Скочивир

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Скочивир
Skočivir (Скочивир, Македонија).jpg
Скочивир се наоѓа во Republic of Macedonia
Скочивир
Местоположба на Скочивир во Македонија
Координати 40°58′00″ СГШ 21°39′00″ ИГД / 
Општина Општина Новаци
Население 30 жит.
(поп. 2002)
Надм. вис. 923 м
Commons-logo.svg Скочивир на Ризницата


Скочивир — село во Општина Новаци, во околината на градот Битола[1].

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Селото се наоѓа во западниот дел на Мариово, источно од Битола. Се простира на брегот на Црна Река и оттука започнува најголемата клисура во МакедонијаСкочивирската клисура. Селото Скочивир се наоѓа на крајниот југоисточен дел на Битолското Поле на надморска височина од 600 метри. Тоа се простира на левиот брег на Црна Река. покрај главниот пат кој води од Битола за Старавина. Од Битола е оддалечено 34 км, а од Новаци 19 км. Соседни села се: Добровени, Сливица, Полог и Зовиќ. Во минатото припаѓало на Општина Бач, а сега тоа се наоѓа во состав на Општината Новаци. Од селото Скочивир започнува живописната Скочивирска Клисура низ која во должина од 100 км Црна Река го поминува својот пат до Тиквешкото Езеро, а потоа се влива во Вардар.[2] Од Тиквешката Котлина, по течението на Црна Река, продира топла возвушна маса која овозможува климата во село Скочивир да биде изменета медитеранска клима. Така во селото Скочивир , во просек за 15 дена порано стигнуваат сите градинарски и житни култури во споредба со околните села. Влијанието на изменетата медитеранска клима се чувствува и во селата: Сливица, Брод, Добровени и Бач. Атарот на селото е многу голем и зафаќа до државната граница со Република Грција со вкупна површина од 90,5 km2. Најголемиот дел е покриен со шума и пасишта, а само 323,1 ха е обработливо земјиште. До селото води асфалтиран пат, има изградено водовод и електрично осветление.[3]

Етимологија[уреди | уреди извор]

Во близина селото Скочивир било проширено речното корито на Црна Река и вистински проблем било како да се прескокне вирот за да се стигне до селото или обратно. Се претпоставува дека името на селото Скочивир е тесно поврзана со оваа реалност од минатото и името на селото е изведено од зборовите скокни вир или скочи вир, па така се добило името Скочивир.

Историja[уреди | уреди извор]

Село Скочивир, фотографирано околу 1915 година

Името на селото Скочивир се споменува уште во 1468 година во турските документи за историјата на македонскиот народ. Тогаш броело 11 христијански семејства и еден неженет со околу 56 жители. Во споменатите документи стои забележано и името на поп Дамјан. Во наредниот период бројот на жителите се зголемувал или намалувал во зависност од можностите на жителите и условите во државата. Во 1860 година изградиле црква посветена на Св. преп. Параскева (Св. Петка), а во 1970 година изградиле манастир Св. Арх. Михаил.

Семејство од Скочивир, околу 1916 година.

Како и многу други македонски села, така и Скочивир било зафатено од виорот на Првата и Втората светска војна. За време на Првата светска војна, особено во 1916 година се воделе крвави борби на овие простори. Од една страна биле Централните сили (Германија, Австроунгарија и Бугарија), а од друга страна Антантата (Англија, Русија, Франција, Србија и други). Така, во оваа војна учествувале вкупно 33 држави. При пробивот на Македонскиот фронт на планионскиот врв на Кајмакчалан во 1916 година загинале многу борци од двете завојувани страни. Според повеќе автори, на секој квадратен метар имало по еден мртов војник без разлика на која страна припаѓал. Во знак на благодарност за покажаната храброст и за спомен на загинатите борци, на врвот Кајмакчалан е изградена црквата Св. Петар. Во составот на црковниот комплекс се наоѓа и Спомен костурница и камбанарија со црковно ѕвоно. За време на Народноослободителната војна во времето од 1941 до 1945 година на овие простори се воделе битки за ослободување на Македонија. Во знак на благодарност за храброста на борците и животите кои ги положиле, во непосредна близина на Воената болница, граѓаните на Битола поставиле спомен плоча на која се запишани имињата на загинатите борци на овие простори. Во Народноослободителната војна во времето од 1941 до 1945 година од селото Скочивир учествувале повеќе борци. На бојното поле животот го положиле Велко Ниневски и Ристе Цветковски.

