Овес

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Овес
Avena sativa L.jpg
Овесни растенија со соцветија
Научна класификација
Царство: Plantae
Нерангирано: Magnoliophyta
Нерангирано: Liliopsida
Ред: Poales
Семејство: Poaceae
Род: Avena
Вид: Овес
Биномен назив
Avena sativa
Карл Лине (1753)

Овесот (науч. Avena sativa) е вид на житно растение, кое припаѓа на родот овес (Avena), од фамилијата треви (Poaceae). Се користи за исхрана на луѓето и на домашните животни (каде се нарекува зоб). Овесните посеви во светот зафаќаат околу 14 милиони хектари.

Стеблото е членковидно и поотпорно на свиткување од другите житни растенија. Просечна висина на овесот е околу 80-120 сантиметри. Листот е долг, влакнест, со форма на ланцета, со паралелна нерватура и без израстоци (auricula). Цветовите се сместени во метловидни класови, а цвета во јули и август. Овесот е типично самооплодувачко растение, плодот е крупа, срасната со плевицата. Постои зимска и пролетна сорта на овес.

Во овесот се присутни авенини, (протеини слични на глијадинот во пченицата) кои можат да предизвикаат целијакија кај мал дел од популацијата.[1][2] Овесните продукти често можат да бидат контаминирани со други житарици кои содржат глутен, воглавно со пченица и јачмен.[2][3][4]

Овесот е храна богата со хранливи материи (нутриенси), која при редовно консумирање делува на снижување на нивото на крвниот холестерол.[5]

Потекло[уреди | уреди извор]

Дивиот предок на видот Avena sativa е дивиот овес, Avena sterilis, кој е хескаплоидно растение и поблиску сроден со помалку застапениот вид Avena byzantina. Генетските податоци покажуваат дека видот Avena sterilis растел во регионот на Југозападна Азија (плодните региони на Месопотамија и Левант). Култивирањето на овесот почнало во време на бронзеното доба во Европа. Овесот, слично на `ржта, се смета за секундарен посев, односно се смета дека е изведен од плевелот на примарните житарици кои биле култивирани, пченицата и јачменот. Слично на пченицата и јачменот, овесот се проширил на запад во постудените и влажни предели, со клима која и одговарала на овесната компонента на плевелот, и во тие предели дошло до култивација.[6]

Култивација[уреди | уреди извор]

Соевите на овесот најдобро се одгледуваат во региони со умерена клима. Тие имаат поголема толеранција кон дожд од другите житни растенија, како пченицата, `ржот и јачменот, и помала потреба за летна топлина, што е причина да се сее во пределите со ладни и влажни лета, како што се северна Европа и Исланд. Овесните соеви се едногодишни растенија, можат да се сеат на есен (за жнеење во доцно лето), или на пролет (за жнеење во есен).

Производство[уреди | уреди извор]

Производство на овес во светот.

Во 2014 година, глобалното производство на овесот беше 22.7 милиони тони. Во глобалното производство на прво место била Русија со 5.3 милиони тони, или 23% од светското производство. Други големи произведувачи се: Канада, Полска и Австралија.[7]

Употреба[уреди | уреди извор]

Овесот има разновидна примена како храна; најчесто се користи како пресиран овес, како гриз или брашно. Овесниот гриз се консумира најчесто како каша, но може да се користи и во разни печени намирници, како што се овесни колачи, кексови или овесен леб. Овесот е често состојка на многу додатоци на храна за појадок познати како мусли и граноли.

Овесниот леб за првпат е произведен во Британија, каде е основана и првата фабрика за овесен леб во 1899 година. Во Шкотска, овесниот леб до денес е високо ценет и е една од основните намирници во националната исхрана. Освен за леб, овесот бил користен како додаток за згуснување на супи, а во други земји, наместо овес, за истата цел бил користен јачменот или оризот.

