да го напуштаат селото. Помасовно напуштање започнува во 1952 година. Еден број на семејства се преселија во селата Бач, Гермијан, други во Битола, а голем број заминале на печалба во Австралија и други земји. Во Кравари се доселиле 16 семејства. Во Кременица се доселиле 28 семејства со околу 80 жители. Доселените совиќани во село Кременица во 1994 година започнале со изградба на христијански храм кој му го посветиле на нивниот светец заштитник од родното село Совиќ - Св. Атанасиј Велики (Александриски). По неколку години храмот е изграден и во истиот совиќаните од село Кременица ги изразуваат своите верски чувства и обичаи.

Родови[уреди | уреди извор]

Совиќ е македонско православно село. Сите родови во селото се доселенички. Родови во Совиќ се: Бурназовци (3 куќи) доселени се од селото Бач. Ја знаат следната генеологија Доне (жив на 90 год. во 1951 година) Толе-Пејо, кој се доселил од Бач; Гоговци (6 куќи) доселени се кога и Бурназовци од селото Радијово, Меглен (денес во Грција); Богдановци (6 куќи) доселени се кога и претходните родови од селото Гнилеж; Ушковци (4 куќи) доселени се од мариовското село Скочивир; Крстевци (7 куќи) и Кисавци (4 куќи) доселени се од селото Чеган, во околината на Воден; Лавровци (2 куќи) и Ѓилевци (3 куќи) доселени се кога и претходните родови од селото Груништа, Мариово, во родот Лавровци, ја знаат следната генеологија Никола (жив на 80 год. во 1951 година) Мицко-Танас, кој се доселил во селото; Митковци (4 куќи) доселени се кога и претходните родови од селото Сакулево, леринско; Ушевци (2 куќи) по потекло се од селото Сетина, од каде прешле во селото Сакулево, па во почетокот на XX век дошле во селото Совиќ ; Деломановци (2 куќи) доселени се од селото Пожарско, воденско Шлупковци (2 куќи) доселени се од селото Будимирци, Мариово XX век; Пејовци (1 куќа) доселени се од некое село во Мариово.[1]

Општествени институции[уреди | уреди извор]

Во Совиќ било изградено современо училиште. Во него учеле учениците од 1 до 4 одделение. Наставата се одвивала на мајчин македонски јазик. Прв учител на македонски јазик во 1944-45 година бил Васил Типевски. Потоа учителствувале; Трајан Мицевски, Димче Пармаковски, Тихомир Груевски, Трајче Стојчевски и Христо Галевски. По завршувањето на 4 одделение учениците своето образование го продолжуваа во Основното училиште „Мирче Ацев“ во село Бач кое од Совиќ е оддалечено 10 километри. Тие секој ден патуваа пеш по 20 километри, без разлика на временските услови. Беа примерни и вредни ученици. Многу од нив завршија средно, више и високо образование. Како нивни учител и сега им се восхитувам.

Литература[уреди | уреди извор]

  • Турски документи за историјата на македонскиоит народ „Опширни пописни дефтери“ од 15 век, том 2, 1973, стр. 474
  • Љубица Станкоска, „Македонска ојконимија“, книга 2, Метаморфоза, Скопје, 1997 год. стр. 279
  • Ѓорѓи Лазаревски, „Бач македонско моштенска населба“, НИД „Микена“ Битола, 2009, стр. 32
  • Завод за статистика на Р. Македонија, Регионално одделение -Битола

Администрација и политика[уреди | уреди извор]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Личности[уреди | уреди извор]

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]

  1. 1914-1997., Trifunoski, Jovan F., (1998). Битољско-Прилепска котлина : антропогеографска проучавања. Srpska akademija nauka i umetnosti. ISBN 8670252678. OCLC 469501519. http://worldcat.org/oclc/469501519.