Прејди на содржината

Бродец (Гостиварско)

Координати: 41°47′11.6″N 20°41′10.3″E / 41.786556° СГШ; 20.686194° ИГД / 41.786556; 20.686194
Од Википедија — слободната енциклопедија
Бродец

Поглед на селото

Бродец во рамките на Македонија
Бродец
Местоположба на Бродец во Македонија
Бродец на карта

Карта

Координати 41°47′11.6″N 20°41′10.3″E / 41.786556° СГШ; 20.686194° ИГД / 41.786556; 20.686194
Регион  Полошки
Општина  Гостивар
Област Горна Река
Население 0 жит.
(поп. 2021)[1]

Пошт. бр. 1256
Повик. бр. 042
Шифра на КО 07010
Надм. вис. 1440 м
Бродец на општинската карта

Атарот на Бродец во рамките на општината
Бродец на Ризницата

Бродец — раселено село во Општина Гостивар, во областа Горна Река. Атарот на селото зафаќа површина од 138,2 км2, што го прави село со најголем атар во Македонија.[2]

Географија и местоположба

[уреди | уреди извор]
Атар на Бродец со историските села во околината

Бродец е сместено на јужните огранки на планината Враца, во изворишното подрачје на реката Радика. Селото е планинско и се наоѓа на надморска височина од 1.440 метри. Оддалечено е околу 35 км од Гостивар. Селскиот атар зафаќа површина од 138,2 км2, што го прави село со најголем атар на територијата на Македонија.[2]

Селото е поврзано со макадамски пат од Кракорница, кој понатаму се спушта и ја премостува Аџина Река, по што се приклучува кон патот кој води до караулата Стрезимир.

Историја

[уреди | уреди извор]

Селото се споменува во османлиските пописни дефтери од 1467 година, како христијанско село во нахијата Река, со 4 семејства. Потоа се споменува и во 1536/39 година со 27 семејства и 3 неженети и во 1583 година со 20 семејства и 13 неженети.

Во XIX век, Бродец било село во Реканската каза на Отоманското Царство.

Во текот на Првата балканска војна, од селото имало двајца доброволци кои биле дел од Македонско-одринските доброволни чети.[3] Во периодот по Балканските војни, селото потпаѓа под српска власт.

Само 1 жител на оваа населба е заведен како жртва во Втората светска војна.[4]

Стопанство

[уреди | уреди извор]

Селото во основа има сточарско-шумарска стопанство. Неговиот атар во најголема мера го сочинуваат пасишта на површина (10.509 ха), шуми (3.106,9 ха), додека обработливото земјиште зафаќа само 185,2 ха.[2]

Население

[уреди | уреди извор]
Куќи во селото
Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948120—    
1953171+42.5%
1961182+6.4%
1971119−34.6%
198170−41.2%
ГодинаНас.±%
199126−62.9%
19948−69.2%
20027−12.5%
20210−100.0%

Во делото „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, издадена во Цариград во 1878 година, Бродец е посочено како село со 100 домаќинства, при што населението го сочинувале 210 жители Албанци со христијанска и 65 жители Албанци со муслиманска вероисповед.[5]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Бродец имало 360 жители Албанци со христијанска и 150 жители Албанци со муслиманска вероисповед.[6]

Според податоците на секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), христијанското население на селото во 1905 година го сочинувале 450 Албанци.[7]

Во издание на весникот „Дебарски Глас“ од 1911 година е наведена статистика според која селото броело 102 албански патријаршиски куќи, но селото било зафатено со српската пропаганда.[8]

На етничката карта на Северозападна Македонија од 1929 година, Атанасиј Селишчев го забележал Бродец како албанско село.[9]

Бројот на населението започнал значително да се намалува во периодот од 1960-тите години, па така од 182 жители според пописот во 1961 година се намалил на 8 жители во 1994 година.[2]

Според последниот попис од 2002 година, во Бродец имало 7 жители, сите Македонци. Во селото имало само едно домаќинства и 25 живеалишта.[10]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година 1900 1905 1948 1953 1961 1971 1981 1991 1994 2002 2021
Население 510 450 120 171 182 119 70 26 8 7 0
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[11]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[12]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[13]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]

Како родови во селото се спомнуваат. Кузовци (5 к.), Манасиовци (5 к.), Поповци (6 к.), Пепо (5 к.), Дамјанит (15 к.), Караован (6 к.), Ивановци (6 к.) и Грујит (4 к.) православни, како и муслимани Алилит и Османит. Селото потекнува од селото Бродец (веројатно Брод) во Гора кај Призрен. Од таму дошле првите жители на ова село, најпрво во Стар Бродец, па на денешната локација.[15]

Самоуправа и политика

[уреди | уреди извор]

Со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година селото било вклучено во Општина Гостивар откако во периодот од 1996-2004 година било во рамките на некогашната Општина Маврови Анови.

Во периодот 1950-1952, селото било седиште на некогашната истоимена општина, во која влегувале и селата Богдево, Кракорница и Ничпур.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната општина Трница, во која влегувале и селата Беличица, Бибање, Богдево, Волковија, Врбен, Грекеј, Жужње, Кичиница, Кракорница, Нивиште, Нистрово, Ничпур, Рибница, Сенце и Тануше.

Во периодот 1955-1965, селото било дел од тогашната Општина Маврово.

Во периодот 1965-1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата Општина Гостивар.

Избирачко место

[уреди | уреди извор]

Во селото постои избирачкото место бр. 480 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на ХЦ "Маврово".[16]

На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 8 гласачи.[17]

Културни и природни знаменитости

[уреди | уреди извор]
Црквата „Св. Никола“
Цркви
Манастири
Реки


Галерија

[уреди | уреди извор]
  1. „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 41.
  3. „Македоно-одринското опълчение 1912-1913 г. Личен състав“, Главно управление на архивите, 2006, стр. 831.
  4. „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
  5. „Македония и Одринско. Статистика на населението от 1873 г.“. Македонски научен институт, София, 1995, стр. 174–175.
  6. К’нчов, В.. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900, стр. 264.
  7. Brancoff, D.M. La Macédoine et sa Population Chrétienne, Paris, 1905, pp. 184–185.
  8. Дебърски глас, година 2, брой 38, 3 април 1911, стр. 2.
  9. Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. София, 1929.
  10. „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 28 ноември 2017.
  11. К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
  12. Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
  13. „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
  14. „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
  15. Смилјаниќ, Тома. Мијаци, Горна Река и Мавровско Поле.
  16. „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
  17. „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]