Овесот се употребува како сточна храна за коњи, тогаш кога на коњите им се потребни дополнителни јаглехидрати како извор на енергија. Зрното обично се крши со мелење, за да коњите можат подобро да го сварат, иако можат да се користат и цели зрна. За оваа цел може да се користи сам или како дел од смеса. Тој се користи и за исхрана на говедата, во облик на цело зрно или грубо мелен. Овесната сточна храна често се користи во исхраната на сите преживари, во облик на свежа трева, слама, сено или силажа.[8]

Зимскиот овес може да се искористи како вонсезонски покривач на земјата, а во пролет да се изора како зелено ѓубриво, или може да се жнее во тек на раните летни месеци. Исто така, може да се искористи и како пасиште, при што за пасење на домашните животни се користи одредено време, а потоа се остава за да созреат зрната за жнеење, но може непрекинато да се користи за пасење, додека не пораснат другите пасишта.[9]

Овесната слама е погодна за прекривање на подот на шталите, бидејќи е мека, со апсорптивни способности и е релативно чиста од прашина. Сламата може да се користи и за паравење на сламени плашила по нивите. Врзана во платнени вреќички, овесната слама се користела за омекнување на водата за капење, посебно препорачлива за децата и возрасните со атописки проблеми на кожата.

Овесот повремено се користи и за производство на неколку различни пијалоци. Во Британија понекогаш се користи за варење на пиво. Во подготовката на сладот за пиво, делумно се додава и овесна каша. Друг ладен, сладок пијалок е авена, кој се подготвува од овесни снегулки и млеко, а е доста популарен освежителен пијалок ширум Јужна Америка. Овесниот кодл (анг. caudle), бил традиционален британски пијалок направен од пиво и овесни снегулки со зачини, а бил омилен пијалок на Оливер Кромвел.[10]

Овесните екстракти се користат во лечење на одредени кожни заболувања, а се популарни во козметиката поради нивните својства на влажнење и омекнување на кожата.[11][12]

Овесната трева традиционално била користена за медицински цели, на пример, како помошно средство во регулирањето на менструалниот циклус, при третирање на дисменореи, за остеопороза и инфекција на уринарните патишта.[13]

Во Кина, овесното брашно (avena nuda), наречено "јоумјен" се користи за подготовка на нудли или тенки ролни кои се консумираат како примарна храна.[14]  

Производи од овес[уреди | уреди извор]

Јоумјан (莜面),варени овесни нудли и ролни.

Производите од овес се посебно барани поради нивната хранлива вредност, која е далеку повисока од другите житарици. Овесот има висока содржина на липиди, есенцијални масни киселини, и поволен аминокиселински состав на протеините.

Стандардни производи на млинското преработување на овесот се овесните снегулки и овесното брашно, кои може да се во природен или во инстантиран (преработен) облик. На пазарот, најчесто, се продава во преработен облик и служи за брза подготовка на каша. Овесните снегулки се добиваат со сплеснување на цело излупено зрно или на овесна дробеница. Освен за подготовка на каша (овесот е основна состојка на муслите), овесните снегулки се користат и како дополнителна суровина во производство на посебни видови на леб, пецива и други пекарски производи.

Овесот е важна суровина во индустриското производство на сточна храна. Во одгледувањето на коњите овесното зрно е незаменлива висококвалитетна храна. Овесната слама има примена во сточната исхрана како баласна храна. Лебот од овесното брашно се нарекува "зобеница крув", и е од значење во пределите кои не се погодни за одгледување на пченицата, како, на пример, во Лика (Хрватска).

Здравје[уреди | уреди извор]

Хранливи состојки[уреди | уреди извор]

Овес
Хранлива вредност по 100 г
Енергија 1,628 kJ (389 kcal)
66,3 г
Влакна 11,6 г
6.9 г
16,9 г
Витамини
Тиамин 1)
(66 %)
0.763 мг
Рибофлавин 2)
(12 %)
0,139 мг
Ниацин 3)
(6 %)
0,961 мг
Пантот. кис. 5)
(27 %)
1,349 мг
Витамин Б6
(9 %)
0,12 мг
Фолна кис. 9)
(14 %)
56 μг
Минерали
Калциум
(5 %)
54 мг
Железо
(38 %)
5 мг
Магнезиум
(50 %)
177 мг
Манган
(233 %)
4,9 мг
Фосфор
(75 %)
523 мг
Калиум
(9 %)
429 мг
Натриум
(0 %)
2 мг
Цинк
(42 %)
4 мг
Други составници
β-гликан (растворливи влакна) 4 г

Постотоците се според препораките за возрасни во САД.

Овесот се смета за здрава храна поради високата содржина на неколку есенцијални хранливи материи (нутриенси). Сто грама овес содржат 389 калории и е одличен извор на протеини (34% од Дневна вредност ДВ), диететски влакна (44% ДВ), неколку вида на витамин Б, бројни диететски минерали, посебно манган (233% ДВ). Овесот се состои од 66% јаглехидрати, вклучувајќи 11% диететски влакна, 4% бета-гликан, 7% масти и 17% протеини. Овесот има својство да го снижува холестеролот, што довело до негова широка употреба како здрава храна.[15][16]

Растворливи влакна[уреди | уреди извор]

Овесните лушпи се наречени овесни трици. Нивната дневна употреба во исхраната во тек на повеќе недели го снижува лошиот холестерол (ЛДЛ) и тоталниот холестерол, а можно е да го намалува и ризикот од срцеви заболувања.[16] Докажано е дека еден тип на растворливи влакна (бета-гликани) го снижуваат холестеролот.[5]

После објавување на неколку студии за потенцијалниот бенефит на овесот, американската управа за храна и лекови (анг. Food and Drug Administration - FDA) ја објавила финалната одлука со која им се дозволува на прехрамбените компании да ставаат етикета со здравствена препорака на храна која содржи растворливи влакна од овес (овесни трици, овесно брашно и мелен овес), со препорака дека три грама на растворливи влакна дневно може да го редуцираат ризикот од болести на срцето.[17] За да се квалификува со здравствена препорака, храната која содржи овес мора да содржи минимум 0.75 грама на растворливи влакна во 100 грама.[17] Бета-D-гликаните, кои обично се нарекуваат бета-гликани, се класа на несварливи полисахариди, кои ги има во природата во различни извори, како што се житариците, јачменот, квасецот, бактериите, алгите и печурките. Во овесот, јачменот и другите житарици, тие најмногу се лоцирани во клеточните ѕидови на ендоспермот.

Овесниот бета-гликан е вискозен полисахарид, кој се состои од мономерни единици на моносахаридот D-гликоза. Овој бета-гликан е составен од полисахариди со мешани врски. Тоа значи дека врските помеѓу D-глукозните (D-глукопиранозил) единици се со бета-1,3 или со бета-1,4 врски. Овој тип на бета-гликан, исто така, се нарекува бета-D-гликан со мешана (1 → 3), (1 → 4) врска. Врските (1 → 3)  ја разбиваат униформната структура на бета-D-гликанската молекула и со тоа ја прават растворлива и флексибилна. За споредба, несварливиот полисахарид целулоза е, исто така, бета-гликан, но не е растворлив поради неговите (1 → 4)-бета-D-врски. Процентот на бета-гликан во разните цели производи од овес се: овесни трици, кои имаат 5.5%-23.0%; валан овес, со околу 4%; и целото овесно брашно, со околу 4%.

Масти[уреди | уреди извор]

Овесот, после пченката, има најголема содржина на масти од сите житни растенија; на пример, некои пченкарни култури имаат 17% липиди, овесот има повеќе од 10% липиди, а пченицата и повеќето други житарици имаат 2-3% липиди. Овесот содржи многу поларни липиди (8-17% гликолипиди и 10-20% фосфолипиди, вкупно околу 33%), при што овие липиди ги има повеќе отколку во другите житарици. Најголем дел од липидната фракција се наоѓа во ендоспермот на овесното зрно.

Семиња на овес (Avena sativa).

Протеини[уреди | уреди извор]

Овесот е единствената житна култура која содржи глобулин или протеин кој е сличен на истиот кај мешункастите растенија. Главниот резервен протеин се нарекува авеналин и е присутен со околу 80% содржина.[18] Глобулините се карактеризираат по својата растворливост во разблажени солени раствори, за разлика од другите типични житни протеини, како што се глутенот и зеинот, кои спаѓаат во проламини. Помалку застапен во вкупниот протеински состав е авенинот, кој е овесен проламински протеин.

Овесните протеини по својот квалитет се еквивалентни со соините протеини, за кои истражувањата на СЗО покажале дека се еднакви со протеините на местото, млекото и јајцата.[19] Протеинската содржина на овесот без лушпа се движи од 12-24%, и е највисока од сите житни растенија.

Целијачна болест[уреди | уреди извор]

Целијачната болест е нетолеранција кон глутенски протеини кај луѓето со генетска предиспозиција, а во развиените земји има преваленца од околу 1%.[20] Глутенот е протеин присутен во пченицата, јачменот, `ржта, овесот и во сите нивни соеви и хибриди.[20] Тој се состои од стотина протеини со висока содржина на проламин.[21]

Овесните проламини, наречени авенини, се слични со глијадините, присутни во пченицата, хордеините, во јачменот, и секалините во `ржта, а сите заедно се нарекуваат глутени. Авенинската токсичност кај лицата со целијакија зависи од сојот на овесот кој се консумиира, поради разликите во проламинските гени, протеинските аминокиселински секвенци и имунореактивноста на токсичните проламини, која е варијабилна кај разни овесни вариетети.[22] Овесните продукти се често контаминирани со други житарици кои содржат глутен, што се случува при жнеењето, транспортот или преработката.[23] Чистиот овес содржи помалку од 20 делови на милион глутен во споредба со пченицата, јачменот, ржта или било кој нивен хибрид.

