Сетина

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Сетина
Σκοπός
Црквата "Св. Никола" во Сетина
Црквата "Св. Никола" во Сетина
Сетина is located in Грција
Сетина
Сетина
Координати: 40°52′N 21°37.59′E / 40.867° СГШ; 21.62650° ИГД / 40.867; 21.62650Координати: 40°52′N 21°37.59′E / 40.867° СГШ; 21.62650° ИГД / 40.867; 21.62650
ЗемјаГрција
ОбластЗападна Македонија
ОкругЛерин
ОпштинаЛерин
Општ. единицаОвчарани
Население (2001)[1]
 • Селска139
Часовен појасEET (UTC+2)
 • Лете (DST)EEST (UTC+3)

Сетина или Сетино (грчки: Σκοπός, Скопос, до 1926 г. Σέτινα, Сетина[2]) — село во северна Егејска Македонија, денес во Грција. Административно припаѓа на Општина Лерин во рамките на областа Западна Македонија. Според пописот од 2001 г., селото има 356 жители.

Потекло на името[уреди | уреди извор]

Според Димитар Рајков, во книга на Димитар и Константин Миладинови, на страна 160, се споменува од византискиот историчар Јован Скилица во 1019 под наслов прва Грамота (првото писмо), додека во епископијата на Маглен, поред опфатените области и селата Мариово, Острово, Заодрија, се споменува и селото Сетина.

Според искажувањата на Васил Малов, селото Сетина го добило името по месноста викана „Селишчето“ која се наоѓала спроти манастирот „Св. Никола“. „Селишчето“, во периодот од X-XI век, била приградска населба на тврдината Кале и служело како престолнина на Самоиловото царство.

Со пропаѓањето на Самоиловото царство, оваа населба, заедно со тврдината Кале, била запалена од византијците и населението било принудено да се насели на запад, односно на 2-3 км од манастирот „Св. Никола“. По ова, од почетокот на XI век, селото го носи името Сетина со сегашната местоположба.[3]

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото Сетина се наоѓа во подножјето на планината Кајмакчалан и се простира во непосредна близина на македонско-грчката граница. Лежи во котлина, на 760 метри надморска височина. На исток од селото се наоѓаат планините Кајмакчалан (2.521 м) и Пиперката, а на југ се наоѓа планината Висима Рожанско. Од северната страна, долж Македонско-Грчката граница, се простира висорамнината Рогаш (1352 м), а од западната страна на селото се простира атарот Крушоради и Леринското Поле. Од ова произлегува дека голем дел од катастарот на селото Сетина е покриен со планини и само една третина од неговата површина се полиња, ливади и падини. На север, Сетина, се граничи со селата Совиќ и Живојно, на југ со селото Горничево, а на запад со селото Чеган.[4]

Селото Сетина било самостојна општина во чиј состав влегувале и селото Попадија. Самата положба на селото му овозможува да има многу реки, потоци и бразди. Исто така, има многу трапови и долови. Инаку, селото е сместено по течението на реките Стара река, Бела река и Дрстелка. Од десната страна на Стара река се наоѓаат трапиштаа Крушорадски Трап. Бела Вода, Кунгбов Трап, Редешово, Крива Вода, Каландово, Бричиница, Женски Трап, Широкиот Трап, Копачки Трап, Страчкина река, Дрстелка река, Каричката река, Ченгелската река и Екшииската река. Од левата страна на Стара река се наоѓаат потоците и трапиштата: Бела река, реката Цепена Стена, Курио Трап, Речичката, Мушанка, Црничка река, Јанакиот и Филео. Сите овие трапишта, реки и потоци од левата и десната страна се богати со вода во сите годишни времиња. Истите тие се вливаат во Папалазов Камен низоводно од селото Крушоради, го наводенуваат сетинското поле и го прават плодно. Сепак, често се случувало да има поројни дождови кои го поплавувале полето и ги уништувале насадите на жителите. Една од бурите, според сеќавањата на жителите (Лазо Гудов, Коле Тренов, Лазо Донаков, Стојан Малов и Коста Мучов), се случила во април, 1932 година.[5]

Историja[уреди | уреди извор]

Сетина во периодот на турското владеење[уреди | уреди извор]

За време на турското владеење животот во Сетина бил многу тежок. Еден дел од сетинското горно маало припаѓало на Кенон бег, додека долното маало му припаѓало на Ахмед Риза бег. Населението било изложено на економска експлоатација давајќи даноци на беговите и на државата. Неможејќи да ги трпи самоволијата на турските власти и на разни муслимански банди, населението почнало да дава разновидни отпори. Така се појавило и ајдуштвото.[6]

