Елда

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Елда
Japanese Buckwheat Flower.JPG
Научна класификација
Царство: Растенија
Нерангирано: Скриеносеменици
Ред: Каранфиловидни
Семејство: Троскоти
Род: Елда
Вид: Обична елда
Биномен назив
Fagopyrum esculentum
Moench
Синоними[1]
  • Fagopyrum cereale Raf.
  • Fagopyrum dryandrii Fenzl
  • Fagopyrum emarginatum (Roth) Meisn.
  • Fagopyrum emarginatum Moench
  • Fagopyrum fagopyrum (L.) H.Karst. nom. inval.
  • Fagopyrum polygonum Macloskie nom. illeg.
  • Fagopyrum sagittatum Gilib. nom. inval.
  • Fagopyrum sarracenicum Dumort.
  • Fagopyrum vulgare Hill ex Druce nom. inval.
  • Fagopyrum vulgare T.Nees
  • Polygonum emarginatum Roth
  • Polygonum fagopyrum L.
Поле со елда во Бутан

Елда или обична елда (науч. Fagopyrum esculentum) — растение кое се одгледува за зрнестото семе и како меѓупосев. Го носи и името јапонска елда[2] за да се различи од сродната татарска елда (Fagopyrum tataricum) која исто така се одгледува на Хималаите.

Растението е сродно со киселецот, троскотот и ревенот. Бидејќи семето се јаде, а не спаѓа во класично жито, елдата се смета за псевдожитарка.

Одгледувањето на елда значајно опаднало во XX век со воведувањето на азотни ѓубрива, зголемувајќи го приносот кај другите житни култури.

Историја[уреди | уреди извор]

Расцветана елда

Дивиот предок на обичната елда е F. esculentum ssp.ancestrale. F. homotropicum не може да се вкрстува со F. esculentum, но има иста распространетост во Јиннан. Дивиот предок на татарската елда е F. tataricum ssp. potanini.[3]

Обичната елда првпат е припитомена во континентална Југоисточна Азија (веројатно [4] )околу 6000 г. п.н.е., и оттука се проширила во Средна Азија и Тибет, а потоа на Блискиот Исток и во Европа. Најстарите останки од употреба на елда во Европа се најдени во Финска и датираат од околу 5300 г. п.н.е.[5], а во Македонија и на Балканот воопшто доаѓа околу 4000 г. п.н.е. кон средината на новото камено време. Во Русија пак е донесен од Византијците во VI век.

Во Кина најстарите останки од самото растение датираат од 2600 г. п.н.е., а во Јапонија се најдени остатоци од полен што одат до 4000 г. п.н.е. Од сите питоми растенија, елдата вирее на највисока надморска височина и претставува значаен посев во покраината Јиннан на границата со Тибетската Висорамнина, како и на самата висорамнина. Исто така елдата е една од првите земјоделски култури доведени во новиот свет. Се смета дека во 2006 г. е завршено нејзиното распространување ширум светот.

Ова е краткосезонски посев што успева на сиромашна и кисела почва, која сепак мора да е добро исцедена. Преголемото количество на ѓубриво (особено азот) го намалува приносот. Во топлите краишта се сее во подоцнежниот дел од сезоната, за да процвета во посвежи услови. Приносот во голема мера се зголемува со присуството на опрашувачи. Елдиниот цвет дава темен мед. Растението на некои места за употребува како зелено ѓубриво, за спречување на ерозија, како и храна за дивите животни.