Економија[уреди | уреди извор]

Жителите на село Скочивир се занимавале претежно со сточарство, земјоделство и риболов. Најбројни биле стадата со овци и кози и произведувале познато овчо сирење. Одгледувале и говеда. Од житни култури успева пченица, 'рж, јачмен, пченка и овес. На повисоките планински падини успева квалитетен компир. На реката Коњарка биле изградени повеќе воденици каде се мелело житото на селаните од околните села.

Демографија[уреди | уреди извор]

Според пописот од 2002 селото брои 30 жители, сите Македонци. Во Скочивир живеат Македонци – Мариовци. Женската мариовска носија битно се разликува од женската носија на Моштените, што било голема пречка за да биде склучен брак меѓу Мариовец и Моштенка или обратно.

Еве како се движел бројот на населението во одредени периоди:

1468 година 11 семејства...........56 жители
1900 година .................................. 425 жители
1951 година................................... 449 жители
1961 година................................. 503 жители
1981 година ................................. 274 жители
1984 година ................................. 49 жители
2002 година ................................. 30 жители
2008 година ................................ 12 жители
Во периодот од 1961 па до 1983 година имаме големо емигрирање на жителие од село Скочивир.
Најголем број од жителите на Скочивир се иселиле во Битола и другите околни места, а голем е бројот ина оние кои заминале на печалба во Австралија, Канада, САД, Германија, Шведска и др.

Општествени институции[уреди | уреди извор]

Во селото Скочивир било изградено современо училиште за основно образование на учениците од 1 до 4 одделение. Наставата на македонски јазик започнала во учебната 1945-46 година. Прв учител на македонски јазик бил Борис Андоновски. По завршувањето на 4 одделение учениците своето образование го продолжувале во основното училиште во село Бач кое е оддалечено 10 км. Тие патувале пеш, секој ден, без разлика на временските услови. Подоцна бил обезбеден превоз, но поради немање на ученици училиштето во Скочивир било затворено.

Администрација и политика[уреди | уреди извор]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Во атарот на село Скочивир на планинскиот врв Кајмакчалан, на надморска височина од 2521 метар, во 1921 година е изградена црквата Св. Петар во чест на загинатите борци од Првата светска војна кои загинале на Македонскиот фронт во 1916 година. Над влезната врата на црквата стои запишано: На моите големи јунаци храбри и верни кои со своите гради ја отворија вратата на слободата и останаа овде како вечни стражари на прагот на татковината“. Подот е направен од бетон, а во средината се наоѓа крст направен од топовски гранати. На мала масичка стои книга за впечатоци во која се потпишуваат сите посетители. Во еден агол на црквата стои урна во која се наоѓа срцето на познатиот швајцарски доктор Рајс. На урната е запишано: "Овде во оваа урна на врвот на Кајмакчалан спие златното срце на Швајцарецот Рајс, српски пријател од најтешките денови на војниците во борбата за правда и вистина." 8 август 1929 Здружение на резервните офицери и војници СХС Белград“ Во составот на црковниот комплекс има Спомен –костурница која е вкопана во земјата, а над површината се издига околу 1 метар. Во неа се чуваат коски од загинатите војници на бојното поле за време на воените дејства. На страните на Спомен –костурницата стои напишано: „Овде се упокоени храбри јунаци кои загинале за обединувањето на Југославија;. Мир на јунаците; Спијте мирно орли на српската слава и гордост на Југославија; 1916 година, 17 септември“. Покрај самата црква, одвоено, е соѕидана и камбанарија на која стои црковното ѕвоно. Црковното ѕвоно во 1921 година го подарил големиот научник Михајло Пупин со следната посвета: На делата на загинатите херои на Кајмакчалан 1921; Божествени звуци пренесете ја славата на загинатите јунаци и раскажувајте им на потомците за нивните големи дела; Михајло пупин професор на Универзитетот во Колумбија Америка“. Патувајќи, ѕвоното стигнало до село Брод. Од мештаните било задржано и било поставено на нивната црковна камбанарија во село Брод која во тоа време немала ѕвоно. Тоа и денес таму се наоѓа. Во 1980 година била направена копија на оригиналното ѕвоно која била поставена на камбанаријата на црквата Св Петар на Кајмакчалан. Само на 2 километри оддалеченост од врвот била изградена Воена болница во која биле лекувани ранетите војници на фронтот. Од оваа некогашна болница сега се останати само урнатини. Подолу од Воената болница е изградена воена караула „Д-р Рајс“ која била користена од војската на поранешна СФР Југославија.. На само 2 км. оддалеченост од селото Скочивир, по течението на Црна Река, од десната страна на патот стои заградено место во кое се погребани еден дел од загинатите српски војници. На влезната врата стои натпис со следната содржина: „српски воени гробишта 1912-1918“ Во непосредна близина на Воената болница, (на 2 км. оддалеченост од врвот Кајмакчалан), се наоѓа спомен плоча на загинатите борци од Народноослободителната војна во времето од 1941 до 1945 год.. Наведените борци загинале на овие простори во борбените операции за слободата на Македонија. Еве ја содржината на спомен-плочата;

