Вруток

Од Википедија — слободната енциклопедија
Прејди на прегледникот Прејди на пребарувањето
Вруток
Поглед кон Вруток.JPG

Поглед кон селото

Вруток is located in Македонија
Вруток
Местоположба на Вруток во Македонија
Координати 41°46′6″N 20°50′20″E / 41.76833° СГШ; 20.83889° ИГД / 41.76833; 20.83889Координати: 41°46′6″N 20°50′20″E / 41.76833° СГШ; 20.83889° ИГД / 41.76833; 20.83889
Регион Горни Полог
Општина Општина Гостивар
Население 1127 жит.
(поп. 2002)
Пошт. бр. 1231
Повик. бр. 042
Надм. вис. 755 м
Вруток на општинската карта
Вруток во Општина Гостивар.svg

Атарот на Вруток во рамките на општината
Commons-logo.svg Вруток на Ризницата


Изворите на Вардар
Типична селска куќа
ХЕ „Вруток“
Спомеик од времето на НОБ во селото, дело на Глигор Чемерски
Балистички клас во ОУ „Лирија“ (тогашно ОУ „Анастас Пандели“), учебна година 1942/43
Рибниот ресторан „Burimi“ („Извори“), еден од петте рибни ресторани во селот и единственит чиј сопственик е етнички Албанец

Вруток (албански: Vërtok) е село во Општина Гостивар, на работ на Полошката Котлина. Познато по изворот на Вардар, истоимената хидроцентрала и специјализираните рибни ресторани. Денес Вруток преставува една модерна селска населба со огромен потенцијал за еко туризам. Во Вруточките рибници за прв пат била створена Златната Пастрмка, а подоцна и Сребрената[1]. До 2004 Вруток бил седиште на истоимената општина.

Географиja и местоположба[уреди | уреди извор]

Вруток лежи во југозападниот дел на Полошката Котлина, на самиот извор на најголемата македонска река Вардар. Селото се наоѓа на место каде има обработливо земјиште, питка вода, атар богат со шума и местоположба која е заклонета од ветер. Сето ова допринело селото да се формира уште од дамнина. Вруток е типична селска населба од збиен тип. Поделено е на седум маала. Пет маала го сочунуваат главниот дел на селото. Тоа се Горно или Маџоско, Срејно или Рупадок, Долно, Ѓаковско и Шееско маало. Шесто маало е Прекувардарското маало, кое лежи источно од главниот селски пат. Името го добило според тоа што се наоѓа на другата, десна страна од Вардар. Седмо е Баба мусино маало, кое се наоѓа североисточно од главниот селки дел, крај патот Гостивар-Кичево-Охрид. Во минатото селото било познато по своите чешми од кои населениетосе снабдувале со вода. Тие биле:Вардарска, Кладенец, Долномаалска, Чешмиште, Ѓункоец, Селска чешма и др. Другите чешми се наоѓале подалеку од селото, од кои најпознати се: Глаа Вардар, Шапатинец, Ласкоравен, Јоаноа чешма, Маџоски извори, Мариќеец, Јанче-извор, Бигорно изворче, Студен извор, Еѓупечка чешма и др. Обработливото земјиште во најголем број се наоѓа источно од селото. Најпознати топоними на нивите и ливадите се: Мрамор, Равјане, Завој, Долно Поле, Ридоој, Облаче, Горно поле, Лаг, Шавар, Селиште, Шапатинец, Задцрква, Пуштињиште, Маџоски лагоој, Лазоој, Рупа, Бранкоа нива, Долје, Господска нива или Мелца, Бигор, В‘лчин дол и Осоој. Винови лози има на местата Бојчиница и Присој. Шумите се на местата кои се непогодни за обработка на почвата, од кои најпознати топоними се: Краста, Садои, Црвеники, Црн Камен, Баба и Старец, Корииче, Плоча, Мариќеец, Душка Стеница, Стог, Горно Изгорено, Деде-бег, Зендел-бег, Горна и Стара корија.

Историja[уреди | уреди извор]

Етимологија

Името Вруток е добиено по самиот извор на Вардар. Зборот Вруток значи врело, односно извор. Албанскиот назив за селото (Vёrtok), преставува само албанизирање на македонскиот збор Вруток.