Земјоделско производство[уреди | уреди извор]

Семе и овенати цветови на елдата

Растението има разгранети корени со еден главен корен што досега длабоко во влажната почва.[6] Семето е триаголно, а цветот е обично бел, но може да биде розов или жолт.[7] Се разгранува слободно и со тоа се прилагодува на околината подобро од другите житни растенија.[8] Семената лушпа има густина помала од водата, што значи дека е мошне лесна за отстранување.[9]

Елдата е најзастапена како житна култура онаму каде времето е ограничено, дали поради тоа што се огледува како втора култура во сезоната, или поради климатските ограничувања. Претставува доверлив меѓупосев во летниот период, особено онаму каде летата се пократкотрајни. Коренот го фаќа бргу и со тоа ги сузбива летните плевели.[10] Периодот на раст трае само 10-12 недели[11] и растението добро успева во северните краишта.[12] Достигнува висина од 75 до 125 см.[10]


Светско производство во 2011 г.[13][уреди | уреди извор]

Земја Посеви
(хектари)
Производство
(тони)
Русија Русија 843.200 800.380
Кина Кина 748.000 720.000
Украина Украина 285.700 281.600
САД САД 77.244 79.554
Полска Полска 75.768 92.985
Казахстан Казахстан 66.780 37.400
Јапонија Јапонија 56.400 32.000
ЈАР ЈАР 51.550 27.235
Бразил Бразил 46.000 57.000
Белорусија Белорусија 40.734 44.456
Франција Франција 31.000 91.000
Литванија Литванија 27.200 26.000
Танзанија Танзанија 9.714 8.757
Латвија Латвија 8.800 9.600
Бутан Бутан 3.018 4.183
Јужна Кореја Јужна Кореја 2.446 2.370
Словенија Словенија 1.180 1.245
Чешка Чешка 907 2.076
Унгарија Унгарија 586 683
Босна и Херцеговина Босна и Херцеговина 584 926
Словачка Словачка 569 737
Молдавија Молдавија 385 239
Естонија Естонија 300 200
Хрватска Хрватска 190 340
Грузија Грузија 92 133
Киргистан Киргистан 62 79

Во исхраната[уреди | уреди извор]

Крупна потпечена елда
Тестенини „соба“ направени од елда
Ладна корејска супа со тестенини „ненгмјон“ што се прави со елда
Традиционална бретонска галета — тенка палачинка од елда
Црн чај од елда (黑苦荞茶) од Сечуан, Кина

Плодот на елдата е семче слично на сончогледовото во тврда надворешна лушпа. Брашното се добива од белото скробно ткиво на семката. Обвивката е зелена или светлокафеава и го затемнува брашното. Лушпата е темнокафеава до црна и се јавува во брашното како темни точки.

Тестенините од елда се јадат во Тибет и северна Кина од дамнешно време, особено бидејќи пченицата не успева на тие височини. За изработка на тестенината се користат дрвени гмечила. Начинот на изработка во Кореја и Јапонија е мошне сличен, што веројатно значи дека е доведен од овие краишта.

Елдините тестенини играат важна улога во кујните на Јапонија (каде се нарекува „соба“),[14] и Кореја (каде се нарекуваат „ненгмјон“, „макгуксу“ и „мемил гуксу“) и областа Валтелина во северна Италија (каде се нарекуваат „пицокери“). Тестенините „соба“ имаат длабоко културно значење во Јапонија. Во Кореја, тестенините се правеле претежно од елда, пред да бидат заменети со пченица.

Гризот од елда е честа состојка во западна Азија и источна Европа, особено во исхраната на селаните. Се изработува со потпекување на гризот, кој потоа се вари во каша. Ваквата каша е донесена во Америка од украинските, руските и полските доселеници, кои ја мешале со тестенини, со неа полнеле сарми и од неа изработувале книшови and блини.

Во неколку земји се застапени и палачинките направени елда и квасец. Во Русија се познати како елдини „блини“, во Франција како „галети“, во Акадија, Канада како „плоа“, а во Валонија како „букети“ (наречени по растението). Ваквите палачинки биле чест прехранбен производ и во пионерските денови на САД.[15] Во Украина од елда се прават и пирошки „гречаники“. Во Пепал пак, елдиното брашно се користи во јадења како „дедо“ и „качјамба“.