Употребата на чист овес во исхраната без глутен дава подобрена нутрициона вредност поради богатата содржина на овесните протеини, витамини, минерали, влакна и липиди,[24] но и понатака неговата употреба е контраверзна поради реакција на мал дел од пациентите со целијакија на чист овес.[25] Некои сорти на чист овес можат да бидат храна без глутен, безбедна за лицата со целијакија, ако е позната сортата на овесот користена во прехрамбениот производ.[3] Потврда за безбедноста за консумација на овесот е од големо значење бидејќи лицата со неадекватно контролирана целијакија можат да развијат сериозни здравствени компликации вклучувајќи и рак.[26]

Употребата на чисто овесни продукти е опција која само со одобрение на лекар можат да ја користат лицата со целијакија, откако биле на исхрана без глутен барем шест месеци и откако сите симптоми на целијакија се повлекле.[27] Целијакијата може да се поврати во некои случаи при консумација на чист овес.[28] Тестирањето за присуство на серумски антитела за оваа болест не е доволно сензитивно за да се детектираат лица кои реагираат на чист овес, а отсуството на дигестивните симптоми не е прецизен индикатор за оздравување, бидејќи околу 50% на лицата со активна целијакија немаат дигестивни симптоми.[29][30] Доживотното следење на лицата со целијакија кои избрале да консумираат овес значи дека е потребно периодично правење на интестинални биопсии.[26] Долгорочните ефекти на консумацијата на чистиот овес, кај ова заболување, сѐ уште не се доволни јасни.[27]

Лековито дејство[уреди | уреди извор]

Овесот е значајна компонента во диеталната исхрана на болните. Содржи голем број на важни витамини и минерали. Се користи за лечење на слабокрвност, разни воспалителни промени на дигестивниот систем, а делува и на регенерација на целиот организам.

Купки подготвени од овесна слама помагаат при одредени кожни заболувања, болести на црниот дроб, бубрезите, камчиња во бубрези, гихт, при ревматски потешкотии и вкочанетост.

Овесот делува благопријатно на нервниот систем. Се препорачува на лицата кои страдаат од несоница, психички замор, анксиозност и депресија. Фармацевтската индустрија произведува алкохолни тинктури на овес, кои се користат како средство за смирување (седатив).

Чајот од неизлупени овесни зрна се препорачува кај лицата заболени од рак на дебелото црево. Чајот е делотворен и кај лицата со висок холестерол и висок крвен притисок.

Овесните снегулки се со поволно делување кај лицата кои имаат проблеми со регулација на телесната тежина, дигестивни проблеми, како и кај болните од дијабетес, бидејќи овесот има низок гликемиски индекс, а е богат со витамини и минерали потребни во правилната исхрана.  