Период на Илинденско востание[уреди | уреди извор]

Како и во дугите села, и во Сетина се формирал селски комитет со појавата на ВМРО. Во селскиот комитет први се зачлениле Ило Димов-Попадински, Коста Божаров, Стефо Трпчевски, Стефо Бејков, Иљо Мучов, Геле Гудов, Тане Канзуров, Фоти Ароманов и Крсте Торбаков. Комитетот имал своја вооружена чета од околу 80 комити. Основна задача на селскиот комитет, како и на вооружената комитска чета, била да го брани селото од разни банди кои крстосувале по тој реон. Голема заслуга за успешното функционирање на комитите имал Георги Иванов, познат под псевдонимот Марко Лерински. Благодарение на неговите организациски способности, неговата чета станала „стожер во револуционерното“ движење во Леринско. По налог на леринскиот околски комитет, четата на Марко Лерински осудила на смрт двајца организациони работници. Убиен бил раководителотот на организацијата во село Борешница и воденичар од селото Неокази. Оваа акција не останала без реперкусии. Десетина дена по исчезнувањето на воденичарот властите извршиле претрес во неколку куќи од селото. Поради предизвиканиот страв од страна на османлиите, десетина жители на Сетина, поради претпазливост, решиле да станат комити. Така, во средината на март, 1902, се создале две чети: една предводена од Марко Лерински и друга од Дедо Андреја.

На 10 септември, 1903, група востаници од Сетина се судриле со турскиот аскер на местата Салков Гроб и Нунково Мече. Покрај ранетите, во овие борби загинале и 6 Сетинци. На 5 октомври, истата година, се водела уште една битка во селото Попадија. Тука загинале 25 востаници, а селото било целосно уништено. Исто така, голем пораз комитите доживеале и наредниот ден, 6 октомври, во битката кај Чукурот.

Неуспехот на Илинденското востание имал тешки последици врз населението. Од 40 Лерински села, 12 биле целосно уништени. Особено настрадало селото Сетина. Во борбата која се водела на 12 август, 1903, загинале 93 мажи. Дополнително биле заклани 229 лица, а 227 жени и девојки биле силувани. Поради пустошењето и физичкото малтретирање од страна на турските војски, останатото население се разбегало во шумите или, пак, барало засолниште во околните села.[7]

Сетина во периодот пред Втората светска војна[уреди | уреди извор]

Виорот на првата светска војна ги натерал Сетинци да се евакуираат во селата Орешница и Пешошница, а и стоката била пренесена во селата Лесковац и Вичо. Голем дел од машкото население било приморано да се ангажира од страна на српската војска, да пренесува храна и материјали на фронтот и да ги пренесува ранетите војници од Кајмакчалан во Елбасан. Целокупниот имот на селаните бил уништен во текот на војната, а на фронтовите биле убиени 11 сетинци. По дефинитивното разграничување во 1919, Сетина потпаднала под грчка административна управа. Македонскиот јазик бил забранет, а сетинците биле пронудени да се декларираат како Грци.

Во 1920, по почетокот на грчко-турската војна, грчките власти мобилизаирале 70 Сетинци од кои 18 загинале на бојните полиња во Мала Азија.

За време на Метаксасовата диктатура, сетинците останале претпазливи. Македонскиот јазик бил забранет да се користи во која и да било пригода. Населението во овој период и во своите домови морало да комуницира со мимики, а секој кој ќе бил фатен како говори на македонски јазик, бил физички казнуван на лице место, а потоа и носен во полициска станица.

На теророт на Метаксас, сетинци одговарале и активно и пасивно. Тие одбивале да ги зачленат младите во метаксасовата младинска организација и свесно ги зачленувале во грчката младинска комунистичка организација (ОКНЕ). Иницијатори за организирање на ОКНЕ во Сетина биле: Јордан Витков, Атанас Груевски, Атанас Русевски, Михаили Пискачов, Ване Канзуров и Ѓорѓи Шилев. Членовите на ОКНЕ претежно се занимавале со читање на политичка литература и материјали за руската социјалистичка револуција итн., а состаноци одржувала на први мај. По откривањето на ОКНЕ од грчката полиција во 1938 година, биле уапсени младинците Јордан Витков, Атанас Русевски и Ѓорѓи Шилев.[8]

Сетина во периодот на Втората светска војна[уреди | уреди извор]

На 28 октомври 1940 година, по нападот на Грција од фашистичка Италија, од Сетина биле мобилизирани 129 лица, од кои 8 ги загубиле животите, 10 биле ранети и 5 заробени од италијанската војска.