Од елдниот гриз се прави качамак, каша и згуснувачи за чорби и преливи. Во Кореја, од елдиното нишесте се прави пивтијата „мемилмук“. Во северна Италија се меша со пченица, пченка или ориз за изработка на пекарски и тестенински производи.

Елдата не содржи глутен[16] и затоа е застапена во исхраната кај лицата со целијакија или алергија на глутен во облик на леб и печива.

Растението е особено погодно за добивање на мед кој е темен по боја и силен по вкус.[17]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „The Plant List: A Working List of All Plant Species“. http://www.theplantlist.org/tpl1.1/record/kew-2807310. конс. 3 октомври 2014 г. 
  2. „Таксономија GRIN на Министерството за земјоделство на САД“. http://www.ars-grin.gov/cgi-bin/npgs/html/taxon.pl?16528. конс. 16 декември 2014 г.  (англиски)
  3. Ohnishi, O., Matsuoka, Y.. Search for the wild ancestor of buckwheat II. Taxonomy of Fagopyrum (Polygonaceae) species based on morphology, isozymes and cpDNA variability. „Genes and Genetic Systems“ том  71 (6): 383–390. doi:10.1266/ggs.71.383. 
  4. Ohnishi, O. Search for the wild ancestor of buckwheat III. The wild ancestor of cultivated common buckwheat, and of tatary buckwheat. „Economic Botany“ том  52 (2): 123–133. doi:10.1007/BF02861199. 
  5. http://www.helsinki.fi/hum/ajankohtaista/2013/01/0128b.htm
  6. Stone, J. L. (1906). Buckwheat. Agricultural experiment station of the College of Agriculture Department of Agronomy (Bulletin 238 ed., pp. 184-193). Ithaca, New York, United States: Cornell University.
  7. Li, S., & Zhang, Q. H. (2001). Advances in the development of functional foods from buckwheat. Food Science and Nutrition, 41(6), 451-464.
  8. ] Stone, J. L. (1906). Buckwheat. Agricultural experiment station of the College of Agriculture Department of Agronomy (Bulletin 238 ed., pp. 184-193). Ithaca, New York, United States: Cornell University.
  9. Li, S., & Zhang, Q. H. (2001). Advances in the development of functional foods from buckwheat. Food Science and Nutrition, 41(6), 451-464.
  10. 10,0 10,1 T. Björkman, R.R. Bellinder, R.R. Hahn and J Shail (2008). Buckwheat cover crop handbook. Cornell University. http://www.hort.cornell.edu/bjorkman/lab/buck/handbook/main.php. 
  11. Agriculture Canada. (1978). Growing buckwheat. Ottawa Canada: Canadian Department of Agriculture.
  12. Quisenberry, K. S., & Taylor, J. W. (1939). Growing buckwheat. Farmers' bulletin (No.1835 ed., pp. 1-17) U.S. Department of Agriculture.
  13. Проценка на произведената елда во светот за 2011 г. направена од Организацијата за исхрана и земјоделство на ООН (ФАО)
  14. P. S. Belton; John Reginald Nuttall Taylor (2002). Pseudocereals and Less Common Cereals : grain properties and utilization potential. Springer. стр. 138. ISBN 3-540-42939-5. http://books.google.com/?id=NRMdXx8fC8kC&pg=PA138&dq=soba+Japan#v=onepage&q=soba%20Japan. 
  15. Sandra Louise Oliver (1 January 2005). Food in Colonial and Federal America. Greenwood Publishing Group. стр. 164. ISBN 978-0-313-32988-3. http://books.google.com/books?id=fvMr83ZmMCIC&pg=PA164. 
  16. „Gluten Free Diet“. Celiac Disease Center. University of Chicago. http://www.celiacdisease.net/gluten-free-diet. конс. 31 март 2009 г. 
  17. Sundblad, Donna. „Buckwheat Honey“. Vegetarian.lovetoknow.com. http://vegetarian.lovetoknow.com/Buckwheat_Honey. конс. 24 ноември 2013 г. 

Надворешни врски[уреди | уреди извор]