„Во оваа месност на 25 август 1944 година во борбата на 7 Македонска Н.О.У бригада против пограничните единици на бугарската фашистичка окупаторска војска, херојски ги дадоа своите животи за слободата на татковината: Ѓорѓиевски Х Ѓорѓи, роден во Битола 1922 г. –борец Естреја А. Овадија –Мара, родена во Битола 1922 г. политички комесар на батаљон, народен херој на СФРЈ Лалевски Јован –Алкарот, роден во Битола 1925 г. –борец Нахмијас Ј. Мордо-Лазо, роден во Битола 1923 г. заменик командант на батаљон Николовски Пандил, роден во Велушина 1914 г. –борец Трпчевски Атанас, роден во Гопеш 1920 г. –борец

25.08.1974 год. Вечно благодарни припадниците на војна пошта 4519 и 7488/8 Битола и граѓаните на Општина Битола“ Од оган и пепел, од крв и солзи се раѓала слободата на Македонија.

Цркви[4]
Археолошки локалитети[5]

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Велко Велковски -Скочивирски - војвода[уреди | уреди извор]

Големото семејство на Велко Велковски -Скочивирски води потекло од селото Чеган - Леринско. Браќата се разделиле на разни страни и се населиле во селата: Старавина, Петалино, Скочивир и Совиќ. Кај месното население се познати како Ушковци. Сите знаат дека се во роднинска врска.

Велко Велковски е роден во село Скочивир на 5 април 1877 година од татко Цветко и мајка Јованка. Во почетокот бил комита во четата на Ѓорѓи Сугарев. Потоа станал самостоен војвода и близок соработник на Ѓорѓи Сугарев. Имал блиска соработка со месните војводи: Шакир војвода, Дедо Кољо Добровенски и други. Кај народот бил познат како многу строг кон предавниците. По загинувањето на Ѓорѓи Сугарев на 23 март 1906, Велко Велковски -Скочивирски останал сам да се бори против андартските чети.

Со својата чета од 9 души, на 14 мај 1906 година пристигнал во селото Клепач. Бил поткажан на Турците и куќата им била сардисана. Наредниот ден,

на 15 мај 1906г. целата чета била убиена. Погребани се во дворот на црквата, а

на мермерната плоча се напишани имињата на сите девет комити:

Велко Скочивирчето, Христо Романов од Брник, Димитар Берански с. Беранци,

Димитар Енимале од Битола, Костадин Енимале од Битола, Неделко Долиманов

од с, Српци, Стрезо Милев с. Клепач, Стојан Ѓорчев с. Клепач, Тасе Костов с.

Круша.

Активноста на војводата Велко Велковски - Скочивирски била особено забележана од локалното население. Затоа народот ја испеал песната „На Бога се моле Велко војвода“. Народот го опеал и во песнат за Ѓорѓи Сугарев.(6)

Култура и спорт[уреди | уреди извор]

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Митко Панов, „Енциклопедија на селата во Р. Македонија“, Скопје, 1998, стр.272
  2. Група автори, „Национална географија“ за 2 година реформирано гимназиско образование, Просветно дело АД, Скопје, 2006 год. стр. 62
  3. Д-р. Никола В. Димитров и д-р Трајко Огненовски, „Битолски регион“, Битола, 2009 год. стр. 231
  4. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска. уред (на македонски). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7. 
  5. Коцо, Димче (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069

Користена литература[уреди | уреди извор]

  • Ѓорѓи Танковски –Лилин и Никола Миновски, „Битола и битолско во Балканските и во Првата светска војна (1912-1918)“, Македонско научно друштво-Битола, 2009 година.
  • Зборник на паднатите борци во НОВ од Битолска околија, Битола, 1958
  • Ѓорѓи Лазаревски, „Бач –македонско моштенска населба“, Битола, 2009 г. стр. 46-56.
  • Група автори, „40 Години настава на македонски јазик во Битола и битолско“, ДНУ –Битола, 1984 год. стр.20
  • Ѓорѓи Лазаревски, Велко Велковски -Скочивирски, Пелагонски научни средби, Новаци, Зборник 8, стр. 117, ISBN 978-608-65592 -0 -5

Надворешни врски[уреди | уреди извор]