Железна Река

Координати: 41°42′12″N 21°0′0″E / 41.70333° СГШ; 21.00000° ИГД / 41.70333; 21.00000
Од Википедија — слободната енциклопедија
Железна Река

Поглед на селото Железна Река

Железна Река во рамките на Македонија
Железна Река
Местоположба на Железна Река во Македонија
Железна Река на карта

Карта

Координати 41°42′12″N 21°0′0″E / 41.70333° СГШ; 21.00000° ИГД / 41.70333; 21.00000
Регион  Полошки
Општина  Гостивар
Област Горен Полог
Население 37 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1239
Повик. бр. 042
Шифра на КО 07033
Надм. вис. 950 м
Железна Река на општинската карта

Атарот на Железна Река во рамките на општината
Железна Река на Ризницата

Железна Река — село во Општина Гостивар, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар.

Потекло и значење на името[уреди | уреди извор]

Името на селото се поврзува со рударските активности во околината на селото, особено со ископувањето на железна руда.[2]

Во минатото името на селото се сретнува и како Железно Речане.[2]

Географија и местоположба[уреди | уреди извор]

Воздушен поглед на самиот крај на селото, односно Сталевско Маало

Селото се наоѓа во јужниот дел на територијата на Општина Гостивар, чиј атар се допира со подрачјето на општините Кичево и Македонски Брод.[3] Селото е планинско, сместено на просечна надморска височина од 950 метри. Од градот Гостивар, селото е оддалечено 20 километри.[3]

До селото води локален асфалтен пат, кој се издвојува од регионалниот пат 2231 кај селото Србиново и подоцна повторно на раскрсницата за трите села Трново, Страјане и Железна Река.

Селото е планинско, се наоѓа високо на планината Буковиќ. Зазема голем простор на левата падина на долината на истоимената река, како и по нејзиното течение. Водата за пиење во минатото се добивала од чешмите кои ги имало по една во секое маало. Чешмите се нарекувале Муешка, Саѓинец, Кладенец, Топлец и Габер, додека на атарот на селото се наоѓале и Господоа Чешма, Добра Вода, Трпев Извор и Степанои Извори.[2]

Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Петреа Шума, Дервишој Нивје, Лимоње, Цветкоско, Шилегарник, Добра Вода, Широка Орница, Ветерник, Наша Нива, Калдрма, Грашиште, Крс, Белоец, Бојчево, Котлиново, Коачерењ, Вињ, Самоков, Кочино, Лопата, Рудниче, Пашина Бразда, Морлија Нива, Рамниште, Топалово Бачило, Крушеица, Орниче, Деница, Стара Ливада, Гаришта, Бела Вода, Палејнца, Ѓуроа Чука, Више Црква и Буринец.[2]

Железна Река е село од разбиен тип, поделено на шест маала, кои се наоѓаат на висорамнини и падини. Меѓусебно едно од друго се оддалечени од 500 до 1000 метри. Маалата се Ралеско, Мартиноско, Голомеоско, Кораќевско, Пештерско и Сталевско. Сите маала се именувани по најстариот род во нив.[2] Од првите до последните куќи во селото има над шест километри. Секое маало ги има особеностите на посебно село, со своја црква и свои гробишта.

Историја[уреди | уреди извор]

Поглед во селото

Железна Река некогаш имало околу 300 македонски куќи и 90 бачила. И тогаш селото било од разбиен тип, а маалата се наоѓале на месностите Стара Ливада, Палејнца, Ѓуроа Чука, Више Црква Кочерењ, Кочино, Морлиа Нива, Котлино, Ветерник и Широка Орница. Во ова старо село се појавила чума, поради што сите мештани изумреле. Единствено живо останало едно дете од родот Голомеовци, бидејќи додека владеела чумата било сокриена во ковачницата. Тоа дете подоцна избегало во селото Тумчевиште кај Гостивар. Кога пораснало детото се вратило во селиштето и тука го основало Голомеоското Маало. Останатите маала се основани во тоа време од други македонски родови доселени од разни страни.[2]

На месностите каде се наоѓале некогашните маала на селото се познаваат остатоци од ѕидови, гробишта и други старини. Добро видливи остатоци има особено на месностите Стара Ливада, Палејнца и Ѓуроа Чука. Гробишта се наоѓаат на месностите Више Црква, Ѓуроа Чука и Палејнца.[2]

За мештаните на старото село се говори дека биле многу храбри и дека дел од нив биле ајдуци.[2]

