Куново (Гостиварско)
Куново | |
![]() Панорама на селото | |
Координати 41°44′31″N 20°57′11″E / 41.74194° СГШ; 20.95306° ИГДКоординати: 41°44′31″N 20°57′11″E / 41.74194° СГШ; 20.95306° ИГД | |
Општина | Гостивар |
Население | 6 жит. (поп. 2021)[1]
|
Шифра на КО | 07043 |
Надм. вис. | 950-980 м |
![]() |
Куново — село во Општина Гостивар, во околината на градот Гостивар.
Географија и местоположба[уреди | уреди извор]
Куново — село во Горни Полог, оддалечено 11 км од центарот на Гостивар. Се наоѓа на падините на Сува Гора на надморска височина од 950 m до 980 m. Селото е од типичен збиен тип, со ридско-планинска конфигурација на теренот, ограничено со планините Сува Гора и Буковиќ.
Стопанство[уреди | уреди извор]
Жителите во селото се воглавно пензионери кои се занимаваат со земјоделство и сточарство, или пак луѓе кои живеат во Гостивар, кои се вработени, но како дополнителен приход ги користат можностите што ги нуди селото. Во селото најмногу се садат градинарски култури, грав и компир. Една од главните активности е и стопанисувањето со пасиштата, нивно косење и собирање на сеното и детелината за есенска продажба. Овоштарството е исто така распространето, при што се одгледуваат ореви, лешници, круши, сливи, јаболка. Исто така се одгледуваат кози и живина, а на пасиштата над селото, поради нивното изобилие се напасуваат стада овци, но истите не се сопственост на селаните туку се напасуваат со надоместок.
Население[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Куново живееле 262 жители, сите Македонци.[2] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, во 1905 година во Куново имало 240 Македонци, патријаршисти.[3]
Според пописот од 2002 година, во селото Куново живеат 11 жители, сите Македонци.[4] Сепак, оваа бројка не ја репрезентира вистинската состојба поради тоа што во летниот период во селото живеат многу повеќе, но истите не се запишани како жители на селото.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 6 жители, од кои 5 Македонци и 1 лице без податоци.[5]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 262 | 240 | 263 | 290 | 211 | 92 | 42 | 23 | 18 | 11 | 6 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[6]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[7]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[8]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[9]
Родови[уреди | уреди извор]
Куново е македонско село.
Според истражувањата од 1947 година, родови во Куново се:[10]
- Староседелци: Божиновци (4 к.) предците им живееле во раселеното село Бркињово кое постоело на границата на атарите на селата Куново и Србиново; Костовци (7 к.) и нивните предци живееле во Бркињово. Имаат иселеници во Беловиште, Ниш (едно семејство) и во Белград (едно семејство); Илијевци (8 к.) порано живееле во Бркињово. Имаат иселеници во Гостивар (осум семејства, Јовановци), Скопје (едно семејство) и во Ниш (тринаесет семејства). Од овој род бил Ристе, селски првак од крајот на 18ти и почеток на XIX век. Го знаат следното родословие: Мирко (жив на 40 г. во 1947 година) Столе-Спире-Јаков-Столе-Ристе. Од предокот Ристе, па сè до денес сите старешини во селото биле од овој род. Тие дале и неколку свештеници, чиновници, офицери. Тие важеле и како најголеми сточари во селото; Терзијевци (3 к.) порано живееле во Бркињово. Имаат иселеници во Романија (едно семејство); Велјановци или Белковци (3 к.) порано живееле во Бркињово. Имаат иселеници во Гостивар (четири семејства); Уковци (4 к.) порано живееле во Бркињово. Имаат иселеници во Ниш (едно семејство); Вељановци (5 к.) порано живееле во Бркињово. Имаат иселеници во Ниш (две семејства); Јаневци (3 к.) порано живееле во Бркињово. Имаат иселеници во Ниш (три семејства); Давидовци (1 к.) порано чинеле еден род со Јаневци.
