Живојно

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Ова е статија за битолското село. За егејското видете Живојна, додека за рудникот Живојно (рудник)
Живојно
Куќи во Живојно.jpg

Куќи во селото

Живојно is located in Македонија
Живојно
Местоположба на Живојно во Македонија
Координати 40°54′0″N 21°36′0″E / 40.90000° СГШ; 21.60000° ИГД / 40.90000; 21.60000Координати: 40°54′0″N 21°36′0″E / 40.90000° СГШ; 21.60000° ИГД / 40.90000; 21.60000
Регион Logo of Pelagonia Region.svg Пелагониски
Општина Coat of arms of Novaci Municipality.svg Новаци
Население 214[1] жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 7225
Повик. бр. 047
Шифра на КО 02052
Надм. вис. 710 м
Слава Спасовден
Илинден
Живојно на општинската карта
Живојно во Општина Новаци.svg

Атарот на Живојно во рамките на општината
Commons-logo.svg Живојно на Ризницата


Живојно — село во Општина Новаци, во околината на градот Битола.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото се поврзува со личното име Живан или Живуш, за кој се смета на тоа место било населено неговото семејство.[2][3]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Куќи во селото

Селото се наоѓа во југоисточниот дел на Битолското Поле, на самата државна граница со Грција, во најјужниот дел на територијата на Општина Новаци. Од неговата десна страна тече реката Црна, а со локален асфалтен пат е поврзано со регионалниот пат 2338, кој води за битолско Мариово.[4] Селото е ридско, на надморска височина од 710 метри. Од градот Битола е оддалечено 38 километри,[4] додека од општинското седиште Новаци е оддалечено 22 километри.[2]

На запад од Живојно се наоѓа ридско земјиште составено од езерски наноси, додека на исток се наоѓаат падините на планината Ниџе, на кои се наоѓаат цврсти карпи. Во атарот на селото нема извори за вода, а во самото село постоел само еден бунар во минатото, поради што мештаните имале проблем со водата за пиење.[3]

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Велиово, Здравецо, Ризманка или Ризманова Осојница, Басаров Рас, Пасков Рас, Глусов Гроб, Длабоки Дол, Починувало, Грабанска Тумба, Бранкоец, Могилечка Тумба, Калабаново, Пашов Рид, Србиноа Страга, Велков Кладенец, Дабица, Мали Трла, Голаш, Барите, Забрдо, Влако, Градиште, Путимел, Кочково Лозје, Бачки Пат, Стари Лозја, Кула и Бел Камен.[3]

Селото има збиен тип, поделено на Горно и Долно Маало. Роднинските куќи се поблизу една со друга и се повеќе групирани. Таквите делови носат и имиња на родовите, како што се Колчакови, Кулевци, Мановци и други.[3]

Селото од 1934 до 1952 година имало електрична енергија, која ја добивало од термоцентралата, која работела во негова близина. Живојно повторно е електрифицирано во 1961 година, а водоводот е изграден во 1980 година.

Во 2021 година, селото било погодено од мало торнадо, необично за овие краишта.[5]

Историја[уреди | уреди извор]

Разрушени куќи за време на Првата светска војна

Источно од селото, на оддалеченост од околу еден километар, се наоѓа возвишението Забрдо, на кое се наоѓала населбата Градиште. На Градиште постоел живот од раноантичко време до средниот век, а денес се забележуваат слаби остатоци на ѕидини.[3] Во месноста Бел Камен била пронајдена халштатска гробница,[3] која била откриена случајно во 1956 година од мештанин.[6]

Живојно се смета за старо село, а неговото население е претежно староседелско.[3]

Кон крајот на XVIII век, во селото се населиле Турци. Нивниот број достигнал до 50 куќи до 1912 година. Турците претежно живееле во долниот дел на селото, додека Македонците останале во горниот дел на селото. Турците започнале да се иселуваат по Балканските војни и по Првата светска војна. Најголемиот дел од турското население се иселил до 1925 година. Земјата и куќите на иселените Турци ги купиле Македонци. Последните четири турски семејства се преселиле во соседното Гермијан по Втората светска војна.[3]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Поглед кон македонско-грчката граница

Атарот е голем и зафаќа простор од 29,8 км2. На него преовладуваат пасиштата на површина од 1.500,1 хектар, на обработливото земјиште отпаѓа 1.218,7 хектари, додека шуми речиси и да нема.[4] Во минатото, во атарот на селото вклучил и дел од атарот на соседното село Крушоради (денес во Грција).[3]

Селото, во основа, има полјоделско-сточарска функција.[4]

