Печково
Печково | |
Воздушен поглед на селото Печково | |
Координати 41°46′53″N 20°49′54″E / 41.78139° СГШ; 20.83167° ИГД | |
Регион | Полошки |
Општина | Гостивар |
Област | Горен Полог |
Население | 21 жит. (поп. 2021)[1]
|
Пошт. бр. | 1231 |
Повик. бр. | 042 |
Шифра на КО | 07061 |
Надм. вис. | 930 м |
Слава | Петковден |
Печково на општинската карта Атарот на Печково во рамките на општината | |
Печково на Ризницата |
Печково (дијалектно: Печкоо) — село во Општина Гостивар, во областа Горен Полог, во околината на градот Гостивар.
Потекло и значење на името
[уреди | уреди извор]Селото го добило своето име поради местоположбата на падина, која е добро осветлена и загреана.[2]
Дијалектно е познато и под името Печкоо.
Географија и местоположба
[уреди | уреди извор]Селото се наоѓа во јужниот дел на територијата на Општина Гостивар, југозападно од градот Гостивар.[3] Селото е планинско, сместено на надморска височина од 930 метри. Од градот Гостивар, селото е оддалечено околу осум километри.[3]
Селото се наоѓа на падините на Шар Планина, 3 километри северно од големото село Вруток. Околината на селото е богата со извори, а како главни извори и чешми се: Водици, Селска Чешма, Димоа Чешма, Јанческа Чешма, Бојоска Чешма, Леска, Странка, Ѓинеска Чешма, Јоаноа Чешма, Грујоска Чешма, Извир, Старо Печково, Руска Чешма, Бука, Береки, Зли Дол и Дрење.[2]
Месностите во атарот на селото ги носат следниве имиња: Штитаре, Симуноа Нива, Рупишта, Стрнка, Бојоски Камен, Гроб, Длаги Ливади, Коњушница, Мирчеј Нивје, Бачилиште, Буки, Ракида, Береки, Трње, Извир, Чука, Јаори, Гладница, Старо Печкоо, Присој, Ташкоец, Грагор, Длага Орница, Оградје, Митреа Нива, Мали Лазој, Стара Куќа, Тофилоо Ливадче, Џемоо Нивиче, Осој, Бојоски Камен, Бука, Глаа Бразда, Пиој, Мицоа Корија, Стара Корија, Под Ливадје и други.[2]
Печково е село од разбиен тип, поделено на Горно и Долно Маало, кои меѓусебно се оддалечени околу 500 метри.[2]
Историја
[уреди | уреди извор]Над селото постои зарамнето место наречено Старо Печково, каде се познаваат остатоци од населба и има неколку извори. На селиштето се наоѓало првобитното македонско село Печково. За време на отоманскиот период, ова село било изложено на чести упади од качачките банди од Албанија. Поради тоа, мештаните се иселиле и основале ново село на пониска местоположба, каде и денес се наоѓа селото. На селиштето Старо Печково, покрај остатоци од куќи, се наоѓаат и траги од гробови и едно црквиште. Црквиштето се наоѓа покрај селиштето и сега е обраснато со шума.[2]
Според усното предание, населението на Печково претрпело неколку преселби. За најстара населба се смета местото Старо Печково, за која се претпоставува дека постоела пред XV век. Под притисок и зулумот на качаците од Албанија, печковчани се преселуваат во полето. Поради рамничарската конфигурација, своето ново живеалиште го нарекуваат Равен. Името на ова населено место не е променето до денес. Равен прерасна во големо село населено со Албанци. Инаку старите равенчани биле населени во Равен кај старата џамија, а до скоро сведоци од тоа време биле православни гробишта во близина на селската чешма, а наспроти старото училиште. Во почетокот на зимата, декември месец, 1689 години, по пропаста на Карпошовото востание, во Полог пристигнал кримскиот хан Селим Гирај со своите борбени и жестоки татарски одреди. Неговите сурови војници неселективно го убивале христијанското население. Македонското незаштитено население пред страшниот терор се повлекувало по падините на Шар Планина, Сува Гора и Бистра. Полошката Котлина била 100% напуштена од христијаните. Равенчани се враќаат назад во планината, но сега на нова локација која повторно ја нарекуваат Печково. Не се вратиле во Старо Печково поучени од раскажувањето на постарите за проблемите со качаците.