- Доселеници: Апостоловци (2 к.) потекнуваат од предокот Петре. По потекло бил од некое село во Полог. Имаат иселеници во Ниш (три семејства, од нив бил некој капетан Мерџан Апостоловиќ во Ниш); Секуловци (2 к.) доселени се од селото Звечан во Порече. Во Куново земал жена од родот Илијовци и го основал родот. Го знаат следното родословие: Мирче (жив на 75 г. во 1947 година) Цветан-Секула, кој се доселил.
Општествени установи[уреди | уреди извор]
Во селото постоело О.У. „Страхиња Симуноски“ во Куново, кое прекинало со работа во седумдесеттите години на XX век, но истото е реновирано и е во одлична состојба. Се користи како сала за собири за празници, и има адаптирана кујна, трпезарија, магацински простор и простор за месната заедница Куново.
Самоуправа и политика[уреди | уреди извор]
Избирачко место[уреди | уреди извор]
Селото е опфатено во избирачкото место бр. 520 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште на селото Лакавица.[11]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 989 гласачи.[12]
Културни и природни знаменитости[уреди | уреди извор]
Во селото се наоѓаат четири христијански храмови.
- Главниот храм „Св. Ѓорѓи“ се наоѓа на крајот од селото. Подигнат е далечната 1876 година, а осветен е на 8 октомври 1924 година. Храмот е целосно фрескоживописан од страна на синот на Дичо Зограф, Аврам Дичов и е во одлична состојба. Фасадата и кровната конструкција се целосно обновени во 1994 со средства на Црковниот одбор, а после неколку години е обновена и дрвената камбанарија и оградниот ѕид кој е покриен и е спасен од забот на времето. Во овој храм се наоѓа ретка и единствена фреска од Раѓањето на Господ Исус Христос на која наместо да биде насликана ѕвезда на патешествие, е насликано сонцето од Кутлеш со 16 краци.
- Храмот „Св. Архангел Михаил“ се наоѓа во Мартинец, излетничко место околу 1 км над селото, на над 1000 м.н.в. Местото овозможува поглед на целата околина до Шар Планина на спротивната страна. Во местото има чешма со природна изворска вода како и маса со столови за излетници. Храмот е изграден во XVIII век врз остатоци на постар храм, за кој сведочи олтарскиот крст. Покривната конструкција на овој храм е обновена во 2008 г.
- Храмот „Св. Петар и Павле“ се наоѓа на источната страна на 200 метри над последните куќи во селото. И овој храм е изграден во XVIII век врз остатоци на постар храм.
- Храмот „Св. Петка“ се наоѓа на јужниот дел од селото, во плодното поле. Храмот претставува возобновување на средновековен манастир кој го носел името на Света Петка. Изграден е во XVIII век, кога и бил опожарен манастирот.
Еден куриозитет за Куново претставува местоположбата на храмовите. Имено, тие се изградени така што нивната положба го отсликува христијанскиот симбол, крстот. Недостасува само храмот „Св. Огнена Марија“ на западната страна. Овој храм бил опожарен, и до ден денешен не е возобновен. Крстот има правилна форма, а главниот храм „Св. Ѓорѓи“ се наоѓа во неговиот центар.
Редовни настани[уреди | уреди извор]
- Водици — 18 и 19 јануари
Иселеништво[уреди | уреди извор]
Освен иселениците при описот на родовите, има и други иселеници, и тоа во Митрој Крсти (Пеповци), Горна Ѓоновица (Митре), Зубовце (Трајановци и Тунџовци). Родот Апостоловиќи се наоѓа во селото Салаш кај Неготин во Србија.[13]
Галерија[уреди | уреди извор]
Наводи[уреди | уреди извор]
- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ Васил Кънчов. „Македония. Етнография и статистика“. София, 1900, стр.214.
- ↑ D.M.Brancoff. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, стр.124-125.
- ↑ Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија, 2002 - Книга X
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ Трифуноски, Јован Ф. (1976). Полог : антропогеографска проучавања. Српска академија наука и уметности. OCLC 5846115.
- ↑ „Описи на ИМ“. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ.