Вардар

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на: содржини, барај
Вардар
Вардар во Велес
Извор Вруток под Шар Планина
Утока Егејско Море, Егејска Македонија
Земји во сливот Македонија Македонија Грција
Должина 388 км км
Надм. вис. на изворот 500 м м
Прос. проток 174 м³с м3/сек
Сливно подрачје 20.535 км² км2

Вардар — најголемата река во Република Македонија и воопшто во регионот Македонија. Долга е 388 км и нејзиниот речен слив опфаќа површина од приближно 25.000 км².

Течение на реката Вардар[уреди | уреди извор]

Вардар има навистина композитна речна долина поради редењето на клисури и котлини една по друга вдолж нејзиното течение. Реката извира во Вруток, неколку километри југозападно од Гостивар во северозападниот дел на Македонија. Продолжува да тече низ градот Гостивар и котлината Полог каде се влеваат неколку притоки: Лакавица, Маздрача, Пена, Бистрица, Ракита. Потоа преку Дервенската Клисура навлегува во Скопската котлина каде прима вода од Лепенец, Треска, Пчиња и Маркова Река и минува низ Скопје. Минувајќи низ Таорската Клисура каде се влева Кадина Река, Вардар навлегува во малата Велешка котлина и минува низ Велес. Овде се вливаат реките Тополка и Бабуна. Потоа преку Велешката Клисура навлегува во Тиквешката котлина каде се вливаат двете нејзини најголеми притоки Црна Река од десна и Брегалница од лева страна. Навлегува во познатата Демиркаписка Клисура, а преку нејзе во Гевгелиско-Валандовската котлина каде што ја преминува грчката граница, минува низ Циганската Клисура, и течејќи низ Солунското Поле се влева во Егејското Море западно од Солун во Егејска Македонија.

Хидрографски одлики и податоци за Вардар[уреди | уреди извор]

Надолжен профил на течението на Вардар
  • Должина: 301 км во Република Македонија (вкупно 388 км)
  • Површина на речен слив: 20 535 км²
  • Среден пад: 2,1%
  • Среден проток: 174 м³/с

80% од течението на Вардар се наоѓа Република Македонија, заради што територијата на денешна Македонија го носела името „Вардарска бановина“ во времето на Кралство Југославија.

Верзии за потеклото на името[уреди | уреди извор]

  1. Позната е приказната дека реката го добила ова име во чест на римскиот префект на Скупи, кој се викал Варда Склир и кој го регулирал течението на реката и со тоа го спасил градот од поплави.
  2. Името Вардар е слично со имињата на други реки што течат во Централна Азиja - Сир Дарjа, Аму Дарjа и Чебдар. Зборот дарjа е персиски и значи „река“, море или океан.
  3. Хидронимот Вардар веројатно потекнува од готскиот збор „Vordol“, кој е даден на реката кога Готите биле на овие простори (V век од н.е.).
  4. Вардар води потекло од истоимениот тракиски збор што значи „црна вода“.

Економско, сообраќајно и водостопанско значење на реката Вардар[уреди | уреди извор]

Во средината на 19 век, реката Вардар била пловна и по неа со сплавови се пренесувале жито, волна, дрва, сирење, мед итн. Еден сплав носел околу шест тони товар, а сплавовите од Велес до Солун пловеле за неколку часа. Во својот патепис од 1858 година, германскиот правник Јохан Хан запишал дека по Вардар се пловело и со чунови и со кајаци. Притоа, тој кажува дека првите обиди за превоз на жито од Скопје до Солун по воден пат биле направени неколку години пред тоа. Исто така, други извори потврдуваат дека житото се пренесувало од Скопје до Велес со чунови, а оттука стоката се носела во Солун со кајаци. Еден вардарски чун пренесувал околу 240 шиници жито. Изработката на вакви чунови во Велес чинела околу 600 пијастри, а во Солун чуновите морале да бидат продадени по цена од околу 10% од почетната, зашто Вардар бил премногу тежок за патување спротиводно. Чуновите се изработувале од дрво кое пристигало од Тетово, Битола и Прилеп, а најмногу ценето било дрвото од Прилеп. Инаку, најчесто чуновите патувале ноќе при што секој чун го управувале по двајца искусни кормилари. Најголеми тешкотии во пловидбата чуновите имале кај Таорската Клисура, Железната Порта кај Демир Капија и кај Циганските Теснини, а за време на транспортот на жито од Велес до Солун загубата изнесувала околу 2% од товарот.[1]

Долината и течението на реката Вардар претставуваат многу важен предел за Македонија, од економско-стопански, сообраќаен и воено-стратешки аспект. По долината на Вардар се наоѓаат автопатот „Александар Македонски“ (Е-75) кој е дел од европскиот коридор 10 и ја поврзува Македонија со Србија и Егејска Македонија, во горното течение на Вардар пак се наоѓа автопатот Скопје - Тетово - Гостивар кој пак е дел од европскиот коридор 8 што ја поврзува Македонија со Бугарија и Албанија. Како дел од истите 2 европски коридори во долината на реката Вардар се наоѓаат и електрифицираната железничка пруга Скопје - Солун и пругата Скопје - Кичево. Овие сообраќајни правци се од огромно економско и стопанско значење за Македонија со оглед на тоа што тие се главната артерија на поврзување со сите останати делови на државата и со соседните држави. Во минатото по реката Вардар се одвивала трговија и по воден пат со сплавови и чунови („гемии“), најчесто на потегот од Велес до Солун. Денес реката не е пловна, иако има некои идеи таа повторно да се направи пловна. Ваквата местоположба на долината на Вардар од секогаш имала големо воено-стратешко значење. Денес најголемиот воен полигон на АРМ, „Криволак“, кој воедно е и регионален тренинг центар, се наоѓа токму во долината на Вардар од неговата лева страна кај селата Пепелиште, Џидимирци и Криволак. Водената моќност на реката Вардар е искористена само во нејзиниот изворишен дел каде работи ХЕЦ „Вруток“. Во план е изградба на големиот проект „Вардарска Долина“, во кој е предвидена изградба на 10 помали хидроцентрали за производство на струја, по течението на Вардар од Велес до Гевгелија[2].

Галерија[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Блаже Миневски, „Сплавови со шест тони стока од Велес до Солун стигнувале за неколку часа“, Публика, неделен политички прилог, број 309, сабота, 26 ноември 2016, стр. 4-5.
  2. www.elem.com.mk