По капитулацијата на грчката влада, КПГ ја презема иницијативата и го организира народот во народноослободителна војна против окупаторите. Започнале да се формираат партиски организации, да се прибира оружје и разни материјали за движење на отпорот. Во периодот од септември 1942, до март 1943, биле примени нови членови во редовите на КПГ во партиската организација во Сетина, претежно луѓе кои работеле во рудникот Мелоите. За секретар на партиската организација бил поставен Атанас Русевски. Населението од соседното село Попадија било евакуирано во Сетина, додека машките постари од 15 години биле затворени во логорот во Солун. Сите членови на КПГ имале формирано своја тројка која делувала за целите на НОБ и ЕЛАС.[9]

Занимање на селаните[уреди | уреди извор]

Главното занимање на селаните им било селското стопанство, земјоделство, сточарство, шумарство, лозарство, пчеларство, ѕидарство, градинарство, овоштарство, занаетчиство и трговија.[10]

Земјоделство[уреди | уреди извор]

Земјоделството на селаните во Сетина им било главно занимање. Генерално, тие произведувале: р’ж, пченка, јачмен, овес, просо, пченица, броиница, уров, бурчак, леќа, грав, боранија, грашок, компир, тиква, лубеница, зелка, коноп и друго.[11]

Земјата ја обработувале на стар и примитивен начин, односно со спрега на волови и коњи, со дрвено рало или плуг. Често земјата ја обработувале и рачно со мотика, казма, лопата итн., особено сеидбата се вршела рачно, а потоа се покривало семето со орање на нивата.

По изникнувањето на житарицата, селаните рачно го плевеле житото. По неговото созревање тие со срп и со коса го жнееле истото. И останатите земјоделски култури бо голема мера ги обработувале рачно. Треба да се има в предвиди тоа дека Сетинци, претежно, вршењето го правеле во подалечни планински места, каде што житариците биле оддалечени од селото неколку километри и било тешко да се пренесат во селото, па затоа биле принудени таму да припремаат гумно за вршење. Карактеристично е тоа што таквото вршење не го правеле сите селани, туку одреден број на семејства кои имале ниви на исто место. Овие селани спиеле на полињата во направени колиби и останувале таму сè до завршувањето на вршењето.[12]

Градинарство[уреди | уреди извор]

Во Сетина било развиено и градинарството. Секое семејство имало градина или бавча во која за своите домашни потреби произведувале кромид, лук, пиперки, домати, праз, зелка, марули итн. Освен зеленчукот, во градините, имало и разни цвеќиња, босилок, невен и друго.[13]

Овоштарство[уреди | уреди извор]

Сетинци, во своите овоштарници, најмногу одгледувале јаболки, круши, вишни, праски, кајсии, сливи, дуњи, ореви и смокви. Покрај питомите овошја, растеле и диви како што се леска, лешници, тренки, дренки, горници, шипинки, боровинки и диви јагоди.[14]

Лозарство[уреди | уреди извор]

Во Сетина слабо било развиено лозарството. Покрај грозјата кои ги имале на својот атар во месноста Мелоите, сетинци имале и грозје во атарот на Воштарани, каде што произведувале големи количини за вино. Но, тоа траело сè до 1930 кога лозјата се заразиле со болеста филоксера и биле уништени, а земјиштето им било одземено на сетинци и доделено на доселениците од Мала Азија.[15]

Сточарство[уреди | уреди извор]

Во периодот од 1928-1940, Сетина, заедно со своите околни села (Бака, Попадија, Фармакот, Киријаку, Флору, Карајани) поседувала сточен фонд од 1128 грла говеда, 300 коњи, 322 магариња, 32 мазги, 2480 овци, 1755 кози и 280 свињи. За пасење и чување на многубројните домашни животни, побогатите селани најмувале измеќари.[16]

Бачила[уреди | уреди извор]

Селаните-сточари во летните месеци во групи ги паселе стадата и заеднички ги молзеле во бачилата. Бачилата се правеле во плевна, поблиску до пасиштата и водата. Тие се состоеле од ограде, каде овчарите, два пати на ден (наутро и навечер), ги молзеле своите овци и кози во колиби. Имало две колиби, во едната бил сместен алатот, а во другата спиеле сточарите.