Во близина на селото има рудник за јаглен „Живојно“. Јагленот се копал од рудникот и со воз на тесен колосек се превезувал до Кременица, а потоа до Битола. Во 1934 година во Живојно работела термоцентрала за осветлување на селото и рударската населба „Пелагонија“. Централата работела сè додека работел и рудникот до 1952 година.[7]

Во 2013 година била изработена анализа за исплатливост на наоѓалиштето „Живојно“, кое се наоѓа во рамки на некогашниот рудник за јаглен, од страна на Електрани на Македонија, со која се покажало дека постојат оправдани можност за искористување на ова наоѓалиште за продолжување на животниот век на РЕК „Битола“. Бил најавен главен рударски проект за наоѓалиштето.[8]

Населението се занимава со земјоделство и сточарство. Ги одгледуваат скоро сите житни култури. Некои семејства одгледуваат тутун, а некои овци и крави. Во периодот додека работел рудникот за јаглен голем број на жители биле вработени во рудникот.

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948894—    
1953942+5.4%
1961864−8.3%
1971685−20.7%
ГодинаНас.±%
1981577−15.8%
1991305−47.1%
1994288−5.6%
2002214−25.7%

Според турските пописни дефтери од 1468 година[9] во Живојно живееле 86 христијански семејства. Во селото имало свештено лице поп Веле.

Во 1897 година биле регистрирани 130 семејства од кои според верската припадност 445 жители биле христијани, а 300 биле муслимани.

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Живојно живееле 500 жители, од кои 300 Македонци и 200 Турци.[10] Според егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Живојно имало 448 Македонци под врховенството на Бугарската егзархија.[11]

Од ова село емигрирал значителен број од населението. Така, во 1961 година селото броело 864 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 288 жители, македонско население.[4]

Според последниот попис од 2002 година, во селото Живојно живееле 214 жители, сите Македонци.[1]

Според неслужбени податоци, во 2018 година во селото имало помалку од 150 жители.[2]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900[12] 1905[13] 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002
Население 500 448 894 942 864 685 577 305 288 214
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Моштенци[уреди | уреди извор]

Crystal Clear app xmag.svg Главна статија: „Моштенци.
Моштенската носија е руба на селото

Во Живојно живеат Моштенци, кои се подгрупа на македонскиот народ, распослани во селата околу Бач. На просторот на денешна Македонија, покрај Живојно, влегуваат селата Бач, Гермијан и Сович, а другите триесетина села во кои живеат Моштенци, денес се наоѓаат во Грција. Моштенците имаат свои посебни украси и носија која битно се разликува од носијата на соседните мариовски села.[2]

Во втората половина на XIX век, еден дел од семејствата од Живојно емигрирале во село Бач.[15] Жителите на Живојно воспоставиле родовски врски со соседните моштенски села, а поголемиот дел од нив сега се наоѓаат во Леринскиот округ во Грција.

Родови[уреди | уреди извор]

Живојно е македонско село.[3]

Според истражувањата на Јован Трифуноски во 1953 година родови во селото се:

  • Староседелски: Пирјановци (7 к.), Кулевци (6 к.), Горчевци (5 к.), Матини (5 к.), Шатревци (4 к.), Чоковци (4 к.), Гирковци (4 к.), Золевци (3 к.), Јанчевци (3 к.), Начовци (3 к.), Алдевци (2 к.), Јанкучевци (2 к.), Пелевци (2 к.), Ќозимо (2 к.), Бунгурче (1 к.) и Колчаковци (9 к.).
  • Доселеници: Мешковци (4 к.), доселени се од сега раселеното село Грбаново, близу Бач. Го знаат следното родословие: Петре (жив на 54 г. во 1953 година) Ристе-Танас-Иљо, основачот на родот; Мановци (15 к.), исто потекло како и претходниот род; Ѓилевци (5 к.), доселени се после Првата светска војна од соседното село Совиќ. Таму имаат истоимени роднини, подалечно потекло од селото Груништа во Мариово; Акабеовци (2 к.), потекнуваат од домазет, кој дошол од селото Овчарани кај Лерин; Тацевци (4 к.), доселени се од селото Чаниште во Мариово; Шајтан (1 к.), доселени се од селото Бач; Бануш (1 к.), доселени се од селото Добровени; Бучковци (2 к.) и Мрчковци (2 к.), доселени се од соседното село Совиќ. И таму се доселиле однекаде; Мориовци (2 к.), доселени се после 1912 година од селото Скочивир во Мариово; Дурле (1 к.), доселени се после 1918 година од селото Сетина кај Лерин и Алексови (1 к.), доселени се од селото Совиќ.
  • Влашки род: Власи (1 к.), доселени се од Маловишта.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Познати се следниве иселеници од македонското население: еден огранок на Колчаковци (4 к.) преминал во соседното Бач; Золевци (1 к.), од 1929 година живеат во Породин, таму се наречени Живоинци; Кочовци (5 к.), се преселиле во Бач; Митровци (2 к.), во 1927 година се иселиле во Гермијан. Од турското население се знае за следниве иселеници: Фазлиевци (2 к.), Рамушлар (3 к.), Ќемалови (2 к.) и Абазови (2 к.), преминале во Гермијан.[3]