Историја

Првото споменување на Вруток е во хрисовула (златна була или печат) на српскиот крал Стефан Урош II Милутин од 1300 година, даден на Скопскиот Виргински манастир. Селото е споменато и во периодот од 1337-1346. Тогаш тетовскиот манастир Св. Богородица во атарот на селото имал ниви, ливади и воденици[2]. Селото се споменува во турските пописни дефтери од 1467/68 година, како дел од нахијата Калканделен (Nahiye-I Kalkandelen) и имало 42 семејства, 2 неженети и 4 вдовици, сите христијани.[3]

Друг податок е зачуван и во списите на Мехмет-паша. Тука се надува дека во 1608 година се споменуваат воденици[4]. Во скопскиот манастир Матка се наведува дека Вруточани давале прилози за манастирот[5]. Првобитно село се наоѓало во долината на потокот Мелце на југоисток и Вардар на северозапад. Тоа место се нарекува Селиште и денес претставува регистриран археолошки локалитет[6]. Се смета дека во некои дејствија за време на турското ропство Вруток е раселен. Од старото македонско насление преостанало само едно семејство, кое подоцна преминало на левата страна од Вардар и таму го основало денешното село.

Во XIX век селото е дел од Гостиварската нахија на Тетовската каза во Отоманската Империја.

Врток за време на српската окупација на Македонија било центар на Општина со 4 села. Подоцна административно припаѓал во Гостивар, за подоцна со осамостојувањето на Македонија повторно да биде општина се до 2004 година.

Демографија[уреди | уреди извор]

Во почетокот на 19 век Вруток е чисто христијанско село в Гостиварската нахија на Тетовската каза на Османлиската империја. Според податоците на поручник Скалон од рускиот конзулат во Битола во 1867-1868 година во Вруток има 30 чисто христијански куќи.

Постепенно во селото започнуваат да се населуваат и Албанци и во 1900 година според статистиката на Васил К‘нчов („Македониja, Етнографиja и статистика“) Вруток има 460 жители Македонци христијани, 300 Арнаути мохамедани и 24 Роми.[7]

Според секретарот на екзархијата во Македонија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во селото има 480 христијани екзархисти и функционира егзархиско училиште.[8] Една година подоцна во 1906, се дознава дека 24 од 69 христијански куќи во селото биле патријашистички[9].

За време на Првата балканска војна во 1912 година 14 души од селото се вклучиле како доброволци в Македоно-одринското ополчение.[10]

Според Афанасиј Селишчев во 1929 година Вруток е центар на општина со четири села в Горнополошкиот срез и има 162 куќи со 938 жители.[11]

Според етнографските истражувања на познатиот етнограф Јован Трифуноски, кој и самиот е од Вруток, во селото постојат 5 групи на население. Првата се Православните Македонци, втората се Македонците Муслимани, трета се исламизирани и албанизирани Македонци, четврта се муслиманските Албанци, додека петтта група се Турците. Денес сите овие се претопени во две основни групи и тоа Македонци и Албанци.[12] Македонското православно население се староседелци во селото. Турските семејства, кои биле дојдени од Мала Азија се преселите во Гостивар, додека Албанците се доселеници од Албанија. Преостанатите се претопиле во Албанци[12].

Според пописот од 2002 година селото има 1.127 жители, од кои:[13]

Националност Број
Македонци 276
Албанци 846
Турци 0
Роми 0
Власи 0
Срби 3
Бошњаци 0
други 2

На табелата е прикажан националниот состав на населението низ сите пописни години:[14]

Години Македонци Албанци Турци Роми Власи Срби Бошњаци Ост. Вкупно
1948 1.141
1953 570 760 16 23 ... 36 1.405
1961 513 820 39 ... ... 10 ... 3 1.385
1971 442 882 9 ... 7 ... 5 1.345
1981 363 886 2 4 ... 3 1.285
1994 288 835 1 ... 2 1.126
2002 276 846 3 2 1.127

Родови[уреди | уреди извор]

Вруток е мешано село, во кое има македонски, албански, турски и торбешки родови. Староседелци се македонските и мал дел од муслиманските родови.