Според народната традиција, во селото се изведувало и рударство. На месноста Рудниче на падините на планината Добра Вода се ископувала Железна руда. Поради тоа, и самата река и село се нарекуваат „железна“, додека и некои месности ги добиле имињата Коачерењ, Вињ, Самоков, Кочино, Лопата и други. На месноста Рудниче може да се видат трагови од „фурна“ во која се топела железната руда, како и згура и остатоци од една стара воденица. Рудата најпрвин се миела со вода, а потоа се топела со дрвен ќумур, поради што шумите во околината биле уништени.[2]

Рударската активност прекинала, но се обновила во времето на тетовските паши кон крајот на XVIII и првата половина на XIX век. Пашите го терале населението да ја ископаат т.н. „Пашина Бразда“, која била долга неколку километри и се наоѓала во јужниот дел на атарот. Низ браздата течела вода со која се одмивала рудата на месноста Крс во Голомеовско Маало, каде се познаваат дупки и ѕидови од зграда. Југоисточно од селото, во месноста Вињ во долината на Железна Река, се наоѓала фабриката на пашите каде се топело железото. Таму се познава троска и има неколку ромски гробови на Роми кои работеле во фабриката.[2][4]

Животот во селото за време на отоманскиот период, а особено од почетокот на XIX век, бил особено тежок, бидејќи селото било единственото православно македонско село во околината. Поради тоа, селото кое било далеку од сообраќајните врски и државната контрола било често напаѓано, ограбувано и биле убивани луѓе. Селаните имале проблеми и при поминување на селото Србиново на патот за Гостивар.[2]

Тешки услови за живот селото имало и во време на албанско-италијанската окупација на Македонија во текот на Втората светска војна. За кратко време, Албанците убиле околу 28 најистакнати македонски домаќини. Потоа, Албанците ја одзеле сета стока и изведувале разни уцени. Во тоа време, селаните спиеле по пештерите околу селото, а не ги обработувале ниту нивите.[2] Вкупно 18 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[5]

Стопанство[уреди | уреди извор]

Поранешна продавница во селото

Атарот на селото е голем и зафаќа простор од 26,2 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 2.359,2 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 222,4 хектари, а на пасиштата само 31 хектар.[3]

Врз основа на составот на атарот селото Железна Река има полјоделско-шумарска функција.[3]

Население[уреди | уреди извор]

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948499—    
1953555+11.2%
1961584+5.2%
1971617+5.7%
1981422−31.6%
ГодинаНас.±%
1991210−50.2%
1994191−9.0%
200298−48.7%
202137−62.2%

Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Железна Река живееле 560 жители, сите Македонци христијани.[6] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Железна Река имало 600 Македонци, од кои 40 под врховенството на егзархијата и 560 под врховенството на патријаршијата.[7]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 500 Македонци.[8]

Од ова село повеќе од половината на населението се иселило, па така во 1961 година селото броело 584 жители, а во 1994 година 191 жител, македонско население.[3] Бранот на миграцијата кој започнал во шеесеттите години на минатиот век, сè уште трае.

Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото имало 98 жители, сите Македонци.[9]

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 37 жители, од кои 34 Македонци и 3 лица без податоци.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 560 600 499 555 584 617 422 210 191 98 37
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Родови[уреди | уреди извор]

Железна Река е чисто македонско православно село, родовите во селото се староседелски и доселенички.[2]

Според истражувањата од 1947 година, родови во селото се:

  • Голомеовско Маало: Голомеовци (13 к.), староседелци, потекнуваат од дечко кој останал жив после некој пустеш во селото. Имаат иселеници во Белград (2 семејства), Видин ( 1 семејство ), Неготин (1 семејство), а 1946 едно семејство е колонизирано во Војводина, од литература се знае и за некои нивни иселеници во Куманово.
  • Ралевско Маало: Ралевци (9 к.), доселени се од некое место во Албанија. На пат од старината се населиле најпрво во селото Падалиште, па од таму во Железна Река. Ралевци се делат на Маковци и Шамевци. Првите потекнуваат од Змејко, а вторите од Кузман. Од Ралевци едно семејство е преселено во Алексинац, а друга колонизирано во Вршац; Бојовци (3 к.), доселени се од сега албанското село Добри Дол кај Гостивар. Тие порано го одржувале кумството со жителите на Добри Дол; Китановци (4 к.), доселени се од селото Падалиште. Го знаат следното родословие: Добрица (жив на 24 г. во 1946) Трпе-Дојчин-Илија-Китан. Во Падалиште се познаваат рушевините од нивните куќи. По Китан во Падалиште се вика еден извор Крој Китан; Коруновци (4 к.), водат потекло од дечко кој дошол со мајката од поречкото село Ботушје.
  • Мартиновско Маало: Мартиновци (5 к.) доселени се однекаде; Влкановци (10 к.), доселени се од некое село во областа Мат во Албанија. Го знаат следното родословие: Оносим (жив на 60 г. во 1946) Филип-Јосиф-Павле-Пепо-Влкан кој се доселил; Дабевци (3 к.), доселени се од соседното село Падалиште, нивните куќи во Падалиште биле кај местото Падалишки Ан; Миновци (2 к.), доселени се однекаде.
  • Кораќевско Маало: Кораќевци (9 к.), доселени се од некое село на Кораб (сега во Албанија). Имаат иселеници во Ниш.
  • Пештерско Маало: Пештерци (7 к.), рано доселени однекаде. Една нивна семејство е колонизирано во Хајдучици кај Вршац; Павлевци (4 к.), имаат исто потекло како и Кораќевци. Имаат иселеници во Земун, а имаат иселеници и во некои полошки села; Чурлиновци (6 к.), основачот на родот се викал Чурлин, кој се доселил однекаде. Имаат иселеници во Белград (2 семејства ), и Гостивар (1 семејство); Цветковци (5 к.), доселени се однекаде. Едно нивно семејство во 1946 е колонизирано во Војводина и Поповци (3 к.), доселени се од кичевското село Тајмиште. Во Железна Река се доселил поп Штерјо.
  • Сталевско Маало: Сталевци (11 к.), доселени се од соседното село Падалиште, од каде ги истерале доселените Албанци. За нивното бегство од Падалиште порано се пеела песна. Имаат иселеници во Тумчевиште и во Војводина, во Хајдучици.

Иселеништво[уреди | уреди извор]

Освен наведените иселувања по родови се знае и за следниве иселеници: Смилевци (1 к.) во Дворци кај Кичево, Милевци (2 к.) и Скакуловци (4 к.) во Сушица, Бојчиновци (10 к.) во Волковија, Младеновци (4 к.) во Зубовце и Даниловци (1 к.) во Теново.[2]

Изумрени родови од селото се Николовци кои живееле во Мартиновско Маало, од каде потекнувал предокот Стојан, кој го бранел селото во многу наврати од турски и албански банди.[2]

Општествени установи[уреди | уреди извор]

Новата училишна зграда во село Железна Река. Фотографирано во 2012 година.
Поглед на училиштето во 2022 година, кое денес се користи како дом на културата
  • Поранешно основно училиште „Божидар Мицкоски“, денес пренаменето како дом на културата

Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]

Кон крајот на XIX век, Железна Река било село во Гостиварската нахија на Тетовската каза на Отоманското Царство.

Селото се наоѓа во рамките на Општина Гостивар, која била значително проширена со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно селото припаѓало на поранешната помала Општина Србиново.

Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар.

Во периодот 1952-1955, селото се наоѓало во рамките на Општина Србиново, во која покрај Железна Река се наоѓале Куново, Падалиште, Србиново, Страјане, Трново и Ќафа. Во периодот 1950-1952 година, селото се наоѓало во тогашната општина Падалиште во која влегувале селата Ќафа, Железна Река и Падалиште.

Избирачко место[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 525 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[15]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 100 гласачи.[16] На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 94 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]

Археолошки наоѓалишта[18]
  • Гробишта — некропола од доцноантичко време;
  • Рудниче — населба и топилница од доцноантичко време и средниот век; и
  • Црквиче — црква и некропола од средниот век.
Цркви[19]
Манастири
Споменици

Личности[уреди | уреди извор]

Родени во или по потекло од Железна Река

Галерија[уреди | уреди извор]

Поврзано[уреди | уреди извор]

Наводи[уреди | уреди извор]

  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,00 2,01 2,02 2,03 2,04 2,05 2,06 2,07 2,08 2,09 2,10 2,11 2,12 2,13 2,14 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 189–193.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 123.
  4. Во книгата, авторот Јован Трифуноски ги користи термините цигански и Цигани.
  5. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  6. Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 214.
  7. Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 124-125.
  8. „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
  9. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 17 јуни 2023.
  10. „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  16. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. https://rezultati2021lokalni1krug.sec.mk/mk/mayr/r/20-671. Посетено на 17 јуни 2023. Отсутно или празно |title= (help)
  18. Грозданов, Цветан; Коцо, Димче; и др. (1996). Археолошка карта на Република Македонија. Т. 2. Скопје: МАНУ. стр. 111. ISBN 9989-649-28-6.
  19. Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.

Надворешни врски[уреди | уреди извор]