Додека селото се наоѓало кај Старо Печково, неговите жители повеќе пати страдале од чума. Тогаш, тие бегале во шумата и таму ги закопувале своите мртви. Едни гробишта со мртви од чума се наоѓа на месноста Нацкојчина Нива. При обработување на земјата, мештаните наоѓале остатоци на плочи и по некој крст.[2]
Свое влијание врз населението во Печково имаат сите војни во Македонија по Илинденското востание. Нема податоци за учество на печковчани во Илинденското востание. Во Балканските војни во Печково е извршена присилна мобилзација во српската и бугарската армија. Воениот рок на мобилизираните им трае многу долго: сè до крајот на Првата светска војна. Во Втората светска војна десетина печковчани доброволно се преклучуваат во партизанските одреди. Вкупно 5 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.[4]
Стопанство
[уреди | уреди извор]Атарот на селото зафаќа простор од 11,2 км2, при што преовладуваат шумите со површина од 526 хектари, на пасиштата отпаѓаат 349 хектари, а на обработливото земјиште 139 хектари.[3]
Врз основа на составот на атарот селото Печково има мешовита земјоделска функција.[3]
Селаните покрај сточарството ги обработуваат и нивите, во чија близина е изворот на Вардар. Поради тоа што Печково се наоѓа во шарскиот појас на костенови дрва (најголем појас на костенови дрва на Балканот, сместен по цело подножје на Шар Планина од с. Вруток до с. Вратница) во селото се прави уникатната и многу вкусна ракија од костени.
Во Печково две семејства имаат развиено сопствени претприемачки подвизи од областа на сточарството и прехранбената индустрија. Семејството Игнатовски (Тодоровски) одгледуваат околу 2.000 овци, 50 кози, 30 крави, 10 коњи и друг крупен и ситен добиток. Семејството Сотироски по враќањето од печалба во Италија, изградиле кланица „ГО-ДЕ“, во која дневно се колат по 300 грла крупен добиток, пред сè прасиња и има околу 25 вработени. Свежото месо го пласираат ширум Македонија и во сопствената месарница во Гостивар. Дале значаен придонес во развојот на инфраструктурата и вработувањето во селото. За нивни потреби го одржуваат патот Вруток-Печково. Во зимскиот период тој секогаш е исчистен од снег, што овозможува непречено движење на печковчани во секое време од годината до градот Гостивар.
Население
[уреди | уреди извор]
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според статистиката на Васил К’нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Печково живееле 290 жители, сите Македонци христијани.[5] Според секретарот на Бугарската егзархија Димитар Мишев, („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Печково имало 320 Македонци под врховенството на егзархијата.[6]
Една година подоцна во 1906, се дознава дека 17 од 32 христијански куќи во селото биле патријаршистички.[7]
Според Афанасиј Селишчев во 1929 година Печково е село во Вруточката општина во Горнополошкиот срез и има 44 куќи со 266 жители.[8]
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 250 Македонци.[9]
Печково преминало од средно по големина село, во мало, населено со македонско население. Така, во 1961 година, селото броело 348 жители, додека во 1994 година бројот се намалил на 53 жители.[3]
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 48 жители, сите Македонци.[10]
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 21 жител, од кои 7 Македонци и 14 лица без податоци.[11]
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 290 | 320 | 328 | 367 | 348 | 300 | 179 | 78 | 53 | 48 | 21 |
- Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[12]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[13]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[14]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]
Родови
[уреди | уреди извор]Печково е македонско село.
Според истражувањата од 1946 година, родови во селото се:[2]
- Родови во Горно Маало се: Јоановци (2 к.), староседелци, П. Јовановиќ за нив забележал дека се доселени од Љура во Албанија, нивните предци претходно живееле во Старо Печково; Ѓиневци (11 к.), староседелци, и за нив П. Јовановиќ слушал дека се доселени од Љура во Албанија, и нивните предци претходно живееле во Старо Печково; Дрецковци (2 к.), староседелци, претходно живееле во Старо Печково; Игновци (4 к.), доселени од Љура во Албанија; Исаковци (2 к.), доселени се од селото Стрезимир во Горна Река; Димовци (1 к.), исто потекло како и Исаковци; Трпевци (5 к.), доселени се од Љура во Албанија; Савевци (1 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Орќуше.
- Родови во Долно Маало: Крајчевци (1 к.), староседелци, претходно живееле во Старо Печково; Петковци (3 к.), староседелци, ги нарекуваат и Поповци, и тие претходно живееле во Старо Печково; Миајловци (2 к.), доселени се од селото Врбен, Горна Река; Цветковци (15 к.), доселени се од Љура во Албанија, дошле во исто време како Трпевци; Јанчевци (4 к.), потекнуваат од домазет доселен од селото Ковач, Порече; Љазовци (1 к.), доселени се однекаде.