Според истражувањата од 1946 година, родови во селото се:

  • Македонски родови во Вруток се:
  • Љуљковци (5 куќи), староседелци. Љуљковци се делат на Трифуновци (од кои е Јован Трифуноски), Исајловци и Серафимовци. Имаат иселеници во Скопје (едно семејство) и во Белград (едно семејство).
  • Динговци (1 куќа), староседелци. Гранка се од родот Љуљковци.
  • Јандровци (1 куќа), староседелци. Гранка се од родот Љуљковци.
  • Лешовци (18 куќи), староседелци. Имаат иселеници во Лешница, Гостивар (едно семејство), Тетово (две семејства) и во Скопје (едно семејство).
  • Маџовци (11 куќи), староседелци. Имаат иселеници во Лесковац (две семејства).
  • Божиновци (9 куќи), староседелци. Имаат иселеници во Скопје (едно семејство).
  • Радевци (8 куќи), староседелци. Имаат иселеници во Лесковац (едно семејство).
  • Анковци (3 куќи) стари доселеници од областа Порече.
  • Ѓаковци (16 куќи) доселени се од околината на Ѓаковица, и се делат на Шукаревци, Димовци, Серафимовци и Ќипровци. Имаат иселеници во Лесковац (едно семејство).
  • Аџиовци (6 куќи) доселени се од селото Врбен, Горна Река. Имаат иселеници во Софија (шест семејства).
  • Даниловци (6 куќи) доселени се од селото Ново Село. Имаат иселеници во Скопје (две семејства) и во Љубљана (едно семејство).
  • Јосифовци (1 куќа) доселени се од селото Лешница, каде биле староседелци, овде се доселил домазет.
  • Мерџановци (1 куќа) доселени се од Врбен, Горна Река. Од каде избегале од крв двајца браќа, Максим и Атанаско. Максим во Вруток имал син Мерџан, по кого родот го носи името Мерџановци или Мерџанои. Имаат иселеници во Сушица.
  • Сиљановци (2 куќи) доселени се однекаде. Имаат иселеници во Белград (две семејства).
  • Билбиловци (2 куќи) доселени се од Печково, таму им се род Игњовци, подалечно потекло имаат од Љура во Албанија.
  • Микаил (1 куќа) потекнуваат од домазет доселен од Церово, каде биле староседелци, и припаѓале на родот Богдановци.
  • Бежовци (1 куќа) потекнуваат од домазет кој дошол од селото Сретково, каде биле староседелци.
  • Шукаревци (1 куќа) потекнуваат од предокот Змејко, кој дошол како домазет од Беловиште, каде биле староседелци и припаѓале на родот Меновци.
  • Торбешки род во Вруток е:
  • Ќамиловци (2 куќи) доселени се од селото Велебрдо, Долна Река. Брачни врски одржуваат со Албанците, а дома зборуваат на македонски и албански јазик.
  • Албански родови во Вруток се:
  • Дурмишовци (6 куќи), Фидановци (6 куќи), Бајрамовци (3 куќи), овие родови се староседелски. Потекнуваат од православни родови, кои во ова село најпрво се исламизирале, и станале Торбеши, па потоа се албанизирале. Порано зборувале само на македонски, додека сега дома зборуваат само на албански. Од Бајрамовци има иселеници во Гостивар (две семејства).
  • Џаферовци (1 куќа) доселени се од Дебарски Дримкол како Торбеши, но во Вруток мешајќи се со Албанците се поалбанчиле. Имаат иселеници во Лакавица
  • Гуљамчевци (6 куќи) и они се доселени како Торбеши од некое село во Голо Брдо, но мешајќи се со Албанците од Вруток се поалбанчиле;
  • Зиберовци (4 куќи) доселени се од Калиса во Северна Албанија, доселени се кон крајот на ХVIII век. Имаат иселеници во Турција (едно семејство).
  • Нурчевци (5 куќи) доселени се од околината на Пешкопеја.
  • Мерсимовци (5 куќи) исто потекло како и родот Зиберовци. Имаат иселеници во Гостивар (едно семејство) и во Турција (едно семејство).
  • Церјани (3 куќи) доселени се од Церани во Калиса, Северна Албанија.
  • Абазовци (10 куќи) доселени се од Радомир во Калиса, Северна Албанија
  • Мудовци (3 куќи) исто место на потекло како и родот Абазовци.
  • Оломановци (4 куќи) доселени се од областа Мат, Северна Албанија.
  • Исеновци (1 куќи) доселени се од исто место како и Абазовци и Мудовци.
  • Рустановци (2 куќи) и Суљовци (2 куќи) потекнуваат од ист предок, доселени се од Калиса или Љума, Северна Албанија.
  • Велиовци (3 куќи), Ракиповци (2 куќи), Веаповци (3 куќи) и Ганиои (5 куќи) доселени се од Радомир, Калиса, Северна Албанија.
  • Зитои (1 куќа) доселени се од Речане.
  • Реџеповци (2 куќи) доселени се од околината на Пешкопеја.
  • Турски род во Вруток е:
  • Баба Мусовци (4 куќи) доселени се од Мала Азија, од старината најпрво се населиле во Коџаџик, па од таму дошле во Вруток. Брачни врски одржуваат со Турците од Гостивар. Имаат иселеници во Гостивар (четири семејства).[12]


Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Веднаш до селото Вруток се наоѓа изворот на најголемата Македонска река Вардар (388 км). Изворот „Вруток“ има издашност на вода од 1500 литри во секунда. Исто пред самото село е и ХЕЦ Вруток со моќност од 150 MW.

Во Вруток е изградена првата хидроцентрала во Долнополошкиот регион која се наоѓа источно од селото, а водата до нејзе е донесена со цевки од јазот кој минува во близина од централата, а е од водите на изворот на река Вардар. За жал од негрижа на ЕСМ овј редок објект денес не личи на ништо, металните предмети и се друго вредно е украдено, а можело да биде музеј за првите хидроцентрали во Македонија изграден во бившата Југославија.

Цркви

Во селото се наоѓа средновековен манастир „Света Мина“ и црква „Свети Архангел Михаил“.

Исламски објекти
Археолошки локалитети[15]
  • Селиште - средновековна населба;
  • Бигор - средновековна некропола;
  • Лазови - средновековна црква и некропола;

Економија[уреди | уреди извор]

Вруток е место каде што е лоцирана електраната Вруток. Таа е е дел од хидро-електросистемот ХЕЦ Маврово.[16] и има моѓност од 150 MW[17] Вруток е село на рибници и рибни ресторани. Првиот рибник за одгледување калифорниска пастрмка, кој е со капацитет од 200 тони, бил изграден во 1962 година и денес годишно произведува над 100 тони риба. Во последните години се изградени уште четири рибници. Вкупното годишно производство на сите рибници достигнува над 200 тони и целосно се пласира на домашниот пазар. Во последните години во Вруток, на повеќе атрактивни локации, покрај култниот ресторан „Панорама“, изградени се и рестораните „Кај Симе“, „Бигор“, „Златна пастрмка“ и „Burimi“ („Извори“), каде што се приготвува вруточката пастрмка, кои се добро посетени.

Личности[уреди | уреди извор]


Наводи[уреди | уреди извор]

  1. Кипроски, Киро (19.08.2011, 19:33). „Лососот ќе почека за да плива во македонските рибници“ (македонски). Утрински Весник. конс. 2012-04-24. 
  2. Гласник српског ученог друштва, XV, 224
  3. Турски документи за историјата на македонскиот народ кн.4, Методија Соколоски, д-р Александар Стојановски, Скопје 1971, стр.341
  4. Х . Калеши и М. Мехмедовски: Три Вакуфнами на Качаникли Мехмед-паша. Институт за национална историја Скопје, 1958. стр. 57
  5. Афанасий Матвеевич Селищев (1933). Македонские кодики XVI-XVIII веков: очерки по исторической этнографии и диалектологии Македонии. Македонского научного института. 
  6. Коцо, Димче (1996). „Археолошка карта на Република Македонија“. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  7. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.213.
  8. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, стр.124-125.
  9. Георгиев, Величко, Стайко Трифонов, История на българите 1878 - 1944 в документи, том 1 1878 - 1912, част втора, стр. 300.
  10. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 835.
  11. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр.25.
  12. 12,0 12,1 12,2 Trifunovski, Jovan F. (1976) (на france). Polog (Etudes Anthropogeographiques) (1 издание). Belgrad: Academie Serbe des Sciences et des Art. 
  13. http://www.stat.gov.mk/publikacii/knigaX.pdf Попис во Македонија 2002. - Книга 10.
  14. Население на Република Македонија според изјаснувањето за етничката припадност, по населени места, според пописите на население 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и 2002 година (согласно територијалната организација од 1996 година) *Државен завод за статистика http://makstat.stat.gov.mk.
  15. Коцо, Димче (1996).Археолошка карта на Република Македонија. Скопје: МАНУ. ISBN 9789989101069
  16. Ј.П. Електростопанство на Македонија, 50 години македонско електростопанство, Скопје, 1995;
  17. esmak.com.mk, Ј.П. Електростопанство на Македонија, Скопје, пребарано на 28 август 2010
  18. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 53-54.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]