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Biesiekierski, Jessica R. (март 2017 г). What is gluten?. „Journal of Gastroenterology and Hepatology“ том  32 Suppl 1: 78–81. doi:10.1111/jgh.13703. ISSN 1440-1746. PMID 28244676. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/28244676. 
  2. 2,0 2,1 La Vieille, Sébastien; Pulido, Olga M.; Abbott, Michael; Koerner, Terence B.; Godefroy, Samuel (2016 г). Celiac Disease and Gluten-Free Oats: A Canadian Position Based on a Literature Review. „Canadian Journal of Gastroenterology & Hepatology“ том  2016: 1870305. doi:10.1155/2016/1870305. ISSN 2291-2797. PMID 27446825. PMC: PMC4904695. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/27446825. 
  3. 3,0 3,1 Comino, Isabel; Moreno, María de Lourdes; Sousa, Carolina (7 ноември 2015 г). Role of oats in celiac disease. „World Journal of Gastroenterology“ том  21 (41): 11825–11831. doi:10.3748/wjg.v21.i41.11825. ISSN 2219-2840. PMID 26557006. PMC: PMC4631980. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/26557006. 
  4. Fric, Premysl; Gabrovska, Dana; Nevoral, Jiri (февруари 2011 г). Celiac disease, gluten-free diet, and oats. „Nutrition Reviews“ том  69 (2): 107–115. doi:10.1111/j.1753-4887.2010.00368.x. ISSN 1753-4887. PMID 21294744. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/21294744. 
  5. 5,0 5,1 Whitehead, Anne; Beck, Eleanor J.; Tosh, Susan; Wolever, Thomas M. S. (декември 2014 г). Cholesterol-lowering effects of oat β-glucan: a meta-analysis of randomized controlled trials. „The American Journal of Clinical Nutrition“ том  100 (6): 1413–1421. doi:10.3945/ajcn.114.086108. ISSN 1938-3207. PMID 25411276. PMC: PMC5394769. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/25411276. 
  6. Zhou, X.; Jellen, E. N.; Murphy, J. P. (8 јули 1999 г). Progenitor Germplasm of Domisticated Hexaploid Oat (на en). „Crop Science“ том  39 (4): 1208–1214. doi:10.2135/cropsci1999.0011183X003900040042x. ISSN 0011-183X. https://dl.sciencesocieties.org/publications/cs/abstracts/39/4/CS0390041208. 
  7. „FAOSTAT“. www.fao.org. http://www.fao.org/faostat/en/#data/QC. посет. 27 февруари 2018 г. 
  8. „Oat forage | Feedipedia“ (на en). www.feedipedia.org. https://www.feedipedia.org/node/500. посет. 27 февруари 2018 г. 
  9. Grazing of Oat Pastures - eXtension“. (на en)
  10. „Food in Early Modern Europe“ (на en-US). https://www.abc-clio.com/ABC-CLIOGreenwood/product.aspx?pc=B3630C. посет. 27 февруари 2018 г. 
  11. „Oats | Feedipedia“ (на en). www.feedipedia.org. https://www.feedipedia.org/node/231. посет. 27 февруари 2018 г. 
  12. History, Innovations and Uses of Oats in Cosmetics“, „Oat Cosmetics“, 25 јануари 2011. (на en-US)
  13. Duke, James A. (2002-06-27) (на en). Handbook of Medicinal Herbs, Second Edition. CRC Press. ISBN 9781420040463. https://books.google.mk/books?id=8AJkBmPDRUUC&redir_esc=y. 
  14. I Love You – what Chinese do with oat“, „Peverelli on Chinese food and culture“, 20 април 2017. (на en-US)
  15. Top foods to help lower your cholesterol“, „Mayo Clinic“. (на en)
  16. 16,0 16,1 LDL Cholesterol and Oatmeal“, „WebMD“. (на en-US)
  17. 17,0 17,1 „CFR - Code of Federal Regulations Title 21“. www.accessdata.fda.gov. https://www.accessdata.fda.gov/scripts/cdrh/cfdocs/cfcfr/cfrsearch.cfm?fr=101.81. посет. 27 февруари 2018 г. 
  18. Shewry, P. R.; Napier, J. A.; Tatham, A. S. (1 јули 1995 г). Seed storage proteins: structures and biosynthesis. (на en). „The Plant Cell“ том  7 (7): 945–956. doi:10.1105/tpc.7.7.945. ISSN 1040-4651. PMID 7640527. http://www.plantcell.org/content/7/7/945. 
  19. „National Soybean Research Laboratory“. 4 март 2012. https://web.archive.org/web/20120304080126/http://www.nsrl.uiuc.edu/soy_benefits.html. посет. 27 февруари 2018 г. 
  20. 20,0 20,1 Tovoli, Francesco; Masi, Chiara; Guidetti, Elena; Negrini, Giulia; Paterini, Paola; Bolondi, Luigi (16 март 2015 г). Clinical and diagnostic aspects of gluten related disorders. „World Journal of Clinical Cases“ том  3 (3): 275–284. doi:10.12998/wjcc.v3.i3.275. ISSN 2307-8960. PMID 25789300. PMC: PMC4360499. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/25789300. 
