Клима

Од Википедија — слободната енциклопедија
Кепенова класификација на климата

Клима или поднебје[1] — повеќегодишен режим на времето над некое место или на делови на Земјината површина. До нејзиното определување се доаѓа врз основа на долгогодишни набљудувања и проучувања на метеоролошките елементи и појави.

Климатски фактори[уреди | уреди извор]

Образувањето на климата над некое место зависи од бројни и разновидни фактори, кои со заедничко име се нарекуваат климатски фактори. Меѓу нив најголемо значење имаат сончевото зрачење и циркулацијата или смената на воздушните маси. Но, климата многу зависи и од физичко - географските фактори и услови на одредено место или територија:

  • Географската ширина е еден од најважните климатски фактори. Нејзиното влијание е големо врз температурата и влажноста на воздухот. Тоа се должи на различното количество на сончева топлина што ја примаат пределите со различна географска ширина. Најмногу топлина примаат местата во екваторскиот појас, а најмалку во поларните области. Значи, со порастот на географската ширина, температурата на воздухот по правило опаѓа, а со тоа климата станува поладна.
  • Копнените и морските површини имаат различно влијание на климата. Во летната половина од годината, морињата и океаните акумулираат многу повеќе топлина отколку копното. Затоа преку зимата, воздухот над морските површини е потопол, а над копнените постуден. Овие одлики се одразуваат и над климата. Во оние предели каде преовладуваат океанските воздушни маси, летото е посвежо, а зимата потопла, а во пределите под влијание на континентални воздушни маси е обратно. Освена тоа, областите кои се поблиску до море примаат поголеми количества на врнежи.
  • Морските струи највеќе влијаат врз температурата на воздухот. Ладните морски струи ги разладуваат крајбрежните области, а топлите ги загреваат.
  • Релјефот влијае на климата преку надморската височина, со правецот на протегање на планинските вериги и широките речни долини, со разместеноста на превоите, отвореноста на низините и со котлинскиот релјеф.
  • Растителниот свет, а особено шумите, имаат доста големо влијание врз климата. Оголеното земјиште во текот на денот побрзо се загрева и побрзо се лади отколку земјиштето што е покриено со растенија. Затоа растенијата влијаат на смалувањето на дневното и годишното колебање на температурата. Шумите влијаат врз зголемување на испарувањето и на влажноста на воздухот, како и на правецот и брзината на ветровите. Во шумските предели паѓаат поголеми количества врнежи.
  • Човекот влијае на климата со своите активности: непланското сечење на шумите, загадувањето на воздухот итн.

Видови на клима[уреди | уреди извор]

Климатските зони се поголеми области на Земјата кои имаат еднакви услови, различни од оние во соседните области. За да се класифицираат климите се земаат предвид најразлични фактори, а воглавно температурата (според која постојат топли, умерени, студени и поларни клими) и количеството на врнежите (според кое постојат суви или влажни клими). Но, во овие основни групи се прават додатни подкласификации.

Екваторска дождлива клима[уреди | уреди извор]

Оваа клима создава појас од двете страни на екваторот, меѓу 10° северна географска широчина и 5° јужна географска широчина. Се одликува со речиси иста должина на денот во текот на целата година, така што не може да се разликуваат годишни времиња. Средната температура изнесува 25 °C, иако може да има и разлики од 15 степени меѓу денот и ноќта. Воздухот има висока содржина на влага поради постојаните и обилни дождови кои врнат во текот на целата година, со просек од околу 2000 мм. Типична растителност е дождовната шума, како онаа во Амазонија и Екваторска Африка.

Тропска клима[уреди | уреди извор]

Создава два појаси, од двете страни на екваторот, меѓу 10 и 20° С.Г.Ш. и 5 и 10° Ј.Г.Ш. Кај деновите има мали варијации во текот на годината, а и обилноста на дождовите се намалува како што се оди подалеку од екваторот, додека просечната температура е околу 23 °C. Сето ова придонесува да има едно суво и друго повлажно годишно време. Растителноста е како во саваните, со повеќе или помалку дрвја.

Полусува клима[уреди | уреди извор]

Степа во западен Казахстан во рана пролет. Степите се одликуваат со полусува клима

Овој вид на клима постои како во умерените, така и во тропските области и во зоните каде има малку дождови (околу 200 мм годишно). Температурите можат да бидат ниски или високи, но секогаш има големи дневни осцилации (топли денови и студени ноќи) и годишни, во случај на ниските. Растителноста во овие области е тревна или грмушеста.

Пустинска клима[уреди | уреди извор]

Пустинскиот климатски тип се протега околу повратниците.За него се карактеристични малите врнежи на дожд сопросек околу 200 мм годишно. Дење температурата досигнува до 70 °С, а ноќе до -0 °С.Поради тоа пустините се суви места со мала растителност. Исто така, пустините се сиромашни со флора и фауна бидејќи има многу мало колиличество на врнежи. Сепак, тука се среќаваат ретки растенија со иглести лисја како што е кактусот.

Средоземна клима[уреди | уреди извор]

Распространетост на средоземната клима

Оваа клима е типична за областите околу Средоземното Море, но е застапена и на крајниот југ на Африка, во централно Чиле и во Калифорнија. Се одликува со тоа што дождовите најмногу врнат во есен и зима, а пролетта, и особено летото се многу сушни. Врнежите изнесуваат меѓу 400 и 700 мм годишно, зимите се топли, а летата жешки. Карактеристична растителност се грмушките и дрвја со секогаш зелени лисја. Постојат варијации на овој вид на клима, па така таа е посвежа и повлажна на северниот брег на Средоземјето, отколку на јужниот, кој е подложен на директно влијание на Сахара. Подалеку од брегот, оваа клима добива континентални обележја и станува постудена.

Пампска клима[уреди | уреди извор]

Слична е на средоземната, но со малку повисоки средни температури и помала разлика меѓу одделните годишни времиња. Врнежите се присутни низ целата година, но со помал интензитет во текот на летото, а просечните вредности им осцилираат меѓу 600 и 800 мм годишно. Оваа клима се јавува само во јужната полутопка и нејзиното име потекнува од најкарактеристичното место во Аргентина - Пампас, иако ја има и во некои делови на Австралија и на југот на Африка. Растителноста е треви, а дрвјата се ретки.

Океанска клима[уреди | уреди извор]

Основна одлика на оваа клима е големото влијание што го имаат западните ветрови врз областите кај кои се јавува.

Наводи[уреди | уреди извор]