Иселеништво
[уреди | уреди извор]Се знае за следниве иселени родови во Вруток (Игновци, 2 к.), Шабац (Игновци, 1 к.), Кракорница (Исаковци, 2 к.), Долно Јеловце (Анѓелковци, 1 к.; Данил, 1 к.), Гостивар (Лазаровци) и Здуње (Тримчевци, 1 к.).[2]
За време на отоманскиот период, неколку години во селото живееле 3-4 албански семејства од Мердита (Северна Албанија), но во средината на XIX век се спуштиле во атарот на селото Вруток и го основале селото Мирдита. До 1912 година, тие доаѓале во селото да ги обработуваат своите ниви, поради што останал топонимот Џемоо Нивче. За време на овој период и други Албанци се обидувале да се населат во селото. Се знае за Џемајловци, кои дошле од соседното Долно Јеловце, а подоцна заминале во Гостивар, како и за Еминолар, кои се иселиле во Дуф (маало Толјане).[2]
Општествени установи
[уреди | уреди извор]- Поранешно основно училиште „Чеде Филиповски“
Било изградено во 1929 година со селски самопридонес и ангарија на селаните. Започнало со работа есента истата година, а прв учител бил Јарослав Г. Мацан (1929-1937). По раселувањето на селаните, училиштето било оставено на забот на времето и оставено да пропаѓа, поради што во 2006 година било срушено.
Самоуправа и политика
[уреди | уреди извор]Кон крајот на XIX век, Печково било село во Гостиварската нахија на Тетовската каза на Отоманското Царство.
Селото се наоѓа во рамките на Општина Гостивар, која била значително проширена со територијалната поделба на Македонија во 2004 година. Претходно, во периодот 1996-2004 година, селото било дел од Општина Вруток.
Во периодот од 1955 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Гостивар.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Вруток, во која покрај Печково се наоѓале Вруток, Дуф, Ново Село, Орќуше, Равен и Речане. Во периодот 1950-1952 година, селото било дел од тогашната општина Вруток во која влегувале селата Вруток, Мердита, Печково и Равен.
Избирачко место
[уреди | уреди извор]Во селото постои избирачкото место бр. 0529 според Државната изборна комисија, сместено во просториите на основното училиште.[16]
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 29 гласачи.[17] На локалните избори во 2021 година, на овие избирачки места биле запишани вкупно 21 гласач.[18]
Културни и природни знаменитости
[уреди | уреди извор]- Цркви[19]
- Црква „Св. Никола“ — главна селска црква.
Редовни настани
[уреди | уреди извор]Во селото традиционално се одбележуваат верските празници Петковден и Водици. Петковден е селска слава, на која има народен собир и веселба.
Поврзано
[уреди | уреди извор]Наводи
[уреди | уреди извор]- ↑ „Пописна слика на населените места во Македонија, Попис 2021“. Државен завод за статистика. Посетено на 22 декември 2022.
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 2,8 Трифуноски, Јован (1976). Полог. Белград: САНУ. стр. 235–237.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 Панов, Митко (1998). Енциклопедија на селата во Република Македонија: географски, демографски, и аграрни обележја. Скопје: Патрија. стр. 233.
- ↑ „Попис на жртвите од војната 1941-1945, СР Македонија“ (PDF).
- ↑ Кънчов, Васил. „Македония. Етнография и статистика“, София, 1902, стр. 213.
- ↑ Brancoff, D.M. "La Macédoine et sa Population Chrétienne". Paris, 1905, pp. 124-125.
- ↑ Георгиев, Величко, Стайко Трифонов, История на българите 1878 - 1944 в документи, том 1 1878 - 1912, част втора, стр. 300.
- ↑ Селищев, Афанасий. „Полог и его болгарское население. Исторические, этнографические и диалектологические очерки северо-западной Македонии“. - София, 1929, стр. 25.
- ↑ „200K Volkstumskarte Jugoslawien“.
- ↑ „Попис на Македонија“ (PDF). Завод за статистика на Македонија. 2002. Посетено на 6 јули 2023.
- ↑ „Оваа категорија опфаќа лица коишто учествуваат во вкупното резидентно население, но поради нивно одбивање да бидат попишани, неможност да бидат најдени на својата адреса на живеење и непотполност во работата на попишувачите не биле официјално попишани, туку за нив податоците биле преземени од административни извори и затоа не учествуваат во изјаснувањето за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик (Прочитајте повеќе...).“
- ↑ К’нчов, Васил. „Македонија. Етнографија и статистика“. Софија, 1900
- ↑ Brancoff, D.M. „La Macédoine et sa Population Chrétienne“. Paris, 1905.
- ↑ „Население по возраст и по пол, по населени места, според пописите спроведени во Република Македонија по Втората светска војна“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Вкупно резидентно население на Република Северна Македонија според етничката припадност, по населени места, Попис, 2021“. Државен завод за статистика.
- ↑ „Описи на ИМ“. Архивирано од изворникот на 2023-08-17. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „Претседателски избори 2019“. Архивирано од изворникот на 2019-12-29. Посетено на 3 ноември 2019.
- ↑ „архивска копија“. Архивирано од изворникот на 2023-08-05. Посетено на 5 август 2023.
- ↑ Јелена Павловска, Наташа Ниќифоровиќ и Огнен Коцевски (2011). Валентина Божиновска (уред.). Карта на верски објекти во Македонија. Менора - Скопје: Комисија за односи во верските заедници и религиозните групи. ISBN 978-608-65143-2-7.