Бројот на иселени лица од селото се движи над 500. Најголем дел од нив е иселено во градовите Битола и Скопје, како и во прекуокеанските земји и во Европа.[2]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Првото училиште на македонски јазик во селото Живојно било отворено во декември 1944 година, кое постои и денес.[2]

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Објект во селото

Во XIX век, Живојно било село во Леринската каза на Отоманското Царство.

Селото влегува во рамките на Општина Новаци, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната истоимена општина.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Битола.

Во периодот од 1955 до 1965 година, селото влегувало во рамките на тогашната општина Бистрица.

Во периодот 1952-1955, селото било дел на тогашната Општина Бач, во која покрај селото Живојно, се наоѓале и селата Бач, Брод, Велесело, Гермијан, Гнилеш, Добровени, Полог, Скочивир, Сливница и Совиќ. Општината Бач постоела и во периодот 1950-1952, кога во нејзе се наоѓале селата Бач, Гермијан, Живојно и Совиќ.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 0170 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште. Во ова избирачко место е опфатено и селото Совиќ.[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 209 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 216 гласачи.[18]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Главната селска црква „Вознесение Христово“
Манастирската црква „Св. Илија“
Археолошки наоѓалишта[6]
  • Бел Камен — некропола од железно време;
  • Влаку — населба од неолитско време;
  • Градиште — населба од раноантичко, доцноантичко време и среден век;
  • Дабица — населба од неолитско време;
  • Кералот — некропола од римско време;
  • Св. Илија — осамен наод од римско време; и
  • Саат Тумба — некропола од римско време.
Цркви[19]
Манастири
Џамии[3]

На сретсело постои остатоци од минаре, кое било дел од некогашната џамија, која била подигната од страна на турското население.

Реки[20]
  • Здравица — мала река, која минува низ селото

Редовни настани[уреди | уреди извор]

Слави[2]

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во или по потекло од Живојно

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. 1,0 1,1 „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 21 ноември 2021.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 „Мој Роден Крај“. www.mojrodenkraj.com.mk. Посетено на 2021-11-21.
  3. 3,00 3,01 3,02 3,03 3,04 3,05 3,06 3,07 3,08 3,09 3,10 3,11 Трифуноски; Јован Ф. (1998). Bitoljsko-Prilepska kotlina: antropogeografska proučavanja. Белград: Српска академија на науките и уметностите. ISBN 8670252678. OCLC 41961345.
  4. 4,0 4,1 4,2 4,3 4,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија (PDF). Скопје: Патрија. стр. 125. Посетено на 21 ноември 2021.
  5. Skopje24 (2021-07-19). „Најново видео од вчерашното торнадо во село Живојно, Битолско -Торнадото носи се пред себе“. Посетено на 2021-11-21.
  6. 6,0 6,1 Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 32. ISBN 9989-649-28-6.
  7. Никола Димитров и Трајко Огненовски „Битолски регион“, Битола, 2009
  8. „Живојно – АД. ЕСМ“. Посетено на 2021-11-21.
  9. Турски документи за историјата на Македонскиот народ, Опширни пописни дефтери од XV век том 2. 1973 г. стр. 383
  10. Кънчов, В. Македония. Етнография и статистика, София, 1900, с. 249
  11. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905, рр. 176 – 177.
  12. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  13. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  14. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  15. Ѓорѓи Лазаревски „Бач македонско-моштенска населба“, Битола, 2009 г.
  16. „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
  18. „Локални избори 2021“. Посетено на 21 ноември 2021.
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.
  20. Петрушевски, Илија; Маркоски, Благоја (2014). Реките во Република Македонија (PDF). Скопје: Геомап. стр. 32. ISBN 978-9989-2117-6-8.
  21. „Настани 1945 година“. Сојуз на борците на Битола. Посетено на 2010-03-14.
  22. „Доктор Петковски Љубо - Редовен професор (во пензија)“. Природно-математички факултет. Посетено на 2010-03-14.
  23. „ПОСЛЕДЕН ЗБОР Панде Петревски (1943-2006), генерал во пензија“. Утрински Весник. 4 јануари 2007. Посетено на 2010-03-14.
  24. „„Бисери и кавали" од Рада Видиновска“. Матица на иселениците од Македонија. 29 септември 2009. Посетено на 2010-03-14.

Поврзано[уреди | уреди извор]

Надворешни врски[уреди | уреди извор]