Млечните производи кои селаните ги изработувале, ги продавале во Лерин, а со парите си купувале производи за домаќинството. Освен млечните производи, селаните продавале и добиток, месо, кожа и волна.[17]

Демографија[уреди | уреди извор]

Во Сетина од секогаш живееле само Македонци кои биле доселени од разни места на Македонија и во различни временски периоди. Низ целиот историски период, селото претставувало чиста македонска населба.[18] Според историските податови и сеќавањето на постарите сетинци, се смета дека селото било наслено во разни времиња пред и по периодот на турското владеење.

Бројноста на населението варирала во текот на историјата. Така, според В. К’нчев, во 1900-та година, во селото живееле 730 лица, во 1928 селото броело 849 лица, 1940-та имало 1132 жители, 1945 имало 210 домаќинства и 1300 жители.[19]

Карактеристични имиња на Сетинци[уреди | уреди извор]

Во селото Сетина постоеле следниве имиња:

  • машки: Геле, Васил, Дуцо, Ристо, Стојан, Ташко, Јанко, Алексо, Петре, Наце, Горѓи, Коста, Трајко, Ламбо, Лазо, Спасе, Иљо, Пандил, Коле, Тане, Гиче, Никола, Мице, Крсте, Вангел, Јосиф, Стефо, Јордан, Трендафил, Марко, Божин, Стати, Диле, Ване, Мике, Тего, Саранде, Коце, Филип, Димитар, Таљо, Томе, Дане, Русе, Андон, Мико, Панајот, Павле, Нуше, Атанас, Блаже, Петко, Живко, Мичо, Тодор, Ристо, Андон, Гуле, Наце, Борис, Геле, Симо, Петре, Јанаки, Трајан, Минуш, Христо и други.
  • женски: Митра, Дафина, Султа, Вена, Софка, Славка, Вангелија, Цоца, Сава, Пандора, Елена, Тула, Рула, Гуца, Фула, Магда, Маријонка, Мара, Пелагија, Кала, Циљка, Петра, Фана, Паца Катерина, Флорина, Динка, Трендафилка, Стојанка, Церефка, Кица, Маслина, Деспа, Јана, Фима, Ордана, Жана, Захрина, Цуца, Неда, Невена, Софија, Христина, Марија, Федерика, Фена, Менка, Ѓурѓа, Марика, Доца, Живка, Калинка, Донка, Тодора, Прушка, Харикла, Велива, Хрисула и други.[20]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Куќите и домаќинствата во Сетина[уреди | уреди извор]

Повеќето Сетинци своите куќи ги граделе сами бидејќи многу од нив во минатото граделе куќи и плевни. Своите куќи ги граделе од тврд камен, чатија од дрво, колци за таваните, плетени од трска и рогозина, а ги покривале со ќерамиди или плочи. Поголемиот дел од куќите биле изградени на кат. Долниот дел бил планиран за сместување на крупен добиток со јасли, а во повеќето случаи биле преградувани и за ќерал. Горниот дел се користел за живеење на домаќинството.

Горниот внатрешен дел варосан и имал една или повеќе простории (соби) со врати и прозорци, а во главната соба, каде се приготвувала храната, се наоѓал оџакот со синџир и полици, камарите и прислата за истекување на употребената вода и др. Поголемите куќи располагале со поголем број на соби за спиење, имале и чардаци, балкони и итн. Со собата имало маса направена од штици, две клупи направени од штици постелени со ресено веленце.[21]

Во Сетина, како и во други села во Леринско, сите куќи имале дворови оградени со камени ѕидови и со една голема врата. Во тремот, под скалите, биле сместени амбарите за жито, кошот за пченката, котарникот за свињите, тоалетот, како и земјоделските алатки.[22]

Покуќнина[уреди | уреди извор]

Во секоја куќа, во зависност од нејзината големина и бројот на членови во семејството, ги имало следните предмети:

  • за чување на храната имало ношви за леб, камари, долапи, соларни и амбарчиња за брашно,
  • за пиење течнсти имало стомна, стомниња, букле, канатка, карта, чашка, паукче, ѓум, чашка за ракија, ѓезве, шише и филџани за кафе,
  • за јадење имало софра, маса, столчиња, дрвени и метални лажици, мисури и тава,
  • за приготвување на храна се употребувало котел, грне, сач, тепсија, тиган, бакарен ѓум, сукало, блуд, тава, аранија, фурна и маша,
  • за носење на храна имало кошници, торби, тепсии, тави мисури и друго,
  • за греење и приготвување на храна се употребувало дрва и борија,
  • за спиење се употребувале рогозини, веленцина, перници, дрвени кревети со две магарици и штици,
  • за одржување на хигиената и перење имало сапун, ума, леген за вода, чешле, ѓум за топлење вода, корито за перење, копан за чукање на веленцињата итн.
  • од алатки се употребуало секира, тесла, прион, копач, мотика, сврдле, лопата, чекан, ренде и друго.[23]

Народна носија[уреди | уреди извор]

Во повеќето села по течението на Стара река, машките се облекувале с ќурдија, долга бела кошула со широки ракави, волнени гаќи, волнени чорапи со разни шари и појас за половината.