  21. Lamacchia, Carmela; Camarca, Alessandra; Picascia, Stefania; Di Luccia, Aldo; Gianfrani, Carmen (29 јануари 2014 г). Cereal-based gluten-free food: how to reconcile nutritional and technological properties of wheat proteins with safety for celiac disease patients. „Nutrients“ том  6 (2): 575–590. doi:10.3390/nu6020575. ISSN 2072-6643. PMID 24481131. PMC: PMC3942718. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/24481131. 
  22. Penagini, Francesca; Dilillo, Dario; Meneghin, Fabio; Mameli, Chiara; Fabiano, Valentina; Zuccotti, Gian Vincenzo (18 ноември 2013 г). Gluten-free diet in children: an approach to a nutritionally adequate and balanced diet. „Nutrients“ том  5 (11): 4553–4565. doi:10.3390/nu5114553. ISSN 2072-6643. PMID 24253052. PMC: PMC3847748. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/24253052. 
  23. de Souza, M. Cristina P.; Deschênes, Marie-Eve; Laurencelle, Suzanne; Godet, Patrick; Roy, Claude C.; Djilali-Saiah, Idriss (2016 г). Pure Oats as Part of the Canadian Gluten-Free Diet in Celiac Disease: The Need to Revisit the Issue. „Canadian Journal of Gastroenterology & Hepatology“ том  2016: 1576360. doi:10.1155/2016/1576360. ISSN 2291-2797. PMID 27446824. PMC: PMC4904650. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/27446824. 
  24. Pinto-Sánchez, María Inés; Causada-Calo, Natalia; Bercik, Premysl; Ford, Alexander C.; Murray, Joseph A.; Armstrong, David; Semrad, Carol; Kupfer, Sonia S.; и др. (август 2017 г). Safety of Adding Oats to a Gluten-Free Diet for Patients With Celiac Disease: Systematic Review and Meta-analysis of Clinical and Observational Studies. „Gastroenterology“ том  153 (2): 395–409.e3. doi:10.1053/j.gastro.2017.04.009. ISSN 1528-0012. PMID 28431885. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/28431885. 
  25. Ciacci, Carolina; Ciclitira, Paul; Hadjivassiliou, Marios; Kaukinen, Katri; Ludvigsson, Jonas F.; McGough, Norma; Sanders, David S.; Woodward, Jeremy; и др. (април 2015 г). The gluten-free diet and its current application in coeliac disease and dermatitis herpetiformis. „United European Gastroenterology Journal“ том  3 (2): 121–135. doi:10.1177/2050640614559263. ISSN 2050-6406. PMID 25922672. PMC: PMC4406897. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/25922672. 
  26. 26,0 26,1 Haboubi, N. Y.; Taylor, S.; Jones, S. (октомври 2006 г). Coeliac disease and oats: a systematic review. „Postgraduate Medical Journal“ том  82 (972): 672–678. doi:10.1136/pgmj.2006.045443. ISSN 1469-0756. PMID 17068278. PMC: PMC2653911. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/17068278. 
  27. 27,0 27,1 Pulido, Olga M.; Gillespie, Zoe; Zarkadas, Marion; Dubois, Sheila; Vavasour, Elizabeth; Rashid, Mohsin; Switzer, Connie; Godefroy, Samuel Benrejeb (2009 г). Introduction of oats in the diet of individuals with celiac disease: a systematic review. „Advances in Food and Nutrition Research“ том  57: 235–285. doi:10.1016/S1043-4526(09)57006-4. ISSN 1043-4526. PMID 19595389. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/19595389. 
  28. Rashid, Mohsin; Butzner, Decker; Burrows, Vernon; Zarkadas, Marion; Case, Shelley; Molloy, Mavis; Warren, Ralph; Pulido, Olga; и др. (октомври 2007 г). Consumption of pure oats by individuals with celiac disease: a position statement by the Canadian Celiac Association. „Canadian Journal of Gastroenterology = Journal Canadien De Gastroenterologie“ том  21 (10): 649–651. ISSN 0835-7900. PMID 17948135. PMC: PMC2658132. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/17948135. 
  29. Moreno, María de Lourdes; Rodríguez-Herrera, Alfonso; Sousa, Carolina; Comino, Isabel (6 јануари 2017 г). Biomarkers to Monitor Gluten-Free Diet Compliance in Celiac Patients. „Nutrients“ том  9 (1). doi:10.3390/nu9010046. ISSN 2072-6643. PMID 28067823. PMC: PMC5295090. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/28067823. 
  30. Newnham, Evan D. (март 2017 г). Coeliac disease in the 21st century: paradigm shifts in the modern age. „Journal of Gastroenterology and Hepatology“ том  32 Suppl 1: 82–85. doi:10.1111/jgh.13704. ISSN 1440-1746. PMID 28244672. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pubmed/28244672.