Женската народна носија се состоела од долга кошула везена со разни везови, саѓија, со или без пуфки, антерија, ќурдија, појас и прегач ткаен во разни шари. Чорапите се носеле до под колена а биле везени во разни везови.[24]

Топоними, мерни единици и месеци во годината[уреди | уреди извор]

Топоними[уреди | уреди извор]

Од десната страна на Стара река се наоѓаат месностите Тополката, Црната земја, Шупурката, Сива Стена, Сливишта, Грамадата, Мелоите, Сливој Нивје, Лозјата, Синиот Камен, Ритцеото,Коријата, Стисоите, Мецуите Јасики, Големата Страна, Дреноо, Штрбанка, Рогаш, Калинова пелена, Петкои Нивја, Пештерата, Бричиница, Петков Брег, Дупките, Студен Кладенец, Авлаиите, Гарванот, Барбарските гробишта, Долна Караџица, Екшиица, Фармакот, Буките и др.

Од левата страна на Стара река се наоѓаат месностите Убаите, Црвени Стени, Осоо, Колиби, Говедарникот, Скоко, Карауло, Шаркова Нива, Којњот, Белички Снос, Каргуца, Лулките, Друмо Киската, Белица, Беучо Козарник, Ташоо Кладенче, Филео, Вараницата, Космачот, Трнката, Бела река и др.[25]

Мерни единици[уреди | уреди извор]

Месеци во годината[уреди | уреди извор]

Коложег (јануари), сечко (февруари), март, април, мај, црвеник (јуни), жетвар (јули), гумнар (август), крстов (септември), митров (октомври), листопад (ноември), никуљ (декември).[21]

Имиња на небесни тела[уреди | уреди извор]

Вечерница, Деница, Квачката, Ралиците, Перустијата, Големата Мечка, Кумоата Слама, Крстој Ѕевгари.[21]

Личности[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. (PDF 39 Мб) Фактична состојба на населението и домовите во Грција според пописот од 18 март 2001 г.. Државен завод за статистика на Грција. 2003. http://dlib.statistics.gr/Book/GRESYE_02_0101_00095.pdf. 
  2. Μετονομασίες των Οικισμών της Ελλάδας. Σέτινα -- Σκοπός
  3. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 11
  4. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 7
  5. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 8-9
  6. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 54
  7. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 56-59
  8. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 63-67
  9. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 67-74
  10. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 20
  11. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 20-21
  12. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 21-23
  13. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 23
  14. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 23-24
  15. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 24
  16. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 24-25
  17. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 26
  18. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 11
  19. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 12
  20. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 12
  21. 21,0 21,1 21,2 21,3 Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 14
  22. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 16
  23. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 17-18
  24. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 18-19
  25. Т. Јованов, С. Трпчевски: Сетина и Попадија во минатото. Самостојно издание, Скопје, 1992. стр. 13
  26. Николов, Борис Й. Вътрешна македоно-одринска революционна организация. Войводи и ръководители (1893-1934). Биографично-библиографски справочник, София, 2001.
  27. Elizabeth Kolupacev Stewart, For Sacred National Freedom: Portraits Of Fallen Freedom Fighters, Politecon Publications, 2009
  28. Илюстрация Илинден, 1941, книга 129, стр. 12

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Сетина и Попадија во минатото, издавачки одбор: Ташко С. Јованов (претседател), Стојан Трпчевски (секретар) и членовите Ѓорѓи Т. Мацков, Ристо Р. Малов, Атанас И. Божаров, Геле К. Мучов, Коста Т. Пупков, Јордан Гаштаров, Леонида Пискачов, Тодор Мучов, Васил Чамов, Иљо Витков, Аргерула Талева, Стати Лазаревски, Ѓорѓи Кркачев, Трајко Р. Малов, Трајко М. Гаштаров и Наце Мишоков. Самостојно издание, Скопје, 1992.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]